March 30, 2015

Четири Бувови

За месец и нешто го пакувам мојот бел газ за Софија, како конечно би ги гледал Dope D.O.D. во живо пред да станат досадни и бајати. Или да умрат од комбинација на хероин, кокаин и екстази. Картата ми е спремна уште пред некој ден. На неа, покрај моето име и Dope D.O.D. пишува и The Four Owls. Како самопрогласен познавач на музика ископана од најзабутаните ќошеви на подземјето и лажен рапер, се зачудив како е можно никогаш да не сум ги сретнал The Four Owls. Барам да проверам која е предгрупата што ќе отвори за господата од Гронинген и гледам четворица белци, секој со був маска на него. Пуштам ствар продуцирана од DJ Premier и додека свири ми тече пена од уста додека барам да симнам албум. 


Ден четири. Natural Order ми свири без престан од секој уред што може да пушти музика. Неверојатно е ова што ги снајде моите прекрасни уши. Најдобриот албум што излезе до сега оваа година. Најрап што може да биде, рап како што би требало да звучи, како што звучел некогаш. Како што очигледно уште звучи некаде во андерграундот. Но, и покрај целиот тој старошколски звук, The Four Owls успеваат да звучат свежо. Го свртев и првиот албум неколку пати, Nature's Greatest Mystery, истото е. Заразни бум-бап битови и четири вокали што флоуаат беспрекорно врз нив, како тоа да им е последното нешто што ќе го направат во животот.

Не знам како успеале да ми останат скриени до сега. Сега кога стигнаа до мене, гледам дека важат за некакви легенди во Велика Британија, а ги ословуваат и како најдобрата хип-хоп банда што излегла од тоа тло. Секој од членовите покрај маската и пседонимот кој оди со фазонот на бендот, има и соло кариера, што значи дека тек допрва ќе ги откривам кој е кој и како се снаоѓа без јатото. Како што се ближи датумот на концертот, некако сум повеќе возбуден за The Four Owls отколку за хедлајнерот. Dope D.O.D. ќе ги гледаме ако воопшто ги преживееме овие, Бојане. 

Напрај си услуга, дозволи им на бувовиве да ти слетаат во слушалици или на вуферот во стојадинот. Неколку примери зошто? Еве,  "Silent Flight", "Defiant", "Old Earth", "Life in the Balance" и "Rice Torture". И, ова.

March 29, 2015

Sudden Clarity Crapwerk

Ја открив Borderlands. Двојката. Радоста е иста како кога ќе дознаат што е интернет во Горно Талашманце во 2016. Знаев за Borderlands ко ти што знаеш за Крапверк. Знаеш дека е црно-зелен, дека има текст, слики, ама никогаш што е содржината, повеќе од "отприлика". Borderlands 2 пукаат сите околу мене со години. Знаев дека е некаков шарен шутер што го играат мултиплеер, ама некако не ја сфаќав опсесијата додека не се раскликав лично. Borderlands 2 е можеби последното нешто што ми требаше во животот. Ко кристал мет. Зошто не ми улета во некое време кога ќе сум послободен да пукам во џуџиња со шатган?

plot twist: стешот е одма позади. 

BL2 е RPG во прво лице. Или, како што си ја викаат самите производители, "shoot and loot". Пукаш во непријатели што често ти доаѓаат од секаде, си отвараш кутии со нови оружја и се обидуваш да стигнеш до главниот негативец, Handsome Jack, низ разни квестови. Приказната и ликовите што ги среќаваш по пат се веројатно најблесавите што сум ги сретнал во ваква игра. Уште на самиот почеток кога ќе го сретнеш малиот робот Claptrap кој го прегорел лифтот додека пробувал да се "интегрира" со него, јасно ти е што следи понатаму. Играта има и co-op со максимум четири играчи, така што можеш да си понесеш и екипа за да пукате заедно. Тие два саати со урлање во микрофон и слушалици ми беа веројатно и најзабавните од изиграните осум. 

Уште сум на почеток, 11 левел. Играм Gunzerker, откако видов дека сум премногу нуб за Psycho. Сакам да пукам во сè што ме напаѓа и фрла со ствари кон мене, па Gunzerker како класа некако ми се виде попрактична. Единствен проблем што го имам со играта се оружјата. Таман ќе се приврзам за некое, наоѓам ново и подобро во следните дваесет минути. Што е финтата, решив да дознаам? Borderlands 2 користи систем за рендом генерирање на оружја, така што има 17.75 милиони различни. Не е доволен болдот? Еве го пак. 17.75 милиони. Различни. Оружја. Океј, бројкава освен за во Гинис (таму е, да), не значи многу зошто нема ни сто илјади да ти пројдат низ раце, ама сепак. 

Не знам како ми требаа три години за да ја откријам играва. Неколку пати беше на попуст на Steam, мило ми е што конечно ја купив и тоа за ич пари. Praise Lord GabeN.

March 28, 2015

Краток преглед на Infinite Crisis

Конечно излезе Infinite Crisis на Steam. Да не се одлучеа да ја понудат на оваа платформа, можеби и немаше да приметам дека воопшто постои, иако веќе некое време си тера. Па, ги сакаш DC? Да, да, Бетмен и Супермен! Сакаш MOBA игри? Па, да... не како порано, ама да... Епа, ова е тоа што можеби не си знаел дека ти треба. Веројатно единственото нешто што DC го направиле подобро од Marvel во последно време. Како само Marvel не се решија да се пробаат во жанрот, наместо она дното Marvel Heroes. Имаат толку поинтересни херои што би функционирале многу подобро во MOBA отколку досаден акционен RPG.


Infinite Crisis е страшно потценета игра. Да, има органичена публика, не се обидува да биде League of Legends или DOTA, ниту па е нешто многу иновативна. Но, доволно е заразна, интересна и брза за биде вредно искуство. Главната мапа (Coast City), со стандардниот мод е сведена на два лејна и огромна џунгла, па малку бега од познатата стратегија што ја нудат двете игри погоре. Целата, покрај уништувањето на непријателската база, се пренесува и во џунглата каде што има точки кои тимот треба да ги контролира за одредени придобивки и предност. Така што, борбите се насекаде низ мапата, особено по темните патчиња каде што често еден херој се обидува да воспостави контрола врз џунглата. Она што е интересно и ново е "живата" мапа. Има неколку понудени "stolen powers" (нешто како "summoner spells" во LoL), па ако ги користиш таквите моќи на Супермен со било кој херој, можеш да кренеш џандарска кола и да ја фрлиш во генералната насока на непријателот.

Играта моментално располага со нешто помалку од 50 херои и вилани. Собрани се од целиот multiverse на DC, па така што има повеќе верзии на некои од нив. Досадниот туторијал кој служи за да те воведе во правилата и начинот на играње, отклучува неколку бесплатни, како на пример Gaslight Batman или Green Lantern. Другите се бесплатно достапни во неделната ротација, ама може да се купат со поени кои се добиваат со играње или вистински пари. Да, инаку е целосно бесплатна, стварите што се плаќаат се претежно козметички.

Она што е исто така добро, е тоа што е прилично добро расположена кон нови играчи на кои не им е познат жанрот и концептот. Освен деталните туторијали, партијата е "надгледувана" од херој што од време на време ти дава совети за што и како да правиш. Има и фин систем на препорачани артефакти кои можеш автоматски да ги купуваш за зголемување на моќите, без да се замараш кој што ти дава. Барем на почетокот, додека навлезеш фино и не почнеш сам да си ги склопуваш, е одлично.

Моментално најмногу играм со Gaslight Batman, Nightmare Superman и Green Lantern. Да, ептен е добар Green Lantern тука, речиси и да нема тим што не го користи. Ќе останам уште неколку партии сигурно, барем колку да соберам поени за да го отклучам Joker. 

Види такоѓе: 

March 27, 2015

Chappie (2015)

Во врска Chappie, најмногу бев заинтересиран за напредокот на режисерските вештини на Нил Бломкемп. По одличниот District 9, и не толку пријатниот Elysium, ме занимаше во која насока ќе ги движи работите. Периодов ми е исто така на радар поради новиот Alien. Немав никакви очекувања за Chappie, отидов во кино само со изгледан трејлер и идеја за приказна што баш тој трејлер ми ја создаде. Chappie наиде на малку лоши коментари и оценки кои решив да ги игнорирам, баш поради што во некои од нив публиката и критичарите го бараат следниот District 9. Кој пак, очигледно е дека Бломкемп не успева да го повтори, ниту да му се доближи.


Chappie не е лош филм. Бломкемп допрва ќе треба да сними филм што ќе биде налепен со таква етикета. Само е малку... просечен. Проблемот со Chappie е што упорно страда од неконзистентност насекаде. Хаотична нарација, слабо напишани дијалози и идеи кои се гледа дека Бломкемп јасно ги замислил, но потфрла кај начинот на кој ги презентира. Од дводимензионалните ликови и нивните нелогични мотиви, до чекорот кој го прави на трансхуманистичка територија. Пробував некако да ги рационализирам ликовите, кои можеби Бломкемп намерно да ги создал такви за да остави простор да дојде "човечноста" на роботот Чапи до израз. Меѓутоа кога некои постапки ќе почнат да се граничат со неподносливост, некако сфаќаш дека и тоа не е баш така намерно, туку е само неуспешен обид. Таман кога помислив дека Бломкемп прави излет од Холивудската шема, добив еден куп објаснувања со лажичка и звуци на авион додека пробува да ми ја стави во уста.

Die Antwoord се во главна улога тука, појачани од Дев Пател, Сигурни Вивер и Хју Џекмен. Die Antwoord не беа толку лоши колку што Сигурни Вивер беше неискористен ресурс и Хју Џекмен можеше да биде заменет со дрво и никој да не примети. Или плиткото сценарио не успева да ги долови. Додуша, Хју Џекмен можеби ни тоа немаше да го спаси, зошто изгледа како улогата да ја прифатил на кладба и едвај чека да заврши и да си оди дома, за да си ја намести Вулверин фризурата, додека се обожава себе во огледало.

Ликот на Чапи има многу добри моменти. Штета што некако се гуши од целата каша околу, а некогаш и од сам себе. Секогаш кога идејата за филмот и ликот ќе го завземеше замислениот правец, се испречуваше некое ненамерно смешно срање. Дури и крајот, кога можеби доаѓаат избавувачките квалитети, осеќаш дека е некако предоцна за тоа и дека не е доволно, па тука го влечеш заклучокот дека си изгледал нешто волку просечно. Сепак, уште имам верба во Бломкемп за Alien, зошто таму веќе има основа која мора да ја користи, сакал или не.

March 26, 2015

Која година сме?

Новиот албум на Продиџи е секаде низ интернетов. Супер еј, кај ми е монтката? Океј, тука ќе следуваше уште некоја глупа фора и промрчување за релевантноста на Продиџи во 2015, што сега ќе мора сам да си ја смислиш зошто веќе решив дека ќе ја прерипам. The Day Is My Enemy не само што го помина првото слушање кај мене, туку си отсвире повеќе пати. Да, тотално звучи како Invaders Must Die нуспроизвод првиот пат, вториот веќе приметуваш дека сепак има нешто примамливо, а на петтиот веќе потпевнуваш. Но, дали тоа значи дека е добар?


Како и секое дете што одело во школо кога излегол The Fat of the Land, почнав да слушам музика баш со тој албум. Ги купувавме сите касети, ги знаевме по омотот која компилација е која, па и албумите што не беа баш нивни. Имав дури и едно блузонче Продиџи што го фрлив пред некоја година, а што тогаш беше неколку конфекциски броеви плус. Цела дискографија ја имам и на дискови до денес, освен можеби една компилација што понекогаш уште чекам да ми ја вратат. Не се курчам со мојата љубов кон Продиџи за џабе. И, покрај тоа, не би ги поддржал слепо за секое гомно што ќе го извадат. Не само поради фактот што се Продиџи и ми се некако битни. Затоа и бев малку скептичен за новиот албум.

Продиџи не се тие од претходно. Не се веќе со години. Не се бенд што ќе прави радио хитови, туку се свесни за нивната моќ на големи фестивали каде што си три дена запотен, ненаспан и дехидриран. The Day Is My Enemy носи таква агресивна адреналинска музика наменета за разбеснета толпа, што покрај тоа што ќе урла "фаестата" на цел глас, ќе однесе неколку посетители на фестивалот директно во болница. Три пати сум имал прилика да го посведочам тој енергичен монструм кој што е на сцена, два од тие можеше да биде последното нешто што моите очи го виделе. Албумот е баш тоа. Да овозможи такво искуство на милиони издрогирани млади да осетат туѓа запотена мишка во фаца додека рипаат во пола метро кал. Мислам, не викам дека е лошо ова.

Звукот е како излезен од генераторот за песни на Лијам Хаулет. Искрено, нема ни како поинаку да звучат. Ако не е вакво, какво да биде? Трaп? Дабстеп? Тој звук на Продиџи не треба да следи трендови. Не дека нема некои модерни влијанија, меѓутоа тоа е тоа. Жанр кој можеби не го еволуираа, меѓутоа дефинитивно го втемелија во историјата на електронската музика. Ако ништо друго, албумот им гарантира настапи во следните неколку години со малку понов материјал. Не дека ти нема да отидеш и без тоа. Веќе немаат потреба да ти објаснат кои се, нема потреба да го повторат The Fat of the Land. Не се уште тука за да докажуваат, туку да ти покажат дека уште имаат снага да се качуваат по рефлектори и покрај тоа што се 25 години постари. Ти веќе знаеш дека можат.

И, сега дали е The Day Is My Enemy добар албум? Па, не е лош. Не толку колку што мислев и можеше да биде. Доволно е catchy за да ти влезе во уво, без разлика колку и да го буткаш од тебе со изговор дека не ти треба нов албум од Продиџи во 2015. Види си сам дали ти треба. 

March 25, 2015

Совршеното аниме

Пролет и есен ми е периодот за аниме серии. Тоа е тој Павлов рефлекс во моментот кога месеците ќе се појават на календарот. Веројатно уште од времето на Death Note и лошиот пост напишан на таа тема пред некои осум години. Не гледам аниме како порано, ама секогаш бирам внимателно. Овој пат се одлучив за нешто поново, од 2015, по можност да не е во тек, како не би чекал со недели за превод на нова епизода. Разгледував неколку листи, гледав оценки и ѕирнав отприлика што е приказната на тие што ги избрав за проба. 


Загледав Death Parade, базирано на краткиот филм Death Billiards . Пробав и Parasyte: The Maxim, ама некако ми беше пребизарно на начин за кој не сум баш расположен. А, и веќе има доволно нормален tentacle porn што е сигурно позабавен од ова. Death Parade е кратко, има само дванаесет епизоди, така што веројатноста да го догледам до крај пред да ми опадне интересот беше помала отколку кога гледав Attack on Titan и Steins;Gate. Финалето би требало да се прикаже додека го објавам постов. Изгледав шест епизоди до сега и сум сериозно навлечен. 

Под едноставната, и на прв поглед, сомнителна приказна, се крие длабока комплексност, емотивен ролеркостер и потенцијал за предизвикување егзистенцијална криза каква што последен пат те снашла со  Neon Genesis Evangelion. Кога двајца ќе починат во исто време, заминуваат во Quindecim (или "Queen Decim" според Википедија). Без никакво, или со минимално сеќавање за тоа кои биле претходно, ги пречекува Деким, мистериозниот и шармантен бармен. Без да им објаснува многу, им нуди игра по случаен избор која ќе одлучи дали ќе бидат реинкарнирани или душата ќе им замине во бесконечен мрак. Додека трае играта, несреќните натпреварувачи постепено ги добиваат сеќавањата назад, чисто колку она човечкото да им дојде до израз. А тоа, често пати е пресудно за начинот на кој ги играат игрите и се борат, без разлика дали се работи за двајца странци или млад брачен пар кој загинал на свадбеното патување. Соочени со страв и инстинктот за преживување, некој пат се решени да победат, дури и по цена на животот, односно душата на присилно наметнатиот противник.

Конфузно е уште од првата епизода. Сите прашања што ги отвара и ти се битни за големата слика, се отплеткуваат како што тече понатаму. Шансата која треба да ја добие се барем првите две. Концептот е лесен за прифаќање, меѓутоа треба да си спремен дека ќе те остава со блага болка во стомак и грутка во грло после секоја посета на барот. Нема тука ништо среќно и весело. Ќе пишам повеќе кога ќе догледам до крај. 

March 24, 2015

Уште еднаш за League of Legends

Со Heroes of the Storm, сфатив дека јас и MOBA жанрот веќе не се согласуваме како претходно. Не ни е веќе интересно како некогаш. Меѓутоа, од просторот што си го оставив со League of Legends, пројде доволно време за партија еднаш на три дена да ми биде океј. Тоа и го правам последнава недела. Чисто од љубопитност решив да се логирам, барем да ја видам обновената графика. Можеби додека ја навикнеш редизајнираната мапа, ќе те потсеќа на DOTA 2, ама сепак не е толку детална. Го има задржано во целост претпознатливиот дух, а покрај малото визуелно освежување е многу пооптимизирана од претходно. Сега немаш време да свариш кафе, да направиш ручек, да ги испратиш децата во школо или да го преспиеш викендот додека се конектираат сите од тимовите и се излоуда играта. 


League of Legends е таа игра што е последниве години. Да, има ситни промени од минатиот пат кога се дружевме, па дури и во заедницата. Некако ги нема дебелите деца од Полска, можеби пораснале, а не дошле нови, или се заминати да упропастуваат нечие друго искуство во некоја друга игра. Или едноставно мене ми се погодија тие неколку партии. Пострашен ми е бројот на партии што ги имам изиграно од 2010 до сега. Онака, дури е и тажно кога ќе го претвориш тоа во време, сметајќи по некој просек од 30 минути партија. И, тоа само на главната мапа. Другите мапи и досадните модови како ARAM воопшто не ги внесувам во калкулацииве.

Промените не се само во дизајнот на Summoner's Rift и џунглата. Змејот сега дава и некаков баф што не памтам дека сум го видел претходно, па предизвикот за да се убие е поголем. Има и некои ајтеми што исто ми се нови, ама ништо што би го нарушил гејмплејот што ми е познат.

Има и неколку нови херои што сигурно ќе ги пробам. Ете, изиграв една партија со Braum и ботови. Да играв support, сигурно ќе ми беше поинтересен. Имам околу 40 илјади IP за трошење што веројатно ме прави некаков Брус Вејн тип на богаташ меѓу останатите деца. Не дека е нешто на кое што треба да си горд, ама и мојот Покемон е бољи од твојот Покемон. Играта си тера и понатаму и ми останува омилената MOBA. Деновиве излегува и Infinite Crisis на Steam конечно, па ќе покликам и тоа малку, колку да видам што е.

March 23, 2015

Predator (1987)

Во екот на златното доба на тестостеронски акциони филмови и врвот на популарноста на Шварценегер, се појавува Predator. Филм чија идеја настанува на заебанција, со муабет дека после Rocky IV, Сталоне останува без достојни противници и дека следниот пат ќе мора да се бори со вонземјанин. Сценаристите Џон и Џом Томас си го сфаќаат тоа сериозно, пишуваат нешто чиј концепт подоцна е адаптиран во она што денес го знаеме како конечниот филм. Името од Hunter е сменето во Predator, a продукцијата решава да го најми Шварценегер и да вложи некој милион повеќе. За дизајнот на Предаторот е ангажиран Стен Винстон, легенда во браншата, потпишан на мејк-ап ефекти во Terminator, Jurassic Park, Aliens и Iron Man, човек што има однесено дома четири Оскари за тоа што го прави. 


Шест заебани војници предводени од Шварценегер, најдобрите во доменот, се испратени на мисија во некоја забутана џунгла за спасат заложници. Покрај тоа што ги наоѓаат одраните тела на претходниот тим обесени за дрво, контаат дека мисијата и не е баш тоа што изгледа. За денот да им биде најлошиот вторник, испаѓа дека во џунглата има некакво невидливо суштество што се мота низ дрвата и убива по некој. Додека го чекаат хеликоптерот што треба да ги извади од џунглата, сфаќаат дека се мета на лов и дека суштеството не е баш од оваа планета, тимот веќе им е преполовен. Вистинскиот акционен спектакл почнува од моментот кога Шварценегер ќе ја врисне легендарната реплика "Get to da choppa" и ќе почне да се мачка со кал и гомна, спремен да се бори со голи раце против Предаторот. 

Денес не се прават вакви високобуџетни филмови, за жал. Со вакво темпо, тензичност и површна приказна, а да се вака забавни. Тоа што за Предаторот знаеш исто колку и ликовите е доволно и ти да се запотиш како младиот Шејн Блек. Филмот не нуди никаква позадинска приказна, освен она на почетокот кога гледаме дека нешто доаѓа на Земјата и очигледно завршува во џунглата во која се наоѓаат несреќните пријатели и Шварценегер. Освен тоа дека не е првпат во џунглата да дојде нешто вакво и да лови за трофеи, останатото останува мистериозно, но е доволно за фино да си ја склопиш сликата. Дури подоцна, низ книгите, стриповите и кросоуверите со Aliens, почнува да се гради целата митологија околу ловечката раса наречена Yautja.

Со освежувањето на Alien, веќе е време и за нов Predator. Поминаа пет години од последниот. Не го спомнав Шејн Блек погоре и неговиот мал лик во филмов. Во моментов спрема продолжение, кое наводно нема да биде рибут. Уште нема никакви детали, ама битно се работи. Predator е еден од оние филмови кои нема потреба да добијат рибут или третман како Terminator. Универзумот е доволно богат за да се најде оргинална приказна и искрено се надевам дека Шејн Блек и господата продуценти ќе знаат да го ценат тоа.

Види такоѓе: 

March 22, 2015

Игра на месецот: Ori and the Blind Forest

2D платформерите направија сериозен камбек последниве години. Мислам, доколку воопшто може да се нарече камбек. Повеќе е "станаа популарни во последниве години". Или јас почнав да ги приметувам. Не знам, избери едно од овие, битно има платформери сега, океј? Еве, само на Steam има над 400 игри со "platformer" таг во моментов. Не сум некој фан зошто брзо знаат да ми здосадат, па така што играм нешто ако ептен, ептен успее да допре до мене. Барем да допре до мене за да фрлам некое евро и никогаш да не инсталирам. Затоа, за Ori and the Blind Forest се одлучив за торент, чисто за да не ми се трупа Steam колекцијата со едвај допрени наслови. 


Ori and the Blind Forest ја симнав во агонија предизвикана од сознанието дека треба да обновам хардвер за воопшто да можам да ја пуштам Alien: Isolation. Oткако изгубив пола саат додека сконтам дека ова што е под бирово почнува повеќе да припаѓа во музеј. Ori дојде како утешна награда, сосема спротивна од тоа што планирав да го играм деновиве. Мал, рачно нацртан платформер, со преубава музика и приказна што во еден момент ти ја грее душата, а во следниот веќе си бришеш солзи и мрсули со ракавот од пижамата. Четири години во изработка, конечно објавен пред две недели. До сега, една од највозбудливите игри за 2015.

Графиката е она што прво ме привлече кај Ori. Тек потоа следуваат гејмплејот и феноменалната нарација. Боите се веројатно најубавите што некогаш сум ги видел кај ваква игра, деталите се перфектни, речиси и да нема ништо што се повторува во мапата. Иако стилот не е баш аниме, на моменти делува како да ги играш најубавите филмови на Ghibli студиото. Таква некоја атмосфера има цело време.

Гејмплејот е стандарден. Трчаш и скокаш низ нивоата, собираш различни ствари, повремено пукаш во непријатели и налетуваш на препреки и заклучени врати кои се отвараат со клучеви распрскани наоколу. На почетокот почнува прилично лабаво, меѓутоа како што прогресираш понтаму, станува малку покомплицирана. Препреките се позаебани, а треба и да си го средиш фокусот малку ако не сакаш да пробуваш десетина минути да скокнеш од ѕид на ѕид. Ако воопшто успееш да се сконцентрираш покрај целата убавина пред тебе и музиката што те мекнее во позадина. 

Скроз позитивно изненадување. Прекрасна мала игра. Вреди за моменталната цена, меѓутоа ќе ја почекам на попуст, зошто пазарев други што планирам да ги играм, бла бла, изговори. Не можев да изберам скриншоти, така што бујрум на официјалната галерија. Или уште подобро, видео во кое е прикажан гејмплејот и отприлика ова што го зборам погоре.

Види такоѓе: 

March 21, 2015

Aliens (1986)

Единствениот филм што до денес може да стои гордо до Alien. Џејмс Камерон не само што во целост ја користи формулата на оргиналот, туку успешно додава еден цел свет врз темелите на Ридли Скот. Alien и Aliens прават една кохезивна целина, така што споредбите помеѓу двата веројатно би биле излишни. Двата засекогаш го имаат сменето начинот на кој се создаваат вакви филмови. Ако првиот ги дефинира стандардите за научно-фантастичен хорор, вториот пополнува неколку страници во прирачникот за правење на акционен филм во рамките на жанрот. Мајсторијата на Џејмс Камерон тука, влегува во историјата и како едно од најдобрите филмски продолженија некогаш направени. 


Рипли се буди 57 години по епилогот на Alien. LV-426, планетата каде што екипажот на Nostromo ќе се зголеми за патник повеќе, е во фаза на тераформирање и колонизација. Наводно, од ксеноморфската закана нема никаква трага. До моментот кога планетата губи контакт, па Рипли заминува со експедиција колонијални маринци да ја испита ситуацијата и да го разнесе последниот ксеноморф на различни делови и страни. Планетата е веќе опустошена, па единственото нешто што вооружената група на Sulaco го наоѓа, е последниот преживеан, девојчето Њут и разбеснети ксеноморфи.

Aliens не само што ја продлабочува целата митологија на универзумот каде што е сместена приказната, туку и ја носи Рипли на едно поемотивно ниво. Овој пат не се потпира само на основниот инстинкт за преживување како во првиот дел. Пожртвуваноста на Рипли за да ја спаси Њут, откако дознава дека ја губи сопствената ќерка, му дава една сосема поинаква димензија на нејзиниот лик. Тоа е најголемата моќ на Aliens (а и неговиот претходник), ликови за кои се грижиш, без оглед на тоа на која страна се наоѓаат и дали се воопшто луѓе. Пример пред кој за жал, Prometheus некако успева да замижи, иако е очигледно на што се обидува да се надоврзе. Ете проста споредба за како никогаш нема да ги надминеш првите два дела, а и прилика уште еднаш да нагласам колку е Prometheus лош.

Режијата на Камерон е феноменална. Можеби ги нема спорите кадри на Ридли Скот, пред сè поради различната динамика на приказната, но внимателно настапува кон сите детали. Акционите сцени се сведоштво за вештините на Камерон кои ги потврдува и со уште едно битно продолжение, Terminator 2: Judgement Day. Штета е што денес овие двајца режисери имаат незавидни остварувања и добиваме филмови како Avatar, ама тоа е. Затоа парите ги ставам на свежата крв како Нил Бломкемп.

Види такоѓе: 

March 20, 2015

Почеток на последната сезона на Community

Ах, Community. Немам видено серија што се има толку упорно борено за да остане во етерот. Таман кога помислив дека ќе замине во историја со пет сезони, Yahoo! Screen им излезе во пресрет за да си ја остварат "шест сезони и филм" мантрата. Филмот можеби е далеку од реализација, меѓутоа сезоната веќе е во тек и секој вторник (или среда, за нас со торентите) ќе излегува нова епизода. Шестата сезона почна со две. Уште од самиот почеток, се осеќа дека нешто не е како претходно. И тоа не е само поради дел од ликовите кои тука недостасуваат. Community и Ден Хармон, некако одбиваат да се соочат со крајот и да продолжат понатаму. Претходно, самото тоа беше многу посимпатично. Епа, веќе не е.


Секаде каде што ќе клизнеше нешто околу Community, често се потпираа на мета-заебанции, Абед ќе го пробиеше "четвртиот ѕид", ќе намигнеа на публиката, па некако засмеани ќе прогледавме. Овој пат, секоја комуникација на серијата со тебе како гледач, веќе делува бајато. После шест години, она што е останато од екипата уште е на Гриндејл, иако веќе никој од нив не е студент. Има некои полу-причини зошто се таму, ама тоа е најмалку важно. Хуморот во првите две епизоди е исфорсиран до непријатно чуство во стомак, а мета-финтите на Абед делуваат како некој со сила да го донел Дени Пуди на сет. Дури ни деканот веќе не може да те шокира како претходно. Ченг ми е неподнослив веќе неколку сезони наназад, така што и тука нема промени на ова поле. Другите некако премногу се обидуваат да бидат тоа што биле некогаш, а сепак на моменти изгледаат како да поминале пет години измеѓу ова и претходниот пат кога биле пред камера.

Сепак, давам шанса. Толку гребеа за преживеат, па ете, да видиме што му остана на Ден Хармон да докажува, освен инатот према NBC. И, претходната сезона почна лошо, па како што течеше, некако успеа да се оправи и да испорача неколку незаборавни епизоди. Да, и оваа сезона ќе има пејнтбол епизода. Се надевам дека ова е последната битка на Community и дека достоинствено ќе заминат, па нека прави после Хармон филмови со пластелин колку сака.

March 19, 2015

Alien (1979)

Има некои ретки работи за кои колку и да мислиш дека се совршени, успеваат да те изненадат и да ти го кренат мислењето секој следен пат кога ќе дојдеш во допир со нив. Alien тоа ми го прави со секое гледање. Секогаш го доживувам свежо, секогаш наоѓам некои детали кои ми се нови, нешто што некако ми избегало претходниот пат. На само во СФ жанрот, ова е еден од најдобро изрежираните филмови откако постои филм како ствар. Од првите кадри на Nostromo, до одјавата на крајот, Ридли Скот работи со камерата како наместо папочна врвка да му исеклe 35 милиметарска лента кога се родил. Додај ја мрачната амбиентална музика на Џери Голдсмит тука и безвременскиот гротескен дизајн на Гигер и добиваш еден поинаков стандард за како би требало да се преслика хорор во тивка вселена. Каде што никој нема да те чуе колку и да врискаш, нели. 


Не знам дали кога работеле на филмот знаеле што создаваат. И, тоа рачунај, правен е во време кога индустријата се тепала да го извади следниот Star Wars. Alien е спортивното од тоа. Валкан, мрачен, напнат и безмилосен. Не само што бега од тогашниот "тренд" на шарени клонови, туку изродува еден куп свои, кои никогаш не успеваат да ја достигнат атмосферата и тензијата што ги носи со себе. Буквална редефиниција на жанрот, можеби ненадмината и до денес. Тоа што Ридли Скот го има направено со ликот на Елен Рипли исто така го нема денес. Хероина која е мајка на сите жени на филмско платно кои имаат доволно муда за да се спротистават на било што, со огнено оружје, а и без.

Приказната е крајно едноставна, но егзекуцијата е она што го прави филмот толку голем. Ликовите се од крв и месо (освен тие кои не се), дијалозите и постапките им се реални во секоја ситуација. Им го осеќаш и стравот додека се обидуваат да се соочат со заканата што ги демне низ темните зарѓани метални ходници на Nostromo

Значи, сите причини за статусот на Alien и она што го преставува на сите филмски листи се евидентни.  Единственото нешто кое може да стои во иста линија, е само продолжението на Џејмс Камерон, Aliens. Двата филмови се перфекција, а индивидуално е кој од нив како ти ги предизвикувал морниците по грбот. Не морници од тероризирачкиот хорор, туку самата филмска маестралност што ја презентираат.

Види такоѓе:  

March 18, 2015

Очекувањата за Spectre

Бонд се враќа после три години. Деновиве се појави и слика од Даниел Крег во ролка. Ролка каква што Арчер ја признава како тактичка облека. И, каква што Роџер Мур носи во Live and Let Die. Бондовски детал што не го добива заслуженото внимание. Така ли е, Пирс Броснан од Die Another Day? Не знам, сите сакаме да го заборавиме тој филм, Пирс. Ако воопшто ти е тоа вистинското име. 

Spectre излегува во ноември оваа година. 24-тиот Бонд филм, четвртиот со Даниел Крег. Крег е десет години Бонд, очигледен факт што вака кога ќе го кажеш на глас делува ептен.. чудно. Сериозно поминаа толку години? Тоа е веќе сериозен ангажман, со оглед на тоа што е потврден за најмалку уште еден филм. Првиот Бонд во најинтензивните денови од интернет добата. Веројатно избор со најмалку доверба кај публиката, нешто со кое во последно време може да се пофали и Бен Афлек


Мислењата за Casino Royalе беа поделени. Актер различен од темплејтот, приказна без гаџети, малку помрачен... Дури и кенкања за расата на Феликс од фанови како Крапверк. Мене филмот ми е океј, и покрај тоа што постот напишан тука пред седум години има некој благо накурчен тон. Го имам гледано повеќе пати од тогаш и супер е. За жал, Quantum of Solace уште го сметам за едно од најлошите кино искуства. Тој филм не го допрев никогаш пак. Skyfall го доживеав многу поинаку. Конечно го видов овој Бонд како што сакаат да ми го прикажат, и тотално го прифатив тоа. Не е ова Бонд од 90-ти, ни од претходно. Ова Бонд за ова време. Сите тие работи што функционирале некогаш како Бонд, денес би изгледале како Остин Пауерс или некое нискобуџетно срање. Но, пред Skyfall, недостасуваа тие Бонд елементи кои филмот успеа некако да ги врати, или барем да ги прикаже онака како што треба и сакаме да ги видиме. Крајот на Skyfall убаво ја установи ерата во која се наоѓа овој Бонд, со што одлично ја постави патеката по која би требало да се движат следните филмови.

Spectre би требало да биде баш тоа. Продолжението на Skyfall. Следниот чекор во овој "прероден" Бонд. Филмот се повикува на можеби најголемиот непријател на Бонд, организацијата SPECTRE и Блофелд. Ако ги сметаме претходните филмови на Крег како некаков рибут, ова е тој логичен следен чекор. Адаптирана SPECTRE за денешно време би била многу поефикасна од било кој умоболен негативец со смешни дијаманти на лицето што сака да го освои светот или нешто. Да не го повторувам муабетот од постот за Skyfall, ок? Убеден сум дека ако Spectre го следи темпото на градење на Бонд како претходниот филм, ќе биде квалитетно искуство. 

Кристоф Волц е најавен како негативец. Јас и пола интернет сме убедени дека е Блофелд. Продукцијата изгледа го држи вистинскиот идентитет на ликот, како тоа што го правеа со Кан во Star Trek Into Darkness. Не дека сме ние попаметни, туку сериозно би било глупаво да го потрошиш потенцијалот на Волц на лик што не е Блофелд во филм што се вика Spectre. До филмот има време, сепак. Ова и онака 100% ќе го дознаеме во моментот кога Кристоф Волц ќе се сврти седнат во фотелја со бела мачка во скут. До тогаш, чекам трејлер и песна. Едвај.

March 17, 2015

Alien: Resurrection (1997)

Пет години по Alien 3, следува обидот за воскреснување на серијалот кој ја фрла франшизата во криопрезервација до оние абоминални вкрстувања со Predator. Оргиналната идеја која му била понудена на Џос Видон за пишување, била враќање на Њут како клон, за на крај сепак студиото да одлучи дека сепак не е возможен Alien филм без Рипли. 200 години по смртта на Рипли, воени научници кои се трудат да се докопаат до жив ксеноморф за "истражувачки цели", ја клонираат сосе ксеноморфот во неа за како би можела да го благослови светот со тоа прекрасно суштество. Да речеме дека науката напреднала така за 200 години, да што и покрај клонирање на Сигурни Вивер со ксеноморфска ДНК, некој некаде има потреба од ксеноморф да направи домашно животно. Океј. 


Alien: Resurrection, за разлика од неговиот неславен претходник, се обидува да ја "клонира" и атмосферата од првите два филмови. Режисерската должност му е доверена на Жан-Пјер Жене, режисер кој во тој период успеал да ги навлажни продуцентите со The City of Lost Children. Специјалните ефекти се феноменални за тоа време, филмот е преполн со визуелни елементи што ќе ти останат засекогаш врежани во потсвест, а не се плашеле ни да експериментираат со дизајнот на хибридот меѓу човек и ксеноморф. Иако оргиналната идеја за хибридот била многу пошокантна од таа што завршила во пост-продукција, доволно е да ти предизвика чувство како во секој момент да ќе ти се изроди мало ксеноморфче. Тензијата е многу попристуна за разлика од Alien 3, но сепак не е доволна за те штрекне како тоа што го прават првите два. Споредбите со нив се избежни, така што ќе простиш. Само што на одредени делови, некои кадри од филмот личат како да се снимани за 3D, а колку што знам, не постои таква верзија од ова.

Филмот најмногу потфрла кај сценариото и ликовите. Денес Видон е докажан сценарист, но тогаш кредибилитетот му доаѓал генерално од Buffy. Не знам како некој мислел дека е вистинскиот човек за ангажманот тука, зошто дијалозите на моменти се толку лоши што го прават Prometheus да изгледа како Birdman. Океј, се зезам, ништо не е полошо од Prometheus, само сакав да го дискредитирам Видон зошто неколку пати ми дојде да го исклучам и ја си сврзам приказната со некоја друга сцена од филмот што сум ја фатил на телевизија низ годините. Освен можеби оваа сцена. Речиси сите ликови се однесуваат и зборуваат како во цртан филм, единствено Рипли и Винона Рајдер се нешто поокеј. Не е толку лош кастингот колку што дијалозите се лоши. Го има дури и Туко Саламанка, млад.

Дали е подобар од Alien 3? Па, не знам, ама секако е поподнослив. Во секој случај, завршив со гледање на овие два филмови и веројатно никогаш пак не би губел време на нив. Патем, еден од најубавите спомени со Resurrection ми е PlayStation играта. Тоа беше квалитетно потрошено време тогаш. Многу, многу квалитетно потрошено време.

Види такоѓе:  

March 16, 2015

Dejimon Adobenchā Torai. Подобро звучи на јапонски.

Добро, колку години имаш бе, Бобо? Знам, ама носталгијата околу најавата за јубилејното враќање на оргиналната Digimon постава ми предизвика спонтано запалување. Не ме глеј така. Пред 15 години, Digimon ми беше влезната аниме дрога. Веројатно е првата аниме серија што кај нас се прикажувала оргинално на јапонски и првата што успешно продаваше сè и сешто на деца, од смоки до плишани играчки.

Едно од тие деца беше и малиот Крапверк, кој некаде дома има една огромна кутија со ствари на кои пишува "Digimon". Карти, жетони, сликички, фигури. Дури и VHS од првиот филм и едно оргинално DVD со неколку епизоди. Бев ко излезен од "Chinpokomon" епизодата од South Park. Откако завршија тие 50-тина епизоди со прикажување, најдојдоа уште неколку такви аниме серии наменети за да продаваат глупости на хипнотизирана маса пре-пубертетлии, ама јас и моето тело веќе пројдовме низ промени и станавме способни за репродукција, па Digimon престана да биде интересно. 


Деновиве читам за нешто што се вика Digimon Adventure tri. По повод 15 години од оргиналниот серијал, излегува серија која не само што ќе ги обедини оргиналните DigiDestined (знам и како се викаат...), туку и актерите кои ги позајмуваа гласовите. Единствено приказната нема да биде петнаесет години подоцна, туку продолжува директно после Digimon Adventure 02.

Ова не го даваа кај нас, ама имав пробано да изгледам нешто пред десетина години, и не можев. Тогаш оргиналните ликови беа некоја година постари и го отстапија местото на нова генерација. Сега се исто така постари и се обидуваат да рекламираат и продадат играчки на друга генерација. Тизерот очигледно сака да допре и до мојата генерација, па чим го читаш ова, јасно е дека "Butterfly" од Animetal ме удри право во носталгијата, нели?

Тешко дека ќе го гледам новиов серијал кој ќе почне да се прикажува оваа пролет. Толкаво магаре сум... Ама, сигурен сум дека ќе изгледам барем една епизода. Или првиот долгометражен филм во меѓувреме, кој можеби се симнува или не се симнува баш сега во моментов.

Види такоѓе:

March 15, 2015

Alien³ (1992)

Целиот овој хајп околу новиот Alien на Нил Бломкемп, ме натера да му дадам шанса на Alien 3. Низ годиниве, некако ги имам отпишано последните два дела од франшизата, па штом не се сеќавав дека стариот Ланистер глуми тука, кој знае колку време го немам гледано третиов. Resurrection мислам дека не го ни имам изгледано цел од почеток до крај. И, каков е Alien 3? Па... не многу добар. Не е толку катастрофален како репутацијата што ја има, но сепак не е достојниот наследник на претходните два. Има куп работи кои не се во ред со филмот, но ако е некаква утеха и изговор, причините за тоа се многу подлабоки отколку што изгледаат. Alien 3 е едно од најисфорсираните продолженија во историјата на филмови. Студиото било решено да ја продолжи приказната по секоја цена, и тука некаде работите почнуваат да тркалаат надоле. 


Скоро шест години во продукција, патот до финалниот филм воопшто не бил лесен. Продуцентите биле соочени со многу режисери и сценаристи кои се обиделе да го реализираат филмот и многу од нив се откажале или биле откажани. Недостатокот на јасна визија за текот на продолжението, ги оставило Дејвид Финчер и Винсент Ворд да работат со идеи нафрлани од нивните претходници, биле во трка со време и притисоци од студиото и продуцентите, така што товарот за лошиот квалитет на Alien 3, можеби и не е фер што некогаш целосно паѓа врз нивниот грб. Практично, она што го гледаме во Alien 3 е колаж од идеи на десетина луѓе, менувани, адаптирани и крпени онолку колку што дозволувало времето и финансиите тогаш.

Прво, главниот проблем е со преживеаните од Aliens, односно Рипли. Во одредни фази од продукцијата, воопшто не ни требало да бидат пристуни ликови што ги знаеме, меѓутоа одлуката на студиото била дека филмот мора биде со Елен Рипли. Alien 3 се ослободува од останатите преживеани од Sulaco на дрзок начин, без никаква правда, нешто што очигледно фрла силно светло на крпениците. Целата поента на Aliens буквално паѓа и гори до пепел. Океј, не баш до пепел, ама сериозно наебаа.

Дејвид Финчер направил многу за да го задржи целиот амбиент на претходните, меѓутоа самиот сетинг не дозволува да се постигне мрачната и клаустрофобична атмосфера во која чудовиште како ксеноморф најубаво доаѓа до израз. Металните коридори не сами по себе доволен терен за чувството на тензија и страв да биде прописно ослободено. Заканата е присутна речиси цело време, но не е баш застрашувачка. Дури и перформансот на Сигурни Вивер е некако угушен од религиозните затвореници и сценариото кое е не е баш најперфектното на светот. Единственото нешто што е погодено во целост е добриот саундтрек, тука немам апсолутно никакви замерки.

За жал, сите интересни моменти се гушат во досада и споро темпо со што уште толку целиот впечаток е некако погорчлив. Не ми е јасно како Нил Бломкемп ќе гради нешто околу ова без да го игнорира целосно. Веројатно нешто би можело да се изведе со позајмување на одредени елементи и некаков друг исход на настаните после Aliens, па дури и овие тука.

Види такоѓе:

March 14, 2015

Купче Star Wars стрипови и новости

Периодов што помина беше преполн со ствари за подгревање на Star Wars фанатизам. Најголемата новост е што конечно се фрли светло на првиот самостоен филм, одвоен од трилогијата која доаѓа. Освен насловот, Star Wars: Rogue One (мех), најавена е Фелисити Џонс во, веројатно главна улога. Од она што наводно деновиве се презентирало зад затворени врати пред луѓето со парите, Rogue One не звучел како да има многу врска со гласините за Боба Фет филм. Барем според толкувањата на оние кои некако се докопале до концептот презентиран таму, на кој претежно имало слики од бојно поле. Сепак, уште е рано за детали, така што вратата на Боба Фет можеби и не му е целосно затворена. Муабетите повеќе тежнеат кон тоа дека е филм за мала група бунтовници, затекната во војна против Империјата. Rogue One ќе го режира Гарет Едвардс, па според она што го имам видено од него, може да е океј изборот. Има уште година и пол до филмот, така што новостите и шпекулациите допрва ќе ги слушаме.


Star Wars Episode VIII е закажан за 26 мај 2017. Датумот речиси и да се поклопува со 40 годишнината на Star Wars. Филмот ќе го режира Рајан Џонсон, што е некако посериозен и посигурен избор од Гарет Едвардс. Покрај Looper, потпишан е и на неколку Breaking Bad епизоди, меѓу кои и "Ozymandias", една од најдобрите во цела серија. VIII нормално дека ќе добие повнимателен третман од самостојните, а чим Џонсон веќе е инволвиран и во IX, очигледно е дека ја има довербата кај Дизни. VIII е голем залак уште од сам старт. Тука ќе биде веројатно можноста да се исправаат евентуалните "џар џар бинксови" од The Force Awakens, а доколку се точни гласините за приказната, односно судбината на еден од ликовите тука, Episode VIII ќе мора да понуди многу повеќе од Лендо Калризијан за балансот во Силата да биде правилно воспоставен. И, кога сме кај The Force Awakens, има некоја раскажана верзија на целосниот трејлер која и не мора да е точна. Сепак, прави смисла и се поклопува со она што се знаеше за филмот уште одамна. 

Неделава ги пролистав и новите стрипови на Марвел. Го чекав купчето да се направи со Princess Leia #1. Првиот број од вкупно пет, е малку поразличен од тековните Star Wars и Darth Vader наслови. Приказната продолжува директно од последната сцена од A New Hope и ја следи Леа на некаква мисија, каде се обидува да докаже дека е многу повеќе од пасивна принцеза и е решена директно да учествува во востанието против Империјата. Прилично просечно, со цртежи малку различни од другите наслови. Пет броја ќе се, ќе се стрпам да видам што ќе се случува понатаму, меѓутоа сега за сега, не сум нешто премногу импресиониран.

Star Wars #03 конечно ја заокружи ситуацијата на планетата каде што ликовите првпат се соочија со Вејдер по Јавин. Мислев дека ќе продлабочуваат врската помеѓу Вејдер и Лук, но изгледа дека направија паметен потег да се тргнат од тоа, после она што се случуваше во минатиот број. Крајот најави друга насока, со некаков пакет во куќата на Кеноби, потпишан "За Лук". Едвај чекам да видам што ќе се случува понатаму. Darth Vader #02 ми беше најдоброто искуство од ова купче. Вејдер е целосно во форма тука, брутален и бесмислосен, за разлика од првиот број каде што меѓу другото, Палпатин стигнa и да го подбере за уништениот Death Star. Во овие два наслови инаку, има некои мали елементи кои потекнуваат од приквел трилогијата. И во Star Wars #03 и Darth Vader #02, се гледа дека борбени возила и дроиди од "тоа време" некако успеале да преживеат. Колку и таа проклета трилогија да е некако во позадина во новиов Star Wars бран, природно се вклопија. Како суптилна референца, одлично функционираат вакви детали.  

За крај, наскоро доаѓа нешто што се вика Journey to The Force Awakens. Дизни планираат да објават 20 книги, стрипови и други продукти во печатена форма кои ќе го спремат теренот за новиот Star Wars. Целиот материјал ќе биде дел од новиот канон и ќе ја пополни дупката во приказната по Return of the Jedi. Каков сум нафуран на The Force Awakens, ништо чудно да ги грабнам и книгите кога ќе излезат. Првиот стрип од "патувањето", се вика Shattered Empire и излегува во септември оваа година.

Нова серија: The Last Man on Earth

Ептен претпазливо пристапувам кон новиве серии, ама некако не можев да одолеам на The Last Man on Earth. Пост-апокалиптични сценарија со еден или малку преживеани, во случаи кога се работи за некој различен од Вил Смит, можат да бидат интересни. А, од тоа што го видов до сега од The Last Man on Earth, загарантирани ми се лабави дваесет минути еднаш неделно додека трае првата сезона. Вил Форте, инспириран од Life After People и филмови како The Omega Man, создава баш таква ситуација, за последниот човек на планетата, опустошена од непознат вирус. Ретко темата да е вака (намерно) хумористично обработена и спакувана, па тоа ја прави некако серијата поуникатна и специјална. Нема зомбија и слични непријатели, нема сурова борба за живот, дури нема ни лешови. Бар до сега. Форте режира, пишува, и го глуми главниот лик - Фил Милер.


Фил Милер не е херој. На прв поглед делува како некоја комбинација од Д Дјуд и Зак Галафинакис. Додека се обидува да најде други преживеани, ги ужива сите бенефеции на "последниот човек" и ги прави работите што веројатно сите би ги правеле на негово место. Се вози низ САД, прибира уметнички дела и предмети вредни за него, како пењоарот на Хју Хефнер, кугла со аквариуми и лукзузни коли, се релаксира во базени со алкохол, му смее на Том Хенкс за Вилсон... До моментот кога сето тоа престанува да биде толку интересно. Кога му треба човек, особено од спротивниот пол. Иронично, во најкритичните моменти на осаменост, опкружен е со група топки со нацртани фаци, полошо и од Том Хенкс. Во моментот кога е решен да стави крај на себе, ја среќава Керол и конта дека е можеби само последниот маж, а не човек.

Меѓутоа, Керол е комплетно спротивна од него. Традиционална, конзервативна и ги почитува сите правила, па и сообраќајни знаци, како никогаш да не се случил крај на светот. Покрај тоа, не му е воопшто привлечна, без разлика на тоа што е веројатно последната жена на светот. Крајно дисфункционални, решаваат да си дадат шанса, но секој со сопствена агенда. Керол сака да ја репопулира Земјата, додека Фил бара женско што е повеќе од пластична кукла во излог. И, таман кога почнав да се помирувам со тоа дека до крајот на сезоната ќе гледам некаква романтична комедија, се случи таков пресврт на крајот од третата епизода што ќе ја однесе серијата во уште позабегана насока.

The Last Man on Earth е супер, ако го прифатиш концептот. Лесна, солидно напишана комедија со супер кастинг и многу пријатен позитивен амбиент, и покрај тоа што се десила ебана апокалипса. До толку е лабава, што стварно немаш ни потреба да се замараш каде се сите, што е со вирусот и што ќе се случи. Ми личи ко да ќе истераат фина сезона пред идејата да стане досадна, па ќе сум тука за тие дваесет минути еднаш неделно.

March 6, 2015

Мајлс Моралес и филмската иднина на Спајдермен

Вестите дека Спајдермен директно од Sony се приклучува во филмскиот универзум на Marvel, веќе некое време не се тазе. Сепак, она што муабетот го предизвика, ќе одекнува со уште поголем интензитет во периодот што следи. Иако деталите моментално не се познати, сосема е извесно дека Спајди наскоро ќе се приклучи на Авенџерс, или барем ќе се најде во исто време и место со некој од нив. Една од најверојатните гласини е дека третиот филмски Спајдермен ќе биде дел од Captain America: Civil War, пред нели, како што е редот, да добие посебен самостоен третман. Еј, да. Civil War, другарче. Не стигнав да пишам пост за ова, ама си ги пројдов тие од пред шест години додека го читав стрипот. Онака, тогаш сум се надевал на серија, не сме ни помислувале дека Marvel ќе стигнат до тука со филмски адаптации, а гледај, сега чекаме филм базиран на веројатно омилената Marvel приказна што ми поминала низ раце. 


Спајдермен супер би можел да се снајде во сето ова. Филмската адаптација на Civil War ивентот ќе биде различна од стриповската, бидејќи нели, нема тајни идентитети во моменталната верзија на универзумот, така што параметрите ќе мора да бидат поинаку поставени. Единствениот кој би можел да биде "проблематичен", веројатно е Спајдермен. Во стриповите неговата улога беше доволно битна за сите овие неофицијални вести да прават смисла. Па, дури и гласините дека Ајрон Мен ќе му биде главниот непријател во самостојниот филм. Но, она што е многу поважно, кој ќе биде Спајдермен? Тоби Мекваер отпаѓа, Ендру Гарфилд исто така. Дали отпаѓа и Питер Паркер заедно со нив или ќе видиме нов Паркер по трет пат? Убав пример е што ти текна на Хулк, меѓутоа ниту Бана, а ни Нортон, не беа толку впечатливи за да го изградат ликот како што тоа го направија Спајдермен филмовите. Без разлика колку и да беа лоши некои делови, не беа толку досадни колку The Incredible Hulk. Без разлика на тоа што тогаш сум го мислел за филмот.

Тука некаде, доаѓамe до Мајлс Моралес. Мајлс Моралес е црниот Спајдермен во Ultimate универзумот, кој случајно го наследува Паркер по неговата трагична смрт. Денес е актуелен во тој универзум, и нема никаква причина зошто Marvel да не го пренесат и во филмскиот. Ги читав стриповите пред некоја недела, прв пат се запознав со Мајлс и ми се свиѓа тоа што го видов. Многу поразлична приказна од онаа на Паркер, но мотивите, способноста за досетливо јадење гомна и односот со останатите суперхерои, се тука некаде. Многу логичен избор за Marvel, ем добиваат расен диверзитет и уште поцрна публика (океј, очаен обид за расистичка шега, Бобо), ем ќе бидеме поштедени од уште еден Питер Паркер кој не само што ќе биде досаден, туку нема да ги избегне ни споредбите со претходните двајца кои се прилично тазе и уште се некако во главите на сите нас. Плус, веќе има гласини дека новиот Спајдермен ќе е средношколец (како Мајлс Моралес), и дека веројатно нема да е белец, така што можеби трошам муабети во празно на темава.

Во секој случај, ене кај е 2016. Civil War е одлична прилика повторно да се запознаеме со Спајдермен. Би бил среќен доколку го заобиколат Питер Паркер. Доволни беа пет филмови, од кои можеби два беа добри, реално. Нема поента да гледаме пак ориџин приказна, сите веќе знаат кој е Спајдермен, а со Мајлс Моралес ликот би добил вистинско освежување. А, со Marvel зад него, многу поубав третман од оној што го добиваше од Sony.

March 4, 2015

Крај на првата сезона на Star Wars Rebels

Она кога зборев дека Rebels има голем потенцијал за созревање? Епа на крајот, во последните три епизоди, конечно успеа да порасне мадиња. Најдоброто изгледа го чуваа за финалето. Таркин, Империјата претставена како најсериозен непријател до сега, и шлагот, гајле ми е за спојлери зошто само тројца гледаме - Вејдер. Вејдер баш и не е некое изненадување, зошто некои сајтови ја најавуваа последната епизода баш со него во преден план. Вистинскиот пресврт, она што ме срипа од кревет, беше враќањето на Асока Тано. Доколку некаде беше спомната претходно, сум го пропуштил тоа. The Clone Wars ја остави нејзината приказната отворена, без никаква завршница и уште тогаш идејата дека ја чуваат за Rebels ми звучеше некако логично. Ете, се случи баш така.


Rebels успеа да ги помести сопствените граници. Ликовите постепено созреваа и се развиваа низ сите 13 (или 14, ако ги рачунаш првите две како една) епизоди, приказните стануваа покохерентни со целиот Star Wars универзум, па крајот е баш оној логичен прогрес кој можеби и не беше толку видлив на почетокот. Никој од ликовите, а особено Езра, не е ист од првата епизода, и никој веќе не е анонимус за кој не се грижиш. Имаше толку добри епизоди, што беше невозможно да не ти прираснат при срце. Како што привршуваше првата сезона, толку помалку ми недостигаа The Clone Wars. Дури и со Асока во следната (или следните) сезона, мислам дека споредбите веќе стануваа излишни. Идентитетот што недостасуваше на Rebels, конечно се оформи во последните три епизоди.

Самото финале мене ми беше крајно драматично. Кејнан и Езра ги вкрстија сејберите со Инквизиторот, повикувајќи се на онаа сцена од Episode I, што за момент помислив дека ќе се толку храбри за да убијат некој од нив двајца. Знаев дека некој лик нема да ја преживее сезоната, но сепак, одлуката падна на, не знам, оној што го планираа да биде главен негативец? Очигледно Инквизиторот не профункционира според планот. Иако има шанси некако да се врати во иднина, мислам дека со "познати фаци" од Империјата заканата за екипажот на Ghost е многу позаебана. На крајот, тоа и треба да е серијата, нели? Група бунтовници кои се борат против злобната Империја? Патот за следните сезони е веќе цврсто поставен. Останува само да видиме колку храбро Дејв Филони и другарчињата се спремни да го изодат.