February 28, 2015

Неколку епизоди од Star Trek: The Original Series

Замина Леонард Нимој. Тажен ден за сите Star Trek фанови, но уште потажен е фактот дека полека нè напушта една цела генерација актери. Нимој останува легендарен и понатаму, инспирирајќи армија фанови од сите генерации. Но, нема да зборувам за неговото влијание сиве овие години, туку ќе пројдам низ неколку епизоди од оргиналната Star Trek серија кои мене ми имаат оставено посебен впечаток. Епизоди во кои Леонард Нимој блеска како Спок и кои се некако релеватни за целиот Star Trek универзум, а и надвор од него. Глупава случајност, деновиве бев замуабетен баш за Star Trek, па пред некој ден почнав да прегледувам некои Star Trek: The Next Generation епизоди. Вестта за Нимој ме затекна баш во момент кога после пет-шест години, ми се врати желбата за гледање Star Trek. Додека го пишувам постов, ми се симнува уште една тура што планирам да ја изгледам деновиве.

Денов ми дозволи да ѕирнам неколку од ремастеризираните Star Trek: The Original Series. После 50 години, серијата изгледа остарено, меѓутоа духот што го носи е безвременски. И, покрај евтините сетови, сомнителната глума и ужасната кореографија, серијата успева да е добра и денес, и ова никако не го базирам на носталгија.



Со "Amok Time" почнува втората сезона на Star Trek: TOS, која после неколку гледања, си ја имав прогласено за најдобра. Баш од оваа сезона имаат излезено повеќето од епизодите кои денес важат за најквалитетни, а "Amok Time" е од тие без кои таква листа не може да биде комплетна. Епизодата навлегува во Вулканската биологија, односно репродукција и првпат го воведува феноменот познат како "pon farr". На секои седум години, Вулканците добиваат неконтролирана желба за парење која доколку не биде задоволена, може да го убие несреќникот со шилести уши. Алтернативата е ритуална борба до смрт блиска личност, позната како "kal-if-fee". Среќата го напушта Спок во последен момент за друг Вулканец, па е приморан да се бори до смрт со Кирк на позадинска музика која е толку култна што е составен дел од секое пародирање на сцената во други серии и филмови.


"Mirror, Mirror" ми е една од омилените Star Trek епизоди воопшто. Јонска бура ќе предизвика заеб со транспортерот на Ентерпрајз и ќе ги префрли Кирк, Скоти, Ухура и Бонс во паралелен универзум, кој подоцна станува подлога за слични епизоди низ сите пет Star Trek серијали. Екипажот на Ентерпрајз во паралелниот универзум е брутален, злобен и најчесто напредува во кариерата со подли убиства на колегите. Исто така, користи салутирање слично до нацистичкото, што некако му дава уште позлобна димензија. Но, ништо од оваа епизода не го "стандардизира" тоа зло како брадата на Спок. До ден денес, таа брада е останата како културолошки феномен, која дури и пародично да е референцирана, останува присутна.


Една од најбитните Star Trek епизоди. Не само што навлегува подлабоко во историјата на Спок со појавувањето на неговите родители и неговата врска со нив, туку за прв пат се појавуваат и две раси кои понатаму се стандардел дел од универзумот, Андоријанците и Теларитите. Андоријанците подоцна ќе играат огромна улога во Star Trek: Enterprise, каде што Шран (Џефри Комбс) ќе се издвои како еден од најдобрите ликови во сите серијали. Меѓутоа, најбитниот лик кој првпат се појавува во "Journey to Babel" e секако Сарек, таткото на Спок. Сарек подоцна станува многу важен дел од Star Trek универзумот, и неговата приказна ја гледаме низ повеќе епизоди и филмови, па дури и во новиот филм од 2009.

February 26, 2015

Околу новиот Alien на Нил Бломкемп

Откако Нил Бломкемп официјално потврди нов Alien, не можам да си ги сопрам цицките. А, ни да ја избегнам очекуваната глупава фора кај што кажувам дека сум разлигавен по тастатурава како осми путник. Секоја идеја околу нов Alien моментално изгледа подобра од тоа низ кое помина франшизата, особено навредливите два Alien VS Predator. Prometheus го чекав како СФ филмот на декадата, и стварно носеше во себе огромен потенцијал, меѓутоа на крајот испадна дека Ридли Скот веќе не е способен да расудува и препознае добри сценаристи. Визуелниот дел да не беше присутен да го размрда сето тоа, филмот сигурно ќе паднеше под просекот. Ни таа делумна поврзаност со Alien не успеа да ја разбуди франшизата, ниту да направи да ги заборавиме неславните сквернавења. На крајот, можеби не ни беше тоа главната мисија на Prometheus, но очекувањата пак некако беа во таа насока. Барем моите и на оние што излетаа од кино како испрскани со киселина во очи.


На почетокот на оваа година се појавија концептуалните цртежи на Бломкемп, од наводно откажаниот Alien проект. Од пред неколку денови петтото продолжение е во погон, а веќе и Сигурни Вивер го потврди нејзиното учество. Ако ги толкуваме добро зборовите на Бломкемп, нeговиот Alien би требало директно да се надоврзе на Aliens, игнорирајќи ги следните продолженија. Приказната на Рипли, како што кажува Бломкемп, така би добила прикладен завршеток, верувам дури и по цена на канонот од Alien 3 и Resurrection. Со Alien во рацете на човек кој е прилично ентузијастички настроен кон темата, мислам дека можам да си ги оправдам очекувањата и радоста. 

Бломкемп има скромно портофлио од само два филмови. Третиот, Chappie, излегува следниот месец. Во District 9 веќе се докажа како способен режисер со јасна визија и идеи. Elysium, иако потфрли во однос на приказната и сценариото, визуелно беше импресивен. Бломкемп пред да почне со режија, има работено како 3Д аниматор, потпишан е на ствари како SG-1. Очигледно е дека има осет за визуелни ефекти и знае мајсторски да ги смеша со "живата" околина, да изгледаат природно. Alien секако бара малку помрачен тон и секако претставува предизвик, меѓутоа не се сомневам дека Бломкемп ќе успее да го погоди. Доколку ги следи Скот и Камерон и во низата го додаде својот уникатен шмек, знам дека добиваме филм што барем убаво ќе изгледа. Барем?

Приказната е покомплицираниот дел тука. Колку директно може новиот Alien да се надоврзе на Aliens? Многу е битно која е замислата на Бломкемп, колку ќе има мешање од страна на студиото и колкав ќе е уделот на Ридли Скот, бидејќи сепак е решен да го продуцира. Не верувам дека концептуалните слики се некаква насока во однос на приказната, но тоа дека Рипли се враќа е секако позитивен знак. Можно ли е Хикс и Бишоп да се вратат? Сликите што кружат од почетокот на годинава, повеќе се картата со која Бломкемп го "изигра" студиото за да добие зелено светло. Исто така, се надевам дека Бломкемп ќе добие и засилување околу сценариото, зошто ете, Elysium е фин доказ дека можеби и не е доволно силен сам. Ако веќе ја бараме грешката за просечниот квалитет на филмот таму. Тери Тачел е потпишан како ко-сценарист на District 9, а гледам дека го вратил и за Chappie. Се сомневам дека ќе се дружат и за Alien, можно е студиото да одлучи за тоа, ама океј сум додека не се одлучат за некој како Линделоф.

Во меѓувреме, Ридли Скот продолжува да работи и на Prometheus 2. Веќе се зборува дека продолжението ќе излезе од паралелната Alien траекторија по која можеби се обиде да се движи. Во секој случај, ништо од ова нема да видиме оваа година. Тек почнуваат новостите околу петтиот Alien и планирам да ги чекам закачен за таван додека ми течат лиги надоле. 

February 22, 2015

Загревање за Guardians of the Galaxy анимираната серија

Guardians of the Galaxy, во поставата од филмот, наскоро доаѓаат на телевизија, во анимирана варијанта. Сосема логичен потег, со оглед на тоа колку брзо ја освоија и нашава планета, а до летоска пошироката публика не ни знаеше кој е Грут. Додека е уште вруќо, Marvel знаат што може да направи нивниот најмлад коњ на кој така внимателно му ја чешлаа гривата. Новата серија изгледа нема да има поврзаност со филмскиот Marvel универзум, туку ќе функционира во склоп на анимираниот, иако читав некои муабети дека приказната ќе биде сместена измеѓу два филмови. Тоа е најмалку битно, затоа што ликовите би можеле феноменално да функционираат во ваков анимиран сетинг. Деновиве, како што се најавуваше кастингот, изгледав неколку од нивните гостински појавувања во тековните анимирани серии нa Marvel. Фино едночасновно загревање, иако далеку од нивниот вистински потенцијал. Верувам дека ликовите посилно ќе блеснат кога ќе се главни на своите дваесет минути.



Верзијата на Чуварите во Avengers Assemble е веројатно најблиска до нивната филмска инкарнација. Или мене перцепцијата ми е нарушена поради тоа што останатите ликови ми се добро познати и има некаква фина синергија. Двата тимови, се соочени со Галактус во битка и приказна чија примитивна основа прикажана тука би можела одлично да функционира и како филмот од соништата. Нема промашување кога ќе вкрстиш две групи кои засебно знаат често да се дисфункционални, барем до моментот кога ќе се одлучат дека силата им лежи во меѓусебната соработка. Одлична епизода, со фин пресврт на крај, наспроти онаква генеричка нарација за ваков тип цртани. Старлорд и екипата баш вечерва се спојуваат пак со Авенџерс, така што додека ја пишувам реченицава контам дека можеби подранувам еден ден со постов.

Ultimate Spider-Man: "Guardians of the Galaxy" (S02E18 / Јули 2013)

Не знам зошто толку хејт по интернетов за Ultimate Spider-Man. Или мене ми се погоди оваа епизода, и покрај тоа што домаќинот не им дозволи на Чуварите да му го украдат светлото. Епизодата е една година пред филмот, кога уште не мантраа сите "I Am Groot" во занес и со превртени очи, така што веројатно е разбирливо кој и зошто беше главен тука. Малиот тиз сепак некако си го наоѓа местото низ "пајажините", и без разлика на тоа што не се многу впечатливи, целата епизода ми беше крајно забавна. Дури се мислам да дадам шанса на серијата зошто ми изгледа ко да знае да си игра со Марвеловиот универзум.


Ова ми беше првиот контакт со серијата, и веројатно ќе биде последниот. Идејата за тим Хулкови звучи сомнително уште на прв поглед, ама не очекував дека реализацијата е толку лоша. Барем во оваа една епизода. Серијата е концепирана како реално шоу чија поента е да го прикаже Хулк како херој, а не како чудовиште и демек роботски камери постојано го следат S.M.A.S.H. тимот. Чуварите се појавуваат втор пат во серијата со оваа епизода, која ја избрав пред претходната, бидејќи тоа беше некој арк од неколку епизоди што некако немав желба да го гледам. Ова е првото нивно појавување после филмот. Гостувањето ќе беше интересно, доколку гама-зрачењето од главните ликови не им го правеше престојот непријатен. Ако ептен сакаш да ги видиш Guardians of the Galaxy анимирани, тогаш океј, ама на сопствен ризик. Пол Дини инаку стои зад ова. Ебеш логика.

February 19, 2015

50 нијанси храбар пост

Го гледав 50 Shades of Grey минатиов викенд. Деновиве собирав храброст и креативни инвективи за да можам некако да го пренесам искуството. Со резервирани карти за Jupiter Ascending, одлуката падна на еден метар од касата со стариот добар "ај за заебанција" изговор. Истиот оној изговор со кој кажуваш "да" на анални перли. Со последните достапни карти, ги добивме најлошите можни места за седење, ама за среќа (нивна!) некој веќе се предомислил за филмот, така што по неколку шетања низ салата, конечно се најде агол кој нема да ти обезбеди итна акупунктура на вратот отпосле.

Филмот побезболно се доживува со врзани очи, затнати уши и дијазепам

За филмот и книгата, освен масовната хистерија на една огромна група слободоумни девојчиња, жени и тетки, не знаев ништо. Можеше да испадне и хомоеротски филм со вампири. Знаев дека книгата е лоша. Со критики за тоа како е најлошото нешто некогаш напишано и објавено. Затоа и очекував уште полоша адаптација. Меѓутоа, ништо, ништо не можеше да ме спреми за тоа што го доживеав. Првото нешто што те боцка во стомак е глумата на главните актери. Не знам како се одвивал кастингот, ама претпоставувам дека се одлучиле за првите пријавени на аудицијата која воопшто не се ни одржала. Не разбрав дали имаше некакви емоции меѓу нив, не разбирав како се случува тоа што случува и дали репликите им биле претходно напишани или ги измислувале самите додека снимала камерата. И, дали камерата снимала сама и врзана на јаже, затоа што кадрите беа тотално неподносливи. Јасно е дека имале само три-четири сетови (кревет, собата со пијаното, црвената зандана и некое станче), ама движењето на камерата ми предизвикуваше дополнителна вртоглавица, како ролеркостерот од останатиот неквалитет да не беше доволен. 

Не е најлошото нешто сум го гледал. Можеби е наjлошото што моите очи го виделе во последно време, а верувај ми, имам видено срања. Точно знам кој како ќе ме ремети за ова до крајот на животот, ама еј, имав храброст. Бев храбар, океј? Чим го читаш ова, значи дека сум добар.

February 16, 2015

Омилена музика од 2014 (трет дел)

Еј, фак ит. Знам дека пројде годината, исто знам и дека не најдов време да пишувам, а јасно ми е дека останаа еден куп албуми што не ги спомнав. А, сакав. Подобро покасно, отколку никогаш, нели? Еве, додека уште трае зимата и откривам албуми што некако ми се слизнале, ќе го продолжам (барем ќе пробам) серијалов на постови. Крис Веби веќе го покрив колку што можев, а сега е време за "жанровски" пост. Во 2014 имаше еден куп добри драм ен бејз албуми и ЕП-ја. Во фолдеров што ми е при рака гледам околу дваесетина што се албуми. Нема да ги проаѓам сите, ќе ги издвојам тие што ми се најслушани. Сега само три, а останатите во следна прилика.



Nelver е причината поради која се решив за постов. Black & White е вториот албум, наследникот на Passing the Obstructions од 2012, издаден за Offworld. Издавачката куќа е специјализирана за баш ваков атмосферичен ликвид каков што Nelver цепа со години, и веројатно е логично зошто неговото најсериозно издание до сега се нашло баш во нивниот каталог. Албумот е совршенство. Хармоничен, опуштен, со пијано мелодии и фанк детали, баш онаков драм ен бејз за најавување пролетни вечери, и свежи сончеви утра. И, очигледно за пишување на емаскулирани реченици како претходната. 

Гостински вокали нема, туку низ повеќеслојните инструментални подлоги, успешно се слеани суптилни семплови кои го прават звукот уште побогат. Black & White успева да погоди баш таму каде што се обидува, оставајќи те занесен и навлечен. Можеби сум пристрасен за Nelver, можеби задоцнив со преслушувањето на албумов, ама нема да згрешам ако го вметнам во листата за најдобри албуми од 2014. (чим е во листава, се разбира дека е во најдобри, Бојане)

Избор: "Nightwalker", "Aurora", "Black & White"



Знаеш колку години има Keeno? 19. На 19 години, вади албум што дефинитивно станува класика, и тоа не само затоа што е прв и брилијантен, туку зошто ги засрамува неговите постари колеги од Hospital Records кои во последно време го носат жанрот во некои води кои не можам да ги следам. Она што беше Netsky некогаш тоа денес е Keeno. Жанровски се наоѓа во оној "пожуркаџиски" ликвид, очигледно некои траки се наменети за клуб, меѓутоа е доволно лабав за да можеш само да затвориш очи и да легнеш со книга. 

Да го поседував Life Cycle на ЦД, од летоска до сега ќе ми останеше само стопена пластика. Еден од оние први албуми кои го сетираат капацитетот на артистот и по кои ќе се мери неговиот опус понатаму. Секоја од овие 14 ствари тука е уникатна, различна од претходната, со сопствен филм и енерија. Нема повторување, а сепак е задржан конзистентен звук. Гостинските вокали се маестрални и одлично одговараат на целото меланхолично носталгично патување низ кое Keeno ќе те фати за рака ако му дозволиш. Самиот Кино инаку личи на Џастин Бибер, ама тоа нема да ти биде воопшто битно.

Избор: "Frozen (ft. Louisa Bass)", "Moonrise (ft. Azedia)", "Scripted (ft. Louisa Bass)"



Уште еден дебитантски албум, само што овој пат не станува збор за ново дете, туку за двајца ветерани, Technicolour и Komatic. После години соработка, со Desire Paths конечно "поофицијално" удрија печат на нивната дружба, комбинирајќи се во Technimatic. Албумот е вистински драм ен бејз колаж, кој воглавно се потпира на ликвиден звук. Од ствари кои успешно кокетираат со мејнстримот, до некои посериозно напнати моќни, создадени за најтемната журка на која скокаш весело, испотен и потурен со алкохол и туѓи повраќаници. Desire Paths има и една помеланхолична страна, која некако се протнува и се оптегнува низ целото тоа весеље, баш онака како што жанрот знае убаво да овозможи. Од оној тип на музика е, за секој ден, така што одлично ќе прошара низ секакво расположение и емоции.  

February 13, 2015

Star Wars #2 и Darth Vader #1

Значи, многу им се радувам на новиве Star Wars стрипови! Првиот број од минатиот месец ме заглави на прво читање, да треба да ѕиркам на календар кога е следниот наслов. Star Wars #2 продолжува храбро и удобно да се сместува во просторот по A New Hope и во овој број сето тоа изгледа уште поприродно, и покрај тоа што има некои моменти кои читателот ќе треба да одлучи како да ги прифати. 

Освен тоа што ја носи акцијата еден чекор подалеку од воведот во првиот број, го има првото соочување со Вејдер и Лук откако Кеноби ќе "стане едно Силата". Лук освен лајтсејберот кој го наследи и веројатно го уклучил уште неколку пати додека не сме гледале, нема никакво друго искуство, што е апсолутно недоволно да стане со такво оружје пред некој како Вејдер. Но, свесен е дека стои пред некој што му е непријател, и решен е по секоја цена да го одбрани тоа што му е предадено. Целата сцена се обидува да ја отслика храброста на Лук и зошто токму тој е новата генерација Џедаи, меѓутоа исто така пркоси на неговата "вистинска" прва средба со извадени сејбери, што ја видовме во The Empire Strikes Back. Во филмот, сцената е доволно моќна како таква, така што сосема е "безбедно" ова во стрипот и воопшто не може да ја расипе. Репликите на Вејдер се сурови, карактеристични за ликот како што го знаеш од филмовите, пред ја почне да ја покажува неговата "поведра" страна. Баш и тука негде, во Star Wars #2, е моментот кога самиот Вејдер почнува да се сомнева дека има нешто повеќе во ова смеѓо селанче од Татуин...


Darth Vader #1 се случува во исто време со главниот Star Wars стрип, само што очигледно, од аспект на Вејдер. Како што е во насловот, да. Стрипот отвара со еден познат сетинг и кадар, со отварањето на портите во палатата на Џаба. Дарт Вејдер оди да среди некаков бизнис со гнасниот дебел Хат, не за Империјата, туку станува збор за нешто лично. Целата сцена прави одлични паралели со Return of the Jedi, и покрај тоа што можеби под сето тоа, ќе успееш да најдеш сто пати искористени референци со кои публиката би се навлекла уште повеќе. Јеби га, овие трикови очигледно имаат ефект кај мене, па како што ги вртев страниците, веќе почнував да си ги чешам рацете за вториот број. Особено поради тоа што крајот содржи фин пресврт, исто паралелен со нешто друго што го знаеш од филмовите, меѓутоа доволно интересно и покрај тоа што исходот е веќе познат.

Darth Vader се занимава со уште една друга работа, а тоа е одговорноста на избраниот Сит Лорд за уништениот Death Star. Од кај ќе го платат вториот, освен ако нема банкомат на торзото? Интересен, стварно интересен почеток. Сомнежите за Лук, траумите од Татуин, односот со "шефот" и воведувањето на некои нови ликови, прават една убава подлога за понатамошен развој. Вејдер е доволно комплексен негативец, со многу ствари под црниот шлем и оклоп, а гледам дека сценаристите имаат идеи како да го возат тоа во броевите што следат. 

Од новите Star Wars стрипови што Marvel ги буткаат моментално, останува уште Princess Leiа. Искрено, немам некои големи очекувања за ова. Ми делува како да се обидуваат да фрлат нешто и кон женската публика (не дека ова е ексклузивно за еден пол, не!), ама сигурно ќе го прочитам и веројатно следам и тоа, така што ќе пишам нешто штом излезе. Не знам која посебна приказна би ја раскажувале со Леа, па затоа ќе мора да почекам и да дознаам.

February 10, 2015

Првите две епизоди на Better Call Saul

Првата реакција кога ја најавија серијата ми беше една длабока воздишка проследена со зевање. Зошто Сол? Мислам, да, повеќето го сакаме ликот, согласни сме дека беше еден од најдобрите во Breaking Bad, ама зошто? Дали навистина неговата приказна заслужува да биде вака раскажана, и дали сме воопшто спремни да ја прифатиме? Мене главниот сомнеж за Better Call Saul ми доаѓаше баш поради ова. Дали е само лесен начин да се искешира нешто додека Breaking Bad громот сè уште одекнува низ етерот, или Винс Гилиган има потешкотии да пушти и да продолжи понтаму? 

Една работа е повеќе од очигледна, серијата успева да се потпре на цврстите темели на Breaking Bad. Генералниот осет е задржан, и тоа не само продукциски. Стварите со кои се занимава Better Call Saul ја потврдуваат кохезијата со светот кој е одамна поставен. И, уште едно прашање во воздух пред да почнам да се расфрлам со (мали) спојлери. Како ќе функционира серијата за оние кои никогаш не биле во допир со оргиналното дело? Не можам да сум објективен и да ја одвојам од целиот тој универзум, па затоа ме занима. 

"Што узнемираваш на овај број?"

Better Call Saul е воглавно приквел на Breaking Bad. Да, го гледаме Сол како живее во некакво бегство после Волтер Вајт, меѓутоа серијата е фокусирана на годините претходно. Кога Сол уште е сиромашен адвокат без глупави реклами на телевизија, се обидува да се држи настрана од криминал и не "познава луѓе". Едвај се познава и со Мајк, кој моментално работи на паркингот на судот. Еј, дури и не е ни познат како Сол Гудман, туку го користи вистинското име, Џејмс МекГил. Но, адвокатските вештини и големата уста (не е исто тоа?), му се доволно добри за да може да ја оправдаме состојбата на оној лик кој го запознавме во Breaking Bad. Уште во втората епизода, успеа да спаси двајца копиљаци од социопатот Туко, кој и тука е отприлика истата бараба што ја знаеме. Сол веќе успеа да се вплетка со него и неговите луѓе, што значи дека трансформацијата од Џими во човекот што може да те "испрати во Белизе" ќе ја видиме многу побргу. 

Покрај познати ликови од Breaking Bad, има еден куп други референци. Уште на самиот старт, Сол е вработен во Синабон, баш како што му спомна на Волтер што би се случило со него, ако воопшто има среќа да се извлече. Но, она што е најочигледно, а го протнуваат суптило се визуелните референци. Во неколку сцени, околината како скејтпаркот кај што се среќава со близнаците е обоен во кристално сина боја со мотиви што изгледаат како испукана земја во пустина. Во друга сцена, мебелот во канцеларијата за состаноци во адвокатската канцеларија има слични бои, карактеристични за Breaking Bad митологијата. Деталите се ситни, но се доволно впечатливи за дадат некаков фин шмек на самата серија. 

Better Call Saul комотно може да скока во различни временски периоди, така што нема да биде чудно ако некогаш ги видиме Џеси и Волт во некоја кратка сцена. За останатите, веќе е јасно дека е изводливо и одлично функционира. Колку и да не ме интересираше содржината, веќе успеав да се навлечам и да ја чекам следната епизода. Не е замена за тоа што беше Breaking Bad, ниту ќе ја пополни празнината, но додека вака мајсторски ѕирка во тој свет, јас сум океј. Екипата е веќе уиграна, потребно е само да се задржи квалитетот и умереното користење на референци. Никој не би сакал да види постојано кокетирање со "старата слава", нели? А, па и онака нема ништо друго интересно за гледање од серииве моментално.

February 8, 2015

John Wick (2014)

Џон Вик е поранешен платен убиец за руска мафија, кој по смртта на жена му завршува со мало кученце која таа договорила да го добие кога веќе ќе ја нема. Единственото нешто што Џон Вик го има е баш тоа кученце што група гомнари ќе му го убијат и ќе му ја украдат колата. Баш таа багра кретени, ја предводи синот на поранешниот работодавец на Џон. Што прави брутален платеник на кој му се плашат сите како да е Бетмен откако ќе му земеш сè што има? Тргнува да се одмазди со арсенал оружје и источни боречки вештини.

"Стани Нео. Зар не видиш да напоље киша пада?"

John Wick е многу повеќе од стандардната одмазничка аркадна акција. На неколку години се појавува по некој ваков филм што ги превртува клишеата наопаку со стилската изведба, издигнувајќи се класи над сите дебилни акции со поранешни WWE ѕвезди, остарени акциони херои и Стивен Сегал. Ова е тоа што своевремено го направија Shoot 'Em Up и првиот Taken. Можеби првата позначајна улога на Кијану Ривс од The Matrix навака, барем прва каде што неговиот предизвикан актерски капацитет си го наоѓа вистинското место. За ладнокрвен лик како Џон Вик, тој единствен дрвен израз на лицето на Кијану е совршен. Дури и кучето глуми подобро од него на моменти, но тоа не значи дека помалку го сакаме. 

Покрај одличната кореографија на сцените каде што Џон Вик ги презентира неговите газокршачки умешности, има и gun fu моменти со кои Дејвид Лиич и Чед Стахелски ја поздравуваат хонгконгшката кинематографија. Ако си помислил дека ги имаш видено сите начини за убивање на човек со пиштол во Shoot 'Em Up, почекај додека Џон Вик репетира. Еј, дури мислам дека и не репетираше воопшто, туку секогаш имаше неколку резервни пиштоли некаде.

Една од најимпресивните ствари во John Wick е тоа што успева да изгради цел свет околу платените убијци од подземјето. Од места за престој каде си поштеден од прашања, само опоменат за бука и со 24 часовна медицинска поддршка, до "резервирање вечера за дванаесет". Ептен фини детали кои го збогатуваат сетингот во кој е сместена приказната и прават простор за смешни забелешки.

John Wick веќе добива некаков култен статус, без оглед на тоа што неподготвената публика за ваков тип филмови го отпишува како евтин и лош. А, не е ништо од тоа. Пред некој ден најавија и продолжение, како дел од поголема франшиза. Да, јасно е дека филм од ваков жанр тешко добива мејнстрим внимание, ама исто така е предизвик и да направиш достоен следбеник. Додека не се обидуваат да го надминат секој можен аспект од првиот дел, со непотребни претерувања, јас сум океј. Не дека има некоја реална поента за развој, но барем не е лимитиран како Taken во однос на материјалот.

Види такоѓе:

February 7, 2015

Неколку саати со Star Wars: The Old Republic

Потребата за ММО фикс конечно ме донесе до Star Wars универзумот. Неделава успеав да поиграм Star Wars: The Old Republic неколку саати, и сум запрепастен од тоа што го видов. Како успеа да пропадне ваква игра? Со моделот на редовна претплата не издржа ни една година, иако пред 3 години беше најскапата MMORPG игра некогаш направена. Еве, веќе влегува во својата четврта година од постоењето со две експанзии и здрава заедница. Изгледа годиниве се исфилтрираа хејтерите и плачковците, беше послушан гласот на играчите и ова што е денес е навистина импресивен производ. Сетингот е одличен, гејмплејот е по WoW стандарди, приказните се интересни, а квестовите наместо текст, се добиваат преку кратки сцени, каде што со дијалог по избор, можеш да влијаеш на нивиот тек. На моменти, целото тоа потсеќа на детето од тајната романса на Шепард и Гарош. 


Почнав Sith Warrior. Секогаш го бирам негативецот од фракциите во ММОRPG игри и често така заглавувам и понатаму, но тука решив дека сепак ќе бидам Џедај, чии одлуки полека ќе ме носат кон Темната страна. Многу добар детал е ова, и некако поинтересно ми функционира вака. Tython, почетната зона и планетата каде што ја почнуваш приказната како Џедај, е далеку подобра од онаа пустелија на Сит Империјата. Наместо сува почва и прашина, има шуми, водопади, и некако е фино и хармонично и покрај тоа што на Храмот на Џедаите се закнуваат мрачни сили. Дури свири и некаква варијанта на "Binary Sunset" што ти помага да се внесеш уште повеќе.

Jedi Knight како класа е стандарен Џедај. Сите спелови вклучуваат лајтсејбер, кој патем го склопуваш сам на крајот од воведната приказна. До тогаш имаш некој стап за тренирање со кој можеби не можеш да отсечеш рака, ама е доволно ефективен за тоа што е. Склопувањето на сејберот е едно од најдобрите искуства што сум ги имал во MMO, и баш тоа беше моментот кога сфатив дека SW:TOR има шанси сериозно да ме навлече. Откако ќе го добиеш сејберот, заминуваш на некаква вселенска станица, која служи како хаб за патување на другите планети. Следното логирање треба да се упатам на Coruscant. 
 

Играта е бесплатна, но се базира на многу рестрикции кои се отклучуваат со микротрансакции или стандарден модел на претплата. Главните приказни се комплетно бесплатни, додека ситници како простор во торби, делови од интерфејсот и слично, си бараат некоја сума која е навистина симболична за она што го нуди играта. Исто така, заклучени се и многу раси како и бројот за карактерите кои можат да бидат креирани на еден сервер (ја сум на The Red Eclipse, европскиот). Планирам да играм додека не дојдам до некоја серизона препрека која ќе ме удри по новчаник, па тогаш ќе правам финансиски одлуки. До тогаш, доволно ми е што можам да играм во ваков универзум. 

Графиката е максимално исполирана, барем како за игра стара толку години. Единствено нешто што не ми е јасно, како е можно ситни багови да останат отворени толку време. Често се случуваше да се заглавам помеѓу камења или скали на Korriban, до степен да не ме извади ни вградената unstuck опција, па си чекав да се поправи со Силата и волјата на лошиот код што програмерите очигледно решиле да го остават така. Не знам како ќе ме служи слободното време, ама дефинитивно останувам на SW:TOR, чисто да видам што се случува на планетите што ги знам од филмовите. Не ме интересира опрема, ни рејдови, ни ништо, сакам да видам само како ќе се развива приказната.

Види такоѓе:

February 5, 2015

Парите на Daredevil

Неколку пати го гледам трејлерот за Daredevil серијата што ќе излезе во април на Нетфликс, и некако се мислам да ги ставам парите на црвено. Имам некое чувство на кое сакам да му верувам, дека сепак нема да добие таков глуп третман како ликовите што ги извадија од филмовите. Дердевил е сосема друг случај тука, не е исцедок од познат сетинг, не е третокласен спореден лик и е доволно поткрепен со приказни од стриповите за да не би се ваделе шаблонски сценарија од група писатели што зеваат на маса. Со себе носи богат, етаблиран универзум и историја, доволно за овие тринаесет епизоди евентуално да направат да исчезне секоја поврзаност на Бен Афлек со ликот. 


Колку и да ме презаситуваат овие стриповски адаптации, на Daredevil давам шанса. Чарли Кокс ми делува како фин избор, има и некои други интересни познати фаци околу него, а и продукцијата е во добри раце. Со самото тоа што серијата оди на сервис како Нетфликс и не брка рејтинзи, мислам дека нема да се коцкаат со квалитетот и дека ќе продадат повеќе од име и бренд. Освен тоа, судејќи по трејлерот, ликот добива малку помрачна адаптација и третман, каква досега немам видено од студиото на Марвел. И, тоа не мрачно како фотографијата на Gotham, туку мрачно како сериозна темница мрачно. Ако ова успеат вака да го изведат и да испадне добро, тогаш што ќе се случи кога ќе решат дека е време за Френк Кесл да влезе да клоцне врата и да почне да пука со шатган?

Daredevil е само мал дел од она што Марвел го планираат на Нетфликс. Најавени се Jessica Jones, Luke Cage и Iron Fist серии, кои потоа би се споиле во Defenders мини-серија. За другиве три, искрено не би можело да ми е помалку гајле, но еве, имам некаква верба и желба да видам асална Дердевил адаптација. Се надевам дека нема да треба да си го изедам постов во април.