Како изговор за да го гледам, го искористив Бенедикт Камбербеч. Да не гледав никогаш Sherlock, можеби љубопитноста ќе се јавеше од нешто друго. Не ми се свиѓа "модернизацијата" на Star Trek, ниту кастингот, а особено тоа што Џ.Џ. Абрамс скроз ја има отстрането суштината и идејата на Џин Роденбери. Не дека иднината прикажана во старите серии беше целосно утописка, туку акцентот беше ставен на друго. Истражување нови светови, нови цивилизации, човештвото сплотено во едно (со други раси), револуционерни технолошки идеи, со минимални интерни проблеми во целото функционирање.
Новиот Star Trek нема ништо со тоа. Ни овој, ни претходниот. Дури и да се обидува да протне нешто, задушено е од холивудска акција, ефекти и клишеа. Вториот дел го прави истото, рециклирајќи една од најдобрите приказни, The Wrath of Khan. И, наместо да ја искористи шансата да понуди нешто подлабоко на публиката, ја остава со излитени финти и пројдени ствари. Директно, длабоко во грло. Самото сценарио е болно лошо на моменти, и некако ми иде да го вперам прстот во Дејмон Линделоф. Како овој човек е уште таму и е релевантен за некого? Мислам, доволно беше еднаш да ја видиме финтата со црвените униформи. Ја разбравме првиот пат, океј?
Кастингот е лош. Верувам дека барем двајца имаат некаков талент, ама никако не функционира. Не сум убеден дека ова е екипажот, не сум убеден во евтиниот руски акцент на Антон Јелцин (и неговите способности во животот), ниту во односот на Кирк и Спок. Никаква хемија нема помеѓу било кој и баш ради тоа изгледа исфорсирано. Единствен добар, и ова најмалку го очекував уште во првиот дел, е Крис Пајн. Иако е далеку од совршен, некако делува убедливо. И, на моменти, страшно многу потсеќа на млад Шетнер. Дали премногу се трудел да му фати изрази на лице и однесување (не она драматичното од оргиналната серија!), или му доаѓа природно, не знам, ама е дефинитивно најдобар од сите на Ентерпрајз. Закари Квинто е супер актер, ама тука е комплетно промашување. Тажно е што кастингот функционира полошо од првиот дел. Некои ликови се тотално запоставени, додека други се во фокусот кога не треба.
За среќа, Камбербеч ги засенува сите до еден и го краде шоуто од првиот момент кога ќе се појави. Иако идејата е позајмена од еден од најдобрите Star Trek филмови (и епизода од старата серија), фактот што оваа приказна се случува во универзум паралелен на тој пред Џ.Џ. Абрамс да стапи на сцена, дозволува простор за поинакво изведување. Меѓутоа, и покрај тоа, користи референци толку безобразно што цело време го чекаш да се појави пред камера и да намигне.
Самата режија е многу подобра од претходниот филм. Што до некаде ми дава надеж дека Episode VII сепак има некоја мала шанса да пројде фино, под услов сценариото да е добро. Сцената со која отвара Into Darkness, е супер. Доколку Абрамс искористи некоја финта од тука и го следи примерот на оргиналната трилогија, можеби нема да е толку страшно. Најбитното во Into Darkness е што речиси и да го нема lens flare ефектот што беше причина за мојот зголемен диоптер после првиот дел.
Не верувам дека во иднина ќе видиме Star Trek каков што треба да биде. Дури и што веќе овој екипаж тргна на својата петгодишна мисија. Насоката е поинаква. Можеби и времето веќе не е такво за да постои таков Star Trek, или идеите да се пренесат на телевизија. Тоа, искрено ми се чини како да би имало поголем потенцијал.
ЕДИТ: Клингонците ги заборавив! Многу лошо, не знам која била потребата да им го смениш изгледот така. Толку, кратко се појавија, претпоставувам ќе ги има повеќе во следниот дел.
ЕДИТ: Клингонците ги заборавив! Многу лошо, не знам која била потребата да им го смениш изгледот така. Толку, кратко се појавија, претпоставувам ќе ги има повеќе во следниот дел.
No comments:
Post a Comment