Мислев дека ќе успевам секоја недела да споделувам по неколку албуми од апокалиптичнава 2014, ама исто така мислев и дека реченицава ќе можам подобро да ја завршам. Минатиот пат гледав да соберам четири албуми од различни жанрови, па така што и сега изборот е шарен. "Жанровските" постови ќе ги оставам за некоја следна прилика. Пролет или никогаш, со ова темпо. Годинава излезе сериозно добра музика, а многу нови интересни бендови и артисти издадоа и прв албум. Баш еден таков има и во листата подолу.
Кога се појавија пред неколку години со "What Happened", го оставија цел свет со подзината уста. Барем оној дел од светот што се осмелил да копа низ валканото рап подземје. "What Happened" и целиот Branded албум ми ги редефинираа очекувањата за рап попрскан со мрсен дабстеп. Тој прв албум го чекав со месеци и до ден денес ми е еден од највртените албуми воопшто. Некоја година подоцна, излезе Da Roach, кога веќе нивниот звук не беше свеж, па помина многу скромно. И јас го потценив, грешка што ја исправам дури сега после третиот, Master Xploder.
Последниот албум на Dope D.O.D. во истиот стил како претходниот. Дабстепот е и понатаму присутен, но воопшто не изгледа дека се плашат да експериментираат и со малку "потрадиционални" матрици. Дури и некои помодерни. Еден од ретките бендови каде што недостатокот на еволуција не ми смета. Она што овде е најмногу истакнато, е нивното (скоро) целосно прифаќање на оној horrorcore аспект кој полека го билдаа со претходните два албуми. Барем што се однесува до текстовите. Најбитното е што останаа доследни на она што го почнаа и останаа единствени што на ваков начин го негуваат фазонот.
Избор: "Moonshine", "Otherside", "Ridiculous"
Delay Trees се од оние хипстерските бендови, каде што терминот "хипстерски" го користам во позитивна конотацијa сега... ваљда? Постои уште како концепт тоа воопшто? Како и да е, станува збор за инди бенд, дефиниран како шугејз, дрим-поп, пост-рок, амбиент поп. Според нив, најмногу им одговарала дрим-поп етикетата. Јас нема да пробувам да ги етикетирам, зошто единствено нешто битно тука, е дека звучат феноменално. За моите уши, доволно свежо за Readymade да ме ќари на прво слушање. Заразни мелодии, певливи рефрени и некоја таква блага меланхолија што успева да се вклопи со размрданите ритмови. Еден од оние албуми што се совршени за сонливо возење до работа на некој тмурен вторник. На моменти делуваат како постариот, сериозен брат на последниот албум на Sleep Party People кој сфатил дека е доста од маски и процесирани вокали.
Прочепкав малку низ музичката историја на бендот и можам одговорно да потврдам дека овој албум им е најдобриот материјал што го чув. Има некоја душа во секоја песна, што ќе ти ја гушне емаскулираната страна во ладни денови. Дефинитивно едно од најдобрите откритија за оваа година.
Избор:"Fireworks", "Steady", "Perfect Heartache"
Прв албум на релативно млад бенд. French for Rabbits се дечко и девојка од Нов Зеланд и фураат жанр што исто така ми е тежок за класификација. Како се вика ова, стварно? Алтернативен мелодичен инди дрим-поп-фолк? Многу е полесно да го пуштиш албумот, отколку да се обидуваш да ги класифицираш. Ако има едно име жанров, би сакал да го знам зошто очигледно сум неупатен. Spirits има музика што може да ја ишутира Лана Дел Реј (Лана како концепт мислам) на клоци до дома , и текстови што би ги натерале The XX да ја напуштат просторијата расплакани. Така звучат! Што жанр е ова сега?
Бендов некако си го чува скржаво материјалот од ЈуТјуб, така што линкањето на избор ми го отежнаа малку. Доколку сакаш да си ја одржиш депресијата на ниво со албумов, го предлагам линкот погоре (може и да се купи, македонецу!) или најблискиот торент тракер. "Nursery Rhymes" и "Seafarer", меѓу најдобрите ствари на албумот, ги нема бесплатно за да ги линкам доле, така што еве други.
No comments:
Post a Comment