July 20, 2014

Преглед на алфа верзијата на Heroes of the Storm

Blizzard се оној лик што доаѓа последен на забавата. Скоро цел алкохол е испиен, дел од луѓето се отидени, некои спијат во повраќаници. Барем така е во случајов со Heroes of the Storm. Цврсто верувам дека некој навечер до ден денес не може да заспие за пропуштената шанса некако да се лиценцира оргиналната DotA и ги колне Valve и себе. Сепак, со алфа верзијата која моментално е достапна за играње ставаат до знаење дека се сериозни со намерите да грабнат дел од MOBA сцената, па макар и со закаснување.


Викендов имав прилика да изиграм неколку партии, и сум воодушевен од тоа што го видов. Иако не е ни бета, веќе може да се види дека и ова што го имаат тука функционира добро. Освен можеби балансот помеѓу хероите, не знам што друго би сакал да видам различно. Моментално има околу 30 херои, од WoW, Diablo и StarCraft и три-четири различни мапи, наменети за два тима од по пет играчи. Ротацијата на хероите е иста како и кај повеќето вакви игри. Секоја недела се достапни неколку бесплатни, со опција другите да бидат отклучени со вистински пари или валута која се добива во играта.

Тогаш што ја прави Heroes of the Storm различна од DOTA2 и LoL? Многу работи, што барем мене ми делуваат свежо во однос на другите наслови што ги нуди жанрот. Прво, индивидуалното левелирање на хероите е сосема тргнато. Целиот тим се левелира заедно, во зависност од придонесот на секој играч. Со секој левел што ќе го добие тимот, се доделуваат два уникатни таленти за секој херој, од кои играчот може да избере еден по желба или потреба. Најчесто талентите ги појачуваат веќе постоечките спелови кои се отворени уште од самиот почеток, освен "ултимејтот" што се добива на 10-тиот тимски левел. Обемната палета на таленти пак, надоместува за комплетното отсуство на ајтеми. Генерално функционира слично, со тоа што немаш потреба да се враќаш назад во база по пазарење. Самото тоа оди во прилог на и онака брзите партии, кои траат околу 20-тина минути. Има дури и маунтови, меѓутоа не се којзнае колку корисни, освен тоа што ќе им овозможат на Blizzard да ги продаваат за вистински пари.


Она што мене ми е најинтересно, е уникатната механика што ја нуди секоја мапа. Сите мапи се базирани на оргиналната DotA мапа, само што секоја има некаков механизам кој се активира со тимска соработка и оди во прилог на тимот. Пример, на Blackheart's Bay, тимот собира златници низ мапата, со отварање ковчези, уништување неутрален камп или од мртов противнички играч. Првиот тим кој ќе собере и однесе одреден број златници кај пиратот Блекхарт, добива услуга со неговиот брод, кој ги бомбардира непријателските градби. Секоја мапа има нешто различно, со кое се отвара сосема нова стратегија за победа, во согласност со темата на секоја мапа, амбиент кој е позајмен од светот на некоја од игрите на Blizzard. Борбите се фокусирани и на вакви точки, додека паралелно треба да се напаѓа и брани непријателската база на "традиционалниот" начин.

Баш поради тоа што е различна од другите во жанрот, Heroes of the Storm има голем потенцијал, како за кежуал така и за компетитивно играње. Сепак, зад ова стои компанија со репутација и речиси неисцрпни ресурси. Доволно е интересна за нови играчи, а и за оние кои се ветерани во сличните и бараат некакво освежување. Heroes of the Storm ќе биде комплетно бесплатна и кога ќе излезе официјално. Микротрансакциите ги има уште од сега, таман да се вртат парите на истата сметка, додека многумина прават одмор до Warlords of Dreanor.

No comments: