October 31, 2016

Специјалната Скајрим

Обично ова е периодот од годината кога Скајрим ме повикува назад. Да берам цвеќиња, да бркам елени, да талкам низ пештери, повремено да јунакувам и секако, осумнаесет пати да се враќам од последниот сејв откако ќе ме опожари обичен Blood Dragon со сè што имам на мене. Толку многу направив за овој свет последниве години, го спасив речиси од цело зло, па некако не ми е баш прифатливо како упорно змејови се осмелуваат да се заебаваат со моето постоење и статус? Последниот пат кога проверив, уште бев Довакин, океј? Олабавете ме.

Баш кога си замислував како деновиве ќе талкам низ тоа снеговите во Скајрим, драгите Bethesda ја објавија специјалната едиција под очигледениот наслов, The Elder Scrolls V: Skyrim Special Edition. Тие што веќе ја имавме обичната со сите DLC-а, ја добивме бесплатно. Не би можел да сум поблагодарен за овој прецизен тајминг, така што еве правам мала пауза за еден аплауз. Специјалната едиција на Skyrim доаѓа со значителни подобрувања во графиката, но и нови квестови, дијалози, оружја и детали што веројатно никогаш нема да ги приметам, но ете тука се. 


Јас сум сосема океј и со Skyrim како што си е, да не го добиев ова за џабе, немаше да ми направи никаква разлика. Дури и по пет години, играта не изгледа воопшто остарено, иако официјалните нови HD текстури од пред некоја година беа фино освежување. Исполираниов изглед во специјалнава едиција ми е само бонус, кој ете почнав да го ценам откако претходно го пуштив оргиналот. Фино е да видиш вода што повеќе изгледа како да извира од The Witcher 3: Wild Hunt отколку пиксели што "течат" во некоја неопределена насока. 

Има и некои видливи подобрувања на осветлувањето и општо целата природа што е исто така кул, особено ако си миленијалец навикнат на "џам графика, брааат" кој сепак пишува лоши рецензии за Special Edition зошто му ги упропастиле модовите. Никогаш не сум користел посебни модови за Skyrim, стварно не сум во тек, верувам дека тоа што оргиналните се кршат во новата верзија е логично, ама исто така верувам дека Bethesda прават сè што можат да ја смират разбеснетата заедница. Така? Не знам, искрено повеќе се надевам дека работат на следна The Elder Scrolls игра отколку што се замараат со рецензиите натопени во горки солзи.


Поиграв малку колку да си потврдам дека е најимерзивното RPG искуство. Wild Hunt, колку и да е брилијантна, не верувам дека ќе ме влече назад со истата сила како ова. Тегнев светлина низ руиниран храм. Тоа го нема во The Witcher. Една година сум вампир во Skyrim и уште не сум го однел црниот, или каков и да беше, камен кај сомнителниот волшебник во рана зора за да се излечам. Тоа исто го нема во The Witcher. Може нема курварници низ Скајрим како во Новиград, ама можеш да си направиш магичен напиток од крила на пеперутка. 

Единствена гримаса што ја направив кон Special Edition беше кога сфатив дека ми ги нема Стим ачивментите откако го импортирав сејвот од оргиналната. Според интернет, би требало да се појават, ама ете не се појавија и тоа малку ја надразни мојата опсесивна компулсивност. Ќе бидам океј за некој ден веројатно.

October 26, 2016

Кратко за третата сезона на Black Mirror

Чарли Брукер се врати со третата сезона на Black Mirror, раскомотувајќи си ја техно-паранојата во новиот Netflix дом. Шест нови епизоди во истиот антологиски формат како на Channel 4, благо американизирани со кастингот, но со истиот претпознатлив Black Mirror вајб како и претходните седум. Сите оние што беа засегнати од промената на продукцијата, сега може слободно да се успокојат. Не знам што се случи со британската Channel 4 и нивната гостопримливост, но додека серијата останува квалитетна, најмалку е битно чие лого ќе стои доле во ќошот.

Технологијата од можната блиска иднина е главната деструктивна сила во приказните што Чарли Брукер ги третира во Black Mirror. Штетните аспекти од интеракцијата помеѓу човекот и уредите наменети за да му го олеснат животот, ги носи во хипотетички екстреми и пумпа анкциозност што те прогонува долго откако ќе завршиш со епизодата. Некои судбини се едноставно полоши од било каква насилна смрт, а моралните сивила низ кои Брукер се движи создаваат кошмарна непријатност и тешко дека ќе ги извадиш брзо од систем. Оваа сезона ги донесе најтензичните епизоди до сега. 


Што ако светот функционира базиран на систем кој е еквивалент на вниманието што го добиваш од социјалните мрежи? До каде може да отиде имерзивниот гејминг? Колку може да биде корисно ако лепиш фластер на камерата од лаптопот? Дали би си ја дигитализирал свеста после смртта? Која е, и дали воопшто постои граница на модерното војување? Идеите можеби не се најсвежите на светот, но нивната реализација е толку феноменална што не можеш да останеш имун на нив. Можеби некогаш треба да ги повториш за да ја потенцираш нивната поента.

Дури прв пат имаше и нешто за кое многумина се сложуваат дека е среќен крај. Дискутабилно, но ете. Несвојствено е некако за Black Mirror епизода да ти предизвика пријатно чувство. Веројатно целиот амбиент на епизодата малку ја оттурна дистопијата од себе, па затоа. Уживав во сите епизоди, освен можеби последната. Ниту темата успеа да допре до мене, ниту времетраењето (пола саат повеќе од останатите) помогна околу тоа. Но, остатокот од сезоната, епизоди како "Shut up and dance", "Playtest" и "San Junipero" слободно може да се носат со моите омилени "The Entire History of You" и "Be Right Back" од претходните сезони.

Скептиците што мислеа дека серијата нема да биде иста на Netflix може да заќутат сега. Изгледа премногу се романтизираат старите сезони, без да се направи асален простор за новото. Паузата што Чарли Брукер ја направи од Black Mirror дефинитивно беше исплатлива. Мојата потреба за нов Black Mirror материјал е конечно задоволена. Четвртата сезона со нови шест епизоди пристигнува во 2017.

Види такоѓе: 

October 19, 2016

Океј, кој ги расипа роботите во Wеstwоrld?

Обично првата работа што ја зборам кога станува збор за римејк или рибут или како и да сакаш да ја наречеме оваа криза што последниве години е надвисната врз мејнстрим телевизијата и Холивуд е колку се пресушени оргиналните идеи, како не треба да се прави ова веќе, бла бла... Мислам, како да е наше право тоа, на публиката и ние да одлучуваме за тоа. Изборот е твој дали ќе го сркаш тоа или ќе бараш алтернатива за забавата што доаѓа од тие медиуми. Има исклучоци секако, само што мачно ми е веќе да дискутирам за ова. Тоа не значи дека нема пак да го спомнам истово и во следна прилика, ама со други зборови.

Westworld е нова серија oд продукцијата на HBO, базирана (ете гледаш, мора да е базирано на нешто) на истоимениот филм од 1973. Еден од оние филмови по кои сум посегнувал кога ми било до нискобуџетен научно-фантастичен треш. Режисер и сценарист е сега покојниот Мајкл Крајтон кој подоцна ќе доживее уште една адаптација на неговите книги, позната како Jurassic Park филмскиот серијал. Може го знаеш.


Има многу едноставна и кул приказна. Во иднината, постојат забавни паркови за возрасни кои се населени од интелигентни роботи. Еден таков е и Вестворлд, со тематика од Дивиот запад каде што посетителите може да си "играат каубојци", да ги убиваат роботите каубојци, да имаат секс со нив, да се пијанчат по салуни... Типичен вторник западно од Мисисипи. Бар додека не се расипе еден од роботите и почне да ги убива здивените посетители, секако. Јул Бринер е феноменален како избагираниот роботски каубоец во филмот, до тој степен што послужил како инспирација за Мајкл Маерс во Halloween и Шварцегенер во The Terminator.

Можеби не е најдобриот филм од тој жанр и тоа време, меѓутоа идејата е очигледно доволно забавна за да не се бунам како новата серија ја третира. Барем во овие три епизоди колку што се излезени и за кои не успеав да се воздржам и да почекам да бидат повеќе за маратонско гледање. Темата е иста, но ваков телевизиски формат дозволува многу повеќе од основната. Филмот ми е многу свеж зошто го гледав додека чекав да се соберат епизоди, па откако HBO ќе си ја завршат работата која вклучува почитување кон изворниот материјал на почетокот, почнуваат си подлабоки маневри. 

За разлика од филмот, серијата има малку поинаков, посовремен и посериозен пристап кон постоењето на вештачката интелигенција. Пак нешто ги расипува синтентичките жители на Вестворлд, се шири како вирус и дефинитивно преставува закана за посетителите, но овојпат позадината е многу поголема. Дел од нив почнуваат да развиваат нешто што личи на некаква рудиментирана свест, да памтат избришани верзии нивните претходни софтверски билдови и да се однесуваат "послободно" отколку што програмерите им овозможиле. 

Да, секако дека има некаков заговор околу паркот и тоа ја прави серијата возбудлива. Барем сега за сега. За да биде уште позабавно, постои и постетител (феноменална улога на Ед Харис), очигледно базиран на ликот на Јул Бринер од филмот, кој е во потрага по некаква тајна што наводно Вестворлд ја крие. Филозофските теми што серијата не толку суптилно се обидува да ги прошверцува се само бонус. И ова, како и останато може да стане заморно понатаму, ама сум решен да дадам шанса и да видам дали ќе биде една од најдобрите серии за оваа година или една од оние почнуваа добро и се веќе распаднати на сите страни до крајот на сезоната.

Продукцијата, специјалните ефекти, дизајнот на костимите и модерните ентериери се одлични. HBO се расфрлале со пари насекаде како ова да ќе биде научно-фантастичната Game of Thrones. На кастингот исто. Можеби Ентони Хопкинс, Џејмс Марсден и Џефри Рајт се најзвучните имиња покрај Ед Хариз, ама повеќето ги знаеш од некаде претходно. Елементите што ја градат Westworld се доволно квалитетни да ме задржат барем до крај на сезонава, па за понатаму ќе видиме. И, онака ми фали СФ серија до следната сезона на The Expanse. Има одредени ствари што може да направат да галопира во место или да се одвлечка у курац, па затоа претпазливо со очекувањата.

October 13, 2016

Несупермен

Не знам како уште имам сила намерно да си го изложувам спокојот на глупости. Особено оние што се во телевизиски облик и се викаат Supergirl. Да речеме дека CW први почнаа овој пат, со тоа што зададоа удар директно во моето уживање во лесна поп култура, уфрлајќи некој нов Супермен од задна врата во нивното купче суперхеројски серии. И, покрај тоа што светот моментално има Супермен, ти се свиѓал тебе или не. Се вика Хенри Кавил. Да, знам, ама не можеш како ќе ти текне да земеш таков иконски лик и да го ставиш каде год. Не функционира така тоа.

Пробав да си склопам некоја груба слика за Supergirl серијата со читање кратка содржина на епизодите, зошто освен пилотот и епизодата со Флеш немам гледано ништо. Очигледно, адаптираат некои елементи од Супермен стрипови, нешто слично како што се случува во The Flash, дури имало и епизода што позајмува од For the Man Who Has Everything на Алан Мур. Еве, не знам. Што да кажам без да превртам очи. Од сезонава, Supergirl се префрли на CW каде што се The Flash, Arrow и тоа другото, ама затоа што се глупи, нема да го дели универзумот со овие серии. Но, затоа, некој некаде решил дека Супермен ќе биде забавен додаток, зошто нели, серијата тоне со рејтингот па им треба друг сирак од Криптон да го поткрене малку.


И, да. Ете го Супермен, братучедот на секогаш насмасната и неупатена Супергрл, слета во кој и да е градот каде што се одвива дејството. Од Метрополис, доаѓа директно во серија за која уште не сум сигурен каква точно публика таргетира. Стварно не би сакал да кажам тинејџерки и климактерични тетки несреќни во животот и љубовта, ама некогаш етикетите сами си се лепат. Кастингот на Супермен е промашен. Верувам дека Тајлер Хоучлин или како и да се презива е океј актер. Само што не е Супермен. Дури помалку Супермен од Дин Кејн и некој рендом лик со "С" маица. Дозволи да објаснам зошто.

Супермен треба да изгледа импозантно, авторитетно, да биде шармантен и харизматичен. Не мамурно како дојден на работа во понеделник, а почнал да пие во четвртокот. Кларк Кент исто така треба да изгледа пристојно, а не како сексуален престапник. Кривицата најмалку треба да се бара од Хоучлин. Со некое поквалитетно сценарио што не го пишувале шимпанза, можеби и му се вади актерскиот потенцијал, не знам. За стап по прсти се тие што одлучиле дека е конечен избор на кастингот. Дебелиот, покварен Кристофер Рив, што дрма виски во Superman III е бог за овој.


Приказната е уште потажна. Во обид да дојде Супермен до израз, ја има и сестра му на Лекс Лутор, со можеби... мал глупав незначаен пресврт? Не знам, го пропуштив тој дел изгледа, го галев постерот со Хенри Кавил. Присуството на Супермен е исфорсирано од самиот почеток. Од причината поради која се појави, до оние три реда муабет што ги прави со Пери по телефон. Јасно ми е дека ќе биде само гостин во неколку епизоди, баш заради тоа можеле да се потрудат да го направат целото доживување поспецијално. Јасно ми е и дека серијата е шкарт, ама ако веќе го носиш Супермен да ја поправиш, барем нека биде добар. 

Доколку им бил потребен ваков весел, лабав Супермен и тоа е промашено. Зошто Хоучлин не е Кристофер Риф, а зошто сме 2016 не можеш ни како Дин Кејн да го направиш. Кавил можеби е во мрачна територија и неговиот Супермен веќе не знае што со себе, но во Batman v Superman е сосема пријатен како Кларк Кент во тие дваесетина секунди колку што го има. Дури и се смее еднаш или два пати и тоа е поефективно од овој сосила дружељубив Супермен на Хоучлин.

Го има и Маршан Менхантер во серијата инаку. Не знам како. Ете го има. Друга тема е тоа. Разменуваат неколку реченици со Супермен, очигледно дека се знаат, веројатно тоа беше некаков хинт за еден од составите на Џастис Лиг, а гледам ако продолжат вака, ништо чудно да добиеме некоја телевизиска варијанта на тимот. Ако нели, воопшто постои нешто друго освен The Flash на CW догодина.

October 8, 2016

Музичка плејлиста за 2016 (втор дел)

Нов месец, нови албуми и секако изговор за уште една збирка од мојата плејлиста. Некои излегоа во текот на годинава, а ми требаше време да ги испроцесирам, други во периодот што помина од претходниот пат кога се занимавав со оваа тема. За разлика од првиот дел на "Музичката плејлиста за 2016", од сега ќе вклучувам и некои албуми кои само поминаа низ звучници без долго да се задржат таму. Давам повеќе шанси на сè што барем малку ќе зазвучи интересно.

Жанровски, пак се трудев да биде шарено, па затоа некои изданија ќе почекаат до следните вакви листи кои делумно успеав да ги склопам и ќе ги објавам наскоро. Годината уште не е завршена, музиката не сопира, така што ќе имам уште многу ново за преслушување.



Оваа плодна 2016 за драм ен бејз жанрот ми почна баш со овој албум. Две години од неговиот деби албум, Keeno докажа дека уште има енергија и интегритет (за разлика од Netsky, на пример) за создавање на музика која (ќе) му обезбеди легендарен статус на сцената. Futurist гради врз звукот кој беше воспоставен со Life Cycle. Веќе нема простор да бидеш изненаден од тоа што умее да го прави, единствено можеш да забележиш дека талентот е стегнато негуван во изминатите две години.

Futurist е за нијанса повесел  и подинамичен од претходниот, но во никој случај не е изоставена меланхолијата која Keeno толку добро ја преточува во звук и е причината поради која го сакам и него и ликвид жанрот. Заедно со новите албуми на Logistics и Technimatic, ова е најдоброто нешто што оваа година драм ен бејз сцената го стави во мојата плејлиста за вечерно мекнеење.

Слушни: "Lifeline (ft. Oscar Corney)", "Futurism" и "Eos"



 Токен го привлече вниманието на светот уште лани со "No Sucka MCs Contest". На 17 години израпува подобро од некои што се со кариери колку неговата возраст. Минатиот месец го прослави полнолетството со првиот сериозен микстејп. Во главно е добар, има сериозен талент и вештина, меѓутоа славата што толку бргу ја стекна, ја претвори во ароганција која е својствена за неговите постари колеги, па Eraser Shavings тематски најмногу страда од тоа. 

Нема потреба од дополнително курчење и докажување, особено кога веќе знаеш да раскажуваш лични и емотивни приказни. Таквите најмногу му лежат на Токен, дури и кога станува збор за некои бели тинејџерски проблеми и догодштини. Има што да каже. Но, мала скромност не е на одмет, глеј на Lil Dicky како добро му успева тоа. Токен дефинитивно има кариера пред себе, но ако не го искористи моментумот попаметно, ќе остане заборавен како уште еден рапер што се курчел на други рапери. А, такви има повеќе од доволно.

Слушни: Цел Eraser Shavings е достапен бесплатно на неговиот официјален сајт



Некогаш ми треба лабава музика за работа, читање или пишување. Нешто што нема да ме дефокусира, а ќе биде повеќе од обичен звук што излегува од звучниците или слушалките. Кога не посегнувам по Bonobo, Emancipator, Little People или некој амбиент без битови, го слушам првиот албум на Tor, Drum Therapy

Blue Book излезе баш кога ми беше потребно нешто ново вакво. Албумот испадна толку добар што воопшто не мораш да го користиш "наменски". Доволно е само да легнеш удобно и да се изгубиш во убавина. Тогаш ќе приметиш колку е Tor сериозно напреднат и дека овој албум можеби и го надминува вонвременскиот Drum Therapy.

Слушни: "Two Suns", "Sunyata" и "Days Gone".



Упорно не ми е јасно како и покрај талентот за пишување текстови, компонирање и пеење, сестрата упорно е потценета сите овие години. Можеби треба да престане да си ги продава песните на Ријана. Затоа и се радував за Natural Causes. Добро, и за првите зборови на Еминем оваа година, кој единствен гостин на албумот, а се појавува и како продуцент. 

Natural Causes е океј поп албум. За жал, некогаш преголемата мешавина на стилови го прави да звучи како позадинска музика. Во еден момент е Лана Дел Реј, во следниот се обидува да биде Бијонсе. Некогаш дури се обидува и да рапува. Со секое наредно слушање се осеќа каде се стварите кои се тука за да ја пополнат минутажата, меѓутоа балансот го воспоставува секогаш кога успешно ќе ја погоди целта. Можеби не од почеток до крај, ама важно го испорачува квалитетот што го очекував. Отприлика.




Види, Everythinks A Ripple од 2009 ми е еден од омилените албуми воопшто. Феноменалната комбинација на битбокс, рап, реге, даб и џангоидни жанрови беше свежа и елегантно изведена, речиси беспрекорно. Така ни кликна на сите албумот, веројатно бевме помлади, посреќни и повеќе се дрогиравме, не знам. Со секое наредно издание од тогаш, Dub Fx ја користи истата формула која веќе е досадна и репетитивна.  

Thinking Clear не само што не нуди ништо ново, туку и тоа што го има е некако суво и неинспирирано. Албумот ми звучеше добро првиот пат, можеби зошто долго време немав слушано ништо освен тие редовните од 2009. Со секој нареден се обидував само безуспешно да го засакам. Од вкупно 11 песни, единствено две ми легнаа. Има музичари кои се забавни и кога немаат видлив прогрес, а Dub Fx очигледно не е еден од нив.

October 6, 2016

Пак гледам Флеш

Од "дајте ми електролити, ме пребледе ова" пред некој месец, стигнав да ги бројам деновите до почетокот на третата сезона на The Flash. Да, до таму е стигната мојата љубов кон серијата. Дури скришно ја изгледав и епизодата на срањено Supergirl кај што гостува Бери, зошто паузата меѓу сезониве практично почна да ме убива. Трејлерите што го најавуваа Flashpoint како основа за новата сезона не помогнаа времето побргу да пројде. Сега ќе треба да чекам и цела недела за нова епизода. Прекрасно, зар не?

Трета сезона е Флешпоинт. Барем така ја нарекуваат алтернативната реалност што Бери ја создаде во финалето на втората, иако има големи разлики со стрипот. Не очекував да следи страница по страница, секако, исто како и да ги нема останатите суперхерои кои се дел од оргиналната приказна, меѓутоа првата епизода ветува дека и оваа адаптација ќе биде забавна. Комплетно е во духот на серијата и го следи сето она кое беше елегантно обликувано минатите две сезони. Задоволен сум со ова, ама би бил пресреќен и со Томас Вејн како Бетмен епизода. 


До сега The Flash докажа дека нема граници кои може да ја запрат приказната, воведувањето на мултиверзумот беше смел потег, па верувам дека е сосема возможно подлабоко да згазне во оргиналниот Флешпоинт. Почеткот ветува дека продуцентите се спремни да се справат со емотивниот аспект на стрипот. Колку и влогот да е преголем, фино беше конечно да го видиш Бери среќен на начин на кој што некогаш бил и веројатно нема да биде повторно. Веројатно си ги заслужи тие неколку месеци, со оглед на неговата пожртвуваност, колку и да беше себично. 

Но, цената изгледа, за жал ја плати два пати, барем според крајот на првата епизода. Тоа е тоа што ќе биде занимливо за гледање сезонава. Форматот од претходните добива нова, возбудлива димензија, баш во време кога истиот може да стане досаден во серии во ваков концепт. Од тоа страдеше и почетокот на првата сезона, ама изгледа ја најдоа формулата кој ќе ги освежи стварите кога можеби е најпотребно.

Во промо трејлерите го имаше и Џеј Герик како Флеш, со тоа што сега ќе бидат три Флешови сосе Воли Вест сега. Ако нели, одлучат да го задржат и понатаму, но не гледам зошто да не. Ова отвара нови прилики за обединување на повеќе Флеш универзуми и едвај чекам да видам како ќе го изведат тоа. Со ова што (ќе) се случува сега, шансите да затупи се минимални. Се надевам дека не грешам.

October 4, 2016

Дали Pаlаdins е Оvеrwаtch за сиромаси?

Не би знаел. Зошто Overwatch не стигнав да ја играм кога беше во бесплатна бета, а не е нешто за кое би платил. Верувам дека е добра, ама ваков тип на арена шутери премногу лабаво го конзумирам последниве години. Затоа е тука Paladins, бесплатната "варијанта" која ја покажуваат со прст како копија на новата игра на Blizzard. Не знам кои се заедничите работи на двете игри, освен тоа што се шутери и се со слична еститка, но поддржувачите на Overwatch тврдат дека и некои од хероите се... ископирани. Но, нема да навлегувам во оргиналноста на Overwatch сега, имам време само за Paladins.

Значи, Paladins е арена шутер во прво лице, шарен, брутален, бесплатен и моментално во бета. Има 17 херои со различни оружја, способности и улоги, неколку мапи каде што можеш да се исереш врз постоењето на противничкиот тим и два мода на игра, од кои едниот го додадоа баш деновиве кога почнав. Тимовите се по пет играчи, кои пожелно да е да соработуваат меѓусебно зошто Paladins најмногу се потпира на тимскa соработка. 


Во Siege модот, треба да освоиш точка на мапата од која вагон тргнува кон непријателската база. Непријателскиот тим треба да го спречи вагонот кој се придвижува само доколку има живи играчи од тимот кој ја освоил точката и да гледа на тајмерот додека пука во шаренила што скокаат околу. Поените се добиваат кога ќе успееш да завземеш точка, го однесеш или го спречиш вагонот, ако другите го собрале први. Со оглед на тие неколку начини на поентирање и краткиот тајмер за кој се убивате меѓусебно, партиите може да траат од пет до петнаесет минути. 

Другиот мод, Payload е со истиот вагон. Партијата е поделена на две етапи, каде што во едната тимот од сопствената база треба да го однесе вагонот кај душманите, а во другата треба да го спречи. Ова е тоа што го додадоа сега пред некој ден, исто како и еден нов херој и ситни подобрувања на интерфејсот, па се надевам дека во скоро време Paladins ќе добие и класичен Deathmatch мод. Интересни се и двата мода, само што очајно ми фали нешто каде што ќе можам само да пукам без да се грижам дали мојот тим воопшто разбира што треба да прави со вагонот. 


Што се однесува до хероите, ги играм претежно оние што се фокусирани на ефикасно убивање противници. Има и support херои, меѓутоа исто како и во вистинскиот живот, не сум некој на кој што можеш да се потпреш, па затоа не ги играм. Сакам да пукам од високо со снајпер или да изгинам во прв ред. Покрај тоа што секој херој е уникатен, има еден забавен систем со карти што ги собираш и можеш да му ги менуваш или појачуваш способностите, како не би бил идентичен со истиот тој херој кога ќе се најде и во противничкиот тим. А, во самата партија има и некои други работи што можеш да ги купуваш за херојот и веројатно треба да си паметен што ќе избереш. 

Играта е целосно бесплатна и вреди да се проба. Половина од хероите се исто бесплатни, нема неделни ротации како во League of Legends на пример, туку си ги отклучуваш другите со валута што брзо се собира со секоја партија. Или со вистински пари. Нормално, продаваат и скинови за вистински пари, што е сосема фер и кул. Paladins ќе го задржи овој модел и после бетата. Ми фалеше ваква игра после Loadout, и се надевам дека луѓево што ја прават ќе успеат да ја истуркаат подалеку. Неколку партии неделно се супер лек за висок крвен притисок.

October 2, 2016

Првата сезона на Lukе Cаgе

Да не почнев да гледам со друштво, никогаш немаше да го пипнам ова. Исто како и другите маргинализирани суперхерои (освен Дердевил) на Marvel што Netflix ги удостои со посебна серија, Лук Кејџ воопшто не ме интересира(ше). Океј бев само со Daredevil. Озбилно, која друга суперхеројска серија може да го надмине тоа? Luke Cage секако дека не, меѓутоа сум прилично задоволен од овие тринаесет епизоди. Повеќе изненаден, зошто ете, некако неплански ги почнав и ги завршив викендов. 

Не знаев кој е Лук Кејџ. Го знаев онака површно, исто како што ги знам Ајрон Фист и Џесика Џонс. Знам дека е црнец, има непробојна кожа и дека никогаш не бил релевантен во било кој стрип каде што случајно сум го затекнал. Оттаму и мојата рамнодушност кон него. Сепак, серијата е кул. Претежно. Почнува како црнечка крими драма сместена во Харлем, на моменти и ќе заборавиш дека гледаш суперхеројска серија, зошто повеќе има некој The Wire вајб, отколку приказна сместена во истиот универзум каде што оперира нетфликсовиот слеп адвокат. 


Пристапот кон она што навистина е Лук Кејџ е многу посуптилен од првата Daredevil сезона, и баш ова ми беше најсимпатично. Првата половина е фокусирана на ганстерските методологии на негативците, издигнување на ликовите кои ја сочинуваат приказната и она со кое Лук Кејџ ќе треба да се справи да си го најде местото во престојното The Defenders здружување со Дердевил, Џесика Џонс и Ајрон Фист. Тука некаде, после седум-осум епизоди, серијата доживува кулминација која дополнително го успорува и онака бавното темпо, па го губи ветерот речиси до самиот крај.

Промената на главниот антагонист, можеби и очекувана, некако ми ја спласна тензијата. Во никој случај втората половина не е лоша, ама ми фалеа сите оние моменти кои ми ја правеа Luke Cage толку возбудлива на почетокот. Лук Кејџ е одличен како херојот кој Харлем го заслужува во моментот, а Мајк Холтер е феноменален со изведбата, речиси како и остатокот од кастингот. Сетингот на Luke Cage има основа и за социјален коментар, успешно испратен исто како и почитта кон црнечката култура. Всушност, и во саундтрекот на серијата доминира црнечка музика, заедно со еден куп музички гости во мали улоги. Дури и Свеј го има.

Не знам колку серијата е верна до изворниот материјал, ама и со моето ограничено познавање на ликот, можев да приметам неколку мали референци како оргиналното суперхеројско име на Лук Кејџ, па и оној смешен "костим" од раните стрипови. Веројатно никогаш нема да земам Лук Кејџ стрип во раце, ама би дал шанса и на втора сезона од ова. Интересна е и покрај недостатоците од кои страда, а со оглед на тоа какви се другите суперхеројски серии надвор од Netflix (со исклучок на The Flash!), вреди ако сакаш да утепаш неколку саати со ваков материјал.