June 30, 2014

Збогум, Хенк

Заврши Californication. Толку, нема веќе. Многу ќе бев среќен доколку осеќав некоја празнина после финалето, да ми фали, да се пропијам. Последната сезона беше толку лоша, што би можел само финалето на четврта сезона да го прифатам како крај на серијата. Првите четири сезони моментално ги прегледувам пак, по четврт пат. Ремек дело. Барем за тоа што се. Надоле има спојлери, инаку.

Од петтата сезона, молзењето на едната иста формула кулминираше со најлошата сезона во било која серија што до сега сум ја гледал. Серија што уствари била добра, додуша. Californication заслужуваше многу, многу поубав крај. Она што го доби во последната сезона беше абортирано сценарио, нови картонски ликови и глупав, шаблонски завршеток. Сценаристите како комплетно да заборавија кои се ликовите, кој е Хенк, која е Керен, што прават и како се однесуваат во одредени ситуации. Самиот Хенк беше лошо напишан. Муабетите и репликите воопшто не беа на оној Хенк од првите сезони, каде што, дааа, беше убедлив како некој што е всушност писател. Постапките што ги правеше беа сосема различни, а се осеќаше колку е исфорсирано кога сценаристите ќе се обидеа да го однесат во "нормалната" насока.

Хенк и Керен, десет минути пред нешто друго да застане меѓу нивната љубов 

Приказната беше преполна со дупки. Ниту имаа некаква идеја што е серијата, каде оди и зошто. Се појавуваа и си одеа ликови, без никаква причина, се случуваа ствари без никаква причина... Еј, па сезонава не ни имаше причина, освен финансиска, за да постои. Дури ни старите ликови како Сту и Еди Ниро не го помрднаа лешот во кој се претвори Californication. Левон, синот на Хенк за кој никогаш не се потруди да дознае дали му е вистински син (иако можеби приметив мал хинт во последните сцени), беше најлошиот лик во цела серија, а сигурно и еден од најлошите воопшто на телевизија. Никаква поента, апсолутно ништо не се случи со таа друга наводна фамилија на Хенк, освен тоа што беше уште една (лоша овој пат) финта на сценаристите да ги разделат Хенк и Керен.

Единствената светла точка во целата сезона беше деветтата епизода, со сообраќајката на Керен, што исто се случи без причина и комплетно ја заборавија во следната епизода. Доколку ова беше точката каде што Хенк конечно се одлучува за насоката во која сака да му се движи животот, јас не сум убеден.Освен ако десет епизоди претходно го пропуштив делот каде што реши конечно да ја пушти да биде среќна без неговите срања.

Самото финале не беше толку лошо како остатокот, меѓутоа сепак беше. Сите работи одеднаш магично почнаа да се поправаат, одеднаш се појави Бека за да даде deus ex machina шмек, па Хенк и Керен слободно можеа да одлетаат во зајдисонцето. Писмото што Хенк и го напиша на Керен беше супер, тоа мора да признаам, не беше како претходното, меѓутоа успеа да изнуди некоја емоција кај мене различна од омразата кон сценаристите и Том Капинос. Флешбеците со среќната фамилија додека свиреше ремиксот на Rocket Man, исто беа фини. Барем за да потсетат колку беше некогаш добро. Секогаш добро ја користеа песната, така што морам да ја симнам капата и тука, на уште една евтина финта, која ете, ме купи. Еј, слаб сум на песнава. No homo.

Каков крај заслужи тогаш Californication? Па, не волку среќен. После толку глупости, посимпатично ќе беше двајцата да продолжат во различна насока. Не можеш секогаш да го добиеш тоа што го сакаш, нели? Нели? Скроз е клише, без никаква жртва, туку така магично стварите да се оправат. Крај како во четвртата сезона ќе беше сосема совршен.

June 27, 2014

Најава за новата RIFT експанзија, Nightmare Tide

Оваа година се покажува плодна за MMORPG жанрот. Покрај трите големи наслови кои се обидуваат да си го најдат своето место, Warlords of Draenor, Trion скромно ја најавија втората експанзија на RIFT. Изминува втората година на Storm Legion, играта е веќе одамна бесплатна и ова е логичниот чекор. За среќа, серверите на Телара никогаш не биле пополни, а со новата експанзија се зголемуваат шансите за да се наполнат уште барем пола од што се. 


Nightmare Tide, новата експанзија ќе го прошири хоризонтот во Plane of Water. Немаме асален превод за "plane", нели? Во секој случај, идејата е таа. Играчите ќе може да отидат таму од каде што доаѓаат рифтовите и инвазиите чиј главен елемент е Водата. Моментално, деталите се само грубо познати. Ќе има нормално нови зони, дури и зони кои ќе бидат под вода. За истово имаше шпекулации одамна, и уште тогаш првото што ми прелета низ глава беше Vashj'ir. Vashj'ir е зона во WoW, дел од Cataclysm и е единственото место во Азерот кое го немам детално истражено. Веројатно така е со подводните зони/нивоа. Или ги сакаш, или бегаш од нив. Јас сум во вторава група, и затоа се надевам дека Nightmare Tide ќе го претстави концептот поинтересно. 

Левелирањето се зголемува за пет левели, значи 65-тиот левел ќе биде новиот максимум. Уште една работа што страшно ме потсеќа на Cataclysm, и искрено се надевам дека нема да испадне така. Доколку успеат да го избалансираат левелирањето со бројот и површината на зоните, и го направат левелирањето поспоро, тогаш е во ред. Веќе ја оддалечија играта од WoW, па сега ете им нова шанса да докажат дека се уште подалеку од обичен клон.

Од небитните ствари, ќе има нови рифтови. Nightmare рифтови. Од битните, RIFT воведува систем на minions. Секој ќе може да има minion што ќе го тренира, левелира, испраќа на мисии и слично. И, ова звучи како pet battles/garrisons од WoW, така што ќе го оправдам со тоа што веќе се е измислено и нема веќе уникатни концепти во MMO игрите. Дури и да е сосема ископирано, нема да имам проблем, и онака ќе се нацртам само за новите зони и истражување на истите.

Кога ќе има нови детали, секако дека ќе споделам. Иако никој ниту игра RIFT, ниту ќе проба. Nightmare Tide ќе биде објавена некаде кон крајот на годинава. Претпоставувам некој месец по Warlords of Draenor, иако би им било паметно да одберат датум пред.

June 22, 2014

Неделна Бетмен инјекција: Batman Eternal

Да бидеме реални, Скот Снајдер и Грег Капуло потфрлија со Zero Year аркот во редовниот Бетмен, кој моментално доаѓа до конечната завршница. Приказната не е воопшто револуционерна како што ја најавуваа кај Кевин Смит, цртањето е просечно и искрено едвај чекам да заврши, за Бетмен да се врати во "денешно време". Останува уште еден број до крај, следниот месец, па ќе се потрудам да помуабетам нешто повеќе на темата. 

Бројот #28 од редовниот Batman, фрустрирачки избега од и онака досадната Zero Year приказна, за да ја запознае публиката со Batman Eternal. Замисли чекаш продолжение на претходниот број, а добиваш блатантна реклама. Веројатно ќе продолжев да го игнорирам Batman Eternal, и онака има премногу Бетмен наслови во моментов, додека не сконтав дека се работи за неделно издание. Три броја нема да ми наштетат многу, нели? Само што го дочитав и #11 и еве ме, го пишувам постов. 


Batman Eternal е одличен наслов за пополнување време додека заврши Zero Year. Толку е добро што сега знам дека секоја недела ќе чекам нов број. Не е најдобриот Бетмен што ќе го прочиташ, нема да биде влијателен наслов за десет години од сега, меѓутоа нуди интересена приказна, која според Снајдер, ќе содржи 60 броеви. Да, Скот Снајдер го пишува ова, заедно Џејмс Тајнон IV (секоја чест за Game of Thrones името, дечко!) и цела екипа на цртачи, а и сценаристи. Тајнон го пишуваше Batman Annual #1 заедно со Снајдер, и се покажаа како фино комбо.

Првиот број отвара скроз моќно. Во некоја (блиска) иднина, Готам е цел во пламен, а Бетмен е поразен и заврзан полу гол и без маска за бет-сигналот. Има некоја нарација што директно му се обраќа на Брус, што веднаш додава дека кој и да е непријателот, има некаков личен сукоб со него. Приказната потоа се пренесува во "денешно време", каде што Бетмен и Гордон го бркаат Професор Пиг и неговите луѓе во метрото во Готам. Гордон, со цел да се спротистави на еден од луѓето на Пиг, испукува куршум во трансформатор со што предизвикува сообраќајна несреќа и е одговорен за смртта на стотици жители на градот. Иако околностите се крајно сомнителни, Гордон е притворен и лишен од функција, заменет со друг комесар со сосема поинаква политика и намери. Целата ситуација е всушност голема завера за превземање на Готам и тргање на Бетмен од сликата. Вмешани се многу луѓе, а не верувам дека ќе почне да се отплеткува во брзо време.

Новите раководители на Готамската полиција создаваат општ хаос со нивните сомнителни постапки, Мафијата е исто така вклучена и присутна, а мобилизирана е цела Бет-фамилија заедно со интернационалните членови на Batman Incorporated. Случувањата се насекаде низ светот, буквално се води војна за Готам. Некои од ликовите што не ми биле никогаш интересни, тука фино се вклопуваат. Пропусти во приказната секако дека има, меѓуоа станува сè поинтересно. Во следниот број треба да се случи и судењето на Гордон. Доколку екипата на Batman Eternal продолжи со истово темпо, ќе ме задржи како редовен читател и во следните месеци.

June 21, 2014

Godzilla (2014)

Со некои јапонски работи не можеш да се заебаваш. Немаш право, иако технички си ги откупил правата за нешто што преставува некаков вид културно наследство на некој народ. Во 1998, првата американска интерпретација на Годзила ги има толку разгневено фановите и студиото кое стои зад јапонскиот серијал, што чудовиштето во тој филм е влезено во јапонскиот канон само да умре гадна смрт. Главната причина за незадоволството е лошиот редизајн на Годзила, кој е комплетно различен од изворниот материјал. Но, да си признаеме, тој филм тогаш изгледаше колку-толку забавно.

Години по првиот американски Годзила, дојдов до контакт со оргиналните јапонски филмови. Почнав опсесивно да ги гледам, хронолошки, барем тие што тогаш успеав да ги најдам. Си бараат посебно расположение и третман, и нормално да ги прифатиш гумените костими, евтините ефекти и јапонската смисла за правење филмови. Некои се комплетно апсурдни и смешни, меѓутоа баш таму и лежи убавината.

Toho, јапонското студио одговорно за Годзила, се реши да даде уште една шанса на Холивуд, да го претстави најпознатото чудовиште во светот. Но, овој пат, со внимателно надгледување и помош, од чиј недостаток очигледно патеше првиот филм. Поддршката ја имаат понудено во однос на дизајнот на Годзила (најбитниот детал), звукот кој потекнува од оргиналните филмови и приказната. Конечно го изгледав филмот и резултатот воопшто не е лош. За среќа и за чудо.

Godzilla покажува огромна почит кон изворниот материјал. Иако не нуди ништо ново, интерпретацијата е сосема во ред. Првите реакции што го прочитав беа крајно позитивни. Некои дури и го нарекуваа The Dark Knight на жанрот. Требаше да пројде скоро месец, за страстите да се избалансираат, да се намали хајпот и да се формира некаква генерална оценка. Со истата, можам комплетно да се сложам. Не е најдобриот американски филм со џиновски чудовишта, првото место кај мене го држи Pacific Rim, меѓутоа не е ни комплетно промашување како Cloverfield

Приказната е прилично едноставна. Годзила се буди, заедно со две други чудовишта кои се решени да се парат и размножат по секоја цена. Нема да е Годзила филм ако не ги спроставиш, нели? Нема да е Годзила филм ако катастрофалното уништување на градови не се пренесе низ неколку континенти? Филмот го нуди токму тоа. Заедно со сите клишеа, дводимензионални ликови и скапи специјални ефекти. Сепак, успева да добие некаква средна вредност, веројатно поради референците кон целата Годзила митологија и Брајан Кренстон, единствениот лик за кој ќе ти биде гајле. Тензијата која се обидува да ја понуди, некако не пројде кај мене. На моменти дури и претерано линеарен и стерилен, ама ова ќе мора да го протнам субјективно зошто сум добро запознаен со оргиналните филмови. Верувам дека на некој што прв пат се запознава со Годзила, ова ќе му биде многу позабавно од она срањето од 1998.

Режијата е фина. Ефектите делуваат реално, а Годзила е преставен најмаестрално што може. Запазени се многу детали, дури и атомскиот здив. Дури и музиката некако потсеќа на оргиналните филмови. Секогаш можело подобро, меѓутоа решавам да се кладам на Гарет Едвардс и неговите режисерски способности. Веќе е потврден како режисер на првиот самостоен Star Wars филм, веројатно за Боба Фет. Со тоа бледо сценарио, верувам дека направил сè што можел.

Неколку од најпознатите Годзила филмови периодов излегоа на блу-реј, така што ете одлична шанса да се изгледаат уште еднаш на квалитетна снимка.

June 17, 2014

Луи

Луи ЦК, заедно со Даг Стенхоп, ми е омилениот жив комичар. Покрај тоа, има и серија, Louie, чија четврта сезона заврши денес, по торентско време. Луи сам си ја пишува, сам си ја режира, а некои од епизодите дури и сам ги има монтирано на шугав лаптоп. Добар дел од серијата е базиран на неговиот приватен живот и тоа успешно го проектира. Затоа, пред воопшто да почнам со гледање, му ги изгледав сите стендапи. Повеќе пати.

Луи е одечка депресија и човек со огромно срце. 40 и кусур години, разведен, сингл и со две деца кои ги гледа неколку денови во неделата. Остатокот од времето, истура виски по неговото голо тело до моментот кога пак ќе му зазвонат на врата. Иако веројатно не е точно како што кажува, фино знае како да долови каков му е животот во глобала. Серијата е отприлика тоа, за стварите кои ги критикува во неговите настапи, сомнителните социјални појави, несреќното секојдневие, осаменоста и љубовта. На моменти намерно претерано, но со цел поентата да биде уште поостра. Баш затоа е толку цар. 


Низ сите сезони гостуваат еден куп познати фаци, колеги комичари и актери кои дури некогаш глумат некоја пародична верзија на самите себе. Во третата сезона се појавува дури и Дејвид Линч. До третата сезона, Louie ми беше една од најсмешните серии на телевизија. Далеку од класичен ситком, меѓутоа суштината беше таа. Во речиси сите епизоди, имаше и стендап парче, создадено баш за потребите на епизодата. Маките на Луи секогаш беа присутни, меѓутоа ги интерпретираше шармантно, со црн хумор на претек. И, во најсрцепарателните епизоди, како онаа со Даг Стенхоуп (или онаа со Нова година, Дамјан!) , пак ќе се најдеше нешто што направи да си истуриш кафе на тепих од смеење.

Четвртава сезона беше драма. Депресивна драма. Постепено го снема хуморот, дијалозите станаа посериозни, ситуациите станаа помрачни. Додека дојде до крај, среќен патем, буквално ме уби. Не знам дали е само до мене ова, или ја не се насмеав повеќе од три пати во овие четрнаесет епизоди? Не дека беше лошо, напротив, само што у принцип, гледав Louie за да олабавам, а не да врзувам нов чвор на јажето. Најсветлата точка во цела сезона беа двете епизоди со млад Луи и Џереми Ренер. Ем поентата беше сосема на место, ем ми докажаа уствари какво глумчиште е Џереми Ренер! Остатокот беше болка и страдание! Ако требаше да ни падне жал за Луи, еве да, мене ме дирна кога му отиде Унгарката!

Што и да направи Луи, ќе го следам. Добар е баш затоа што е ваков, ако е воопшто е ова комплимент. Дури и никогаш да не ја видиме серијава со нова сезона, има доволно материјал вреден за конзумирање, размислување и извлекување мудрост. Капа доле!

June 16, 2014

Најдобрата Game of Thrones сезона до сега

Никогаш до сега не сум изгледал сезона на Game of Thrones со чекање измеѓу епизоди. Колку и да ми била добра серијата, секогаш сум ги гледал првите две-три епизоди и сум чекал да се соберат останатите за да ги здрвам во еден здив. Е, сезонава, секој понеделник трчав од работа до дома за да гледам. Настрана Нед Старк и свежиот здив што го понуди првата сезона пред неколку години, четвртава ми е најдобра до сега. Надолу има спојлери, безобразни како неправдата што го стрефи Тирион.

Мислев дека ќе се простам од Game of Thrones некаде во трета сезона. Почна ужасно споро, не ми беше интересно тоа што се случува и некако осетив дека приказната се претвора во досадна сапуница. Да не беа епизодите на South Park кон крајот на минатата година да ми ја вратат љубопитноста, можеби немаше да гледам пак. Знаев и доволно спојлери, за среќа некои не сосема точни. Што беше супер, зошто немаше толку многу да ме изненади Red Wedding.

Питер Динклиџ, некоја минута пред да добие Emmy.

Сезонава не само што ме закова за серијата како првите епизоди, туку и ме натера да ја спремам A Feast of Crows за читање. Така да, конечно ќе можам да им се одмаздам на буљашите што ми направија спојлери за Џофри пред да стигнам дома. А, финалето ме остави со толку прашања кои не би да ги чекам до следната пролет. Заедно со финалето, четвртата сезона е феноменална од секој аспект. Приказната конечно малку се забрза, настаните никогаш не биле поинтересни и напнати, па дури и продукцијата ја стегнаа како никогаш до сега. Многу беше разбирливо што видовме епска, скапа за продуцирање, битка на Ѕидот, зошто нема поента да се штеди на серија што остварува најголем профит во историјата на HBO.

Ликовите, тие што ги преживеаа претходните сезони, тука ја достигнаа својата критична точка. За Џофри ми е малку криво. Колку и да беше катиљ, беше еден од најдобрите антагонисти што сум ги видел на телевизија и уживав да го гледам дури и кога ги правеше најголемите срања. Не дека не си заслужи таква смрт... Општ хаос почна да се случува кај Ланистерс, сигурен сум дека нема да се спастрат во следната сезона. Ако воопшто преживее некој доволно долго за да ја оправа ситуацијата, нели.  Џон Сноу е најпосле битен, можеби побитен од било кога, а како што разбрав еден ситен спојлер за идните сезони, неговото време допрва доаѓа. Калиси со армијата што ја собра, си го добива тоа што го заслужува, само не знам колку долго ќе успее да го задржи. Веќе губи контрола над змејовите со малку поскапи ефекти, пробува да владее со многу народ, а не сум баш сигурен дека знае како. Сепак нејзината приказна ми е најинтересна и најмногу поради тоа сакам да ја читам следната книга. 

Што е со Брендон Старк, еј? Знаев дека и он оди некаде, ама не дека натака. Што ќе биде сега, ќе го смени скроз стариот во дрвото? Има нешто крајно сомнително околу Старкс и гавранот, верувам дека ќе е битно и клучно. Ако се поклопи со спојлерот што го знам за Џон Сноу и се деси во следната сезона, партали ќе биде тоа. Дури и сестриве Старк може ќе се сретнат. Не знам дали и во книгите е така, ама нивните срања, особено Арја Старк, тотално не беа битни освен во првата сезона. Санса колку толку успеа да мрдне од место, ама Арја.. ништо интересно со Арја до финалево.

Сезонава имаше и некои ликови што, за жал, прерано завршија. Оберин, на пример. Нема и јас да почнам да фрлам со камења кон Џ.Р.Р. Мартин, ама е стварно цар за ликови што умираат кога доволно ќе ги засакаш. Баш ќе видиме кои ликови ќе умрат во петта сезона, сега кога ја грабнам A Feast of Crows. Почнува Играта на Спојлери, и завршува оваа глупава фора што ја прочита во истава реченица.

June 7, 2014

League of Legends Log #9: Обновена графика и дебели деца од Полска

Деновиве пробувам да кликам League of Legends после пауза од неколку месеци. Играта не прекинала никогаш со константната еволуција и новини, што онака се затекнав во малку поинаква околина. Нови херои, нови ајтеми, нови (глупи, додуша) модови, апдејт на некои од старите... Единствено што останало исто се разгалените дечишта уште упорно, упорно ќе ти ја упропастуваат секоја втора партија. Секоја втора партија има некој што плаче, менструира или едноставно се гаси пред воопшто да започне партијата. Верувам дека никогаш нема да се смени ова, така што можеш само да се надеваш дека другиот тим ќе го задеси ваква незавидна ситуација.


Покрај тоа што на четот си ги пцујат мајките, сестрите и си ја предизвикуваат сексуалната ориентација, деновиве играчите зборат за новиот апејт на графиката што доаѓа наскоро и е повод за постов. Искрено, никогаш немав проблем со изгледот на LoL, меѓутоа ако Riot решиле дека е време за промени, океј сум со тоа. Од краткиот тизер, може да се види дека ова е најсериозниот апдејт во оваа насока до сега. И, изминативе години играта добиваше графички подобрувања, ама никогаш до овој степен. Мене ми се свиѓа и едвај чекам да отиде ова лајв.

Промените се однесуваат само на визуелниот дел. Нема ништо различно што би ја променило стратегијата. Стилот од оргиналот се уште е присутен, па ова ќе дојде баш фино и освежувачки. Единствено нешто што приметив дека до многу потсеќа на DOTA 2. Доколку е ова намерно за да се придобијат играчи од најголемиот конкурент, некако ми делува како буљашки непотребен потег. Верувам дека поголем е бројот на играчи што играат League of Legends баш поради тоа што не изгледа како DOTA 2. Од друга страна па, логично е да оди во ваква модерна насока. Докторе, да не се предомислувам многу?


Е, сега битната ствар за тие со дрвени компјутери. Новата графика ќе бара малку поголема меморија, меѓутоа Riot правеле огромни напори за да ја оптимизираат и за сиромасите. Не само што има време за оптимизација, туку и ова не е конечната верзија, иако е блиска до крајната. Имаат време да го слушнат гласот на играчите, да направат промени кај што треба и да понудат јавна бета. Датум се уште нема, ама претпоставувам дека ќе е летово.

June 3, 2014

Silicon Valley: Прва сезона

За малку скептицизмот кон било какви нови серии после Breaking Bad и True Detective, ќе ми ги затвореше очите за серијава. Сепак, идејата за девелопери со стартап што си ја бараат среќата во Силиконската Долина некако успеа да испадне доминантна. Со само осум епизоди, Silicon Valley ми докажа дека HBO никогаш не грешат. Или барем лошите ствари некако се исфилтрирале кај мене. Серијата е феноменална. Башка, на Мајк Џаџ e (Beavis & Butt-head и Office Space)!


Она што ја двои Silicon Valley од останатиот телевизиски или филмски nerdsploitation, е тоа што е отскокнува од шаблоните, па дури и се заебава со нив кога ги потенцира експлицитно. Ликовите се реални, за разлика од дноно The Big Bang Theory каде што стереотипите одат во крајност. Ако ништо друго, не е за толку позерска публика. Тука, ситуациите се многу пореални.

Прв пат во слична серија, терминологијата и технологиите се погодени, не секогаш прецизно, ама најточно до сега. Да, има моменти кога пропустите се смешни (користат GitHub, а плачат за загубен код), меѓутоа хуморот, ситуациите и ликовите ми се доволно добри за балансот да биде воспоставен. Не верувам дека секој од сценаристите е девелопер, а очигледно е дека се потрудиле фино да истражат. А, можеби некои од пропустите се намерни, чисто за да се заплекаат стварите. И, тоа што IT компании и продукти одлично се рекламираат, воопшто не ми пречи, зошто некако ја прави приказната поубедлива. 

Silicon Valley веќе е обновена за втора сезона, ама за тоа ќе почекаме дури до следната година. Најголемата штета за серијата е смртта на Кристофер Еван Велш, актерот што го глуми Питер Грегори. За жал, успеал да сними само пет епизоди, па се осети во последните како е тргнат настрана од приказната. Претпоставувам дека во втора сезона сосема ќе го снема, зошто еве, ја ставија Аманда Кру во преден план, па нема да има потреба од изговори за неговото отсуство. Потенцијалот е огромен, публика има, материјал исто така, па сè што може да посакам се еден куп сезони. Летово ќе се изгледа пак, маратонски.

Деновиве изгледав уште една потценета HBO серија, Bored to Death, па ќе пишам нешто повеќе деновиве.