June 23, 2016

Низ дискографијата на Еминем: The Slim Shady LP

Година 1997. Маршал Метерс е локален рап херој кој и покрај стегнатиот талент не успева да си ја прехрани новоредната ќерка со растргнување микрофони во клубови доминирани од луѓе со потемна боја на кожата од неговата. Одлучен за последен пат да се обиде да допре до поголема публика пред да се врати на Хејли, деструктивната врска со Ким и да мие чинии за мизерна плата, заминува во Лос Анџелес и учествува на Рап Олимпијада. Освојува второ место, но неговото штотуку издадено Slim Shady EP, завршува во рацете на вработен во Interscope Records, присутен на Олимпијадата, кој му го пушта на Дре. 

Дре, воодушевен од талентот наредува веднаш да се донесе Еминем кај него. Додека не го сретнал во живо, не ни знаел дека е белец. Во моментот кога Еминем влегол кај Дре, бил толку сиромашен што дури и жолтиот комбинезон кој го носел, го добил како спонзорство од негде претходно. Луѓето што биле во студиото, почнале да се смеат. Смеата замрела во моментот кога отворил уста за да рецитира.


Еминем потпишува договор и во 1999 е излегува The Slim Shady LP, првиот албум снимен за голема издавачка куќа. Светот дознава за него по вечерната премиера на "My Name Is" на MTV. Животот му се менува буквално за еден ден. Непознатиот копиљ од Детроит сега не може да излезе од дома без да го следат армија фанови. Рап жанрот е исто така редефиниран, сега белец е главен, а музичката индустрија првпат се соочува со појава каква што е Слим Шејди, налудничавото алтер-его кое нема обѕир за ништо, измислено за "безбедно" да протне теми кои се толку вознемирувачки што би било невозможно да пројдат доколку не ги "сокрие" зад нешто така фиктивно.

The Slim Shady LP создава контроверзија преку ноќ. Низ певливи рефрени и размрдани мелодии, Еминем раскажува за тоа како со ќерка му Хејли одат да се ослободат од телото на мајка ѝ, новиот сопруг и неговото дете кои ги убил претходно ("Kim" од следниот албум е приквелот на оваа приказна). Насилството го комбинира со хумор кој звучи како да е излезен од цртан филм, а на тие што ќе се пожалат, им објаснува дека тоа не е тој, туку е всушност Слим Шејди. Раскажува за силување, повикува на самоубиство, брутално беззаконие, конзумирање дрога, остар шовинизам и теми кои му носат протести од засегнати родители и тужби од луѓе од неговото минато кои му се нашле на нишанот. Тужат и оние чии семплови Дре решил без прашање да ги искористи за музиката на албумот. Но, наместо да биде загрижен, им го покажува средниот прст.

Сепак, вештините за рецитирање и раскажување, ги препознаваат и оние кои може да прогледаат низ фикцијата на Слим Шејди и вистинското значење зад тоа. Не е само контроверзноста која го продава The Slim Shady LP во милион и пол примероци во 1999. Албумот има енергија каква што може да даде човек кој оваа шанса ја чекал цел живот и ја видел како последна. Не се штеди во ниту еден момент. Покрај темите кои ги заплашуваат критичарите и родителите кои мислат дека тој е одговорен за нивните сјебани деца, зборува и за минатото, сиромаштијата и детството во безмилосните гета и во Детроит. Реални рап приказни како "If I Had" и "Rock Bottom" кои се многу посериозни од тоа дека лично тој ги убил Никол Симпсон и Рон Голдмен

До овој момент, The Slim Shady LP е продаден во 18 милиони копии. За неговиот импакт зборува позицијата која денес Еминем ја има во рапот и музичката индустрија воопшто. Иако звукот на албумот лично помалку ми се допаѓа од остатокот од неговиот опус, го ценам како историски артефакт. Поради ова живееш во свет во кој црнци што го измислиле жанрот се плашат да не се најдат во неговите борбени рими.

Види такоѓе:

June 19, 2016

На светот му се потребни уште Pacific Rim филмови

Веројатно не на сите, сакам малку непотребно да генерализирам, меѓутоа мене ми треба нов Pacific Rim филм. Можеби светот и не беше спремен за Pacific Rim пред три години, не знам. Некако не паѓаме доволно во несвест околу филм каде што џиновски роботи се борат против џиновски чудовишта кои на Земјата доаѓаат преку портал кој се наоѓа на дното на Тихиот Океан. Не ми е јасно како ова не е културолошки феномен денес и зошто е дозволиво Transformers филмски серијал да им поголемо глобално влијание. Дали е тоа само прашање на поинтензивен маркетинг или вниманието на публиката полесно се добива со брендирани моторни возила кои се преобликуваат во џиновски роботи?


Не можам да им кажам на луѓето што да сакаат, ама барем можам да се обидам да разберам зошто не ги сакаат истите ствари како мене, така? Колку и да е желбата за разбирање погрешна. Дали навистина побрутален маркетинг ќе го обединеше светот во љубов кон Pacific Rim како тоа што го направи Star Wars или некои суперхеројски адаптации? Дали доколку беше базиран на веќе постоечки материјал ќе беше поуспешен? Што не успевам да видам тука? Една работа, сигурно. Мааните на Pacific Rim. Барем оние што би можеле да го проколнат филмот надвор од сеќавањата на широката публика.

Бев толку скептичен околу Pacific Rim и способноста на Дел Торо да го изведе правилно пред три години, а сега ми станува подобар со секое гледање. Како што поминува времето, веројатно ќе ми стане и стандардниот филм за преживување мамурни денови. Има ебени џиновски роботи што удираат боксови на интердимензионални диносауруси! А, кога ќе згусти, истите тие роботи со најкул имиња на светот пукаат ракети и вадат ебани џиновски мечови. И, како ова не е најкул ствар што се има случено во историјата на блокбастерите после лајтсејбери, машини пратени од идинината да убијат десет годишни деца и археолози со камшик и шешир кои се тепаат со нацисти? 

Гледај го внимателно филмот, преубаво изгледа. Визуелниот момент што се одвива пред тебе е маестрален. Ако не ти се насолзат очите од бесмислосна битка помеѓу машини и клонирано тврдо месо на дното на океанот, ќе се изгубиш на дождливата неонска сајберпанк атмосфера која Дел Торо ја креира во Хонг Конг. Секој кадар преполн, цело време се случува нешто во позадина. Тоа е таа режисерска мајсторија. Баш тој визуелен аспект има огромно улога во градењето и обликувањето на светот кој е на раб на уништување од тие подводни гомнари. Брилијантно е. Затоа и толку добро се вклопуваат тие ликови излезени како од аниме што толку многу им пречат на сите.

Со години, продолжението беше неизвесно. Или целата франшиза, што во моментов и не е баш ...најпостоечка. Пред некој месец продукцијата продолжи да се одвива и вториот дел веќе има работен наслов, Maelstorm. Дел Торо ќе биде заменет со Стивен ДеНајт од Spartacus, но останува како продуцент. Деновиве има вест дека Џон Бојега ќе биде во главна улога. Датумот за премиерата на новиот Pacific Rim е 4-ти август 2017 23-ти февруари 2018. Студиото има амбиции и за трет дел, па можеби во меѓувреме светот ќе види што навистина е ова ремек дело.

June 13, 2016

Warcraft (2016)

Ете, го гледав пак. Овој пат во IMAX 3D. Нешто што ме разгали до степен да сум сигурен дека ниту едно друго кино искуство нема да успее така да ми ги раздрма сетилата. Уште ги осеќам звучните вибрации во стомак. Веројатно истото чувство е кога поминуваш низ Темниот Портал. Од претпремиерата до овој хордашки аџилак со Бојчо во Софија, имав време да прочитам некоја рецензија, претежно од тие кои го распнаа филмов на сув асфалт под жешко сонце, и уште не ми е целосно јасно што не е во ред. Се обидов вториот пат да имам пообјективна перцепција, да ја разберам и страната која можеби е делумно одговорна за финансиската катаклизма на филмот (освен во Кина, нели), но на крајот пак ми изгледа како да сме гледале нешто комплетно различно. 

Иако е уште рано да се зборува за пропаста на Warcraft, јасно е дека филмот не доспеа до тој епохален триумф по кој времето во филмската историја ќе се сметаше "пред и потоа". Штета. Но, можеби сепак не е доцна за втора шанса. Има некој финансиски залет последниве денови што теоретски би можел да обезбеди продолженија ако воопшто студиото има волја за тоа. Единствената причина поради која ме загрижуваат лошите рецензии е токму ова. Сакам да видам уште. Во овие два саати, колку и да е густ материјалот, пак покрива само еден мал дел од митологијата. Уживав во секоја секунда, секое намигнување со референци ексклузивни за играчите, секој компјутерски допрен Орк и цел феноменален кастинг.


Разбирам дека приказната можеби е нејасна за публиката која немала контакт со изворниот материјал, но филмот не е толку лош. Warcraft не се обидува премногу да надомести за отсуството на некаков солиден вовед и запознавање. Не знам зошто е тоа така, можеби Данкан Џонс имал премногу верба во "домашната" публика, па не се претргнал премногу со крпење на дупките каде што би можеле да се сопне остатокот. Но, ете, таа публика, заедно со критичарите, испадна факторот кој ќе го одредува успехот на филмот, што некако е логично кога веќе го претставуваш ова пред широка маса како блокбастер. Не се тие виновни. Од друга страна, имаш и хардкор публика која се беси за секоја ствар што се разликува од историјата што ја познава. Јас, како некој што е упатен во игрите и нема проблем со таквите разлики, си добив нов омилен филм.

Го видов Стормвинд, Голдшајр и Елвин Форест на самиот почеток на филмот. Истите локации кои ми се првите спомени од World of Warcraft пред десетина години. Премногу сум слаб на носталгија за да сум рамнодушен. И, не, тоа не е нешто што филмот го прави за да ти се продаде во замена за тие чувства. Мурлокот во реката и Харвест Големот се тоа. Ова е тој ебан свет што толку долго чекам да го искусам на ваков медиум и сега е конечно тука. Го видов Ајронфорџ. Видов Орки и лидерите на нивните кланови. Дуротан и Оргрим. Гул'дан. Мрсулаво бебе Трал. И, оние како Хелскрим, што само беа во позадина. Некои не беа ни спомнати по име, но знаев кој е кој и се смешкав од возбуда. Кога Лејн ќе му се обрати на малиот Варијан, кога глинениот џин што Медив го ваја во Каразан ќе стане Фел Инфернал... Тоа се тие моменти што ми го градат ова филмско искуство, макар биле и само сентиментални парчиња фрлени на едно место.


Се изначитав и глупости за тоа како Данкан Џонс не обрнувал внимание на детали. Од истите тие критичари кои освен тоа дека постојат игрите, не знаат друго за нив. Има една сцена каде што од изометрична перспектива камерата се движи низ неколку Оркшки кампови во уништени шуми и директно ги референцира стратегиските игри. Тоа ако не е обрнување внимание на детали, господо, не знам што е. Со што го споредувате филмот и какви детали фалат? Ги контам критиките за сценариото, дури и оние за темпото, но ако нешто е присутно во филмот, тоа се ебаните детали, украси и ситници. На моменти темпото е чудно, да. Ќе се сложам. Фали минутажа од тие 40 кои не завршиле во крајниот рез. Пример, сцената кога Кадгар заминува за Даларан е премногу кратка и сигурен сум дека има материјал кој не е искористен во оваа верзија.

Многу сакав Warcraft да биде повеќе од "филм само за нас". За сите да ја осетат магијата на тој универзум. Мене секако ќе ми беше ова што ми е, без разлика кој дел од фолклорот ќе го опфатеше. Прецизно ми ги погодува сите ноти. Не беше тмурен и мрачен, напротив, беше разигран и комплетно во духот на корените. Ама, јас ќе бев среќен дури и со Орки што берат цвеќиња два саата. Тоа е таа безусловна слепа љубов.

June 10, 2016

Detective Comics #934 на Џејмс Тајнон и Еди Бароус

Detective Comics, исто како и Action Comics, во Rebirth линијата продолжува онаму каде што застана со нумерацијата пред Новите 52. Џејмс Тajнон IV е кул тип. Ако некој заслужи да добие ангажман за Бетмен сценарио, тоа е Тајнон. Ученик на Скот Снајдер кој во последниве пет години им докажа на сите дека умее да се справи со Бетмен и она околу него. Симпатиите на публиката и DC му обезбедија наслов каде конечно ќе го има главниот збор. Сам, без Снајдер или било кој друг од ветераните да го држи за рака. Резултатот е одличен, многу поефективен од Batman: Rebirth #1 каде што не успеав да си создадам јасна претстава за тоа што се случува таму. Ниту пак имав желба да читам пак за да откријам.


Тајнон се снаоѓа и во вакви приказни, каде што акцентот е повеќе на Бет-фамилијата и аркадната акција. Барем во овој воведен број, кога приликата да се истражи под лилјачкиот костим е ограничена. Не само по бројот на страници, туку и поради тоа што Detective Comics #934 е приказна која формира поголем тим предводен од Бетмен и Бетвоман кој би се спречил со новата закана во снежниот Готам. Уште не сум сигурен што точно се случува, ама кога Бетмен ќе побара помош од Клејфејс знаеш дека е сериозно.

Освен Робините и Алфред, остатокот од Бет-фамилијата никогаш не ми бил забавен. Особено не ликови како Бетвоман или Бетгрл. Оракл е океј, меѓутоа кога ќе видам женско во Бет-костим ја правам истата гримаса како Крипто (суперкучето на Супермен, нека ме убие некој) кога ќе го видам. Никогаш не успеав да ги разберам во целост, ниту да видам дека се нешто повеќе од Бетмен наменет за друга публика. Веројатно грешам, но не сум видел приказна која ме импресионирала. Но тука, додека дојдеш до последната страница, Тајнон веќе ја сместил Бетвоман на вистинското место. И, некако се вклопува природно во текот на настаните.


Цртањето на Бароус е феноменално. Со оглед на тоа колку многу ликови му се дадени на располагање и колку акција има во насловот, одлично се снаоѓа. За цртач кој ми е релативно непознат, успеа многу пријатно да ме изненади. Некои панели се апсолутно совршенство. Меѓутоа, проблемот е во новиот костим на Бетмен. Разбирам дека сакале да го освежат, но Џим Ли ова што го создаде за Rebirth уште не можам да го прифатам. Симболот е чуден со тоа жолтата контура, а наметката што е виолетова од внатрешната страна нема да заплаши никого. Колку и да му ја погодиш анатомијата, премногу е некако шарено. Се надевам дека ќе се одлучат за потемна варијанта во иднина. 

Detective Comics ми изгледа многу позабавно од главниот Бетмен наслов. Тајнон со ова ги надмина Скот Снајдер и Том Кинг и покрај тоа што му е доделен наслов кој има многу помалку Бетмен во него и е поакционен. Не знам што точно се случува. Можеби добрите, сериозни приказни ги чуваат за All-Star Batman (на Снајдер и Џон Ромита Џуниор). А, тоа излегува дури за два месеци.

Teenage Megan Ninja Turtles: Out of the Shadows (2016)

Бев на Нинџа Желки во кино. Не ми е незгодно. Дури ни тоа што со другарката бевме највозрасните меѓу сите тие седум луѓе внатре и тоа што единствените гласови што се слушаа беа на ова долупотпишано магаре и две деца некаде во скоро празната сала. Филмот е... забавен. Нинџа Желки е, секоја варијанта им е добра. Да не се повторувам. Но, колку и да не смееш да пристапиш сериозно на нешто вакво, на моменти ја губев мојата десетгодишна наивна персона и дозволував да надвладее возрасниот циник. 


А, Teenage Mutant Ninja Turtles: Out of the Shadows е адаптација на сите добри спомени од серијата. Таа, оргиналната. Рокстеди и Бибоп, Кренг, Шредер, Кејси Џонс, Бакстер. Ги има сите состојки да биде најдобриот TMNT филм некогаш направен. А, зошто дефинитивно не стареам толку лошо, нешто мора да не е во ред со филмот. Не ги користи тие состојки за прецизно да ја погоди целта. Разбирам дека е за деца, разбирам дека Меганфоксплоатацијата и типон од Arrow се тука за има и повозрасната публика да гледа во нешто што не е антропоморфна желка, но има многу ствари што ќе те натераат да си се извиниш и сам на себе. 

Ниту еден Технодром во филмот не успева да надомести за плиткото сценарио. Мислам, сум видел и полошо и свесен сум дека не треба да ги гледам пукнатините на факинг Нинџа Желки, ама кога можеш да ја предвидиш следната реченица што некој лик ќе ја изусти знаеш дека нешто не е баш на вистинското место. Забавно е само првите триесет пати да си погодуваш така. Во претходниот филм некако успевав да ги игнорирам сите боцкава работи. Тука, не баш.

На моменти Out of the Shadows тотално не знае ни што да прави со тие еднодимензионални ликови. Желките се постојано во некаков неоснован конфликт, Меган Фокс трча полугола наоколу и забораваш дека е репортерка до последните три минути од филмот, останатите упорно ги трпат арогантните постапки на Шредер, Рокстеди и Бибоп си прдат еден на друг.... Кејси Џонс, каков-таков е исклучокот кој навистина прави некаква разлика некогаш. Останатото е онака, калакурница, дури и за тоа што се обидува да биде. Кога функционира е супер. Кога не, сакаш да си ја покриеш главата со кутија пуканки. Додека сепак си проаѓаш добро, така? Не се каам за ништо.

June 9, 2016

Хаосот со Супермен во DC Rebirth

Веќе е излезена втората тура од DC Rebirth насловите. Superman: Rebirth #1 и Batman: Rebirth #1 ги читав минатата недела, оваа Action Comics #934, спремни ми се Detective Comics #957 и Flash: Rebirth #1. Поднасловот и нумерацијата се ужас за нови читатели. Скроз е конфузно. Ова "Rebirth" на секој наслов ќе го снема во следниот број кога пак ќе бидат обележани со #1, додека Action Comics и Detective Comics продолжуваат онаму каде што се застанати со Новите 52 (кога почнаа од кец, нели?). Браво бе, DC. Минатиот пат убација #0 број после #11 или така нешто. Браво. После слаба била продажбата. Некој првпат што гледа стрип секако ќе знае дека Superman Rebirth #1 е различно од Superman #1 на кој исто стои дека е дел од Rebirth.

Океј. Сега кога ги оправив маркетинг одлуките на DC ќе се фокусирам на Супермен. Бетмен ќе го скокнам засега зошто апсолутно немам никаква идеја што точно се случуваше во Batman: Rebirth #1. Том Кинг, под менторство на Скот Снајдер, се обидел да напише некоја приказна која природно ќе тече после последниот број, меѓутоа тотално ништо не ми беше впечатливо. Има некаков црн Робин кој веројатно се појавил во еден од тие седумсто Бет наслови од Новите 52. Не знам кој е, не знам како е поврзан со Брус Вејн. Ако се појавил некогаш, не можам да се сетам. Имав чувство како да читам средина на некаква приказна со која не сум во тек. За прв број тоа никако не е добро. Но, ова е првиот прв број. После ќе има втор прв број, и така...


Супермен е... супер. Хехе. Ах, ме мрзи, ама ајде. За разлика од Batman: Rebirth #1 кој се однесува како ништо да не се случило со ликот во Rebirth ивентот (не се случи), сè што има "Супермен" во насловот се однесува со ликот и митологијата како мајмуни со голема растурена сложувалка. Откако други мајмуни изеле неколку парчиња, се разбира. И, сега првиве се обидуваат да склопат некој дел што ќе има смисла. Интересно е, го има оргиналниот Супермен од пред Flashpoint, оној забрадениот што има дете со Лоис во Lois & Clark и се најдоа запустени во 52 универзумот каде што живеат скришно. 

По смртта на Супермен од тој универзум, кој никој не го сакаше (освен јас и сигурно уште неколку во една прилика), дури ни DC, Superman: Rebirth #1 прави напор тој Супермен да остане мртов. Секако, "оргиналниот" се однесува со почит кон овој што го "избркаа" со небитна смрт, но претежно се флешбеци од култниот Death of Superman на Ден Џургенс и она што следувало отпосле. Идејата дека Супермен не може да умре, дека бла, бла... Практично, изговор за Супермен што сите го сакаат да се врати, притоа да не изгледа дека преку еден број сите треба да заборавиме на оној 52 таксиратлија.


Истиот Ден Џургенс го пишува Action Comics #957, каде што всушност е вистинската возбуда. Ова гради директно врз Superman: Rebirth #1 и Lois & Clark #8, последниот број од семејната идила на Кентови. Нема поента насловот да продолжи понатаму нели, кога веќе се дел од редовниот серијал. Не знам од каде ми беше таа идеја дека ќе тера и ова. Небитно. Сега кога светот знае дека Кларк Кент и Супермен се мртви (Лоис во 52 се има погрижено да го издаде на цел свет. Фала Лоис, козо една), но не знае дека таму некаде се крие брадосан Кларк кој тајно делува во црн костим со бело "С", Лекс Лутор лета низ Метрополис претставувајќи се како новиот Супермен. Сите сакаме да сме Супермен некогаш, нели Лекс? Епа не може. Оргиналниот Супермен решава дека е време да излезе од криење и да го спаси светот од овој наметлив Лутор.

Додека се одвива 239-тиот конфликт помеѓу Лутор и Супермен, Џургенс прави пресврт што дополнително ги комплицира сите ствари што се обидуваат да направат кохеретна целина од искасапениот 52 универзум. Се појавува Кларк Кент! Кларк факинг Кент. "Стварно сум јас, Џими", а ти земаш длабок здив и гледаш видео со зајчиња во чаши за малку да ти се разбистри. Ако ова е Кларк Кент, кој се тепа со Лутор? Ако 52 Супермен е мртов (ако до сега не сфати дека е истата личност, не знам...), тогаш од каде е дојден овој Кларк Кент и како светот ќе го прифати ова? Не само светот во стриповите, со нас што правиме? Целото ова склопување делчиња од различни места е секако глупаво, но во исто време забавата додека посматраш како ќе се отплеткаат од ова е преголема. Затоа и едвај чекам да видам што ќе се случува понатаму.

Чекај, чекај.... а што се случува со Лоис од 52 универзумот? Каде 52 Лоис? Ах. Таа Лоис ќе биде Супервоман во Rebirth. Што?! Како мисл.. Не. Не се ни обидувај, океј?

June 4, 2016

Пост-трауматските растројства од Insurgency

Мркли мрак. Со Наум и Бојчо чуваш сандак со оружје и муниција во некоја рушевина што сте ја освојувале четириесетина минути. Потполно е тивко, истрелите се стивнати. Единствено што можеш да чуеш е сопствениот забрзан пулс. Го слушаш преку слушалици. Бавно пушиш цигара за да останеш смирен. Од другата страна повремено ќе се чуе мачорот на Наум како жали за изгубените јајца. Само што ти дошло да воздивнеш длабоко во знак на конечната победа која доаѓа следниот миг, пука ракета. Сега сте сите мртви. Пцуеш и почнуваш отпочеток.


Insurgency не е CS:GO. Insurgency е симулатор на урбана војна каде постојано имаш близок контакт со непријателот. Ако сакаш да останеш жив треба да си тивок, трпелив, фокусиран и прецизен. Да ја користиш околината за да се засолниш, да го штитиш тимот додека се пробива кон непријателот и да водиш сметка уште колку муниција имаш до следното репетирање. Секоја акција мора тактички да биде пресметана. Некогаш е доволно само еден куршум за да те усмрти. Некогаш те усмртува ракета, нож или Наум по грешка. Војната е пекол, нели?


Играта има доволно модови за две недели да сонуваш различен кошмар. Некои ноќи се будиш испотен од мапата каде што треба постепено да освоиш неколку точки за победа. Некогаш си на напуштен пазар на Блискиот Исток со мисија да елиминираш 24 непријатели со твојот тим од едвај осум луѓе. А, во секој мод на играње, твојата улога во тимот е битна. Не може секој да биде снајперист. Оружјата и опремата што ќе ја користиш на мисијата ти се определени според улогата што планираш да ја играш. Затоа координацијата на почеток не треба да се занемари. Арсеналот ти е ограничен.


Покрај официјалните мапи и модови, Insurgency има доволно голема посветена заедница која придонесува со креирање на сопствени. Сакаш да колеш нацисти со бајонетот на пушката во Втора светска војна? Нема проблем, има мод што нуди епска битка низ канали и куќарки со огромни тимови. Моментално ми е најзабавната пуцачина. Ептен отскокнува од стандардното трчање и пукање на кое сум навикнат. Тука не можеш ни шаржер да смениш додека трчаш. Мора да клекнеш скриен додека другарчето се грижи да не ти го разнесат мозокот на ситни делови.

June 2, 2016

Wаrcrаft е најдобриот филм на сите времиња

Океј, можеби и не е баш, ама насловот буквално го искуцав со овие две стврднати брадавици. Филмот е спектакуларен. Сè што очекував дека ќе биде. Не можам да сум објективен кога е во прашање Warcraft филм што го чекам десет години. Премногу ја сакам франшизата и таа љубов не дозволува да му ги видам мааните. Ако сум се мочал на синематици од игрите што траат три минути, замисли што може да ми направи филмска адаптација од два саати. Добро замислуваш.

Го гледав на претпремиерата, па ќе се воздржам од детали додека не почне редовно да се прикажува. Ќе го гледам пак, одам во IMAX кино следната недела. Многу би било себично ако кажам дека филмот е стриктно за фанови, но намерно или не, резултатот изгледа баш така. Некои работи што се случуваат веројатно нема да бидат целосно јасни за публиката која не е запознаена со изворниот материјал, па можеби затоа критиката е толку строга. Не дека не можело да се реши со една нарација на почетокот, но тоа е тоа. 


Сепак, функционира. Како љубовното писмо кон фановите, сосема. Ликовите, локациите, приказната. Вриштaт чист Warcraft. Умерената количина на хумор низ филмот е присутна за да потсети дека филмот не е нешто што се доживува себе толку сериозно. Анимацијата на Орките е доведена до совршенство. Немам видено подобри компјутерски-генерирани суштества до сега. Многу природно се вклопуваат со луѓето. А, и тој дел од кастингот е одличен. Тревис Фимел и Бен Шнецер блескаат во улогите.

Некои ситници можеби делумно отсокнуваат од фолклорот, но сепак Данкан Џонс успешно ја задржал суштината. Има и толку многу мали детали од светот што ќе ги приметиш само ако гледаш внимателно. Сите тие работи зборуваат за тоа колку е богат овој универзум и каква штета ќе биде доколку филмот не оствари доволно профит за да си обезбеди продолженија. Ако почетокот беше ваков мамутски, можам да замислам какви би биле следните. Ова само ме остави жеден за уште.

Изгледа дека Данкан Џонс ја скрши клетвата со лоши адаптации на игри. Од сите што сум ги гледал, ова најблиску ја погодува целта. Додека го пишувам ова уште нема бесна толпа што се обидува да ги запали канцелариите на Blizzard и Legendary Pictures, па да го сфатиме тоа како добар знак. Ќе пишам повеќе за филмот после второто гледање.