February 25, 2009

Punisher: War Zone (2008)

Вербата во новиов филм ја загубив уште кога Том Џејн се повлече од филмот и го отстапи местото на Реј Стивенсон. Излезе сосема неприметно кон крајот на минатата година. Не привлекувајќи никакво внимание, успеа некако да се протне низ публиката и критиката. Наводно, филм правен само за фановите на The Punisher. За жал, до мене не успеа да допре, а се сметам за голем фан.

На прв поглед, делува како совршен The Punisher филм. Има стриповска атмосфера (нешто што често недостасува кај филмовите базирани на стрип), има вистински негативец (Jigsaw) кој навистина постои во стриповите, има доволно акција... дури и Micro го има. Почнува со брутални акциони сцени, баш како што прилега на The Punisher, без никаков вовед во приказната, бидејќи на некој начин е продолжение на The Punisher од 2004. Единствено, има мал флешбек каде што семејството на Френк Кесл гине како во стрипот, а не како во филмот од 2004. Jigsaw е комплетно стриповски направен и ми се допаѓа како функционира на филм, без никакви претензии да се направи ликот “реален”. Плус Доминик Вест е одличен.

Најголемиот проблем е самиот Френк Кесл, односно Реј Стивенсон. Премногу стерилен и неубедлив, а згора на тоа го докусурува и лошата костимографија. Черепот на костимот речиси и да го нема, а носи и некаков лош панцир со ролка што го прави дури и смешен. Зошто не зеле пример од The Punisher MAX стрипот? Тоа е најдобриот изглед за Панишер што го имам видено до сега и е најадекватен за на филм. Не би рекол дека ова е ситница, баш напротив, Френк Кесл треба да изгледа кул, не да носи ролка.

Покрај тоа што главниот елемент на филмот е комплетно сјебан, ни приказната не е воопшто поштедена. Претпоставувам дека сценариото е пишувано набрзинка, затоа е неконзистентно и полно со маани, што ја прави приказната тешка за следење. А, да не почнувам за клишеата кои може да се видат во било кој филм. Значи имаме филм кој не нуди ништо повеќе од просечна акција со Стивен Сегал, со тоа што Стивен Сегал е многу подобар од било што во Punisher: War Zone. Punisher: War Zone не е ни забавен за гледање, туку досаден е и трае предолго. Има купче беспотребни сцени каде што спласнува целиот интензитет, но и без тие резултатот би бил просечен акционен филм. Се надевам дека ако планираат уште еден дел, ќе земат во предвид што навистина сакаат фановите и како треба да изгледа еден The Punisher филм...

Ако мора да го оценам, нека биде 5/10.

February 10, 2009

Уште нешто за Runes of Magic...

Runes of Magic привршува со бета-тестирањето и првата стабилна верзија ќе биде пуштена на 19-ти март годинава. Месецов играта го достигна рекордот со над 450.000 регистрирани карактери (во декември минатата година имало 100.000), што е и повеќе од одлично за MMORPG игра која е бесплатна и го нуди скоро истото што и игрите за кои се плаќа месечно, како на пример World of Warcraft. Името кое ќе го носи конечната верзија е Runes of Magic Chapter I: Rise of the Demon Lord.

Успеав да стигнам до level 11, по што се отвори можност да изберам и втора, алтернативна класа и избрав Warrior. Сега сум Mage Warrior. Стигнав и до главниот град, Varanas City (види скриншоти) што многу потсеќа на Stormwind, но е далеку посиромашен со детали. Незнам дали е до мојата слаба машина (512MB RAM) или лагот во градот се должи на преголемиот број на играчи, но е речиси невозможно движењето низ него. Во местата каде што има помалку играчи, играта се одвива нормално. Доколку е ова проблем од самата игра, се надевам дека ќе биде поправен во стабилната верзија.

По скоро еден месец играње, јасно се гледаат недостатоците на Runes of Magic. Но, сепак се работи за бесплатна игра и тоа е тоа. Најголемиот проблем е сиромашниот избор на опрема, барем за класата што јас ја играм. Често се случува да налетам на многу други играчи кои ја имаат истата опрема што ја има мојот карактер. Квестовите ги има доволно, не се којзнае колку комплицирани, ќе видиме за понтаму. Планирам да играм колку да видам до кај оди играва и што има на другиот дел од светот Taborea.

Инаку, интересно е тоа што секој карактер може да си има посебна куќа која може да послужи за повеќе работи, меѓу кои и менувањето на примарната и алтернативната класа. И пак ќе мора да направам споредба со World of Warcraft, тука коњите покрај тоа што се купуваат, може и да се изнајмат, од 15 минути до 2 часа, и не бараат riding skills или било што такво...

February 6, 2009

Месец на Lord of the Rings

Изминативе неколку недели се позанимавав со Lord of the Rings. Ги читав книгите (само The Fellowship of the Ring ја имав читано претходно), ги гледав филмовите и ја играм Lord of the Rings: The Battle For Middle-Earth. Последен пат за Толкин бев до овој степен заинтересиран во средно, баш кога беше актуелен The Two Towers. Заедно со хајпот, спласна и мојот интерес па и не му обрнав големо внимание на The Return of the King.

Трилогијата е совршена. Толкин е генијален раскажувач, детално ја обработува приказната, ликовите и светот во кој се наоѓаат. Книгите се прилично динамични, но на (ретки) моменти се толку напорни, што едвај чекав да стигнам до следното поглавје. Зборувам за деловите каде што Дружината патува од едно место на друго и не се случува буквално ништо, па Толкин на неколку страници раскажува за околината низ која поминуваат. Ја сфаќам поентата океј, како на друг начин би се отсликале деновите/месеците потрошени на напорното патување? Најголемата маана на филмовите е токму тоа. Сé се случува пребрзо, па изгледа како да трае една недела, а не неколку месеци.

Кога би почнал да ги споредувам книгите со филмовите, можеби би извел заклучок дека се комплетно промашување кое го сквернави маестралното дело на Толкин. Се трудам да ги третирам одвоено, бидејќи така најдобро функционираат. Сепак, филмовите се феноменални и сигурен сум дека во следните 10 (и повеќе?) години нема да има подобро fantasy остварување. Сепак, има неколку детали кои навистина ми пречат во филмовите (Елфови на Helm's Deep?!), речиси сите кои ги Питер Џексон решил сам да ги додаде и ги нема во книгите, притоа исфрлил битни работи од книгите. Иста така, верувам (а претпоставувам и Питер Џексон исто) дека пошироката публика полесно ја прифаќа љубовната дилема на Арвен отколку Том Бомбадил.

Книгите се навистина обемни и верувам дека е тешко да се пренесат на филм, па затоа се трудам да не бидам толку строг. Мислам дека не би можело подобро од колку што е, освен со некои измени кои ги спомнав. Крајот е исто така различен, бидејќи пред да го испратат Фродо, Хобитите го ослободуваат the Shire од Саруман. Според Џексон, времетраењето би било значително продолжено а и филмот би имал поинаков ефект.

Бидејќи уште сум под влијание на LOTR, периодов ќе се позанимавам со читање некои додатни материјали, покрај тие во книгите. Ќе го гледам и цртаниот, ќе видам уште некоја игра, а веќе си купив и карти (LOTR картите се слични на Magic: The Gathering)...

February 5, 2009

My twin haunts me

Прво, клик на линков, па после текстот под сликата, ок?

Се работи за дел од маркетингшката кампања за филмот The Unborn кој излезе деновиве. Ме купија со финтава и едвај чекам да се појави подобра снимка и да го гледам. Не очекувам многу, ми личи на генерички хорор од Б-продукција, ама сепак, рекламава...

February 2, 2009

Преглед на Conflux

Викендов беше светскиот prerelease event на новата Magic: The Gathering едиција, Conflux, втората едиција од Shards of Alara блокот. Кај нас prerelease турнирнирот е одложен и ќе се одржи во недела, на 8-ми февруари. Ќе играм, со надеж дека ќе ги добијам двете карти (барем по една копија од двете) кои се единствените од едицијава што навистина би ми биле корисни.

Целиот Shards of Alara блок отиде предалеку со мешање на боите, па голем дел од новиве карти се со пет бои, а успеаа да направат и карта која иако потешко влегува во игра, е речиси невозможно да не ја добие партијата. Незнам кој е јунакот што стои зад Progentius, но успеа да создаде нешто што ќе го уништи духот на играта. Браво! Сега ќе имаме декови со Progenitus и декови со кои ќе се обидуваме да преживееме. Со ова, Conflux според мене е најлошата Magic: The Gathering едиција.

Настрана тоа, јас планирам да си направам моно-црвен дек со Banefire и Voracious Dragon, кои ги спомнав погоре. Двете карти одлично функционираат со Гоблини, така што ќе ми биде мило да продолжам да играм со оваа раса и понатаму. Единствено ми е страв од цената која би можеле да ја достигнат (се шпекулира дека Banefire ќе чини 15$). Како и да е, останатите карти ги имам, па ќе пробам да се скрпам некако.

План Б ми е досредување на Esper декот, ќе пробам да го прилагодам за турнири, зошто има неколку карти што би можеле да си го најдат местото кај мене. За повеќе, после prerelease-от.