October 31, 2011

Community владее!

Скроз блесава серија! Првите две сезони ги изгледав за недела дена и моментално ја гледам тековната, трета сезона. Сјајот на серијата најубаво се гледа во втората сезона, каде што сценаристите тотално забегуваат, како на пример епската епизода "Advanced Dungeons and Dragons" или финалето. Community имам гледно и пред две години, првите две епизоди и таа со пејнтболот од прва сезона, мада тогаш не ме привлече толку, па сега сфаќам што сум пропуштил. Од друга страна испадна супер, зошто и онака е серија што комотно може да се изгледа во еден здив.

Чеви Чејс е маестрален тука. Човекот очигледно како што старее, станува се побудала и побудала. Сите ликови се одлични, а особено Абед, кој преку неговата опсесија со филмови и серии, често го крши "четвртиот ѕид".

За Community допрва ќе пишувам, а ќе составам и една листа со најдобрите епизоди. Задолжително гледање, штета што толку време ја потценував серијава. Заедно со Modern Family, се најквалитетните ситкоми што моментално се прикажуваат во САД.

October 29, 2011

Are you sure you want to remove Dead Island?

Додека правам uninstall на Dead Island, да кажам неколку работи. Dead Island ме привлече уште со трејлерот што го објавија неколку месеци пред играта да биде пуштена во продажба. Знаеме сите од каде си ги набавуваме игрите (секоја чест на исклучоци) и во каква верзија се првите рипови, па тоа беше случајот и со оваа. Ја симнав уште првиот ден и наредните неколку денови ги потрошив барајќи асален patch кој ќе ми го среди проблемот со сејвување на прогресот и рендом крешовите што се појавуваа.

Успеав да го проработам и го завршив првиот дел од играта. Откако го завршив и вториот во еден здив (добри неколку саати играње), видов дека пак ме враќа на почеток. Толку. Немам веќе нерви да ги играм истите ствари пак и пак.А, играта е ремек-дело! Зомбија на тропски остров во сред бел ден? Дај! Dead Island е можеби најдобрата комбинација на акционен FPS и RPG. Првиот впечток ми беше дека се работи за игра многу слична на Fallout 3, само со друга тематика и не толку комплексна.

Најмногу ме воодушеви дизајнот на островот (кој е всушност туристичка дестинација) на кој се одвива приказната. Толку убава и детална околина немам сретнато во ниедна друга игра. Ги завршував и сајд-квестовите, само колку да можам да разгледувам и да се чудам колку е добро направено. Браво за дизајнерите, заслужуваат три месеци да си ги ладат во базени како во играта.

Гејмплејот е исто така посебен муабет. Млатење зомбија до бескрај со весли, метли, шипки, плински боци и се' останато што би можело да се искористи против нив. Покрај тоа, има опција за правење на оружја со материјалите што играчот ги собира по островот, па така што лесно може да се дојде до бејзбол палка појачана со шајки. Значи, настрана Resident Evil серијалот, ова е правата zombie survival игрица.

Покрај тоа што не успеав да видам ни пола од играта, криво ми е што не видов што се случува понатаму со приказната. Почнува како ликот на играчот се буди од пијанство, мамурен, среде инвазија од зомбија и продолжува да забегува во некаков заговор, од кој делови се откриваат со разни снимки и белешки што може да се најдат по пат. А, да не зборам на колку Lost референци налетав... Штета. Иако е заразно срање што цица многу слободно време, Dead Island ќе мора да ми остане недоиграна. Пре би ја купил оргинал, отколку пак да се малтретирам со печови (или само си барам изговор, зошто немам време за играње). Да не зборам дека има и поддршка за мултиплеер што ја прави уште подобра!

Една од најдобрите пет игри за 2011.

October 27, 2011

Новите DC: Swamp Thing #1 и #2

Уште одамна реков дека ќе посветам неколку реченици на Swamp Thing, како едно од најголемите изненадувања за мене во рибутот на DC. Стрипот го работат Скот Снајдер, исто така одговорен за приказната на Batman, и Јаник Пакет (се надевам дека вака го читаат), тип со прилично богата библиографија, полна со звучни наслови.

За мене ова е прва средба со овој лик и уште во кецот ми беше јасно дека ќе го следам и понатаму. Чекав два броја пред да пишам за поубаво да навлезам на приказната која упорно се замрсува како што напредува. Немам ни основно познавање за ликот од претходно, па затоа ми е интересен прогресот и настаните кои уште не земале некаква солидна форма. Уште се истражува настанувањето на огромното зелено суштество, се појавуваат муабети за некакво Собрание на Дрва и друго битие како Swamp Thing, кое на докторот Алек Холанд му објаснува што се случува, на кој пак му е јасно речиси исто колку и мене, бидејќи има проблеми со сеќавањето. Се памти себеси поврзан со овие суштества, но не е во можност да ги поврзе точките. Другиот Swamp Thing претскажува што ќе се случи во иднина, но и тоа во никој случај не е добро за Земјата.

Сценариото на Скот Снајдер е феноменално, прецизно навлегува во детали и гради приказна која верувам дека допрва ќе станува уште подобра. Надополнет со талентот на горе спомнатиот цртач, резултатот заслужува највисока оценка и е задолжително четиво за љубителите на квалитетен стрип. Уште во првиот број ги убација Бетмен и Супермен, па ќе биде одлично доколку ги видиме и нив во изданијата кои следуваат. Вториот број завршува со интересен пресврт кој дополнително фрла бензин во разгорената приказна. Очигледно е дека ќе се случува некој општ хаос во кој допрва ќе ја видиме вистинската улога на Алек Холанд.

Моментално сакам да го следам стрипов без да знам ништо за старите, иако на некои изданија од пред дваесетина година е потпишан и Алан Мур. Со ваков лик можам само да замислам во која насока успеал Мур да го забега стрипот. За тоа, повеќе во некој следен пост кога ќе сум порасположен. Следната недела излегува третиот број од новиов серијал.

Инаку, ги ставив сите нови изданија на DC во посебен таг за полесна навигација, па затоа клик тука. Веќе го има и Batman #2 на Снајдер, нека се собере уште некоја двојка, па ќе склопам нешто повеќе.

October 24, 2011

Вести од Blizzcon 2011

Blizzard на овогодинешниот Blizzcon кој заврши пред некој ден, обелоденија голем дел од нивните планирани активности и игри. Иако имаше муабет дека конечно ќе има некакви новости во врска со нивната нова игра, проектот работно наречен Titan, немаше ништо околу тоа. Titan има некоја дата за 2013, па најверојатно повеќе околу тоа дури на следниот Blizzcon и во текот на следната година. Да видиме што презентираа Blizzard оваа година.

World of Warcraft: Mists of Pandaria е следната експанзија на оваа игра. Пандите од Пандарија (Саки од Саканија ми е првото нешто што ми дојде на памет, меѓутоа е тотално ирелевантно во моментов) се новата раса и приказната ќе биде најмногу сконцентрирана на нив. Ќе може да ги играат и Хорда и Алијанса и баш ме занима како ќе биде изведено сето тоа. За да се направи некаков баланс и да им се даде еднаква шанса на двете фракции, најавена е и нова класа, Monk. Максимум левел ќе биде 90 и ќе има еден куп нови зони.

Оваа експанзија ми изгледа многу поинтересно од Cataclysm, некако е повесела, делува освежувачки и ми буди повторно некој интерес за WoW. Добро е што решиле малку да се дистанцираат од оној сериозен тон кој преовладуваше во минатите две експанзии. Ќе го следам развојот на Mists of Pandaria, во секој случај. На сајтот за експанзијава линкан погоре, има еден куп промо материјали кои може да се погледнат.

StarCraft II: Heart of the Swarm е експанзијата на StarCraft II: Wings of Liberty која беше најавена уште поодамна и еве сега конечно, нешто повеќе. Ќе има нови 20 сингл-плеер мисии, нови мапи и единици, меѓутоа се некако паѓа во вода ако нема LAN. Толку се надевав дека и претходната ќе може скирмиш во LAN и ништо од тоа. Е, сега што е битната работа тука. Модови. И тоа, најважото нешто се спомнување е Blizzard DOTA (конечно им текна да го официјализираат на некој начин).

Нивната верзија на DotA ќе ги содржи хероите од нивните игри, искомбинирани заедно, во, од тоа што може да се види во трејлерот, на грозна мапа. Сите некако во последно време се фатија за DotA (MOBA) игри и модови, меѓутоа Riot Games ја најдоа правилната формула и се издигнаа над сите. Дури ни DOTA 2 не изгледа доволно привлечно и заканувачки. Како и да е, еве го тизерот за Heart of the Swarm, пред да продолжам да го тупам со друго.

За Diablo III во посебен пост.

October 20, 2011

Крај на Mythos

До крај на месецот, последниот онлајн Diablo клон ќе прекине да функционира. Европските сервери ќе бидат затворени, додека иднината на Корејската верзија е неизвесна, исто така и не ме интересира.

Играта немаше среќа уште од самиот почеток, со тоа што дел од тимот продолжи со работа на сега веќе култната Torchlight. Ја начекав играта во почетокот на европската бета, кога немаа ни среден чет систем, и пред месец дена кога се наоѓаше во фина, функционална верзија со просечен (доволен) број на играчи. Фин dungeon crawler кој секако дека имаше потенцијал и затоа ми е криво што имав толку малку време за играње. Главната причина за пропаѓањето на Mythos е тоа што имаа лош систем на микротрансакции. Лош за компанијата, затоа што наплаќаа само за ствари кои воопшто не беа неопходни за нормално играње. Не знам како планираа да опстојат со продавање на торби кои не правеа многу голема разлика, затоа што постоечката во комбинација со сефот во главниот град, беше сосема доволна.

Штета што не успеа. Колку толку ќе пополнеше простор до Diablo III. Кога сме веќе кај Diablo III, деновиве ќе спамам со новости и слично, зошто успеав да се исхајпам до тој степен, да секој ден проверувам дата за излегување.

Frogstеr, компанијата зад Mythos е позната по безобразни микротрансакции (види: Runes of Magic) и баш ме чуди како не им успеа тука. Моментално се инволвирани во нова игра, Eligium: The Chosen One, чија бета наскоро треба да биде пуштена. Новава игра е закажана за пролет.

Слична игра, Path of Exile, има регистрација за бета, така да кој е заинтересиран нека провери.

October 16, 2011

Преглед на RIFT 1.5 Ashes of History (втор дел)

Начекав zone event во Shimmersand, и собрав тоа што ми требаше за да го добијам Ash Strider маунтот.

Исто, така ги пројдов останатите две Chronicle инстанци и тоа со нов билд, Necromancer / Warlock. Многу поразличен од тоа што играв претходно. Интересно, само што треба време за да видам што може да направи.

Што е до мене, првиот дел од тековниот World Event е завршен, тоа што ми требаше си го земав. Веројатно уплаќам следната недела, кога ќе почне втората фаза.

October 15, 2011

Преглед на RIFT 1.5 Ashes of History

TRION како дел од промоцијата на новиот 1.5 patch, повторно овозможија сите играчи бесплатно да ги уживаат благодетите на RIFT. Од вчера, до понеделник - играта е отворена за сите, без никакви ограничувања. Браво за потегот, баш кога сакав да платам за уште еден месец играње.

Ова е најголемиот апдејт на RIFT до сега. Подобрувања во графиката, нов начин за напредок на карактерите и после 50-ти левел, нов warfront и нови инстанци за 1 до 3 играчи, наречени Chronicles. Меѓу другото, конечно го средија проблемот со музиката! Од тоа што видов, ова е и најдобриот апдејт до сега. Играта конечно го добива правилниот облик, дистанцирајќи се од купот слични ММО-а.

Library of the Runemasters

Library of the Runemasters е новиот warfront, каде што тимови на двете спростиставени фракции ќе можат да си ги одмерат силите. Стратегијата е слична како во The Black Garden, со тоа што има неколку артефакти, борбите се понапнати и бараат поголема организација и планирање. Интересно е, само што е уште во некоја бета фаза. До вчера, овој warfront не бил достапен цело време, а сега е пуштен, веројатно за да ја тестираат стабилноста со голем број на играчи.

Chronicles беа долго најавуваните инстанци, за оние кои немаат време сериозно да рејдаат (периодов, јас). Има по една ваква инстанца за соло играње и за двајца. Дизајните се веќе постоечки локации во Телара, значи не е ништо посебно ново. Интересното е што секоја од овие инстанци, нуди приказна која на мене како lore junkie ми дојде супер. Првиот chronicle е всушност во Меридијан, каде што се слават постигнувањата на карактерот, за гозбата на крај да се претвори во бранење на градот од зли сили. Бидејќи е за еден играч, има NPC-ја кои помагаат, меѓутоа голем дел од инстанцата, играчот е оставен сам на себе.

Planar Attunement е нов систем на подобрување на карактерот и после крајниот 50-ти левел. Целиот experience што се добива во играта, може да се искористи како поени за подобрување на одредени карактеристики и способности. Иако имам поени, сеуште не го пробав, зошто има толку многу опции и сакам да видам што во иднина најмногу би ми користело. Супер е, како и да е, ретко која слична игра нуди нешто вакво.

Во тек е и нов World Event. Ништо поразлично од претходните. Ама, има една интересна ствар за добивање на epic mount. Со валутата од ивентот, Magma Opals, се купува Inert Raptor Egg, кој се "храни" со шардови кои се добиваат од Fire и Earth Рифтови. Шардовите се ретки, но може и да се купат. Кога јајцето ќе стигне до 35 левел, станува Аsh Strider!

Супер е апдејтов. Да пројде следнава недела и уплаќам за еден месец играње. Инаку, RIFT ја доби и наградата Најдобра нова онлајн игра, како и наградата Најдобра онлајн технологија на Game Developers Choice.

October 14, 2011

League of Legends Log #7: Уште еден Malzahar Quadra Kill

Malzahar е најдобриот мејџ во цела игра. Точка. Денeс го направив вториот quarda kill со него. И, никако да дојдам до тој епски penta kill. :)

October 13, 2011

Нова серија: Homeland

Таман мислев дека толку од изненадувањата за оваа сезона на серии, се појави Homeland. После само две изгледани епизоди, можам да кажам дека ова е најдоброто нешто што ќе го следам. Сосема случајно ми улета серијава, можеби тоа и беше една од причините што ми остави толку силен впечаток. Има спојлери подоле.

Маринецот Николас Броди се води како исчезнат во акција веќе осум години, некаде на Блискиот Исток. Пред да биде пронајден од специјалните сили на САД, ЦИА агентката Кери дознава од арапски затворник за американски војник кој преминал на "другата страна". По враќањето на Броди во САД, Кери се сомнева дека тој е некако поврзан со најмоќниот терорист (во серијата се спомнува и за смртта на Бин Ладен) на светот Абу Назир и е инволвиран во планирање на нов терористички напад во Америка. Информацијата која Кери ќе ја добие од затвореникот се поклопува и со присуството на Абу Назир во САД, кој не е виден неколку години од тајните служби.

Тоа што најмногу ми се допадна тука освен реалистичниот тон, се ликовите и начинот на кој се прикажни. Покрај тоа, актерите што ги глумат се страшно талентирани и одлично се снаоѓаат во улогите кои им се доделени. А, уште во првата епизода се забележува сериозен развој на ликовите. Броди е речиси сосема отсечен од неговото семејство кое не го видел со години, децата не ги ни познава, а неговата сопруга (Инара од Firefly) е во тајна врска со еден од неговите пријатели и колега војник. Владата на САД сака да го искористи во сопствената воена пропаганда, како херој од нивната борба со тероризам. Броди исто така има проблеми со психичките и физичките трауми кои останале како последица од годините поминати во измачување.

Од друга страна, Кери комплетно се посветува на истрага која ќе докаже дека токму Броди е шпиунот на непријателот, предавникот кој сега работи против сопствената земја. Успева да стави камери во неговата куќа и секојдневно да го надгледува, без знаење на службата. Тука и станува интересно, бидејќи Броди не прави никакви предавнички чекори и се однесува нормално во склад со ситуацијата во која се наоѓа. Спомнав ли дека Кери исто така боледува од психоза? Всушност, најинтересното е тоа што камери нема само во неговата гаража, во која почнува да се случува нешто сомнително. Втората епизода го покажува Броди како кажува муслиманска молитва, давајќи ни на знаење дека го прифатил Исламот како религија. Што во никој случај не би требало да значи дека соработува со терористите, па верувам дека за да ја задржат напнатоста, ќе го влечат ова уште некоја епизода. Инаку, серијата оди на Showtime, телевизија која без проблем прикажува експлицитни сцени, така што не крателе на ништо за да може и деца да ја гледаат.

Цело време во Homeland се осеќа напнатост и неизвеснот што секако ја прават серијата толку интересна. Така што паранојата на ликовите, лесно се пренесува и кај публиката. Со оваа динамика, верувам дека серијата има да понуди уште повеќе. Двете епизоди завршија со заебан клифхенгер, среќа што ги гледав по ред. По крајот на вторава епизода, следната ја чекам со нетрпение. Е, ваква серија барав, што ќе ме држи вака ококорен од недела во недела. Многу подобра од Person of Interest или од било што друго од новиве. Чиста десетка.

October 12, 2011

The Avengers трејлер

Излезе трејлерот за The Avengers. Очекувам ова да биде еден од најдобрите филмови следната година, што e сосема оправдано бидејќи она што го видовме претходно од адаптациите на Марвел беше ептен добро.

На Земјата и се заканува опасност која бара интервенција од неколку супер-херои, кои S.H.I.E.L.D. ги регрутира како Авенџерс. Изгледа дека Локи е главниот негативец, приказната ќе се врти околу коцката од Captain America и конечно ќе го видиме Ник Фјури во повеќе сцени. Се надевам дека нема да претераат со Мајкл Беј експлозии како што има во некои сцени од трејлеров и дека филмот ќе има подобра музика од оваа тука. Исто така, актерот што го глуми Брус Банер некако не ми се свиѓа.

The Avengers излегува во мај следната година. Клик тука за трејлерот.

Види такоѓе:

October 11, 2011

Новите DC: Batman The Dark Knight #1, Superman #1 и The Flash #1

Малку сум кнап со време изминативе две недели, па затоа и ја закаснив турава на последните кецови на DC рибутот. Веќе почнаа да излегуваат и вторите броеви, но тие во некој следен пост. Да видиме што мене ми го привлече вниманието од новиве стрипови.

Batman: The Dark Knight #1. Наслов потпишан од Дејвид Финч чиј прв том заврши со пет броеви од кои нешто имам и на хартија, благодарение на Дамјан. Тие пет броја никако да ми дојдат на ред за читање, а можеби и требаше пред да почнам со ова. Како и останатите Бетмен изданија од рибутов, и ова е со висок квалитет на илустрации и сценарио.

До сега од се што излезе со Бетмен како главен лик, директно влезе со мојата листа на најдобрите нови DC наслови. Знаат како да го возат нивниот најдобар лик, има сценаристи кои одлично го доловуваат ликот и цртачи кои феноменално го пресликуваат тмурниот амбиент на Готам и неговите жители. Приказната е повторно се врти околу Аркам, за на крај да најави негативец кој ни е добро познат, но во далеку погрозоморна варијанта. Наслов кој дефинитивно треба да се провери. За следниот број, планирам да ги прочитам и оние пет пред рибутот, во случај нешто да е поврзано.

Superman #1. Искрено, Супермен во ова издание не ме воодушеви толку многу. Имаа одличен Супермен во Action Comics #1, а овој тука не е ништо посебен. Освен тоа што Дејли Планет има нова зграда, останатото е некако исто како претходно. Супермен се бори со некаков натприроден оган со веројатно вонземско потекло, кој иако успева да нанесе огромна штета низ Метрополис, не ја ни потпалува тазе испегланата наметка на Човекот од Челик. Не ми е целта да измрчам за костимот на Супермен, туку само да посочам дека не видов никаков прогрес во Superman #1.

Ако нешто стварно почнува од прв број, тоа е ова. Можеби на некој ќе му се допадне, мене ете воопшто не успеа да ме импресионира. Има интересен арт, ама и еден куп непотребни дијалози кои не видов како допринесоа за развој на приказната. Ќе го ѕирнам и вториот број, да видам што ќе понуди, мада има еден куп други Супермен наслови што не сум ги читал, така што повеќе би ги листал тие отколку ова.

The Flash #1 е веројатно првиот Флеш стрип што го читам. Ликот го знам од ТВ, сум го среќавал и во други DC изданија, ама никогаш вака посебно. Затоа и се нафатив да го читам, и тоа од прв број нели. Флеш е интересен лик, каде и да се појави (дури и во тие неколку JLA епизоди што сум ги гледал). Бев ептен загреан за читање и кецов ме радуваше многу повеќе од останатите кецови во турава.

Не очекував којзнае колку, меѓутоа ова што го прочитав некако ме остави рамнодушен. Просечни цртежи, приказна која не ми значеше ништо и лик кој некако е различен од она што го знам претходно. Дури ни крајот не успеа да ми загарантира читање на вториот број. До сега се што читав и пишав на блог за рибутов, беше стварно добро. Знаев дека нема да е со сите наслови така, па ете, The Flash ќе го ставам во оние послабите. Дури и насловната му е грозна.

Првата тура втори броеви, како што кажав, е веќе тука. Нешто прочитав, нешто оставив за да се присобере во повеќе броеви. Swamp Thing #2 е исто излезен и време е да пишам нешто повеќе и за тоа.

Види такоѓе:

October 7, 2011

League of Legends Log #6: Teemo Quadra Kill

Ете така. Јас кога зборам дека Teemo е еден од најопасните шизици у League of Legends, никој не ме верува. Порано и јас го потценував, додека не почнав да го играм како што треба. Освен тоа што може ја контролира цела мапа со бомбите што ги поставува, Тeemo со attack speed ајтеми може да го носи цел тим на грб. Плус, копилето е пребрзо, така што лесно може да влезе и да избега од тимска борба, оставајќи мртви непријатели позади, како во случајот од скриншотот.

Ова ми е втор quadra kill. Претходно имам направено со Malzahar.

October 6, 2011

Пет работи за Transformers: Dark of the Moon

Излезе филмов на добра снимка. Симнав семпл од неколку минути, да видам како изгледа. Во тие две-три минути мислам дека видов доволно. Исто како да сум го гледал филмот, само во многу пократка, безболна верзија.


1. Ефекти
Мајкл Беј мора да си го оправда стилот, нели? За љубителите на CGI, ова е правиот избор. Сцената е толку детална, што само детали се гледаат и тоа натрупани до степен да не се распознава што е Трансформер, експлозија или сметот од истите. За да биде уште подетално, има и чад. Покрај визуелните специјални ефекти, има и звучни ("џџџџззззџџ - бааам - џннгггг - бууухџџџ - ѕииииујјј").

2. Трансформери
Бидејќи е ова филм за Трансформери, нормално дека има и тоа. Во семплов, луѓето се борат со џиновски змијовиден Трансформер. Го има и Оптимус со меч, и птица-трансформер што колва шофершајбна. Генијално, не знам како им текнало. Оптимус пред да се појави во сцената, мислам дека го видов во ефектите, го познав по тоа што дел од парчињата ефекти што летаа низ мониторов беа плаво-црвени.

3. Актери и слично
Како и во претходните два дела, има и тука платени луѓе, да кажуваат по некоја реплика, за да се пополни минутажата измеѓу деталните ефекти.Меган Фокс ја нема, а во семплов ја немаше ни таа другата што ја заменува. Битно, ги имаше Црнецот и Џош Духамел, за да и семплов биде привлечен за женската публика. Незнам само која таргет група е Шаја ЛаБлџксуф. Веројатно на деца што се декларираат ко гикови. А, можда и не, пошто семплов завршува со сцена у која се вози во кола и му идат флешбеци од интервју за работа на кои бил. Јас бев на интервју за работа неделава, па ете, се пронајдов во неговиот маестрално одигран лик кој никако не е еднодимензионален. Не.

4. Приказна
Нема.

5. Заклучок (зошто нема друго за да бидат пет)

Се надевам дека ова е последниот филм каде што вака се валка оваа убава реклама за играчки од 80-тите со која растевме среќно. Или нека продолжи некој што знае и може подобро, или нека се помират со фактот дека вакви џиновски роботи не функционираат најдобро на филм.

Стив Џобс (1955 - 2011)

October 1, 2011

Околу Terra Nova

Премногу надеж за Terra Nova сезона. Жал ми е, не бев воопшто во право. Многу работи ветуваа, за на крај да остави горчлив впечток. Стивен Спилберг, огромен буџет и интересен концепт, некако сé мирисаше на квалитет. Сепак крајниот резултат е некако очаен.

Годината е 2149, Земјата едвај има услови за живот, воздух кој не е препорачлив за дишење и популација која се контролира со тоа што секое семејство може да е има најмногу две деца. Во фокусот на приказната е типично американско семејство, кое тајно има и трето дете. Бидејќи е нелегално, таткото е осуден на шест години затвор, бидејќи ќе се обиде да ја спречи службата за контрола на популацијата во извршување на должност. Во меѓувреме, мајката добива шанса да се приклучи на Тера Нова, нов зачеток на цивилизацијата кој се одвива 85 милиони години во минатото, во алтернативен временски тек. Таткото успева да избега од најбезбедниот затвор на иднината, да ја прошверцува малата нелегална ќерка и да замине со остатокот од семејството, право низ порталот кон подобриот живот. Првиот пат кога заспав на епизодата, беше некаде тука. И покрај сите дупки во приказната, беше доволно интересно за да догледам следниот ден.

Семејството пристигнува во Тера Нова, патување во еден правец, каде што "избраните" од загадената Земја треба да го изградат човештвото од почеток. Тука се појавува и друг проблем - диносаурусите. И тоа не било какви, туку одвратни CGI диносауруси чии инстинкти пркосат на шанса на малите луѓе за нивен нов почеток. Диносаурусите се отпорни на куршуми и речиси сите оружја од иднината, што е нели уште поголем проблем од самото нивно присуство. За тензијата и ужасот да бидат повеќе ускладени, група тинејџери од Тера Нова, прави типични тинејџерски работи, вовлекувајќи се упорно во непотребно опасни ситуации. Тие тинејџери нели, се идината на човештвото? Нека им е со среќа на жителите на Тера Нова.

Таман мислев дека на непријатните ситуации им дошол крајот, во Новата Земја има уште еден проблем - група на луѓе кои дошле пред тие во главниот камп (каде што е сконцентрирана приказната и главните ликови) и не се баш најпријателски расположени. Со ова темпо, во следните епизоди очекувам и mecha диносауруси, вонземјани и праисториски џиновски бубачки. Нормално и трет камп, кој упорно се обидува да им наштети на другите два, паралелно истражувјаќи го електромагнетизмот во бунарите низ Тера Нова.

Описот на Terra Nova може да се сведе и на два збора - колосално срање. Но, ако пишам само така, ќе испуштам да кажам за шаблонските ликови (татко бивши џандар, мајка докторка, бунтовен син, паметна ќерка и мало ќеркиче што храни диносауруси со гранки), предвидливата приказна (снемува група копиљаци во шума - следната сцена бегаат од диносаурус) и генеричкото сценарио ("Ти спушти го оружјето - Не ти прв. Ајде двајцата во исто време"). Срамота е со ваков буџет и продуцент ова. Се обиделе да ја прилагодат за сите возрасти, притоа занемарувајќи дека ваква каша може да има катастрофален исход.

Заканата со која се соочени ликовите во серијата, воопшто не е закана. Незнам дали луѓето зад серијата знаат која година сме и дека CGI диносауруси не изгледаат баш опасно. Во 90-ти, во Sliders, можеби. Тука не. Плус, налет репопулација на Земјата во минатото кога живееш бетер од што си живеел. Подобро ќе кашлам на тераса, отколку да живеам во шума и да ме бркаат CGI диносауруси и непријателски расположени вооружени кретени цело време. Тоа колку сетингот воопшто не прави смисла, е многу подолг муабет за кој и немам баш многу време.

Серијата е едноставно лоша. Нарачани се 13 епизоди, рејтингот ќе падне после четвртата, и догодина никој нема да се сеќава на ова. Запамтете ми ги зборовиве.