July 30, 2017

Planet of the Apes на Тим Бартон

Долги години живеев со лошото мислење за Planet of the Apes римејкот на Тим Бартон од 2001. Веројатно зошто растев во фамилија која има изградено култ околу Хестон и оргиналниот филм од 1968, па римејк во кој луѓето на Планетата на Мајмуните имаат иста интелигенција со доминантните шимпанза, тешко доаѓаше до својот дел од домашниот филмски репертоар. Не е дека не сум му давал шанси на римејкот на Бартон, секако дека да, меѓутоа обично било во период кога односот кон франшизата ми бил помлак, па генерално сум бил фокусиран на покилавите моменти. 

А, деновиве главната забава ми ја прават баш мајмуните, и кога веќе ја растурив од гледање новата трилогија решив уште еднаш да го пуштам и овој. Иако не сум со комплетно сменето мислење, сфатив дека и не е толку ужасен како што го памтев. Кога ќе ти снема добар Planet of the Apes за маратонско гледање, не е така страшно ако излабавиш уште два саати со лошата глума на млад Марк Волберг и женски мајмуни што изгледаат како Мајкл Џексон во истата година кога е излезен филмот.


Римејкот, не знам ни дали е правилно што го викаме римејк зошто и онака целата франшиза е базирана на книга, има еден куп проблеми. Страда од сценарио кое понекогаш е сериозно катастрофално, со реплики што предзвикуваат грчеви во стомак и сцени кои те ќорават од што се клише, меѓутоа има крајно кул амбиент, убави сетови, солидни ефекти, костими и воени оклопи за мајмуните кои и денес изгледаат поеднакво импресивно. Тешко е да се обидуваш да го надминеш легендарниот статус на оргиналниот филм, но кога Холивуд е решен на таква модернизација, очигледно ништо не може да застане на патот. Вината е секако и кај Бартон, но ајде да ги разгледаме предизвиците. Следуваат спојлери и за овој и за оргиналниот, секако.

Planet of the Apes од 1968 e преполн со сатира и социјални коментари, критики кон несмасноста на човештвото и има пресврт на крајот кој историјата го памти како еден од најдобрите видени на филм. Астронаути паѓаат на планета населена на интелигенти мајмуни кои живеат во некакво пре-индустриско општество каде што човечкиот род е поробено примитивно животно, немо и го користат за медицински експерименти. Кога мајмуните ќе забележат дека единствениот преживеан астронаут Тејлор (Чарлтон Хестон) има слична интелигенција со нив, сфаќаат дека темелите на кои ја базираат нивната историја, религија и општество се сериозно размрдани.


Големото е откритие на самиот крај е дека Тејлор всушност цело време е на Земјата, но илјадници години во иднината каде што мајмуните еволуирале и превземале контрола. Оргиналниот филм никогаш не открива како и зошто, со таа проблематика се позанимава новата трилогија која кулминираше со War for the Planet of the Apes. Е, сега во 2001 Бартон треба да направи римејк на ова, но оди во сосема поинаква насока. Повторно астронаут (Марк Волберг), за време на електромагнетна бура, завршува на планета населена од напредни мајмуни кои ги користат луѓето како робови, меѓутоа не е Земјата. 

Волберг е дел од вселенска експедиција на огромен брод кој користи обични мајмуни кои екипажот ги испраќа со мали сонди да истражуваат ствари кои се преопасни за луѓето. Кратко откако Волберг ќе се сруши на планетата, илјадници години од неговата иднина, на истата таа планета паѓа и неговиот брод и екипаж со мајмуни, но не патуваат низ времето, туку стануваат претци на општеството кое ќе го затекне Волберг. Како мајмуните еволурале до степен да создадат општествено уредување и да развијат таков екстремен расизам кон луѓето е еден од деталите кои филмот за жал решава да ги заобиколи или јас пак не успеав да се снајдам во често конфузниот наратив.


Самиот крај повторно се обидува да направи шокантен пресврт. Кога Марк Волберг конечно се враќа на Земјата и се руши со малиот брод во Вашингтон, го затекнува споменикот на Линколн со лицето на најнепријателскиот мајмун од Планетата на Мајмуните при што доаѓаат неколку патроли мајмуни во полициски возила од денешно време да го уапсат. Бартон го оставил крајот ваков со намера да го објаснува во планираното продолжение, но поради катастрофалниот неуспех на филмот, истото е откажано. Планот бил да се оди со приказна во која мајмуните патуваат низ истата електромагнетна бура и ја населуваат Земјата пред луѓето. А, зошто развиле слично општество како нас е уште едно прашање чиј одговор веројатно лежи во мрзливо сценарио.

Но, и покрај ова, си најдов забава, дури и до некаде успевам да ги ценам идеите на Бартон. Реализацијата не е најдобра, меѓутоа е храбро отстапување со цел да не се гази комплетно по оргиналниот филм. Идеите се помлаки исто така, но некои изведби на актерската екипа, особено оние во мајмунски костими, го прават Planet of the Apes римејкот сосема поднослив. Тејд е одличен негативец, мислам дека само на Коба од новата трилогија успева да ми се доближи со бруталноста и суровоста. Можеби Тејд нема издржани мотиви, барем филмот не успева да ги пренесе, но негвоиот начин на делување е комплетно функционален во контекстот и милитантното општество во кое опстојуваат овие мајмуни. 

Сега до некаде и жалам што ова нема дочекано втор дел. Не само што има толку лошо поминато, туку ја има и смрзнато франшизата цели десет години. Не дека многу сакам да видам како мајмуните ја превземале Земјата и возат американски полициски коли, ама еве веќе два дена не можам да ги извадам од глава концептите на Бартон и потенцијалот за некаква трилогија или што и да бил планот.

Види такоѓе:

July 26, 2017

Кратко за Dunkirk

По Interstellar, Нолан се враќа со друг филм базиран на вистинска приказна. Dunkirk се занимава со историската евакуација на британски трупи заглавени на француските плажи за време на Втората светска војна, како и со придобивање на симпатиите на Академијата за филмски уметности и науки. Нолан можеби не нуди прецизна лекција по историја, но склопил воен спектакл што практично успева да ти го помести газот од седиштето до другиот ред во кино салата. Не знам како функционира Dunkirk надвор од кино, ама она што го доживеав вчера беше како ниедно друго гледање филм, барем во последно време.

Dunkirk нуди третман на тензичната ситуација од три перспективи, копно, вода и воздух, преку неколку ликови кои го имаат апсолутно најлошиот ден во нивниот живот. Поголемиот дел од филмот едвај има било каков дијалог, целиот наратив се потпира на маестралната музика на Ханс Цимер која постојано е во такт со она што во моментот им се случува на ликовите, со кои патем не се ни труди да ти понуди емотивно поврзување. Барем не на начин на кој си навикнат да го гледаш тоа. Некогаш е доволна само интензивна аудио подлога која ќе направи да ти се првртува стомакот секој пат кога ќе слушнеш сказалки од саат во иднина.


Толку е добро склопено што без проблем можеш да го осетиш она што и самите ликови, а претежно не се некои убави чувства. На почетокот на филмот мислев дека се работи само за долга напната сцена каде што се сите панично растрчани, па после ми се разбистри дека всушност цел филм е таков и не сопира во ниту еден момент. Веројатно сум и длабоко истрауматизран, само да почекаме уште некој ден додека да почне да ми се манифестира асално.

Oна што ме изненади, а кое не го очекував од некоја бизарно глупава причина, беше тоа што Dunkirk изгледа како Нолан филм. Не би можел истото да кажам и за Interstellar. Да не знаев кој е режисер, прво ќе ми текнеше на него. Иако филмот е концептуално различен од останатото во неговата филмографија, не е тешко да ги осетиш финтите што користи, а за кои можеби и не си бил свесен претходно. А, со оглед на тоа што Dunkirk користи аудио-визуелна основа врз која се развива, Нолан има прилика да направи и некои отстапки од неговиот стил со што можеби достигнува нов врв во неговите режисерски вештини. Верувам дека ќе фатам уште детали при второто гледање.

Значи, можело и вака да се прават воени филмови. Можеби стилот застапен во Dunkirk нема да доживее имитација, но се надевам дека барем ќе послужи како инспирација за некој следен голем блокбастер кој ќе исчекори кон ваков поекспериментален пристап. Не мора секогаш ваквите филмови да траат три дена, со ваква храбра идеја и реализација се исто ефективни и кога се помалку од два саата.

July 25, 2017

Мајмуните превземаа

По шашавиот Dawn of the Planet of the Apes имав сериозно ниски очекувања за War for the Planet of the Apes. Трејлерот што го вртеа последниве неколку идења во кино не ме убеди баш дека ќе гледам нешто подобро, но со оглед на тоа што уште мислам дека Rise of the Planet of the Apes е најдобриот рибут во последниве години, љубопитноста што ја имав за War никогаш спласна со интензитетот. Неколку денови пред проекцијата ги изгледав претходните чисто за да си ја освежам приказната. За жал, пак не успеав да ја увидам големината на Dawn за која толку многу слушам периодов, меѓутоа сега како дел од трилогија функционира нешто подобро од првиот пат. 

Ако Rise се занимаваше со човечкиот фактор на овој апокалиптичен настан каде што интелигентни мајмуни ја превземаат планетата, а Dawn се обиде да понуди некаков баланс не бирајќи страна, приказната во War е речиси целосно раскажана од перспектива на мајмуните, сега веќе видно еволуирани и супериорни во однос на луѓето. Не дека претходно не беа, но овој пат е кристално јасно кој е новиот доминантен род на планетата и чие име се изговара со треперлив глас. Група луѓе, сега обединети во нешто што повеќе личи на милитантна секта отколку нов општествен поредок, се обидуваат да ги ловат и истребат, како би го обезбедиле сопствениот опстанок.


War според насловот и трејлерите, можеби сугерира акционен спектакл, но всушност се работи за драма која преку ликовите си игра со провокативни теми и идеи. Да, секако дека има голем епски судир помеѓу луѓето и мајмуните, меѓутоа нешто сосема друго е во фокусот. Филмот внимателно го истражува конфликтот помеѓу родовите произлезен од нивната различност и неприфаќање на другиот, моралните територии, мотивите кои ги движат и основниот инстинкт за преживување. Двете завојувани страни имаат издржана вистина во која веруваат, па во моментот кога ќе одлучиш да застанеш со една од групите War ќе ти ја тргне линијата која ги дели и ќе те збуни. Дали сме секогаш толку различни од она против кое се бориме?

Но, War оди и до таму да се потпре и на дел од понеславната човечка историја, само за да ја зајакне тематиката и да го истакне она што е едноставно погрешно, без разлика на мотивот. А, ликовите се толку добро изградени што Мет Ривс воопшто нема проблем да ги користи на сите можни начини за да го придвижува наративот. Тонот на филмот колку и да е сериозен, има и еден фантастичен лик кој е можеби најдоброто средство искористено за комичен ефект во последно време во сличниве блокбастери. Мајмуните можеби ја превземаа планетата и бокс-офисот, но тој лик ќе ти го превземе и ладното мртво срце. Нема да испаднам лош мајмун и да испојлам. 

Режијата на Мет Ривс е феноменална. Секој кадар е полн и значаен, без разлика дали се работи за битка со мајмуни на коњи и автоматски пушки или сцена со мајмун што ѕирка од дупка. Баш се трудев да бидам максимално фокусиран на она што умее да го работи со камерата, зошто ова типот што го превзема The Batman од алкохолизираниот Бен Афлек, па да знам што отприлика можам да очекувам. Ривс е гениј. Од режирање компјутерски генерирани шимпанза до инкорпорирање на соодветна музика. Да станеме за аплауз.

Со сето она што е War, слободно може да заклучам дека ова една од најквалитетните трилогии во последниве десет години, заедно со Бетмените на Нолан. Франшизата е вистински освежена и зајакната, а роварењето по носталгијата на фановите на оргиналот од 1968 е толку умерено што е едноставно премногу симпатично кога се случува. Една кратка сцена со коњи на плажа може да е поефективна од CGI Леа, зар не Rogue One? Од она што го сфатив, сите овие три филмови се и во посебен континуитет, но очигледно ако продолжат да се прават и понатаму ќе кулминираат со класичен римејк на првиот. Предивидувам дека ќе се вика само Planet of the Apes, со што веројатно би започнала и нова трилогија. А, во овој момент, War for the Planet of the Apes ми е омилениот филм за 2017. Не ме убивај John Wick: Chapter 2.

July 22, 2017

Бидување Бетмен во Arkham VR

Од она прво ставање на HTC Vive хедсетот врз мојата симпатична глава, потрошив уште многу денови кај Наум на различни VR игри. Секогаш кога имав идеја за постови што ќе носеа наслов "Вајвање Рилоудед" и "Вајвање Револушнс" сфаќав дека сите невешти The Matrix референци ми се веќе истрошени на оргиналниот пост, а и без тоа имам сериозни потешкотии искуствата од виртуелна реалност да ги артикулирам како текст. Но, краткото бидување Бетмен во Batman: Arkham VR ме испровоцира да се обидам уште еднаш. 

Играта е базирана на Arkham серијалот (очигледно), но трае значително многу пократко и секако гејмплејот е претежно базиран на детективските вештини на Бетмен, зошто никој не би сакал да скрши мебел или да оштети другар што се наоѓа во непосредна близина додека се тепа со виртуелни непријатели. Секако, не верувам дека баш ова е причината за механиката, меѓутоа играта функционира и вака, океј?


Првото нешто што го гледаш откако ќе извртат логоата на компаниите инволвирани во Batman: Arkham VR е дождливиот гнасен Готам. Стоиш на кровот од полициската станица каде што позади тебе се наоѓа огромниот бет-сигнал. И, зошто уште не можам да се изначудам колку е добра технологијава, не ни сконтав дека се наоѓам во почетното мени и дека играта воопшто не е ни почната.  Имерзијата е толку добра што сосема е во ред ако се поматкаш дваесетина минути на ебан кров. Барем додека не те прекине гласот на Наум кој како Оракл, ти дава инструкции како да го користиш менито за конечно да почнеш да играш. Ми донесе и сокче дури. Вистински Алфред. О, не со ова, Бобо...

Batman: Arkham VR почнува во она сокаче каде што од перспектива на млад Брус Вејн беспомошно гледаш како ти ги убиваат родителите. Зарем можеш да направиш ваква Бетмен игра и да го прескокнеш овој трауматски дел? Додека си уште збунет од тоа колку реално Марта и Томас се струполиле на земја до тебе, играта те сели во "денешно време" каде што Алфред ти сугерира да упатиш во бет-пештерата зошто си Бетмен и имаш типичен бет-бизнис.


Пештерата изгледа прилично огромно, иако во реалноста движењето ти е ограничено на неколку квадратни метри зошто играта користи нешто како варијанта на room-scale. Низ самата пештера, а и низ Готам, се движиш со телепортирање што сосема ми одговара зошто уште не можам слободно да се движам низ игриве без да се исповратам на тепих. Првата задача што ја добиваш и да го облечеш костимот и да научиш како се користат неколку бет-алатки како кука, скенер, бет-ранг... Достапна ти е технологијата од пештерата, па за да добиеш информации за мисиите го користиш бет-компјутерот. 

Но, најимпресивно е самото облекување на костимот каде што се гледаш во огледало и трекингот е толку добар што секое твое движење е сега рефлектирано како Бетмен. Да, тотално потрошив неколку минути гледајќи се себе како Бетмен во огледалото. Последен пат тоа го направив во трето одделение пред маскенбал. Откако ќе ја напуштиш пештерата, заминуваш да откриеш што точно се случило со несреќниот Најтвинг. Тука некаде ќе привршам со деталите поради спојлери, а и поради тоа што кратко после ова прекинав да играм за да ми остане малку Бетмен и за друг ден.  

Batman: Arkham VR е добар поглед кон иднината на гејмингот во виртуелна реалност. Изгледа совршено и од технички и од визуелен аспект. Иако технологијата е релативно нова, среќен сум што и големиве компании веќе почнаа да ги туркаат своите продукти на пазарот кој моментално го доминираат експериментални независни игри. Темпото на развој е уште некако споро, но сигурен сум дека веќе следната година ќе има многу повеќе ААА наслови. Веќе се најавени Fallout VR, Skyrim VR и Doom VR, па би требало ситуацијата да биде многу позабавна. Потенцијалот е сериозно голем.

Види такоѓе:

July 12, 2017

Спајронмен

Одамна престанав да ги бројам Спајдермен филмовите и да се обидувам да бидам во тек. Освен првите два на Сем Рејми, другите сите беа со дискутабилен квалитет. Барем тие што ги гледав дури и до пола. Затоа и за Homecoming бев најрамнодушен на светот, онака без тронка грижа и интерес за гледање, иако лани после Captain America: Civil War имам други работи изјавувано на интернет (исто така имам кажано дека и Iron Man 2 е добар филм, така што ова земај го со резерва). Сепак, следното што го знам сум седнат во кино на нов Спајдермен со повеќе пуканки отколку што можам да си фрлам во фаца и неочекувано ми е забавно.

Сега сите што се жалеле дека недостасува стриповски Спајдермен на филм, може малку да си ги смират цицките. Можеби не е најпрецизната адаптација, ама барем нема 40 годишен емо Тоби Мегваер и не гледаме по седми пат како умира Бен Паркер. Има мрчаторски тинејџер Питер со средношколски проблеми излезени како од романтична комедија стара 20 години каде што гикови не се кул, Тони Старк како ментор кој Homecoming го користи како сигурна удобна прегратка во која често пати се пика и наративот, лесен неисфорсиран хумор за разлика од филмовите со интелигентни ракуни и не толку зборливи дрва, како и солиден негативец што супер се вклопува во идејата на филмот.


Питер и Старк се забавен динамичен тандем, меѓутоа за сметка на тоа филмот страда од било какви предизвици. Во ниту еден момент не осетив дека Спајдермен се наоѓа во опасност од која нема да се извлече зошто има хајт-тек костим кој го прави скоро неуништлив, а кога ни тоа нема да успее правилно да го искористи, долетува чичко Тони да го вади од гомна. Што секако, линеарноста и предвидливоста кај овој тип на филмови ќе те потсетат дека во еден момент Питер ќе остане без играчките на Старк и ќе мора да се потпре на сам себе и неговите плаво-црвени шпикозни за конечно да го победи неговиот најголем негативец во моментот. Немаше потреба да предупредам за спојлери околу ова, нели?

Костимот ми се свиѓа. Особено начинот на кој што го доби во Civil War. Не дека барам реализам во филмовиве, меѓутоа идејата е многу попристојна од онаа во минатите филмови каде двајца сиромашни бедници имаа перфектно скроени Спајдермен костими што изгледаа прилично скапо, а не се сеќавам дека им ги поклони некаков плејбој, милијардер, гениј и филантроп со истенчен вкус за суперхеројски фешн дизајн.

Мајкл Китон е супер како Валчр, освен тоа што не поштеди никој со шаблонскиот монолог кој е секогаш испорачан од негативци во вакви филмови. Мотивот на Валчр е издржан, нема супермоќи и глупави делузии да превзема градови и светови, туку едноставно сака Спајдермен да престане да му се меша во криминалниот бизнис кој го тера со остатоци од технологијата од претходните MCU битки. Сосема фер. Фина насока за Питер, кој на почетокот на филмот се досадува со решавање ситни криминали и ситуации кои му изгледаат како такви низ градот, додека упорно се обидува да добие некаква валидација од Старк. Добра промена е и тоа што Спајдермен филм се случува во некој друг град во САД, макар била и една акциона сцена.

Marvel никогаш до сега не промашиле со главен актер во MCU, па ни со Том Холанд. Веројатно ќе биде типот што ќе направи и оние малку што се сеќаваат на Ендру Гарфилд како Спајдермен, да го заборават засекогаш, иако тоа беше пред колку? Ми се чини како месеци да се пројдени. А, Homecoming можеби нема да ми има никаква вредност при второто гледање како што приметив дека случај со повеќето Мarvel филмови, ама барем во моментот е крајно интересен. Не би можел истото да го кажам за Ant-Man. Еј, го гледав и Transformers: The Last Knight во кино пред некој ден, ама никој нема да ми верува дека и тој ми беше океј. Дури ни јас не си верувам на себе веќе.