July 30, 2009

Тестирање на Crapwerk 3.0

Од вчера почнав да работам на новата верзија на Crapwerk. Резултатот веќе е во употреба, речиси е целосно функционален, останува да се доработат и додадат уште некои детали. Стариот дизајн го обожавав, но дојде време за мало освежување. Новава верзија ќе биде пофункционална, попрегледна и (барем мене) поубава на изглед.

Новиот Crapwerk ќе биде подложен на тестирање оваа недела, па ако откријам дека нешто не фукнционира како што сакам, ќе ја вратам старата верзија. Во секој случај, ме чека средување на еден тон тагови, за да направам асално мени со категории (филм, серии, игри, стрипови).

Тоа е тоа, отприлика. Деновиве ќе се појавуваат многу нови работи, ако се ми се одвива, нели, според планот.

July 29, 2009

Први впечатоци од The Clone Wars серијата

Помина скоро година откако излезе Star Wars: The Clone Wars долгометражниот, кој послужи како пилот за серијата која доживеа цела една сезона (се снима и нова), иако филмот беше најлошиот официјален Star Wars продукт кој некогаш го имам видено. А, The Star Wars Holiday Special го немам гледано, така што...

Ми требаше долг период да се одлучам да и дадам шанса на серијата. Мора да признаам дека сум позитивно изненаден, веројатно поради тоа што и немав големи очекувања. Пред се, серијата е наменета за помладата публика, па затоа и се трудев да ја гледам баш така, без да бидам премногу критички (читај: негативно) настроен. Анимацијата е иста како во долгометражниот, на почетокот ми беше тешко да ја навикнам, но по неколку епизоди успеав да ја сакам.

Приказна скоро и да нема, повеќе се базира на лајт-сејбер дуели и борби со бродови, како што реков, наменета е за деца, па веројатно не сакале да трујат со приказни врз кои хардкор фановите ќе можат да плукаат дека го сереле канонот. Или, едноставно не се замарале со приказни, бидејќи и без тоа ова им носи доволно пари. Во никој случај не го гледаам ова како маана, бидејќи серијата мене ми е крајно интересна и забавна, лесна е за гледање и трошење време со ликови кои ги знаеме и ги сакаме. Ми се допаѓа што обрнуваат внимание на ликови како Дуку и Гривус кои можеби и немаа доволно простор во филмовите. Анакин е исто подобар од Анакин на Хајден Кристенсен, тука нема дискусија.

Стигнав некаде до пола (има 22 епизоди) и интересна е. Барем е подобра од филмот и глупана серија со истото име што идеше пред некоја година на Cartoon Network и изгледаше како Flash анимација...

July 23, 2009

Alice in Wonderland: тизер трејлер

Баш размислував кој друг би можел да направи добар Alice In Wonderland освен Тим Бартон и првиот што ми дојде на ум е Гиљермо Дел Торо. Двајцата имаат уникатни стилови, прават (визуелно) прекрасни филмови и мило ми е што филмов заврши кај еден од нив. А, дека Дел Торо би можел да направи добар Alice In Wonderland? Да го земеме за пример Pan's Labyrinth. Совршенство. Кој не го гледал, да го гледа.

Да не го дрвам со Дел Торо (моментално го режира The Hobbit, баш пред некој ден почнаа со градењето на сетот), деновиве Дизни го пуштија првиот тизер трејлер за Alice In Wonderland. Тоа и што очекував, изгледа феноменално, како и сите филмови на Бартон. Само што Џони Деп како Лудиот Шапкар е малку повеќе... чуден.

Филмот излегува дури во март следната година, а трејлерот може да се погледне на овој линк.

July 20, 2009

Stargate: Continuum

Минатото лето изгледав девет од десет сезони Stargate SG-1 и бев презаситен. Требаше да помине речиси година за да го гледам Stargate: Continuum. По долг период без Stargate, ми дојде како освежување. Continuum е вториот од трите најавени долгометражни direct-to-DVD филмови со SG-1 тимот, кој што излезе минатата година.

Веројатно единствената маана на филмов е тоа што неможе да функционира независно од серијата, бидејќи повеќето работи кои го прават интересен се поврзани со Stargate SG-1. Ба'ал, последниот Гуаулдски душман на универзумот, е осуден на смрт и на неговата свечена егзекуција се поканети членовите на SG-1. За да не биде толку совршено, Ба'ал си ја наредил работата враќајќи се во 1939 година, додека Портата е пренесувана од Египет до Америка, со менување на временската линија, како би си го спасил сопствениот задник во последен момент. Да, како името Continuum да не сугерираше дека приказната се базира на патување низ времето. Stargate неколку пати чепкаа патување низ времето и се навистина добри на таа тема, така што филмов не е исклучок. На некои моменти делува истрошено, да, можеби да не апстинирав од Stargate толку време, ќе бев престрог со заклучоциве.

Филмот (две споени епизоди, ако некој повеќе сака така) како целина е океј, има навистина добри моменти, но удира потпис на мојон муабет дека времето на овој тип на СФ серии е завршено. Океј, можеби не, но дефинитивно ваквиот формат на серии неможе да се носи со тоа што го денес се нуди на телевизија. Мислам дека Battlestar Galactica (иако затупе во втора сезона), постави нови стандарди за изведба на СФ серија со екипаж кој патува низ вселената.

Зошто го зборам ова? Зошто до крај на оваа година ќе започне да се прикажува Stargate Universe, третата Stargate серија. Иако продуцентите велат дека серијава ќе шета надвор од рамките на стандардниот Stargate формат, (каде што секоја епизода е засебна и знаеме дека на крај се ќе биде во ред како што било, па макар и планетата Земја да експлодира на 20-тата минута од епизодата), се сомневам дека ќе видиме нешто што не сме виделе до сега. Кастингот е океј, останува да видиме како ќе се снајдат со приказната која и не ветува којзнае колку...

July 19, 2009

Поларис колекција

Денес по вторпат ја прочитав Dune од Френк Херберт. Првата книга, нормално, додека вторава моментално ми стои на биро и чека да си направам кафе и да ја грабнам. Дури сега ја гледам убавината на серијалов и генијалноста на Херберт. Ги имам сите шест книги на хартија и планирам да ги прочитам периодов. Деновиве ќе го гледам филмот, а и мини-серијата, па ќе пишам нешто повеќе.

Втората книга мислев дека ја имам загубено, па така се сетив на дискот со Поларис (издавачка куќа од Белград) изданија, со вкупно 227 СФ наслови од еден куп автори како Френк Херберт, Даглас Адамс, Исак Асимов, Клајв Баркер, Ден Симонс, Артур Кларк... Ги има речиси сите значајни СФ книги досега издадени. Спакувани се во HTML каталог (и се HTML формат), поделени во повеќе категории, така што лесно се наоѓаат. Го ставив дискот на Репидшер, фајлот е голем околу 70 мегабајти, а вреди да се има, бидејќи некои наслови потешко се наоѓаат кај нас. Клик тука за даунлоуд.

Funkyzeit mit Brüno!

Мислев дека Саша Барон Коен го достигна врвот со Borat: Cultural Learnings of America for Make Benefit Glorious Nation of Kazakhstan, се додека не излегов од кино прееска. Brüno успеа да ми зацврсти мислењето дека човеков навистина не познава граници, нормално, во позитивна смисла. Саша Барон Коен е генијалец, без разлика што многумина го отфрлаат ова како факт. Уште со ликот на Али Џи, успеа комплетно да ја трансформира комедијата како жанр.

Можеби е жалосно што понатаму талентот ќе го троши глумејќи во обични холивудски комедии, бидејќи тешко дека ќе може да се врати на Али Џи (мојот омилен), Борат и Бруно. Не дека се истрошени, напротив, но е премногу популарен низ светот за да може повторно да ги живее овие ликови, а не верувам дека ќе изненади со нов лик. Што се однесува до мене, може слободно да се пензионира и да ужива во заслужените милиони што ги намлати во изминативе десетина година.

Тоа што го има во Brüno, не се опишува со зборови. Ќе се срушеше таванот во Рамстор од смеење...

"Your king Osama looks like a kind of dirty wizard, or a homeless Santa!"

July 16, 2009

Преглед на Magic 2010

По неколку месеци пауза, се враќам на Меџик. Пропуштив две едиции, државно првенство и куп други работи, но тоа е тоа, одиме понатаму. Magic 2010 е новата Core Set едиција, која е поразилична од претходните Core Set едиции, најпрво поради името (од сега ваквите едиции ќе бидат означени со годината која следува) и неколку измени во правилата (нема mana burn) и неколку измени во терминологијата ("into play" станува "battlefield"), што не е воопшто страшно, бидејќи Меџик играчите лесно се адаптираат на вакви ситни промени.

Мило ми е што има добри црвени карти, дури и Гоблини, па веројатно пак ќе можам да си ја играм омилената раса.

Magic 2010 содржи 249 карти, пола од претходните едиции, додека останатите се нови. За дел од картите клик тука. Поради технички проблеми, prerelease-oт и launch-от кај нас се одложени за следниот викенд, значи на 25-ти и 26-ти јули во "Гоблин". Кога веќе ги спомнав нив, имаат нов сајт полн со информации околу Меџик и други игри.

Во септември ќе излезе и нешто ново за играва, се вика Planechase, делува ептен интересно, па се надевам дека ќе може да се заигра и тука. Еве повеќе околу ова.

July 14, 2009

Ден-два-три после EXIT Fest 09...

Сакав да пишувам огромен пост, со куп детали, слики (има кај мене на Фејсбук) и видеа, но пак не би се доловила атмосферата што владееше тие четири дена во кампот и на Петроварадинската тврдина. EXIT ми е едно од најубавите искуства до сега, што за жал не се опишува, туку се доживува. Уште сега знам кај ќе одам следното лето...

Огромен број изведувачи, некои ги гледав по првпат, некои по вторпат. Ќе ги издвојам Кraftwerk, The Prodigy, KoRn, Chase & Status, Марчело, Sub Focus, Moby, The Stone, Deathstars, Keep of Kalessin, Elvis Jackson, Balkan Express... не ни памтам што друго гледав. Времето беше сончево, освен вечерта кога свиреа KoRn, истури, па бевме целосно мокри и во кал до колена.

Се вратив само со болки во нозете и вратот, без H1N1 (се надевам) и куп убави впечатоци. Здравје, догодина да ги гледам Brains, Redman & Method Man, The Streets, Black Sun Empire, Ah Cama-Sotz, Laibach, Slipknot...