July 30, 2008

Star Wars Infinities: Што би било кога би било?

Star Wars Infinities е стрип мини-серија од 2002 година, која ја претставува оргиналната трилогија сосема различно од тоа што го знаеме. Што би било кога би измениле една единствена работа во одреден дел од приказната на Star Wars? Ефектот на пеперутка. Комплетно менување на понатамошните настани.

Star Wars Infinities го прави тоа со секој од филмовите посебно, со четири епизоди за секој филм. Приказната не е поврзана, така што за секој филм има посебни алтернативни случувања. Нема да ги кажувам деталите и од каде и зошто настанува промената, но се работи за клучни моменти од филмовите со чие менување се отвараат бесконечен број на можни исходи. Отсекогаш сум ги сакал ваквите приказни што инволвирале паралелни универзуми или алтернативни реалности, па можеби и затоа толку ме импресионираше стрипов.

Ми се допадна тоа што колку и да беше различно од тоа што го знаеме, имаше некои мали моменти кога се поврзуваа со оргиналната приказна, најчесто ситни детали кои и покрај се, секогаш би останале исти, а не се којзнае колку битни за приказната и текот на настаните. А колку за финта, на кратко се појавуваат и ликови од новата трилогија.

Не би можел да издвојам кој најмногу ми остави впечаток, зошто колку и да се поврзани, пак претставуваат една целина. Го препорачувам стрипов на Star Wars фанови, зошто на другите не би им бил интересен.

July 27, 2008

Stargate SG-1 импресии

По месец дена интензивно гледање Stargate SG-1, стигнав до крајот на шесттата сезона. Останаа уште четири сезони, ама решив да одмарам од SG-1 некаде до август. Вака многу ќе ми дојде. Серијата издржа 10 сезони, многу промени, втор серијал Stargate: Atlantis и пред некој месец и два филма директно издадени на ДВД.

Што да се каже за Stargate SG-1? Една од најдобрите и најоргинални (вклучувајќи го и филмот, нели) СФ серии било кога снимени. Уникатниот начин на патување низ универзумот, приказот на историјата на човештвото и египетската митологија, сарказмот и иронијата на Џек О'Нил...

Првата сезона почнува една година по настаните во филмот, се формира тим наречен SG-1 (потоа има и други SG тимови кои се појавуваат, но само како споредни улоги) предводен од Џек О'Нил. Тргнуваат на истражување на планетите преку Ѕвездената Порта, среќавајќи се со разни раси како и главниот непријател кој прети да го освои/уништи целиот универзум - паразитската раса Goa'uld, чии што домаќини се познати како богови од различни митологии.

Во Stargate повеќето раси изгледаат исто како луѓето од Земјата, затоа што сите настанале од еден ист предок. Нормално, ова не објаснува зошто сите зборуваат англиски, а не е ни битно, не барам многу логика во Stargate.

Серијата напредува од сезона во сезона. Во првата сезона се приметува дека уште бараат правец во кој ќе се движи, во втората веќе се стабилизира за трета и четврта да изобилуваат со добри епизоди и приказни. Петта имаше и одлични приказни, ама и епизоди кои не ни издржав да ги догледам до крај. Исто така, имаше и неколку гостувања на актери од Star Trek. Во шесттата, доаѓа до промена во актерската екипа, си оди Даниел Џексон и доаѓа нов член во тимот, Џонас Квин. Иако се сомневав во квалитетот на сезоната, ме изненади со новиот правец на серијата, приказната повеќе беше сконцентрирана на ликовите, помалку off-world епизоди како и вметнувањето на вселенскиот брод. Со крајот на сезоната започна и приказната која води до Stargate: Atlantis, колку што имам читано, се развива низ цела седма сезона. За тоа, во август.

Мислев да пишувам повеќе за приказната, но во некоја друга прилика, сега некаде биде вака општо за впечатоците од серијата.

July 24, 2008

The Dark Knight (2008)

Поради првиот, да речеме преран, лош впечаток што ми го остави Batman Begins, имав изгубено надеж дека во скоро време ќе видам добар Бетмен филм. Нешто што прво ме стави во мисла и ме натера повторно да се заинтересирам за Бетмен, беа првите слики од Хит Леџер како Џокер што се појавија некаде во декември минатата година. Кога излезе трејлерот, бев веќе сигурен дека може да се очекува солиден филм.

До денес, нетрпеливо го чекав денот кога ќе можам да дадам одговор на прашањето кое го поставив и тука на блогов: Дали ќе биде добар The Dark Knight? На кратко, да. Филмот е феноменален! Се радувам што ги оправда моите очекувања и ме изненади вака позитивно. Да, најреално гледано, филмот е одличен, и покрај што агресивната кампања и сите пропратни работи (The Dark Knight се искачи на првото место на листата на топ филмови на IMDB), вклучувајќи ја и смртта на Леџер, можеа да предизвикаат сомнеж за квалитетот.

Значи, по 15 години добивме Бетмен филм кој може да се носи со оние на Тим Бартон. Кристофер Нолан успеа да создаде ремек дело кое дефинитивно ги помести стандардите за филм базиран на стрип, дури и избега од маргините во кои најчесто се заробени ваквите филмови. Нолан направи Бетмен да изгледа реално. Тука нема комичари со портокалова коса во зелено трико, нема бивши билдери кои го замрзнуваат градот, нема пингвини што живеат во канализацијата... Во Готам сега владеат вистински криминалци, вистинска мафија, заедно со двајца изопачени лудаци во костими и маски кои се на различна страна од законот.

За жал, ова беше последното (има уште едно, ама е недовршено) што можевме да го видиме од генијалниот Хит Леџер. Никогаш нема да го видиме Џокер толку совршено одглумен. Кристијан Бејл исто така ме изненади како Бетмен. Беше сè она што не беше во Begins, но со напредокот и созревањето на ликот, некако е и логична ваквата изведба. На моменти не знаев кој е појезив, дали Џокер или Бетмен.

Не очекував да видам толку многу од Арон Екарт како Two-Face, повеќе го гледав како негативец за следниот филм (ако воопшто го има), но одлично се вклопи. Е, ваков Two-Face сакав да видам, а не клон на Џокер како оној на Томи Ли Џонс во Batman Forever. Можеби мал минус за филмов би било отсуството на Кејти Холмс како Рејџел, новава глумица не ме импресионираше воопшто. Од друга страна, останатите актери се одлични, особено Гери Олдмен.

Годинава добивме уште еден одличен филм покрај Iron Man и Indiana Jones новиот. Сите ми оставија силен, но различен впечаток, така што и да сакам, не би можел да кажам кој ми е омилен филм за годинава. Излезе скоро се што чекав, остана уште новиот Бонд до крај на годинава, и добрата снимка на The Incredible Hulk (овој решив да си го почекам).

Да резимирам, страшно добар филм, сигурно најдобриот правен според стрип и сигурен сум дека кога ќе спласне хајпот, нема да остане запамтен како обичен летен блокбастер. Ова е филм што ќе се гледа со генерации. Овој пат сум сигурен. :)

P.S. Утре излегува The X-Files: I Want To Believe.

July 23, 2008

Wir sind die Roboter

За Kraftwerk е излишно е да се зборува многу. Уникатен бенд, кој го трасираше патот на електронската музика. Еден од моите омилени бендови. Концертот пред две години е еден од најдобрите што сум ги проследил до сега...

Еве три албуми за симнување:

July 21, 2008

Како изгледа Batman Begins после три години

Откако неколку пати паднав во искушение да симнам лоша кино-снимка од The Dark Knight (за среќа се убедив да почекам уште малку), решив да му дадам уште една шанса на Batman Begins. Го имав гледано само еднаш, пред три години кога излезе, бев комплетно разочаран и до денес го плукав колку што можев. Го гледав пак. Па, ќе мора да си голтнам неколку работи што тогаш ги кажав, зошто филмот реално и не е толку лош. Сепак, ова е уште една лекција да не се избрзува со заклучокот за филмот. Пред да седнам, размислив за неколку работи.

Прво, морав да се соочам со фактот дека Кристијан Бејл е тој што е избран за Бетмен/Брус Вејн, и тоа е. Каков е, таков е, да можам ќе го сменам, ама не можам. Второ, морав да прекинам да го споредувам со Бетмен на Тим Бартон, затоа што се работи за сосема поинаков пристап. И трето, сакав навистина да видам дали пак ќе успее да го постигне истиот негативен ефект како првиот пат. Одиме со неколку точки:

1. Кристијан Бејл е одличен актер, но дефинитивно не одговара за улогата, а се гледа дека навистина се труди. Останатата актерска екипа е солидна и супер функционира.

2. Нолан прикажува различен Готам, кој и не изгледа толку лошо поради тоа што изгледа реално, а таков е дури и целиот филм. Се случува во денешно време, за разлика од минатите на Бартон (ете, пак споредба, ама што да правам) кои се случуваа во време и на место каде што се случуваат сите негови филмови.

3. Сценариото и приказната беа океј. Таков е замислен филмот и тоа е, нема друго. Да не беше првата половина од филмот, тогаш немаше да се вика Begins, нели? Филмот покажува зрелост која отсуствува во сите претходни Бетмени, што не е негативна страна, но морам да спомнам.

4. Режијата е одлична. Тука немам замерки.

5. Костимот на Бетмен е лош. Единствено полошо беше оној со брадавиците на Џорџ Клуни. Маската е катастрофа и изгледа смешно.

Тоа би било во кратки црти. Филмот навистина е океј и мило ми што успеав да го гледам а да не бидам толку пристрасен. Ми пополни дупка во чекањево на The Dark Knigth, за разлика од анимето Batman: Gotham Knight што не ни го догледав од што ми беше досаден. Ќе му дадам шанса и на тоа. Деновиве ептен сум загреан за Бетмен, па ќе седнам ќе ги гледам филмовите пак, а ќе ги читнам и стриповите што ми останаа непрочитани.

July 19, 2008

Those were the voyages...

По неколку месеци следење на развојот на новиот Star Trek филм, почнувам да мислам дека ова е една од најлошите идеи во историјата на филмот. Единствено нешто што би можело да му парира на ова, е римејк на Star Wars или Raiders of the Lost Ark. Знам дека веста за снимање на нов Star Trek филм возбуди многу фанови (ете, и мене) ширум светот, но ајде да бидеме реални. Колку навистина сакаат да видат други актери на местата на Кирк, Спок и останатиот екипаж? Star Trek не е James Bond, па дури и некој навистина да се потруди - нема да може ни да му се доближи на Вилијам Шетнер.

Се плашам дека и Star Trek го однесе виорот на римјеци и лоши продолженија, кој изминативе години е некаков тренд или нешто. Како веќе да нема оргинални идеи, се е веќе преџвакување на нешто што веќе е познато.

Star Trek секогаш сум го гледал како нешто што оди и треба да оди напред. Веќе видовме како функционирале работите пред капетанот Кирк, во Enterprise. Серијата колку и да беше океј, сепак имаше граници кои не смееше да ги помине, па затоа на пример, имаше раси кои мистериозно беа исчезнати во другите серијали. И ете, повторно, оди назад, и со актери кои ги носат имињата, униформите и дел од историјата на оние кои го калеа СФ жанрот.

Дали некој ги виде постерите? Освен тоа што Закари Квинто ги има ушите, дали нешто друго потсеќа на Star Trek што сите го сакаме?

Веројатно, најдобрата идеја ќе беше да се остави Star Trek во мирување бар уште некоја година. Да се пронајде навистина добра причина (освен парите) за повторно враќање, па макар било и Enterprise мини-серија или direct-to-video филм. Ете, нека е и со нов екипаж. Ги видовме веќе авантурите на Кирк, и барем јас сакам да ги памтам така како што се. Нема врска ако Леонард Нимој се враќа како Спок. Нека се врати и Шетнер како Кирк - џабе. Се додека Сајмон Пег е Скоти, ништо не правиме. Сајмон Пег е одличен актер, но е далеку од добар избор за Скоти.

Нешто што повеќе ме плаши од новиот Star Trek филм, е серијата која би можела да настане од евентуалниот успех на филмот. А, што се однесува до мене, јас ќе се потрудам да го скокнам ова...

July 18, 2008

Why so serious?

Незнам дали должи на преголемиот hype (најверојатно да) или филмот навистина вреди колку што кажуваат сите рецензии кои успеав да ги прочитам, The Dark Knight на првиот ден на прикажување, се искачи на четвртото место на IMDB.

Од тоа што досега го видов од филмот, не се сомневам во неговиот квалитет, изгледа скоро совршено, дури очекувам да биде подобар и од на Бартон Бетмените. Се надевам дека ќе ги исполни очекувањата и нема да ме разочара.

Да бевме нормален град со повеќе од едно кино каде што ист филм се прикажува цела година, можеби и ќе го гледав The Dark Knight на време. Ќе се потрудам да си почекам асална снимка, а не кино ко Iron Man.

July 17, 2008

Нов дизајн на last.fm

Од пред неколку саата, last.fm е со нов дизајн, после речиси три години. Прво се изненадив, зошто памтам тогаш колку ми беше тешко да се навикнам. Еве, веќе некое време го разгледувам и се привикнувам. Делува малку хаотично на прв поглед, ама ќе се навикнам. Се надевам дека функционалноста ќе се подобри. Очигледно работат во моментот, споро е и тешко се пристапува до одредени делови од сајтот.

Визуелно е океј, особено ми е интересно она со омотите на албумите кои што сега изгледаат како да се во пластична кутија.

За неупатените, last.fm е сервис кој ги архивира песните кои поминуваат низ аудио плеерот на корисникот (поддржува Winamp, Windows Media Player, Amarok и уште некои други), креира топ-листи на најслушана музика, има можност за креирање плеј-листи, радио станици, кориснички групи, страници за бендови и издавачки куќи, итн. Јас сум корисник повеќе од три години и според статистиката, до овој момент сум ислушал 111,947 песни. :)

July 14, 2008

You talkin' to me?

Ремек-дело на неприкосновениот Мартин Скорсезе. Филм кој треба да претставува репер за добра глума, покрај одличната режија и генијалното сценарио. Мислам дека бесцелно е да почнам да ја објаснувам приказната или да зборувам за тоа колку е моќен филмов. Едноставно, треба да се доживее и да се изведе сопствен заклучок на крај.

Ако Оскарот би бил мерило за квалитет, тогаш жалам што Џоди Фостер го нема добиено и за овој филм. Роберт Де Ниро, како и во повеќето филмови, нуди уверлива, совршена глума, која ретко кој успеал да ја покаже на барем сличен начин. Човекот е единствен. Точка.

Ако треба да вадам реплики и сцени од Taxi Driver, ќе треба да го постирам целото сценарио тука.

"Have you ever seen what a .44 Magnum will do to a woman's pussy? Now that you should see. What a .44 Magnum will do to a woman's pussy that you should see?"

July 11, 2008

Аркадни игри

Ако за нешто жалам денес, тоа е смртта на старите флиперници каде што израснаа цели генерации. Ја имав таа чест да бидам последната генерација на деца што секој денар даден од дома, го трошеше на малите сиви метални жетончиња кои пружаа неколку минутна шарена забава. Киснење во флиперница од сабајле до вечер, кога не играш гледаш друг како игра, се радуваш на секој туѓ напредок во некоја игра, а празник ти е кога ќе донесат некоја нова игра. Па фалење кој со колку жетони ја свртел Cadilacs, па кој колку финти знае со Бланка на Street Fighter, па кој е подобар во Pang

Првпат влегов во флиперница како многу мал, сигурно некои четири-пет години, не ни идев во градинка или слично. Првата игра што некогаш ја играв беше Black Tiger, нормално, дознав многу подоцна за насловот. Производител на играта е според мене најдобрата компанија за производство на вакви аркадни игри, Capcom. Речиси сите мои омилени игри од тоа време се дело на Capcom. Значи, во Black Tiger, контролираш варварин, налик на Конан, кој располага со чудни оружја и тепа се пред него, а богами и зад него, бидејќи непријателите буквално доаѓаа од секоја страна. Нешто подоцна, ја сменија играва во флиперницата (имаше само една машина тогаш), и ја донесоа Sly Spy. Тотален rip-off на Џејмс Бонд и страшно забавна игра.

Поминаа година, две, флиперницата страна продавница, јас тргнав во школо, прво одделение. Иако мојата прва флиперница ја затворија, многу други беа отворени, речиси на секој чекор. Од школо до дома, по пат имаше само три. Тогаш првпат се сретнав со Cadillacs & Dinosaur, The Punisher, Final Fight, Street Fighter, Warriors of Fate, Тhree Wonders, Pang и игрите кои беа слични на нив. Ова се игрите кои покрај оние за Нинтендо, е нешто што никогаш нема да ми здосади и секогаш ќе ме расположува и ќе ме прави среќен. Игри со душа, која за жал новиве колку и да се добри, едноставно ја немаат.

Некаде 1998-1999, со појавата на PlayStation конзоли по истиве флиперници, постепено почна да згаснува сето она што ни го расвеселуваше детството. Флиперите речиси и да се истребија во наредните 3-4 години, во периодот кога се појави Counter Strike. Што се однесува до мене, ова сосема нормална еволуција на видео игрите која ја следам и јас, но жалам за децата денес кои немале прилика да го почуствуваат тоа што го имавме ние. Не дека беше подобро, некако беше поискрено.

Среќа во несреќа е тоа што кога згаснаа флиперниците, почнаа да се појавуваат емулатори како што е MAME32. Е, на ова се имам радувано како дете со 200 жетони во флиперница кое едвај чека да ги истроши до последен на раштраканите копчиња и рачката со големо црвено топче! И ден денес повремено го пуштам MAME32, да ги емулира сите тие емоции кои не правеа да бидеме толку безгрижни и наивни...

July 9, 2008

Спремни за Clоnе Wаrs?

На 15-ти август годинава пристигнува најновото Star Wars остварување, анимираниот филм Clone Wars. Да, дејствието е сместено меѓу Attack of the Clones и Revenge of the Sith. Незнам зошто не ја оставија војнава да заврши со "Clone Wars" серијата што одеше на Cartoon Network пред некоја година, затоа што и филмов е всушност почеток на нова серија. Верувам дека можат ова да го влечат се додека им носи пари, ама јас лично би сакал да видам нешто после Return of the Jedi, кога веќе не ги оставија филмовите на раат...

Доброто за мене е тоа што доаѓа во период кога сум жеден за Star Wars. Нема да зборам сега ништо пред време, научив да не претерувам со очекувањата, едноставно нека си дојде, па ќе си кажам што-како.

На овој линк може да се погледе и трејлерот. Изгледа ветувачки.

July 6, 2008

Преглед на Eventide

По неколку месеци од изгледувањето на последната Magic: The Gathering едиција, крајов на месецов излегува вториот дел од Shadowmoor блокот, Eventide. Eventide се надоврзува на приказната од Shadowmoor, и конечно треба да ја заврши приказната започната со Lorwyn. Логично, темната тематика од Shadowmoor продолжува и тука и баш ме интересира дали ќе заврши со среќен крај враќајки на она што го знаеме како Lorwyn, идиличното и весело место каде што владее вечно лето. Од тоа што до сега го прочитав од Shadowmoor книгата, не ми делува баш така, ама останува да видиме.

Е, сега. Од аспект на гејмплеј, Shadowmoor не ме воодушеви којзнае колку. Да, има навистина добри карти, само ретко што успеа да се вклопи во гоблиниве кои ги играм, а и веројатно ќе продолжам и понатаму да ги играм. Комплетно ја сменив стратегијата на декот, ама уште не успеав да видам како се понаша на турнири против јаки декови. Овојпат, поголемиот дел од играта ми зависи од една карта и многу среќа за да ја извлечам додека партијата е во рана фаза.

Од картите што досега се појавија од Eventide, нема нешто што ќе биде корисно за тоа што го играм, ама затоа па има моќни карти за оние што играат Киткини или Елфови. Пририлис турнирот ќе се игра и тука, нa 13.07 и 20.07. За повеќе информации - тука.

July 4, 2008

По три години чекање на Knowing

Прво, да кажам дека Алекс Пројас е потпишан на два од моите омилени филмови, The Crow и Dark City. Второ, Knowing го чекам од 2005, кога беше најавен, баш сега ја гледам темата што сум ја отворил на МФФ. Требаше да излезе уште во 2006 и беше неизвесно дали воопшто и ќе се случи филмот. Пред некој конечно месец започна снимањето и тоа со Николас Кејџ во главна улога. Тогаш првпат ми се намалија очекувањата за Knowing. Зошто Николас Кејџ? Зошто упорно е во филмовите кои ќе ме заинтересираат (National Treasure, Ghost Rider)? Што е следно? Ќе биде Wonder Woman? Океј, се зезам, ја мразам Wonder Woman, ама бар е бољи од Николас Кејџ.

Не ми е јасно што видел Пројас во Кејџ, ама океј. Го гледав трејлерот што се појави вчера - катастрофа. Иако не сакам да формирам мислење или очекувања од трејлери, тоа што ги видов беше комплетно разочарување. Оргиналната идеја е измената (види го првиот пост за Knowing на МФФ) и филмот воопшто не изгледа така како што го замислував и како што требаше да биде - мрачен и језив. Ова повеќе изгледа како лош филм со Сандра Булок.

Идејата на филмот ми звучеше уникатно и затоа ме привлече толку. Тип наоѓа купче цртежи од деца во мистериозна временска капсула од 50-тите и испаѓа дека катастрофите на цртежите се имаат остварено и останува уште една, позаебана од сите други, што допрва треба да се случи. А, што е ова тука? Бројки и букви и Николас Кејџ трча и ги дешифрира.

Иако имам некаква мала надеж дека и нема да испадне толку лошо, сепак чекањето (четири години, филмот излегува во 2009) знам дека нема да се исплати. Трејлерот може да се погледне тука.

July 3, 2008

Stargate: Atlantis импресии

Ако нешто некогаш успеало да ми го предизвика она чувство што ми се јавува кога гледам Star Trek, тогаш тоа е Stargate: Atlantis и ништо друго. Намерно или не, серијата е поблиску до Star Trek отколку до Stargate. 90% од ситуациите кои се случуваат во серијата, комотно може да поминат како Star Trek епизода. Можеби и поради тоа толку бргу ја засакав серијава. Лесна е за гледање, го прави баш тоа што треба да го прави, да забавува, за разлика од напорната Battlestar Galactica, што мене лично ме исцрпува веќе.

Ја изгледав и втората сезона, и без размислување можам да кажам дека е една од најдобрите серии кои некогаш сум ги гледал. Одлични ликови, кои за разлика од другите во слични серии, се однесуваат природно во одредени ситуации. Кастингот е совршен, тука нема Весли Крашер, Хери Ким, Кира и слично, туку има закон ликови како Родни МекКеј и Ронoн Декс. А, покрај тоа, гостуваат актери кои ни се добро познати баш од Star Trek.

Првото нешто што ме привлече да ја загледам серијата е тоа што буквално отиде “каде што ниедна серија не отишла порано” (ха!) - Атлантида. Иако дава поинакво гледиште на самиот мит, функционира феноменално. Кога сме кај негативците, Stargate: Atlantis ги има најопасните фаци во целата Pegasus галаксија, the Wraith кои сеат страв на речиси секоја планета каде што стапнале. Незнам понатаму во кој правец се движи серијата, ама се надевам дека имаат и некој друг ваков гаден непријател. Не дека ми сметаат овие, ама ќе стане досадно ако продолжат да бидат извор на сите проблеми во галаксијата.

Поврзаноста со Stargate SG-1 е присутна, баш како што и треба да биде, единствено ми е криво што ги немам гледано последните сезони на SG-1, па некои работи понекогаш ми делуваат збунувачки. Додека ги набавам третата и четвртата сезона на Atlantis, продолжувам да гледам SG-1 од втора сезона.

July 2, 2008

007: Quantum of Solace трејлер

Доколку Casino Royale не успеа да ги убеди луѓето дека Даниел Крег е Бонд, мислам дека новиов филм ќе го направи тоа. Можеби го нема шармот на Конери или харизмата и хуморот на Мур, ама типот го бива за Бонд и тоа е факт. Иако и јас мислев дека е лош избор, Крег се покажа одлично и ја освежи франшизата.

Quantum of Solace излегува на 7-ми ноември оваа година. Едвај чекам.

July 1, 2008

Don S. Davis (1942 - 2008)

Почина Don S. Davis, актерот најпознат по улогата на генералот Џорџ Хамонд од Stargate SG-1. Ја догледувам втората сезона на Stargate: Atlantis и баш сакав да пишам денес нешто за тоа, за жал мора нешто поинаков Stargate пост.

Почивај во мир, Дон.

Толку ли е добар WALL-E?

Речиси не го ни приметував, зошто ми делуваше просечно. Единствено нешто што ми падна во очи беше преголемата сличност со роботчето Johnny 5 од Short Circuit.

WALL-E излезе пред една недела и моментално владее со светот, руши рекорди и успеа да се искачи на 6-тото место на топ листата на најдобри филмови на IMDB. Незнам зошто, не ми делува hype-ирано и преценето, барем не пред да излезе. Никаде не видов превидувања за успехот на WALL-E, некако тивко дојде и ете што направи.

Од тоа што успеав да го видам од трејлери, анимацијата е одлична, веројатно најдоброто нешто што излегло од студиото на Pixar, па ќе си го почекам на асална снимка. Сигурно немаше ни да го гледам, да не беше критиката ваква. Ме интересира што го прави WALL-E толку подобар од другите Pixar филмови. Ќе го гледам, па ќе пишам рецензија.

На крај, морам да го поставам прашањето: Дали WALL-E е E.T. на новата генерација?