March 15, 2015

Alien³ (1992)

Целиот овој хајп околу новиот Alien на Нил Бломкемп, ме натера да му дадам шанса на Alien 3. Низ годиниве, некако ги имам отпишано последните два дела од франшизата, па штом не се сеќавав дека стариот Ланистер глуми тука, кој знае колку време го немам гледано третиов. Resurrection мислам дека не го ни имам изгледано цел од почеток до крај. И, каков е Alien 3? Па... не многу добар. Не е толку катастрофален како репутацијата што ја има, но сепак не е достојниот наследник на претходните два. Има куп работи кои не се во ред со филмот, но ако е некаква утеха и изговор, причините за тоа се многу подлабоки отколку што изгледаат. Alien 3 е едно од најисфорсираните продолженија во историјата на филмови. Студиото било решено да ја продолжи приказната по секоја цена, и тука некаде работите почнуваат да тркалаат надоле. 


Скоро шест години во продукција, патот до финалниот филм воопшто не бил лесен. Продуцентите биле соочени со многу режисери и сценаристи кои се обиделе да го реализираат филмот и многу од нив се откажале или биле откажани. Недостатокот на јасна визија за текот на продолжението, ги оставило Дејвид Финчер и Винсент Ворд да работат со идеи нафрлани од нивните претходници, биле во трка со време и притисоци од студиото и продуцентите, така што товарот за лошиот квалитет на Alien 3, можеби и не е фер што некогаш целосно паѓа врз нивниот грб. Практично, она што го гледаме во Alien 3 е колаж од идеи на десетина луѓе, менувани, адаптирани и крпени онолку колку што дозволувало времето и финансиите тогаш.

Прво, главниот проблем е со преживеаните од Aliens, односно Рипли. Во одредни фази од продукцијата, воопшто не ни требало да бидат пристуни ликови што ги знаеме, меѓутоа одлуката на студиото била дека филмот мора биде со Елен Рипли. Alien 3 се ослободува од останатите преживеани од Sulaco на дрзок начин, без никаква правда, нешто што очигледно фрла силно светло на крпениците. Целата поента на Aliens буквално паѓа и гори до пепел. Океј, не баш до пепел, ама сериозно наебаа. Дејвид Финчер направил многу за да го задржи целиот амбиент на претходните, меѓутоа самиот сетинг не дозволува да се постигне мрачната и клаустрофобична атмосфера во која чудовиште како ксеноморф најубаво доаѓа до израз. Металните коридори не сами по себе доволен терен за чувството на тензија и страв да биде прописно ослободено. Заканата е присутна речиси цело време, но не е баш застрашувачка. Дури и перформансот на Сигурни Вивер е некако угушен од религиозните затвореници и сценариото кое е не е баш најперфектното на светот. Единственото нешто што е погодено во целост е добриот саундтрек, тука немам апсолутно никакви замерки.

За жал, сите интересни моменти се гушат во досада и споро темпо со што уште толку целиот впечаток е некако погорчлив. Не ми е јасно како Нил Бломкемп ќе гради нешто околу ова без да го игнорира целосно. Веројатно нешто би можело да се изведе со позајмување на одредени елементи и некаков друг исход на настаните после Aliens, па дури и овие тука.

Види такоѓе:

No comments: