November 29, 2014

Ден после тизерот за Star Wars: The Force Awakens

Без разлика дали си фан само на оргиналната трилогија, Џар Џар Бинкс, сè што е Star Wars или си се качил на возот само затоа што менталитетот на стадото "кул деца" и The Big Bang Theory така ти наложилe, една работа е непобитен факт. Star Wars е најголемата забавна франшиза во историјата на постоењето. Затоа, единствениот начин за да го игнорираш хајпот за The Force Awakens е да се исклучиш од интернет следниве неколку години. Допрва почнува. Ако 88 секунди тизер може да го свртат интернетот наопаку, замисли што ќе прават следните детали за филмот. 

Од денес, во секој нареден пост ќе ја ставам сликава.

Верувам дека само децата во Сирија и изолирани африкански племиња не го изгледаа. Остатокот веќе е поделен од тие 88 секунди кои и не откриваат нешто многу. Но, самото тоа што е Star Wars, и тоа Star Wars после години од Гангани и Хајден Кристенсен, е доволно да изгенерира ваква хистерија. Краткиот тизер ги прикажува новите главни ликови, Татуин, новите Стормтрупери, X-Wing сквадрон што надлетува некоја вода, Фалконот и.. и (веројатно) Sith со малку... чуден лајтсејбер. Последново е најодговорно за поларизираната атмосфера моментално.

Мене лично, не ми е по ќеф. Доволно се кул сејберите такви какви што се и баш таму е привлечноста. Лајтсејбер "инженерите" на интернет на кои им се допаднал дизајнот, веќе почнаа да се расфрлаат со технички и практични причини зошто е таков каков што е. На другите, ни останува да се надеваме дека Џ.Џ. Абрамс не претерал со дизајнот и кај другите сејбери. Ако целта било "лошиот" да има уникатно орујже како Дарт Мол, тогаш веројатно ќе може да се премижи. 

Рано е за да се создаваат цврсти очекувања за The Force Awakens. Џ.Џ. Абрамс како и секогаш, ги држи деталите за приказната во тајност, со што само придонесува за поголем хајп. По не знам кој пат ќе кажам, нема шанси да е полошо од приквел трилогијата. Нема шанси. Освен ако некој бил слеп пред цело тоа негативно моџо што го носат тие три филмови.

November 27, 2014

Нема простор за нов Терминатор

Пред повеќе од пола година пробав да си го дадам одговорот што е во насловот погоре. Ама, ако можат да се упорни со глупостите, неколку мои постови на оваа тема нема да убијат никого... веројатно. Океј, значи очигледно е дека никој не сака да види Терминатор филм без Шварценегер. Не сакам ни јас. Меѓутоа, исто така не сакам кога некој свесно удира клинци во сандакот на една од моите омилени франшизи. Освен ако ова не е некој подмолен социјален експеримент со кој ќе се истестира и предизвика интелектот на публиката за која претпоставиле дека ќе проголта било што со Терминатор во насловот, не гледам друго рационално објаснување. 

Тотално не е нискобуџетна СФ серија

Приказната е следна. Не го измислувам ова, на Википедија е! Џон Конор го испраќа Кајл Риз назад во времето да ја заштити Сара Конор. Но, наместо како во оргиналниот филм, ситуацијата е далеку позаебана. Поеднакво заебана и за Кајл Риз, како и за стомакот на секој јадник што ќе плати за да го гледа филмот. Сара Конор останала без родители на девет години, откако друг Терминатор ги убил, па од тогаш навака единствената татковска фигура и е моделот на Шварценегер, програмиран да ја заштитува. Ова не го пишува на Википедија, некаде го имаше по нетов, ама ќе му се обраќа со "тато". Некој во Холивуд сериозно мислел дека ова е одлична идеја која дефинитивно треба да добие зелено светло, затоа што кој те ебе, бе.

По триминутна дискусија уз крек, на масата со сценаристите, практикантите и чистачот, смислиле и зошто Шварценегер ќе изгледа колку што има години, односно 90. Кожата врз ендоскелетот, не е синтетичка, туку органска, па старее. Како ви текна, ментално предизвикана бандо? Само што, ова не е идеја на група младичи притиснати со рок да нашлакаат некаква приказна и сценари. Доаѓа директно од Џејмс Камерон кој им го кажал првото што му дошло на памет, пред да замавне со палката за голф. Гледаш? Ни он веќе не се замара. Само јас се замарам со филмов, очигледно.

Промо фотките се смешни исто како и името. Изразите на лицата им се како да гледаат директно во филмот. Освен Калиси, она не може веќе ни да гледа, па гледа директно во тебе, и ако гледаш доволно долго, мрда со главата лево-десно во неверување. А, името го сменија во Genisys, зошто Genesis не звучеше доволно лошо. Шварценегер веќе почна да се однесува за годините. Онака, ко да му е мило што младиве го дружат, а и он ги разбира пошто духот му е млад, нели.

November 24, 2014

Осум години Crapwerk

Од вчера пробувам да напишам нешто по повод годишнината на Crapwerk, и сè што излезе заврши згужвано и фрлено. Лани тоа се случи со редизајнот, наспроти досадната листа со постови од тековната година кои не ми било срам додека сум ги читал покасно. Редизајнот го снема брзо после таа годишнина, го вратив стариот удобен, а листата ќе ја скокнам и сега зошто едвај консумирав и пишував годинава. Освен кога ептен ќе ми се стемнеше денот, па некогаш и се распукував по (недолжни) примероци од поп културата што некако ќе ми налетаа.

Го направив за себе, Скајлер!

Многу години се вака кога ќе погледнеш назад. Знам некогаш да засукам ракави и да копам по стварите што сум ги куцал. Секогаш ми е кул што можам вака да ѕирнам во некое друго време. Некои постови се крајно носталгични, други онака, ненамерно смешни, има и такви со кои воопшто не се согласувам денес, а на некои не се ни сеќавам дека сум ги напишал. Најинтересно ми е како со текот на годиниве, темите за кои дрвам во втората половина од постоењето на блогов, си се втемелиле како суштина и концепт, постепено филтрирајќи ја "поопштата" содржина. Мислам дека првите години на Crapwerk само хороскоп и претсказивање будучност на кугла немаат видено. 

Осум. Веројатно е единствената конструктивна ствар што ја терав континуирано, со години. И, без да сум серко со лажна скромност, ќе бидам само серко што ќе се насмее под брк. 

Фала ви на сите што некако сте се нашле тука.

November 23, 2014

Ако умреш во Draenor, умираш и во вистински живот

Фатив стотка. Десет дена откако излезе експанзијата. Тоа би било левел на ден, иако играта воопшто не беше во оперативна состојба првиот викенд. И, не само тој викенд, проблеми што мене ми го кршеа играњето беа пристуни и вчера. Како тогаш сум толку бргу последен левел, иако не ми се исчистени сите зони (одев квест по квест)? Изгледа Blizzard решиле левелирањето од 90-100 да го сведат на саати потребни да се заврши просечна сингл-плеер игра, без разлика колку планираш да се влечеш. Очекував барем да се тегнам до следниот месец со ова темпо. Ако добро израчунав, потрошив околу 15 саати на ова. Или барем така ми е полесно да мислам. 


Не би сакал да го повлечам следново некогаш во иднина, но! Ова е најдобрата експанзија до сега и една од најдобрите RPG игри што некогаш сум ги играл. Во секој поглед. После неколку денови пројдени на Draenor, ме заболува стомак од помислата дека некогаш ќе морам да стапнам на зоните од Cataclysm. Не делува смешно во споредба, делува очајно. Ако нешто, за жал, ооо колку ми е жал што морам да го заклучам ова, делува смешно во споредба... тоа е Пандарија. Не толку самиот континент, колку што ми е непријатно кога ќе видам Пандарен како трчка низ зона каде што демнат крволочни оркски кланови. Warlords of Draenor до тој степен ја врати суштината на Warcraft, што многу работи сега ми изгледаат како да не припаѓаат во целиов овој свет. Токму ова е и причината за три милиони нови (или стари, толку копии се продадени) играчи на денот на објавувањето, кои беа причината за долгото чекање да се влезе на сервер и неколкуте самоубиства. Последново ми е тотално непроверен факт, ама ако се водиме според статистика, сигурно некој бил бутнат од работ поради ова. 


Краткиот престој на Draenor, не би можел да го раскажам во еден пост. Прво и очигледно, нема да го собере, а второ, има премногу, па и десет постови да напишам голема е веројатноста дека ќе пропуштам нешто. И, сега прашањето е, дали е до толку добра експанзијата? Да, до толку. Многу, многу повеќе од што очекував, па и многу повеќе од било чие очекување. Нешто конечно штракнало таму во Blizzard и решиле да удрат со сите расположливи средства. Еј, можеа да направат и експанзија со еднорози, сите ќе ја купевме, ќе се наполнеа пари, ама немаше да осети никој дека добил нешто за возврат, а милиони и понатаму ќе продолжеа да играат. Тука баш тоа се осеќа. Плаќаш за продукт од кој си максимално задоволен, како никогаш претходно. За тие што уште не можат да го заборават првиот викенд, ете им пет бесплатни денови. Океј? Океј. Јеби га.


Зоните се преубаво дизајнирани. Не изгледаат толку репетитивно како претходно, амбиентот се менува на различна локација во една зона и светот делува пожив од било кога. Не се сеќавам кога последен пат сум застанал само за да ја слушам музиката и да гледам наоколу во виртуелни шуми. Секоја зона има неколку приказни составени од неколку групи на квестови и сценарија. Приказните се толку добро напишани, што и собирање на 10 опашки од магариња ти значат сè во моментот. Добар дел од времето, те следат и неколку битни ликови од приказната и светот, со што приказната ти е уште подобро раскажана и впечатлива што ќе се сеќаваш на неа во следните четири експанзии. Тоа е и убавината на Warlords of Draenor, што досадното грајндање на квестови кои никој не ни чита зошто ги прави, го направија интересно со дијалози од NPC-ја што се во твоја близина и синематици. Никогаш нема да заборавиш како си го шпиунирал Gul'dan во Frostfire Ridge или на битката за Shattrath. Самата носталгија во облик на квестови, ликови и локации,  што влетува од време на време, мене ми го направи искуството уште подобро.  


Стигнав до Nagrand кога се деси стотката. Некаде на почетокот. Nagrand ми е омилената зона од Outland, и е всушност најсочуваната зона од Draenor. Барем така изгледа делот што го видов. Баш тука е комплетно задржано тоа чувство на грајндот што го нудеше "оргиналниот" Nagrand во The Burning Crusade. Новиот концепт на квестање и акцентот на приказната се и тука пристуни, но веројатно намерно "случувањата" се малку поумерени. Или се спрема нешто големо за крајот на приказната. Кој ќе ми направи спојлер, ќе го ганкам додека постојам. Имам неискористен boost до 90-ка, така што седете мирни. 

Да го довршам Nagrand, па ќе видам што нуди играта понатаму. Гарнизоните и базите што ги градиш во секоја зона, пак ќе ги оставам за следна прилика. Кликам и таму, меѓутоа сепак заслужуваат посебен пост. Моментално, по повод 10 годишнината на играта, пуштен e Molten Core рејд, верен на оргиналниот, наменете за 40 играчи. А, за PvP играчите, има Southshore vs Tarren Mill бетлграунд, со по 40 луѓе од секоја фракција, нешто што би требало да го врати духот на епските борби помеѓу играчите, во времето пред воопшто да постојат бетлграунди или некаква материјална корист од убивањето на непријателската фракција. И, така, пак не кажав ништо со постов...

Што е со South Park, еј?

Што е со South Park, стварно? Која година сме? Како е сезонава толку добра? Уште од крајот на претходната, пршти креативност како во најдобрите денови. Престанав редовно да следам некаде околу... дванаеста сезона можеби, па обично гледав маратонски кога ќе завршеше цела сезона. Иако секогаш држеа некакво задоволително ниво, на моменти целата серија се осеќаше заморно. Во секоја сезона имаше инстант класика епизоди, Ренди го превземаше фокусот како што заслужува, меѓутоа некако Family Guy и останатите на МекФарлејн успеваа многу подолго да останат под кожа неделата. Сега кoга и тие го изгубија сјајот, речиси и ништо од анимираниве серии не следам редовно.


Сосема е јасно дека свежината и креативноста се губат со годините, особено кога нешто трае околу или повеќе од една деценија. За среќа, некои, како The Simpsons успеаа да ги надминат тие "застои", а гледам дека и со South Park се случува истото. Осумнаеста сезона. Старееме со South Park, нели? Осум епизоди до сега, и секоја успева да ја надмине претходната. Се распукаа по трендот со стартапи, генеричка поп музика, електрични возила, ебола, глутен, дронови, "бесплатни" игри... Се позаебаваа дури и со Oculus Rift и Magic: The Gathering. Овој интензивен критички настап со кој Мет Стон и Треј Паркер ја туркаат сезонава го немам видено со години. Баш ова е тоа што ме навлече на South Park при првото гледање, и ова е South Park што мене ми е најпријатен за гледање. Да, The Coon беше смешен, ама само првиот пат. Се надевам дека оваа "ренесанса" ќе ги држи до крај на сезонава, зошто ќе биде крајно глупо пак да паднат од врвот на омилените анимирани серии. 

November 14, 2014

"Само тие постовите за WoW не ти ги читам"

Лансираше Warlords of Draenor, петтатa World of Warcraft експанзија. Си ги однесовме дома кутиите пресреќни, додека брадавиците ни експлодираа од восхит. Паралелно со тоа, експлодираше и самата игра, со отварањето на серверите после полноќ и преминувањето низ Темниот Портал. Бесконечно чекање ред за влез на самиот сервер, констатен лаг, нефункционално инстанцирање на гарнизоните, багови и паѓање на конекции. Нешто што повеќе прилега на алфа верзија или лош руски пиратски сервер, отколку на најпопуларната MMORPG игра на сите времиња. Дали Blizzard биле технички неспремни за волку народ, дали има некој катастрофален код што ја крши мазноста на играта, и дали воопшто некако ќе се оддолжат за тоа што пола Европа и свет не може да игра нормално веќе втор ден, се само дел од прашањата кои разбеснета милионска топла ги поставува по нивните форуми. 


Моето искуство не е ништо поразлично. Мислев дека непријатноста завршува по неколкучасовното чекање да си влезам на мојот сервер, кој за беља се вика Draenor и е преполн. Поради популарноста и големата популација од претходно, а и тоа што ете, очигледно голем дел од луѓето сакаат да играат на сервер што се вика како експанзијата. За среќа, има бесплатен трансфер на друг од тука, па ќе избегам кога асално ќе се поздравиме со гилдот. 

Играта технички функционираше до оној момент кога завршија воведните квестови во новиот свет и дојде на ред градењето на Гарнизонот (намерно го пишувам со голема буква). Гарнизонот е сопствена база за секој играч, која функционира како мини-игра од оние што тетка ти ги клика на фејсбук. Си градиш градби, си ги левелираш, си прибираш ресурси, си собираш NPC-ја што ги праќаш на мисии кои ги извршуваат во позадина. Не е класичниот инстанциран player housing, но од првиот впечаток делува многу полошо од тоа. Кај што не е баш опционален, ти го натураат за прогрес на карактерот, туку не ни функционира во моментов. Башка е на фиксна локација, за разлика од други игри, пример RIFT, каде што можеш на различни места низ светот да си имаш место кое ќе си го викаш дома. Главниот проблем на Warlords of Draenor во моментот на пишувањето на постов е баш тоа, што наместо да го инстанцира секој играч посебно, ги дава сите на едно место во Гарнизон каде што нема ништо друго освен изнервирани играчи што пцујат цело време. Како на скриншотов доле.


Оној игрив дел што го видов од WoD е феноменален. Дизајнот и масивноста на зоните, амбиентот, музиката, приказните... направи да се осеќам слично како првиот пат кога стапнав во Азерот. Ако тогаш препознавав локации и моменти од Warcraft III, тука е слично, со тоа што препознаваш историски моменти и Outland. Делува стварно фасцинантно ако ти се познати сите тие ствари. Добро, дури и да не ти се. Единствена замерка, која можеби и не е на место, е тоа што постојано се присутни ликовите од приказната. Добар дел од времето ти се инволвирани во квестовите, што донекаде се создава некаква линеарна траекторија која можеш, ама па и не мора да ја следиш. Затоа најдобриот момент ми беше кога се багна Гарнизонот првиот пат, па морав да шетам во практично празен свет додека чекав да се оправи. Баш како во времето на пиратските сервери, кога левелирав само за да преживеам во следната зона што сакам да ја посетам.

Жалосно е што можеби најдобрата WoW експанзија (од The Burning Crusade.. и WotLK навака) го има најлошото лансирање на ММО игра што сум го видел. Верувам дека цел Blizzard е кренат на нозе моментално, од програмери, систем администратори до техничка поддршка, и се справуваат со проблемиве како што најдобро знаат. Што и да е причината, се надевам дека ќе се оправи ова викендов, за играта да може нормално да функционира за сите. Ќе пишам нешто повеќе кога ќе се случи тоа.

November 9, 2014

Интерстеларен медиокритет

Многу ми е мило што сè почесто сум имун на глобално падавичарење околу наслови како Interstellar. Изгледав само еден трејлер пред неколку месеци, меѓутоа не можев да не забележам како филмот го шмука вниманието на луѓето и медиумите како црна дупка. За жал, морам да заклучам дека тоа не е единственото што Interstellar го шмука. Влегов во кино со никакви очекувања, но стандардите што Нолан успеа да ги постави со претходните остварувања ми ја сетираа призмата малку поинаку. Излегов малку збунет, не е од приказната туку од тоа колку филмот не успеа да допре до мене. Освен од аудио-визуелниот стимул, не бев од ништо друго импресиониран. И да, подолу во постов, нема никакви (сериозни) спојлери.


Interstellar не е воопшто лош филм, да се разбереме. Но, нешто едноставно не успева да кликне како што треба. Има стеларна (ха-хааа) актерска екипа, одлична музика, кинематографија и режија. Почнува навистина ветувачки, гради интересна приказна за семејство што се обидува да преживее во финалните години на планетава, кога ресурсите се при крај и речиси секој општествен систем е колабиран. Да не речам стандардната приказна за таков сетинг, со стандардните мотиви и импулси за преживување и обезбедување опстанок за блиските, но некако на почетокот е фино спакувано, па го прифаќаш во целост. Иако имав некое познато чувство во првиот саат од филмот, не очекував дека ќе продолжи да се потпира на клишеата, кои исто така се некаков "стандард" кај вакви приказни. Изненаден бев од тоа што беа прескокнати некои работи кои веќе сме ќе ги виделе кај слични филмови кога главниот јунак заминува на некаква вселенска мисија, ама да прифатиме дека тоа е така баш ради тоа што се веќе видени. Тука некаде веќе почнав да се фокусирам на дупките во приказната, баш во моментот кога темпото на филмот почна да ја губи кохерентноста. 

Како што се развива понатаму, гледаш дека некои генерички наративи се сепак присутни, со што секоја тензија која ќе успее да ја избилда, паѓа во плиткото. Сосема ја прифаќам науката која оние десет луѓе во светот на кои не им се допаднал филмот ја критикуваат како неточна. Филм е, не мора секогаш да е сè доведено до таков прецизен реализам. Проблемот е во некои сериозно глупави дупки во самата приказна, па дури и дијалозите, кои во некои моменти се смешни. Сериозно добрите моменти, кои да, нормално дека ги има, и да, успеаа да ме мрднат од столче за кратко, за жал, го воспоставуваат балансот за да можам да го оценам Interstellar како просечен. 

Филмот не е 2001 на нашата генерација, но ќе овозможи губење на свест и интензивна мастурбација во круг, кај одредена авангарда која го разбрала поинаку од мене. Нолан во никој случај не го губи кредибилитетот. Спремен сум дури да му дадам и втора шанса на Interstellar, во случај да пропуштив нешто додека зевав и превртував очи на некои моменти кои практично ме удираа во стомак со површноста и стерилноста.

November 8, 2014

Overwatch, нов наслов од Blizzard после 17 години

Денес се разбудив во свет во кој Blizzard најавиле нова франшиза после 17 години. Сабајлево, гејмерскиот дел од интернетот е скршен од хајпот, а верувам дека уште се џогираат телесните течности од масовниот оргазам по синоќешната најава на Blizzcon за играта. По 17 години, Blizzard влегува на пазарот со Overwatch, онлајн мултиплеер арена шутер во прво лице. Тимски, со графика како од цртан филм, најавен преку шест-минутен синематик.


Не знам дали дека некако се имам отуѓено од жанрот низ годиниве, ама Overwatch ме остави скроз рамнодушен. Ги гледам мапите, ги гледам хероите и класите, механиката, ѕирнав од гејмплејот - ништо. Единствен детал што ми остави впечаток, е што во прво лице ги гледаш рацете (и оружјето) на херојот што си го избрал, што е секако поуникатно од генеричките раце во слични игри. Ако не е ништо ново, продоложи понатаму и игнорирај ја последната реченица, ограничен сум на игри во последно време, не сум во тек баш. 

Во никој случај не го оспорувам потенцијалот на Overwatch. Играта цели кон голема група на играчи, зад неа стои компанија со огромно искуство за штампање пари, а неодамна влегоа и во шемата на микротрансакции, па верувам дека иднината е стабилна.


Дали е ова она што остана од Titan? Според богот кој чекори по Земјата (не сум саркастичен со титулава), Крис Метзен, задржани биле некои аспекти од тој откажан проект, но освен естетичките сличности, Overwatch бил засебен ентитет. Тука веќе се потврдува онаа теорија дека она што го знаевме како Titan беше повеќе како работилница за испробување и развој на нови продукти, отколку игра. А, и да беше, после толку години и кревање на очекувања, сигурен сум дека ќе завршеше како Duke Nukem: Forever. Така што одлично е што се дистанцираа од тоа.

Overwatch веќе е отворена за регистрација за бета тестирање, а ќе се појави некаде во 2015. Во меѓувреме, ќе продолжиме залудно да се надеваме на Warcraft IV.

November 7, 2014

Штреберски спор за името

Насловот на новиот Star Wars е The Force Awakens. Кога го прочитав, осетив како милиони гласови заплакаа во ужас и одеднаш замолкнаа. Зошто името е креативно исто како референцата во претходнава реченица. Веројатно е прашање на вкус, меѓутоа малиот преглед низ дискусиите за името на интернетов, ме стави во онаа група на луѓе на кои им крварат ушите од звукот на The Force Awakens. И, од лошите фори околу. Ако веќе морале да одат на варијанта со овие две зборчиња, зошто тогаш не Awakening of the Force? Нели е некако позвучно? Сè што содржи "of the" поубаво резонира во уши. Бар додека не видиш што точно се мислело со нападот на клоновите.


Ова никако не значи дека филмот ќе биде лош, па затоа да си ги смириме цицките. Тоа што звучи како игра за портабл конзола веројатно ќе изветрее со тек на време и ќе се навикнеме. Што точно се мисли со The Force Awakens? Дали Силата успеа да задреме тие триесетина години после Jedi? Дали се будат малите интелигетни мидихлорини за конечно да ја имаат својата одмазда? Дали филмот ќе се обиде да се занимава со интергалактичка биологија или ќе се врати назад на далеку поинтересните псевдо-религиозни мистични интерпретации на Силата? Дали е некаков глуп симболизам за долгогодишното отсуство на Лук, како што кажуваат гласините? Дали е само обичен глуп наслов на кој Џорџ Лукас инсистирал, да биде нешто како неговата лебедова песна?  И, дали ќе го спомнат во филмот?

Доколку контекстот на приказната не се потпира премногу на насловот, како во оргиналната трилогија, тогаш е океј. Искрено се надевам дека нема да има некаков огромен ивент околу Силата што непотребно ќе ја демистифицира. Тоа е проблемот и со приквел трилогијата. Тогаш не страдаше само Силата, туку буквално секој битен и небитен елемент од Star Wars. Мислам, нè заболе од кај дошол C-3PO, ебате. Тука е шансата за да исправат такви глупости и малце да освежи целата франшиза. Нема потреба од потпирање на цврсти столбови кои може да бидат ненамерно расклатени. Дајте нешто ново што ќе биде иконско.

November 2, 2014

Омилена музика од 2014 (прв дел)

Иако има уште два месеци до крајот на 2014, некако ми се прави листа на стварите што ми се најслушани, а излегоа оваа година. Ако се решам да ја терам листава и понатака, најдобро ќе биде да почнам со четири. Сакав поинаку да почнам, со драм ен бејз, ама тие албуми од оваа година, во следна прилика, во посебно купче. Ги има многу, добар дел од нив се феноменални и обавезно ќе се потрудам да ги излистам со некој коментар како овие четири. Еј да, затоа дисклејмер. Не се рецензии овие доле. Секогаш кога за нешто на блогов ќе кажеш дека е рецензија, умира по едно слепо маче. Океј, чим е тоа јасно, идеме...



Океј, Sleep Party People ми се едно од најдобрите откритија во животот. Среќен сум и се тапшам често по рамо што ги примив во животот, што постојат, и што Брајан Бетс создава и музика надвор од нив, да ме држи сит додека не излезе нешто ново SPP. Пред неколку години (веројатно непосредно после издавањето), налетав на првиот самонасловен албум и тотално го изгубив срањето. Ми предизвика сосема нови чувства, без збунет од тоа што го слушам, среќен и потиштен во ист момент. Некаква пријатна меланхолија? Кога ги видов зајачките маски и контекстот со "зајачките" вокали, ми стана јасно дека воопшто нема потреба да ја третираме оваа музика како да е од планетава. Бетс со третиот албум малку отскокнува од претходните. "Зајачките" вокали се некако "прочистени", повеќе доминира неговиот глас со други ефекти, едноставноста на самите композиции се губи во некои покомплексни структури, па дури имаат и гости. Можеби за сметка на тој прогрес некако е занемарена интимноста што ја нудеа претходните два албуми, но во никој случај искуството не го губи интензитетот.




Не постои ништо негативно за Slipknot, а да не сум го слушнал. Така што сите муабети за тоа колку се позери, корпорациски неквалитетен продукт, музика за тинејџери и шта ти ја знам, одамна научив да ги филтрирам. Slipknot ми се бенд од детство, и можеби ги напуштив како редовен фан некаде околу третиот албум, ама знам да си приредам Slipknot "периоди" низ годиниве. После цели шест години, смрт на еден член и губење на друг, вадат албум посветен на првиот спомнат. И, тука паѓаат сите хејтерски муабети во вода, затоа што е ебано очигледно дека дека албумов е искрен до коска, инспириран од смртта на Пол Греј и она што го поминувале справувајќи се со тоа. Не е "стариот добар" Slipknot, меѓутоа не е ни последните два албуми. Сосема поинакво чудовиште е, составено од сите емоции што може еден човек да ги осети (и го има најлошиот омот во историја на музика). И, никако не ми е јасно, зошто најдобриот материјал на The Grey Chapter е третиран како бонус... А, да. Spoiler alert, деца: Тинејџерскиот бес, 10 години покасно се канализира преку алкохол и пишување по блогови.




За ова ми е искрено најтешко да пишам. Веројатно поради истата причина не пишувам и за книги на Crapwerk. Некако не се осеќам компетентно на пишан збор да муабетам со пишување, а особено кога станува збор за нешто волку големо и моќно како албумов. Марчело почнав да го следам некаде пред Treća strana medalje, да не речам опсесивно. Океј, не толку опсесивно, се имаме сликано, не му дремам пред зграда. Ме остава нем со способноста и талентот за раскажување приказни, искреноста и елоквентноста. Светот на Марчело и светот околу него, воопшто не е сјаен, и тоа одлично го доловува на албумов. Дефинитивно му е најзрелиот материјал до сега, најморбидниот и реално, најреалниот. Како што и сам кажува, поентата на Напет Шоу, е да го насочи вниманието кон она што навистина се случува, наспроти реалноста што се шминка со реалните шоуа. Напет Шоу звучи како задимен замрачен бар, како театарска претстава, како проштално писмо. Од моментот кога излезе нема ден без да биде преслушан. Сосема случајно, Марчело вади албум баш во период кога.. ми се слуша Марчело. 




Hard Believer e албум за оние сиви облачни грозни денови кои се баш она што ќе го видиш кога ќе погледнеш од дното надоле. Доаѓа директно од матичниот лејбл на Bonobo. Fink е Фин Гринал, британец со акустична гитара и глас што ќе ти предизвика морници по грбот, доколку нели, не си робот без емоции или латентен хомосексуалец што упорно глуми алфа мажиште и "не слуша педерска музика". Hard Believer нуди спор, мелахноличен инди фолк рок, на моменти звучи и блузерски и трипхоперски, испрскан со суптилна електроника, дури има и кавер на Nirvana. Имав прилика пред албумов убаво да ја прочешлам дискографијата на Fink, и иако не е Perfect Darkness, е доста солиден во однос на претходните. Можеби и немаше да се најде на листава, уште бев навлечен на Perfect Darkness, ама го заслушав некако случајно и ми се пикна под кожа.