January 21, 2015

Birdman (2014)

Која е разликата помеѓу популарност и престиж? Познато лице и талентиран актер? Шунд и вистинска уметност? Кој е подобар актер од Мајкл Китон за улога на истрошена ѕвезда чиј успех е стекнат по неколку суперхеројски блокбастери каде го толкувал главниот лик? Birdman си игра со еден куп прашања, за она "зад завесите" и гламурот, додека на симпатичен и хумористичен начин ти одмотува една тажна приказна човек кој не се наоѓа на некое завидно ниво во животот. Риган Томпсон, пред повеќе од две децении бил Birdman, и единственото нешто по кое е познат, е тоа. Бродвеј е местото каде што се обидува повторно да го сврти светлото кон себе, режирајќи претстава во која вложува сè што има. Риган сака да е пак релевантен. Битен и сфатен сериозно. 


Како што се наближува премиерата на неговата претстава во која и самиот глуми, односите со актерите, ќерка му и товарот од пропаднатиот брак, го прават текот на работите малку деликатен. Но, ништо како сопствената совест и его, манифестирани преку Birdman, граничејќи со шизофренија и самоуништување. Китон е брилијатен, веројатно никогаш подобар, а мета-референците кон Бетмен и делумно неговата кариера во последниве години, му даваат една многу фина боја на целиот филм. Па, дури и ликот на Едвард Нортон е "во духот" на неговото функционирање на сет. Не верувам дека филмот би бил ваков каков што е без овие двајца. Перформансите им се феноменални, па иако не е некое мерило за квалитет, би си го заслужиле добиениот Оскар. Ема Стон и Зак Галафинакис се одлично искористени и тука, барем за онаа поведрата страна на филмот. Изнендувачки добро е како Ињариту успеал и нив да ги вметне во целиов овој спектакл. 

Визуелно, Birdman е "наштелуван" да изгледа како да е цел снимен во еден здив, со една камера. Скоро цел филм е таков, камерата ги следи ликовите, кадрите се влеваат еден во друг, со што те држи фокусиран до последната минута. Самиот овој потег, иако не е уникатен, е доволно моќен за директно да ја погоди целта. Можеби не е најдобриот филм на сите времиња, но e дефинитвно еден од најдобрите минатата година. А, одамна немало толку добра година на ова поле. Провокативен, човечки, со храбри идеи, успева да биде полн, а во исто време да ја долови празнината и заебот на главниот лик. Ињариту има муда и да удри кај што му пречи и воопшто да не се сврти назад. Ги расклоца и критичарите и жолтиот селебрити печат, блокбастерите, дури и ефектите со кои ја хранат занесената публика, а и една цела аномалија за како можеш да направиш име за себе денес.

За крај, сакам пак да му се изначудам на Китон. Каде беше човеков до сега? Дали го живееше сопствениот Birdman некаде? Има ли некакви шанси да е пак релевантен со некоја главна улога? Секоја чест ако блесне повторно на овие години. Зошто после улогава само тоа го и заслужува.

No comments: