February 26, 2014

Кој е овој Метју МекКонахи?

Зошто во никој случај не е истиот од пред неколку години! Апсолутно нема шанси да не е заменет со вонземска копија или андроид. Овој талент што го покажува во True Detective некако ми е нереален. Што е следно? Хју Грент со бркови и брилијатна улога во серија за фудбалски клуб составен од канадски Инуити која суптилно ни посочува колку сме всушност мали во овој универзум? Нема шанси да е ова тој Метју МекКонахи, не. Мора да има некое објаснување кое прави смисла.


Но, она што е очигледно, е дека моментално се прикажува серија која дефинитивно останува класика во историјата на телевизијата. И, мило ми е што конечно успеав да го фатам текот на само две епизоди (од вкупно осум) до крајот на првата сезона. Не очекував волку рано да се појави нешто што ќе ми ја пополнува празнината од Breaking Bad. Не правам споредба, само сакам да ја потенцирам генијалноста на True Detective. Темата е сосема различна, а и целиот амбиент. True Detective е далеку помрачна и подепресивна. HBO е можеби стандард за квалитет, меѓутоа ова успева да ја помести линијата после само три епизоди. Четвртата епизода, особено со крајот со сцената во еден кадар, го удри печатот. Шест минути сцена, една од најдобро изрежираните кои ги виделе моиве очи. Без спојлери. 

Без никакво претерување, серијата е фасцнинатна од секој аспект. Режија, сценарио, музика и секако актерите. Вуди Харелсон го сакам секаде каде што ќе се појави. Таков е, харизматичен и некако улогите му се местеле баш како за него. Или па е едноставно добар актер и може добро да се справи со стварите што му налетуваат. Океј, не е Иан Мекгелен, ама да не ситничариме. Метју МекКонахи... Запрепастен сум. Никогаш не ни замислував дека може да одглуми ваков комплексен лик како што е Раст Кол. Секоја чест, сериозно. Го допишувам постов и станувам пак да аплаудирам.

True Detective во осум епизоди обработува приказна која е многу повеќе од вообичаениот детективски стандард и шаблон. На моменти не е ни битно со што се занимаваат ликовите додека протнуваат такви дијалози. Дури и за џандарска серија, отскокнува со реалните и човечки ликови. Нешто како The Wire, само што чепка една потемна страна. Форматот е антологиски, што значи дека следната сезона ќе гледаме сосема друга приказна и ликови. Доколку успее да го постигне ова што моментално го прави првата сезона, ќе ме има како верен гледач и понатаму.

February 23, 2014

Heroes Reborn во 2015

Првата сезона на Heroes е едно од најдобрите парчиња телевизија во последните десет години. Втората беше исто добра колку што памтам, ама за жал серијата го осети влијанието на штрајкот на сценаристите во 2007. Се откажав некаде на почетокот на трета сезона, кога веќе квалитетот беше страшно многу намален и се осеќаше како да е прекасно за да се врати на стариот тек. Имаше и четврта сезона, ама никогаш не догледав. Не знам што се случувало во тие две сезони, а и не ме ни интересираше. За тие што не прателе, Heroes беше серија за група на обични луѓе кои мистериозно добија супермоќи преку ноќ. Потсеќаше на X-Men, само што успеа некако да се докопа до некаква оргиналност.


Нешто после Heroes, суперхероите го превземаа мејнстримот и го држат до ден денес. Ако сега не искешираш на суперхеројска фикција, кога? NBC очигледно добро го знаат ова, па така што најавуваат мини-серија, насловена Heroes Reborn за следната година. Она што е сега познато, е дека ќе има 13 епизоди и дека Тим Кринг (создавачот на Heroes) се враќа да ги држи работите под контрола. Приказната ќе биде различна, со нови ликови, но не е исклучена можноста да се појават некои од старите.

Дали е серијата потребна назад и дали воопшто има место за нови суперхерои, ќе видиме догодина. Моментално нема квалитетна суперхеројска серија, а немаше ни после Heroes кога неколку се обидоа да се возат на тој успех. Agents of S.H.I.E.L.D. ме разочара после две-три епизоди, а за Arrow некако не сум таргет публика... Веројатно ќе ја ѕирнам првата епизода од ова, иако не се надевам на нешто премногу добро.

February 15, 2014

Бесплатна пуцачина: Loadout

Во последно време, многу бесплатни игри си го најдоа домот на Steam. Има еден куп наслови и жанрови за сечиј вкус и потреби, понудени бесплатно, со микротрансакции, се разбира. Дури и Path of Exile и RIFT се тука. Деновиве се појави онлајн пуцачина во трето лице со карикатурест дизајн што одма ми го привлече вниманието. 

Loadout нуди неколку различни мапи и модови каде што играчите може да се испробаат тимски против други. Модовите се стандардни за ваков тип на игри, се избираат со гласање пред почетокот на секоја партија. За победа се собираат ресурси, се краде знаме и се држат одредени точки на мапата. Уникатниот момент кај Loadout, и да речеме главниот елемент, е тоа што играчите сами си ги креираат оружјата. Понудени се некои основни, кои може да се модифицираат на најразлични начини. Генерално се потпираат на модификации на типот на оган, истрели и капацитет на муниција, и колку што можев да видам има доволно за да се создаде уникатно оружје. Модификациите се купуваат со валута која се добива по завршување на партија. Има повеќе слотови за различни оружја кои се отклучуваат во зависност од левелот на играчот.


Играчот може да избере модел на карактер од три понудени, но и тие се склони на опширна модификација. Тука доаѓа делот кој не е бесплатен, бидејќи скиновите и облеката за карактерот се купуваат со вистински пари. Сосема фер, затоа што скиновите и не влијаат на гејмплејот, освен во почетните левели каде што речиси сите играчи изгледаат исто. Но, играта мора некако и да заработува и додека не продаваат ствари кои даваат предност во самиот меч на играчите кои плаќаат, е сосема во ред. Ситниците кои се купуваат со вистински пари, играчот кој не плаќа може да ги добие и бесплатно со отварање на кутии после партија. До сега добив едно вакво парче, ретки се, ама може да отворат. Фин модел, многу сличен со тој на League of Legends и DOTA2. Мило ми е кога компаниите го применуваат ова и не се безобразни со микротрансакциите.

Графиката и дизајнот на мапите се одлични. Карикатурестиот дизајн е појачан со бесмислосна бруталност, па така што често пати на играчот ќе му биде откинат некој екстремитет, ќе му висат внатрешни органи кога ќе е повреден или ќе трча со пола тело откако ќе го заредат со ласери. Или додека умира, ќе покаже среден прст на играчот што го застрелал. 

Loadout е преполна со детали од кои ќе испуштам добар дел ако почнам да ги набројувам. Детали кои ја прават забавна и заразна. Се уште е млада игра, а веќе може да се види потенцијалот кој успешно го користи. Нуди премногу за "цената" и дефинитвно заслужува внимание. За хардкор играчите има и компетитивен мод кој сега за сега ќе го прескокнам. Ќе следам како ќе се развива понатаму, во секој случај.

February 13, 2014

Кратки фини Star Wars вести

Прво, комотно можам да си го изедам постот за The Clone Wars што го пишував пред еден месец. Значи, серијата ќе си биде прописно завршена со пократка сезона од 13 епизоди кои доаѓаат на Netflix (и Замунда) на седми март. Ќе може да си дозволам маратонско гледање, се надевам. Ете, не било толку страшно како што издрамив. Сепак The Clone Wars ќе си заврши како што оргинално требаше.


Другата фина работа е што има новости околу Star Wars Rebels. Најавија нов лик, Кејнан, Џедајот Каубој, како што го нарекуваат. Од тоа што го нудат, може да се примети дека малку се разликува од традиционалниот Џедајски шаблон. Има бластер и карактер сличен на Хан Соло и не верувам дека е случајно таков. Им треба лик што ќе го продадат на помладата машка публика, и ако е добро изведен, не би требало да е лошо. Не се сите Џедаи исти, џабе добива хејт по интернет. Исто така, со ваков лик сличен на Хан Соло, не верувам дека ќе го видиме и него тука што секако, секако е за почит. Во склоп на ова има уште една вест. Фреди Принц Џуниор бил жив, еј. Не знам новава генерација дали го знае, ама тие што биле тинејџерки пред 10 години сигурно имале постер и тетратка. Епа да, остарен Фреди Принц Џр. е гласот на Кејнан.

Star Wars Rebels може да испадне стварно добро. Мислам дека научија што функционира и што не во The Clone Wars и лесно може да се примени и тука. Со малку магија, ќе си добиеме достоен наследник на The Clone Wars. Се надевам дека во иднина нема да има потреба да си го пикнам и овој пост каде што не свети сонцето.

February 11, 2014

Ја најдов Atari 2600 играта!

Со години барам една игра за Atari 2600. Првата игра што беше на мојата пиратска верзија од конзолата пред дваесетина години. Ја памтев слабо, а и онака добар дел од игрите се слични и тешки за објаснување. Тоа не ме спречи низ годиниве да листам емулатори и видеа, па се откажав со идејата дека е тука некаде, ама ме издале сеќавањата. Пред некој ден налетав на видеово, и ете ја! Првата игра што се пушташе чим ја штекнеш конзолата и веројатно првата игра што некогаш сум ја играл. Освен ако единствената аркада во тогашната флиперница со Sly Spy (или Black Tiger, не го памтам редоследот баш) е некое време пред да ја поседувам конзолата. Не е ни битно тоа, битно е дека не била само плод на мојата имагинација.

Играта се вика Fox & Goat и успеав да ја најдам денес на една листа на игри за Rambo клонот на Atari 2600. Прилично непопуларна (не е објавена во САД), затоа и фалеше во многу од видеата и листите на најдобрите Atari игри. Инаку, клонот на конзолата е речиси идентичен со Rinco, така што дознав уште една работа, дека тоа моето било Rambo. Двете имаат вградено многу игри, имаат исти џојстици, а се разликуваат малку по бојата (веројатно и хардверот внатре не е многу поразличен).

Еве видео од гејмплејот.

February 2, 2014

World of Warcraft викенд: Judgement of the Black Prince, OpenRaid, Warlords...

Иако World of Warcraft сесиите викендов ми беа пократки од насловот на постов, успеав да постигнам неколку битни ствари во тотално небитната кариера во играта. После долги (напорно и репетитивни) месеци, го завршив легендарниот квест од Wrathion. Можеби не е најголемото достигнување во експанзијата, но ми беше особено битно зошто вложив многу време. Линијата квестови не е толку тешка колку што е напорна, да не речам досадна, меѓутоа Xing-Ho, Breath of Yu'lon е нешто што морав да го имам. Како и за престиж во виртуелен свет со елфови, така и за прогресот на Timeless Isle. Со ова, го завршувам LFR рејдањето со Ворлокот до следната експанзија. Доволно беше. Собрав тоа што собрав и овој тип на рејдање не би го допрел ни од далеку со стап. 


Почнав да користам OpenRaid. Зошто не сум го користел ова до сега, не ми е јасно. Не само што служи како алатка за групирање на играчи за актуелни рејдови, туку е и одличен начин да се поминат старите за кои некогаш е тешко да собереш група, а не си во можност сам да ги истрчаш. Благодарение на ова, вчера попладнето имав фина прилика да стапнам пак во Ulduar, после добри пет години и да се потсетам на можеби најдобриот рејд во цела игра. Проаѓањето на ваква стара содржина само ме потсети на најславните денови на World of Warcraft. Кога Blizzard секој реусрс го трошеа на развој на квалитетно искуство за играчите, кога заедницата не беше збирштина на разгалени серковци. Mists of Pandaria колку и да е добра, никогаш нема да го повтори тоа искуство и гламурозност, и не, не го базирам ова на носталгија. Можеби ќе треба да помине време некои ствари да отстојат, меѓутоа тука зборувам за квалитет на приказна. Искрено се надевам дека Warlods of Draenor ќе успее да го врати тој познат дух на светот.

Кога веќе спомнав за трошењето на ресурси на Blizzard, што е со in-game продавницата? Не ми смета толку многу наплаќањето за промена на сервер, име на карактер и раса колку продавањето на маунтови и петови. Првото е безобразно скапо и срамота е што за пиксели се истите цени. Дваесет евра за маунт? За жал, додека има на кого да го продаваат, ќе продаваат. Лакомо, ама ништо не можеш да направиш освен да игнорираш. 

Вести за Warlords of Draenor едвај има. Освен нови модели за постоечките раси и продавањето на инстант левел 90, нема. Второво е уште една работа со која не можам да се согласам. Немам ништо против инстатното појачување (кое ќе е вклучено во самата експанзија) на еден карактер до 90-ти левел за да можеш одма да скокнеш во експанзијата, но ако може да се купи која е поентата на играта? Зошто толку брзо до крајната содржина? Разбирам дека играта е стара, има премногу левели, меѓутоа се губи убавината ако можеш да прескокнеш четири експанзии. Се надевам дека оваа услуга ќе ја наплаќаат дупло повеќе од трансферот на сервери.

Следниот пост за WoW, се надевам дека ќе ми биде со вести за Warlords. Ми се чини дека некако прерано ја најавија и дека пак ќе има луфта како измеѓу Cataclysm и MoP. Шест месеци без нова содржина е некако прифатливо, само што ова ќе испадне многу подолго...

February 1, 2014

Нова непотребна серија: From Dusk Till Dawn

Како што веќе спомнав во еден претходен пост, ништо не ме чуди во поглед на филмови и серии. The Naked Gun и Vacation римејкови со Ед Хелмс се исто така на прагот на реализирање, така што пренесување на уште еден култен наслов како From Dusk Till Dawn на телевизија не е ништо така? Hannibal звучеше како очајна идеја, меѓутоа уште во трејлерот покажуваше знаци на квалитет. Првата сезона, за среќа, го потврди тоа и остави простор потенцијалот да биде истакнат и оваа година. Но, што е со ова сега? Кога го видов кастингот, прво нешто што ми дојде е дека станува збор за турска серија што наскоро ќе ја видиме синхронизирана на македонски. 

Јелена Жугиќ како Ричи и Ѓокица Лукаревски како Сет

From Dusk Till Dawn ми е еден од омилените филмови од 90-ти и веројатно најдоброто нешто од Тарантино и Родригез до денес. Не дека статусот не му беше и претходно извалкан со две катастрофални продолженија, ама па кој воопшто ги памти? Освен омотите и фактот дека неколкуте копии постојат на некоја правлива полица и твојот омилен торент тракер, нема ништо друго за спомнување. Тоа е доволен доказ дека и нема баш луѓе кои ги интересира повеќе за вампирите од Тити Твистер од тоа што е во оргиналниот филм. 

Не само што серијата се обидува да прошири нешто што самото себе си е доволно, туку и ги враќа оргиналните ликови преку актери кои го прават колумбискиот Breaking Bad да изгледа како The Sopranos. Филмот функционираше толку добро баш поради уникатноста на карактерите и "мистеријата" за вампирите. Кого воопшто го занима што прават или правеле надвор од барот во таа вукојебина? Кој сака да ги види истите финти од филмот пак? Кога ги видов Дон Џонсон и Роберт Патрик (кој патем беше во некое од продолженијата), ми стана јасно каде отишло пола од буџетот од 5000 долари.

Серијата ќе почне да се прикажува на El Ray каналот на Родригез наменет за латино публика, така што ако тоа не вришти сапуница, не знам што...