Showing posts with label Civil War. Show all posts
Showing posts with label Civil War. Show all posts

May 7, 2016

Саptain Аmеricа: Сivil War (2016)

Тоа што гледав филмска адаптација на Civil War ми е доказ дека никогаш не си престар за да веруваш во чуда. Скромната желба од пред осум години да ја видам приказната макар и како цртан филм денес е претворена во една реалност што се вика "најдобриот филм на Marvel Studios до сега". Идејата дивергира од хартијата каде што е родена, но е доволно испочитувана за Captain America: Civil War да функционира беспрекорно во контекст на медиумот, а и универзумот каде што егзистира. Битното е дека постои нова регулатива за костимираните душебрижници која не сите ја пречекуваат со восхит. Тоа е и причината за Кеп и Тони да се најдат на спротивните страни кои не се баш најрасположени разликите да ги решат со дијалог.

Верував дека Civil War ќе биде добар. Барем поради мојата вечна љубов кон стрипот. Она што не го очекував, е навидум доволно густата содржина да биде попрскана со детали кои ќе ја надополнат уште поелегантно, а притоа да изгледа природно и да ја одржи цврстината без да попушти по рабовите. Civil War е повеќе од Captain America филм. Во исто време е The Avengers, Iron Man и филм за сите оние херои кои не добија самостоен третман. Од десетина такви, има место за секого и филмот не изгледа воопшто присилено или пренатрупано. Вистинска мајсторија е да изманеврираш нешто вакво во два и пол часа без сопки. 


На наједноставен начин, Civil War го донесе Блек Пантер во Марвеловиот филмски универзум и го вклопи толку добро да се чувствуваш како отсекогаш да бил тука. Секако дека ќе добие самостоен филм, меѓутоа веќе неговата приказна и мотиви се доволно воспоставени за да биде дел од групното гушкање. Но, на веќе бесно залетаниот филм, дополнителната адреналинска инјекција доаѓа од Спајдермен. Кога повторно најавија Питер Паркер (трет во последниве десет години), зевав три дена од досада. Сега можам да се заколнам дека ова е најдобриот Спајдермен што се појавил на филм. Овие дваесетина минути овде се подобри од секоја негова претходна адаптација. 

Од друга страна, Вижн делумно отскокнува од "организираниот хаос" на Civil War. Не го сконтав во Age of Ultron, големи се шансите и да го преспав делот каде што го довлечкаа во филмот, а зошто не планирам да го гледам пак, ќе оставам да ме придобие со некое следно појавување. Ент-мен беше океј. За разлика од филмот. Очигледно некои од овие суперхерои подобро функционираат во мали количини, кога не се дел од самостоен филм. Ент-мен ми е од класата на Хокај и Фалкон. Како таков, одлично си го наоѓа сопственото место и тука. Отсуството на дел од Авенџерите речиси и да не се осеќа. Простор дефинитивно би имало и за нив, особено за Хулк, меѓутоа тоа е веќе финансиски предизвик. 


Civil War одлично го третира и акциониот дел. Пред сè, нели, ова е акционен филм. Уште во првата сцена со која почнува филмот веќе ти е јасно дека тој аспект е детално обработен. Брканиците, тепачките и општо целата кореграфија течат природно и реално, но доволно стриповски за сепак да го задржат духот на тоа што го гледаш. Ме држеа буден цело време, а тоа ми е особено битно. Според шаблонот, на крајот нели треба да има огромна акциона сцена со која кулминира филмот, па мило ми е што Civil War успеа да го заобиколи тоа. Или барем, да го протне посуптилно од претходно. 

Франшизата има иднина. Според новите играчи кои овој филм ги постави на теренот, изгледа солидно. Не знам колку имам снага за уште од ова, но ова малку ми ја врати довербата. Можеби нема да се нацртам прв во кино на Doctor Strange, ама затоа со задоволство би чекал четириесет минути во редица за пуканки за овој нов Спајдермен. Или Баки. Дајте му филм на Баки, прв сум кај и да треба.

Види такоѓе:

March 19, 2016

Попладневна суперхеројска програма

Во последно време не пропуштам прилика да си ги испразнам цревата врз костимирани филмски протагонисти, a често некои ствари продолжуваат да плутаат откако ќе го ставам казанчето во функција. Тоа се моите двојни стандарди и контрадикторност. Радоста беше преголема со првиот Iron Man. Во истиот период Бетмен доживуваше рененсанса со филмовите на Нолан. Суперхероите ја напуштија хартијата стапнувајќи во територија која ги издржа толку добро, што додека се освестиш веќе се собрале сите Авенџери. 2012 беше добра година да си фан и да гледаш како се формира цела една субкултура.

Еден ден се будиш презаситен од суперхерои на филм и телевизија. Првите залаци биле добри, но сега имаш мачнина во стомакот, а тоа што ги гледаш буквално насекаде околу тебе не помага да се чувствуваш подобро. Секако, некогаш ќе се погоди некој специјален деликатес како Daredevil, но пак од рафтовите некое бајато срање те гледа директно во очи. Квантитетот наспроти квалитетот и општата неиновативност ти ја менуваат малку перцепцијата. Тоа што можеш да го игнорираш - го игнорираш, останатото го консумираш претпазливо. И, си викам, во ова ли ми се претвори забавата? 


Трендот за среќа умира полека, барем мене така ми изгледа. Достигнати се повеќе критични точки. За некоја година ќе биде заменет со нешто друго, а суперхеројските маички на повеќето ќе завршат како пижами и крпа за бришење прозори. Затоа се вика тренд и не, нема да е тука да остане. Веројатно годините ќе го исфилтрираат квалитетот, па нема да биде чудно ако во иднина кога ќе се гледа на оваа кинематографска фаза и ќе се возвишува трилогијата на Нолан, Ant-Man ќе служи за потсмев. 

Ми текна една работа откако ги изгледав првите епизоди од втората сезона на Daredevil. Во таа моја нарушена перцепција за целиот овој циркуз, се протна еден очигледен детал. Оваа година ги вкрстува суперхероите еден против друг. Во моментот кога го видов Панишер како пука во Дердевил и тоа се случува на медиум што не е стрип, ми кликна нешто што мислев дека одамна ми поминало низ системот. Се присетив на сите причини поради кои сакам суперхерои и како влијаеле на мене од моментот кога првпат го гледав Batman на Тим Бартон.

Му се спремам на Captain America: Civil War поради некаква носталгија и љубов кон стрипот, а не приметувам што навистина се случува. Еволуција на жанрот! Браво, Бобо! И, изгледа примамливо. Какво и да испадне дека е, пак е излегување надвор од шаблоните. Ако ова е последната станица на суперхеројскиот воз, нека замине со борба. Нека си разменат удари Бетмен и Супермен, нека му се накурчи Тони на Кеп. Зар не е тоа што ти ги дразнеше брадавиците кога беше хартија? 

Секако, нема слепо да го занемарам квалитетот, но очекувањата ми се поинакви и сум првпат после долго време возбуден за да го одморам цинизмот за сметка на ете, еден детски жар. Ќе ја оставам Вондер Воман на страна, ќе гледам да го игнорирам кастингот за Лутор и ќе се обидам да се забавувам како пред дваесетина години кога Бетмен и Супермен играчките ми беа за играње, а не во кутија на полица.

November 26, 2015

Сivil Wаr на Марк Милар

Кога пред седум години првпат читав Civil War најоптимистичката желба ми беше да ја видам приказната во некаква анимирана адаптација. Ни на крај памет дека суперхеројскиот тренд ќе земе таков замав после години и дека конечно ќе дочекам филмска варијанта на мојот омилен Marvel ивент. Трејлерот за Captain America: Civil War е тука, и иако различен од она што е на хартија, изгледа како да се поклопува со суштината и идеите на Марк Милар. Стрипот е пообемен, таму се сите популарни тимови и херои, а за жал Marvel Studios ги имаат филмските права за само дел од нив. Но, некако сакам да верувам дека ова сепак ќе е тој дефинитивниот филм, што ќе удри печат на сè што правеа последниве години. На крајот, доволно сум пристрасен да уживам во еден од последните суперхеројски филмови за кои ми остана ќеф да ги изгледам. 


Немав време за да ги поминам сите стотина броеви кои ја надополнуваат Civil War приказната, па ги пројдов само главните неколку. Искуството не е исто без деталите околку, меѓутоа содржината е сосема доволна да го покрие примарното - војната која избива помеѓу оние кои се обидуваат да го одржат редот, криејќи ги своите идентитети со маска. Откако аматерска позерска група суперхерои ќе проба да го превземе законот во свои раце ловејќи негативци кои се преголем залак за нивните способности, се случува инцидент со стотици недолжни жртви по што јавноста бара официјално регулирање на суперхероите. Старк смета дека ова е логичен чекор во насоката на функционирање, но Кеп ја брани тезата дека тоа би било напад врз нивниот интегритет и слобода. Актот за регистрација поминува и сите оние кои одбиваат да се приклучат завршуваат на спротивната страна на законот. 

Бруталната војна ги вкрстува групите кои ги предводат Кеп и Старк, наведувајќи ја публиката да одбере страна за која ќе навива, но реално не постои вистински избор бидејќи Милар има еднаков третман за двете. Двајцата се во право и се обидуваат да го одбранат тоа до крај, а сепак сивата теоријата некогаш е невозможно да ја забележиш. Додека играат "кој прв ќе попушти", има жртви и од двете страни. По тие седум броеви, кои претежно се сконцентрирани на самата војна, па приказната се одвива брзо и тензично, има уште една голема жртва која ако добро разбрав ќе ја видиме и во филмот. Не може таква војна без последици, а според филмскиот план на Marvel сосема има смисла. Но, да не се расфрлам со спојлери. 

Civil War е феноменален. Ако имаш време одбери и други наслови од ивентот (не мора сите, има некои што не се толку интересни) освен главниот, и фрли се на читање. Вистинско уживање е да видиш како изгледаат Авенџерс, Икс-Мен, Фантастик Фор и Панишер кога се закрвени. Се надевам дека не е предоцна Панишер и Дердевил да имаат мало камео во филмот доколку дозволи приказната, зошто и онака се дел од тој универзум. Не барам затвор во Негативната Зона, тоа сигурно нема да се случи, но една сцена со нив би била совршена.

Види такоѓе:

March 6, 2015

Мајлс Моралес и филмската иднина на Спајдермен

Вестите дека Спајдермен директно од Sony се приклучува во филмскиот универзум на Marvel, веќе некое време не се тазе. Сепак, она што муабетот го предизвика, ќе одекнува со уште поголем интензитет во периодот што следи. Иако деталите моментално не се познати, сосема е извесно дека Спајди наскоро ќе се приклучи на Авенџерс, или барем ќе се најде во исто време и место со некој од нив. Една од најверојатните гласини е дека третиот филмски Спајдермен ќе биде дел од Captain America: Civil War, пред нели, како што е редот, да добие посебен самостоен третман. Еј, да. Civil War, другарче. Не стигнав да пишам пост за ова, ама си ги пројдов тие од пред шест години додека го читав стрипот. Онака, тогаш сум се надевал на серија, не сме ни помислувале дека Marvel ќе стигнат до тука со филмски адаптации, а гледај, сега чекаме филм базиран на веројатно омилената Marvel приказна што ми поминала низ раце. 


Спајдермен супер би можел да се снајде во сето ова. Филмската адаптација на Civil War ивентот ќе биде различна од стриповската, бидејќи нели, нема тајни идентитети во моменталната верзија на универзумот, така што параметрите ќе мора да бидат поинаку поставени. Единствениот кој би можел да биде "проблематичен", веројатно е Спајдермен. Во стриповите неговата улога беше доволно битна за сите овие неофицијални вести да прават смисла. Па, дури и гласините дека Ајрон Мен ќе му биде главниот непријател во самостојниот филм. Но, она што е многу поважно, кој ќе биде Спајдермен? Тоби Мекваер отпаѓа, Ендру Гарфилд исто така. Дали отпаѓа и Питер Паркер заедно со нив или ќе видиме нов Паркер по трет пат? Убав пример е што ти текна на Хулк, меѓутоа ниту Бана, а ни Нортон, не беа толку впечатливи за да го изградат ликот како што тоа го направија Спајдермен филмовите. Без разлика колку и да беа лоши некои делови, не беа толку досадни колку The Incredible Hulk. Без разлика на тоа што тогаш сум го мислел за филмот.

Тука некаде, доаѓамe до Мајлс Моралес. Мајлс Моралес е црниот Спајдермен во Ultimate универзумот, кој случајно го наследува Паркер по неговата трагична смрт. Денес е актуелен во тој универзум, и нема никаква причина зошто Marvel да не го пренесат и во филмскиот. Ги читав стриповите пред некоја недела, прв пат се запознав со Мајлс и ми се свиѓа тоа што го видов. Многу поразлична приказна од онаа на Паркер, но мотивите, способноста за досетливо јадење гомна и односот со останатите суперхерои, се тука некаде. Многу логичен избор за Marvel, ем добиваат расен диверзитет и уште поцрна публика (океј, очаен обид за расистичка шега, Бобо), ем ќе бидеме поштедени од уште еден Питер Паркер кој не само што ќе биде досаден, туку нема да ги избегне ни споредбите со претходните двајца кои се прилично тазе и уште се некако во главите на сите нас. Плус, веќе има гласини дека новиот Спајдермен ќе е средношколец (како Мајлс Моралес), и дека веројатно нема да е белец, така што можеби трошам муабети во празно на темава.

Во секој случај, ене кај е 2016. Civil War е одлична прилика повторно да се запознаеме со Спајдермен. Би бил среќен доколку го заобиколат Питер Паркер. Доволни беа пет филмови, од кои можеби два беа добри, реално. Нема поента да гледаме пак ориџин приказна, сите веќе знаат кој е Спајдермен, а со Мајлс Моралес ликот би добил вистинско освежување. А, со Marvel зад него, многу поубав третман од оној што го добиваше од Sony.

March 28, 2008

По Civil War

Иако се трудев поспоро да читам, да ми биде уживањето подолго, не не можев. Заразен е стрипов и се чита брзо. Значи, посебните седум броја на Civil War, десетина Civil War: Frontline и еден куп броеви на Fantastic Four, The Amazing Spider-Man, New Avengers, Wolverine и слично каде што се надополнува приказната и е раскажана од аспект на хероите.

Убав серијал, супер напишан и нацртан со интересна приказна. Сега ми е криво што не го следев како што излегуваше пред година, година и пол. Се случија работи за кои не ми се веруваше дека некогаш ќе ги видам во стриповиве. Многу промени и многу приказни завземаа различен тек. Крајот беше најдобар и сосема неочекуван. Ми се чита и понатаму, барем да видам со Спајдермен што се случува после војнава, бидејќи на него многу му влијаеа настаните.

Ама, сакам прво да дочитам Ultimate Spider-Man и The Punisher Volume 5, па за натаму ќе видам. Имам уште некои интересни серијали на Marvel, како на пример Marvel Zombies, одамна го имам и никако да седнам и да го прочитам.

Значи, како што кажав, Civil War тотално владее. Би било супер ако некогаш го преточат ова во цртана мини-серија, под услов да се држат до стрипот, а не да биде некоја омекната варијанта за деца. Верувам дека еден куп фанови би сакале да видат Civil War цртан.

Доколку некој е заинтересиран за стриповиве во електронска верзија (скенирани, одличен квалитет), клик тука за торент. Собрани сите на куп, 106 броја вкупно.

March 27, 2008

Enter, Frank Castle!

Какво појавување на Панишер во Civil War, еј! Не можеле подобро! Само чекав да дојде моментот. А, и не се гледа секој ден како му го спасува г'зот на Спајдермен. Зошто најмногу го сакам? Затоа што е единствениот Марвелов херој што може да ги искрши сите останати, а нема супер-моќи!

После читањево на Civil War, ќе седнам и ќе дочитам тоа што ми остана од The Punisher MAX. И, ќе пробам да не се нервирам толку што го нема Том Џејн во новиот филм.

March 26, 2008

Загревање за Iron Man


Читам Civil War и сфаќам колку го сакам Iron Man како херој. Пред ова, ги имав гледано само цртаните и ги читав Ultimate Iron Man. Во план ми е после Civil War да седнам и да ги читам поновите броеви од редовната серија на стрипот.

На почетокот на мај ќе се појави и Iron Man филм со Robert Downey Jr. како Iron Man/Тony Stark. Ептен го погодиле глумецот, очекувам филмов е добар. Трејлерот изгледа исто така ветувачки, може да се погледне тука. Има потенцијал да стане еден од најдобрите филмови снимени според стрип, нешто што ретко им успева на новиве филмови. (Daredevil, anyone?) Освен тоа, Robert Downey Jr. ќе се појави како Тони Старк и во The Incredible Hulk со Edward Norton, кој излегува исто така оваа година.

Инаку, Civil War е одличен серијал, со феноменална приказна и прекрасна реализација. Дури и Captain America, лик што некако сум го избегнувал до сега, ми стана интересен и ми е на листата за читање. Едвај чекам да видам што ќе се случи кога The Punisher ќе се појави во војнава. A, Spiderman никогаш не сум го сакал и мразел како до сега...

Брзо иде читањево, а некако сакам пополека да уживам. Ќе прочитам се наеднаш и ќе ми биде криво после. :)

March 23, 2008

Војната започна

Океј, Civil War заврши уште лани, ама за мене почна од денес. Ги набавив сите броеви од серијалот, плус поединечните броеви од редовната серија на хероите кои се вклучени во војната и почнав со читање.

Civil War e специјален кросоувер каде што Марвеловите херои се соочени со барањето на америкаската влада за регистрација на супер-херои. Значи, секој херој ќе мора да се регистрира, да го открие идентитетот и да работи за американската влада или за S.H.I.E.L.D. па дури и да е платен за тоа. Тоа е отприлика тоа што треба да се знае. Останато би било спојлер.

Торентот го има по интернет, со скенови од околу (хронолошки подредени) 100 броја, заедно со тоа што го спомнав погоре. Го прочитав воведот од The Amazing Spider-Man и Fantastic Four, за настаните кои водат до војната, и почнав со читање на серијалот. Ептен е интересно, ги има сите пошироко познати супер-херои како Spiderman, Iron Man, X-Men, Hulk, Captain America, The Avengers, Fantastic Four итн.

Деновиве ќе сум зафатен со ова, па ќе постирам нешто повеќе.