Деновиве читам језиви гласини за еден од Star Wars спин-оф филмовите што Дизни планира да ги вади секоја година додека не замрзне Пеколот. Често се од наводно проверени извори (како и сите гласини, да), ама па и често испаѓаат точни. Ако нешто е сигурно, тоа е дека ќе има посебни филмови посветени на посебни ликови, а не ми се верува дека ќе се коцкаат со некои нови. Уште е рано за тоа, па така што гласините за Боба Фет, Хан Соло и Јода филмови се некако реални, колку и да ти доаѓа да се обесиш во купатило со женски хулахопки поради глупавите идеи.
Но, во нечии ануси има длабоко закопани идеи кои ако ги извадиш ќе бидеш крунисан Крал Артур. Последниот муабет за Боба Фет филмот во кој би се појавил и Хан Соло е дека Боба Фет воопшто не е Боба Фет! Дека името, оклопот и Slave I се нешто што се пренесува на наследник откако ќе те проголта сарлак. Дури и да успееш да замижиш цврсто, да заборавиш на Џанго Фет, малиот Боба и целата демистификација на ликот во приквел трилогијата и The Clone Wars, пак нема да успееш да ја тргнеш гримасата од фаца.
Боба Фет го сакам од дете. Од истите причини поради кои го сакаат сите, веројатно уште тогаш сум скокнал на љубовниот Боба Фет воз. Гледај го и хедерот на Крапверк, кој е таму десно? Нема потреба да навлегувам колку се моќни тие неколку минути колку што се појавува, колку е закон целата негова мистериозност и тие две реченици што ги промрчува. И, тука некаде, во исто краток момент, дознаваш дека има историја со Хан Соло. Дали е тоа доволна причина за да се заплетка и Хан Соло во нешто што нема никаква врска со Харисон Форд? Боба Фет го сметам за трајно оштетен уште од Камино, ама некако не сум расположен за млад Хан Соло. За било каков не-Харисон Форд Хан Соло. Особено ако е некој како Арон Пол ко што викаат гласините моментално. Боба Фет може да е било кој, зошто веројатно претежно ќе биде во оклоп, така што океј сум со муабетот за Мајкл Фасбендер.
Има време додека ова добие некаков пореален облик. До тогаш може и Питер Динклиџ да го натаманат за Јода или Лил Вејн за Џар Џар. Инаку, сериозно ме занима како новиот тек на Star Wars ќе се однесува кон приквелите и дали воопшто нешто од тоа ќе биде вметнато на било каков начин кој нема да е самиот дух на Episode I-III.
No comments:
Post a Comment