January 10, 2015

Почеток на шестата сезона на Archer

Откако претходната сезона, Archer малку се дистанцираше од концептот за да експериментира со дилање цел тон кокаин, кантри кариери, банана републики и диктатори, работите во новава полека се враќаат на нормала. Барем онаа што одговара на серија како Archer. Продукцијата, поради очигледната осетливост на името, реши да се дистанцира од ISIS, така што од оваа сезона агентите ќе оперираат како дел од CIA. Малку е иронично што премиерата на шестата сезона се поклопи со немилите настани во Париз, ама јеби га. 


Арчер, пијан и тврдоглав, но функционален и ефективен како и секогаш (има некоја чудна среќа да му успеваат работите), е назад на шпионирање, Пем пак е дебела, дури и новата канцеларија им изгледа скоро идентично. Дури и дамката крв на тепихот е иста крвна група како старата. После петтата сезона, малку подзаборавив на овој формат на Archer, и иако можеби ќе делува како чекор наназад, воопшто не е така. Хуморот е стандардниот Archer хумор, а ситуацијата со изгубен јапонски војник во џунгла на некој зафрлен остров кој мисли дека војната не е завршена и дека Америка му е најголем непријател, е баш класичен Archer момент.

Битен нов детал е бебето на Арчер и Лана, доволно за ситуациите да стануваат уште поделикатни. Веројатно и роботот што прави тостови. Има доволно свежи моменти за да не се почуствува дека серијата се вади на стари финти, така што апсолутно нема место за паника дека ќе гледаме нешто "застарено". Бројката на сезоната кај многу серии може да претставува замор и рециклирање, но и еден куп други примери докажале дека баш овие години може да се златните. Не дека споредувам, ама мислам дека со Archer случајот ќе биде ова второво.

Заедно со South Park и Rick and Morty, верувам дека ова ќе биде една од најдобрите аниминирани серии годинава, исто како лани.

No comments: