October 29, 2008

Ден на игри во "Култура"

На 02.11 во "Култура" на плоштад, ќе се одржи Ден на Игри. Екипава од "Гоблин" организира.

Битно, ќе има промоција на друштвени игри, ќе има промоција на Magic: The Gathering, плус турнир во 14:00, со интересни награди, читам еве на форумот на sezaigri.com. Ќе има и World of Warcraft турнир (картите) од 17:00. Таман завршувам со полагање петоков, идам обавезно на ова, башка не сум играл Меџик месец дена.

Почнува порано изгледа, зошто има турнир Yu-Gi-Oh! од 11:00. Како и да е, ќе трае цел ден, така да се гледаме таму.

October 28, 2008

The Incredible Hulk (2008)

Конечно дојде The Incredible Hulk на ред за гледање. Еден од добрите филмови годинава што решив да си ги почекам на ДВД со добра снимка. Да кажам уште на почеток - филмов е океј, не е воопшто лош. Немав некои очекувања, можеби и затоа позитивно ме изненади.

Ако треба да го споредам со оној од 2003, да, новиов е подобар. Зошто? Трае кратко, има јасна приказна, доволно акција, фино одбран кастинг и неверојатно добра режија и музика. Успеа да го надмине во секој поглед. Едвард Нортон е одличен како Брус Банер, дефинитвно најголемото изненадување во филмов. За него бев малку скептичен, а баш одлично се вклопи во улогата и ме убеди дека е Брус Банер. Совршена комбинација со прекрасната Лив Тајлер.

Hulk од 2003 патеше од асален негативец, додека тука го имаме Abomination. Некако премалку видовме, иако и тоа беше доволно. Како што претпоставував, GCI борбата на крај е курчење со ефектите, веќе сме виделе во Transformers, Spiderman 3 и што и да беше друго. Сфаќам дека е финта да се направи, ама дајте нешто поинтересно. За анимацијата на Хулк немам замерки, совршена е.

Ми се допадна тоа што немаше беспотребни забегувања со приказната како во претходниот. Тука има стриповска приказна, едноставна и концизна, филмот си тече по една линија и тоа е тоа. Ах, да. Се појавува и Тони Старк. Иако повеќе би сакал да видам два дела Iron Man, отколку втор дел на ова, мислам дека со добра приказна би можело да се склопи солидно продолжение.

October 26, 2008

Terminator Degradation?

Ако нешто требаше да остане недопрено, тоа е Терминатор сагата. Но, знаеме како функционираат нештата во Холивуд, па затоа имаме трет дел, серија и четврт дел кој се очекува следната година.

За Terminator 2: Judgment Day го мислам истото она што и за Indiana Jones серијалот, така да нема да објаснувам како и зошто би се нашол на врвот на листата на моите омилени филмови. Совршен во секоја смисла.

Што се случи потоа? Terminator 3: Rise of the Machines. Сериозно, зошто некој би сакал да види што се случува со Џон Конор пред Судниот Ден, наместо потоа? Ако веќе мораше да видам нов дел, ќе го изберев ова. Кога таа приказна ќе се базира на шаблон позајмен од T2, со згодна Терминаторка за кревање рејтинг, дупло повеќе (веќе видени) ефекти и лош хумор резултира со сквернавење на еден од најдобрите филмови некогаш снимени. Излезе, да не речам предоцна, собра поделени мислења и критики, направи веројатно доволно пари и толку. Скоро никој и да не се сеќава на филмов денес.

Пред неколку години, друга компанија ги превзема правата за нови продолженија и беше најавена нова трилогија, и искрено, не верував дека навистина ќе се случи. И така, дојдовме до Terminator Salvation: The Future Begins. Ова е требаше да биде третиот не-толку-срање дел. Ем ќе видевме асална приказна, ем Шварценегер ќе можеше да се врати во улогата. Значи, конечно филм во кој се прикажани настаните по Судниот Ден, кога луѓето се борат против машините за опстанок во иднина каде што Џон Конор е гадниот мајкоебач и во минатото испраќа луѓе за да го зачнат и Терминатори за го заштитат. И овој пат, Џон Конор е факинг Кристијан Бејл! Кога беше потврдено дека ќе биде дел од филмов, ја примив вестта со мала доза на скептицизам, можеби зошто се навикнав да го гледам како Брус Вејн, но сега сум сигурен дека е погоден за улогата. Само што ми е по логично Конор што го претстави Ед Фарлонг да порасне во Ник Стал него во Бејл, ама ај... :)

Чудно ми е што имам некава верба во филмов. Мислам дека ќе успее да го најде патот до фановите, дури и без Шварценегер кој би сакал да го видам бар во мало камео. Стар е, но од кога тоа е проблем за шминката во Холивуд? Тизер трејлер за филмов, тука.

October 20, 2008

What's up, Doc?

Каков е блогов, како Хан Соло во карбонит... Некако ми се намали слободното време, сезона е на обврски и учење, а и инспирацијата ми е спласната изминатиов период.

Што има старо-ново? Сликите од новиот Star Trek, полни со ерес и актери со сомнителна сексуална ориентација. Не сфаќам како повеќето фанови го прифатија Крис Пајн како Кирк. Има сублиминални пораки во маркетинг кампањата за Star Trek XI што не допираат до мене? Квинто е смешен како Спок. Кога сум кај тоа, "Heroes" ја тргнав од листата на серии што ќе ги следам сезонава. Втората сезона воопшто не ме импресионираше и решив третава што моментално иде да ја оставам за во иднина.

Сакав да пишувам пост за тоа колку владее "Terminator: The Sarah Connor Chronicles" и колку стана подобра по првите две епизоди. Успеа да се надоврзе на Terminator 2: Judgment Day, и тоа доволно добро за да не ми усере филм што ми е меѓу петте омилени. Колку што е блиску до духот на филмот, толку си е и посебен ентитет што би можел независно да функционира. Обично за работите имам големи очекувања и се разочарувам. Со серијава ми се случи спротивното. За вторава сезона се збори дека е последна, па се надевам дека ќе видиме некаков достоен завршеток. Штета, серијата е супер.

Ги следам и новите епизоди на "Big Bang Theory", "Family Guy" и "South Park". Првиве две забегаа уште повеќе (во позитивна смисла) додека "South Park" продолжи да оди кон дното и искрено се надевам на Треј и Мет ќе кажат "стоп" пред серијата главечки да тресне. "American Dad" ќе мора да причека. Нека легнат прво втора и трета сезона.

Star Wars: The Clone Wars уште го нема на добра снимка, не го гледав и не планирам да почнувам со гледање на серијата (излегоа три-четири епизоди) додека не го гледам. Деновиве сакав (и пробав) да почнам да читам некои Star Wars стрипови за периодот пред Лук Скајвокер, ама веројатно и тоа ќе го поместам за две недели.

Eте, вакумирав куп работи во еден пост и малку да го размрдам Crapwerk. Продолжувам и со маратонот на стари SF филмови, па ќе следи и апдејт на тој дел. Успат, се сеќава некој на The Incredible Hulk? Сега ми текна дека не го гледав.

Ej, да... НБА и новиот Бонд уште малце.

October 10, 2008

Crapwerk Sci-Fi Special

Киборзи, човек против машина, вонземјани, приказни полни со клишеа, евтини сценарија и ефекти, просечна до лоша глума, одлична музика, купишта акција, згодни девојки и заебан мајкоебач со огнено оружје, фраерски one line-ри и ништо вредно за губење... Состојките за совршен акционен SF (Б продукција) во почетокот на деведесетите или крајот на осумдесетите години. Иако поголемиот број од овие филмови, инспирацијата ја црпеле од Mad Max, The Terminator или Blade Runner, понекогаш може да се најде и нешто оргинално, но не е тоа поентата. Вредноста и убавината на овие филмови е поинаква.

Периодов си ја збогатив мојата колекција на вакви стари филмови и се осеќам ко да ми ги донирале од видеотека, зошто некои се VHS рипови (не се издадени на DVD), а други се DVD, но со послаб квалитет. Повеќето што ги земав, ги имам порано гледано на телевизија, некои едвај ги памтам, а некои видов дека сум ги гледал откако ги мотав да видам каква е снимката. Третите би биле филмовите што повеќето добро ги знаат, не се баш Б продукција, но жанровски можат да се носат со овие кои следат подолу. Имам многу да пишувам на темава, па ќе почнам со филмови што ги имам гледано повеќе пати порано на телевизија, а верувам дека и повеќето ги знаат.

Screamers (1995) Еден од моите омилени филмови од детството е дефинитивно Screamers. Одамна го немам начекано на телевизија и сум среќен што конечно го најдов да го симнам. Значи, ги содржи сите елементи што се набројани на почетокот горе. Мала група на луѓе, се обидува да преживее на планета во пост-воен период каде што меѓу другото, користени се интелегентни роботи кои развиле наква-таква свест, за да можат самите да еволуираат и да се надоградуваат. Верзиите се од мали и брзи машини што се движат под земја, до оперативци со напредно развиена вештачка интелегенција. Во главната улога е Питер Вилер, познат како Алекс Марфи/Робокап. Screamers е совршениот акционен СФ, класи над филмовите во жанрот, за жал многу потценет иако може да се носи со високобуџетни филмови како The Thing. Сценарист на филмот е Ден О’Бенон, типот што ги има напишано Alien и Total Recall. Доволно?

Trancers (1985) Бев речиси сигурен дека го немам гледано, се додека не ги изгледав првите неколку минути. Комплетно го имав заборавено филмов! Главниот лик е Џек Дет, полицаец од 2200 и некоја, и лови “трансери” (да, знам како звучи), зомбифицирани жртви на криминалецот Вислер. Дет се обидува да го фати и Вислер кој се вратил во минатото (1980 и некоја) преку најоргиналниот начин за патување низ времето што сум го видел на филм. Во времето на Џек Дет, постои машина што може да те врати во телото на твој предок со послаб ум. Оргинално, нели? А, тек часовниците кои може да го успорат времето за неколку секунди. Trancers има шест продолженија и се надевам дека ќе ги гледам во скоро време.

Nemesis (1993) Nemesis го памтев, но никогаш не успеав да дознаам како се вика, па порано дури и мислев дека е некое продолжение на Cyborg. Во дистописки свет, каде што киборзите се секојдневна појава, а и кибернетските замени за делови од човечкото тело, постои и терористичка организација која се бори баш против овие работи. Оливиер Грунер е во главна улога, типов е закон и игра се во вакви филмови. Тука го глуми Алекс, бивши полицаец, повеќе машина отколку човек што убива се што ќе му излезе на патот, додека го мачат комплексни прашања за постоењето на човекот и она што го дефинира како таков. Иако со некои вакви детали во приказната, делува како повеќе од Б-филм, но како што е Алекс повеќе машина одошто човек, така и Nemesis и повеќе Б-филм и тоа еден од најдобрите што сум ги гледал. Го обожавам секој момент, од почетокот до крајот е прекрасно доживување, динамично се одвива и има језива сајберпанк атмосфера. Школски пример за Б-филм.

За почеток, нека бидат овие три. Викендов имам уште неколку на листата за гледање, па ќе следи и нова тројка.

October 3, 2008

Аниме на месецот: Fullmetal Alchemist [Hagane no Renkinjutsushi]

Fullmetal Alchemist е аниме базирано на истоимената манга (нормално), дело на Хирому Аракава, авторка која доаѓа од јапонскиот остров, Хокаидо. Анимето почнува да се прикажува во октомври 2003 и вкупно има 51 епизода.

Почнав да гледам пред три недели и конечно денес завршив со последната епизода. Иако грото од работите што имам да ги кажам за Fullmetal Alchemist се позитивни, не е тоа што очекував. А, очекував многу, после еден куп прочитани рецензии, фалења и препораки.

Приказната е оргинална, досега немам видено нешто вакво. Се работи за свет во кој алхемијата е нормална наука, речиси секаде прифатена и нејзиното изучување е достапно за секого. Така и за две братчиња, Едвард и Алфонс Елрик, кои со помош на алхемија се обидуваат да ја вратат во живот нивната почината мајка. Притоа, забораваат на главното правило во алхемијата, а тоа е дека за да добиеш, треба и да дадеш нешто со еднаква вредност. По неуспешниот експеримент, Едвард ја губи раката и ногата, а Ал го губи целото тело и неговата душа е заробена во голем метален оклоп.

Соочувајќи се со последиците, почнува и нивната потрага по начин со кој ќе ги вратат работите во нормала. Дознаваат дека за камен (The Philosopher's Stone) кој наводно ќе им ја зголеми нивнат алхемиска моќ и ќе им помогне да ги поправат работите. Потрагата по црвениот камен е на некој начин и базата на анимето, но има и еден куп други споредни приказни кои успеваа да ми го задржат вниманието, а и да ја направат и целата серија подобра. Иако очекував многу пообемна обработка на некои елементи од приказната, неможам да кажам дека тоа што го добив е лошо. Да не бидам погрешно сфатен, серијава е феноменална, ова сум само јас и моите големи очекувања.

Анимето напредува со секоја нова епизода, се откриваат нови работи, некои од старите се објаснуваат, но незнам зошто е толку стегнато. Има тука огромен простор за шарање и за експериментирање и потенцијал кој некако не е доволно искористен. Поголемиот дел од ликовите кои играат главна улога се некако површно развиени и не оставаат простор за читателот да се поврзе со нив. Веројатно ова е најголемиот проблем што го има Fullmetal Alchemist.

Крајот беше изненадувачки, предвидував што ќе се случи, но не бев ни блиску до тоа што го добив. Приказната иако може да заврши така како што заврши, мангата си продожува понатаму (се збори за втора серија), а има и филм кој го дополнува анимето, Fullmetal Alchemist the Movie: Conqueror of Shamballa. Во план ми е да го гледам деновиве...