August 10, 2014

Џурасик Пост

Пред некој ден налетав на неискористени постери за првиот Jurassic Park од легендарниот Џон Алвин, па ми текна што не сум гледал со години. Batman & Robin. И Jurassic Park трилогијата. Викендов ја изгледав цела трилогија, и испадна дека супер се наоѓа за мамурно попладне, додека го потиш етанолот (возможно исто колку што Спилберг има застрелано трицератопс). Иако првиот е ненадминлив за тоа што е, вториот и третиот се доволно интересни за да не ги исклучиш на пола, иако се полни со дупки низ кои би можело да прелета јато птеросауруси. Од прееска сум аматер палеонтолог, така што имам доволно самодоверба да ги користам овие референци во текот на денов. Како и насловот на овој пост.

Она што е многу битно за првиот филм, е што и по дваесет години, делува свежо. Како со идеите, така и со целата реализација и ефекти. Во времето во кое е излезен, немало ништо слично, барем не таква комбинација на квалитетни практични и компјутерски ефекти. Спилберг не штедел на ништо. Не знам колку е верен на книгата, ама не е ни битно, затоа што воопшто не ни знаев на што се базирани до пред некоја година. Идејата за клонирање на диносаурси наменети за ексклузивен забавен парк е толку оргинална, што наскоро пак ќе ја искористат, а јас не можам да најадам проблем во тоа овој пат. Ќе преживееме уште едно рециклирање на формулата каде група луѓе на изолиран остров, панично бегаат од компјутерски генериран Тираносаурус, додека врне поројно.

 "Њеееееееее"

Вториот, The Lost World, е директен продукт на успехот на оргиналниот. Дури и самиот автор на книгата бил притиснат од Спилберг лично да напише продолжение и уште еден остров, каде што всушност диносаурусите биле создавани и растени пред да ги донесат на островот од првиот филм. Бла, бла, сфаќаме, има успешен филм уште пред да има филм. Макар и без Сем Нил и со тон нерационални потези на главните ликови. Не носиш мал повреден Т-Рекс во ебаната приколка која ти е веројатно најбезбедното место во моментот, кога знаеш дека ќе дојде големата накурчена мајка по него. Крајот на филмот, во Сан Диего, градот без никаква логистика за справување со дивеење Тираносаурус низ спокојните маала, е нешто што денес го прифаќам само затоа што е испишано "девеести" врз него. Ова, и некои други детали, меѓу кои и Џеф Голдблум, за жал не го прават филмот толку безвременски како кецот.

Третиот, Jurassic Park III (да!), го дознав сигурно две години откако излезе. Не памтам никаква галама околку, додека влијанието што го имаше првиот и периодот додека The Lost World беше актуелен, ми е кристално бистар. Не верувам дека сум го пропуштил, колку што немало агресивен маркетинг. Дури и самиот филм е таков, со Б шмек и делува како нешто што денес би излегло диретно на ДВД, и покрај тоа што буџетот за него е најголем. Спилберг тука ја предава улогата на Џо Џонстон, чие име доби поголема тежина после Captain America: The First Avenger. Филмот е баш онака трет дел. Или ќе ги носиш диносаурусите во урбана средина, или ќе најдеш начин да ги вратиш луѓето и Сем Нил назад на некој од островите. Првото е глупавата опција, така што третиот дел го остава тоа да почива со ужасниот Godzilla римејк од 1998. Критиките за филмот се лоши, па иако ги правда средства, ја става целата франшиза на пауза до 2015. Лично мене ми е еднакво забавен со вториот, меѓутоа ликовите со ниско ниво на интелигенција и моќ за расудување се присутни и тука.

Сакам да видам што денес може да понуди Jurassic Park. Со оглед на тоа колку беше популарно пред петнаесетина години, имам впечаток дека не го измолзеа колку што можеа. Среќен сум што Jurassic World нема да биде римејк, барем не онаков стандарден. Приказната е генерално таа истата, со тоа што овој пат забавниот парк ќе биде функционален.

No comments: