March 22, 2014

Уште еднаш, збогум The Clone Wars

Пред две недели излезе и последната сезона од The Clone Wars. Од планираното маратонско гледање во еден ден, не ми испадна ништо и ми се развлече до денес. Со овие 13 епизоди, полека завршуваат и сите Star Wars мултимедијални кои не се под капата на Дизни. Тоа што наскоро ќе следува, не се само добри вести, меѓутоа ќе го оставам за некој нареден пат. 

Шест сезони The Clone Wars. Пет од нив исклучително добри. Првата може комотно да се прескокне, освен ако не си помлад од осум години. Низ овие години, серијата правеше невиден прогрес. Од наивно детско шаренило и пиу-пиу звуци, стигна до мракови и сериозност кои за жал, новата трилогија не успеа да ги понуди. Освен ако нечиј комфорт бил изреметен поради Џар Џар Бинкс. Е, сега. Како ми е The Clone Wars толку добро, кога не сум фан на приквелите? Ако нешто серијата ме научи, е да ги раздвојам периодите на оргинална трилогија и беснеењето на Џорџ Лукас, каде што баш The Clone Wars ги има своите корени. Во моментот кога почнав да ги гледам како два универзуми кои едвај се допираат, тука работите почнаа да ми имаат повеќе смисла. Сите работи во митологијата на The Clone Wars, ми се логични баш поради тоа. Ако успеат да поврзат некоја точка, како што во неколку наврати одлично го изведоа тоа, тогаш сум океј. Ако не, никому ништо, функционира надвор од рамките на оргиналната трилогија, не влијае, не го сметам за канонско - фала многу.


Најдоброто во ова е што серијата успеа да го обели образот на Анакин. Ако веќе е тој истиот што некогаш во иднина станува Дарт Вејдер, тогаш не треба да е постојано таков плачко, Џорџ. Оргиналната трилогија го преставува како воин, одличен пилот и добар пријател. Приквел филмовите го прикажаа во поинакво светло. Сите работи на кои се сеќаваше Кеноби за него, беа или исфорсирани, или комплетно отсуствуваа. The Clone Wars ме убеди дека баш овој Анакин тука, би можело да го снајде таква судбина каква што доживеа. За тоа сум крајно благодарен. 

Материјалот со кој сценаристите на серијата мораа да работат е катастрофален. Повеќе пати спомнувам дека го извадија најдоброто. Низ цела серија, а и во последнава сезона. Првиот арк од неколку епизоди, се позанимава со мистериозниот Order 66 (линк до пост со кој денес не се согласувам целосно). Првите експерименти на Клонтруперите кои подоцна ќе се погрижат за истребувањето на Џедаите. Понатаму низ сезоната, разрешија уште една мистерија која долго се дискутираше, Џедајот Сајфо-Дијас кој и го нарачал создавањето на армија клонови. Со ова, фрлија светло на некои работи кои матни до сега, баш поради непромислените глупости на Џорџ Лукас. Вакви работи низ The Clone Wars, беа доказ дека сепак има некој таму што се грижи за интегритетот на Star Wars. Финалниот арк, ја покажа спиритуалната страна на Јода, наспроти она што приквелите го понудија. Со мала асистенција од Квај-Гон Џин, видовме зошто Јода е толку моќен Џедај и дека е многу повеќе од CGI анимација која скока по Кристофер Ли со мал лајтсејбер. Веројатно ова е една од најдобрите приказни во The Clone Wars. Ситните референци кон оргиналната трилогија ја направија уште подобра од што е. 

Со исклучок на две приказни, сезонава беше одлична. За нијанса послаба од претходно, баш поради тие две. Кога се повеќе епизоди, потешко се приметуваат, но тука некако штрчеа. Можеби за едната не сум во право, меѓутоа никогаш не ми се свиѓале епизоди каде што Амидала е централен лик. Премногу се концентрирани кон глупавиот политички систем на фракциите, нешто што никој доволно не го разви за да биде интересно. Другата приказна е со Џар Џар и Мејс Винду. Едниот е најужасниот лик на сите времиња, а другиот е тука колку да има расна застапеност. Никогаш не стана битен лик, жалам. Единствено него не успеаа да го оправдаат во серијата.

Никаде не беше спомната Асока исто така. Освен во една од визиите на Јода, но во никој случај не го заокружија овој лик. Доколку ова беше тоа, мене ми е неприфатливо. Се надевам дека ја чуваат за Rebels. Ако успеала да го преживее истребувањето, ќе биде фино да ја видиме пак. Дизни ги имаат авторските права и ќе биде супер да ја видиме како епизоден лик. Ова ми е дефинитивно последниот пост за The Clone Wars. Додека излезе Rebels, може ќе ги ѕирнам пак епизодите што ми оставија најголем впечаток.

No comments: