July 26, 2010

Трета шанса за Fringe

Fringe не успеа да ме задржи ни со првата, ни со втората епизода. Ниедна не успеав да догледам до крај. Имав некои големи очекувања, а серијата испадна многу послаба отколку што мислев. Од трета епизода, ја гледав поинаку. Се адаптирав на ефтините приказни, претходно видени на The X-Files и си го спуштив критериумот неколку нивоа подолу. Не дека имам проблем со ваков тип на СФ, напротив, меѓутоа мислев дека Fringe е нешто посериозно. Деновиве ја догледав првата сезона.

Серијата ја вадат ликовите. Баш тоа беше причината да се обидам да ја изгледам и третата епизода. Питер и Волтер Бишоп се најдобри. Различен Бишоп ми е омилен од епизода во епизода. Нивната врска, конфликти, ситуации во кои се приморани да функционираат заедно, прават некаков баланс во епизодите, зошто од друга страна е Оливија Данам, детективката што едноставно неможам да ја поднесам. Најлош можен избор за главен лик, од актерката до тоа како е напишан ликот. Постојано изгледа како да е болна и потресена, а во моментите кога треба да покаже смелост и авторитет, е неуверлива. Абадон од Lost ми беше интересен на почеток, па понатаму го снема и испадна дека е ептен сомнителен спореден лик. Искрено, очекував бар малку повеќе.

Абрамс изгледа има фетиш за мистериозни организации и корпорации, па тука наместо DHARMA има Massive Dynamics. Исто и за моќни ликови кои влечат конци, се спомнуваат, а не се прикажани, како Џејкоб или Вилијам Бел... Не дека споредувам, туку само забележувам шаблони кои можеби и се ненамерни. Дури има и лик кој претпоставувам е инспириран од Cigarette Smoking Man (еден од моите најомилени ликови воопшто) и веројатно е обид за да се постигне сличен ефект ко со CSM. Се вика The Observer и во првава сезона никнуваше од време на време, колку да има уште некоја мистерија плус.

Приказните одат од крајност во крајност. Има епизоди што се океј, и има некои тотално смешни и неинвентивни. Овој тип на СФ серии ми е бајат одамна, видено е веќе се, нема трошка оргиналност, а веројатно серијава опстојува (од есен трета сезона) зошто на неа е потпишан Џеј Џеј Абрамс. Нешто како V, само со многу подобро сценарио. Првава сезона беше интересна, по некоја епизода за пред спиење и толку. Просек. Без лошите епизоди и Оливија, можеби ќе добиеше некоја повисока оцена. Последните две епизоди беа најдобри од цела сезона. Конечно се појави Вилијам Бел (знаев кој е) и се отворија некои прашања околу паралелниот универзум, ама не верувам дека ќе гледам понатаму за да видам што ќе се случува. Сега за сега, доволна беше првава сезона, не ме завлече да гледам понатаму.

The X-Files останува најдобрата серија од својот жанр. Fringe не е комплетен рип-оф на The X-Files, но не нуди ништо ново и возбудливо. Баш е како серија од 90-ти, со подобра продукција. Затоа и ме чуди како уште не е укината... И пак да кажам, Firefly ја укинаа, оваа уште се прикажува. Пу.

July 21, 2010

19 работи што (не) ги знаевте за Star Wars

Повеќето се општо познати ствари за Star Wars, дали 2-3 сега ги дознавам. Како и да е, интересно е склопено и морав да го споделам. Клик тука.

Ова ми е потсетник дека е време за Star Wars маратон. Без новата трилогија...

July 16, 2010

Batman: Under the Red Hood (2010)

Новото анимирано Бетмен остварување, Batman: Under the Red Hood се појави на Интернет нешто порано пред официјалниот датум на издавање. Under the Red Hood е правен според стрип што го немам читано, па најверојатно тоа е причината што кај мене, филмов не пројде баш најдобро. Продукцијата е на високо ниво, вложено е многу, актери и океј анимација, но има неколку маани што малку ја нагрдуваат целосната слика.

Во споредба со останатите Бетмен анимирани филмови, ова е најдоброто после култниот Mask of the Phantasm, a сепак не е ниту пола од тоа. Филмот отвара со смртта на младиот Робин, Џејсон Тод, вториот Робин после Дик Грејсон. Пет години подоцна, во Готам се појавува мистериозен лик, нов човек под маската на Ред Худ, кој се обидува да го превземе криминалот во Готам уценувајќи неколку банди и мафијашки организации. За тие што се запознаени со Ред Худ, уште тогаш е јасно кој е новиот, а за останатите е предвидливо. Приказната за Џејсон Тод како Ред Худ не ми е баш позната, па како што реков, можеби затоа целиот филм не ми беше толку интересен како во рецензиите што ги читав. Најголемиот проблем со Batman: Under the Red Hood ми е тоа што приказната некако млитаво се развива и ми има некоја чудна динамика, па изгледа некомплетно и празно на моменти.

Прво, не ми се допадна оваа верзија на Брус Вејн. Некако неуверливо. Ко Вал Килмер. Второ, Џокерот очигледно е инспириран од Хит Леџер, упорно потсетува, но за жал актерот кој го позајмува гласот на моменти е неподнослив и промашен. Оргиналниот Робин е присутен тука како Најтвинг, се појавува од време на време да му помага на Бетмен. Ра'с ал Гул е тука исто така, очекував малку повеќе, ликот ми е секогаш интересен. Главен негативец е Black Mask, на моменти иде на живци, не знам каков е во стриповите, тука ми беше премногу, хм, cartoonish...?

Филмот не е лош, не ни е добар. Држи некоја средина и е интересен материјал за секој фан на Бетмен. Вреди да се гледа. Одамна не сум видел волку квалитетен анимиран Бетмен. Втора шанса ќе добие откако ќе го прочитам стрипот, зошто вака ми е некомплетно доживувањето и најверојатно има поголема вредност отколку што ми изгледа... Mask of the Phantasm останува на прво место.

July 9, 2010

ЛеБрон во Мајами

Се збореше многу за ова периодов, а сега е официјално. Вест што ми го направи денот. ЛеБрон и Крис Бош одат во Мајами, заедно со Вејд да го склопат тимот кој очекувам да направи растур следната сезона. Повторно имам верба во Мајами и едвај чекам да почне сезонава. Цело време зборев како на Вејд му требаат солидни играчи околу него, ама никогаш не помислив на ЛеБрон. Некако ми беше неверојатно да заврши баш тука. Тројкава Вејд-Бош-ЛеБрон ветува многу и сигурен сум дека ќе ги оправда сите очекувања.

Реакцијата на Ден Гилберт, сопственикот на Кавс, да не беше смешна, ќе беше мизерна. Да, го загуби ЛеБрон, но нема потреба од толкава театралност...

July 7, 2010

Not In A Million Years

"Not In A Million Years" е кратка СФ приказна на Дамјан Крстески, и требаше да послужи како подлога за новото издание на Machinesaw кое е завршено пред некоја недела и излегува наскоро. Станува збор за феноменална приказна која не успеа да се искористи како што беше замислено, а ќе беше штета да остане необјавена. Ја има кај него на блог и топло ја препорачувам.

July 5, 2010

Hot Tub Time Machine (2010)

Последнава година, The Hangover стана репер за комедија, па излегоа еден куп филмови кои се "шлепаат" со споредбата. Hot Tub Time Machine горе-доле го правеше истото, рекламирајќи се слично, додека критиката, заедно со публиката, го нарекуваше "The Hangover со патување низ време". Можеби и тоа е проблемот со овој филм, а и сличните на него, што упорно пробуваат да се носат со туѓ успех, формула и идеја.

Сепак, Hot Tub Time Machine е различен од The Hangover и затоа немам намера да го споредувам. Во филмот се работи за четворица пријатели, кои патуваат назад во осумдесетите со помош на мистериозно џакузи кое е временска машина. Идејата можеби звучи интересно, меѓутоа реализацијата е просечна, некомплетна и преполна со досадни клишеа од кои одамна ми е здосадено. Уште на почетокот, видов за какви изџвакани ликови станува збор кои ни малку не отскокнуваа од шемата по која се прават слични филмови, но идејата ми беше доволно добра за да очекувам опуштена, солидна комедија. Значи, го имаме главниот лик, Адам (Џон Кјузак), најнормален од целата екипа, но со пропаднат брак (стандард), потоа Лу, стар ерген кој не престанал да се забавува и да пие во изминатите дваесетина години и нормално, дебел црнец (Дерил од Офис) со мизерна работа и фино семејство. Да, тука е типичниот гик што живее во подрум и е најчесто задолжен за форите кои се однесуваат на технологија, како филмов да е сниман пред 15 години, па технолошкиот напредот е СФ за останатите во светот.

Друштвото решава да замине неколку денови на место од младоста, во туристичко гратче кое некогаш било главно место за забава, преполно со луѓе, алкохол и дроги од кое останале само добри спомени, собата во која секогаш престојувале и едно старо џакузи кое преќу ноќ се претвара во временска машина. Без никаква причина, или причина доволно битна за да има смисла. Океј, комедија е, нема да се фаќаме за ситници, но... Претпоставувам дека сценаристите имале идеја што да прават со филмот, знаеле што сакаат, нели, ликовите да се вратат во минатото, но заборавиле да вметнат причина за тоа. Основата веќе е тука, се што фали во филмот се ситуации, нели комични, во кои би се наоѓале ликовите, за филмот да си го оправда жанрот. Толку добра идеја, толку многу очекувања, а капацитетот не е ни до пола искористен. Некое клише ваму-таму, ефтини фори и неуверливи ситуации кои во ниеден момент не ме натераа да се грижам за ликовите. Само што ќе почнеше некоја сцена, точно знаев како ќе заврши. Е, токму ова го двои The Hangover од останатите нови комедии. Реков не го спомнувам, меѓутоа морам да кажам дека во другиве филмови нема кинез од багажник, на пример. Тоа фали. Сите се дават во клишеа, а не верувам дека е многу тешко да се понуди нешто оргинално. Публиката тоа го бара.

Актерската екипа е супер, ама што е тоа битно кога мораат да работат со некомплетно, досадно сценарио. Чеви Чејс, на пример, да добиеше некоја сцена повеќе, целиот филм ќе беше многу подобар. Не е во никој случај лош, таман си е и заслужува второ гледање, но ништо повеќе од тоа. Следно за гледање ми е Date Night со Стив Карел, повторно филм рекламиран како "најдоброто после The Hangover"...

July 1, 2010

Futurama се врати!

Good news everyone! Како што беше најавено лани и се зборуваше цела година за тоа, Futurama е повторно тука, на програмата на Comedy Central (во превод: на цела варез мрежа, достапна за нас). Некаде кон крајот на минатата година, се збореше дека ќе има измени во актерската екипа и дека гласовите на главните ликови ќе ги позајмуваат нови актери, што за среќа се среди со некој милион плус на сметката на оргиналните актери, така што си ја добивме Futurama целосна назад.

Првиве епизоди ме воодушевија. После филмовите, сепак се надевав дека ќе видиме нешто добро во новава сезона, бидејќи тој формат на една епизода некако повеќе оди во прилог на сценаристите. Филмовите беа досадни. Преџвакани. Неинвентивни приказни, досадни фори... Последниот не ни успеав да го изгледам до крај. Е, новава сезона е нешто друго. Добриот хумор и атмосферата од претходните сезони се присутни, а сепак делува свежо. Серијата никогаш не изгуби од квалитетoт, незнам зошто воопшто ја прекинаа. Мило ми е што повторно серијава блеска како порано и едвај ги чекам новиве епизоди.