August 24, 2015

Нова шанса за Justice League

Океј, никогаш не сум бил фан на Justice League. Мислам, фини се лудак во костим од џиновски лилјак и снажен вонземјанин кој идентитетот го крие со наочари, одлично функционираат и кога ќе ги споиш заедно. Ептен ретко ќе прогледав и низ волшебни зелени прстени. Меѓутоа, линијата сум ја влечел на амазонски принцези со невидливи авиони и магично ласо кое жртвите ги принудува да ја кажат вистината. Имам дадено 462 шанси на Џастис Лиг. Стрипови, филмови, серии... Дури ни оној легендарен JLA на Морисон не ме завлече. Не било ништо лошо и неподносливо, секогаш сум бил толерантен кога ќе ми влета некој од ликовиве кои не сум успевал да ги засакам во Бетмен или Супермен стрип, ама кога бил цел тим споен, брзо сум го губел интересот. 

Периодов читам Супермен. Стари, нови, што сум ги читал, што не сум ги читал, секакви... Се опседнав со ликот како да сум Лекс Лутор. Навечер ми доаѓа во сон и ме прогонува. Тука некаде дојде и мојата желба за нова шанса за Џастис Лиг. Ако не Морисон тогаш што? Новите 52 на DC. Нели се скроени за нови фанови? Епа, со умот во таа состојба, отворен како никогаш претходно, ги симнав првите шест броеви. Третирајте ме како нов фан, покажете ми зошто е добро ова. Кецот го памтам како солиден уште од пред четири години, Аквамен веќе го засакав како лик, а со оглед на тоа што веќе изградив култ околу Џеф Џонс - зошто да не. 


Ја затворив првата приказна, шест броја, собрана е како Origin, и седев така и ќутев неколку минути со осмех. Еј, ова било добро. Или се начекавме во вистинскиот момент. Добро, не истекува безусловна љубов од мене кон Вондер Воман или Грин Лантерн, ама ете, конечно природно ми се склопија во целата слика. Фала Џеф Џонс. Ако ова успеа да натера некој што не е фан да почне да копа подлабоко во приказните, браво. Мајсторија. Џим Ли го црта ова, така што можеш да го претпоставиш квалитетот. Му го обожавам Бетменот. 

Во Origin е раскажано создавањето на Џастис Лиг. Бетмен, Супермен, Флеш, Вондер Воман, Аквамен, Грин Лантерн и Сајборг. Сајборг ми беше најнепознат лик, препоставувам тоа го заклучиле и DC, дека не бил толку достапен на публика што површно го чепкала универзумот, па акцентот тука е ставен баш на него. Покрај тоа, другите веќе имаат и сопствени серијали, така што и немаше потреба од некакво посебно претставување. Тимот е соочен со Дарксајд. За да споиш херои како овие погоре, мора да им дадеш некаков голем негативец, а Дарксајд е баш таков. Тука е преголем и за Супермен да може да застане сам пред него. Супер прилика да го донесат и него во 52 универзумот. 


Спојувањето на ликовите е мазно, постепено, баш како што расте целата закана која ги принудува на соработка. Некои едвај се познаваат, не знаат еден за друг, немаат ни доверба меѓусебе, барем до моментот кога баш тоа ќе е најпотребно. Толку е почеток што Бетмен уште важи за некаков мит за кој не ни верувале дека навистина постои. Коментарот на Грин Лантерн е бесценет. Исто како и неговиот однос со Флеш. Двајцата ликови имаат посебна врска и онаква buddy cop тензија каде што Џеф Џонс искористил прилика да протне суптилен хумор за колку да се изнасмееш на глас. 

Да. Ќе читам Џастис Лиг. Ми се свиѓаат ликовите во 52 унивезумот, има доволно за си ја задоволам потребата. Љубопитен сум да видам како се развиват понатаму, така што имам многу пред да се навратам на тоа што претходно ме одбило. А, приказнава што ја читав е адаптирана во Justice League: War анимираниот филм, па ете уште една прилика да бидам позитивно изненаден.

August 23, 2015

Superman: The Men of Tomorrow на Џеф Џонс и Џон Ромита Џуниор

Почетокот на месецов донесе ново издание на DC, колекција собрана од арк од редовниот Superman серијал, #32-#39 броевите. Не го следам редовно овој Супермен од новиот 52 универзум, меѓутоа приказнава ми беше привлечна затоа што ја потпишуваат две легендарни имиња. Џеф Џонс и Џон Ромита Џуниор. Интересно, зошто ова е првиот ваков ангажман на Ромита за DC (има учествувано во некои кросоувери пред години), по четириестина година поминати во Marvel со нивните најпознати херои. Феноменален е и тука. Џонс е веќе докажан DC ветеран, речиси целата негова кариера ја има поминато таму и е одговорен за некои од најквалитетните наслови последниве години. Со оглед на тоа што не знам што се случува моментално со Супермен, Џеф Џонс со ваква приказна на средина на серијалот, докажува дека можеш да создадеш класичен Супермен во било кој континуитет. Разликите кои Новите 52 ги содржат речиси и да не се осеќаат тука.


The Men of Tomorrow е приказна за двајца луѓе со супермоќи. Едниот е човек, дете на научници кои барале спас за планетата, обидувајќи се да најдат пат до нов свет, до Четвртата Димензија. Експериментот тргнува наопаку, па соочени со сопствената пропаст, малото дете го испраќаат на друго место, каде што е одгледан од други, како да е еден од нив. Ситуација аналогна со нашиот човек од Криптон. Не случајно велам човек, зошто Супермен ако нешто докажува тука, тоа е дека е многу поголем од сите нас. Еј, фала Николов што ни објасни за Супермен, стварно. Јулисиз, сега возрасен, доаѓа на Земјата, се спријателува со Супермен и открива дека неговите биолошки родители се сепак живи. Луѓето, овој пријател на Супермен го дочекуваат како уште еден спасител, на кој му ја даваат целата нивна доверба. Дуото функционира одлично, имаат слични моќи и се спремни да се спротистават на секаква закана. 

Јулисиз ветува многу повеќе од Супермен. Зборува за утописката Четврта Димензија каде што нема глад, војни и има среќа за секого. Нуди арка на тие кои што сакаат да заминат таму, група од шест-седум милиони. Но, благословот од Четвртата Димензија е всушност заеб кој луѓето кои наводно ги спасува, сака да ги искористи како енергија за да го спаси неговиот свет кој е пред уништување. Слично како Криптон. Што би направил Супермен доколку би имал шанса да жртвува милиони животи за да го спаси Криптон? 

Џеф Џонс одлично го познава Кларк Кент/Супермен и умешно си игра со сите негови слабости и доблести. Секогаш ми се интересни приказните со Супермен каде што е соголен од моќите, соочен со некои дилеми и ситуации кои би ги предизвикале и неговите челични морални вредности. The Men of Tomorrow носи и неколку нови негативци кои се надевам дека DC ќе ги искористи понатаму. Сакам да видам повеќе од Машинистот, или новата верзија на Клерик. Иако си ја изиграа улогата баш онака како што одговара на приказната, премногу забавно делуваат за ова да е последното од нив. А, Јулисиз има потенцијал да биде уште еден сив лик што може да се комбинира во новиот универзум. 

Шлагот на The Men of Tomorrow е Бетмен. Чудо е колку добро функционираат заедно тука. Жалосно е што онoj Batman/Supermаn серијал што моментално е во тек, ни во 10 броеви не успева толку добро да ја долови братско-пријателската врска што ја имаат двајцата. Може да продолжам да го читам тековниот Superman. The Men of Tomorrow завршува со откривање на тајни, една од нив е идентитетот на Супермен пред Џими Олсен. Скептичен сум дека има уште нешто добро во 52 серијалот, меѓутоа осеќам сериозна потреба од нов Супермен материјал во моментов, па ќе пробам.

August 22, 2015

Нова... лоша серија: Blunt Tаlk

Сите го сакаме Патрик Стјуарт. Не сум сретнал некој што се изјаснил поинаку. Има посебен талент, харизма и авторитетен глас со кој може да те убеди во било што. Присутен е откако знаеш за себе, стои зад неколку улоги што ти го дефинирале детството и младоста и не памтиш дека некогаш си превртувал очи на нешто што го инволвирало него. Еден од ретките такви актери. Blunt Talk изгледаше како уште една прилика што ќе ја износи феноменално. Судејќи според American Dad!, Family Guy и една епизода на Extras, бев убеден дека талентот му е функционален и за комедии. После втората епизода на Blunk Talk ми е јасно како може да угушиш нечии способности со лошо сценарио, па макар да биле на актер како Патрик Стјуарт.


Серијата е на Џонатан Ејмс (типот зад Bored to Death), ја продуцира Сет МекФарлејн и ги следи глупостите на британскиот водител во Лос Анџелес, Волтер Блант. Блант е скандалозен, а серијата уште на почетокот од првата епизода се обидува да го стави тоа до знаење. Го фаќа полиција со транвестит проститутка, видно пијан, набргу се појавуваат новинари, па репутацијата му е сериозно нарушена. Воопшто не е во прилог на шоуто што го води, зошто рејтинзите се и онака слаби. Супер, си викаш, ќе го гледаш Патрик Стјуарт како пие, шмрка кокаин и го шармира секое живо суштество околу. Не. Многу брзо по ветувачкиот старт, Blunt Talk се претвора во каша од невкус, мрзливо сценарио, очајни финти и досадни споредни ликови. Претпоставувам дека идејата била Блант и неговиот батлер, асистент и пријател Хари да бидат тука "смешните изгубени британци", но единствено нешто што е изгубено овде е приликата да се направи добра серија.

Патрик Стјуарт е брилијатен како и секогаш. Очигледно е дека се забавува, дури и самиот си го кажува тоа по интервјуа и промоции за серијата, меѓутоа прашање на време е кога серијава ќе го намести да прави будала од себе. Не на нивото на Шетнер додуша, прости за споредбава, Шетнер секогаш бил така... нестабилен, ама јас не можам да го гледам ова веќе. Не знам кој стои зад овие спрдњи тука, ама ако Сет Мекфарлејн или неговиот тим асистенти се филтерот низ кои поминуваат, тогаш е јасно дека комплетно му е изгубен осетот за хумор или едноставно прекинал да се грижи. Мислам, види ги последниве сезони на сериите што ги има создадено. Патрик Стјуарт секоја реплика ја испорачува беспрекорно и успева да е смешен, ама тоа се должи само на него, а не на дебилите што го пишуваат ова. Кога ќе ставиш едно 3-4 празни ликови кои не прават никаква разлика, резулатот е очаен. Многу сакав да го сакам ова, ама ете, не ми дозволува.

Првата епизода е стварно добра. Ете, тоа нема да го оспорам. Има добри моменти, има дури и камео на Брент Спајнер, ама втората наговестува правец што немам желба, а ни време, да го следам. Проблем е кога нешто уште на самиот почеток делува заморно. Штета ќе биде ако ова остави дамка на кариерата на Патрик Стјуарт.

Superman: Unbound (2013)

Во 2008, Џеф Џонс и Гери Френк го објавуваат сега веќе култниот Brainiac арк кој тогаш оди во редовниот Action Comics серијал (#866 - #870). Приказната, раскажана во пет дела, ги соочува Супермен и Супергрл со вонземскиот механички организам Брејниак, одговорен за судбината на многу светови кој сега и се заканува на Земјата. Аркот е феноменален. Нарацијата на Џонс е стегната и прецизна, опфаќа еден куп елементи на Супермен како лик - неговата врска со Кентови и љубовта кон планената на која израснат, балансот и контролата кои се обидува да ги воспостави со Лоис Лејн која тука веќе му го знае идентитетот, и можеби најбитното за приказната тука, неговата братучетка Кара Зор-Ел, која е малку потемпераментна од него. Гери Френк инспирацијата за цртањето ја црпи од филмовите со Кристофер Рив, што мене лично ми го прави Braniac уште поблизок.

Брејниак патува низ универзумот и буквално краде градови од планети кои ги смалува и ги чува во стаклено ѕвоно, заедно сосе преживеаните жители. Еден од тие градови е Кандор, главниот град на Криптон, каде што во моментот се наоѓаат родителите на Кара. 



Unbound е анимиран филм од 2013 што ја адаптира оваа приказна. Скептично пристапив кон ова после две години, поучен од сомнителниот квалитет на DC адаптациите, и за чудо некако пријатно ме изненади. Не е страна-по-страна адаптација, но одлично се труди да ја пренесе идејата на Џонс и Френк. Иако има некои детали кои се разликуваат, главните делови се присутни и функционираат добро. Голема замерка е можеби самиот крај, кој комплетно се разликува од тоа што го нуди стрипот, но претпоставувам дека продуцентите не сакале да ја збунат публиката која не ги следи стриповите со таков тажен, емотивен завршеток, па се одлучиле за хепи-енд варијанта. Се сомневам дека одлуката била за на помладата публика да ѝ се понуди поблаг исход, бидејќи има сцени кои знам дека на други места се обидуваат да не ги покажат на деца. Но, ако мислеле два средни прста од Лоис кон Брејниак, крв и насилие се поумерени од крајот на стриповскиот арк, тогаш во ред.

Хуморот од стрипот е задржан, темпото е можби малку побрзо, но еј, повеќето анимирани филмови на DC често го користат лимитираното време за директно да скокнат во акцијата. Анимацијата е супер кога ќе ја навикнеш (некаков псевдо-аниме стил), единствената замерка оди кај Супермен. Не е лошо, ама некогаш ми смета кога го цртаат некако диспропорционално и смотано. Главата му е секогаш премала во однос на телото и прави некои гримаси кои се предетски. Сите знаеме дека е главниот херој, така што не би било проблем некогаш да видиме понамрштен Супермен, нели DC? Лоис и Кара се супер, можеби на моменти со пренагласена сексуалност, па ајде да речеме дека сепак и не е баш Unbound за толку млада публика. Актерите се одлични, особено Мет Бомер, гласот на Супермен/Кларк Кент. Дечкото дури и личи на Кларк Кент, има и јапонска реклама што го дели тоа мислење. Во 2002 за малку и ќе бил Супермен во нереализиран филм со сценарио на Џ.Џ. Абрамс. 

Unbound е еден од најинтересните анимирани адаптации на DC што сум ги гледал. Независно од изворниот материјал, пак може да застане цврсто. Не се обидува да биде "голем" како Superman: Doomsday, но е секако доволно содржаен за да биде дел од секое следно маратонско гледање на овој тип анимирани филмови. 

Види такоѓе: 

August 16, 2015

Superman Unchained на Скот Снајдер и Џим Ли

Со тековните DC расчистив после Batman Endgame. Не сум баш сигурен дека можам да ги следам таму каде што тргнаа, особено ако има џиновски метален Бетмен со зајачки уши. За Convergence некако изгубив интерес, па додека се појави нешто што ќе ми го привлече вниманието ќе се обидам да го надохнадам тоа што го пропуштив. Swamp Thing имаше интересен почеток, Action Comics на Морисон почна добро, така што да, има едно купче што ќе биде разлистано периодов. Дури може ќе стиснам заби и ќе дадам уште една шанса на Justice League. Веројатно нема, ама држам отворени опции. 

Меѓу редовните наслови, има еден краток серијал од девет броеви, Superman Unchained. Со оглед на епскиот размер на приказната, и легендарниот статус на Снајдер и Џим Ли, зошто имам некој впечаток дека Unchained не го добива силниот аплауз што го заслужува? Или поминало најјакото, а јас сум успеал да го преспијам. Зошто не зборуваме секој ден за ова? 


Снајдер е брилијантен, не само што длабоко навлегува во Супермен (хихи), туку буквално го носи 420 милји под површината на Земјата. Си игра со сите аспекти на ликот, вредностите, правилата по кои делува, неговата смрттност, улогата што ја има како носител на доброто на овој свет, хероизмот, посветеноста и пожртвуваноста. Иако можеби неговата врска со Лоис не е толку клучен елемент тука, стрипот се занимава со друг Лејн, одлично успева да го долови пријателството со Бетмен/Брус Вејн, правејќи го многу побитен лик кој паралелно го касапеа во неговиот редовен серијал со Капуло додека се објавувал Unchained. Топлото чувство во стомакот доаѓа во моментот кога ќе видиш Џим Ли како мајсторски се справува со Бетмен, особено ако последен пат талентот си го осетил во Hush. А, не е само Бетмен, течат лиги на секој панел. И, тоа Џим Ли појачан од Скот Вилијамс и Алекс Синклер, двајцата потпишани на Hush, Superman: For Tomorrow и добар дел од стриповите каде што стои неговото име. 


Unchained е претежно акциона приказна. Почнува интензивно, фрлајќи го Супермен директно во пиздарии предизвикани од хаотична комбинација од Лекс Лутор, терористичката организација Ascension и татко ѝ на Лоис, генералот Сем Лејн. Лејн го смета Супермен за закана која треба да се уништи, а по откритието дека армијата веќе 75 години чува сличен вонземјанин од кој црпи технолошка и воена моќ ја прави намерата да изгледа многу посериозно. Особено зошто Рејт, суштество која соларната енергија ја складира и користи поумешно од Кал Ел, е многу помоќен од него. И, покрај тоа што успеваат да најдат заеднички јазик, идејата дека нема место за двајцата на планетава е јасна уште од самиот старт. Преку Рејт, Снајдер ги покажува мааните на самиот Супермен, играјќи си со некои егзистенцијални концепти, кои иако не се нови за ликот, доволно добро ги ракува за да го поремети балансот. 


Како што спомнав, Лоис е повеќе позадински лик, иако ова личи на класична Супермен приказна. Во новите 52 на DC, Лоис и Кларк не се заедно, Супермен е со Вондер Воман. Меѓутоа Снајдер и Ли наоѓаат начин да создадат неколку интимни, емотивни прилики и ситници кои ја потенцираат нивната врска од претходно. Ја има и Вондер Воман на кратко, но претежно е небитна. Она што остава силен впечаток се неколкуте сцени со малиот Кларк во Смолвил, кога првпат станува тоа оружје кое е наводна закана за безбедноста на светот денес. Unchained таа тематика ја третира многу поелегантно од пример, Man of Steel или ова новово со Бен Афлек. Тука одлуките се свесни, а дилемата за дали да се уништат други раси за да се спаси планетата што не е ни негова, тежат многу повеќе од било која намера на Зек Снајдер. Зек. Не Скот. Скот е добриот Снајдер. 

Неочекувано си добив Супермен приказна што ќе ми биде во омилените. Не се обидува да биде нешто ново, се потпира на безбедни параметри, ама блеска од сите страни. Можеби не толку храбра со иновативноста, но секако смело се пробива низ познати територии кои не секогаш може да испаднат вака занимливи. Предвидливо да, меѓутоа доволно комплексно и испреплетено за да те остави сит во моментот кога ќе стаса до крајната дестинација.

August 15, 2015

Вовед во Дедпул

Како што моментално изгледаат работите, Дедпул е следниот голем суперхерој. Трејлерот за престојниот филм го сопре возот на станицата, инстантно прибирајќи народ кон новата дестинација за негување на трендовскиот "гиковски" идентитет. Во купеата е општа турканица, некои висат и од прозор, додека наоколу кружат шублери со кои луѓето мерат кој е поголем фан на Дедпул. Па, кој е Дедпул и како таков маргинализиран третокласен лик денес ти овозможува да бидеш уникатната снегулка со најактуелни интереси? Дедпул е херој, или ако повеќе сакаш, анти-херој, создаден практично на заебанција од Фабијан Нисиеза и Роб Лајфелд некаде на почетокот на 90-тите со намера да биде краткотраен негативец во неколку наслови на Мarvel. Подоцна, постепено се развива во тоа што е денес.

Има неколку приказни и легенди како е создаден ликот, а најпопуларната (веројатно и најточната) е дека е само добронамерно ископиран од Детстроук на DC. Дури и вистинското име на Дедпул, Вејд Вилсон е.. инспирирано од Слејд Вилсон, идентиетот зад маската на Детстроук. Самите создавачи на Дедпул се зезаат дека двајцата ликови се далечни роднини. Една друга верзија вели е дека инспирацијата доаѓа од Спајдермен на Мекфарлејн и Вулверин. Оттаму покритието за регенеративните моќи на Дедпул и големата уста што ретко ја затвара. Она што овој платеник го прави поразличен е неговиот карактер и изглед. Иако секој автор нуди различна интерпретација (барем во Deadpool насловите), суштината е таа - Дедпул е психички нестабилен егоцентрик, халуцинира, мрчи и повремено го крши "четвртиот ѕид". Експериментите на Weapon X, успешно му имаат подарено регенеративна моќ како на Вулвеин, меѓутоа поради ракот што го има од претходно и ги комплицира клетките во неговото тело, лицето му е сосема уништено и не може да закрепне. 


Даниел Веј, авторот задолжен за Дедпул од 2008 до 2012, го носи ликот на малку друго ниво, со тоа што имплементира блага шизофренија во таа грозна глава под маската, па Дедпул не само што зборува со читателите, туку зборува и со себе, со меурчињата текст. По релативно успешните претходни серијали на Џо Кели и Cable & Deadpool на Нисиеза, Дедпул пред да падне во рацете на Веј, паѓа и на пазарот. Како што самиот Веј раскажува на последната страница од Deadpool #63, во моментот кога почнал да го пишува стрипот, Дедпул ја имал најмалата забележана публика. Никој не очекувал нов број, насловот бил (повторно) пред укинување, па Веј имал одврзани раце. Можел да прави сè што ќе му текне. Веројатно тоа и ја има разбеснето малата група на фанови што тогаш ја имал стрипот, па до денес овие 63 броеви на Веј важат за најлошото од Deadpool. Мене лично тоа ми е најинтересниот Дедпул, можеби зошто ова ми беше првиот сериозен контакт со ликот. Читав Cable & Deadpool, малку од серијалот на Кели, нешто од последниве што претпоставувам дека сè уште се во тек, ама некако ова успеало да ми се протне како најдобро.

Да, комедија е, Дедпул е карикатуризиран во секоја смисла, едвај функционира кога не е со некој друг познат лик на Марвел, но има доволно акција и хумор да биде забавен до крај. Океј, има исклучоци што лесно се забораваат, меѓутоа поголемиот дел е одличен. Изговорот на Дедпул за да ги прави стварите што тука ги прави е едноставен - сака да го тргне лошото мислење за него и да биде херој. Па, затоа се обидува да стане дел од X-Men, оди да учи од најсаканиот херој на сите времиња (негови зборови, не мои) Спајдермен, се труди да ги добие симпатиите на неговиот херој од детството Стив Роџерс... и никој не го сака. Во тие моменти решен е дека треба да умре еднаш за секогаш, а има ли подобар начин да умреш растргнат од Хулк на делови? Затоа, Дедпул како Дедпул, оди "да побара помош" кај Брус Банер, детонирајќи нуклеарни бомби за да го предизвика Хулк на дуел. Крајот на серијалот е можеби малку поспор, зошто конечно успева да се ослободи од регенеративниот фактор, истовремено враќајќи си го и (пак негови зборови) прекрасното лице. Ама, навикнат е да ја носи маската, така што, јеби га. 

Верувам дека е полесно да го заборавиш Hit-Monkey или аркот кога решава да стане пират и го прибира Боб од Хидра да му биде папагал облечен во папагалски костим, иако се феноменални приказни со оглед на тоа во кој стрип се наоѓаат. Но! Даниел Веј отвара моќно, стартувајќи го целиот погон на кој вози Dark Reign откако тајни фајлови од Secret Invasion ивентот ќе завршат кај Норман Озборн наместо кај Ник Фјури, со што го прави Дедпул многу побитен лик отколку што изгледа дека е. Интернетот упорно му го одзема и тој кредибилитет.

Да не го влечам постов понатаму, нека послужи само како мал вовед и препорака. За малку посозреана варијанта на Дедпул, тука се Џо Кели и Cable & Deadpool. Тие ќе ги оставам за следната прилика, а до тогаш, не верувај на сè што ќе прочиташ на интернет. Даниел Веј е супер писател. 

Види такоѓе: 

August 6, 2015

Legion, новата World of Warcraft експанзија

Океј, директно на главното. Blizzard пред малку ја најавија новата World of Warcraft експанзија. Се вика Legion, веќе има тизер од синематикот и трејлер што нуди поглед кој најбитните нови работи. Ова зеленово што тече моментално од мене е производ на безусловната љубов кон Илидан, Гул'дан и the Burning Legion. Слаб сум на овој дел од приказната и тешко ми е да ја сокријам возбудата. Да носев капа сега, ќе ја симнев тука пред табот кај што ми е отворен сајтот за експанзијата. Добро изиграно, Blizzard. Прекрасно. Мило ми е што гласините за експанзија што се вика The Dark Prophet и е посветена на Троловите, испаднаа неточни. Претпоставувам кој го истрола интернетот вака за да се спуштат очекувањата за ова што експлодираше денес. 


Сепак, некои од работите што кружеа за "лажната експанзија" испаднаа точни. Да, ќе има нови 10 левели, значи максимумот ќе е 110. Левелирањето ќе се одвива на нов континент, The Broken Isles. Tomb of Sargeras ќе биде данџн, и тоа еден од многуте кои ги планираат. Ветуваат многу повеќе данџни од било која друга експанзија. Конечно ќе има нова класа после Монковите вo Pandaria, така што вечниот сон да бидеш Demon Hunter (ако си Елф) како Илидан, наскоро станува реалност. PvP системот ќе биде обновен, а воведуваат и нови артефактни оружја кои ќе се подобруваат како што ќе се левелираш. Исто така, Даларан, од небото над Нортренд се враќа на малку постабилна површина.

Епа, ако мислеше дека ја истурија целата носталгија во Warlords of Draenor, размисли пак. Не ме занима колку овие потези со "враќање на корените" се евтин трик, додека ги прават како што треба. Иако светот и приказната може да се развиваат во било кој правец, воопшто не ми смета да гледам повеќе од истото. Особено негативци кои некако прерано ги збришавме од Азерот. Legion нема официјален датум во моментов. Единствено стои дека ќе биде "наскоро". Претпоставувам најдоцна до следната есен.

August 4, 2015

Втората сезона на Halt and Саtch Fire

Не можам да престанам да си ја удирам главата во биро од неверување како е возможно ваков квалитет како Halt and Catch Fire да биде недоволно забележан. И, покрај интересната приказна која навлегува во историјата на ова на кое денес го пишувам постов, феноменалната актерска екипа и ликови, префинетиот избор на музика (фала за Big Black Delta!), повторно се соочува со судбината на серии кои до ден денес ги оплакуваме. Во моментов, AMC уште размислува дали да одобри трета сезона, додека паралелно спрема спин-оф на The Walking Dead. Тага и револт. Спремен сум да тргнам пешки да протестирам пред студиото. Би пешачел и пливал две сезони, ама еј, мора да видам што ќе се случи со Гордон и колку МекМилан може да биде гомно. 


Невидена штета ќе е ако серијата застане тука. Особено откако покажа дека има храброст да се развива и да истражува територии кои ретко се присутни во фикција. Втората сезона комплетно се спротистави на оние идеи во првата. Тогаш видовме корпорациска битка за превласт на пазарот за персонални компјутери, а овој пат технолошката револуција е прикажана преку мал стартап кој се занимава со раните онлајн игри и практично ги раѓа првите BBS-и. Транзицијата на темата е толку природна што не ми ни беше јасно што всушност е сезонава додека не изгледав неколку епизоди. Втората сезона на Halt and Catch Fire последично го тргна фокусот од главните двајца ликови од Кардиф Електрик, заменувајќи ги со нивните сегашни и поранешни понежни половини. Ова е Мјутини, жени што ќе ти затропаат на врата ако им украдеш код искуцан во дневна соба распослана со кабли. И, ќе те вработат ако си доволно вреден. 

Гордон и МекМилан се тука, но во малку поинаква улогa. Претежно ги сркаат стварите од претходната сезона и тоа секој својата. МекМилан е во сосема различна позиција, одделен од "природното живеалиште", меѓутоа ликот е толку добро развиен што одлично успева да биде нагласен онаков како што го знаеш. Особено на крајот од сезоната, кога серијата ги спушти картите што десет епизоди некако успешно ги држеше при себе. Гордон е во малку понезавидна ситуација, веројатно точка од која нема враќање назад, влог кој можеби е преголем и за продуцентите. Но, со оглед на тоа во кој правец се одвиваше целата втора сезона, беше супер начин за да се одржи ликот занимлив. Без разлика колку ќе се искомплицираат нештата понатаму. Сè е до тоа како планираат да си играат со евентуалната трета сезона.

А, следната сезона, ако ја има, има потенцијал да го направи истото што втората го направи со првата. Веќе имаше мал знак за правецот во кој веројатно би се движела, и не можам да сум повозбуден од ова. Со ова темпо, во совршен све каде што Halt and Catch Fire доаѓа до сезона со поголема бројка, би можеле да ја видиме целата историја на сè што вклучува компјутери и до денешен ден. Еве не мора до толку, барем оној период пред експанзијата на социјалните мрежи. Дури и по цена да скокаат од период во период со години разлика. Сакам да ги видам овие ликови во средина на 90-ти, кога повеќе домаќинства имаат компјутер, а интернетот не е толку научно-фантастичен и трендовите и достигнувањата од тој период.

Halt and Catch Fire заслужува иднина. Повеќе од било која друга серија моментално.

August 2, 2015

Ни скакулци, ни среќни краеви во Вејворд Пајнс

Полека останувам без тековни серии. Wayward Pines заокружи прва сезона, можно е и единствената, True Detective се угуши во потрага по идентитет, а Halt and Catch Fire утре завршува со втора сезона. Останува уште Mr. Robot да ме избутка летово со нови епизоди еднаш неделно. Ако го оставам финалето на Wayward Pines на страна, тоа се тие три серии што вредеа да ми го трошат времето во актуелнава елементарна непогода. Шаблонските калифорниски детективи нека седат во ќошот и нека размислуваат за сопствениот неквалитет. 

Десет епизоди Wayward Pines. Нема потреба да предупредувам за спојлери, зошто веќе пола сезона серијата опстојуваше во големиот пресврт и откритие. Идејата на М. Најт Шајлблабла да не остави клифхенгер на крајот во случај ако FOX се пишманат за втора сезона (уште е нејасна иднината во моментот додека го пишувам ова), можеби се покажа и како кобна за квалитетот на самото финале. Не дека знаев што сакам да видам на крајот, ама во моментот кога сопреа мистериите врз кои се билдаше тензијата, почна да се лупи бојата од она што изгледаше толку ново на почетокот. Под целата таа убава атмосфера и идеи што ги прифатив со голема прегратка, испадна дека клечи едно досадно клише, понудено како недоволно достоен завршеток.


Немам намера да дознавам како книгите се справуваат со ова, ни кои се разликите со серијата. Но, финалето едноставно не функционира како крајна дестинација после два и пол месеци удобно возење. Не поради тоа што Вејворд Пајнс повторно се врати на морбидната дистописка комфортна зона, туку лифтот во кој Итан Бурк се жртвуваше за да го овозможи тоа на несреќниот остатот од човештвото. Wayward Pines повтори една стара филмска лекција. Ако некој со средство за самоуништување и животна закана ти рече дека е веднаш позади тебе додека ти ја гарантира безбедноста, можеш да си сигурен дека тоа е последното нешто што ќе го видиш од него. Еве, зевам од самата помисла на ова. Особено кога е крајно непотребно, а е ставено за да предизивика некоја тажна емоција кај гледачот. За жал, овде се постигнa само спротивниот ефект. 

Дали требаше да ја извлечеме "стара добра поука"? Дека најголемиот непријател на човекот е самиот тој? Ако тоа беше поентата што Дејвид Пилчер се обиде да ја направи, притоа не земајќи во превид дека токму тој е непријателот, тогаш си имаме работа со "рушење ограда" кон неинвентивни шаблони. Секоја логика и можност за позадоволително финале почина баш овде. Верувам да беше гарантирана втората сезона, големиот пресврт од петтата епизода ќе се случеше токму на крајот од првата, па ќе се чешавме што понатаму до следното лето. Вака, до следната година веќе нема да прави разлика.