August 13, 2017

Го гледав Alien: Covenant една недела

Озбилно. Испадна дека овој филмски еквивалент на запален контејнер полн со медицински отпад мораш тактички да го консумираш цели седум денови. Не дека сакав. Не дека сакав воопшто да го гледам, ете успешно го бојкотирав во кино, туку мислев ќе ми послужи како инспирација за да си го напишам блогерскиoт магнум опус, преполн со досетливи инвективи од кои барем две како цитати ќе завршеа на мојата спомен плоча и на твојот фејсбук кавер фото. Но, не. Alien: Covenant не успеа да ме напне ни до степен да го изгасам, а не па да потонам во некаков креативен транс. Станував да си правам храна додека одеше во позадина, диплев алишта, пиев лекарства, гледав смешни гифови со мачки на телефон...

Се гасеше сам. Следниот ден го пуштав од таму каде што претходниот ден го имав изгубено вниманието. Во меѓувреме двоев по некоја минута да размислувам за тоа колку веќе не ми е гајле кога ќе ми ја посерат поп културата која потенцијално би ми пружила некакво задоволство. Мислам, една недела не јадев кога Prometheus не ми ги достигна очекувањата, на Terminator: Genisys му го препишав целото зло на светот, a никогаш не го ни гледав. Со Alien: Covenant ништо. Не е толку навредлив за мене како гледач, туку е едноставно д о с а д е н. Нема генијална идеја која е упропастена со невешто сценарио како Prometheus, само е збирка многу филмски клишеа и одговори на прашања од Alien универзумот кои никој никогаш не го засегале.


Нешто како Лукас што направи со приквел трилогијата. Ме заболе кој го направил C-3PO или Ксеноморфите. Со тоа што за разлика од ментално нестабилниот Џорџ Лукас кој ни понуди и квази-научен испрдок како објаснување за Силата меѓудругото, сенилниот Ридли Скот ја демистифицира едната единствена клучна ствар во лимитираниот Alien концепт - Ксеноморфот. Андроид што си играл бог го создал, браво еј! Кај ти текна.. Па, целото тоа поткрепено со дваесетминутна увертира за креационизам и егзистенцијални прашања со муабети кои повеќе припаѓаат на голем одмор во трета средно отколку во филм што кошта ебани 97 милиони долари. Очигледно овој Џон Логан е полош сценарист и од Дејмон Линделоф. Дијалозите и ликовите му се како од импровизирана куклена претстава наменета за мали мајмунчиња. 

Логиката во Covenant е непостоечка до тој степен што Prometheus го прави да изгледа како научен документарец за населиви области. Како може да излезеш на неистражена планета без соодветна опрема, ни ебан шлем и да очекуваш дека.. мислам, не знам ни дали има потреба да продолжам понатаму. Ќе посочам само дека Covenant ја брише целата митологија од Prometheus со кратка флешбек сцена, носејќи го наративот во сосема друга насока која кулминира со десетминутен шашав римејк на оргиналниот филм. Веројатно со намера да ги задоволи сите што кенкаа дека франшизата се оддалечила од суштината, што и не е точно во целост, зошто критиките беа претежно за изведбата, а не за концептите. Prometheus имаше супер идеи, но за жал и дебил од сценарист.

Хаха, а ликовите? Дури и да го изгледав филмот во едно седнување, немаше да им ги запамтам имињата на ликовите. Знам само дека Дени МекБрајд е Тенеси. Веројатно главниот лик беше девојката со кратка коса и сива маица на рамки зошто нели, мора женскиот протагонист да изгледа како Елен Рипли кога има Alien филм без неа. Не успеав да запамтам како се викаше. Сара можеби, не знам, нагаѓам. Сеедно е, зошто и онака не беа ништо попаметни од оние во Prometheus, пак ги правеа истите грешки кои претежно ги прават ликови во тинејџерски слешер хорор филмови. А, кога сме кај хорор, Covenant секако дека нуди, но не таков каков што очекуваш. 

Нема грчовита тензија, нема моменти што ќе те поместат од положбата. Најхорор од цел филм е тоа што не може да прекине да изгледа како аматерски фан филм. Страшно е и што дојдов до момент во животот кога морам уште еднаш да го искористам Promethеus како нешто подобро при споредба. Covenant изгледа евтино, без стил освен она што е во сенка Гигеровите дизајни и CGI што повеќе прилега на некоја нискобуџетна серија од SyFy каналот. Веројатно не ни имале простор да бидат визуелно креативни со таа нула иновативност. Сè што содржи филмот од тој аспект, веќе сме го виделе претходно. Всушност, како што најави и самиот трејлер месеци пред филмот.

Франшизава сепак може привремено ќе сопре во следниве години. Имаше некои муабети дека Ридли Скот планирал најмалце две, а најмногу шест нови продолженија на ова гомно, и покрај тоа што е веќе одамна со една нога во гроб. А, и веќе не ми е гајле ни десет да има, зошто комотно можам да игнорирам фиктивен котинуитет и кретенски објаснувања за настанокот на ксеноморфите. Ете, нека има и Хан Соло филм и сто Guardians of the Galaxy, и два Бен Афлеци нека се Бетмен, океј. Ништо од ова веќе не ми прави разлика. Не може човек ни да се разочара како пoрано.

No comments: