November 29, 2011

Rise of the Planet of the Apes (2011)

Како што спомнав претходно, првата реакција за овој рибут ми беше "Ah, damn you! God damn you all to hell!". Сведоци сме на една обемна листа на лоши рибути, римејци и продолженија на стари, култни филмови која упорно ја спомнувам кога треба да напишам за нешто што се нашло во тој куп. Во овој случај, за среќа, спуштените очекувања ми овозможија да уживам во овој, и не така лош филм. Покрај сите маани и дупки во приказната, како целина, Rise of the Planet of the Apes е едно забавно филмче кое верувам дека ќе позитивно ќе ги изненади фановите на оргиналот.

Филмот ја раскажува приказната за востанието на мајмуните против човештвото, односно она што ги донело луѓето во состојбата во која се наоѓаат во оргиналот. Освен ако си живеел во пештера изминативе четириесетина години, знаеш дека во далечната иднина земјата е превземена од интелегентни мајмуни кои луѓето ги третираат како животни. Подолу можно е да има спојлери.

Значи, Џејмс Франко е млад научник кој развива лек против Алцхајмер, како би го излечил сопствениот татко, Дик Соломон. За тестирањето на серумот, користи мајмуни кои почнуваат да покажуваат знаци на зголемена интелегенција и појачани когнитивни функции. Кога Џејмс Франко ќе се обиде да го презентира неговото достигнување пред луѓето кои го финансираат проектот, избувнува општ хаос во лабораторијата, по што проектот е затворен, а мајмуните се успиени. Освен еден, малиот Цезар кој во гените носи дел од серумот вбризган во неговата веќе мртва мајка. Џејмс Франко го зема Цезар дома и го чува во тајност како свое дете.

Мајмунчето како што расте, расте и неговата интелегенција и после неколку години преку знаци, знае и да комуницира. Покрај Цезар, Џејмс Франко продолжува да го тестира и лекот на татко му, кој ќе се покаже како успешен, па истражувањето е вратено во лабораторијата со нова група на мајмуни, и со многу посилен лек. Лекот иако е корисен за луѓето, по некое време има страшни нус појави кои пак организмот на мајмуните ги одбива.

По една несреќна околност, Цезар завршува во засолниште за мајмуни каде што добива одвратен третман. Затворен со месеци, ќе се почуствува предаден од Џејмс Франко, сфаќајки каде и со кого припаѓа. Цезар е до толку интелегентен што знае за дејството на серумот и како да го искористи за да ги направи другарите мајмуни паметни како него. Најјезивиот момент е токму моментот кога Цезар го изговара првиот збор и со тоа го започнува бунтот на неговиот вид против луѓето. Откако ќе ги ослободи мајмуните во стационарот, ги ослободува и тие од зоолошката, водејќи ги до локалната шума каде што Џејмс Франко ќе го носи како помал.

Пред некој да помисли како е можно мајмуните да го превземат светот без светските сили да успеат да ги спречат, сценаристите воведуваат и пандемични несакани дејства од лекот кои се фатални за луѓето и лесно се пренесуваат. На крај и краева, филм е, па ова или ќе го прифатиш или не. Убаво е склопено за да прави смисла во светот во кој се случува, ама доколку некој сака да го искористи како аргумент во муабет зошто е лош филмот, и тоа е океј. Мене ми беше супер, затоа што Rise of the Planet of the Apes има толку светли точки што некако ги гушат сите недостатоци. Мајмуните се сите CGI. Поголемиот дел од филмот е беспрекорно, освен кога претерувале, меѓутоа тоа за среќа е минимално. Џејмс Франко не е лош за улогата, некако фино одговара на ликот.

Ќе си земам за право да кажам дека ова ми е најинтересен филм за Мајмуните после оргиналот. Останатите наслови во франшизата никогаш не ги засакав доволно. А, ова ќе има продолжение во 2013 што дефинитивно ќе сакам да го гледам.

November 28, 2011

League of Legends Log #8

Скоро еден месец играм со Graves. Се покажа како еден од најефикасните во цела игра, а има и прилично интересна приказна. Плус се појави во период кога ја гледав Dollars трилогијата, причина плус за ќеифот да биде поголем. Ретко играм AD херои, уште помалку на горната и долната патека. Graves е толку добар што одлично функционира на средина.

Има еден куп варијации на склопки, може да се игра на различни начини. Сепак, месецов покажа дека нема добра партија со него без Bloodthrister, Phantom Dancer и Frozen Mallet. Неделата кога се појави беше појјак од што е сега, меѓутоа иако му ја намалија снагата, две од три партии ги добивам без проблем.

Настрана од фалењето колку сум добар со Graves, месецов League of Legends дојдоа до вратоломна бројка од 32 милиони регистрирани играчи. Браво и честитки! Започна и втората компетитивна сезона, а заедно со неа и неколку промени во самата игра кои не би требало да влијаат многу. Ги сменија дрвата за Masteries, додадоа некои нови магии, и исфрлија dodge од играта што сигурно малку ќе ги загрижи оние играчи кои се потпираа на ова. Лично, освен тоа што ме мрзи да местам Masteries пак, не сум нешто засегнат од промениве. Ќе видиме.

November 27, 2011

Мојот избор од "Анимакс"

Вчера заврши "Анимакс" првиот фестивал на анимиран филм во кино "Фросина" на кој беа прикажани околу 50-тина кратки анимирани филмови од целиот свет. Бев првиот ден, во четвртокот, и вчера на затворањето и прогласувањето на победници. Петокот морав да го пропуштам. Фестивалот помина одлично, со оглед на тоа што е прв од ваков тип. Се надевам дека ќе прерасне во традиција и секоја година ќе имаме прилика да гледаме вакви кратки анимирани филмови.

Првиот ден на фестивалот уште еднаш ми покажа зошто немаме асално кино, нешто што некоја недела претходно убаво го сконтав на "Синедејс". Немаме ние култура за кино, а многу луѓе кои не се ни за надвор од дома, упорно посетуваат вакви настани. Мислам, нели е срамота да разговараш за време на претставување на жири и обраќање на организаторот? Бабите што за несреќа се погодија веднаш до нас, за време на проекциите упорно разговараа на глас, па така што неколку редови околу имаа прилика да дознаат до каде им се внучињата со школувањето и која снаа е подобра. После седум опомени да прекинат, конечно им текна да напуштат. Луѓе, ако сте дошле на кино, барем потрудете се да не разговарате толку гласно, или вие тинејџери, најдете си соба. Мљакцање за време на филм, скроз не е океј. Исто така, сите (гласни) коментари, задржете си ги за надвор, зошто стварно не ме интересира како го доживувате филмот додека трае. Фала.

Да се вратам на "Анимакс" и репертоарот. За жал, во четвртокот ги пропуштив македонските анимирани филмови кои беа од 17:00. Се надевам дека пак ќе се пружи шанса да се погледнат. Имаше навистина квалитетни анимации, убави приказни и по некое небитно промашување кое веројатно сеуште го тумачат оние кои бараат поента каде што нема. Во секој случај, имаше речиси по нешто за секого. Па, и за оние кои дошле да гледаат "цртани".

Првиот ден бев импресиониран од неколку филмови кои ги линкам подолу и може да се погледнат. Останатите не ги најдов, а морам да ги спомнам; Kiyamet, од босанскиот режисер Иван Рамадан и You Shall Not Leave The Way од Veronika Szemlova.

Paths of Hate (Полска, 2010 / Damian Nenow)

The Silence Beneath the Bark (Франција, 2010 / Joanna Lurie)

Familjelampan (Финска, 2009 / Milla Nybondas)

Loser Leg (Италија, 2010 / Franceso Filippi)

На последниот ден, ги прогласија и победниците, меѓу кои и The Silence Beneath the Bark (кога веќе влезе во потесен круг, можеше и прво место да земе) и два од петокот кога не бев, бугарскиот Adaptation и канадскиот Overcast. Adaptation не беше ништо посебно, а вториот далеку од нешто што би требало да заврши во првите три. Дека жирито одлучило за "лесни цртанчиња", доказ беше и првонаградениот, A Morning Stroll. Да, знам дека секој си имал нешто омилено, меѓутоа со имиња како тие во жирито, очекував малку посериозен избор. Ама ете, ако ништо друго, си го изгледав The Silence Beneath the Bark по вторпат.

Вчера изборот беше нешто послаб од четвртокот, ама ете, ќе ги издвојам The Missing Key поради убавата анимација и музика (приказната за жал беше делумно разработена и избрзана) и Damned поради освежувањето и ведрината што ја донесе, по крајно мрачниот и депресивен Who Lasts Longer.

Ќе ги проверам и филмовите од петокот, да видам што сум пропуштил. Уште еднаш браво за организаторите што се одлучиле за ваков чекор. Се надевам дека догодина ќе има и повеќе публика. Или барем да се наполни "Фросина".

November 24, 2011

Пет години Crapwerk

Пет! Пет години Crapwerk. Не знам што да пишам, а да не звучи претенциозно. И, да не биде досадната ретроспектива на "најдобрите" постови од последната година. Скромно ќе кажам дека ми е чудно што блогов дотурка до поводот за ова што го пишувам сега. Повеќе од 500 постови за пет години. Постови наменети најмногу за мене, да се свртам и да видам на што сум го трошел времето, а некогаш и туѓото, на оној кој случајно се нашол тука, барајќи нешто сосема трето.

Сепак, да не ја кршам рутината, еве го изборот од последниот роденден до сега.



November 22, 2011

Ова е Star Wars: Identities

Пред неколку дена пишав пост за Star Wars: Identities, понесен од хајпот. Сега се осеќам скроз глупо, откако ова испадна дека не е ни игра, ни серија, ни филм - туку обична изложба (во Монтреал, Канада) која успеa да привлече многу повеќе внимание од претходните.

Доказ дека на повеќето фанови не им е до изложби, туку до нешто друго, ново. И, онака сите се помирија со тоа дека Лукас нема намера да сопре со било што Star Wars, па затоа и очекувањата беа поголеми.

За чудо, сабајлево го добив мејлот што го чекам скоро една година, дека сум избран за тестер на Star Wars: The Old Republic. Фала многу, ама немам време за уште едно онлајн зло.

November 21, 2011

Години на Суперхерои

2012-та ќе биде занимлива година, барем поради филмовите кои треба да се појават тогаш. Адаптациите на американски стрипови стануваат се поквалитетни, публиката е побројна од било кога, па така што сосема има место и за три во една година. Нема да згрешам ако кажам дека Iron Man и The Dark Knight го однесоа овој жанр на едно друго ниво, вбризгувајќи му доза сериозност, муда и реалност, во која комплетно е замисливо постоењето на одреден лик/суперхерој. Доволно е само да се погледнат двете Марвелови адаптации од оваа година и останато е јасно. Нема потреба да зборувам колку се над Daredevil (Бен Асфлек, Колин Фарел) или Fantastic Four (ја памти некој Џесика Алба? Ни јас), кои повеќе беа парада на (тогаш) популарни актерски имиња отколку суперхеројски филмови или па адаптации на стрип. Примери има уште, дури и ако го заобиколиме неонскиот Batman & Robin од 1997.

Покрај The Avengers следната година, најмногу сум загреан за The Dark Knight Rises. Според Нолан, ова ќе биде неговата последна адаптација на Бетмен и веројатно последен Бетмен филм за оваа генерација. Не верувам дека некој во следниве неколку години ќе се обиде да направи нов филм, откако Нолан ќе ја заокружи неговата трилогија. А, верувам The Dark Knight Rises воопшто не е лесна задача, ако земеме во превид дека сеуште се осеќа влијанието на претходникот.

Иако сосема имав верба во Нолан и проектов на кој работи моментално, лично, не ми се допаѓа неговиот избор на негативци, а уште помалку изборот за актерката во улога на Кетвоман. Како и многу други, мислев дека ќе оди со Ридлер, негативец кој комплетно би се вклопил во универзумот. Со Ридлер како негативец и Нолан како режисер, верував дека ќе добиевме џам акционен-трилер, кој фино ќе се надоврзеше со The Dark Knight. Покрај тоа, Хит Леџер требаше да има cameo во филмот, меѓутоа се случи тоа што се случи. Бејн и Кетвоман како негативци ми се некако мали за да бидат во фокус, но ете, до некаде му успеа тоа со Скеркроу. Лошото чувство околу The Dark Knight Rises ми е најмногу поради вестите и сликите од сетот што се појавија, сепак, ги ставам парите на "Нолан нема да заебе".

Иако рано, Спајдермен ќе си добие нова адаптација. После оној третиот дел, јасно беше дека таа екипа со Тоби Мегваер и грозната Мери Џејн, Кирстен Данст, нема веќе што да каже. The Amazing Spider-Man го враќа Питер Паркер на самиот почеток, почнувајќи од ново. Ендру Гарфилд не ми е баш некој избор, ама па од друга страна Ема Стоун е супер, иако она тотално не прави разлика за тоа дали филмот ќе биде добар или не. Има трејлер, од таму може да се види дека ќе гледаме посериозен Спајдермен, дури и помрачен од вообичаено, нешто што знам дека ќе е различно од оној трет дел што го спомнав погоре. Уште неможам да се помирам со тоа колку беше ужас, а имаа шанса за добра приказна со Веном. Еве им свеж почеток, нова шанса да видиме добра адаптација, па и во неколку продолженија.

2013 е годината на Супермен и неговото враќање во Man of Steel. Кога спомнав враќање, ќе ја искористам оваа прилика да кажам колку беше погрешен оној Returns од 2006. Толку работи не чинеа во тој филм, што би ми одзело многу време да ги набројам сите. За чудо, Брендон Рут и беше толку лош колку што јас мислев дека ќе биде, ама... Тотално лош избор за Лекс Лутор, како прво. Кевин Спејси ми е во топ десет актери, ама не е за Лекс Лутор, особено не за Лекс Лутор како што беше напишан во лошото сценарио. Друга работа, никаква хемија помеѓу Лоис Лејн (исто тапа избор) и Кларк, повеќе личеа како да се четврти братучеди кои првпат на 30 години се запознаваат на селска свадба кај заеднички роднина. Дно. Приказната беше ужас исто и тука некаде приметувам дека повеќе го тупам со ова, него со тоа со кое имав намера. Man of Steel. Го режира Зак Снајдер, човек кој знае како се прави стрип адаптација (300, Watchmen). Приказната ја пишува Кристофер Нолан. Математиката е лесна нели? А, кој е Супермен? Хенри Кавил, дечко што претходно не го знаев, а сега го знам, и ми личи на тип што ќе може да се носи со улогата. Плус, ќе ги има Зод и Џор-Ел. Man of Steel мириса на добар филм уште сега.

Допрва ќе има новости околку филмовиве, па ќе се трудам да им посветам повеќе внимание тука.

November 17, 2011

Torchlight II следната година?

Torchlight II беше најавена за крајот на оваа година, но изгледа дека ќе почекаме уште неколку месеци. Тревис Болдри денес на официјалниот сајт на играта, објави дека играта сè уште е во развојна фаза и потребно е уште некое полирање пред да биде издадена.

Со оглед на тоа што Torchlight II ја работи мал тим од само тројца програмери, сфаќам зошто неколку пати го преместуваат датумот. И самите Runic Games сакаат да издадат квалитетна игра, која според нивните зборови, би требало да е неколку пати подобра од својот претходник. Од друга страна, мислам дека повеќе се работи за бизнис одлука, бидејќи како што и Болдри кажува во постот, месециве излегоа многу добри игри кои уште некое време ќе ги окупираат компјутерите и конзолите на играчите. Конкуренцијата е навистина моќна, па затоа и нема потреба од брзање. Пред се, се работи за (комерцијално) многу помала игра која има големи шанси да биде смачкана од гигантските наслови присутни околу.

И на крај, повеќе би сакал да видам добро продолжение, отколку исфорсиран производ полн со багови. Слободно средете си ја играта Runic, и онака немам многу слободно време. Само датумот следната година да не се поклопи со Diablo III, тогаш што правиме?

November 15, 2011

Што е Star Wars: Identities?

Деновиве проектот "Identities" е главна тема кога ќе се спомнe Star Wars. Имено, LucasFilm периодов се зафатени со регистрација на домејни кои го вклучуваат овој термин, меѓутоа сеуште ништо не е познато.

Една работа е сигурна, а тоа е дека Џорџ нема да сопре после The Clone Wars, што според неговиот муабет треба да има најмалку пет сезони, а веќе серијата се приближува кон тоа. Очигледно после катастрофалното продолжение на The Force Unleashed овој проект нема да се развива понатаму, па време е за нешто ново.

Ако информацијата дека LucasFilm ги има регистрирано овие домејни ја земеме како официјална (а веројатно е, во спротивно ќе го апдејтувам постов), останатото се само шпекулации. EuroGamer тврдат дека не се работи за игра, а тешко дека ќе биде филм, па останува серија како единствена опција. Стрип не верувам дека ќе биде, затоа што постојано излегуваат нови, а не им се посветува такво внимание како на пример официјален сајт или слично. Веќе неколку години се зборува за live-action Star Wars серија, но до сега не видовме никакви новости околу ова. Во никој случај не е исклучена и оваа опција, меѓутоа ова може да испадне и некој забавен парк или некоја таква глупост. А, за анимирана серија веднаш после The Clone Wars некако е рано, нели? Ако не е игра, тогаш што би можело да биде?

Останува да се следат сите новости околку ова. Само една работа морам да кажам, а тоа дека името е крајно глупо и звучи непривлечно. Мислам, Identities? Како ова би можело да одговара на Star Wars?

Додека сум на темава, да кажам и дека The Old Republic излегува на 20-ти декември годинава.

Family Guy: Back To The Pilot

Таман помислив дека Family Guy се упропастени оваа сезона, излезе епизодава што ете, влегува во историја како една од најдобрите до сега. Според мене, нели. Ако нешто секогаш успева кај нив, тоа се епизодите со Стјуи и Брајан кога патуваат негде заедно, било низ времепросторот или некоја друга дестинација. До сега, немало промашување со ваква епизода.

Овој пат, тие се враќаат на самиот почеток на Family Guy, точно во првата епизода, прикажана во 1999. Таму се изгледа чудно. Гласовите се поинакви, цртањето е друго, па дури и самата резолуција не е истата (од пред некоја сезона, почнаа да се прикажуваат во HD, што и самите се зезаа за тоа). Финтите се исто така на друго ниво, а продуцентите исто така се пошегуваа и со она што се случува за време на бројните флешбеци кои тогаш правеа голем дел од епизодите. Moжеби тоа беше и најдобриот момент од цела епизода.

"Back to the Pilot" е една убава носталгична епизода, која на фин начин го прикажа прогресот кој Family Guy го има направено изминативе години. Иако малку спласна хумор во последниве сезони, знаат од време да време да се појават со нешто добро како ова. За чудо, The Simpsons сезонава успеваат да се најдобри од сите овие понеделнички анимирани серии. Ќе пишам и за нив нешто повеќе.

November 12, 2011

Skyrim: Ден 1

Овој ноември достапни се повеќе игри кои сериозно можат да го нарушат моето хармонично слободно време и работата на дипломската која треба да ја завршам до крај на месецов. Се одлучив Skyrim да биде прва на листа, од проста причина што претходните две The Elder Scrolls игри ги играв вкупно пола саат. Не ме привлече гејмплејот, а и двете почнуваа со досадна мисија кај што само трчав безвезе. Мислев дека Skyrim, и покрај велелепната графика пак ќе ми понуди некој одбивен стил на играње. Грешка број еден!

Играта ме купи уште во првите неколку минути, кај што мојот лик се вози со други двајца затвореници, упатени кон злобниот џелат. Уште таму се гледа квалитетот на сценариото и приказната, зошто од само неколку реченици може да се види длабочината на ликовите, нивните карактеристики и она што го чувствуваат во моментот. Како да гледам филм, правен по мој вкус!

Она што ме остави нем така едно пола саат, беше она што следува откако со група затвореници, пристигнавме во кампот. Напаѓа огромен змеј, се дешава општ хаос, трчаат луѓе на сите страни, стрелци пукаат во него, се рушат градби... Твојата улога е да се криеш од змејот и да пробаш да извадиш жива глава, или подобро кажано, задник. Режијата е како што спомнав, филмска и комплетно те внесува во тоа што се случува околу. Откако успешно ќе го избегнеш змејот, кој патем се појавува после неколку генерации и неговото постоење е во најмала рака митско, играта те носи во Rivenwood, мало село, каде што има квестови и слободна интеракција со неговите жители.

Играв неколку саати ноќеска и еден пост нема да е доволен за се она што го нуди Skyrim како игра. Тамриел е ОГРОМЕН свет, дизјаниран реално до најситен детал, со преубави пејзажи и неограничена слобода на движње. А, не сум проминал се уште ништо. Можностите кои ги нудат овие неколку гигабајти, некако ми изгледаат неограничено. Доколку треба да се објасни поимот "виртуелна реалност", Skyrim ќе ми биде првиот збор што ќе ми дојде на ум.

Не е рано да се заклучи дека ова е најдобрата RPG игра што ми има улетано. Затоа што нуди гејмерско искуство кое со години сум мислел дека го добивам од разни MMORPG игри. И знам дека, после Skyrim, квестовите "Убиј X свињи" некако нема да ми немаат смисла. RPG моментот доаѓа до израз тука, а не во игри кај што, Дамјан што би рекол, "мериш бројки" со други играчи. Плус, во која друга игра можеш да бркаш елен 15 минути низ реки и полјани? Прогресот во играта е скроз нелинеарен. Одлуките во квестовите влијаат и понатаму, ете јас успеав да го убијам ковачот во Rivenwood, несакајќи, пред сопствената ќерка.

Дамјан и Пецо со години биле во право за The Elder Scrolls и криво ми е што порано не го сфатив тоа. Ова е најдобрата игра за 2011, без конкуренција. Како што реков, малку е еден пост за да се опфати се што видов во оние неколку саати, така да, ќе го дрвам малку повеќе за Skyrim во наредниве месеци.

November 8, 2011

Најава за RIFT 1.6

Доколку некој се сомневаше во успехот и развојот на RIFT, најавата за новиот patch е доказ дека TRION немаат никакви намери да сопрат. Играта расте со секој нов апдејт и постојано добива нова содржина, често уникатна и иновативна за жанрот. Факт е дека RIFT поставува нови стандарди и еден од показателите е тоа што и Blizzard за новата експанзија најавуваат динамична содржина, односно инвазии. 1.6 ќе биде најголемиот апдејт на играта до сега, кој се очекува во текот на овој месец.

Ember Isle е нова зона, два пати поголема од моментално најголемата во Телара, Shimmersand. Ember Isle е огромен, преубаво дизајниран остров на кој ќе може да стапнат играчите со левел 50. Силно сконцентрирана и на приказната, оваа зона е всушност оргиналниот дом на Келари Елфовите. За да биде запазен делот на Гардијаните, Ember Isle ќе биде и место за Џуџињата, кои под низа околности успеале да заглават тука, со своја база. Повеќе детали околу Ember Isle, во интервјуто со дизајнерот Хан Ханлин на ZAM. Во новиот patch ќе има нов мод, Onslaught, во кој играчите преку активирање на офанзивни и дефанзивни кули, ќе може да се справуваат со инвазиите, бранејќи ги Sourcewell-овите кои исто така се новост во апдејтот. Секако, ќе има и нова инстанца, но за тоа во некој нареден пост.

На RiftJunkies има фина галерија со скриншоти од Ember Isle. Зоната е веќе некое време достапна на PTS (Public Test Shard) и може да се разгледа и во "живо". Еве и едно видео.

Другата работа, што лично не ми е баш најинтересна, е новиот World Event. Барем во RIFT не сакав да видам 'адаптирани' празници, инспирирани од вистински како овој што е за Божиќ и Нова Година. Играчите се жалеа зошто немало тематски ивент за Халовин, па еве TRION се решија да одговорат со ова. Таквите ивенти беа интересни во World of Warcraft на пример, затоа што играта често црпи инспирација од поп-културата, па некако вакви 'празнични' дешавки повеќе ми припаѓаа таму. RIFT веќе си има фино поставен lore, и некако е глупо што ќе го чепнат со вакви ствари. Ивентот се вика Fae Yule Festival и во видеово може да се види што ќе биде. Ќе може да се добие и Рудолф маунт што е тотална глупост исто, ама знам дека ќе го имам. И ирвас ќе има и тоа ќе го соберам. FML.

Апејтов требаше да има и Adventure мод, каде што 20 играчи ќе бидат пуштени во (инстанцирана) зона, соработувајќи околу посебни квестови. Решија да го чуваат за 1.7 зошто ќе беше премногу тука, а веројатно немаат нешто многу за тој patch. Со ова темпо, којзнае до кај ќе стигне RIFT во 2.0. За посебна експанзија, сеуште е рано да се размислува, играта не наполни ни една година. Меѓутоа, фино би било доколку додадат 5-10 левели плус, колку да не се жалат играчите за endgame-от.

Ќе заборавев да кажам, се спрема и некој нов мод на Black Garden, Stockpile. Ноќеска почна на прватните тест сервери.

November 2, 2011

The Empire Strikes Back storybook од 1980-та

Денес ја збогатив Star Wars колекцијата со оваа книга, објавена истата година кога е првпат прикажан филмот. Сосема случајно ме најде баш мене. Книгата е во одлична состојба и покрај тоа што е стара триесет години и сигурно поминала низ многу раце и сопственици. Дури има и рачно напишана посвета, што и додава некој чуден шмек и "историска" вредност. Првиот сопственик е извесен Борче кој ова го добил на поклон од тета Лена, во декември 1980. Посветата е напишана на англиски, зошто најверојатно тета Лена живее или живеела некаде во туѓина.

Во книгата е раскажан цел The Empire Strikes Back, со многу, многу слики и дијалог кој малку отскокнува од оргиналниот, меѓутоа тоа е најмалце важно. Како колекционерски предмет, совршено е! Ете и некои слики, со лош квалитет, зошто мобилниов слика ужасно при вештачка светлина.