Showing posts with label 007. Show all posts
Showing posts with label 007. Show all posts

July 20, 2025

The Spy Who Loved Me, филмот што ја спасил Џејмс Бонд франшизата

Ги проверувам старите Бондови повремено. Стар е и Casino Royale со Даниел Крег сега кога ќе видиш, а додека излезе следниот Бонд на Дени Вилнев и No Time To Die ќе остари доволно за да го пасува во истиот кош, ама за стари уште ги сметам само тие што се пред GoldenEye. Низ годиниве со Даниел Крег, некако малку се отцепив од Роџер Мур. Филмовите на Крег стануваа подобри, а и самиот тој во улогата. Овие со Мур баш ги гаѓав во таков период кога критериумот за Бонд филм ми бил повисок до степен да некогашни омилени неправедно ми станувале "не толку добри". 

Никако не смееш да го отпишеш Мур. Којзнае што би се случило со франшизата доколку не го убедел светот дека Бонд може да биде некој друг освен Конери. За разлика од Џорџ Лезенби, Мур успева да воспостави сопствена варијанта на ликот што е функционална, па и да стигне до еден официјален филм повеќе од Конери. Иако преферирам нешто посериозен Бонд, барем во контекстот во кој постои нели, пак почнав да уживам во филмовите со Роџер Мур како порано. Забавни се, дури и во тие што се така послаби можеш да најдеш нешто удобно. Глупо е сега да ги споредуваш со скорешните, повеќето веројатно не заслужуваат споредба ни со тие од Конери ерата. Мур е одличен Бонд. Можеби најмалку "акционен" од останатите, ама апсолутно надоместува со шармот за секоја лошо кореографирана тепачка.

 

Придонесот на Мур кон опстанокот на серијалот дополнително се зацврстува со неговиот трет филм, The Spy Who Loved Me. По слабиот финансиски успех на The Man with the Golden Gun и загубениот интерес кај публиката, распадот на партнерството меѓу продуцентите Броколи и Салцман, потешкотиите со авторските права, создавањето на следниот Бонд филм било општ хаос. Од книгата на Флеминг бил дозволен само насловот, а комплетно ги изгубиле правата да ги користат SPECTRE и Блофелд како негативци, култни елементи што франшизата ги добива назад дури после четириестина години.

Неопходно било The Spy Who Loved Me да е успешен за да ја стабилизира франшизата. Затоа и играле на големо и покрај сите маки околу. Филмот едвај нашол режисер, сценариото проаѓало низ многу раце, плус морале да ја избришат целата поврзаност со SPECTRE и Блофелд и да измислат негативец кој не потекнува од книгите на Флеминг. 

Снимањето на различни локации носело посебни предизвици. Има една приказна за снимањето во Египет кога поради грозната локална храна, Броколи нарачал јадење за цела екипа директно од Англија, меѓутоа некој заборавил да ги уклучи фрижидерите и стигнала расипана, па купувал домати, носеле шпагети од Каиро со авион и готвел за сите. До таму одела посветеноста на Броколи кон Бонд. Вакви детали сведочат за тоа колку му било важно да успее овој филм.

И покрај проблемите, Броколи не штедел на ништо. The Spy Who Loved Me до тогаш е најскапиот во франшизата, коштал 13.5 милиони долари што не биле воопшто мала сума во 1977. Пола милион им испаднала само сцената со скијањето на почетокот на филмот. Самиот тој грандиозен каскадерски подвиг не бил претходно виден во Бонд филм. Лудо било во тоа време. Уште е полудо што вкупната заработка на The Spy Who Loved Me му е 185 милиони долари. 

За потребите на филмот е изградена и легендарната студиска хала 007 Stage во Пајнвуд Студиос. На Кен Адам му требало простор за да го смести огромниот сет од танкерот. Подоцна таму се снимени и еден куп други филмови кои имале потреба од големи сетови. Бет-пештерата од Batman на Бартон, разни храмови и гробници од Tomb Raider филмовите, џиновската глава во Prometheus, глупостите во Star Wars: The Last Jedi, неколку Хари Потер и што уште не.  

Колку почесто го гледам The Spy Who Loved Me, така некако ми оди нагоре во листата на Роџер Мур филмовиве. Веројатно и првиот филм каде што изгледа толку раскомотен во улогата. Пред некоја година ќе речев дека ги преферирам The Man with the Golden Gun и Octopussy, ама изгледа ми се сменил вкусот. Во меѓувреме, ги посетив и египетските локации каде што е сниман и уште толку ми прирасна за срце. Таков е подинамичен, има силен авантуристички тон, напукан е со егзотични локации и некако најелегантно ги користи елементите од Бонд формулата во споредба со останатите со Мур. Прејако е што им успеало природно да го постигнат тоа од претходните искуства, наместо да се потпираат на материјал од Флеминг. Не дека книгите ја имаат истата структура како филмовите, ама пак треба добро да знаеш што правиш ако измислуваш нешто ново. 

Ако ептен цепидлачиме, можеби би замерил што Стромберг не е толку впечатлив негативец како вистинска закана за Бонд, ниту пак неговите мотиви се издржани, ама филмот добро си игра со мегаломанскиот аспект за да има баланс. Ебати Бонд негативецот ако не сакаш да го уништиш светот за да создадеш нова цивилизација што ќе живее под вода. Плус го има и Џоус, веројатно најдобриот хенчмен после Одџоб, така што доволно е покриено за да не се изгуби од класичните бондовски моменти. 

Кога сме кај тоа, во The Spy Who Loved Me е една од најдобрите коли во Бонд филм, белиот Лотус Есприт. Колата е сама по себе доволно мангупска, а филмот дополнително ја става во напната брканица со хеликоптер што кулиминира во вода каде што се претвара во подморница. Не е чудо што после ова Лотус не можеле да се скрасат од нарачки и за да купиш Есприт се чекало и со години. 

Многу е јако и како воопшто завршила колата во Бонд филм. Продукцијата барала ново возило за Бонд и нормално конкуренцијата била голема, па на некој од Лотус му текнало да паркира необележан прототип од Еспритот пред Пајнвуд. Среќа, некој набргу го забележал и два прототипи завршиле во филмот. Дополнително, Лотус позајмиле и нивни тест шофер за каскадерските сцени бидејќи постоечкиот не успевал да се справи со Еспритот како што прилегало за филмот.

Супер е и Барбара Бах како рускиот пандан на Бонд, агентката Ања Амасова. Можеби Барбара Бах нема којзнае какви завидни актерски вештини, ама ситуацијата е извадена со тоа што ликот е добро напишан, со мотивација и грам памет. Не е само декорација, туку има своја агенда, мисија и улога рамноправна со Бонд, што за тоа време не било најсвојствено. Плус, целата лична и професионална тензија меѓу нив дава еден слој на приказната што обично недостасува во Бонд форматот од Мур ерата.

За среќа на сите, The Spy Who Loved Me испаднал многу поуспешен од филмовите пред него. Ништо чудно со оглед на тоа колку е вложено во секој аспект. Се осеќа дека Броколи не снимал само уште еден Бонд, туку имал јасна намера да ја издигне франшизата на друго ниво. По ова, Бонд не само што не ја губи релевантноста туку го отвара патот за уште поамбициозни проекти како Moonraker кои се стремеле кон малку поразлични ствари, ама за тоа во некоја следна прилика. Во меѓувреме, да се надеваме дека нема да го најават Том Холанд како следниот Бонд.

October 9, 2021

No Time To Die и крајот на Бонд ерата со Даниел Крег

Вчера влегов во кино шокиран од сознанието дека се поминати петнаесет години од Casino Royale. Толку долго Даниел Крег е Бонд. Џејмс Бонд. Тоа е многу подолго од ерата на Пирс Броснан што почна со GoldenEye во 1995. Сме остареле малку, а? Емоциите дополнително ми ги наштима и фактот што немав стапнато во кино скоро две години, па иако имав многу мали очекувања за No Time To Die, некако бев превозбуден дека сум пак раскомотен во тие црвените седишта.

На времето бев отпорен на Даниел Крег како наследник на мојот засекогаш омилен Пирс Броснан. Casino Royale ме премисли и ми создаде одлична прилика да го прифатам, а со секој нареден филм сѐ повеќе ме убедуваше во неговата компетентност. Освен Quantum of Solace, ми се свиѓаат сите Бондови на Даниел Крег. Додуша, никогаш не му ни дадов нова шанса, па ете си го живеам животот со истото мислење од 2008.

No Time To Die имаше многу чуден маркетинг. Создаде некоја неубава слика за тоа што навистина е. Го дрмаа контроверзии за некои избори што ги има направено во контекст на општествено-политичката слика која наводно ја црта, а со холивудската клима изминативе години и немаше да се зачудам доколку тргнеше по некој таков пат. Оттаму очекував до некоја мера да биде Star Trek: Picard на Бонд франшизата, а се изненадив колку не е. Дали исекле нешто во пост-продукција? Којзнае, а не е ни важно.

Да, додека Џејмс Бонд е пензиониран на почетокот од No Time To Die, силна независна црна жена ја носи 007 ознаката, меѓутоа не е онака интрузивно и беспотребно арогантно како што обично знае да биде во 2021. Во ниеден момент филмот не го спушта нивото на самиот Џејмс Бонд и не го "адаптира за модерните времиња". Има некои мали ситници со кои кокетира со публиката што е подготвена да го укине Бонд и неговата "токсична" природа, меѓутоа постои и баланс со кој неговиот лик останува недопрен. 

Номи, освен тоа што е жртва на маркетингот за првиот црн женски 007, нема никаков значаен придонес кон приказната, и тоа е некако тажно. Само ги изложува лицемерните тенденции на денешните блокбастери и нивната упорна безидејност. Среќа, филмот го одржуваат многу позабавни ствари, па функционира феноменално покрај сите тие исфорсирани елементи кои наводно се присутни за да ја отсликаат денешницата.

Ерата на Даниел Крег за првпат воведе наратив кој се провлекува низ сите пет филмови. Иако сите опстојуваат самостојно, има некои нишки што се поврзуваат и сега конечно се затвораат во целосен круг со No Time To Die. Филмот е прошталното писмо на Бонд за оваа генерација и напорот за прописно да се заокружи оваа етапа е очигледен. Дури и во моментите кога сам си врши притисок да изнуди силни емоции од тебе. Функционира. Последните четири филмови упорно ја подвлекуваа таа човечка страна од вообичаено ладнокрвниот Бонд, па така и не можеш да си изненаден кога ќе направи некој чекор повеќе во таа насока.

Ако настојувале ова да биде On Her Majesty's Secret Service филмот на Даниел Крег ерата, можам да заклучам дека е успешно. Дури и повеќе од тој филм, затоа што имавме години и години да се приврземе за Крег, додека Џорџ Лејзенби со само еден филм не ми значи нешто премногу. Не дека е лош или нешто, ама замисли го On Her Majesty's Secret Service со Шон Конери. Океј, тоа е тема за друг ден.

Покрај тоа што No Time To Die емотивно го изложува Бонд, истовремено е и најголемиот акционен спектакл од сите пет. Баш како што е достојно за да се испрати актерот што петнаесет години ја носеше франшизата. Сцената што е пред да почне воведната Бонд песна е можеби една од најдобрите со која има отворено филм со Даниел Крег. Целото она бондовско е турнато до максимум и доведено до совршенство. Не дека е последен и сакале да "поголем и подобар", туку доколку има некоја книга за како се снимаат акциони Бонд сцени, No Time To Die ја следи најштреберски што може. И, баш така треба.

Што Бонд филм без Бонд негативец што претставува глобална закана? Реми Малек е супер, малку поумерен од сите што претходно се изнаредија во овие Даниел Крег филмови, ама прописно се вклопува во намената. Има моменти каде што потенцијалот на ликот не е целосно исцрпен, ама функционира доволно добро за го памтиме и кога Идрис Елба или кој и да е ќе биде следниот Џејмс Бонд. Мотивот му е стандарден како за Бонд негативец, така што не би можел да наоѓам замерки. Бонд треба да го спаси светот од нешто, нели?

Ми се свиѓа и како постепено ги враќаа сите потрадиционални Бонд елементи што некако отсустуваа за сметка на пореалистичниот стил на Casino Royal или Quantum of Solace. Бонд не е Бонд без гаџетите на Кју кои некогаш граничат со научна-фантастика. Обичен генерички акционен филм е. Пиу пиу. Мило ми е како суптилно ги протнуваа за прикладно да клапнат во посериозниот тон без да штрчат. Овде некогаш и буквално бодат очи.

Даниел Крег испадна одличен Бонд, ќе ми фали. Му се погодија и филмовите, да бидеме реални. No Time To Die достојно и џентлменски го испраќа во историјата. Петнаесет години еј, кога пројдоа. Не знам што е следно и кој е неговиот наследник, ама се надевам дека ќе направат добар избор достоен за франшиза што тера речиси шеесет години. 

Види такоѓе:

November 7, 2015

Spectre (2015)

Крајот на Skyfall го најави сето она што го очекував од Spectre. Се чинеше дека најпосле тој модернизиран Casino Royale облик полека се претопува во потрадиционален Бонд, каков што беше отсутен од ерата на Броснан. Сцената со која отвара Spectre, самоуверено ја нагласува виталноста на Крег и визијата на продуцентите за таква класична изведба и функционира совршено. Врвна режија и сурово насилство во сценографија која предизвикува чудна носталгија што во одредени моменти си помислуваш дека и Роџер Мур ќе се ѕирне од под некоја маска. По воведната песна на Сем Смит што пола свет стигна да ја исплука (јас сум некаде на средина), следуваат два часа солиден материјал, кој во неколку наврати се гуши во обидите цврсто да се потпре на сопствениот фолклор. 


Spectre целосно ја имплементира Бонд формулата. Егзотични локации, бркотници кои ја нарушуваат сообраќајната безбедност на истите, гаџетите на Кју, две згодни девојки и злобен мегаломан како негативец со сопствено скривалиште во изолирана вукојебина кој нормално има свој хенчмен со кој Бонд физички ќе има прилика да се пресметува со голи раце. Ако добро се сеќавам, Крег никогаш немаше порачано водка-мартини со истите зборови како неговите претходници и не се ни преставуваше каков нив, па Spectre се има погрижено и за тие детали. Но, кога ќе се обидеш таа формула да ја скрпиш во континуитет како што тука прави Сем Мендез, треба да си малку попретпазлив за публиката да не ги види конците кои би можеле да го направат целиот впечаток банален. Токму тоа и се случува во Spectre, во повеќе наврати. Филмот премногу се труди да се надоврзе на последните три, без некоја битна цел, а за сметка на многу работи кои страдаат колатерално. До тој момент бев убеден дека го гледам најдобриот Бонд на Крег. 

Пресвртот кој бил замислен да намигне кон верната публика која е запознаена со историјата на најголемите душмани на 007 воопшто не е толку изненадувачки зошто како прво во името е, а како второ, не трошиш актер како Кристоф Волц на некој што не е Блофелд, така што добар обид Мендез, ама сите знаевме. Она што ме затекна неспремен беше другиот дел од "подарокот", врската на Блофелд со Бонд. Зошто? Нели беше доволно од личните емоционални ролекостери во Skyfall? Крајно нефективно за целата приказна, ни малку потребно, а само додатно искомплицира едноставни ствари. Пренакитувањето и кичерајот не запреа тука, па пресметката со Блофелд ми приреди уште неколку превртувања очи без кои доживувањето ќе ми беше многу попријатно. 

За тоа што Бонд може магично да разнесе толкав комплекс или да пука во неколку тони и да сруши хеликоптер не ни сакам да почнам. Од една страна е Бондовски, но премногу старомодно дури и за ваква разводенета варијанта на модерен Бонд како Spectre. Приказната која оди паралелно додека непослушниот Бонд хара низ Европа, како да е тука само да потсети дека ова не е филм снимен пред 35 години. И, да се оддолжи што Кју беше отсутен во првите два филмови. Со тоа немам проблем, Вишо е одличен како Кју само што не сум навикнат да го гледам ликот во срцето на акцијата. Фајнс е феноменален како М, се надевам дека во случај Крег да го предаде смокингот во следниот филм, ќе ги задржат овие двајца. 

Во главно, Spectre е океј. Ми ги исполни очекувањата, дури и повеќе од тоа, ете бонусот се некои непотребни глупости, но е чиста забава што ми го круниса труењето со Бонд месецов. Го разбирам хејтот, ги видов и позитивните и рецензиите каде што се распнува филмот, меѓутоа овој пат ја завземам страна на Бонд и покрај тоа што пребрзо одјава со Медлин Свон кон зајдисонцето.

November 4, 2015

Другите Бoндoви сo Пирc Брocнaн

По GoldenEye продолжив со гледање и на другите три Бондови со Пирс Броснан. За првпат мислењето малку ми е сменето овие години, веројатно носталгијата за тоа време игра улога, а може приликата и овој мој актуелен Бонд занес си го направија своето. Се сомневам дека баш овие три филмови стануваат подобри како што течат годините, па најзгодно би било доколку свежите заклучоци ги препишам на мојата моментална перцепција. 

Она што најмногу ме изненади овој пат е Tomorrow Never Dies. Имав еден период кога го сакав поради играта, па потоа го отпишував како лош и еве сега успеа да ми остави сосема различен, позитивен впечаток. Темата е премногу чудна за Бонд филм, дури и смешна ако ја загледаш добро, но некако успева да се протне Бондовски и покрај тоа што реализацијата е повеќе напната акција отколку шпионски трилер, зошто филмот ја зема цела акција од GoldenEye, ја пумпа и ја експлодира насекаде. Под вода, по покриви, на паркинзи, по газот на Тери Хачер, секаде. Забавен е секоја минута, па на моменти ќе заборавиш дека главниот негативец, сопственик на медиумска групација, се обидува да направи војна помеѓу Кина и Велика Британија за да може да добие екслузивни права за пренос. Не само тоа, туку мести и други катастрофи за да може да ги покрива. 


Tomorrow Never Dies ги прави најпретераните моменти, дури и за Бонд, да изгледаат симпатично. Ќе се насмееш под брк кога ќе ја вози колата со мобилен што нема полифонски мелодии, зошто еј, Q може да изведе таква технологија и 90-тите да ја пречекаат со раширени раце. За жал, некој мислел дека Die Another Day во 2002 ќе може да помине со нешто слично, ама ќе стигнам и до таму. Ако успееш да пројдеш низ неколку фино изведени ствари кои немаат врска со реалноста (самиот Бонд за почеток нема, ако веќе...), Tomorrow Never Dies е супер материјал со кој комотно ќе можеш да се изгасиш оптегнат два саати. 

Две години подоцна, во 1999, доаѓа The World Is Not Enough. Првата половина е прилично стегната, почнува остро и тера солидно до моментот кога ќе се појави Дениз Ричардс, мојата симпатија од тоа време. Освен некои физички атрибути, нема никаков талент за глума и е неподнослива во секоја сцена. Како сум можел да ја сакам? Мех. Има неколку пресврти што пробуваат да искомплицираат едноставна приказна, но во ниту еден момент филмот не ти го граба доволно вниманието за да успеат како што веројатно била намерата. Ниту па заканата не е толку сериозна за да ја одржи тензијата. Она што го прави филмот да е некако важен е последното појавување на легендарниот Дезмонд Левелин како Q, кој тука ненамерно ја предава улогата на Џон Клиз со тоа што гине во сообраќајка кратко по завршувањето на филмот, на 85 години. 

Решен да не го допрам The World Is Not Enough во следните пет години, без оглед на тоа колку е добра Софи Марсо, го пуштив Die Another Day. Пробав некако да си го отворам умот и да заборавам дека е еден од најлошите филмови што сум ги гледал, се тешев со тоа дека единственото лошо е само невидливиот Астон Мартин, дека остатокот е можеби океј. Сцената која го отвара филмот не е лоша, Бонд е заробен, негативецот делува доволно заканувачки... И, за кратко почнува најлошата Бонд песна и тука ми текна што ме чека. Издржав некаде до пола кога веќе јубилејниот Бонд почна да се претвара во комбинација од пародија на себе и футуристички цртан филм. Додека се будев од палатата од мраз и климаксот на невидливата кола, ја затекнав сцената со цунамито. Никогаш повеќе, никогаш. Хали Бери е ужасна, сцената со ласерите е смешна, обидите за хумор се тажни. Се оди во затвор за ваков криминал, ало.

Веројатно е добро што EON се откажаа од Броснан за следниот Бонд. Колку и да сакав да го видам пак, не верувам дека имаше некаква шанса да го врати достоинството на серијалот. Финансискиот успех на Die Another Day можеби ќе ги инспирираше продуцентите да отидат уште подалеку од смешни вселенски оружја што пукаат зраци на Земјата. Но, околностите за среќа се наместија така за да франшизата сепак да добие некаков рестарт. Превисоката сума што Броснан ја побарал за продолжување на договорот, некој со здрав разум што приметил дека филмовите премногу се потпираат на лоши специјални ефекти и можеби Тарантино кој тврди дека ја убедил фамилијата на Флеминг да се адаптира Casino Royalе. Тарантино има изразено желба да го режира филмот, но строго црно-бел, сместен во 50-ти како книгата и со Броснан. Е, сега замисли тоа како би можело да испадне...

October 27, 2015

GoldenEye и почетокот на новата Бонд ера

Во исчекување на Spectre, деновиве си го вежбам британскиот акцент со постари Бонд филмови. Го поминав и Skyfall уште еднаш, само за да си потврдам дека е еден од најдобрите од целиот серијал. Да, малку се помоча врз најдобрата фан теорија на сите времиња која вели дека Џејмс Бонд е кодно име доделено на различен агент, но одлично успеа да се справи со модернизацијата на формулата која беше отсутна во претходните два. Не дека цврсто се држев до тоа, меѓутоа ќе беше многу покул доколку имаа поинаков пристап кон тој некаков виртуелен континуитет. Ова е сепак дискусија за некоја следна прилика, сега дозволи ми да се фокусирам на мојот омилен Бонд. Џејмс Бонд. (ова веќе станува старо Бобо, мора да го промениш во иднина)

Благодарение на пиратската содржина на телевизиите додека растев, Бонд беше постојано присутен. Секоја телевизија имаше афинитет кон одреден актер, така на што на една ги даваа сите со Роџер Мур, додека на друга доминираше Шон Конери. Тие со Тимоти Далтон, чичкото ќе ги свртеше поретко, кога неговата полноќна инстроспекција веројатно достигнувала критична точка, па не било битно што ќе оди, дури и да е истиот "ИГРАН ФИЛМ" два пати по ред. Кој дреме пред телевизор тоа време, нели. 


GoldenEye ми беше првиот неслуачен контант со Бонд, во истиот тој период. Ги памтам рекламите, ги памтам трејлерите, најдобрата музичка тема, буквално беше насекаде. Набргу Пирс Броснан стана и омилениот Бонд на детето растено во фамилија каде што агентот ужива посебна почит. Нов Бонд, за генерација од која и јас бев дел. Понатаму посвесно го трошев времето на серијалот, имав многу прилики да ги анализирам актерите и филмовите, да го менувам и оформувам вкусот, но секогаш на крајот заклучокот е ист - Пирс Броснан е Џејмс Бонд. Харизмата и шармот на Броснан ќе ти ги експлодираат јајниците. Доколку немаш, ќе намигне и спонтано ќе ти пораснат. Потоа кажи им збогум. Освен тоа, кој друг Бонд толку самоуверено држи оружје? 

Новата ера на Бонд, која започна и заврши со Броснан го има вратено серијалот назад од провалијата каде што се држел за карпи уште пред Тимоти Далтон. Осумдесетите носат поинаков вид на акција. Сталоне, Шварценегер, Брус Вилис. Британскиот агент е малку истуркан настрана, студиото влегува во некои легални компликации, па неговата судбина станува неизвесна. Кога конечно долгиот спор доаѓа до некаква светла завршница, Тимоти Далтон ја бакнува улогата за збогум и го најмуваат Пирс Броснан. Замислен како наследник на Роџер Мур, конечно ја добива дозволата за убивање во остварување кое е замислено да го живне серијалот, за прв пат отстапувајќи од оргиналниот материјал на Флеминг. 

Уште трае паранојата од Студената Војна, па GoldenEye се потпира на Русите како стандардниот непријател во западната фикција. Приказната е класична Бонд приказна, со мисија наменета само агентот што без пардон ќе заведе психијатарот задожен за неговата евалуација. Го користи и тогаш најпопуларното технолошко достигнување, интернетот и неговите паранормални својства, хакирањето како врачарска вештина, со цел да биде помодерна од било кога претходно. Извини, зевав додека мислеше на Moonraker. Каменот доаѓа од блиску, па покрај Советските душмани, Бонд е соочен и со поранешен колега со своја агенда, одигран од актер кој денес освен тоа што е познат по обиди за силување на хобити, има репутација за некој кој умира секаде каде што ќе се појави. 

За првпат, М е заменет со жена. Џуди Денч е веројатно и единствениот М што ќе го памтиш кристално јасно додека Ралф Фајнс не си го најде местото од Spectre па натаму. Од моментот кога првпат влегува во кадар и собата станува претесна за нејзиниот челичен авторитет, те доминира и тебе и Бонд и цел MI6 во следните неколку филмови. Секоја чест. Или, пробај заборави ја сцената на почетокот со браната? Или сателитот што се крева од езерото. Дури не ти пречи ни тоа што Бонд дрифта ебен тенк по урбани улици. Акционите сцени се толку добро изрежирани што ги прават ударите во воздух на Шон Конери да изгледаат смешно на моменти. Да, свесен сум дека е различна школа на режија и создавање филмови, само се обидувам да дадам дополнителна тежина на нешто за кое сум исклучително пристрасен. 

Успехот на GoldenEye е заслужен за мојата генерација да има толку популарен Бонд. До толку популарен што порано кружеа гласини дека Броснан со договор бил ограничен да носи костум и вратоврска во другите филмови кај што се појавува. За жал, ова е веројатно единствениот сериозно добар Бонд филм со кој може да се пофали дека е на листата во блиско друштво со Goldfinger и The Man With The Golden Gun. Можеби требаше да го проверам овој факт дали воопшто е во некаква листа од овој тип, но еј, во мојата е. Кариерата како Бонд ја заврши неславно, квалитетот исчезна како невидливиот Астон Мартин во Die Another Day. Тоа што се случи помеѓу беа каши од приказни кои ете, не успеаа да го искористат целосно потенцијалот на најдобриот Бонд кој порачал водка-мартини. Знаеш какво.

March 18, 2015

Очекувањата за Spectre

Бонд се враќа после три години. Деновиве се појави и слика од Даниел Крег во ролка. Ролка каква што Арчер ја признава како тактичка облека. И, каква што Роџер Мур носи во Live and Let Die. Бондовски детал што не го добива заслуженото внимание. Така ли е, Пирс Броснан од Die Another Day? Не знам, сите сакаме да го заборавиме тој филм, Пирс. Ако воопшто ти е тоа вистинското име. 

Spectre излегува во ноември оваа година. 24-тиот Бонд филм, четвртиот со Даниел Крег. Крег е десет години Бонд, очигледен факт што вака кога ќе го кажеш на глас делува ептен.. чудно. Сериозно поминаа толку години? Тоа е веќе сериозен ангажман, со оглед на тоа што е потврден за најмалку уште еден филм. Првиот Бонд во најинтензивните денови од интернет добата. Веројатно избор со најмалку доверба кај публиката, нешто со кое во последно време може да се пофали и Бен Афлек


Мислењата за Casino Royalе беа поделени. Актер различен од темплејтот, приказна без гаџети, малку помрачен... Дури и кенкања за расата на Феликс од фанови како Крапверк. Мене филмот ми е океј, и покрај тоа што постот напишан тука пред седум години има некој благо накурчен тон. Го имам гледано повеќе пати од тогаш и супер е. За жал, Quantum of Solace уште го сметам за едно од најлошите кино искуства. Тој филм не го допрев никогаш пак. Skyfall го доживеав многу поинаку. Конечно го видов овој Бонд како што сакаат да ми го прикажат, и тотално го прифатив тоа. Не е ова Бонд од 90-ти, ни од претходно. Ова Бонд за ова време. Сите тие работи што функционирале некогаш како Бонд, денес би изгледале како Остин Пауерс или некое нискобуџетно срање. Но, пред Skyfall, недостасуваа тие Бонд елементи кои филмот успеа некако да ги врати, или барем да ги прикаже онака како што треба и сакаме да ги видиме. Крајот на Skyfall убаво ја установи ерата во која се наоѓа овој Бонд, со што одлично ја постави патеката по која би требало да се движат следните филмови.

Spectre би требало да биде баш тоа. Продолжението на Skyfall. Следниот чекор во овој "прероден" Бонд. Филмот се повикува на можеби најголемиот непријател на Бонд, организацијата SPECTRE и Блофелд. Ако ги сметаме претходните филмови на Крег како некаков рибут, ова е тој логичен следен чекор. Адаптирана SPECTRE за денешно време би била многу поефикасна од било кој умоболен негативец со смешни дијаманти на лицето што сака да го освои светот или нешто. Да не го повторувам муабетот од постот за Skyfall, ок? Убеден сум дека ако Spectre го следи темпото на градење на Бонд како претходниот филм, ќе биде квалитетно искуство. 

Кристоф Волц е најавен како негативец. Јас и пола интернет сме убедени дека е Блофелд. Продукцијата изгледа го држи вистинскиот идентитет на ликот, како тоа што го правеа со Кан во Star Trek Into Darkness. Не дека сме ние попаметни, туку сериозно би било глупаво да го потрошиш потенцијалот на Волц на лик што не е Блофелд во филм што се вика Spectre. До филмот има време, сепак. Ова и онака 100% ќе го дознаеме во моментот кога Кристоф Волц ќе се сврти седнат во фотелја со бела мачка во скут. До тогаш, чекам трејлер и песна. Едвај.

December 15, 2012

Во одбрана на Skyfall

Го гледав Skyfall пред некоја недела и тоа на кино снимка. Некако не ми се излегуваше разочаран од кино како оној пат. И, после некое време и изгледани неколку постари Бондови за анализата да ми биде комплетна, да си кажам за Skyfall. Третата шанса можеби изгледа различно од општата претстава за Бонд, и веројатно има повеќе причини зошто е тоа така.

После еден не толку лош и еден катастрофален Бонд, немав апсолутно никакви очекувања дека ќе видам нешто добро и сега. Откако франшизата е "рестартирана" во модерно време, непотребно осакатија еден куп Бонд атрибути кои се битни состојки во формулата за филм за таен агент кој има специфични карактеристики. Извади ги и ќе добиеш просечен акционен трилер, какви што има секоја година по 20.

Гледајќи назад низ филмовите со кои сме растеле, заклучив една битна работа која иако присутна никогаш не ја земав во предвид кога ги оценував последниве три. Можеби зошто во првите два недостасуваа тие Бонд елементи и воопшто не ми ни падна ова на памет. Значи, секој Бонд филм и секој актер припаѓа на сопствена ера. Така е формулиран ликот, негативците и секако технологијата што ја користи. Не само периодот и начинот на раскажување приказни на филм, туку и општо моменталната ситуација во светот (мислам и на политичката ситуација, нормално). Токму тие две главни ствари ја прават равенката врз која се базира еден Бонд филм. Речиси во секој филм можеш да најдеш нешто карактеристично за тоа време. На пример, тоа е јасно изразено во филмовите со Броснан. Од супер-негативец кој создава воени конфликти главно преку своите медиуми, до невидливи коли и СФ технологија. Die Another Day е онака глуп пример за тоа како некој сметал дека ќе се развива технологијата, па затоа и Бонд е опремен со геџети кои во обид да се "чекор пред светот" изгледаат смешни. Се случувало и порано, да, меѓутоа пукна комплетно. 

Денес светот е сменет, а кога веќе Бонд треба да постои, треба да се носи со околностите. Не може во 2012 да има негативец со приватен остров кој ќе го освојува светот. Функционирало некогаш, во поинакво време кај поинаква публика. Денес таков Бонд би изгледал како Остин Пауерс. Дури и Бонд како лик треба да припаѓа на денешницата. Не може да се облекува во гумен крокодил, не. Баш тоа и беше проблемот со претходните два, што во обид да се доближи Бонд до ова време, претрпе и ликот. За чудо, Skyfall симпатично ги вади сите Бонд моменти и успешно си игра со нив. Затоа е и единствениот од трите кој успева да се доближи до она што треба, она што повеќето сакаме да го видиме. 

Крајот на Skyfall понуди кулминација која само го спои овој модерен Бонд со почетокот на серијалот. Откако Крег доби Q на средина на филмот, и тоа онаков Q каков што е повеќе веројатно дека ќе биде во факинг 2012, доби и нов М и Манипени. На крајот, се осеќа транзицијата на овој Бонд во она што беше Бонд пред Casino Royale. Можеби три филмови беа премногу како приквел или вовед, но Skyfall е битен чекор во формирањето на овој нов Бонд. Доколку хинтовите беа повеќе од играње со публиката, очекувам да го видам Бонд во вистинско светло следниот пат. Крег има уште две шанси пред него. Очигледно ова помина и кај пошироката публика, и веројатно тоа доволно за да ја потврди насоката на следниот филм. До сега, најбондовскиот Бонд со Даниел Крег. Дури и како филм е супер, и заслужува второ гледање.

October 17, 2012

Околу новиот Бонд. Џејмс Бонд.

Откако пред две години новиот Бонд филм се одложи на неодредено, го изгубив агентот од радар, скроз. Се додека не ја чув темата за Skyfall од Адел. Факинг Адел кај мене на блог, и дури и ја фалам. Сериозно, песнава е најбондовското нешто во филмовиве со Даниел Крег до сега. 


За жал, веројатно и единственото во Skyfall. Нема геџети, нема супер-вилани што сакаат да го покорат светот со гас за смеење, нема Кју (има некој младиќ небитен), нема добри девојчиња. И, десет Хавиер Бардеми нема да успеат да го извадат филмот, зошто Бонд веќе одамна пробува чекори по некои "современи" стази. Не е Бонд тоа. Не дека нема да го гледам, не дека нема да искењам чим го изгледам. Само што овој пат знам дека ќе е срање и не очекувам никакви изненадувања. Додека не ја вратат душата на Бонд филмовите, ништо.

Значи уште еднаш, феноменална ствар.

April 20, 2010

Нема нов Бонд. Џејмс Бонд.

Барем во скоро време. Поради финансиски проблеми на MGM, новиот Бонд филм, 23-ти по ред, се одложува на неодредено. Продукцијата на третиот филм со Даниел Крег е стопирана и откажана е секаква активност околу филмот.

Ова некако ми дојде како олеснување, зошто после Quantum of Solace немам некоја желба да го гледам Бонд во ваква "современа" и "спуштена на земја" варијанта. Крег можеби и не е толку лош како Бонд, но последните два филма дефинтивно отскокнуваа од целата замисла за Агентот 007. Се надевам дека ќе се средат работите, Крег ќе добие отказ и дека после тоа конечно ќе видиме асален Бонд филм, со сите елементи кои ја прават франшизата толку добра.

November 8, 2008

Quantum of Solace (2008)

Го гледав синоќа во кино во Рамстор. Не очекував којзнае колку, но во никој случај не очекував да биде колосално промашување. Quantum of Solace е празен, стерилен, плиток и далеку од Бонд филм. Casino Royle некако го проголтав, зошто знаев дека тоа и им беше поентата, да направат филм за мисија на Бонд, пред да ја добие дозволата за убивања. И покрај тоа, беше според книга на Јан Флеминг. Иако немаше Кју, гаџети, хенчмени и куп работи што се стандарни во Бонд филмовите, некако успеа да ме забавува, но без да го споредувам со претходните.

За Quantum of Solace не знаев ништо. Ни што е приказната, ни кој е негативецот... ништо. Дека го нема и Кју, дознав пред некој ден. Како да го објаснам филмот во кратки црти? Трае два саата, 90 минути има акциони сцени и 15 минути изговор за приказна, колку да има нешто што ќе ги одвои брканиците и пукањето. Сериозно, не успеав да фатам ништо од приказната. Никогаш не сум видел по неразработена приказна во Бонд филм. Исто како да ја немаше. Негативец кој во ниеден момент не ме убеди дека е достоен за да оди против било кого, а најмалку против Бонд.

Зошто комплетно е сменет карактерот на Бонд? Можеби филмот требаше да се вика Одмаздата на Бонд. Од гаџетите, исто ништо. Апсолутно ништо. Незнам со која цел е ова, дали да го направат филмот пореален, но е ужасно лоша идеја. И што е уште полошо, гледам дека филмов оствари солиден (финансиски) успех овие два-три дена, па очекувам и следниот да го тераат во овој правец.

Даниел Крег таман ме убеди дека е Бонд во Casino Royale, тука комплетно ме разочара. Не покажа ниту една карактеристика својствена за агентот. M e океј, ја обожавам Џуди Денч.

Значи, после Die Another Day, го имаме новото катастрофално остварување, со таа разлика што барем во Die Another Day го имаше Џејмс Бонд и знаевме дека се работи за Бонд филм, додека Quantum of Solace изгледа како просечна акција. Се радувам само што брзо ќе го заборавам.

February 7, 2008

Постерот за 007: Quantum of Solace

(кликни на сликата за поголема верзија)

Денеска се појави постерот за новиот 007 филм, што треба да излезе во ноември оваа година. По одличниот Casino Royale, очекувам многу од филмов. Знам дека нема да разочара. Бонд из бек! :)

March 5, 2007

Сasino Royale (2006)

Филмов го чекав четири години. После толку шпекулации кој биде новиот Бонд, изборот падна на Даниел Крег. Многумина беа разочарани, меѓу тие бев и јас. На прв (втор, трет и така натаму) поглед, делува тотално различно од глобалната претстава за Бонд, архетипот што го создаде Конери. Мур беше различен, но сепак си ја обработи одлично работата. Иако имаше неколку други актери кои ќе одговараа на улогата, по гледањето на филмот сфатив дека Крег и не е толку лош избор. Конечно го гледав новиов. Целта на филмот беше да го претстават 007 во поинакво светло, и веројатно тоа им успеа. Крег го претставува Бонд во многу посурова и поладна варијанта. Нормално, не е тотално без емоции, барем што се однесува до жените во филмот. Во неколку точки ќе се обидам да го пренесам впечатокот што ми го остави филмот. 
 
 
Режија, сценарио и фотографија

Од овој аспект, ме бендиса ептен. Режија и фотографија, феноменална. Сценриото беше задоволително. Можеби требале да внесат повеќе хумор како во филмовите на Мур, и повеќе реплики за памтење, но тоа е тоа. Приказната си беше океј. Филмот сам по себе си е супер. Ако почнам да го споредувам со претходните, ќе извлечам заклучок дека е срање.
Акција

Уште во првите 10 минути бев пријатно изненаден. Сцената со бркањето на почетокот? Дефинитивно ќе се памти. Се работи за Бонд филм кој потсеќа на старите филмови. Акција, брканици, пукање, тепање... без многу СФ направи, или претерани компјутерски ефекти како во изминатите филмови. На кој Бонд до сега му кршеле јајцата и ебел без проблем после тоа?

Бонд девојки


Ме разочара фацата на Катерина Мурино. Има убаво тело, ама грда фаца. Ева Грин е океј. Ја заприметив и Ивана Миличевиќ. Тело, фаца.. баш таман. Штета што толку мала улога и дале.

Негативци


Интересен е ликот на Le Chiffre, а и Мадс Микелсен ја има таа злобна фаца. Можеби делуваше пичкесто на моменти, со слаб авторитет, ама тоа е тоа. И не го бива за покер. Други негативци нема, нема многу забележителни хенчмени...

Кастинг

За Бонд и девојките, кажав. Џуди Денч е одлична како М. Ама како можеле Феликс црнец да го направат!? Како?! Да ти ебам и политичка коректност и се! Останатите си беа таман. Мор ор лес.


Overall

Веројатно опфатив тоа што мислев дека треба. Не ми се свиѓаше колата на Бонд, и ми сметаше прекумерната употреба на
Sony Ericson во филмот. Претерале со рекламирање, ама барем знам дека имам иста марка на мобилен како Џејмс Бонд. Филмот е добар. Пријатно ме изненади, иако очекував дека ќе го плукам, како што го плукав Batman Begins. Музиката си беше океј, само што можеле повеќе да ја искористат добро познатата Бонд тема.

December 14, 2006

Агентите 007

Како голем фан на 007 серијалот, со нетрпение го очекував следбеникот на ужасниот Die Another Day. Долго време се шпекулираше за тоа кој ја добие новата "дозвола за убивање". Искрено, се надевав дека ќе биде Hugh Jackman, и сеуште мислам дека ќе беше совршен избор, но се случи тоа што се случи. Изборот падна на Daniel Craig. Фановите имаат поделени мислења, а јас спаѓам во онаа група на која што Craig не и е баш најсимпатичен избор.

Како и да е, ќе го гледам Casino Royale кога ќе излезе на ДВД, бидејќи ми се превртуваат цревата од лоши кино-снимки. Тогаш ќе видам дали навистина го бива Craig или не.

Еве, мој личен осврт на претходните 007 агенти. Немам фаворит, бидејќи сметам дека секој беше добар на свој начин.

Sean Connery - според многумина, најдобриот и единствен Бонд. Конери направи одлични Бонд филмови, постави одредени стандарди и засекогаш ќе биде запамтен по оваа улога. Го сакам како актер, како Бонд, и нема промашено ниеден од неговите Бонд филмови.

George Lazenby - сними само еден филм. Лично, ми се допадна On Her Majesty's Secret Service, и Lazenby како Бонд. Не знам зошто не успеа да сними бар уште еден филм.

Roger Moore - иако не изгледаше како оној Бонд што го претстави Конери, Мур ги сними моите омилени 007 филмови. Има посебен шарм, смисла за хумор и го претстави Бонд во малку поинакво светло. Одличен Бонд!

Timothy Dalton - добро, зошто никој не го сака Тимоти Далтон?! Според мене, се покажа феноменално како Бонд, двата филма со него беа сосема океј. Требало да му се даде барем уште еден филм.

Pierce Brosnan - Бонд на мојата генерација. Имаше Бонд фаца. GoldenEye е еден од моите омилени филмови. Според некои, најдобар Бонд. Дури подобар и од Конери. Ама што да правиме што последните два 007 филмови со него, не беа како што треба? Не е он крив, туку сценаристите и режисерите.

Намерно ги испуштив актерите од неофицијалните и телевизиски верзии на Casino Royale, бидејќи овде збориме за "официјални" 007 агенти.