November 30, 2013

Преглед на Solstice Arena

Есенскиот попуст на Steam веќе е во тек. Од сите тие игри со безобразно смалени игри, вниманието ми го фати една мала, бесплатна, шарена MOBA. Се вика Solstice Arena и доаѓа од кујната на моите не толку омилени, Zynga. Во период кога жанрот е меѓу најпопуларните, разбирливо е да се штанцаат еден куп вакви кај конкурентните издавачи. Дури и Blizzard скокнаа на возот. Логично, се истакнуваат игрите кои нудат нешто различно од DOTA2 и League of Legends, а Solstice Arena го прави баш тоа. Иако потсеќа на веќе заборавената Bloodline Champions, Solstice Arena нуди нешто многу поубаво спакувано.

Арената на Solstice е мала. Создадена е за три играчи, со само три кули и еден главен објект чие уништување го носи тимот за победа. Низ целата мапа се расфрлани разни појачувања за хероите, кои ја зајакнуваат нивната ефикасност. Секој херој има три магии и мала палета на опрема за купување, додека левелирањето на истите е сосема отстрането. После секоја партија се добива exp кое служи за општо појачување на херојот. 


Уште една работа што ја двои оваа игра од сличните се брзите партии. Претежно сконцентрирани на кратки битки, партиите траат од пет до десет минути. Таман додека стаса кафето. Најдолгото време во една партија ми беше околу петнаесет. Целата е да се остане жив што е можно подолго и да се собере злато за опрема појака од таа на противникот. Умирањето во клучен момент може да биде кобно за целиот тим. 

Моментално, бројот на херои е значително мал. Има стандардна ротација на неколку денови со бесплатни херои. Хероите се купуваат со микротрансакции или поени кои бесплатно се добиваат после секоја партија, врз основа на учинокот на играчот. Цените се за жал високи. Со неколку изиграни саати, не сум ни блиску до купувањето на вториот херој. Првиот се добива бесплатно, по првите воведни партии. До сега, не видов ниту еден уникатен херој, повеќето се веќе познати од другите MOBA игри. Но, тоа воопшто не е никаков проблем, затоа што функционираат супер и вакви какви што се.

Она што е изненадувачки добро за Solstice е тоа што нема никаков чет. Ниту пред почетокот на партијата, ни во самата партија, а ни после тоа. Гејмплејот е прилично интуитивен, стратегијата е едноставна, а координацијата помеѓу играчите е изведена со пингови на мапата со кои се известуваат останатите од тимот што да прават. Недостатокот на чет верувам дека најмногу им претставува проблем на децата навикнати на League of Legends кои тука нема како да ти зборуваат за членовите на твоето потесно семејство. За чудо, овој тип на комуникација со пингови е супер, многу подобар од што мислев на почетокот. Веројатно една од причините за ваквиот концепт е тоа што играта е иста така достапна и за iPad. Од технички причини, пинговите се многу позгодни.

Верувам дека Zynga ќе продолжи да ја развива и понатаму и дека ќе ја збогатува редовно со нови херои. Играта е супер и вака, но има простор да се доведе до нешто многу подобро. Графиката е одлична, треба да се поработи на хероите. Исто, да си го средат и сајтот, бидејќи информациите се прилично оскудни. На викито, за среќа, ги има сите потребни информации за хероите и играта.

No comments: