Ептен претпазливо пристапувам кон новиве серии, ама некако не можев да одолеам на The Last Man on Earth. Пост-апокалиптични сценарија со еден или малку преживеани, во случаи кога се работи за некој различен од Вил Смит, можат да бидат интересни. А, од тоа што го видов до сега од The Last Man on Earth, загарантирани ми се лабави дваесет минути еднаш неделно додека трае првата сезона. Вил Форте, инспириран од Life After People и филмови како The Omega Man, создава баш таква ситуација, за последниот човек на планетата, опустошена од непознат вирус. Ретко темата да е вака (намерно) хумористично обработена и спакувана, па тоа ја прави некако серијата поуникатна и специјална. Нема зомбија и слични непријатели, нема сурова борба за живот, дури нема ни лешови. Бар до сега. Форте режира, пишува, и го глуми главниот лик - Фил Милер.
Фил Милер не е херој. На прв поглед делува како некоја комбинација од Д Дјуд и Зак Галафинакис. Додека се обидува да најде други преживеани, ги ужива сите бенефеции на "последниот човек" и ги прави работите што веројатно сите би ги правеле на негово место. Се вози низ САД, прибира уметнички дела и предмети вредни за него, како пењоарот на Хју Хефнер, кугла со аквариуми и лукзузни коли, се релаксира во базени со алкохол, му смее на Том Хенкс за Вилсон... До моментот кога сето тоа престанува да биде толку интересно. Кога му треба човек, особено од спротивниот пол. Иронично, во најкритичните моменти на осаменост, опкружен е со група топки со нацртани фаци, полошо и од Том Хенкс. Во моментот кога е решен да стави крај на себе, ја среќава Керол и конта дека е можеби само последниот маж, а не човек.
Меѓутоа, Керол е комплетно спротивна од него. Традиционална, конзервативна и ги почитува сите правила, па и сообраќајни знаци, како никогаш да не се случил крај на светот. Покрај тоа, не му е воопшто привлечна, без разлика на тоа што е веројатно последната жена на светот. Крајно дисфункционални, решаваат да си дадат шанса, но секој со сопствена агенда. Керол сака да ја репопулира Земјата, додека Фил бара женско што е повеќе од пластична кукла во излог. И, таман кога почнав да се помирувам со тоа дека до крајот на сезоната ќе гледам некаква романтична комедија, се случи таков пресврт на крајот од третата епизода што ќе ја однесе серијата во уште позабегана насока.
The Last Man on Earth е супер, ако го прифатиш концептот. Лесна, солидно напишана комедија со супер кастинг и многу пријатен позитивен амбиент, и покрај тоа што се десила ебана апокалипса. До толку е лабава, што стварно немаш ни потреба да се замараш каде се сите, што е со вирусот и што ќе се случи. Ми личи ко да ќе истераат фина сезона пред идејата да стане досадна, па ќе сум тука за тие дваесет минути еднаш неделно.
No comments:
Post a Comment