May 30, 2015

Пилотот на Supergirl

Преќутев за The Flash. Дента кога се виткав во агонија од тие две-три епизоди излезе Daredevil, па го неутрализираше тој ужас. Еве сега, мазохистички се изложив и на пилотот на Supergirl. Зошто тогаш Бобо трошиш зборови на ова? Па... имам некои ствари за вадење од систем, а изборот е твој дали ќе ми се придружиш во процесот или не. Првата епизода на Supergirl дојде месеци пред премиерата. Неколку денови откако по шест минутното промо спонтано ми порасна матка. Лошо е. Безобразно лошо. Веројатно е наменето за храбрата женска публика на Agent Carter, со тоа што и малку ја спушта старосната граница. И, за сите што индустријата која стои зад овој суперхеројски турбофолк знае дека може да им протне секаков шунд. 

Не е "S". На мојот свет значи "ановулаторен менструален циклус".

Супергрл пробува да коегзистира заедно со Супермен од Man of Steel, без да му го спомне името. Уште тоа му фалеше на и онака лошиот филм, да го цица некој ваков крлеж. Браво DC, господари сте на филмската и телевизиска неинвентивност. Единствениот среќен во Supergirl е веројатно Дин Кејн. Одлично е мајсторе, ова беа твоите три секунди светло во последниве дваесет години. Три секунди точно, не претерувам. Другите актери не се трудат ни колку него. Глумата е толку лоша што мислиш дека во секој момент ќе почне некој порн грув и масовна оргија во канцелариите на Дејли Планет за сиромаси. И, замисли, стварно има порн грув на 22-ра минута, кога Кара на таков фанки монтаж пробува различни варијанти на полиестерскиот костим отпорен на куршуми и квалитетно сценарио. 

Во 45 минути го посведочив најисфорсираното крпење приказна од Gotham навака. Секоја втора сцена е полна со неконсистентност, биполарни ликови и референци кон "братучедот" (хехе, не тој, не тој) чие име нели, како публика мора да го знаеме. А, Супергрл плаче цело време и кенка како не му е потребна на светот. Знаеш што, Супергрл? Не му требаш на светот. Не му требаш ни ти, ни сите овие наслови што доаѓаат во следните четири генерации. Ти, и твојот удел во оваа гротескна тренди "гик култура" од која сите се дел последниве две години само го труете мојот елитистички бунар. Фак оф.

May 29, 2015

Kung Fury (2015)

Уште не соземен од Mad Max, ете го Kung Fury. Шиба накај мене со целото кунг фу, неон, синт-поп, оштетена VHS снимка и 80-ти носталгија качена на диносаурус што пука ласери. Има кунг фу Хитлер. Што следно ќе видам неделава? Им успеа на Laser Unicorns, еј. Собраа пари на Кикстартер да го претворат трејлерот во краткометражна хистерично напумпана пародија на нискобуџетни акции од пред триесет години. За неполн ден го скршија ЈуТјуб со над два милиони прегледи на филмот. Моментално се најблесавите триесет минути видео материјал на интернет. Освен ако не го вртиш ова исто толку време. 


Треба ли воопшто преставување на Кунг Фјури? Полицаец во Мајами од 1985 кој добива специјални кунг фу моќи откако ќе го удри гром и ќе го касне кобра во исто време додека му го убиваат парнерот. Со хакерски техники од таа ера на филмови и телевизија, се враќа назад во времето за да го убие Хитлер. Ги користи сите можни клишеа и детали на таа школа од  осумдесетите, ги врти наопаку и ги носи на места кај што најмалку очекуваш да ги затекнеш. Со секоја минута успева да го намине надреализмот од претходната, па мораш да враќаш сцени назад што си ги пропуштил од смеење.


Ако ти е малку од Kung Fury, а претпоставувам дека ако барем малку имаш смисла за хумор ти е, трк на туторијалите за хакирање на времето на Hackerman. "True Survivor" на Хаселхоф исто, тоа е новиот задолжителен рингтон. А, гејмерската фела има прилика да ги поддржи Laser Unicorns со скромна донација на Стим во замена за аркаден ретро beat 'em up базиран на филмот, Kung Fury: Street Rage. Фала, Тор!

Преглед на The Incredible Adventures of Van Helsing

Следен пат кога ќе правиме муабет за акциони RPG игри и добри клонови на Diablo, ќе ја спомнувам и The Incredible Adventures of Van Helsing. Играта само што ми влезе во скромната листа со Torchlight и Path of Exile. Не знам како сум успеал да ја избегнувам цели две години. Веројатно тоа што е сместена во "позајмен" универзум ми изгледаше неинвентивно и лимитирано на прв поглед, ама еве, потврдувам дека заблудата била неоправдана. Van Helsing ги содржи сите елементи што го прават жанрот добар и заразен, нуди интересна приказна во готската стимпанк земја Борговија и има суров хумор што ќе те држи насмеан додека ја одмараш раката во ладна вода од кликање.


Првото сомнително е тоа што ликот е ограничен на Ван Хелсинг, поточно неговиот син чија улога ја превземаш како играч. Но, освен шеширот и двата пиштоли, има слобода за подесување на Ван Хелсинг во зависност од начинот на кој преферираш да играш. Можеш да разнесуваш мутирани стаорци со пушки и пиштоли или меч и магија. Или комбинација од сите наведени. Арсеналот на скилови и механики е огромен и лесен за прилагодување. Ти само реши се што најмногу ти лежи и накриви си го шеширот, спремен да ловиш низ темни сокаци со источно-европски мотиви од XIX век, мочуришта и гротескни фабрики на луди научници.

Низ сите лутања, Ван Хелсинг е придружуван од духот Катарина. Покрај тоа што си мрчат и си префрлаат цело време, Катарина ти помага да останеш жив, да ти ги испразни непотребните ствари во замена за злато до најблискиот град и да ти купи некои неопходни од спискот што си ѝ го дал. А, да. И да ти се смее додека собираш цвеќиња за некој квест што е очигледна пародија на таквите од слични игри. Практично, функционира како петот од Torchlight, со тоа што е свесна од каде е "позајмена", па има еден многу смешен коментар за ловењето риби таму, каде што можеше да го претвориш петот во ковчег со заби со истите. Таквите референци и забелешки се појавуваат од време на време, еден пример е и едно чудно суштество што се вика Багинс и ти дава "извесен магичен прстен" откако ќе го убиеш. Или, зајакот што ги убил сите околу.


Некаде во Chapter II има мала tower defense мисија каде што го браниш тајното скривалиште на вампирот Владос од бранови непријатели со стапици кои претходно стратешки треба да ги поставиш околу. До тој момент, играта на нормално ниво тежина ми беше прелесна. Имав злато на претек, а тоа значи неоганичена количина на напитоци што ме одржуваа во живот, поради тоа што играта буквално те спамира со мрсни дропови на секој чекор. Некаде пред тоа уствари почнаа посериозните предизвици каде што почнав почесто да умирам. Или губев фокус после саати играње, па работите станаа малку потешки. Имаше моменти што беа заебани како, не знам... имаш пораѓано жена на нива? Епа така нешто.  

The Incredible Adventures of Van Helsing вреди за секој долар. Некаде при крај сум и пцујам зошто жанрот нема повеќе вакви наслови. Нели Diablo III требаше да исплука милион нови клонови? Што се случи со тоа? Или сè од Diablo II навака е само омаж на тоа време? NeoCoreGames извади уште две продолженија на Van Helsing. Третото баш пред некој ден. За жал, според рецензиите и муабетите со луѓе што го играле остатокот од трилогијата, најпаметно е да се држиш до кецот.


Инаку, Shadows: Heretic Kingdoms е интересен aRPG наслов, од поновиве. Од тоа што малку поиграв, не е толку hack and slash, малку е покомплесна и различна, повеќе се базира на приказна и раскажување, па планирам да ја набавам на следниот попуст.

May 27, 2015

Најдоброто од High Focus Records

Мислам дека сум толку навлечен на звуците од британскиот High Focus Records што можеш комотно да ми ја земеш целата останата музика што ја поседувам и да си терам вака со нив до смртна постела (или грозоморна сообраќајка / автоеротска асфиксија). Имаат нечуен талент за извоз, а не е грајм и драм ен бејз. Рап е. Рап што допира до публика што не е стрикно раперска, како во случајов, јас. Веќе го претставив главниот адут на High Focus пред скоро, The Four Owls, а имав и можеби неповторлива прилика да ги гледам и во живо. High Focus има петнаесетина артисти кои моментално се столбот на британската хип-хоп сцена. Идејата била да го вратат звукот на девеесетите, златното доба, таков каков што бил одамна исчезнат на тлото на кое егзистираат. Ако судиме по тоа за што важат денес таму, очигледно им успеало. А, чим го читаш ова, некако стигнале и тука до мене. 

Преслушав добар дел од каталогот што го нудат. Нема промашување до сега. Секое име е свежо и се разликува од колегата. Повеќето од нив одлично функционираат и заедно, ете The Four Owls се највпечатливиот пример. Сакам да предложам неколку артисти што ми оставаат најсилен впечаток. Стварите им се достапни по културни цени на сајтот, а ако си ептен циција ги има за најсмешната цена на светот на Google Play Music (два долари албум, така нешто). А, ако си ептен, еееептен стиснат, побарај ми издание, ќе го споделам слободно. Само нека се шири прекраснава музика. 



Ова ми е моментално најјакото што го нуди лејблов, покрај Бувовите. Се двои од целата рап приказна, зошто ова што го нуди не знам дали воопшто може да се нарече рап. Пре би рекол мрачна поезија, исплукана на најубавите матрици на продуцентот Lamplighter. Не му се ни римуваат стиховите секогаш, а звучат течно. Пост-апокалиптични приказни на англиски кој на моменти е прекомплексен и архаичен за моето познавање на јазикот. Ако сивата боја има звук, тогаш тоа е овој на Edward Scissortongue. Мајстор за раскажување ствари што те прогонуваат долго откако ќе ги исклучиш. Ако воопшто успееш да ги исклучиш, нели. Некогаш морав да вртам една ствар неколку пати по ред за да го фатам контекстот и темата. Со секое слушање е сè подобар. Не е за групно уживање, ова си бара да се изгасиш сам со слушалици. Плус, има таков глас, што и упатство за поправање на бормашина на унгарски да ти чита ќе звучи добро.


Како за рапер, никогаш не си го спомнува името во песните, така што можам само да претпоставам како се изговара ова. Веројатно Оно Капоно? Сè друго ми звучи смешно. А, Onoe не е смешен. Не само што едвај има смисла за хумор туку не е од планетата Земја, туку од Катели. Барем така тврди, а албумот од оваа година, Voices from Planet Cattele е доволен доказ дека типот егзистира на друго ниво на реалност, различно од нашето. Еј, чим албумот го нарекуваат Pink Floyd на рап, отприлика можеш да си создадеш некаква слика за што станува збор, така? Сум слушал нешто од она што се нарекува апстрактен и експериментален рап, и одговорно тврдам дека ништо не звучело ни приближно до ова. Самиот концепт, матрици и начинот на кој ги раскажува доживувањата од улиците на лондон до џунглите на планетата Катели е светлосни години над останатото, условно кажано, слично. Имаш слушано Sun Ra? Не е такво, ама тоа ниво на забеган лик го цепа. И, феноменален е. Ако бараш музика што звучи интерпланетарно, не барај подалеку. Ова е тоа што им е потребно на твоите уши и ум.



Морам вака неблагодарно да ги ставам Fliptrix и BVA во еден куп. Fliptrix е основачот на High Focus, типот кој ја има собрано цела оваа екипа што ми ги разубавува деновите во последно време, а BVA му е другарчето од The Four Owls. Одат во истата категорија, зошто двајцата погоре се малку поразлични од "традиционалниот" рап што Fliptrix и BVA го негуваат. Башка, ми одат во комплет зошто двајцата ги запознав заедно како едната половина од The Four Owls. И во живо еј, не знам дали се испрдев доволно со ова. Иако се специјалисти за бум-бап и фанки ритмови, тематски се разликуваат до некаде. BVA знае да е напнат, да се искурчи со други рапери и талентот што му е неоспорлив, сака да си пашне и да си изрецитира за хедонизам, сака да биде оставен на раат.. Fliptrix има и поемотивна страна, со ствари што знаат да те мавнат таму каде што најмногу те боли. По осеќаите. Двајцата се одлични лиричари, имаат вештини на кои може да им завидуваат светски имиња, а сепак остануваат скромно освен кога бесмисмилосно, а верувам и со причина, провоцираат некого. Искреноста е битна на крај, а кај двајцата е толку очигледна што не мора да чуеш многу за да им ја сконташ.

Слушни Fliptrix: See the Sun, Wylin Out, Vultures, Heart Full of Love, Me Against the World
Слушни BVA: Insomnileptic, This Love is Love, I Can't Hear You, Leavin

За High Focus има многу да се зборува и да се споделуваат ствари. Да не го тегнам постов, почит и за Jam Baxter и Dirty Dike. Во следна прилика повеќе за нив и останатaта екипа.

May 25, 2015

Нова серија: Wayward Pines

Вакви серии како Wayward Pines не знаеш дека ти требаат до моментот кога ќе почнеш да ги гледаш. Со две епизоди до сега, Wayward Pines ме доби како гледач што од недела за недела ќе се надева дека серијата нема да се претвори во следната Under the Dome. Споредбата, колку и да е глупава, има неколку паралели што може да се повлечат, меѓутоа Under the Dome пред сè ја спомнувам како серијата што успеа да ме одвикне да гледам сè и сешто. Еве грубо, главната заедничка работа е тоа што се двете базирани на книги и приказната се одвива во изолирано гратче. Исто така, Wayward Pines, покрај тоа што има интересен почеток, има потенцијал да удри јако на дното баш како Under the Dome.


Wayward Pines инспирацијата ја црпи од поинакви серии. Има нешто што потсеќа на Twin Peaks, The Prisoner (римејкот со Иан МекКелен), па дури и True Detective. Вејворд Пајнс е планински мал град, каде што агент на тајната служба, Итан Бурк, е испратен да ги најде неговите исчезнати колеги. После тешка сообраќајка, се буди во градот, без пари, лични документи, затекнат од жителите кои се толку неуслужливи кон него, како да е дојден само за да им се измочат во езероно. Секое ќоше е сомнително во мрачниот и ладен Вејворд Пајнс. Сите имаат некаква тајна, а на Бурк никој не му верува кој е и зошто е тука. Додека талка низ градот и се обидува да стапи во контакт со светот позади високите дрва, успева да ги најде колегите што ги бара. Едниот е мртов, очигледно убиен, додека колешката и поранешен партнер, тврди дека живее во Вејворд Пајнс дванаесет години, иако е исчезната пред само неколку недели.

Веќе ти е јасно кај оди ова така? Бурк следно што дознава е дека нема да го напушти Вејворд Пајнс во брзо време. Ти можеш да си дадеш шанса уште бар две епизоди, па да одлучиш дали остануваш со него да ги откриваш мистериите што ти ги фрла градот. Јас ќе се проврткам уште некоја епизода. Одамна не сум гледал серија што во главно се базира на шамарање на публиката со мистерии, а да е вака фина. Има убава режија и фотографија, супер актери кои не си ни знаел дека ги преживеале девеесетите, како Мет Дилон и Џулет Луис. Тука е и несудениот Вор Машин, Теренс Хауард и мојата симпатија од Californication, Карла Гуџино. Сценариото е подносливо, барем до степен каде што оди во прилог на целото темпо на серијата. 

Но, има и некои поалармантни ствари за кои треба да е човек претпазлив пред да почне да се навлекува на Wayward Pines. Првата е што едниот од продуцентите е М. Најт Шамаламалама..ј..нам.., тип што од The Sixth Sense навака нема ништо направено што публиката го нема дочекано со мотики и факели. Другата е FOX. FOX се познати по заебување потенцијал на серии, и укинување серии како Firefly. Како и да е, штом го читаш постов, значи успеале да ме подлажат, па еве ме со препорака за серија што може, а и не мора да се заебе додека стигне до десеттата, последна епизода.

May 23, 2015

Mad Max: Fury Road (2015)

Џорџ Милер со Mad Max: Fury Road само што објасни што се случува ако вбризгаш неконтролирана доза на адреналин директно во осумдесетите. Буквално го фаќа за уши Мајкл Беј да му покаже како се прави акционен спектакл. Се надевам дека и Џос Видон посматра од некое ќоше и си прибележува во тефтерчето. Fury Road вози директно во материјалот на двајцата младичи погоре, растерувајќи ги нив и останатите колеги од патот, како би се ослободил простор за најѕверското блокбастерско остварување во последниве неколку години. А, во некое далечно идно време, кога ќе дискутираме за најдобри продолженија и филмови од оваа декада, ќе гледаме на Оптимус Прајм и Мајкл Беј со уште поголем потсмев. 


Fury Road е двочасовно возење под гас до даска низ пустина во свет кој е во зрела фаза на еколошки колапс. Не се обидувај да бараш логика во временската линија на настаните од претходните Mad Max филмови, прифати ја приказната таква каква што е, и опушти се удобно во практични ефекти и каскадерски вештини. Дозволи си да ти замириса на бензин и нитро и навикни се да плукаш песок. Сите клишеа на нарација се прегазени. Но, и покрај целата таа визуелна катаклизма, Џорџ Милер успева да биде кохерентен и да ги хармонизира стварите. Сè што ќе видиш во Fury Road, безобразно те мава по сите сетила и пак те остава без зборови и насмевка.

Тешко ми е да го доловам искуството што го овозможува Fury Road. Скоро да е спиритуално. Импресионира од секаде, со секој поминат километар низ пустелијата. Кога нема никој зад воланот, ти ги напнува рецепторите со глетки што длабоко ти се вкоренуваат во истиот момент. Колку и да трае, посакуваш да возат до последната капка бензин. Еден од оние ретки филмови што би можел да ги гледам пак отпочеток одма откако ќе завршат. Веројатно и повеќе пати. Додека не оќелавам и не ми побели кожата. Fury Road ќе остане безвременска класика. Ремек дело што е примитивно и модерно во исто време. Практично ги зема сите елементи на кои е потпрен светот на Макс и ги напрегнува онолку колку што може да издржи филмска лента.

Сакам продолжение од ова. Не сум сигурен што точно сакам и можам да видам, ама ми беше малку. Сакам да видам што е останато во брилијантниот ум на Џорџ Милер, ме интересира уште колку може да стисне на педалата. Дури и повеќе од ова истото ќе ме направи среќен Бобо. Желбата очигледно ќе ми биде исполнета со она што деновиве се најавува како Mad Max: The Wasteland, така што подобро да си го врзам појасот.

May 21, 2015

Неколку минути со P.T.

Ситуацијата е следна. Се собираш со друштво со намера да си поприкажеш, да опцуеш држава и да видиш како изгледа The Witcher 3: Wild Hunt на PS4.  Завршуваш со гаден грч во стомак и блага анкциозност при отварање на првата врата која те носи дома. Игравме P.T. Домаќинот ја имал таа среќа да ја грабне играта пред да ја тргнат од маркет. Тоа ти е нешто како јас сега што ја имам Flappy Bird на телефон, уредот вреди многу повеќе. Само што P.T. те остава малку повеќе истрауматизиран, и тоа само после пола саат.

P.T. стои за "playable teaser". Слободно може да стои и за "посттрауматски". Демото, наменето да ја изрекламира и најави новата, сега веќе откажана, Silent Hills (множина од Silent Hill, да) игра на Коџима и Гилермо Дел Теро, е најинтензивната хорор игра што сум ја видел до сега. Растен на хорори, Resident Evil и едно време опседнат со Amnesia: The Dark Descent, срипав! Срипав како мала кучка. Ни [REC] немаше таков ефект. Да поигравме уште пола саат, добриот домаќин Пецо ќе мораше да го реновира станот и да купува нов мебел. 


Играта се состои од еден мрачен мал ходник. Покрај стандардните језиви црно-бели фотографии од исто така језиви луѓе, има наткасни со разни предмети на нив. Дигитален часовник кој постојано покажува 23:59, телефон со крената слушалка од која излегуваат некои нечовечки звуци, радио кое фаќа френвенции кои веројатно доаѓаат од некој друг свет, една заклучена врата и веце кое изгледа како ќенефот во летната "Хавана" во три по полноќ. На крајот од ходникот има врата која те носи назад во истиот ебен ходник. Практично вртиш кругови во истото клаустрофобично место, но секој пат кога ќе излезеш од вратата на крајот (после интеракција со нешто од ходникот), се враќаш на почетокот на ходникот само за да го затекнеш малку изменет. Светлото е црвено, од таванот каде што ѕирка и вториот спрат виси фрижидер со нешто што вриска од внатре, на ѕидовите се испишани пораки кои се надеваш дека нема да ги видиш и на твојот ѕид кога ќе одиш по нужда во среде ноќ... Такви некои морбидни детали кои секогаш се различни, се генерираат процедурално во зависност од твоите акции. Или од зависност од мрачни сили, не знам, домаќинот имал сосема друго искуство кога ја играл првиот пат. 

Гејмплејот се состои баш од тоа. Имаш една батериска лампа и се движиш наоколу. Ако останеш подолго време во место, добиваш jump scare и тахикардија што не ги очекуваш. Првиот "круг" влеговме во вецето. Класичен хорор сетинг за нужник. Валкано огледало, шолја што изгледа како оние на бензинска пумпа на автопат према бугарска граница, када во која си миеле нозе британци што поминале три дена боси во каловите на Петроварадинска тврџава.. и лавабо со крвав фестус што е некако жив и вришти. 

P.T. е сè што треба да е една хорор игра. Нема е класично преживување и бегање од зомбија и разни суштества на ноќта, туку е тензична, хаотична и се потпира на многу работи кои не се класичен jump scare. Ако е вака ефективна со повеќе луѓе, замисли како е да ја играш сам во темна просторија. Тројца возрасни мажи бевме на работ од троседот на штрек од језивите гласови што доаѓаа од радиото во ходникот, измешани со потсмевот на храбриот бестрашен витез Наум.

Штета ако никогаш не видиме повеќе од ова. Веројатно ќе биде првата Silent Hill игра што ќе ме завлече асално. Или, не е битно, како сака нека се вика, најважно е потенцијалот на механиката и гејмплејот што е во демово да не остане на ова. Среќни сте тие што сте го собрале додека било достапно, пак ќе кажам. Ремек дело е. Еве и видео, ама не верувам дека има приближно сличен ефект како кога ти го управуваш ликот.

May 19, 2015

Дваесет и шестата сезона и иднината на The Simpsons

Дваесет и шест сезони, еј. Никогаш годините што ги имале The Simpsons не ми делувале така сериозно додека не почнав да го пишувам ова. Да, отсекогаш биле тука присутни, некогаш си ги следел опсесивно, па си ги игнорирал, а си постоеле во позадина... ама дваесет и шест сезони, еј. Голема бројка е тоа. Тука се од 1989. Голема е веројатноста додека беа на врвот на популарноста, уште да си немал историја како предмет во школо. Толку се стари. Малку помлади од мене додуша, ама јас и онака изгледам како да сум се откажал од животот пред седум месеци. 


Сезонава беше одлична. Имаа супер Treehouse of Horror, што секогаш ми бил најзанимливиот дел во сезона, па беа домаќини на Futurama, и имаа гости како Вилијам Дефо, Илон Маск и Кристофер Лојд. Дури ги примија и Rick and Morty во couch gag-от од финалето. Тоа беше еден од подобрите couch gag-ови што сум ги видел до сега, и ако некогаш успеам да ја направам листата на омилените, овој сигурно ќе е меѓу првите. Повеќе пати го гледав тоа, отколку што траеше самото финале. Иако со по некоја филер епизода, многу подобар и погледлив материјал од оној на Мекфарлејн. Очигледно Family Guy се сега во истата криза и неивентивност кај што беа The Simpsons пред години.

Добри се последните неколку сезони откако почнав да ги следам редовно. Нешто се случи со The Simpsons откако наполнија 20 години. Тука некаде и ги стигнав, кога почнаа да се прикажуваат во HD. Пред тоа, квалитетот беше драстично опаднат, уште беа заглавени во 90-ти со хуморот, а околу дваесеттата сезона имаа и проблеми со главните актери кои бараа повеќе пари за да продолжат. Веројатно тука некаде продукцијата има одлучено дека е време The Simpsons пак да живне, и иако далеку од најславните денови, да не ги валка со мрзливо пишувани епизоди. 

Пред да заврши сезонава, Хари Ширер најави дека ја напушта серијата. Тоа секогаш ме занимало, што ќе се случи со The Simpsons кога некој клучен актер ќе замине. Да, наоѓање на замена која ќе може да ги имитира гласовите што ги позајмувал оргинален актер може да биде решение, ама се сеќавам колку беа бесни критиките кога продукцијата размислуваше за нови актери за некое од враќањата на Futurama. Истото веројатно ќе се случи ако не успеат да го убедат Ширер да остане. Многу гласови се тоа. Брнс, Смитерс, Кент Брокман, Нед Фландерс, Скинер, Лавџој, Лени... листата е огромна. Третина ликови можеби? 

Ако не успеат некако (со многу, многу повеќе пари) да го убедат да остане додека е жив и не ја напушти "природно" серијата, The Simpsons нема да бидат веќе исти. А, веројатно, The Simpsons ќе живеат до моментот кога отиде и последниот оргинален глас.

May 18, 2015

Ex Machina (2015)

Долго го чекав Ex Machina. Како да е следниот Moon. Очекував нешто повеќе, барем да биде поинтензивен со идеите. Сепак е солиден, и покрај тоа што се потпира на веќе видени столбови. Режисерско деби на Алекс Гарленд, лик што веќе има изградено некакво име во научно-фантастичниот жанр како сценарист, па затоа и некако пристапив малку позагреан од што обично знам да бидам околу... ствари.   

Ex Machina поставува едно "древно" прашање. Што нè прави луѓе? Веројатно најзанимливиот начин да се обидеш да го одговараш е преку вештачка интелигенција. Да ставиш човек до машина која е свесна и прави независни одлуки од иницијалното програмирање. Кејлеб е млад програмер, повикан во домот и лабораторијата на неговиот сомнителен шеф Нејтан, кои се наоѓаат на тајна локација, изолирани и со силен безбедносен систем. Откако Кејлеб пристигнува во објектот каде единственото огранско е Нејтан и неговиот алкохол, се соочува со понуда за работа која наводно ќе му го смени животот - да спроведе Турингов тест врз последното достигнување на Нејтан во вештачката интелигенција, андроидот Ава. Можни се мали спојлери подолу.


Иако Ex Machina се обидува постојано да провоцира со идеите и моралните дилеми, не успевав да ги изолирам истите што сум ги подвлекувал во други слични ствари каде што темата е слична како тука. Не добив ништо ново и запрепастувачко, меѓутоа интересен детал ми беше тоа што филмот ги игнорира трите закони на Асимов. Но со нив, целата поента на Ава и идејата за слободна волја би била промашена. Ако веќе создаваш нешто што треба да ти го изедначи интелектот, зошто да наметнуваш било какви правила. Одличен момент е ова, а гледам дека е предмет на дискусии кај публиката која го посочува како дупка. Баш напротив, тотално оди во прилог на целата приказна. Точно е дека Ex Machina има пукнатини во раскажувањето, ама ова не е една од нив.

Интеракцијата меѓу трите ликови е веројатно носечката сила на филмот. Гарленд и покрај ситните маани и очекувани пресврти, успеал да избилда сценарио што ќе задржи напнатост скоро два саата. Внимава на детали, понекогаш и премногу се труди да објасни некои очигледни работи, но претпоставувам дека се водел по тоа дека овој концепт тука некој можеби го среќава за првпат. Имаше неколку референци кон модерна поп култура кои некако ми беа надвор од контекст, непотребно уфрлени да делуваат како надвор од контекст, ама не бодат до толку колку што можеби ги правам да звучат.

Одличен избор и за актерите. Донал Глисон не можам да прекинам да го асоцирам со Black Mirror. Уште во About Time заклучив дека со самото присуство ми носи малку од таа атмосфера, ете до толку ми има "Be Right Back" епизодата оставено впечаток. Во Ex Machina прави да не можам да се сетам на подобар избор за Кејлеб. Оскар Ајзак го гледам прв пат откако го најавија во The Force Awakens. Многу добар актер, не знам кај бил цело ова време. Режијата, фотографијата и осветлувањето во кадрите, контрастот помеѓу сцените од дивината и домот на Нејтан, се феноменални. Иако дејствието е сместено во мал, ограничен, на моменти клаустрофобичен простор, скоро и да нема повторување на кадри на истите сетови.

Сигурно не е најдобриот филм во последните неколку години. Не е ни меѓу најдобрите во жанрот, ама стварно вреди ако ти се губат два поквалитетни саата. Ми дојде како одлично освежување после глупостите што ги видов во Age of Ultron, Chappie и Jupiter Ascending, на пример.

May 14, 2015

Први впечатоци од RIFT: Nightmare Tide

Некако упорно се враќам на RIFT. И, покрај тоа што Азерот ми е дефинитивната MMORPG "татковина", времето поминато во Телара ми има направено да се чуствувам како дома. Тоа ти станува јасно во моментот кога ќе те спука носталгија за некој поток таму во Moonshade Highlands што претходно не ти значел ништо. Сега сум пак назад, за втората експанзија, Nightmare Tide. Ќе го прескокнам редовното тупење за популацијата и заедницата што ми е составен дел од секој пост за RIFT, ама ќе мора да го спомнам гилдот. Harshmallows е уште тука, а дел од луѓето со кои сум ги поминал најдобрите моменти во играта, се активни и денес. Неколку пати "се враќам" после долга пауза и чуството кога ти се радуваат луѓе што не знаеш ни како се викаат во вистински живот е тоа што ми ја прави играта толку драга. Толку е обединет гилдот што мислам дека не им е ни гајле дали има други играчи надвор од него.


Nightmare Tide е многу битен чекор во историјата на RIFT. Прва експанзија откако играта го гушна free-to-play моделот и дојде на Steam. Како ќе ги вратат вложените средства, како ќе играчите ќе ја прифатат и што понатаму? Отприлика тие прашања си ги поставував, зошто бев прв во групата скептични за новата содржина. Значи, овој пат одиме во Plane of Water? Директно од каде што доаѓаа заканите со кои се боревме во оргиналната игра и претходната експанзија. Прво што ми текна беше колку не ја сакав подводната зона во WoW. Зар Trion ќе го копираат најлошото нешто што многу од WoW играчите го имаат видено? Покрај еден куп други идеи и места кои можеа? Сега кога сум веќе убаво стапнат во Nightmare Tide, сфаќам колку сум грешел со глупавите претпоставки. Или па, времето поминато надвор од RIFT беше доволно пак да најдам љубов за играта што едно време ја сметав за класи над WoW

Моментално ја поминувам втората зона од новиот "континент". Пробувам да го однесам стариот мејџ од 60 до 65 левел и сум скоро на пола пат. Plane of Water е под вода, да. На почетокот на првата зона, сè се случува под вода. Се движиш со пливање. За среќа, Trion биле умерени со подводните делови, па така што огромен дел од новите зони, добри 90%, се копно. Копно кое се наоѓа под огромен океан. Да. Еби ја логиката тука за момент. Исто како и рифовите од сите останати Елементи кои покрај Телара, се отвараат и тука. Верувам дека некаде по пат во квестовите, има некакво објаснување зошто ова е такво какво што е, меѓутоа едвај ја пратам приказната. Не ми е најинтересната на светот.


Квестовите се подосадни од оние во Storm Legion, така што практично само грајндам и се шетам. Освен два, не можам да се сетам на други, колку и да се обидував да обрнам внимание. Во едниот, се најдов на некое место каде што некоја древна сиренска раса имаше потреба од моите сеќавања од авантурите низ Телара. Па низ ланец квестови, ме "прошета" низ минатото во играта, старите босови и непријатели кои и да сакаш не можеш да ги заборавиш зошто си се справувал со нив првите две години кога се појавуваа. Вториот квест што можеби ќе го памтам и следната недела, е протерувањето од едно мало село откако правиш некаква пиздарија, па креваат бунт против тебе и те гаѓаат со храна и предмети. Имаше и уште еден, ама повеќе ќе го памтам зошто беше ебано тежок, да мора пола гилд да го ангажирам. Океј не пола, ама гинев на тој еден брод многу, многу пати.

Nightmare Tide не е ниту во еден дел иновативна. Веќе се осеќа староста на жанрот. Warlords of Draenor освежи многу добро, ја ресетираше WoW на некој начин, додека тука Trion се губат во некое друго време. Не дека е лошо, туку е само повеќе од истото. Океј, има и некои ситни и практични подобрувања, како на пример новиот auction house кај што не мора да си физички присутен кај аукционерот за да продаваш. Ги памти и последните цени на напродадените ајтеми, предложува нови, има информации за како се движи цената на истиот ајтем на пазарот... Има и мини-гејм со minion карти што ги собираш и ги праќаш на мисии, и сигурно си имаат публика, но тоа и не е некоја иновација што ќе допринесе за генералниот квалитет на RIFT. Но, зоните се убаво дизајнирани и доволно големи за шетање и истражување, да ме задржат до 65 левел. И, нормално, динамичните ивенти. Сè уште ми се импресивни како првиот отворен рифт што го видов пред четири и пол години. Тоа и ми го прави квестањето поинтересно отколку што е. Затоа и се враќам во Телара, изгледа.


Експанзијата, како и целата игра, се бесплатни. Најбесплатната игра што не е MOBA. Рестрикциите се минимални. Моментално, најголемата рестрикција што можам да ја отклучам со рефундираните пари конвертирани во кредити од Storm Legion годишната претплата е Planeswalker: Water attunement-от, потребен за користење на посебна опрема. Тоа е главното што сега се плаќа, ама и онака до 60-ти левел нема потреба да го купуваш. Дури ни понатаму, само ете, нема специјална опрема за тебе. Многу се фокусирани на козметички ајтеми, па и од такви ситници прават пари за да им се исплати девелопментот.

Покрај мааните што ги има Nightmare Tide, RIFT е далеку, далеку од лоша игра. Еј, после WoW ова ми е омилената MMORPG игра. Досадните квестови се најмалиот проблем, зошто додека стигнеш до нив имаш феноменална содржина. Башка, пројдов само зона и пол, а ме чекаат уште неколку. Протрчав и некој данџн, малку PvP, тоа е супер. Далеку сум од сите актуелни рејдови во моментов, ама гледам дека нонстоп се организираат групи за старите, па ете може да поносталгичарам и таму малку.

May 12, 2015

Извештај од концертот на The Four Owls и Dope D.O.D. во Софија

Поради тоа што живееш во диктаторски банана резерват каде што "културата" што ти се сервира не ти е баш пријатна, и си навикнат да те одминуваат артисти и бендови кои се редовни во комшилукот, некогаш мораш да се однесеш до таму за да осетиш дека и ти си дел од нешто нормално. По скоро седум саати возење со најспориот автобус во светот, сосе детален претрес на истиот на граница, стигнувам попладнето во Софија. Ме пречекува Бојчо, другар (и мојот матичен лекар) што последниве години живее и работи таму. Се шетаме низ книжари, продавници за играчки и ланци на ресторани за брза храна што ги нема кај нас, додека се хајпаме за концертот на The Four Owls и Dope D.O.D. што го чекаме два месеци.


Почетокот на ивентот беше закажан за 21:00, па се нацртавме пред клубот нешто после тоа, со намера да не сме први и да фатиме барем малку од локалната поддршка. Надвор имаше народ, се слушаа рапови од внатре, решивме да влеземе. Не само што бевме први, туку бевме и три саата порано дојдени. "Mixtape 5" има две простории за два посебни ивенти во исто време, ама гледам дека концертите се одржуваат таму каде што бевме и ние. Веројатно поради поголемиот капацитет. Не сконтав што има во другиот дел, ама имаше различна музика и публика. Металско-рокерска. Клубот е огромен, таму каде што се одржуваше концертов, просторот е колку три пати нашето "Кастро". Дури и потсеќа на "Кастро". Не само поради сличните настани, тука целиот амбиент е таков, како во најдобрите денови од најдобриот, никогаш непреболен клуб во Скопјево. Има вентилација и клима низ цел таван, така што и при волку гужва (околу 400 луѓе, ако не и повеќе), се дишеше комотно и беше пријатно со долги ракави ако стоиш во место.

Дојден сто години пред време, веќе почна да ме пука сафра и се прашуваме дали концертот ќе биде како приватна забава, зошто немаше ни четириесет луѓе внатре и надвор. Саатот е веќе 23:00 и подиумот е празен, додека домашни диџеи вртат олдскул рап. Го оставам Бојчо внатре и излегувам на цигара да пцујам и пробам да не задремам. Приметувам познати фаци надвор што се шетаа и внатре претходно. Сфаќам дека е BVA со Dj Madnice, и возбуден како тинејџерка пристапувам да изреспектирам. Муабетиме кратко, се чудат дека сум патувал за концертот, правиме фотка и влегуваме внатре зошто почнуваат за кратко, на полноќ. Трчам со информацијата према Бојчо и му се курчам со сликата. Другиве можеби не би ги познал без маски, ама BVA ми е најдобар од Бувовите, му ги запратив соло стварите и Brothers of the Stone, па знам како изгледа без маска.


Адреналинот ми е веќе до критична точка, клубот е преполн со луѓе кои дојдоа кратко пред The Four Owls да стапнат на бина. Бугарскиот диџеј ги препушта дековите на Madnice, и почнува "Taking Flight", интрото од првиот албум. Излегуваат еден по еден, публиката збеснува, збеснуваме и ние во делириум. Како девојчиња. Не ми се верува што гледам пред мене, колку се добри во живо, како летаат пердуви во публика и која енергија ја има во клубот. Не верувам дека самите тие очекуваа ваков одзив и пеење на нивни песни. Додека се освестам од бунилото, веќе грми "Silent Flight", а уште практично не се почнати. Два саати. Два ебени саати не се симнаа од сцена. Ги пројдоа скоро двата албуми цели, и на крај секој Був си испичи по една соло песна. Ги знаев само на Fliptrix "Wylin Out" и "Insomnileptic" на BVA. Издржаа цели два саати, моќно и професионално. Имаше еден многу ситен "инцидент" со Verb T некаде на крај. Во среде рецитирање, се повлече настрана, се потпре на ѕидот со полу извадена маска, и иако колегите приметија дека нешто не е во ред, умешно го покрија додека на две песни го снема од сцена. Се врати, се фрли во публика, го кренаа назад и се позаебаваа дека е сепак добар човек. Многу јак момент, што зборува многу за единството на бендот. Verb T успеа да се освежи и до крај да искине како претходно.

Прегладнети од рипање и пеење два саати, се упативме до МекДоналдсот подоле да се натовиме ко свињи додека почнат Dope D.O.D. Скоро е три саат по полноќ. Се враќаме во хистерична атмосфера, настапот само што почнал, а обезбедувањето веќе е на бина до Skits Vicious и Jay Reaper и спречува луѓе од публика да се качуваат горе. Грми цел клуб во еуфорија многу поинтензивна од таа претходно, а баш се чудевме како Dope D.O.D. ќе успеат да го надминат тоа што го направија The Four Owls. Настапот беше сосема различен. Од најрап што може, со акцент на вештини за римување и фанки бум-бап мелодии, влеговме во ебан пекол. Отсуството на Dopey Rotten поради здравствени причини воопшто не направи разлика во настапот кој на моменти изгледаше како настапине на Продиџи од средина на девеести. Ја полеваа збесната публика со алкохол, фрлаа чаши и точеа на тие што без последици успеваа да им се доближат. Палеа вутра, поделија џоинти во публика... па обезбедувањето им ги вадеше од уста на луѓево напред и ги носеа така запалени кај диџејот. Па, пак ги враќаа назад. Се вртиш околу и гледаш дека секаде околу тебе чадат луѓево. Во клуб во кој не беа дозволени цигари, гореа дваесет грама трева во исто време. И, покрај добрата вентилација што ја спомнав се направи магла, па може мирисав така весело до граница.
 

Dope D.O.D. се монструозни во живо. Иако на секои две-три песни одеа да се "одморат" позади сцена, додека одеа студиски снимки и видеа, издржаа и они два саата. Спектакуларно и насилно. Ништо слично немам осетено во клуб, а сум бил на ствари. Dopey не се осети дека го нема, можеби затоа што е најтапа од сите тројца. Башка, многу подобро звучи "What Happened" кога публика го урла неговиот дел. Озвучењето беше исто така најдоброто клубско што сум го искусил. Басовите на "Dirt Dogs" се осеќаа во гради и стомак. Прошетаа низ цела дискографија, пропуштија еден куп ствари што сакав да ги чујам во живо, ама повеќе беше за шоуто отколку за сетлистата. Чим тоа што свиреа од Ugly EP-то новово ми беше добро, задоволен сум. Завршија со шуткање и wall of death на најдосадните ствари од SOAD, RATM и Limp Bizkit, не знам како ова им е дел од настапот, ама го прoјдовме и тоа. А, да. Оддадоа и почит на фан од Софија кој починал некој ден пред концертот.

Концертот на The Four Owls и Dope D.O.D. ми е најдобриот музички ивент што сум го искусил во последниве неколку години. Ме освежи до степен да можев, ќе донирав серотонин кај што е потребно. Не знам на што ќе треба да отидам следно за да ми ги надмине импресиите. После настапот на Dope D.O.D. имавме прилика со Бојчо малку да се подружиме со BVA и Fliptrix, да ни потпишат и дискови, да се сликаме за успомен и дуго сеќање... Сосема кул фаци, спуштени на земја, целосно посветени на тоа што го работат. Почит!

За крај, фала до Бојчо и брат му за гостопримството, Phat Bride за одлично огранизираниот настан и дечките од DJambore.com што ми дозволија да искористам нивни фотки за постов. Се гледаме на некој следен концерт. Mos Def е во јуни.

May 4, 2015

Првата сезона на The Last Man on Earth

Најновиот додаток во малата листа на хумористични серии што редовно ги следам, денес ја заокружи првата сезона. The Last Man on Earth имаше феноменален почеток со пилотот и првите неколку епизоди. Уникатен третман на пост-апокалиптична ситуација, кој иако се оддалечи малку од она што го вети на почетокот, успеа да ме задржи до самиот крај. Серијата прекина да биде за последниот човек на Земјата од моментот кога се појави Керол, и прекина да биде за последниот маж кога дојде Тод. Ама, не е ни битно дали насловот тука ќе се поклопи целосно со приказната, нема да навлегувам во тоа. 


Најбитен е Фил Милер. Фил е најнесреќниот човек на Земјата, тоа е сигурно. За сè што му се случуваше во заедницата која се прошири за уште неколку луѓе, е сам крив. За сите пропуштени жени, шанси да допринесе со нешто добро и да освои било чии симпатии, па дури и да си го задржи името кога ќе се појави црнецот со исто име. Затоа и ние му се смеевме, зошто ете, се смееш на туѓата несреќа кога е предизвикана од тврдоглавост и такви "бели лаги". Фил не е лош човек, едноставно не знае да лаже, а мисли дека со обидите ќе добие нешто што може да го добие и ако биде целосно искрен. Но, тоа е идејата на ликот, затоа и во ниту еден момент не може да ти биде жал за него. Освен кога е заглавен на висок билборд со саати на најголемото сонце што Тусон може да го понуди.

The Last Man on Earth испадна најлабавата нова серија сезонава. Секако дека има маани, концепт кој или ти се свиѓа или не, меѓутоа Вил Форте е толку цар што морав да видам каде сè ќе го однесе ликот и во какви гомна. И, како некој што успеал да преживее сосема сам цела година, едвај се снаоѓа при обични социјални интеракции и си е сам себе најголемиот непријател. Форте понуди и свежи ликови, непредвидливи ситуации и достоен хумор за да сум тука и втората сезона. Не верувам дека има капацитет за нешто повеќе од тоа, ама ќе видиме. Финалето беше супер, со пресврт кој можеби ќе ѝ даде поинаков правец на серијата.

Останувам сега со Silicon Valley и Louie од хумористичниве. Silicon Valley станува подобра од првата сезона, додека Луи и покрај тоа што малку го врати хуморот, пак забегува со некои депресии како мината година. Што и не е баш лошо, само што повеќе го сакам кога е малку посветол. Нека довршат сезоните, па ќе пишам повеќе.

May 2, 2015

Новите DC: Второто полувреме на Batman Endgame

Минатава недела, во зрелата фаза на завршувањето на новиот 52 универзум на DC Comics со Convergence, дојде и крајот на Endgame аркот. Почекав да заврши втората половина со броевите #38-#40 да можам да ја прочитам во еден здив. Иако беше најветувачката приказна после Death of the Family, самото финале страда од истата неинспиративност на Снајдер. Не знам дали е немање храброст за создавање на последици, или има некаков поголем план на DC што не успевам да го видам, меѓутоа вторпат гледам како се билда некоја добра приказна каде што на крајот е притиснато само копчето за ресет. И, тоа не зборам за судбината на Бетмен тука, туку за целата приказна со "вечниот" Џокер. За Бетмен веќе одамна знаеме дека ќе се врати како метален зајак


Convergence беше одлична прилика да си поиграат малку со митологијата на овој Џокер, а се одлучија за најевтиниот, безбеден пат надвор. До самиот крај мислев дека ќе видам нешто поголемо. Кога се појави и Court of Owls, мислев дека тоа е тоа. Ќе се заокружи една навидум голема приказната почната уште во раните броеви. Ама не, треба јајца за такви ризици, а очигледно тоа му недостасува на некој во DC. Ако некогаш ги набавиш Endgame и Death of the Family на хартија, слободно можеш да ги искинеш последните неколку страници и да се препуштиш на имагинацијата. Снајдер колку и да е мајстор за дијалог, исто така многу добро знае како да ти ги потрупа очекувањата со земја. Или карпи во пештера.

Со Convergence, DC ми изгледаат најизгубено до сега. Ги читав првите броеви од неколку наслови, интересно е, ама делува како да е последната идеја за спас за нешто што можеби и не треба да биде спасено. Ќе дочитам веројатно кога ќе заврши цело. Со крајот на Convergence, почнува нова ера за DC. Континуитетот на Новите 52 ќе биде задржан, ама повеќе ме занима што ќе се случи со остатокот од мултиверзумот. Има некаков потенцијал да е добро, барем во следните две години додека не им текне пак да ресетираат нешто. 

Знам дека е глупаво да споредувам, ама последниот Endgame што го читав, а не беше Бетмен, туку Спон, го тргна главниот лик цели пет години. Не барав тука некој да го убие Бетмен на некое време, Морисон веќе го направи тоа генијално, ама очекував нешто што ќе остави длабока трага во универзумот. Очигледно сè што ќе остане од Снајдер и Капуло по овој број се Court of Owls. Штета ако останатото се памти само како обид.

May 1, 2015

Avengers: Age of Ultron (2015)

Првпат после долго време да отидам на ваков филм со минимални очекувања и скоро без никаква возбуда. Веќе имам некаква мачнина од суперхерои во ваква, филмска форма, до степен да ми е сеедно. Затоа и пристапот кон Age of Ultron си го сметам за прилично објективен. Пристраноста некако ми ја снема. Да, забавен е, создаден по проверена формула која му го овозможува тоа. Било кој ќе отседи два саати, и дедо ти и внук ти. Функционираше повеќе пати до сега, па не гледам овојпат како би било различно. Прашањето е до кога суперхеројските филмови ќе се водечките блокбастери, и дали бројот на публиката ќе успее да биде вака голем додека Marvel си го остваруваат планот до 2040-та?


Мене ми е веќе заморно. Прво беше онаа прекрасна фаза кога ги создаваа хероите на филм, па се радуваш на Ајрон Мен, па чекаш со години за нов херој, продолжение. Па во еден момент си горд што, не знам, Тор е богот мејнстримот, наместо нешто што не би го допрел ни со стап од далеку. Додека ете, не ти дојде точката на презаситеност. Ништо нема да го повтори првиот пат кога се собраа дел од овие на сликата горе на едно место. Не го ни барав тоа. Ама, не најдов ни нешто што малку ќе ми го одвлече вниманието од спектакуларните Мајкл Беј експлозии и долги хаотични акциони сцени. Ни финтата со Хокај не запали. Единствениот што не доби посебен филм, ниту некаков асален третман претходниот пат. Џос Видон пробува да надомести за тоа, ама делува крајно исфорсирано ако умот ти е подесен да не ти биде многу гајле. Блек Видоу добива(ше) нешто поелегантен развој на ликот.

Кога сме кај форсирање, што беше со хуморот? Океј беа неколку фори, се насмеавме сите, ама после тоа? И, не само тоа. Туку наместо филмот да се обидува да биде иновативен, исполнува желби и поплаки на фановите. Буквално ги гушка и гали ситничарењата на публиката, со оправдувања за тоа кај им се девојките на Тор и Тони, до "моќите" на Хокај и неговата улога во тимот, притоа создавајќи уште еден куп такви "дупки" чие постоење не секогаш е предизвикано од некаква приказна. Јасно ни е Marvel дека Натали Портман е поскапа од Коби Смолдерс. Нема потреба од такви мрзливи објаснувања за каде е ликот.

Пред да помислиш дека само што комплетно се помочав врз твојот нов омилен филм, еве ќе ги разгледаме деловите што беа интересни. Не доволни за да го пуштам пак во следниве триесет години, ама барем ме одржаа буден. Почетокот беше супер. Борбата во Соковија со трупите на Стракер, сцената кога ќе се обидуваат да го кренат чеканот на Тор, тизот со Ваканда, Хулкбастер оклопот.. Првата акциона сцена и Хулбастерот (или "Вероника") ми беа единствените подносливи од тој тип.

Captain America: Civil War е последното што го чекам со некаков ќеф. После тоа, сајонара...