April 7, 2013

Аниме на месецот: Neon Genesis Evangelion

Изминативе година-две, не успеав да си најдам аниме што ќе ме задржи повеќе од неколку епизоди. Сите ме губеа некаде на средина, најчесто поради погрешните очекувања што ги имав, или темата ќе забегаше во некој правец за кој едноставно немав расположение. Трагањето по квалитет, ме донесе, или подобро кажано, ме врати на Neon Genesis Evangelion. Според мнозинството аниме фанови, ова е најдоброто нешто од жанрот. Низ годиниве, неколку пати сум пробал да го гледам и секогаш сум се откажувал на почеток. Овој пат, се заинатив и решив да почекам уште некоја епизода, да видам дали хајпот навистина е точен. 


И, да. Neon Genesis Evangelion е сериозно добро аниме. Не е најдоброто што сум го гледал, но секако е меѓу најдобрите. Ако ништо друго, мајндфакот што ми го приреди, ќе ме прогонува уште некое време. Почетокот е стварно тежок да се свари. Особено затоа што од комплексната приказна за која сите зборуваат, нема ни трага. Почнува прилично наивно. Неколку деца во џиновски био-механички роботи (Евангелиони), се борат против други џиновски (роботски?) суштества, Ангели, кои ја напаѓаат Земјата и едно од последните упоришта на човештвото, Токио-3. 

Една многу битна работа што треба да се знае за Neon Genesis Evangelion е тоа дека режисерот и сценарист, Хидеки Ано, за време на создавањето на серијата страдал од тешка депресија, што се има значително многу одразено врз приказната и ликовите. Како што течат епизодите, буквално сè станува помрачно и кулминира со потресен крај. Крајот, поточно последните две епизоди се нешто што до сега го немав видено никаде. Барем не на ваков начин. Токму поради финалето, Ано е подоцна приморан да сними филм како алтернативен крај, под името The End of Evangelion за да ги задоволни разбеснетите фанови. Ова допрва ќе го гледам, прво нека легне ова што го изгледав сега. 

Neon Genesis Evangelion е задожително аниме за фанови на врвен СФ, појачан со тешки психолошки теми. Ано успеал да ја пренесе неговата психичка состојба на начин кој нема шанси да те остави рамнодушен и без морници. Кажува дека ова е неговото животно дело и уфрлил сè што научил за животот претходно. Како што реков, Evangelion е многу, многу повеќе од тоа што може да се види на почетокот. Исто како Bokurano, кое патем очигледно ја црпи инспирацијата од тука, и ова е такво безвременско ремек-дело. Воопшто не е лесно за гледање, затоа и бара малку повеќе внимание. Некогаш е толку напнато, што мора да стопираш, да ја испроцесираш идејата, па да продолжиш. Заслужува и многу подетална анализа, меѓутоа невозможно е без спојлери. А, верувам и дека секој би си го доживеал на различен начин.

Тешко е да се најде нешто слично. Најблиското нешто со кое можам да го споредам (барем дел темите кои ги обработува) е Serial Experiments Lain.

No comments: