December 28, 2014

Зделка на денот: Lara Croft and the Guardian of Light

Господарот Гејбен традиционално овозможи празнична распродажба на Steam. Секој ваков попуст завршувам со игри што никогаш нема да ги пуштам, игри што ќе ги играм неколку минути и некои што нема ни да приметам дека се дел од мојата скромна колекција. Една од тие можеше да биде Lara Croft and the Guardian of Light, меѓутоа оваа ја пазарев свесно, а не во транс од ниската цена. Значи, сакаш да играш Tomb Raider, ама си глуп и немаш трпение да се справиш со предизвиците? Си живеел во заблуда мислејќи дека играта е глупа зошто се разликува од сите останати наслови во серијалот? Имаш вишок 300 денари што сакаш ги инвестираш во саати дигитална забава? Колку далеку се слуша ехово-во?  


Кога излезе Lara Croft and the Guardian of Light, ја отпишав ради глупи причини, без да се потрудам да видам што точно е. Ми изгледаше како клон на нешто друго што го играв тогаш и дури сега ми го фати вниманието. Не е истиот жанр како останатите Tomb Raider наслови, меѓутоа атмосферата е задржана во целост. The Guardian of Light е изометрична акционa аркадна игра која го комбинира hack'n'slash жанрот со (многу) поблаги варијанти на механиките од "стандардниот" Tomb Raider. Лара ја трчаш низ древни храмови и гробници, скокаш и пукаш во бранови од непријатели, собираш артефакти и слични ситници,  со по некоја препрека по пат, некоја затворена врата која се отвара прилично лесно, верувам со цел за да се задржи темпото на играње. Гејмплејот е брз, но ништо не те спречува да разгледуваш околу и да се воодушевуваш на графичките детали што ги нуди оваа навидум мала игра. Нивоата изгледаат преубаво.

Има арсенал од оружја, од пиштолите до огнофрлач, ама моментално најзабавно ми е копјето што можеш да го закачиш на ѕид и да се качуваш по него. Добар дел од гејмплејот се базира баш на тоа, зошто некои препреки можеш да ги поминеш само со копје низ нив. Нешто како во вистинскиот живот. Приказната е тука присутна само колку да го оправда целиот овој покољ што го правиш со Лара, така што не е толку интересна за да навлегувам, а не е ни толку битна зошто поентата не е тоа овој пат. Заразна адреналинска забава е.

Има и co-op некаков, рецензиите што ги читав звучеа многу подобро кога се спомнуваше тоа. Она што е импресивно, е една од ретките игри на Steam чиј просек на рецензии од заедницата се води како overwhelmingly positive. 95% од 1014 играчи ја препорачуваат. Статистикава не ја вадам од газот. Дури има и продолжение кое излегло пред некој ден.

The Interview (2014)

Го гледав The Interview. Не беше толку до хајпот, колку што звучеше како океј избор за мамурен викенд. Сега ми е јасно дека комотно можев да си ја закопам главата во жолт снег и да се осеќам посвежо. Ако погледнам назад, од Superbad навака, филмовите во кои е инволвирана оваа екипа стануваат подосадни и неинвентивни со секој нареден. Некој исклучок е можеби This Is The End. И, тоа најмногу поради Дени МекБрајд.

Зад целата контроверзност околу The Interview, се крие само просечен филм кој повеќе се обидува да се потпре на физички хумор и Северно Корејската хистерија која не верувам дека сè уште толку актуелна како во периодот кога на некој му дошла идејата за ова. Не очекував политичка сатира или Inglourious Basterds на комедијата, ама барем мислев дека ќе се насмеам повеќе од пет пати.

Приказната, во кратки грајферски црти, со гласот на Игор Мурговски, е отприлика следната. Џејмс Франко и Сет Роген имаат популарно ток-шоу што се занимава со познати личности, шунд и "скандалозниот" аспект на целиот тој циркус. Но нели, дека Ким Јонг Ун е фан на американската поп-култура, изразува желба и тој лично да биде интервјуиран од приглупиот самобендисан водител Џејмс Франко. Екипата заминува во Северна Кореја со таа цел, но и уште една тајна мисија доделена од ЦИА, да го елеминира Вечниот Лидер.

Џејмс Франко и Сет Роген обично функционираат одлично заедно, дури и кога материјалот со кој работат е просечен. Овде си имаат работа со катастрофално напишани ликови и сценарио, што дури и се осеќа кога потфрлаат со глумата. Дури ни седумнаесетгодишни безгрижни стонери не би можеле да си пројдат пристојно со The Interview. Целото дејствие е предвидливо од самиот почеток, форите се глупави и речиси сите ситуации се клишеа освен во моментот кога се обидувале да исфорсираат нешто оргинално. The Interview воопшто не навредува никој во Северна Кореја. Најмногу навредена треба да е публиката на која ѝ е сервирано ова срање. Дури и The Dictator, што не го ни догледав до крај, не беше волку лош.

Случајно или не, филмот си го доби маркетингот од соништата и некако успеа да го потроши и моето време. Нека овој пост биде предупредувачки истрел за секој оној што ќе помисли да го симне. Еј, и да! Филмот отвара со Еминем интервју, во кое кажува дека е геј и се чуди како јавноста не сконтала до сега. Зошто сум ептен Стен овие неколку недели, тоа би можел да го посочам како светла точка. Не е ништо посебно, него чисто дека господинот Метерс пробува пак да глуми и тоа е некако смешно само по себе.

December 24, 2014

MMLP2

Вонредно имам потреба да извлечам еден албум од фокусот на предрасудите. Не е од оваа година, од лани е. Дури годинава успеа да ми се пикне под кожа како еден од најдобрите албуми што сум ги чул во последно време. Веќе трета недела го слушам Еминем без престан, како да е 2000-та. Еминем е петнаесетина години во мејнстримот. Можеш да го утнеш само ако живееш во подрум. Дури и ако сакаш да оставиш впечаток дека не си излегол од твојата длабоко закопана под земја атомска хип-хоп скривница, не си утнал ништо. Низ годиниве сум го свртел Еминем повеќе пати, цела дискографија. Ќе чуеш сешто, не му е целиот материјал светиња, меѓутоа не е ни срање. Најголемиот проблем е што неговата Слим Шејди персона го покажува она "погрешното" за Еминем. Широката публика на која не и е битно што свири во позадина во моментот го прифаќа таков како кловн, па генералната слика за него се има оформено како таква. Сите тие реметења други познати личности, скандалозниот приватен живот, некако како тоа да е во центарот цело време.

"Now you shut up bitch, I am talking. Thought I was full of horseshit and now
you fucking worship the ground in which I am walking."

Кога малку ќе му ја пролисташ дискографијата, ќе ислушаш доволно, сликата комплетно се менува. Така што рап бандата што го има одамна отпишано и во моментов ме гледа накриво со пиштолите на појасот, нека заќути за момент. Пред да почнам да зборувам за последниот негов албум, The Marshall Mathers LP 2, би сакал да ги поздравам сите оние кои "не признаваат ништо освен првиот, пред да стане комерцијален". Луѓе, нема потреба да се срамиме. Може немам колку тебе ислушано подземен црнечки рап од артисти чие убиство не е решено до денес, меѓутоа имам доволно за да си земам право и да позборувам на темата.

Иако во една реченица може да се склопи грубо сликата за колку е Еминем неразбран и сликата за него е погрешна поради "заебантскиот" материјал, ќе се потрудам да објаснам зошто е албумот толку добар. А, дури и таму, во "Without Me", "Just Lose It", плеска опасно со скил, флоу и лирика. MMLP2 нуди посериозни теми. Не дека претходно немаше и такви што беа платинумски хитови, но овој пат е некако поразлично. Хуморот е и понатаму присутен, но некако е помрачно од било кога. Се осеќа таа премореност од индустријата, проблемите од хедонизмот кој доаѓа со славата и парите, возраста на самиот Еминем, искреноста како во "When I'm Gone". Слушаш човек полн со инспирација, свесен за нивото на кое се наоѓа како артист, за влијанието кое е. Без разлика дали е добро или лошо. Дури и самиот албум отвара со продолжение на "Stan", насловено како "Bad Guy", каде што братот на Стен доаѓа да се одмазди за сè она што следи како исход по настаните таму. Тоа е само една од многуте референци кон оргиналниот The Marshall Mathers LP, чиј следбеник воопшто не се обидува да биде тоа, колку и да изгледа како празна маркетиншка финта. 

Рецитирањето му е доведено до перфекција. Римите ги пука како црнечка банда што решети соперници со узи. "Rhyme or Reason", "Brainless" се простиот пример за тоа, меѓутоа кулминацијата е во "Rap God". "Rap God" беше и причината поради која го набавив албумот кога излезе, но за жал седеше така недопрен до скоро. "Rap God" му е печат на целото творештво, како со скилот кој го презентира (презентира раперски, сфаќаш?), така и со цврстиот текст каде што го вади Шејди од гаќи и им го плеска во чело на сите денешни рапери. Во еден момент плука по 6-7 зборови во секунда, во делче кое трае петнаесет секунди. Не дека е најбрзиот рапер на светот, има и побрзи, не е тоа поентата, туку бројот на различни начини на кои рецитира таму едно шест минути.

Има и поромантични теми каде "богот" покажува дека може да крвари од внатре. И, тоа не е само хитчето со Ријана, "The Monster", туку сериозно срцепарателните ствари како "Stronger Than I Was" или "Beautiful Pain", која е една меѓу најдобрите во неговата кариера.  Дури наоѓа и образ да ѝ прости на Деби во "Headlights". Со "Evil Twin" ги одделува Еминем и Слим Шејди, за кои храбро тврди дека се наоѓаат на топ 4 листата, веднаш под Биги и Тупак. За жал, издавачката куќа решила погрешно да го промовира албумот, па така што дел од сингловите со спотови се меѓу наслабите на целиот албум. Затоа ствари како "Legacy" ќе останат да бидат најдени од тие што се решени да побараат.

Штета е ако албумов остане неслушнат од посериозните почитувачи на музика. Не знам дали е повеќе штета што толку квалитетен музичар е толку вмешан во мејнстримот и со тоа е потценет од оние на кои во "поалтернативни" услови би им се допаднал. Да, Еминем е индустрија, но барем има талент со кој го заслужил тој статус. Во секој случај е класи, класи над сите (други) комерцијални црни, бели, шарени рапери што ги слуша другар ти заедно со остатокот од топ 20 листата на радио која не е повеќе од позадински шум.

December 22, 2014

Вентилатор

Знаеш, има некои ствари што мора да го кркаат во лош ден. Некогаш тие ствари си ти, некогаш е новиот Терминатор. Некогаш и го кркаш од новиот Терминатор. Пред две недели излезе и трејлерот за Genisys. Така умрен од внатре после содржината, го чекав денот кога ќе ми дојде тој порив да ја испразнам бешиката врз сето она што е трејлерот, и што ќе биде филмот. Мразам кога мора да судам по трејлери, меѓутоа некогаш чумата што ја најавуваат е толку ебено очигледна.  


Genisys ми е вентилот. Вреќата за боксирање, штреберчето од основно, жена ти што е загледана во турски серии и касни со ручекот, типот чија сексуална определба те збунува. Ужасниот наслов на постов само што се напиша, еј. Сепак, не те тера да се превиткаш во агонија како Genisys. Трејлерот е олицетворение на цела лоша идеја, не само насловот. Во две и пол минути можеш да видиш колку е сè погрешно таму од кај што ти се сервираат филмовите. До каде е дојден Холивуд, еј. До каде го довлечкаа стариот труп на Шварценегер. До верглање на изнемоштени реплики, актери кои се свесни во што се вовлекле, до T-1000. T-1000 не звучеше толку тажно (сепак доволно, доволно тажно), како што изгледа во Genisys. Како од фан филм. Од оние очајни фан филмови каде што главниот актер мисли дека ако ги прочитал сите Star Wars книги, стрипови, декларации на Јода купки е спретен со лајтсејберот и намрштената фаца. Тоа ниво на дно е. 

Освен Калиси, на која очајно се обидувале да ѝ ги пораснат јајцата како на Линда Хамилтон, кои се другиве главни улоги? Едниот е споредна улога во Spartacus, каде што припаѓа само како спореден и никаде на друго место, другиот е засенет од CGI мајмуни. Кој го правел кастингот за Кајл Риз и Џон Конор? Дали има потреба од глупа смешка во оној контекст која инволвира примитивна вештачка интелигенција? Единствениот што мислам дека искрено се забавувал за време на снимањето е Шварценегер. Ептен зошто сум пристрасен, не можам да го обвинам. Некако дедо е сега и самото тоа е чудно симпатично. Си тера филм бе стариот, што му можеш? Башка, може да те дигне на клоци тебе, твојата фамилија, сите што ги знаеш и сè што ти е драго, дури и на овие години. 

И, не сум завршил со Terminator: Genisys. Ќе се вратам, сфаќаш?

December 19, 2014

The Hobbit: The Battle of the Five Armies (2014)

Ете, некако Питер Џексон успеа да развлече мала детска книга и до трето продолжение. Секоја чест. Еј, секогаш можеше подолго. Никогаш не видовме како Билбо се врати дома, нели? Идеја што ќе остане нереализирана, а можеше комотно уште три саати The Return of the Hobbit, пополнети со возбудливи ликови и ситуации излезени при неговото утринско седнување во позлатениот нужник. Да заокружевме квадрилогија. 

The Battle of the Five Armies за среќа, трае некој пола саат помалку од An Unexpected Journey и The Desolation of Smaug. На тоа тегнење, минутажата е импресивна. За жал, тоа е една од малкуте импресивни работи за (се надевам) последното остварување на Толкиновиот опус. The Battle of the Five Armies продолжува онаму каде што запре претходниот. Почетокот е фин, возбудлив и убаво изрежиран, се става крајот на Смауг, и сè она што следи понатаму е гушење во нарацијата и обид да се рекреира епска битка како во Lord of the Rings. Нема никаква поента да потенцирам каде филмот се двои од изворниот материјал, зошто тогаш постов би звучел уште понегативно. А, не ми е тоа целта. Не овој пат.


The Battle of the Five Armies потфрла како засебен филм повеќе од пола од времетраењето. Недостасува авантурата што ја имаше во претходните два. Иако далеку од епската атмосфера на Lord of the Rings филмовите, помагаше на гледачот да се внесе подлабоко. Ова што е тука, финалето на приказната, делува премногу отцепено. Уште полошо е тоа што се приметува како се обидувале да ги покријат испуканите шавови. 

Самата битка на петте армии е хаотична, неивентивна и на моменти дури се прашуваш која е петтата армија. Дали можеби публиката која се бори да ги издржи сцените кои повеќе личат на трејлер за досадна стратегиска игра? Сети се на било која битка во Lord of the Rings. Го осеќаш воздухот, напнатоста, опасноста... Тука е некако бледо, исфорсирано, со ненамерно смешни моменти и задолжителната дооолга ферка меѓу некој од главните ликови и "главните" од непријателската страна. За да се пополни време, сериозно, не гледам друга причина, затекнати се Леголас и Еванџелин Лили, која никако не успеваше да умре. Толку многу џуџиња ги дадоа животите за тие 320 денари. Уште еден обид за драматична смрт немаше да повреди никого. Љубовната приказна која некако пробуваше да се протне, само придонесе за некохеретноста на филмот. Баш ќе беше фора Питер Џексон да си ја "земе" Тауриел (го гуглав имево) како што ја донесе. Од нигде. Од газот.

Види, филмот не е лош. Мислам, не така и толку лош. Вреди да се изгледа еднаш, особено со овој фрејмрејт и 3D. Првите неколку минути додека ти се навикне окото изгледа како Black Adder, ама после е океј. Барем додека не почнат да те бодат стварите кои некогаш биле сетови, а сега се CGI, зошто Питер Џексон сфатил дека така е поисплатливо. Мене најголемиот проблем со The Hobbit трилогијава ми е што не ми е доволно привлечна за да ја гледам повеќе од еднаш. Освен, можеби вториот, што некако се покажа како најсолиден.

December 18, 2014

Постот за Black Mirror: White Christmas

Еве ми ја шансата конечно да промуабетам за Black Mirror тука. Повеќе пати ја спомнував во други постови, ја фалев како добра, некои епизоди ги гледав по неколку пати и никогаш не седнав да напишам. Специјалната божиќна епизода со наслов "White Christmas" е доволен повод сега. Black Mirror е британска серија на Чарли Брукер која се занимава со ...помрачното влијание на технологијата врз нашите животи. Приказните се базирани на хипотетички технолошки изуми кои во блиска или далечна иднина би ни го подобриле секојдневното функционирање. Меѓутоа, речиси секогаш завршуваат со ситуација во која истото тоа пука назад и го прави баш обратното. Исходот е многу полош од присилно подарен албум од ирски рок бенд за кој ти треба упатство или апликација да го тргнеш од твојот мобилен уред. 


Замисли си свет во кој можеш да снимаш сè што гледаш преку механички имплант и после да го пушташ како филм на телевизор. Свет во кој може да се рекреира карактерот на починатиот близок како софтвер и хардвер, врз база на неговата онлајн активности и социјални мрежи. Black Mirror, низ две сезони со по три епизоди, се занимава баш со последиците на овие ужасно глупаво објаснети примери. Секоја епизода е засебна и се случува во различен свет, меѓутоа тематика е таа. Форматот и амбиентот го споредуваат со Twilight Zone, така што, ете. 

"White Christmas" е вонредната епизода што не ја очекував, но ми даде надеж дека можеби во блиска иднина ќе има и трета сезона. Расположен сум за нови епизоди, барем додека се прават вака внимателно. "White Christmas" е поеднакво генијална како и остатокот од Black Mirror. Не е стандардната "божиќна епизода" која ќе се обиде да те научи дека семејството е набитниот подарок, нема Џон Хем со Дедо Мраз капа. Единственото "божиќно" е само периодот во кој се одвива оваа тензична темна драма, раскажана низ три кратки ситуации. Без спојлери, "White Christmas" е стандардна Black Mirror епизода. Ќе те остави потресен и збунет, благо издепримиран и ќе ти овозможи долги "замисли стварно вакa, еј?" муабети со луѓето околку тебе што ја гледале. Крајот и неколкуте неочекувани пресврти, испаднаа појезиви од некои епизоди што ги сметав за врвот на серијата. Криминал би било ако почнам да навлегувам во детали. Ама, ајде, замисли колку би било добро (или лошо, или лошо!) да можеш да блокираш некој во вистински живот како што можеш на интернет?

Патем, насловот на серијата доаѓа од она како изгледа изгасен екран на телевизор, монитор или смартфон. Ова, покрај тоа што е закон, закон детал, го пишувам тука колку да пополнам место зошто ништо не можам да кажам за серијата без спојлери. Сликата горе од Џон Хем некако е глупо позиционирана во однос на текстов, нема линкови и не ми се свиѓа вака без еден параграф плус. Постов ќе го завршам тука пред да почне да ме прогонува песната од крајот на епизодата и додека не сум заспал на тастатура.

December 15, 2014

Двојни стандарди и Mad Max: Fury Road

Веројатно мојата помала наклонетост кон Mad Max серијалот не ми дозволува да му се обесам на трејлерот за Fury Road како на Terminator: Genisys (болката од насловот никогаш нема да исчезне). Еј, кој на што си растел! Сигурен сум дека има Mad Max фанови што со стегнати тупаници гризат бироа за постоењето на Fury Road и можам да ги разберам. Жал ми е, ама да не се повторувам. Мене ми се свиѓа трејлерот за Max Mad: Fury Road

"Samo nam je bitno da se vozimooo"

За Mad Max многу ми е интересно е што има слична судбина со Rambo. Првите два филмови се различни од остатокот од серијалот, различни од она што ја дефинира генералната слика за фрашнзите. Целиот остаток како таков, се има втемелено во поп-културата и многу е пологично новиот Mad Max да е поблизок со The Road Warrior. Всушност, баш тој втор дел од поодговорен за идентитетот на Mad Max и низата филмови што ги има инспирирано. Лично мене, тој ми е и најдобар. Одлично функционира како мајндлес пост-апокалиптична акција. Истото го ветува и Fury Road. Колку можеш да заебеш филм за борба меѓу банди што изгледаат како мамурни посетители на геј садо-мазо клуб, за гориво во австралиска вукојебина? Колку можеш да очекуваш многу од таков филм каде што истите ликови возат модифицирани отпади за железо? Еј, а па колку можеш да очекуваш од филм за робот парадоксално пратен од иднината, а? А? Ње-ње-ње.

Fury Road го ветува она што го содржи The Road Warrior, минус еврејските расисти. Сигурно не го очекуваше некој Мел Гибсон, нели? Том Харди ми изгледа како фин избор, дури и за улога која што не верувам и се надевам дека нема да ја продлабочуваат. Мислам, не мора да гледаме љубовна приказна во пустинана, океј? Ако е така како што изгледа, како The Road Warrior на крек, јас ќе сум пресреќен што прв ќе се нацртам со пуканките. Се надевам дека Џорџ Милер нема да се измоча врз она што го има направено богат и славен.

Max Mad: Fury Road пристигнува на 15 мај 2015.

December 13, 2014

Locke & Key: Welcome To Lovecraft и Head Games

Locke & Key е една од оние ствари за кои со години викав "ќе дојде на ред". Знаеш, она кога упорно нешто поттиснуваш надолу на листата на приоритети? Епа, евентуално некогаш им доаѓа ред и на тие. Ако испадне добро, ти е криво зошто не си ги подредил малку поинаку. И порано. Locke & Key е еден таков наслов, кој некако скромно се истакнуваше пред мојот радар, од исто така скромна издавачка куќа, IDW. Многу малку нивни изданија ми се нашле во раце и претежно биле адаптации на други франшизи како Transformers или Star Trek. Имаат и Нинџа Желки. Добар дел од насловите им се такви адаптации, па затоа и не сум се потрудил нешто посебно да видам што е "оргиналното" што го нудат. 

Locke & Key е од асортиманот со оргиналите. Почнува некаде во 2008 и е дело на синот на Стивен Кинг, Џо Хил, додека за цртежите е задолжен Габриел Родригез. До сега, излезени се неколку томови, кои со по шест броја се собрани и како графички новели. Последните неколку се нешто пократки, меѓутоа додека стигнам до нив имам уште многу за читање и препрочитување. Неделава ги пројдов првите два, Welcome to Lovecraft и Head Games. Ми ја отворија главата (евтина референца кон сегмент од приказната, не си интересен Бобо со овие веќе, аман)... Иако мислев да го оставам постот кога ќе завршам со тоа што го имам (осум вкупно), не издржав да не се испразнам на темава. Како не би го тупел со расфрлање со пофалби, еве ќе кажам дека многу, многу е добро.

Првиот том, Welcome to Lovecraft (нема ништо друго освен омажот со името, барем до сега), ја подесува приказната во чиј фокус е семејството Лок. Додека се наоѓаат на некаков одмор на некоја забаталена локација, на вратата затропуваат двајца прилично накурчени социопатски ликови кои го убиваат Рендел Лок, таткото. Останатиот дел од семејството, бега во друга вукојебина, во нивната семејна куќa во Лавкрафт, Масачусетс. Куќата, Keyhouse, е огромна готска палата, каде што трите деца и нивната мајка се обидуваат да се соочат со траумите од губитокот и да се прилагодат на нивниот нов живот. Меѓутоа, куќата воопшто не е обична, а прв тоа го открива најмалиот син, Боуд, на кој нели, никој не му ни верува дека се случува нешто натприродно. Куќата покрај семејни тајни, крие и демони кои што се последното нешто што недостасува на ова фино семејство и полека се расплетува причината поради која што е убиен Рендел.

Welcome to Lovecraft ја раскажува приказната полека. За мистериите на Keyhouse, за клучевите кои отвараат врати што водат кон други димензии, нивоа на постење, локации и еден клуч кој е особено важен, и потребен на антагонистите. На почетокот е малку конфузно што се случува, но до самиот крај се сите точки поврзани. Барем што се однесува на тој дел од приказната. Мистериите и тензијата се на ист начин третирани и во Head Games, каде што е јасно дека на Џо Хил хоророт и умешноста за шокирање не му се непозната територија. Воопшто нема никаков лимит. Родригез одлично се погрижил за некои слики да ти останат во глава и да те прогонуваат пред да заспиеш и додека чекаш петнаесет минути ред на каса во супермаркет.

Станав инстант фан на серијалов и едвај чекам да видам како продолжува приказната во Crown of Shadows. Идеите во Locke & Key се толку оргинални, што веќе се спремаат да бидат пренесени и на платно, зошто нели мора да се филмува сè! Имало некој неуспешен обид и за серија пред неколку години. Веројатно толку неуспешен што три години од пилотот никој не бил заинтересиран да се замара понатаму.

Види такоѓе:

December 12, 2014

Омилена музика од 2014 (втор дел)

Мислев дека ќе успевам секоја недела да споделувам по неколку албуми од апокалиптичнава 2014, ама исто така мислев и дека реченицава ќе можам подобро да ја завршам. Минатиот пат гледав да соберам четири албуми од различни жанрови, па така што и сега изборот е шарен. "Жанровските" постови ќе ги оставам за некоја следна прилика. Пролет или никогаш, со ова темпо. Годинава излезе сериозно добра музика, а многу нови интересни бендови и артисти издадоа и прв албум. Баш еден таков има и во листата подолу.



Кога се појавија пред неколку години со "What Happened", го оставија цел свет со подзината уста. Барем оној дел од светот што се осмелил да копа низ валканото рап подземје. "What Happened" и целиот Branded албум ми ги редефинираа очекувањата за рап попрскан со мрсен дабстеп. Тој прв албум го чекав со месеци и до ден денес ми е еден од највртените албуми воопшто. Некоја година подоцна, излезе Da Roach, кога веќе нивниот звук не беше свеж, па помина многу скромно. И јас го потценив, грешка што ја исправам дури сега после третиот, Master Xploder

Последниот албум на Dope D.O.D. во истиот стил како претходниот. Дабстепот е и понатаму присутен, но воопшто не изгледа дека се плашат да експериментираат и со малку "потрадиционални" матрици. Дури и некои помодерни. Еден од ретките бендови каде што недостатокот на еволуција не ми смета. Она што овде е најмногу истакнато, е нивното (скоро) целосно прифаќање на оној horrorcore аспект кој полека го билдаа со претходните два албуми. Барем што се однесува до текстовите. Најбитното е што останаа доследни на она што го почнаа и останаа единствени што на ваков начин го негуваат фазонот. 

Избор:  "Moonshine", "Otherside", "Ridiculous"



Delay Trees се од оние хипстерските бендови, каде што терминот "хипстерски" го користам во позитивна конотацијa сега... ваљда? Постои уште како концепт тоа воопшто? Како и да е, станува збор за инди бенд, дефиниран како шугејз, дрим-поп, пост-рок, амбиент поп. Според нив, најмногу им одговарала дрим-поп етикетата. Јас нема да пробувам да ги етикетирам, зошто единствено нешто битно тука, е дека звучат феноменално. За моите уши, доволно свежо за Readymade да ме ќари на прво слушање. Заразни мелодии, певливи рефрени и некоја таква блага меланхолија што успева да се вклопи со размрданите ритмови. Еден од оние албуми што се совршени за сонливо возење до работа на некој тмурен вторник. На моменти делуваат како постариот, сериозен брат на последниот албум на Sleep Party People кој сфатил дека е доста од маски и процесирани вокали.

Прочепкав малку низ музичката историја на бендот и можам одговорно да потврдам дека овој албум им е најдобриот материјал што го чув. Има некоја душа во секоја песна, што ќе ти ја гушне емаскулираната страна во ладни денови. Дефинитивно едно од најдобрите откритија за оваа година. 

Избор:"Fireworks", "Steady", "Perfect Heartache"



Прв албум на релативно млад бенд. French for Rabbits се дечко и девојка од Нов Зеланд и фураат жанр што исто така ми е тежок за класификација. Како се вика ова, стварно? Алтернативен мелодичен инди дрим-поп-фолк? Многу е полесно да го пуштиш албумот, отколку да се обидуваш да ги класифицираш. Ако има едно име жанров, би сакал да го знам зошто очигледно сум неупатен. Spirits има музика што може да ја ишутира Лана Дел Реј (Лана како концепт мислам) на клоци до дома , и текстови што би ги натерале The XX да ја напуштат просторијата расплакани. Така звучат! Што жанр е ова сега? 

Бендов некако си го чува скржаво материјалот од ЈуТјуб, така што линкањето на избор ми го отежнаа малку. Доколку сакаш да си ја одржиш депресијата на ниво со албумов, го предлагам линкот погоре (може и да се купи, македонецу!) или најблискиот торент тракер. "Nursery Rhymes" и "Seafarer", меѓу најдобрите ствари на албумот, ги нема бесплатно за да ги линкам доле, така што еве други.

December 9, 2014

Таксират 16 Aftermath

Баш си го читав постот за оној Таксират од пред четири години. Од тогаш не се сменило многу, освен тоа што Дубиоза имаа доволно време овие години да ми станат одвратни како дечишта со темни цвикери на холандски прогресив хаус. Таксират, и покрај традицијата и годините, и спонзорите и кредибилитетот што наводно го има, нема мрднато од евтините шаблонски трикови. Како може да си најголемиот зимски фестивал во која било Европа, ако едно од "големите" имиња ти е Clawfinger? Па, добро, ако не ти се свиѓа зошто беше? Како прво, зошто сум веројатно лицемерно копиле, а второ дека годинава беа Tricky и Bad Copy, и знаев дека нема шанси да си поминам лошо тие два саати. Не од љубов према фестивалот, не од традиција, не од тоа да поддржам нешто. Не ми е поентата да го дискредитирам фестивалот, доволно е тоа што заебанцијата "Хладно Пиво не се пак оваа година?" веќе не е заебанција. Смени го Хладно Пиво со име на третокласен бенд или музичар што бил релевантен кога баба ти била млада и одлепена и тоа е. Тоа е реалноста, кривец нема, така што баци ми го дефетизмов и продолжи понатаму. 

"Сломила си срце младога металца!"

Сега откако ми олесна, може да прекинам со плукањето по различниот вкус и може да се фокусирам на самите изведувачи. Некоја неочекувана среќа беше тоа што Трики и Бед Копи беа ставени по ред, од полноќ. Со темпираното пристигнување на три минути пред Трики, ми почна еден од најдобрите проводи на Таксират. Секогаш претходно, сум морал да дремам и зевам саат време додека пројде некое срање. Мислам, извини што не можам да се забављам на све, еј.

Трики си почна споро, како што и си заврши. Првите дваесетина минути додека ти се поклопи материјалот со тоа како се осеќаш, и после е топ. Не знам дали јас имав проблем со фокусот, или озвучувањето беше лошо, салата пресветла со светлечки реклами од спонзорите и галама околу, ама некако на почетокот не звучеше ко што треба. Башка, имаше некоја чудна галама од луѓето околу, нетипична за концерт и гужва. Сет листата не се поклопи со таа од настапите пролетоска, имаше и од новиот албум, нешто од хитчињата, и ништо од моите омилени. Дури и тие што се најдобри од последниот албум, беа сведени на импровизација и изменети аранжмани. Симпатично, драг Трики, ама "My Palestine Girl" не е истата трака без рефренот. Сепак, одличен настап, баш таман за пред Бед Копи.

Кратка пауза, и Бед Копи отвараат со "Еси ми добар", и го почнуваат најдобриот нивни настап на кој што сум можел да присуствувам. Толку најдобар што мислам дека гласот ќе ми биде вака секси засипнат засекогаш. Публика збесната, се фрла пиво, се фрлаат луѓе, не знам... патики ваљда. Успеваме некако да се пробиеме до прв ред, каде што гледам верзија на 16 годишниот себе, металец, тотално незаинтересиран за Бед Копи (и општо друга музика освен Impaled Northern Moonforest тип на музика), како виси на шипка и чека девојка му да се изнавика "Доџи мало вамо, да ти га забиберим", па да си бегаат. Се изнарипавме и ние таму со децата, на новиот албум, старите ствари, па дури и неколку соло ствари со по некоја строфа и рефрен. Нов материјал немаше. Некој ме излажа дека ќе има. Срам да ти е. За разлика од последниот пат кога ги гледав во Нови Сад, не беа направени лом до непрепознавање. Искинаа ко што најдобро знаат, беа добро расположени и имаа супер комуникација со публика. Чат-пат по некоја прозвика за Трики и по некој пријателски ремет за Марчело, ама Бед Копи се, ги сакаме слепо и кога прдат на сцена.

Кога веќе го спомнав Марчело, многу ќе беше подобро него да го донесеа тука. Актуелен е со Напет Шоу, свири секаде изминативе месеци, а и наредните, освен тука. Или, не е толку евтин како Бед Копи зошто доаѓа со 10 луѓе бенд, а? Океј. Ајде, за неколку години, да ги извртиме прво Дубиоза, Хладно Пиво и ЛЕТ3 уште неколку пати. Колку и да ми е серењево субјективно, сигурен сум дека Zoster би усреќиле многу повеќе луѓе отколку овие три погоре. Четири, еве и Partibrejkers ќе ги додадам на листата. И! Обавезно некој изведувач што имал еден хит од жанр мртов со години и случајно се нашол во комшилук на некоја турнеја која е вистинско чудо што се случила. Фестивалиште!

December 6, 2014

Dawn of the Planet of the Apes (2014)

Еве, пробувам да се сетам на подобар приквел од Rise of the Planet of the Apes во последниве десетина години. Не знам дали би можел да го наречам Batman Begins приквел? Веројатно не? Не. Океј. Rise е забавен за гледање и покрај тоа што не бев среќен дека ќе постои. Понуди прифатливо објаснување за нешто што немаше никаква потреба да биде објаснето, не беше напорен, имаше фин кастинг и одлични ефекти. Одличен лабав филм. 

"Ќе умреш стар во топол кревет, ќе имаш многу бебиња. 
Но, не тука вечерва, Роуз, не оваа ноќ, не вака. Разбираш ли што ти зборам?!"

На Dawn of the Planet of the Apes му се спремав уште од летоска кога го пропуштив во кино, и откако го гледав пред некој ден, се обидувам да си го оформам крајниот заклучок. Исто како што се обидувам да не го отпишам како лош, иако повеќе фактори влечат кон спротивното. Ајде, вака. Сетингот во кој малиот преживеан дел од човештвото се труди да превземе контрола врз брана која можеби ќе реши неколку проблеми, а веќе интелигентните мајмуни имаат живеалиште баш во близина на таа баш брана е... океј. Океј е и двете страни да сакаат да дојдат до разбирање, без жртви на ниедна страна. Океј е дури и да има по некој серко и кај едните и кај другите што сака другата страна да биде истребена. 

Проблемот е што Dawn пробува да најде некаква сива средина каде што двете страни се одговорни за тоа што се случило. Не само што не успева и скока наоколу, туку не го ни дава конечниот одговор за последиците, оставајќи простор за ново продолжение. Додека Rise имаше некаква смисла, ова овде е филер преполн со клишеа од ситуации, пресврти, ликови и сцени. Oсвен првиот пола саат, останато веќе ми е видено некаде. Добро, не гледаш мајмун на коњ со две автоматски пушки секој ден, меѓутоа тоа не е доволно за да го сочуваш филмот на хард-диск за второ гледање. Кулоќата му се губи во останатите саат и пол и во еднодимензионалниот лик на Гери Олдмен. На моменти е полесно да поверуваш дека мајмуните се вистински мајмуни, отколку дека актерите што ги глумат луѓето се вистински актери.

За жал, на мојата "Планета на Мајмуните"листа на ценење остануваат само оргиналниот со Хестон и Rise. Ќе го гледам сигурно и продолжението на Dawn, со надеж дека ќе смислат нешто подостојно. Овој го посравте, манијаци, го посравте!

...ни тој постот за Molten Core!

Blizzard за 10 годишнината на World of Warcraft, пуштија специјална верзија на првиот рејд, Molten Core. Оваа верзија на Molten Core, наменета за 40 играчи наводно треба да го рекреира чувството од пред десет години, кога гилдовите со денови ги губеле нервите, убавите оценки, работните места и своите животни сопатници. Верзијата е адаптирана за левел 100, и освен маунтот што се добива на крај, нема ништо друго корисно. Но, самото тоа што е само овој Molten Core е привремен (до почетокот на јануари), вреди за уникатната награда и потрошеното време. 


Имав неколку обиди да го стрчам, меѓутоа времето потребно за тоа не успевав да го најдам во работна недела. Тие, скоро три саати што ми ги одзема, секако дека се исплатеа. Самото искуство беше убедливо најлошото во WoW до сега, ама па во исто време и едно од поинтересните. А, што да очекуваш кога ќе споиш 40 играчи од кои пола не знаат што да прават, десет не знаат да си ја играат класата, пет воопшто не знаат да ја играат играта, додека различни два-тројца од време на време се надвор од инстанцата или afk. Четот е активен постојано, но наместо за објаснување на стратегија и тактики, се користи за меѓусебни навреди, тролање и по некоја добра заебанција од која ќе се потуриш со кафе од смеење. Генерално, собрани сите типови на играчи во едно место, и покажување на грозната страна на LFR опцијата. Со оглед на тоа што Blizzard ги разгали сите со упростувањето на играта, а на специјалниов Molten Core нивото на тежина делува автентично, како "на времето", во тие три саати често се менуваше поставата на тимот.


Ги имам пропуштено тие легендарни денови на Molten Core, така што мене ми беше интересно. Добро е што е доволно само еднаш. Верувам дека пред десет години било многу, многу подобро со гилд или барем координирана група на луѓе кои не се комплетни шупаци. Иако ги трчаме старите рејдови со другари чисто за ќеф, ми се свиѓа идејата на Blizzard вака од време на време да ги прилагодува и за максимум левел.

Сега кога Molten Core ми е исчистен, маунтот и ачивментот собрани, можам да се фокусирам на алтовите што дремат и чекаат да стапнат во експанзијата.

December 5, 2014

Првиот ден од четвртиот "Анимакс"

Мислев дека оваа година ќе нема "Анимакс". Обично се одржуваше во текот на ноември, имаше најави од претходно. Годинава стигна некако потивко, на нова локација - Кинотека. Не дека е лошо, ама "Фросина" ми има повеќе душа за вакви дешавки, ем е многу поудобно. Особено ако седиш во прв ред. Да, ги направивме сите глупави фори за "стручното жири Crapwerk" што може да ти текнат...


Првиот ден изгледа изборот е секогаш малку послаб од наредните. Или барем јас така ја доживувам програмата. Вкупно 14 кратки аниминирани, од кои еден скокнаа и еден домашен. Како и секогаш, жанровите се различни, има веројатно по нешто за сечиј вкус. Само што првиот ден отвори со малку поекспериментална содржина, повеќе досадни наслови отколку нешто што стварно допре до мене и ме натера да го побарам и гледам пак. Немаше The Silence Beneath the Bark. Не го осудувам вкусот на луѓето што ги бирале филмовите за фестивалот, меѓутоа ако од толку пријавени (над 200?), морав да го гледам Sailor's Grave, тогаш какви се тие што завршиле во архивата? Разбирам дека секоја разновидност е добредојдена, ама не го разбирам нео-дадаизмот што неколку наслови се обидоа да ми го протнат. (го тресам ова со нео-дадаизам, само сакав да го напишам зборот. Нео-дадаизам, ете го пак!)

Фини беа Settling, I Want It!, Castillo Y El Armado, па и повеселите и детски Princess and the Shearer (очигледно не можам да најдам ништо за филмов на интернет) и I Need My Monster. Првиот ден го затвори одличниот полски Pochleba. Конзо на Иван Ивановски беше супер, ама од тие што му ги имам гледано, Шајкање ми е и понатаму омилен.

Си го сакам "Анимакс" и мило ми е што и понатаму си тера и што до сега ниту еднаш не го промашив. Добро би било да прерасне во поголем фестивал, во поголемо кино со побогата програма и повеќе публика, со надеж дека нема да изгуби од домаќинлукот. Вториот ден (вечер) за жал, го пропуштам.

December 2, 2014

Каде е Џесика Хајд?

Мислев дека после Black Mirror и Sherlock нема шанси да бидам пријатно изненаден од британска телевизија. Или телевизија генерално. Тогаш налетав на Utopia. Очигледно, оргиналните идеи се умрени малку позападно, а надежта лежи во продукција што не ми е доволно истражена. Utopia има две сезони, со по шест епизоди. Веројатно ќе треба да пројде некој ден да си ги соберам парчињата мозок од подот пред да ја почнам втората сезона.


Најдобрата услуга што можев да си ја направам е да не прочитам ама баш ништо, туку само да верувам на препорака. Единствено нешто што треба да се знае, е дека се работи за Utopia од 2013 со дречлив жолт омот. 8.6 е рејтингот на IMDb, не отварај, еве ти кажувам! Има и две други серии (од 2014) кои немаат никаква врска со ова, а зошто знам луѓе што се збунија, морам да го нагласам ова. Затоа единственото нешто што можам да го пишам е груб опис на првата сцена. Двајца сомнителни ликови влегуваат во продавница за стрипови, и бараат нешто што веќе не е таму. Покрај тоа, упорни се со прашањето "Каде е Џесика Хајд?" за која присутните очигледно не знаат ништо. Прилично се сериозни и напнати, и нема да сопрат на ништо.

Нема да навлегувам во приказната и ликовите, само ќе кажам дека е оној тип на серии каде што има константна тензија, пресврти и на никој од ликовите не можеш да му веруваш во ниту еден момент. И, тоа не зборам за онакво напнато брзо Џек Бауер темпо. Спора е, ама некако успева цело време да те држи потстанат. Пресвртите обично варираат од превртување очи до стопирање на епизодата за да се испцуеш на раат. И, таман мислиш дека си го видел најстрашното, пет минути покасно фрлаш со предмет кон мониторот. Она што ја прави уште подобра, е феноменалната режија и фотографија. Тоа и прво го забележав пред да сконтам што всушност се обидува да ми продаде Utopia. Боите и констрастите, и општо деталите на сетовите што ги има во серијата, изгледаат како режисерската екипа наместо на столче, да седела на Тери Гилијам.

Веројатно трета сезона нема да има. Ова што е излезено до сега е доволно за гледање на рипит. HBO веќе спрема римејк на ова (муабетот за оргинални идеи е најгоре), и уште сега имам тапа болка во стомак од сликата како ја касапат оваа мајсторија. Без разлика што Дејвид Финчер е задолжен за римејкот, некако сум крајно скептичен.