May 24, 2012

Мала доза Diablo III

Неколку луѓе го користиме истиот акаунт со guest pass, па и јас стигнав на ред да видам што има Diablo III да каже. Верзијата е лимитирана на 13-ти левел, и задоволството завршува во Act I со Skeleton King. Сосема доволно за да те навлече и да те остави со заклучок дека апсолутно вреди за парите. Иако е крајно без врска што Diablo III бара постојана интернет конекција (глуп потег, Blizzard), единствената опција за играње е (веројатно) најдобрата. Знам дека ќе се појави некој пиратски сервер емулатор наскоро, меѓутоа прашањето е дали ќе ги опфати сите работи кои ги нуди оргиналната игра.

Направив Witch Doctor. Вуду до даска, афрички акцент и одличен дизајн. Плука отровни стрели, пржи повеќе непријатели одеднаш со огнени лилјаци и пушта три кучиња за тенкање. Уште на самиот почеток се гледа моќта на Докторот и во кој правец може да се развива. Испадна дека комплетно одговара на мојот стил на играње. Верувам дека и останатите класи се интересни за тоа што се, затоа и едвај чекам да ги пробам. Макар и на овој акаунт.


Diablo III сосема го има задржано духот на претходните, спакуван во модерна графика, супер voice acting и детално изработен свет. Не е револуција во жанрот (на кој не му е потребна којзнае каква иновативност), но сигурно ќе остави печат во историјата. Не само поради репутацијата и долгото чекање, играта е едноставно добра. И како што кажав, многу, многу заразна. Во принцип, повеќето вакви игри имаат одреден степен на шанса за развивање опсесивно-компулсивно обожување, а кај Diablo III е ненормално висок. Или па јас некако гледав со резерва и ме фати неочекувано.

Додека сериозно размислувам за купување, се ближи и денот кога Torchlight II ќе почне да гази на сцената. Верувам дека во никој случај нема да потфрли, верувам и на рецензиите. А, тие кажуваат дека е подобра од Diablo III.

И уште една битна работа. Со два моќни наслови како овие, очекувам и врнежи од клонови на истите, кои се разбира дека ќе си добијат шанса. Мило ми е што жанров некако пак станува популарен и дека ќе видиме нови вакви игри.

May 20, 2012

Преглед на Path of Exile

Додека светот ја бара тајната на вечна среќа во шашавите сервери на Diablo III, една мала компанија од Нов Зеланд напорно работи на сопствениот коњ за трка. За сите оние кои чекаат (пиратски) емулатор за сервер или да падне Diablo III кутија од небо, тука е онлајн алтернативната, Path of Exile. Играта веќе некое време е во фаза на тестирање, односно затворена бета. 


Пред некоја недела дојдов и јас до клуч за тоа бета задоволство, и конечно викендов убаво видов за што станува збор. Во суштина, Path of Exile е еден од многуте клонови на Diablo, кои периодов што доаѓа верувам дека ќе ги гледаме почесто. Барем така изгледа на прв поглед. Контролите се исти, механиката е веќе позната, скроловите за идентификација на опрема и оружја се тука, скролот за телепортација е тука, класите се слични... Но! Path of Exile храбро решава да експериментира со неколку работи. Наместо напитоци за health и mana кои само завземаат простор во тесната торба, постои одделен бар каде што може да се сместат пет шишенца. Шишенцата даваат HP и MP, и кога течноста во нив ќе се потроши се регенирираат. Значи, нема трошење на напитоци, трошење пари за напитоци и слично, туку потрага по поголемо шише. Многу попрактично отколку што звучи. 

Другата интересна работа се магиите и способностите. Наместо изучување на истите, низ играта се собираат гемови кои се прикачуваат на оружјето и опремата и служат како магии. Гемовите се левелираат во зависност од тоа колку се користени, а може да се префрлат во секој момент на некое друго оружје. Талентите се претставени преку едно огромно дрво, кои играчот може да го пополнува со секој поен од добиен левел, во зависност од неговиот начин на играње. Квестовите се добиваат во малите градови и попатно низ зоните. Нема валута како злато, туку сè е сведено на размена помеѓу играчите и NPC-јата. Оваа опција моментално функционира одлично, па се надевам дека ќе остане и во крајната верзија.

Иако играта е сеуште во затворена бета, има огромен потенцијал. Убаво е дизајнирана, има многу играчи во секое време, речиси и да нема лаг и нуди апсолутно сè што му е потребно на играч на еден акционен RPG. Во моментов се достапни шест класи, Marauder, Ranger, Templar, Witch, Duelist и Shadow.

Path of Exile ги отвара серверите за јавното бета тестирање во Јуни. До тогаш, можете да се регистрирате за клуч за затворената бета или да почекате некој викенд за стрес-тест.

May 17, 2012

Новите DC: Кој ќе владее со Готам?

Осумката на насловната на неколку стрипови од DC рибутот, го означи почетокот на ивентот Night of the Owls. Основата на целата оваа ситуација која моментално се одигрува во темниците на Готам, лежи уште во првите броеви на Batman

Мистериозното друштвенце кое обожава бувови и го тормозеше Бетмен, почна да ја спроведува својата мисија во Готам, елеминирајќи влијателни имиња, кои го одржуваат и обликуваат градот. Истата ноќ, Court of Owls праќа огромна група на Талони и во куќата на Брус Вејн, кој уште не е целосно закрепнат од нивниот психофизички терор. Побројни се, и го знаат неговиот идентитет. 

Како што битката се пренесува во бет-пештерата, така Скот Снајдер запрепастува со неговиот феноменален стил. За толку кратко време докажа дека му е влезен на Бетмен во срж, па што е до мене, може што сака да прави со ликот после ова. Талоните се во пештерата, каде што предците на Брус Вејн ги требеле лилјаците со бувови. Имало бувови насекаде. Кога ја напуштиле пештерата, лилјаците се вратиле, бидејќи се скриле во најмрачните делови, каде што бувовите не успеале да пристапат. Лилјаците подоцна се вратиле да се одмаздат. Бетмен ќе се одмаздува во следните броеви, кои едвај ги чекам. Му влегоа во домот - ќе ги запали нивните. По ова следи кратка приказна која води до минатото на Алфред и одлично се вклопува во целата ситуација.

Nightwing си истера одлично и се надоврза кон случувањата во Готам. Дик Грејсон си доби посебен третман на своето минато, циркусот каде гинат неговите родители и неговото место денес во градот. Не очекував дека токму тој бил планиран за еден од Талоните, но пред да го земат тие, Брус Вејн веќе си го прибрал кај него. Делот со изнесување нови детали од минатото на овие ликови го обожавам. Им дава некоја друга димензија и поинаква перспектива. Најтвинг, неговата неисполнета судбина, буквално го соочи со сопственото минато и откри факт за презимето Грејсон, со што се крена левелот на бизарност во целата приказна. 

Неверојатно е колку добро го тераат целото ова, што дури ми иде и Batgirl да читам. Приказната се раскажува од различни аспекти, а верувам дека за да се продаде и Batgirl, имаат и таму скриено некој детал. Night of the Owls се случува и во Batman & Robin, Batwing и Detective Comics. Тие не ги следам редовно, па имам доста за читање.

May 14, 2012

Најава за серија: Revolution

Од почетокот на Lost, па до денес, нема сезона без обид за слична серија. Не сме поштедени ни оваа година, барем според трејлерот на Revolution. Овој пат, светот (мистериозно!) останува без електрична енергија, дури и возилата (мистериозно!) прекинуваат да функционираат. Луѓето се оставени без струја, како Ченто во зима, а приказната е сконцентрирана петнаесет години потоа. 
Светот изгледа како во Life After People, Влада не постои и дивеат банди со коњи и мечови. Гас од Breaking Bad е веројатно негативецот. Нормално, некој знае што се случило и веројатно тој некој поседува направа која дава доволно енергија за да запали компјутер. Некако можам да превидам голем дел од работите што ќе се случуваат.

Пред да кажам дека звучи интересно, ќе предупредам дека Џ.Џ. Абрамс е дел од ова, доколку сеуште некој го чита постов, а го изгасил трејлерот. Без оглед на тоа што Џон Фавро е режисер, претпоставувам само на пилотот, името на Џ.Џ. Абрамс е доволно за да се биде претпазлив со надежите околу серијата. Alcatraz му ја откажаа, а очигледно тој уште не се откажува. Колку серии ќе треба да му прекинат пред да сфати дека не е возможно да се повтори Lost

Друга работа. Дали дека пред некој ден изгледав, или ова стварно потсеќа на Jericho? Дали ќе трае повеќе од 10 епизоди или ќе ја скинат пред тоа? А, може ли Џ.Џ. Абрамс да спроведе маркетинг кампања во САД, наместо реклами среде прва епизода, да исклучат струја на кратко?

May 13, 2012

Назад во Азерот (прв дел)

Додека чекам да излезе 1.9 печот на RIFT, решив да и дадам шанса на актуелната World of Warcraft експанзија, Cataclysm. Ова е и моето прво логирање на WoW после две години. И покрај тоа што сите рецензии и коментари кои ги среќавав за Cataclysm беа негативни, сакав да видам што се случува таму моментално. Враќањето на змејот Deathwing предизвикува катализма која го менува изгледот на светот, па старите зони изгледаат поинаку. Баш ова сакав да го видам, затоа сум и тука пак. Светкавите наметки и бројки не ме интересираат, сакам да видам до каде е стигната приказната, па се левелирам само колку да не гинам во зоните кои бараат поголем левел. 


Првиот избор ми беше Гоблин, новата раса достапна за играње. Се разочарав по само неколку минути. Гоблините дефинитивно не припаѓаат во играта на ваков начин, а особено не како сојузници на Хордата. Почетната зона повеќе личи на Crash Team Racing мапа отколку на нешто што припаѓа тука. Да, гоблините беа дел од светот и претходно, и нивното присуство тогаш беше интересно како такво, меѓутоа улогата која им е доделена тука некако иритира.

Моментално играм Таурен Паладин. Паладин!? Blizzard пак си играат со приказната како што не треба, па успеале од раса склона кон природата, спиритуалното и е до некаде инспирирана од индијанската митологија и култура да направи факинг паладини. Океј, дај шта даш, да пробаме и тоа. Спеловите и талентите се сменети на подобро. Веќе нема посебен левел за секој спел, туку прогресот оди со левелирање на самиот карактер. Талентите се убаво средени, а некои спелови што се добивале на поголем левел се достапни и на помалите. Дури нема ни левелирање на скил за оружјата. Сега сум 32 левел и ми се свиѓа ова што го играм.


Прошетав низ неколку зони. Старите кои со години ги трчавме се сменети и делуваат свежо, без оглед на носталгијата која ја предизвикуваат. Orgrimmar е сменет и има нов лидер на местото на Трал. Иако се збореше дека Гарош ќе ги протера сите Орки од градот, јас такво нешто не видов. Напротив, секоја од расите кои се дел од Хордата си има посебно место чија архитектура се поклопува со нивната култура. Редизајнот е одличен, градот е поголем и изгледа некако повеличествено. Баш достојно за една фракција како што е Хордата.

Barrens е сега на два дела, со процеп полн со лава. Од едниот до другиот крај пројдов низ камп преполн со Хорда и остатоци од војна против Алијансата. Кампот Taurajo е комплетно уништен и полн со бандити, додека делот кон Mulgore е блокиран со огромна порта од која Таурените пружале отпор против непријателот.

Aszhara, додека играв порано, беше запоставена локација која мене лично ми беше интересна поради тоа што ја знаев од Warcraft III. Но, сега, наместо со Наги, е полна со Гоблини кои ја измениле земјата во вид на симболот на Хордата, како благодарност што станале дел од неа. Низ целата зона се протега и железница. Квестовите не ги играв, зошто се прилагодени за помалите левели.


Stonetalon Mountains не личи на тоа што беше. Многу нови кампови, тврдини и Гоблини кои се обидуваат да направат пат до Ashenvale. Интересни квестови и локации, тука поминав најмногу време до сега. Исто како и во Barrens, и тука има траги од Deathwing.

Ќе продоложам деновиве, сакам да стигнам до 85 левел да ги видам и новите зони. Не се брзам нигде, саат време дневно ми е сосема доволно зошто играм на приватен сервер каде што брзо се фаќаат левели. Ми фалат некои ситници од RIFT, како што е опцијата за продавање на сите сиви предмети одеднаш или посебната торбица за предмети од квестови. Фали и подинамична содржина која ја најавуваат во Mists of Pandaria, и нормално подобра графика.

The Avengers (2012)

Дали е чудно што The Avengers испадна дека е најдобрата адаптација на Марвелов стрип? Не. Ќе беше чудно доколку не беше така. Не претерувам, успехот и парите што ги намлати се сосема оправдани. Кога ќе го земеш најдоброто од претходните остварувања и ќе го помножиш со два (во случајот на Hulk се множи со четири), ќе добиеш ваков резултат. Зад равенката, стои Џос Видон, кој заслужено си го ужива тронот минатава недела. Акција, забава, хумор и супер-херои за чиста десетка. Еве нешто на кратко, со ситни спојлери.

Сè она што го видовме во претходните филмови, кулминираше тука, во овие извонредни два и кусур саата. И тоа 3Д, во кино во кое едвај имаше кислород. Џос Видон успеа да го извади максимумот од секој лик и актер и да обезбеди доволно време, за сечија приказна совршено да се вклопи во големата сложувалка. За секој од нив има и соодветен вовед, во случај некој да ги пропуштил нивните стории во минатите филмови. 

Буквално сите блескаат, особено кога се соочени меѓу себе, со нивните маани и доблести. Особено сум изненаден од Семјуел Мадафакин Џексон како Ник Фјури и "новајлијата" Марк Рафало како Хулк. Повлекувам сè што мрчев за Рафало, дечкото е феноменален и си ја заврши работата подеднакво добро како и неговите колеги. Далеку подобар и од едниот и другиот пред него. Време е Хулк да добие трета шанса, па еве го и вистинскиот човек кој ја заслужува и успешно би можел да ја реализира. Останатите веќе се докажаа, особено Роберт Дауни Џуниор. Тврдам дека после него, не е возможно да се одигра Тони Старк толку добро. Сепак, мене најпозитивното изненадување ми беше Хулк. Браво.

На ваков супер-тим му е потребна и соодветна закана. Во потрага по коцката (Тесерактот) што ја видовме во Captain America, Локи, полу-братот на Тор, доаѓа на Земјата со не толку добри намери. Ник Фјури во Авенџерс го гледа единствениот спас, бидејќи само тие би можеле да се спротистават на она што доаѓа да предизвика општ хаос, почнувајќи од Њујорк, каде што и кулминира дејството. Меѓутоа, собирањето на ваков тим воопшто не е лесно, бидејќи членовите додека почнат да соработуваат, прво си ја мерат големината на сопственото его. Нивните конфликти се и најсимпатичниот дел од филмот, а кој не би сакал да види што ќе се случи кога Мјолнирот ќе удри во штитот на Капетан Америка или оклопот на Ајрон Мен. 

The Avengers е навистина квалитетно остварување, филм што ќе остане и за следните генерации. И, мило ми е што ни се пружи шанса оваа историја да гледаме во "реално време". Едвај чекам да видам што ќе донесат следните продолженија, како и продолженијата на Iron Man, Captain America и Thor. Ова е и најсериозниот кандидат за филм на годината, покрај Prometheus.

May 7, 2012

Новите DC: Batman #7

Мојата сè поомилена двојка, Капуло и Снајдер, со новиот број на Batman. Приказната за Court of Owls продолжува понатаму и открива нови шокантни детали. Снајдер и понатаму храбро си игра со историјата на Готам и Вејнови, а овој пат не го поштеди ни Дик Грејсон. Тоа што го читав претходно ми отвори еден куп прашања, најмногу за Talon, зошто ми беше очигледно дека тој што се крие зад неговата маска е потрошлив материјал

Одговорите што овој број ги нуди, маваат изненадни шамари. И, создаваат една низа нови прашања. Предок на Грејсон зад маската на Talon, денес?  Објаснувањето крие уште прогрозоморни тајни и покажува каде сè се имаат инфилтрирано овие сомнителни душмани на Бетмен кои се нaрeкуваат Court of Owls.

Со следниот број, започнува арк кој ќе се прошири и до другите изданија на DC, Night of the Owls, и ако судиме според крајот на Batman #7 ќе биде занимливо. Досега, се покажаа како адекватни негативци што заслужуваат поопширна приказна и поголемо внимание. Баш поради тоа и овој наслов ми е најпривлечен. Психички истрошен Бетмен и сериозна закана за Готам? Нека потрае, ме занима колку може да се развива ова.

Уште една работа што е сериозно симпатична, е тоа што овој број отвара со директен омаж и сцена од Batman: Year One! Браво за тимот, супер го возат Бетмен до сега.

Види такоѓе:

May 6, 2012

Лоши вести околу The Elder Scrolls Online

Има ли похрабар обид да се освежи MMORPG жанрот од The Elder Scrolls Online? Додека светот го чека доаѓањето на Guild Wars 2, во студијата на Zenimax се развива онлајн варијанта на една од најдобрите сингл-плеер игри во историјата.

Тоа е главната добра вест (дали?), а има и лоша што успеа да ми ја расипе радоста. Играта ќе биде во трето лице и спеловите ќе се активираат од тулбар. Кога чув The Elder Scrolls Online, прво нешто што замислив е онлајн Skyrim, во таков сетинг, со таков гејмплер. Која е поентата да правиш The Elder Scrolls игра, а да не е таква. Или, да искешираме на насловот дур е вруќо?
Втората лоша вест е тоа дека борбите нема да бидат како во TES игрите, со што комплетно сè почнува некако грозно да мириса. Затоа и не верувам дека ова ќе биде (очигледно не е тоа замислата) да биде следниот чекор во MMO гејмингот. Има и повеќе од доволно MMORPG игри кои се слични една друга, ја користат истата механика и се сведуваат на бесконечен грајд по максималниот левел. 

Единствено нешто заедничко, секако е приказната. Ќе биде сместена 1000 години пред настаните во Skyrim, меѓутоа на иста локација. Покрај Skyrim, како локација ќе бидат достапни Cyrodiil и Elsweyr. The Elder Scrolls Online ќе има три фракции, секоја со по неколку познати раси.

Штета. Изгледа ќе почекаме уште некое време за MMORPG во прво лице. Еве го тизер трејлерот, а на IGN има фина статија со сите познати работи за играта моментално.

Максим во Кино Рамстор

Најновиот македонски филм, Максим, премиерата ќе ја има во кино Рамстор на 11-ти мај. Филмот зад кој стои Кирил Трајковски, како режисер и сценарист (ја толкува и главната улога) е работен неколку години, со снимање на разни локации низ Македонија, Бугарија и Индија. Проекциите се од 20:00 и 22:00 часот.

Приказната е за малиот Максим, кој како љубопитно дете, заглавува со сенка која го прогонува и понатаму низ животот.

За филмот ќе пишам повеќе откако ќе го гледам.

"People cause shadows. In order to exist, the shadow needs an object to stand in the way of the source of light." 

Три препораки за серии

Има неколку добри серии за кои не сум стигнал да им посветам посебен пост, а заслужиле. Денес сакам да препорачам три, се одлучив за некои малку полабави, опуштени.

Со епизодата во живо, минатата недела 30 Rock може да се издвои како најквалитетниот ситком моментално. Последнава сезона ја следам редовно, додека другите ги гледав успат покрај Ивана, па имам пропуштено повеќе епизоди. Сепак, со добар дел изгледан, одговорно тврдам дека ова е серија што не смее да се пропушти. 30 Rock се концентрира на Лиз Лемон (Тина Феј, жена со муда), главен сценарист на "лајв шоу" од типот на SNL. Лиз има тим од сценаристи и актери кои (можеби ќе) се однесуваат примерно доколку самата за погрижи за тоа. За да и биде уште позабавно на работа, тука е еден од најодлепените шефови во било која серија на американска телевизија. Џек Донахи, конзервативен републиканец, капиталист, бизнисмен, со сфаќања кои кога ќе се судрат со оние на Лиз Лемон, настанува општ хаос. Исто така, најдобрата улога на Алек Болдвин до сега. Со другите ликови ако почнам, ќе ми треба уште цел пост, а не ми е тоа идејата сега.


Иако многумина ќе речат дека Рики Џејверс преминува морални граници со Life's Too Short, ја ќе кажам дека е феноменална. Можеби некому ќе му делува бизарно тоа што главниот актер е џуџе во ситуации кои делуваат деградирачки, но еј, хумор е хумор. Има разлика од хумор и исмејување/понижување, а серијата не го прави тоа. Има ситуации од кои може да ти е незгодно, но во исто време е факинг смешно. Главна "ѕвезда" е Ворик Дејвис (евоксот од Return of the Jedi) и глуми некаква верзија на себе, актер кој никој не го препознава иако бил (мал, no pun intended) дел од големи филмови. Исто како во Extras, се појавуваат еден куп познати фаци, како Лијам Нисон, Џони Деп, Хелена Бонам Картер, Стив Карел и се глумат самите себе. Тука ќе скратам и ќе го оставам линков.

Кени Пауерс. Кени факинг Пауерс. Најголемата бејзбол ѕвезда, чија слава и его-трип му ја уништуваат кариерата и го враќаат таму од каде што е дојден. Додека се надева дека некогаш повторно ќе биде на врвот, Кени се обидува да се вклопи во "нормалниот свет". Кени е реднек кој збори во трето лице и гордо носи џигерица. Кени сака алкохол, лесни дроги и цицки. Мислам, еве пример за класичен Кени Пауерс момент. Серијата е на HBO (имаат ли неквалитетно нешто?) и извршен продуцент е Вил Ферел. Има две сезони со по 6-7 епизоди и трета која се прикажува моментално.

Има место и за Torchlight II

И покрај сите напори на малиот тим кој ја работи, Torchlight II пристигнува ова лето, после Diablo III. Гигантот ја доби трката, па додека излезе оваа мала симпатична игра, рацете на играчите веќе ќе бидат зафатени.  


Сепак, сметам дека има место и за Torchlight II. Првиот дел веќе ужива култен статус, си има своја публика. Играта има значително помала цена од Diablo III (а и од многу други нови игри), па полесно ќе си го најде патот до оние "кежуал" муштерии. Плус, темата е многу повесела од темниците на Diablo и доаѓа како сладолед после лесковачка.Токму тоа и ја издвојува од сите клонови излезени од Diablo II, до денес.

Веќе има неколку видеа од бетата кои укажуваат на тоа дека и не е баш некоја конкуренција на Diablo III, туку дека си е различна игра од истиот жанр. Еве ги првите пет минути, заедно со интрото во приказната, и три часа играње со Engineer класата, тоа што јас ќе го играм кога ќе излезе. Плус, опцијата за LAN играње е милион пати подобра од кретенската идеја на Blizzard за аукциите со вистински пари во Diablo III.

Инаку, деновиве асално ќе ја пробам бетата на Path of Exile, па ќе пишам. Поиграв малку колку што ми дозволи времето, не е лоша, дури изгледа и подобро отколку што очекував.

Star Wars: Blood Ties - Boba Fett Is Dead #1

Не постои перманентна смрт во фикција, а да не зборувам за проширениот универзум на Star Wars. Исто така, ништо не останува недопрено во тој Star Wars свет, па така што и еден од најмистериозните ликови имавме прилика да го видиме што правел како мал. Како некој сериозно да го занима потеклото и детството на Боба Фет.

Blood Ties е стрип серијал посветен на Боба и Џанго Фет. Поминати се неколку аркови во кои појма немам што се случувало, а и не би можел да се грижам помалку. Целата таа идеја дека Труперите се клонови на Џанго Фет ми предизикува мачнина во стомак, така што не ме интересира ништо за него. 

Минатиот месец започна нов арк од Blood Ties приказната, Boba Fett Is Dead. Иако природната реакција на ова е "По кој пат?", мене насловната страна ме убеди да го симнам и да видам како тоа Боба Фет е мртов. И, очигледно е. Уште на првите страни, Боба лежи оптегнат  на сува земја, со прострелна рана во шлемот кој авторот на овој текст потајно го посакува како дел од неговата гардероба. Не се знае кој е одговорен за неговата смрт, ниту пак кој е тој мрачен лик што се решил да го одмазди и зошто. Зар некој се грижи за Боба Фет?

Приказната заврши супер, доволно за да го читнам и следниот број кој излегува дури на крај на месецов. Ете, интересен Star Wars стрип. Се надевам нема да ме акне од земја со вториот број како тоа што беше случај со Dawn of the Jedi. Баш чекам да заврши аркот со следните два, па да пишам нешто повеќе. Вака на кратко, Dawn of the Jedi после феноменално интро и ветувачки прв број, забега со истите глупости кои ги среќавам во повеќето Star Wars стрипови. Мал хинт: Пак истите униформи на Империјата и илјадници години пред да постои!? Сериозно? До кога стриповите ќе ја користат истата (визуелна) формула од филмовите? Тоа ли кажува истражувањето на пазарот, тоа ли сакаат луѓево да читаат? Или никој воопшто не се замара и упорно штанца Star Wars лого на сè што ќе се продаде? За жал, така е.  

Да се вратам на Boba Fett Is Dead пред муабетот да ми отиде во друга насока... Приказната ќе има четири броја,  кои ги пишува Том Тејлор, авторот на Star Wars: Invasion. Стрипот го црта Крис Скалф, сосема непознато име за мене, сè додека не видов каква добра работа завршил тука. Дечкото е одличен, еве на линков може да се погледне неговото портфолио.

May 4, 2012

Огромна листа на работи што не си ги знаел за World of Warcraft

Успехот кој и денес го ужива World of Warcraft е оправдан, без разлика на тоа што играта одамна не е истата од порано. Барем не таква каква што беше кога јас почнав да играм. Пред пет години, WoW понуди нешто што претходно го немав видено. Ме купи со огромната виртуелна околина на располагање, приказната која претходно ми беше (делумно) позната од Warcraft III и сите оние работи кои можев да ги правам тука. а не биле возможни во други игри. Воопшто не беше трка за поголем левел и опрема, мерење бројки, туку истражување на еден масивен свет каде што беа потребни часови за да стигнеш од точката А до точката Б. Попатно, извршуваш квестови и се радуваш што помагаш на жителите и си дел од целата таа историја. 

Мило ми е што WoW ја фатив во период кога играта буквално цветаше и беше токму тоа што и треба да биде еднa MMORPG игра. И денес со носталгија се прават муабетите во друштво кога сме го држеле Гаџезан со саати под опсада, или борбата со упорниот нуб од Алијанса што се бркаше со мене и Дамјан ("Brohm, best mage tank!") низ Зул'Драк. Па, и ова! И до денес, можам некои од зоните да ги познаам по музиката. Приказни има премногу, а оваа генерација ќе ги раскажува како дедовците на истата со нивните муабети за тоа како бегале од Германци. Ете, тоа е тоа што ја прави играта толку посебна, само тие што никогаш не играле, нема да ме разберат.


Пред тој клучен период, WoW била уште поразлична игра, особено во раната фаза, пред The Burning Crusade (јас кога почнав да играм, сеуште немаше TBC на пиратските сервери). Алфата и бетата нуделе сосема друго искуство, па дури и интерфејсот не бил таков каков што го знаеме повеќето. Начекав една обемна листа на работи за кои биле дел од WoW во тие стари денови. Некој се потрудил да ги собере во еден пост, кој кога го ископирав за да го зачувам, ми испадна цели 19 страници во Ворд. Бидејќи немам намера да го преведувам, еве го оргиналниот линк.

Многу од промените се однесуваат на самите спелови, што нормално дека претрпеле промени поради балансирање на класите, но има некои што се толку интересни, што ете, ќе ги издвојам.

* Ashenvale, мојата омилена зона, била обична шума, со пореална графика. Нешто слично како во Warcraft III. Еве скриншот од таа верзија, и како изгледа денес. 

* Во Алфата, постоела Survival професија со која играчите можеле да прават факели. Факелите биле користени за осветлување на патот низ темните зони. Темните зони биле навистина темни и не се гледало ништо без запален факел.

* Goldshire, местото каде што првпат стапнав, било огромно село, десет пати поголемо од што е сега.  

* Scarlet Monastery била една огромна инстанца, подоцна поделена на четири.

* Blizzard тестирале куќи, кои играчите можеле сами да си ги градат. Опцијата која тогаш била во тест-фаза, била злоупотребувана со тоа што куќите се граделе за да блокираат патишта. Скриншот.

* Стариот интерфејс, еве скриншот.

* Таурените немале маунтови за јавање, туку имале Plainsrunning со кој се постигнувала истата брзина. Подоцна се воведени Кодоата како главен нивни маунт. Исто така, Таурените поради нивната големина, неможеле да пројдат сегде, некогаш и низ обични врати.
Како што реков, листата е огромна, има многу, многу за читање. WoW за жал, денес е само убав спомен од тоа време. Излегоа игри кои научија директно од тука, додадоа нови работи на таа успешна формула. Сепак, Mists of Pandaria некако ми изгледа привлечно. Ќе видиме.