December 21, 2020

Втората сезона на The Mandalorian

Втората сезона на The Mandalorian не само што е една од малкуте асални работи сервирани на глобално ниво во оваа 2020 година, туку после финалето ме убеди дека е и најдобриот Star Wars материјал откако Дизни го испазари брендот. Уште во првата сезона можев да го осетам тоа, ама поучен од тоа колку лесно може да се скурцаат стварите во оваа ценета франшиза, почекав да приврши втората за да можам да носам вакви храбри заклучоци. Надолу продолжувам со спојлери, па ако ја немаш гледано втората сезона или серијата воопшто, батали читање. 

Џон Фавро и Дејв Филони со The Mandalorian го спасија брендот од поголем колапс. Дизни сега се толку сигурни дека Star Wars е безбеден што најавија 350 серии за различни ликови кои треба да отпочнат со прикажување во следните години. Од сите тие ме занимаат едвај две-три, а дали воопшто има место и за останатите - нека покаже иднината. Имав впечаток дека пазарот е веќе презаситен со Star Wars, особено со шкарт Star Wars, ама некој веројатно смета дека не е доволно. Нека.

Немам проблем со овој можеби избрзан план на Дизни да изградат некаков микро-универзум околу The Mandalorian, сè додека креативната енергија на Фавро и Филони е насочена само кон една серија. Дизни се свесни за нивниот талент и визија, па ништо чудно да ги "позајмат" како консултанти на другите лајна што планираат да ги штанцаат колку што публиката ќе успее да поднесе. Мега-успехот на The Mandalorian е спој на повеќе фактори, еден од нив е и контрастот кој го има со идеите на Кејтлин Кенеди, па не знам колку е стварно возможно да се повтори со истиот интензитет.

The Mandalorian е исто така материјал што е нешто поприбран визуелно и наративно од она што е франшизата последниве дваесетина години. Ја нема бучавата предизвикана од бидување централниот мотор во Галаксијата, ослободен е од теретот за спојување одврзани краеви, па може да опстојува на дистанца и да се обликува понезависно. Секако, ова е Star Wars и невозможно е комплетно да избега од тоа, па повремените допири со сопственото минато или пак можеби иднина, се речиси неминовни и за The Mandalorian. Истиот ебан свет е.

Една од грижите за втората сезона ми беше токму ова. Дали воопшто и колку ќе се осмели да се потпре на веќе воспоставени Star Wars елементи и фолклор? Првата сезона е феноменална баш поради тоа што многу суптилно се служи со таквото опслужување на фановите. Си создаде своја магија, тон и шарм. Повремено има и некоја позната локација или ситни референци наоколу, точно. Но, многу поретко воспоставува подиректна врска со она што е познато кај пошироката публика, освен нели ако го занемариме она појдовното дека главните ликови во серијата се на некој начин варијанти на Боба Фет и Јода. Па, оттаму дарксејберот со кој финишираше првата сезона беше толку добро дочекан од тие што следеле The Clone Wars и Rebels

После првата сезона, Дизни имаа појасен увид за што функционира во The Mandalorian. Затоа друга поголема секирација ми беше да не се осврнат кон комплетно експлоатирање на Бебе Јода. Муцето стана интернет сензација во моментот кога се појави, па некако се плашев да не фатат да го молзат како тала-сирена. Среќа, втората сезона има баш умерен пристап кон ова, дури и една епизода каде што воопшто и го нема Бебе Јода, односно Грогу. Конечно дознавме како стварно се вика, сирото. Грогу во неколку прилики го доминира фокусот, нормално бидејќи е еден од главните ликови, меѓутоа серијата никогаш не се дрзна онака безобразно да го користи како реквизит.

Втората сезона има една главна мисија. Мандо треба да најде Џедај кој би можел да го превземе Грогу. Потрага го носи низ неколку сомнителни ќошиња од Галаксијата, каде што се среќава со разни ликови од новите Star Wars книги, како Маршалот што го поседува оклопот на Боба Фет или ликови што публиката ги знае од The Clone Wars и Rebels. Имаше шпекулации за Асока и Боба Фет, нивното појавување го очекував, ама некако пропуштив дека ќе ги има и Дет Воч и се фатив затекнат. Требаше да ми биде јасно дека кога веќе има дарксејбер во приказната, евентуално ќе се појави и Бо-Катан.

Феноменално. Дет Воч е можеби најпознатото мандалоријанско присуство во Star Wars после Боба и Џанго Фет и нивното гостување во серија што се вика The Mandalorian не би требало да е изненадување, ама ете. Всушност, баш и Дет Воч го спасуваат Мандо како дете. Како и да е, одамна ја немав видено Кејти Секоф во нешто, па ми беше мило што ја затекнав баш тука, во улога на лик чиј глас го позајмуваше во анимираните серии со години. Очигледно е дека се забавува со ликот, па едвај чекам да ја видам пак во следните сезони.

За Боба Фет дека е дел од оваа сезона беше јасно уште од првата. Нормално, Боба Фет уште помалку можеш да го заобиколиш во ваква серија. Боба Фет е шаблонот врз кој е изграден целиот фолклор за Мандалоријанци и слично, не можеш да не го испочитуваш тоа. Само не знаев колку кул ќе го извозат и колку природно ќе си легне во целава авантура. Тоа е и најубавиот дел од втората сезона. Користи повеќе "познати" фаци, а притоа не изгледаат како беден фан сервис, ниту пак го крадат вниманието од главните ликови. 

Асока Тано ми ја стопли душата сезонава. Ликот го следев со години во The Clone Wars и мило ми што конечно ја дочекав нејзината "жива" верзија. Дали можеше приказната да ја придвижи било кој друг преживеан Џедај? Можеше. Но, ова е пред сè серија на Дејв Филони и Асока е негов лик граден со години и години на нешто поразличен медиум. Веројатно секој автор би сакал да си го види ликот вака оживеан, така што ова е повеќе за него отколку за мене и тебе како публика. Сепак, прекрасно беше да се види како ликот се пренесе во ваков формат. Розарио Досон совршено се снаоѓа со улогата на повозрасна Асока и баш нејзината самостојна серија е една од оние кои веројатно ќе ги проверам.

Јас ќе бев океј и со тоа никогаш да не се придвижеше приказната за Бебе Јода. Сигурен сум дека серијата ќе ми беше интересна и без поголем арк. Упорно ме потсеќа на сериите од времето што оделе на телевизија, каде што авантурата била централен елемент. The Mandalorian e убаво склопена, максимално лабава и ми беше дупла причина да чекам петок. Фантастична ми е, секоја епизода ми беше поинтересна од претходната. Едвај се замарам за канон, дали бескарот бил толку моќен да истрпи такви удари или било што. Би ја сркал дури и секоја епизода да биде засебна неповрзана приказна каде што на крајот Мандо и Бебе Јода го пичат бродот во зајдисонце.

Но, Филони и Фавро имаат други, поголеми идеи. Епизодата со Асока беше можеби најзначајната до тој момент во втората сезона. Приказната посериозно се мрдна понапред. Дознавме многу работи за мистериозниот Грогу. Дека не е никаков Јода клон или нешто, туку само припадник на истата раса. Дознавме дека години пред да го запознаеме како Бебе Јода, Грогу бил трениран како Џедај во храмот на Корусант и некако успеал да го преживее Order 66, пустиот. Кул приказна, а и супер презентирана.

The Mandalorian одлично ја дозира Асока. Сè повеќе од неа во сезоната ќе беше редундантно. Не можам истото да го кажам и за Боба Фет, додуша. Не знам колку ќе може да ја износи сопствената серија како главен лик, ама тука уживав додека го гледам. Можеби е најдобриот спореден лик што сум го видел во серија последниве години.

Финалето ме фати неспремен. Цел свет беше неспремен. Чудо е како ваква тајна останала сочувана до самиот крај. Откако Асока одлучи дека не може да го тренира Грогу, јасно беше дека некогаш ќе мора друг Џедај да стапи на сцена. Не знаев кога ќе се случи тоа, не ми ни беше важно. Многу малку Џедаи се преживеани во времето во кое се случува The Mandalorian, па така што очекував дека ќе одат со некој познат како Кал Кестис или Езра. 

Ама, сигурно не очекував дека Фавро и Филони имаат муда да го трупнат Лук Скајвокер тука! Значи, во моментот кога се појави Екс-Вингот во кадар, дишењето ми сопре во следните неколку минути. Џедај со наметка почнува да ги тамани тоа дарктруперите, додека и ти и сите останати ликови од The Mandalorian сте во грч. Јасно ти е што гледаш, ама не ти се верува што гледаш. Толку кратка сцена успеа да изнуди поинтензивна емотивна реакција кај мене од целата нова Star Wars трилогија. А, го гледав Хан Соло како умира.

Не сме уште таму со технологијата, па компјутерски генерираната фаца на Марк Хамил залепена на младо тело можеби не изгледа совршено, ама премоќна беше сцената како целина. Star Wars куќна слава. Конечно го видовме Лук Скајвокер озбилно созреан како Џедај, наспроти прдалоно мизерно кое го направи Рајан Џонсон во филмон. Види го изразот на лицето на Моф Гидеон кога ќе сконта дека тоа е легендарниот Џедај одговорен за падот на Империјата. Попрво би се убил отколку да му падне во раце.

Кога ќе се отрезниме од овој шок, допрва ќе треба да размислуваме каде оттука ќе оди The Mandalorian сега кога Грогу отиде да тренира со Лук. Верувам дека Филони и Фавро веќе имаат план и дека не се заплеткани со ова. Имајќи на ум дека серијата е воглавно се основа на Мандо-Грогу динамиката, не верувам дека вака лесно ќе се ослободат од Бебе Јода. Не дека Мандо ќе дреме така додека некогаш не се сретнат пак. Финалето остави доволно нерасчистени работи со Дет Воч и Моф Гидеон. Не знам тоа колку долго би можело да функционира откако Грогу беше установен како интегрален дел од развојот на карактерот на Мандо, ама ќе се гледа како и да е. Ми треба уште од серијава.

Од друга страна па, ако ова не ја заокружи приказната на Грогу, тогаш што? Ако серијата ја следи хронологијата опфатена во новата трилогија, тогаш дали патот ќе му се вкрсти со Кајло Рен? Одамна не ме допрел клифхенгер во серија вака. Далеку е декември 2021, а веќе сум возбуден за третата сезона. Дури и да не го видиме Грогу во раните епизоди од трета сезона, како што мислам дека и ќе биде случај, Мандо има што да прави. Единствено се надевам дека ќе најдат начин да го заобиколат Лук во иднина. Ова беше стварно добро, секоја чест, ама не гледам некој дополнителен ќар од уште Лук Скајвокер, особено не ваков помладуван Марк Хамил. А, не знам дали сакам друг актер, па макар бил и Себастијан Стен.

December 17, 2020

Ептен, ептен први впечатоци од Cyberpunk 2077

Не излегува толку голема игра како Cyberpunk 2077 секоја година. Додуша и да има нешто, јас често успевам да се отцепам од тековните гејмерски случувања во некој MMORPG ќош. Cyberpunk 2077 почна да се обликува како културолошки феномен уште долго пред нејзиното конечно објавување овој месец. Општо позитивната репутација на CD Projekt Red која ја утврдија The Witcher игрите, амбициозните планови и ветувања, а и интензивната маркетинг кампања, создадоа услови да отпочне еден долгогодишнен хајп за Cyberpunk 2077 кој деновиве има малку поинаква разврска од очекуваната.

Сите зборуваат за Cyberpunk 2077 во моментов, ама не секој муабет е позитивен. Накратко, CDPR по месеци одложување и форсирање на вработените да работат прекувремено, пласираа неоптимизирана игра преполна со багови која функционира малку проблематично. Воглавно, најзначајните проблеми се кај одредени конзоли, ама забележувам дека послаб перформанс има и кај PC хардвер што би требало постабилно да ја вози. Сигурен сум дека следниов период CDPR ќе ја крпат и полираат колку што можат, ама засега е нешто што можеби повеќе наликува на бета верзија отколку на довршен, саглам продукт.

Негативните рекации на публиката ми се донекаде разбирливи, секако доколку не забегуваат во закани по живот кон вработените во CDPR како што беше случај со група дебилци кога одложија еден од датумите. Кредибилитетот на CDPR почна да се клати уште од првиот промашен датум, па така одлучија дека е подобро да ја подметнат искршена отколку да ја поместат за 2021. Веројатно пресметале дека ниедна од овие ситуации не им е целосно од корист, за нанесената штета е рано да се зборува. Некој од редовите на менаџментот веќе не би требало да работи во гејм девелопмент после вакво фијаско во кое се инвестирани толку многу ресурси.

Сепак, денес ќе го оставиме тоа на страна, сега сакам само кратко да ги споделам иницијалните впечатоци од искуството со Cyberpunk 2077. Без спојлери, секако. Воопшто не ни мислев да ја играм додека не се снабдам со подобар хардвер или додека не ја потспастрат, ама не издржав. Како може да заобиколиш игра каде што има баг кој прави курот на ликот што го играш да изрипува од панталони? Една од причините поради која што решив да ја пуштам на мојата преморена GTX 960-ка и древниот i5-6600 процесор беа баш ваквите Goat Simulator тип на багови и гличови за кои не прекинав да слушам деновиве. Каков маркетинг, а?

За чудо и среќа, успева како-така да ја тера и на мојот канта хардвер. Вадам триесетина fps на low/med и повеќе изгледа како GTA IV пукната на ултра отколку Cyberpunk 2077 што ја знаев од видеа на интернет претходно, ама се трпи. И, онака идејата ми беше само да ја пробам. Тоа што упорно "ја пробував" додека не стигнав до Act 2 е баш темата на овој блог пост. Настрана ветувањата и ентузијазмот на CDPR да создадат игра што темелно ќе го промени RPG жанрот. Се трудев да ја третирам Cyberpunk 2077 како тоа што е во моментот, без да ги барам неисполнетите очекувања. Со сите багови што го ја некогаш ја прават неигрива, обичните нереволуционерни механики, тромавото пукање или колите низ Најт Сити што ноншалантно ме прегазуваа секогаш кога ќе се најдев на улица.

Играм street kid лик. Приказната е прилично досадна на почеток. Навикнат сум "големи" игри да почнуваат малку поспектакуларно, колку и тоа на крајот да се сведува на субјективно искуство или преференца. Ама, некако повеќе ќе се сеќавам на змејот од почетокот на Skyrim или акцијата со која отвара GTA V отколку на што и да беше почетокот на Cyberpunk 2077. Тука си некако несмасно фрлен во генерички сајберпанк сетинг, а "големиот спектакл" е одложен за малку подоцна.

Самиот сетинг изгледа малку повешто обиликуван понатаму, но на крајот на денот ова е игра што го носи името на жанрот, па оттаму и сите сајберпанк тропи и клишеа функционираат во тој контекст. Играта не се обидува да го измисли жанрот и неговата естетика, туку да ја оживее и искористи на сопствен начин. Тоа е кул и го почитувам како такво. Ако си љубител на жанрот тогаш немаш гајле, изразено се опфатени сите негови најкарактеристични елементи во валканиот неонски Најт Сити. Не знам колку е позајмено од изворниот материјал, претпоставувам само историјата, некој фолклор и терминологија, ама не е важно.

Градот е феноменално дизајниран и конструиран, и штета што интеракцијата со него личи толку лимитирана, барем надвор од мисиите кои ги правиш. Можеби понатаму ова не е случај, ама до сега немав некое чувство дека сум дел од жив град. Во една прилика морав да чекам неколку саати да отвори некаков бар за да влезам да продолжам со мисијата, па решив да прошетам и разгледам наоколу. Не знам колку е фер споредбава, ама ме потсети на Готам во Arkham игрите. Отворено е, ама не е баш. 

Не очекував да влегувам во секоја зграда, ама било каква подетална интеракција со околината ќе беше добредојдена. Има флиперници на повеќе места, баш ќе беше кул да можеш да ги користиш за некакви мини-игрици. Потрошиле време на досадно хакирање кое технички е мини-игра, а пропуштиле прилика да создадат такви моменти. Еден тон неискористен потенцијал лежи во Најт Сити. Штета. Мислам, види. Можеби е покомплицирано да ја постигнеш таа "отвореност" на светот доколку играта не ти е сместена на полјани и планини, ама како е ова поразлично или поиновативно од игри како GTA

Некои од баговите се смешни. Освен тоа што целиот сообраќај во Cyberpunk 2077 е скршен, колите не само што те игнорираат дека постоиш на улицата, туку и некогаш случајно ќе се заглават и ќе го претворат цел град во Пластичарска. Други се комплетно фрустрирачки. Пример, има багови кои не можеш да ги заобиколиш и мораш да се вратиш на претходен сејв и да се надеваш дека нема да се повторат. Тоа го има уште во туторијал мисијата, каде што треба да тагнеш неколку стражари и маус кликот воопшто не е регистриран. Среќа што во тој случај можев да се вратам на претходен сејв и комплетно да го прескокнам туторијалот.

Друг голем баг поради кој за малку ќе ја оставев играта за некое подобро време е во "The Pickup" мисијата. Нема да навлегувам во спојлери, ама решението што го најдов на интернет за тој баг беше прекомплицирано за AAA наслов од овој калибар. Можеби ако си доволно фанбој на играта, такви некои решенија ќе ти се дел од тематиката на играта. Мене такви багови што го кршат гејмплејот ми се крајно фрустрирачки. Едно е да се смееме на визуелни гличови и полови органи излезни од облека, скенер што не се гаси, на UI што повремено закочува елементи на екран, друго е ако не можам да продолжам да играм.

Не знам како може ова да не е средено како приоритетно. Ама ете, испадна уште еден случај на среќна околност, каде што се вратив многу поназад на сејв, ја преиграв речиси цела мисија отпочеток и багот магично не се повтори. Тоа е главниот бенефит на чување 10 различни рачни сејвови во Cyberpunk 2077. Баш така и успеав да го завршам Act 1 и да бидам удостоен со еден прилично интересен наративен благодет. Негде пред крајот на Act 1, Cyberpunk 2077 некако шашаво ми ја раскажуваше приказната, без нешто претерано да ме внесе, ама ете, го има тој филмски, спектакуларен момент што сигурно ќе остане со мене во идинина. Не би навлегувал со спојлери, ама ќе нагласам уште еднаш дека е крајно забавен правецот кој тука го фаќа главната приказна. Баш ме занима како е ова понатаму развиено.

Што се однесува до механиките, ова што досега го видов не е нешто којзнае колку свежо и невидено. Некои работи што ги сретнав во Cyberpunk 2077, функционираат многу подобро во други игри. Брејнденс e кул концепт, меѓутоа е ужасно досадна механика и се надевам дека нема да треба да ја користам толку често. AI-то на возилата и жителите е најосновно што може, секој се движи по сопствена преодредена патека, па затоа лесно се прават гужви бидејќи очигледно отсуствува механизам кој им овозможува да препознаваат препреки. Срамно е овој дел од Cyberpunk 2077 да е во ваква очајна состојба, особено поради тоа што не е ни некое ново технолошко чудо. Сигурен сум дека секој GTA клон го има истово подобро изведено.

RPG елементите со кои можеш да си го градиш ликот се океј. Не играв толку долго за да навлезам којзнае колку детално, ама има многу опции за различни билдови. Не знам колку добро се избалансирани и како функционираат понатаму во играта, ама имаш голема слобода колку што можев да приметам. Во секое RPG што го играм првпат, поените најчесто ги трошам "рол-плеерски" отколку на реално корисен и ефикасен билд. Имаш различни оружја на располагање, играта нонстоп ти фрла нешто, дури и пофреквентно отколку што очекував. Ќе си речеш Borderlands ли е ова, ама немам проблем со ова.

Да се потрудам да го сумирам ова рано искуство, а? Сигурен сум дека немам видено уште многу работи, барем што се однесува до приказната. Гејмплејот нема да стане подобар, секако. Играта е океј. Забавна е, ама не е најдобрата, ниту најиновативната некогаш. Има многу подобри RPG игри во отворен свет што многу поефикасно успеваат да те внесат и задржат во истиот. Cyberpunk 2077 не е ништо револуционерно, или барам со ништо не успеа да се одвои за мене, освен со сетингот и општиот амбиент. Ако сакаш сајберпанк, не знам, гајтани да влечеш од рака и да се штекаш во бандера за да го хакираш комшијата, или да си ставаш кибернетички импланти во газот - ова е тоа. 

Нуди простор да искусиш такви жанровски тропи, но не и некој преинтересен отворен свет каде што ќе те пушти од рака за да си се маткаш и истражуваш. Веројатно негде има, Најт Сити делува големо, ама јас на налетав на ништо интересно или некој сајд-квест што претерано ме воодушеви. Пристапив со смалени очекувања и пак не успеав да бидам нешто особено запрепастен освен од последниот дел на Act 1. Каде се тие јаките слоевити сајд-квестови што сите ги зборат?

Би почекал да земам поасален хардвер во моментот кога ќе стане достапен за купување, па тогаш да ја довршам. Иако се навикнав да ми изгледа така како што хардверов успева да ја прикаже, би сакал малце поубаво да личи и да не се претвора во слајдшоу кога ќе запне. Се надевам на пролет, ако и CDPR успеат да ја измазнат. Таман може Shadowlands во меѓувреме.

November 24, 2020

Четиринаесет години Crapwerk

Каква мрдната година е ова, а? Никогаш не помислував дека во традиционалната годишна ретроспектива на Crapwerk ќе треба да опфатам и тековна пандемија. Имав многу сценарија, ама ова не беше едно од нив. Пробував некако да избегнам и заобиколам, да зборувам за поведри ствари, меѓутоа невозможно е . Дури и некои од моите омилени ствари кои годинава се случуваа на тема Crapwerk се директно поврзани со овој глобален оток. 

Па, така испадна повеќе да зборувам отколку што пишував блог постови. Непосредно пред да ни заврши Старото нормално, имав прилика да си помуабетам со супер кул луѓе на вторите Creative Talks, па кога нè стрпаа во карантин стримав игри скоро секој ден на Twitch каналот, а си зборевме и неколку пати за македонска музика кај Кантарот на YouTube... Презабавно ми беше што малку го олабавувам Crapwerk од "изворниот" блогерски концепт кон нешто за мене ново и различно. 

А, сакав да пишувам повеќе. Можеби немаше некој избор за нови филмови и серии, ама го посведочив најинтересниот НБА плејоф во последниве неколку години. Ако треба да го одберам најзабавното случување на глобално ниво во 2020, тоа би било ова. Времето ми дозволуваше да следам исклучиво Мајами утакмици низ целата сезона, па ми беше надреално што ги гледам пак во финале после толку години. За жал, не го стигнав блог постот каде што градам култ на личноста на Џими Батлер. Здравје догодина. 
 
Не го допишав ни оној за "Shoot for the Stars, Aim for the Moon", пост-хумниот деби албум на Pop Smoke кој ми е омиленото музичко парче за оваа година. 2020 донесе одлична музика, меѓутоа долго заглавив со овој албум, па тоа што беше објавено од летово до денес малку го занемарив. Сигурен сум дека во следниве месеци и таа пропуштена музика ќе ми избие по уредиве на коишто слушам. Ако ништо друго, барем успеав да ја надминам минатата година во количината на постови, а и со општата Crapwerk активност. Фала пандемиска изолацијо. 

Но, мојата бескрајна искрена благодарност е до сите што и оваа година го читавте Crapwerk или можеби го проследивте надвор од неговото природно живеалиште - на некој стрим нешто или друга интернет адреса. Во повеќе прилики ми ја направивте пандемијава поподнослива. Crapwerk полни четиринаесет години денес. Следува стандардната роденденска листа со избор на постови од последниот роденден, успеав дури четиринаесет да одвојам. Фала ви уште еднаш. Останате во добро здравје, па се читаме и гледаме наскоро.

November 18, 2020

Филм на неделата: Greenland (2020)

Филмови со глобални природни катастрофи и неприлики ми се посебен кинематографски фетиш. Сакам и кога сличен катаклизмичен настан е предизвикан од џиновски чудовишта или вонземска инвазија, ама оние 'поприземјените' ми се на посебна полица. Armageddon, Deep Impact, The Day After Tomorrow, 2012 и сличните такви. Обожавам како извонредно знаат да ја искриват логиката и науката, да направат скутерчиња побрзи од цунами или да проработат телефонски говорници под вода или да сокријат џиновски астероиди од било каква детекција до денови пред удар. Па, имаш научници што предупредуваат, ама никој не им верува, па еден единствен херој кој е спасот за целото човештво... 

Никогаш не престанува да биде забавно уништувањето на светот преку разни креативни начини и методи чија логика и веројатност се можеби на исто ниво со изненаден напад од Десептикони. За Greenland не ни имав слушнато пред да го гледам, ниту знаев што е, ама според интрото погоре можеш да насетиш дека се работи за баш таков филм што го соочува човештвото со истребување. Па, и да и не баш. Greenland иако по жанровска определба е 'disaster film', не игра комплетно според правилата како тие неколку што ги спомнав погоре. 


Не ни има неразбран научник или кризен центар кој служи за експозиција и презентирање низ што сè ќе проаѓа човештвото и главниот лик кој на крај ќе му овозможи нова надеж. Многу покомпатен е од она на кое ме навикнал жанрот. Во главниот фокус е само една фамилија. Фамилија која не се обидува да спаси ништо освен себе, откако преку лотарија се избрани да се засолнат во гренландски бункер додека врз светот врнат огромни парчиња од комета која наводно требала да нè одмине. Не гледаме дали некој воопшто се обидува да се справи со ситуацијата, ги гледаме само последиците и преживувањето. Можни се спојлери подолу, ама треба апла да немаш гледано ваков филм за да се испојлаш.
 
И, како што е секогаш случај со ваквите филмови - ништо не оди според планот, па ни сигурната прилика на Жерард Батлер да ја засолни Морена Бакарин и нивното синче во бункерот каде што со други есенцијални избраници во "новото нормално" ќе се грижат за опстанок и расплод на преживеаното човештво. Изненаден сум колку добро Greenland успева да се додржи да не потоне во клишеата кои може да ги има жанрот. Не дека не е зацапан, во некои моменти е само со главата на површина, ама воглавно се труди да си биде своја ствар. Баш фино и освежувачки. На моменти дури и несвојствено успева да е емотивен и драматичен, без да предизвика чујна смеа во просторијата. 

Многу е важно во ваквите филмови да биде задржан моментумот откако ќе ти биде сервирана опасноста од случувањата. Треба постојано да се случува нешто што ќе го одржува нивото на тензија и ќе го негува мотивот за преживување на главните ликови и за среќа Greenland одлично го разбира ова. Некогаш можеби и непотребно ги ескалира ситуациите за да го одржи тактот, ама воглавно е функционално, па оди во прилог на целата приказна. Но, со оглед на тоа што ликовите не ги дефинира доволно јасно на почеток, има простор да си жонглира со нив  и нивните карактеристики како ќе му текне по пат.
 
Другпат пак знаеш што Greenland сака да постигне и каже, само што не го кажува толку добро, ама затоа што ми беше презабавен решив да прогледам низ прсти при ваквите забушантски моменти. Не можеш премногу да бараш од ваквите филмови сепак, дури и кога ќе се обидуваат да се продадат како посериозни. Сепак, крајот му е предвидливо оптимистички, па можеби тоа би го издвоил како највпечатлива маана. Ме наведе неколку пати да си мислам дека ќе изненади, ама не, прописно си истера. Безнадежно цело време, и оп - сега почнуваме да јадеме конзерви со години додека го креваме општеството од пепел.
 
Ако знаеш да уживаш во жанрот, Greenland е супер филмче. Не е до толку глупав како што ваквите филмови можат да бидат, ниту пак толку голем, епски и напумпан со спектакуларни ефекти и американски патриотизам. Но, таман функционира како двочасовно средство за десензибилизација од актуелнава глобална, а и локална ситуацијa. Можеби сега е време конечно да го изгледам и Geostorm, филм од истиот жанр и исто со Жерард Батлер.
 

November 10, 2020

Загревање за Shadowlands

По краткото одложување, Shadowlands, новата World of Warcraft експанзија, конечно има датум на објавување кој се поклопува со роденденот на Crapwerk. Европските сервери ќе ја дочекаат на 24-ти ноември и ќе се полу-функционални цела таа недела како што е редот со секоја World of Warcraft експанзија. Кога ја најавија Shadowlands не бев нешто претерано загреан. Не дека и сега сум којзнае колку, ама пандемијава ми приреди некои ствари меѓу кои и да ја играм Battle for Azeroth, па сега да се чешам за нешто ново World of Warcraft

Веројатно горчливото чувство од Battle for Azeroth е една од причините за овој наивен копнеж и надежта дека што и да дојде следно после таа експанзија нема да е такво џиновско срање. Battle for Azeroth е најлошто нешто што ја има снајдено World of Warcraft досегашното постоење, а сум играл и низ Warlords of Draenor. Сега, иако сум свесен дека Shadowlands нема шанси од корен да ја поправи играта или приказната таму каде што некои експанзии нанесоа штета, сакам да верувам дека некој во Blizzard извлекол некаква лекција од негативните критики и ќе ја поштеди играта од понатамошно разнебитување. 


Веќе некоја недела имаме прилика да го играме долгоочекуваниот pre-patch на Shadowlands кој донесе круцијални промени во начинот за левелирање. Од 120 левели, моменталниот максимален е намален на 50, а Shadowlands ќе го зголеми за 10. Идејата зад овој потег е да ги охрабри новите играчи на кои можеби 130 левели им се чинат како предолг макотрпен процес. Не дека навистина е, ама стави се во позиција на нов играч кој можеби сака што побргу да дојде до ендгејм и да го искуси тоа што го нуди новата експанзија. Иако мене патувањето во World of Warcraft секогаш ми било позабавно од таа крајна дестинација, познавам играчи на кои левелирањето им е само болка и гњавење.

А, доколку си ветеран во играта, огромни се шансите традционалното левелирање да ти е одамна смачено. Прво стариот свет, па Аутленд, па Нортренд, па пак назад, па Пандарија... Делумно беше "поправено" ова и во актуелниве експанзии каде што можеш да избереш помеѓу две, ама пак поголемиот дел од процесот остана линеарен. Shadowlands уште од сега нуди избор како ќе ти се одвива тоа. Буквално можеш да бираш каде сакаш да се левелираш до 50ка, во која експанзија сакаш. Кликаш на копче и ете си во Пандарија. Терај си од 10 до 50, мајсторе. Скалирано е на твојот левел. Логичен потег е ова после седум експанзии.

Иако не сум фан на игри каде што светот скалира околу тебе и е прилагоден на твојата моментална моќ, овде некако супер функционира. Не знам дали дека веќе милион пати ми се пројдени овие зони и не ми недостига опасноста од поголемите левели во следната зона или пак светот на играта овозможува да се внесеш и на овој начин, ама одлично е. Буквално сам си одредуваш колку време ќе поминеш и каде. Нема веќе да можеш да надлевелираш некоја зона после неколку квестови. Одлично е. Секогаш сум се забавувал со левелирање и никогаш не ми било досадно, ама не очекував дека процесот може да биде уште подобар. 

Ова скалирање ја направи и целата игра за нијанса потешка. Не е Classic, ама во неколку наврати се најдов групиран со рендом луѓе со кои квеставме заедно. Пак си доволно моќен за сам, ама луѓе пак избираат да си помогнат за си го забрзаат процесот. А, и интересно е. Луѓето што ги среќавав низ експанзиите се пофини од претходно, можете да сметате еден на друг и да муабетите за светот околу како првпат да сте во таа експанзија. Чудно е. Може само мене така ми се погоди, ама одамна го немав осетено ова во "ритејл WoW". Слична е и ситуацијата за инстанцираната содржина. Не е веќе толку лесна како претходно, па бара поголема соработка и координација меѓу играчите. Едвај чекам да видам дали овие ситни, а со сигурност ненамерни подобрувања на заедницата ќе останат и во Shadowlands.

Овој Shadowlands pre-patch го донесе и новиот воведен остров, Exile's Reach, кој новите играчи ќе ги научи на основните механики пред да ги фрли во отворениот свет. Може да се игра и ако не си нов играч секако, па го пробав со неколку карактери чии почетни територии сакав да ги прескокнам. Совршен е за левелирање Гоблини. Exile's Reach се завршува за отприлика еден саат по кој ако си нов играч одиш директно во Battle for Azeroth, а доколку веќе имаш карактер што е максимален левел овозможено ти е да си ја избереш експанзијата каде што ќе продолжиш.

Затоа "загревањето" сега ми е сведено на левелирање на класи кои никогаш не сум ги играл сериозно. Не дека сега ги играм сериозно, ама забавно ми е да си лабавам со некои што ми се релативно нови. Имам еден дет најт 50ка, а се трудам да кренам вориор и прист. Ужасно е забавно како можеш сам си ја одредиш "тематско" левелирање. Вориорот ми е Маг'хар Орк, па го акам низ Дренор за да соберам опрема за транзмог што изгледа попримитивно. Кул е. Следно е Демон хантер во Аутленд. Уште не сум решен што прво ќе левелирам во Shadowlands, па затоа сега си создавам повеќе опции.

Сепак, колку и ова обновување да е огромен чекор за самата игра, Shadowlands како експанзија го продолжува трендот на изминатите бидувајќи помала од претходната. Battle for Azeroth првично понуди три главни територии по фракција, зголемувајќи го бројот со уште две ситни и досадни понатаму, додека Shadowlands од старт има само четири. Еден град и нешто што изгледа премногу мало за да биде класична зона. Не е проблемот само колку се, туку и тоа што некако се мали и стеснети. Во Shadowlands нема да се ни физички поврзани. Веќе ме фаќа клаустофобија.

Сигурен сум дека не постои технички предизвик создавање на онакви пространства како претходно. Не е толку страшно да изодиш некоја минута повеќе. Дизајнот им е супер во последниве експанзии (освен двете од три Хорда зони во Battle for Azeroth, бљак), така ќе биде и тука случајот, ама се осеќа таа пренатрупаност. Имаш три чекори до квестот и уште толку до следниот хаб. Не знам зошто Blizzard ги батали оние огромни зони последен пат видени во Mists of Pandaria. Спореди го Дренор со Аутленд, на пример. Иако би требало да е истото, дури и поголемо, се чувствува како да е една четвртина од територијата која треба да е.

Немам време да се замарам со ендгејмот во Shadowlands, а ни желба. Секако, сакам да ги пројдам сите рејдови со LFR, ама не сум особено засегнат за собирање на најјаката опрема што ќе ми овозможи бројки. Можам да се забавувам и без тоа, без играта да ја чувствувам како работа и обврска. Конечно го прифатив кежуал аспектот на World of Warcraft кој Blizzard супер го обликуваат од експанзија во експанзија. За покомплексна верзија на истата игра имаш Classic WoW ако си при толку многу слободно време. Всушност, Classic и беше тоа што конечно ми докажа дека веќе одамна не можам да си дозволам да се губам низ World of Warcraft како некогаш.

За крај, се надевам дека Shadowlands нема комплетно да ја посере целата приказна и воспоставен фолклор. Сакам да верувам дека не може да е полошо од Battle for Azeroth, ама што ги знаеш. Од тоа што го видов, може да испадне интересно доколку не им текне да се наслонат премногу на носталгија, па во некој следен печ да го видиме Артас во поголема улога или некој друг што веќе сме го упокоиле. Ќе видиме. Јас планирам да се нацртам во Shadowlands некаде на почетокот на декември за да избегнам преполнети сервери и можни багови.

November 7, 2020

Американско Хорор Срање

Така е, каснам едно десетина години со гледање на American Horror Story. Да не беше пандемијава може уште толку ќе ми требаа да се убедам да гледам, ама еве сме. Не знам како толку долго успевав да одложувам серија за која бев сигурен дека ќе ми се свиѓа. Антологискиот концепт е супер, веројатно главната причина која ѝ овозможува на American Horror Story да се освежува секоја година и да натрупа девет сезони додека се решам конечно да гледам, а се планираат уште четири. Секоја сезона е засебна хорор приказнa која е неповрзана со останатите, ама често се вртат истите актери кои играат различни ликови. 

Според она како ми е наштелуван вкусот, низ годиниве бев сигурен дека ќе си пројдам јако со AHS. Неодамна ја изгледав првата сезона со поднаслов Murder House. Возбудлива класична хорор приказна за фамилија што се вселува во куќа за која без да стапнеш внатре можеш да претпоставиш дека нема да ти овозможи најпријатно домување. Но, овие ликови не знаат дека се централен дел во хорор приказна што ние ја следиме како публика, па удобно ќе се раскомотат во простории каде што генерации сопственици наназад насилно ги губеле животите. 

Поставувањето е класичен американски хорор шаблон, ама се развива доволно интригантно, тензично и неизвесно за да те задржи до крајот. До крајот кој можеби ќе ти се изнамоча врз секој позитивен впечаток, ама тоа е пат до кој ќе стигнеме со малку спојлери. Фамилијата Хармон само што ќе се всели во новата куќа, почнуваат да се случуваат чудни мистериозни ствари кои очигледно не ги застрашуваат доволно за да се иселат или било како разумно да изреагираат. Но, како и секоја хорор фамилија што живее во најморбидната куќа на светот, не се претерано засегнати додека не стане предоцна. Не се засегнати ни од тоа што во секоја епизода дома им влегуваат непознати луѓе што им се претставуваат како комшии и ги замараат со глупи комшиски и некомшиски работи.

Сепак, бидејќи се работи за интерпретација на познато хорор клише и својствени тропи, замижав пред некои крајно нелогични дешавки чисто за да видам каде ќе води целото тоа. И, пази сега. Повеќето од луѓето со кои фамилијата Салон Хармони има различни интеракции, физички и сексуални, се всушност духови на луѓе кои во последните стотина умреле во нивниот нов дом и се засекогаш заглавени како такви. Приказната го воспоставува тоа како правило. Ако умреш во куќата или во нејзиниот двор или колку и да опфаќа имотниот лист, бам - дух си. И, тоа не онаков пријателски дух. Изгледа бидувањето дух те прави и невиден серко што обожава да ги замара живите. Не е дека како дух имаш некоја попаметна работа за правење, ама сепак е безосетно.

Еден од позначајните проблеми со приказната во Murder House е тоа што тие правила не ги следи во целост, ниту пак се доволно јасно дефинирани за воопшто да може. Затоа си дозволува некои отстапки кои не проработуваат секогаш во нејзина полза. Повеќе од пола сезона е потрошена на билдање на тензија, мистерии и пресврти и стварно е супер. Приказната упорно те дистанцира од големата сликата, воведува нови возбудливи ликови, ги поткрепува старите и постојано те држи на работ. Така се прави функционален хорор, без да се наслонува кон шокирање со визуелен стимул. Секако, не разочарува ни во тој аспект, ама е воглавно посуптилен и ненаметлив.

Никогаш не си сигурен што точно се случува, ни зошто. Тоа е сосема океј. Некои мистерии се и пофункционални ако останат мистерии. Немав прашања на кои сакав да добијам одговор по секоја цена. Сезоната супер си ги тера тие работи. Многу постепено го открива секое парче од грозоморната историјата на куќата и нејзините жители, живи и мртви без да биде нарушен амбиентот. Се чуствува дека приказната движи некаде, дека ќе се исплати на крајот без да си ги открие тајните. До тој момент нормално е да имаш впечаток дека кој и да ја води сезоната, има веќе смислено како да ја заокружи.

Но, не. Очигледно, далеку од тоа. Крајот се случува нагло и целиот претходен развој на настаните го менува за евтина мелодрама и сапуница со духови. Сега нашите главни ликови се духови кои развиваат некаква нова динамика со духовите што нив ги тормозеа цела сезона. Тоа е финалето. Сите ќе се духови сега, како тоа да ни значи нешто на нас како публика. Сезоната никогаш не се потруди доволно да објасни колку е тешко да си таков заробен дух за да можеш да сочуствуваш со ликовите. Дури за некои од нив беше и олеснување да се умре. Последиците од бидување дух и општо тој процес на премин некако беа пригушени од мистеријата околу начинот на функционирање на сето тоа.

А, никој никогаш не се ни обиде да најде излез од ситуацијата, веројатно како што и сценаристите не успеале да најдат излез од сопствената некомпетеност за пишување на приказна. Невозможно е да бидам убеден дека финалето на Murder House е намерно така смислен, а не е плод на безидејност и аматеризам. Не можеш да градиш нешто епизоди наназад и да немаш план како соодветно да го завршиш. Тромаво е. Дури и дијалозите звучат избрзано и несвојствено за ликови за кои веќе имаш претстава кои се и какви се.

Сум гледал тон лајна. Сум ја гледал последната сезона на Game of Thrones, ги следев шашавите денови на Lost, дадов шанса на крпениците Star Wars Дизни трилогијата. Вакво нешто немам видено, ова е друго ниво на "не знаеме кај тераме". А, настрана од финалето, Murder House е крајно шармантна серија. Се осеќа малку и времето во кое е снимана, нешто што првпат на ваков начин го почуствував, а се поминати само десет години, ќе си речеш. Јако ми е како е еволуирана телевизиската продукција како таква. Има сериозно одлични актери и исклучително функционални хорор елементи што засекогаш ќе ти ја демнат главата, ама не знам дали можам така самоуверено да ја препорачам.

Од вкупно девет сезони American Horror Story, сигурен сум дека барем една е подобра од оваа, па затоа планирам да дадам шанса на втората наскоро. Ми се гледа некоја асална хорор серија, па пред да посегнам кон The Haunting on Hill House ќе пробам пак со ова. Нова приказна и нови ликови, би требало да изгледа како комплетно друга серија, се надевам без полуспособните сценаристи од Murder House или кој и да мислел дека таков крај е соодветен за една ваква приказна.

Види такоѓе:

October 23, 2020

Ashes of Creation е последната надеж за MMORPG жанрот

Се токмам со месеци наназад да свртам некој муабет за Ashes of Creation и сѐ некоја глупост ќе излезеше со играта или студиото. Со оглед на тоа што неодамна пропадна Chronicles of Elyria, една од малкуте најавени поамбициозни MMORPG игри во последниве години, некако ќе беше глупо да се распишувам за нешто што ќе е непостоечко следниот месец. Сличноста е тоа што двете игри се создавани под слични услови, односно Кикстартер кампања, чиј буџет некако испадна пократок во однос на развојниот распон. Ретко кој денес ќе ти инвестира големи пари во жанр кој во живот го одржуваат три-четири игри, а некогаш не се добројуваа. Можеби само New World во моментов е исклучокот за гигантска инвестиција, ама не сум воопшто заинтересиран за таа игра.

Ashes of Creation беше неколку пати на раб на пропаст во досегашниот нејзин век. Парите што ги собраа некако испаднаа кнап, па направија battle royale игра за да дособерат буџет, со изговор дека тестираат механики. Не само што тој експеримент наречен Ashes of Creation: Apocalypse беше финансиско фијаско, туку дополнително ја оштети репутацијата на Intrepid Studios. Голем дел од убликата која имаше фрлено пари на Кикстартер за Ashes of Creation MMORPG игра се осеќаше намагарчено од ваквите battle royale трошки, почна да ја разгорува и онака негативната атмосфера околу играта создадена од неможноста на Intrepid да испорачаат нешто поопипливо и после години. 


Со никаквиот прогрес на уште еден сличен Кикстартер наслов, Pantheon: Rise of the Fallen, а и пропаста на Chronicles of Elyria, Ashes of Creation никако не придонесе за заедницата да си ја врати довербата во овој тип на финансирање MMORPG игри. Иако ризикот е апсолутно јасен кога станува збор за краудфандинг, не се многу тие што после неколку вакви неуспеси ќе се потрчаат да фрлат пари на нешто што нема да го дочекаат ни после пет години. Ashes of Creation во еден момент најде и издавач, ама и со него се баталија за сега Intrepid да се потпрат на самите себе. 

На мое огромно изненадување, студиото некако успеа да ја врати играта на оригиналната траекторија и тоа сред пандемија. Сериозно, не можам да се начудам и нарадувам на храброста и посветеноста на тимот на Intrepid што наместо да го батали целото ова, седна, засука ракави и се фати да работи. Од буквално никаков материјал од самата игра или информации за состојбата на развојот, почнаа конечно да покажуваат видеа и стримови со функционален гејмплеј и се спремни за првото алфа тестирање во декември 2020. Види, можеби работеле со истиот интензитет и изминативе години, ама никогаш не покажуваа доволно за играчите да се убедени дека навистина постои нешто повеќе од прототип и демо концепти. Кога ќе пропаднат игри на студија што исто биле така затворени и таинствени, сомнежот е сосема оправдан. 

Конечно, што е всушност Ashes of Creation, зошто да си возбуден како мене и кои беа амбициите чиј капацитет за малку ќе ја пропаднеа компанијата? Значи, Ashes of Creation е MMORPG со огромен отворен свет и разни фантастични раси, магии, чуда - прилично стандардна формула видена многу пати, ама! Светот во Ashes of Creation е можеби најдинамичниот до сега. Не е постојан и статичен како во другите слични игри од жанрот. Имено, секоја територија има нешто што се вика 'nodes'. Да ги викаме ноудови или јазли? Ајде нека се ноудови тогаш. Пази сега.

Секој таков еден ноуд преставува некакво населено место во таа територија. Пример, примитивен камп со шаторчиња каде што ти како играш одиш да земеш некакви си квестови кои ќе те испратат на следната авантура. Со секоја активност што ја правиш во територијата каде што се наоѓа тој ноуд, придонесуваш за неговиот развој. Ти, јас, сите играчи што сме таму - сѐ што правиме околу го левелира тој одреден камп. Кампот прераснува во мало село, кое нуди нови активности. Колку повеќе играме, толку побрзо нашите активности го развиваат во нешто поголемо. Прераснува во гратче, па тоа градче во огромна метропола. Секоја фаза на тој ноуд отклучува нови нешта и активности, како рејд инстанци и слично. 

Бидејќи играта вклучува повеќе различни раси, архитектурата на развиениот ноуд припаѓа на расата која најмногу придонела со активности. Премногу е јако ова, нели? Знам. Е, сега што се случува кога нешто ќе биде развиено до конечната форма? Па, ќе може да биде уништено во опсада од други играчи или трети сили. Тоа што си го изградил ќе мора да го браниш ако сакаш да ти трае. Концептот е предобар и затоа разбирам зошто на Intrepid им требаше толку време за технички да го изведат. А, не е ни единствениот штос во Ashes of Creation. Има и други работи што се динамични и можат да бидат придвижувани под влијание на играчите. Економија, трговија, целиот свет e планиран да овозможи огромна слобода која пример игри како World of Warcraft можеби никогаш нема да ја дочекаат.

Искрено стискам палци да успее ова. Системот на ноудови е комплексен и звучи зависен од бројот на играчи, а тоа пак е зависно од ефикасноста на системот и колку ќе успее да е интересен и разнолик. Ми доаѓа RIFT на памет со огромниот број на рифтови, инвазии и што уште не, ама пак таа механика беше значително помала од оваа што Ashes ја ветува. Се надевам дека Intrepid не штеделе на арт тимот за да не мора секогаш фазите на развој на еден ноуд да се идентични. Ете, замисли сме Орки што почнале да развиваат мали колиби во некаков џиновски град и ни го срушиле некои Гноми гнасни. После месеци го градиме пак и изгледа идентично како претходниот. Колку пати ќе биде ова интересно? Сакам да верувам дека ова нема да е проблем. Не очекувам процедурално да се генерира, ама барем да не се истите асети секој пат.

Што ќе се случи ако играта падне на 300 играчи еден ден или па некој сервер не успее да собере доволно играчи? Дали развојот на ноудовите ќе биде поспор или ќе биде некако оптимизирано во однос на учесниците? Не сум сигурен дека има одговор на овие прашања моментално, ама ќе почекаме до декември ако нешто успее да излезе на површина од затворената алфа. Возбуден сум. Немало ништо слично на ова, барем не волку големо. MMORPG свет кој секојдневно се менува во зависност од постапки на играчите ми е вечниот гејмерски сон. Никогаш претходно го немам видено волку блиску до реализација.

Ако Ashes of Creation успее да стане прибежиште на доволен број играчи, сигурен сум дека има шанси да го ревитализира жанрот и да поттикне нови наслови што ќе се трудат да се иновативни. Ова е последната надеж за жанрот. Не ни треба нов World of Warcraft клон, ни треба нешто ново, свежо и со проникливи идеи. Нешто што можеби и Blizzard ќе ги инспирира да се исчекорат од удобната неинвентивност каде што се заглавени експанзии наназад. Се надевам дека неочекуваниот камбек на Intrepid стварно го има капацитетот што го презентира последниве месеци. 

Она што може да се види сега од Ashes of Creation е преубаво. Дизјанот и опсегот на териториите, пејзажите, гејмплејот на разните класи и општата естетика е супер-привлечна. Ги гледам стримовите на Intrepid, почнаа да си го полнат нивниот ЈуТјуб канал со содржина. Сето она што не може да се долови со текст, го има таму. Сега кога веќе објавувањето на Ashes of Creation личи повозможно од било кога, може да почнеме со хајпот. Во најдобар случај, ќе има некоја отворена бета некаде во 2021. Моментално пристапот до алфата е прескап, а и местата за првата фаза се веќе пополнети. До тогаш, се надевам дека ќе имаме прилика да ја испукаме барем Corepunk, уште една MMORPG игра што изгледа исклучително забавно, а би требало да се појави бета до крај на 2020.

October 17, 2020

Зараза на месецот: Hades

Не очекував дека мала инди игра може да застане измеѓу мене и актуелниот pre-patch на Shadowlands. Повеќе очекував да ме спречат серверите на Blizzard кои прекинуваат со функција секогаш кога има нова содржина, како што е баш случај и во моментов. Иако игрите на Supergiant се нешто помалечки во однос на оние произведени од гореспоменатите господа, упорно се истакнуваат како џиновски ремек дела. Таков случај е и новиот акционен RPG наслов Hades. Излезе минатиот месец и еве не можам да прекинам да играм.

Сместена во Подземјето од грчката митологија, Hades те става во улога на Загреј, синот на Хад. Загреј упорно се обидува да избега од Подземјето, а и од самиот Хад, со цел да стигне на врвот од планината Олимп. Практично, го играш патот до таму кој е составен од компактни стази чија содржина од типот на присутните непријатели и награди е процедурално генерирана. При секој следен обид да му ја здуваш од задгробјето и напорниот Хад, патот до Олимп е различен од претходниот. 


Што значи тоа нов обид? Значи дека ќе умреш многу, многу пати додека пробуваш да избегаш и дека секогаш играта ќе те враќа на почеток, а и ќе ти земе речиси сѐ што си успеал да прибереш. Во техничка смисла, Hades многу удобно се потпира на елементи од rogue-like жанрот, меѓутоа дебатата завршува со заклучокот дека е сепак rogue-lite, диеталната варијанта на жанрот. Иако знае да ти намести и похардкор сопки, постепено ги балансира предизвиците со моторните вештини кои ги учиш како играч и моќите што Загреј ги стекнува. 

Не е некоја лесна игра, ама никогаш не е ни "ќе го шутнам телевизорот, ќе ти ебам и игра и све" тешка. Не сум љубител на Dark Souls за да го искористам серијалот како бенчмарк, ама еве полесна ми е од Cuphead ако ти значи нешто, на пример. Некогаш непријателите се многубројни, а полабави, некогаш се еден-двајца што ќе ти зададат незаборавна болка во газ, а некогаш ќе успееш да пројдеш стаза и нема ни да приметиш кого сѐ си распукал со штитот како некојси древен грчки супер-војник. Како ќе ти се погоди. Повремено ќе гинеш и во ситуации за кои си сигурен дека имаш вистинска стратегија.

Но, награден си кога ќе умреш. При секој пропаднат обид да избегаш од Подземјето, вратен си на почеток, во Ќуќата на Хад, каде што те пречекуваат разни ликови од грчка митологија и низ дијалози ти ја движат приказната нанапред. Секогаш кога ќе умреш се случува нешто ново и различно, па така што си на некој начин Hades ќе ти надомести за неуспехот и евентуалните фрустрации. Тепачките и контролата на Загреј е мазна, флуидна и со бројните комбинации на оружја и моќи, никогаш нема да ти се смачи.

Откако ќе се промафташ низ Ќуќата на Хад, ќе збориш со сите со кои можеш да збориш - спремен си за следниот обид. Ако си имал среќа да присобереш некоја валута што не ти се губи после умирање или подарок од некој од боговите и божествата кои ги среќаваш по пат, можеш и малку да се зајакнеш. Играта нуди шест оружја кои постепено ги отклучуваш и надоградуваш, го бираш тоа што највеќе ти одговара и цепаш. 


Најинтересен момент од целата игра ми е механиката со која стекнуваш моќи и подобрувања. Ти траат само за тој обид и ти се губат откако ќе те утепаат секако, ама комбинациите се толку многу што ретко ќе можеш да налеташ на иста или прилика да склопиш иста. Имено, во секоја "одаја", како што Hades си ги нарекува стазичките, може да сретнеш неколку видови на награди кои те прават подобар и ти ја дефинираат стратегијата за тој обид. Немаш класичен "билд". Што и да склопиш ти трае привремено и мора да се трудиш да си максимално ефикасен со тоа што ти е на располагање.

Некогаш тие награди се некакви валути кои може да ги трошиш назад во Куќата на Хад или ако во следната одаја налеташ на Харон кој може да ти продаде нешто корисно. Но, некогаш можеш да налеташ и на божество чиј благодет е избор на една од три понудени моќи. Повеќето од тие богови и божества кои ги среќаваш ти нудат и трајна награда во замена за реткиот нектар, а дополнително и нов дијалог кој ја обогатува приказната. 


Покрај тоа што Hades има супер-заразен гејмплеј, изгледа и преубаво. Сите игри на Supergiant имаат феноменален арт, ама додека не ја играм Pyre, мислам дека оваa ми е врвот. Дизајнот, стилот, цртежите.. Hades на моменти личи како Hercules на Дизни да поминува низ некаков Генди Тартаковски кошмар. Ми се свиѓа и што пристапот им е поуникатен. Многу е лесно во игра инспирирана од грчка митологија да се потпреш на древен грчки стил и играта да ти изгледа како вазна. Apotheon веќе го направи тоа за сите игри и доволно беше.

Прекрасно е да се биде во играва, во секој случај. Амбиентот е неповторлив, приказната е забавна, едноставна, има еден куп хумор и е одлично презентирана. Ќе умреш, ќе си помуабетиш со ликови и ќе си дознаеш нешто ново. Не знам колку од ова е прецизно плански ти се сервира, ама е генијално. Супер е дозирано за и после дваесет и кусур саати приказната уште да не ти ја раскаже. Некогаш не мораш ни да умреш, ќе го сретнеш Сизиф или некој друг случајно по пат и ќе ти дополнат некој детал. Музиката е врвна исто, баш додека го пишувам ова ми свири саундтрекот и вака надвор од игра ми звучи уште подобро. Тука е можно да чув и бузуки во повеќе наврати, не знам. Постои ли дисторзирано електрично бузуки? Сигурно постои.

Supergiant ептен другарски ја тераат Hades. Внимателно ја слушаат заедницата и прават промени предложени баш од публиката кои дополнително ја дотеруваат играта. Штета што не е планирана некоја поголема нова содржина, ама којзнае. Сепак, дури и ако успееш да избегаш до Олимп, играта не ти завршува. Има многу, многу обемна содржина. А, и да ти заврши, следното играње сум сигурен дека ќе е различно искуство. Уште не можам асално да се прешалтам на друга игра. Сигурно е прашање на денови кога Азерот пак ќе ме прибере, ама еве до тогаш ќе се обидувам да киднам од Подземјето.

October 10, 2020

Двете сезони на The Boys

Ах, серии. Да си досркаме што остана годинава зашто во 2021 тешко да има било што ново. Не дека последниве години се претргнав од занимавање со серии, ама оваа изгледав неколку од поновиве со кои сум крајно задоволен. Можеби нема во брзо време да се окуражам тука да ја дискутирам брилијантната Dark без спојлери или емотивниот финиш на BoJack Horseman, ама ете решив дека The Boys нема да ми се слизне како лани без да ѝ ја искажам љубовта. Океј, реално првата сезона тогаш и не ме допре нешто премногу, ама вторава ме извозе толку добро што пак успеав да ја изгледам и првата. Многу подобра на второ гледање, ете ти.

The Boys го адаптира истоимениот стрип на Гарт Енис, жива легенда, автор на култниот Preacher, најдобриот The Punisher воопшто печатен во историјата на светот и еден тон други наслови што како и The Boys не ми стигнале на ред за читање. Можеби сега после серијата и не е така лоша идеја да се фати нешто од неговата пропуштена библиографија во рака. Во The Boys Енис создава свет каде што суперхероите се најголемите ѕвезди, со огромна приватна корпорација зад нив која се грижи за нивниот менаџмент, имиџ, односи со јавност, па и начинот на кој си вршат работата. 

Седумчлениот внимателно брендиран суперхеројски тим се главна атракција која е речиси постојано присутна во медиумите. Гостуваат во ток-шоуа, црвени теписи, билборди, имаат сопствени филмови, играчки, реклами... Паралелно со живеењето на овој "холивудски сон" прават и некакви херојски дела, но позади целиот гламур што ја заслепува јавноста се крие злоупотреба на моќ, корупција, местенки, повременото намерно и ненамерно убивање на недолжни граѓани и низа глупости кои не би требало да се својствени за таков суперхеројски архетип.

Во срцето на приказната е една мала група обични луѓе која живее со последиците од таквите немарни постапки на овие суперхеројски шупаци и бара одмазда. А, кога се паралелно ќе решиш да војуваш против натчовечки битија и моќна злобна корпорација, секое средство во твоја полза е добредојдено без оглед на неговата природа. Дечките се силно мотивирани и спремни на работи кои неретко се на слична морална линија со онаа на нивните суперхеројски непријатели, ама е невозможно да престанеш да навиваш за нив.

Серијата не се воздржува од ништо, а најмалку од експлицитно насилство и приликата на сатиричен начин да закачне и деконструира неколку холивудски, па и глобални трендови. Некогаш дури третира и актуелни светски случувања на сопствен шармантен начин, правејќи ги дел од универзумот во кој опстојува. Па така, не ги одминува ни суперхероите на Marvel и DC, кон чија доминација на стриповскиот пазар и самиот Гарт Енис последниве години изразува негативни чувства, ни движењата како #MeToo и исфорсираниот диверзитет во поп културата. 

Секако, некои почуствителни теми имаат повоздржан третман за како не би било погрешно протолкувано дека серијата завзема "погрешната" страна, ама еве втората сезона истражува некои концепти дури и поризично од што може да се очекува во 2020. Одлично успева да се балансира на линијата помеѓу критика и умилкување.

Иако можеби некогаш така знае да заличи, The Boys е далеку од комедија или пародија. Често знае гадно да замрачи, да те изненади, шокира и вознемири. Материјалот е таков, завзема и посериозни правци, не знам дали и изворниот е до овој степен, ама ова оди на места кои не сум ги сретнал претходно во ваков контекст ни кај автори како Марк Милар и Алан Мур. Без оглед на тоа што вклучува супермоќи, серијата е воглавно поприземјена од многу остварувања кои се занимаваат со "поалтернативни" интерпретации на суперхеројски концепти.

Карл Урбан е еден од најпотценетите актери на денешницата. Очигледно ако му легне ликот може максимално да ги исцрпи неговите општирни актерски капацитети, за чиј доказ е финалето на втората сезона. Дајте му го пак Dredd, аман, никогаш не сум видел актер да е толку ентузијаст за таква улога. Низ целите две сезони има неверојатна хемија помеѓу него и останатите актери, особено оние кои ги глумат ликовите на неговите непријатели. Ентони Стар е со исто врвен перформанс. Често се во клинч со Карл Урбан за чие присуство ќе ја украде цела сцена. Милина за гледање.

Остатокот од екипата иако не ми е познат од никаде е исто феноменален. Не знам кои се луѓево, ама се супер уиграни и постојано се надополнуваат. Младиов дечко Џек Квејд е одличен како Хјуи. Интересно е што тоа е лик од стрипот физички базиран на Сајмон Пег, па серијата оддава почит кон него со мала улога - го глуми татко му на Хјуи. Единствено Аја Кеш ја знаев сега во втора сезона од You're the Worst, серија што скроз сум заборавил дека постои, а сум гледал сезона-две.

The Boys ќе има и трета сезона кога ќе се стабилизира светот, барем така е планот зашто завршува со малку подотворен крај. Се надевам дека нема да поминат повеќе од две-три години до тогаш. Во време кога класичните суперхерои го напуштаат центарот на поп културата, The Boys прави логичен чекор кон ваков свеж и уникатен третман на жанрот. Сигурен сум дека има и други добри серии последниве години, ама оваа не е од тие што треба да се пропуштат.

Види такоѓе:

September 10, 2020

Gundala, првиот голем индонезиски суперхеројски филм

Појма си немам од индонезиски филмови. Ги имам гледано само двата The Raid и со нив завршува моето познавање од тамошната кинематографија и продукција. Ланскиот Gundala ми беше уште едно ново искуство што пред сè ме привлече со неговата симпатична амбиција да се наметне како индонезиски одговор на холивудските суперхеројски блокбастери. Намерата е толку сериозна, што студиото кое го продуцира Gundala, со овој филм го означува и почетокот на нов филмски универзум, BumiLangit Cinematic Universe - сочинет од адаптации на разни индонезиски суперхеројски стрипови за кои не сум знаел дека воопшто постојат.

Откако западниот суперхеројски бран го достигна зенитот со Avengers: Endgame и веројатно никогаш нема да се повтори со ист интензитет, бев љубопитен да видам колку спектакуларно би можело да изгледа нешто како Gundala и дали индонезијците имаат потенцијал да си создадат нешто слично. Сепак, Gundala, иако е шармантно филмче, има еден куп проблеми кои некако упорно го сопнуваат кон приближувањето до квалитетот на холивудски пандани. Не зборувам за продукцијата, филмот е сосема пристоен во таа насока, туку за бројните утки во самиот начин на раскажување и реализација на приказната. 

Филмот почнува добро и успева за многу кратко да те вметне инвестиран во случувањата. Санчака е едно мало дете кои ги губи родителите во непријатни околности и е приморан да преживува по улици. До некаде стандардна суперхеројска приказна, баш по терк на многу од хероите карактеристични за DC и Marvel. Санчака има и некоја тромаво објаснета супермоќ што ја добива од молњи, па може да испукува некое слично електростатично празнење, а и опширна палета на борбени вештини кои ги учи на улицата. Иако влезните параметри на филмот се релативно стандардни, како што тече сè повеќе му паѓаат на земја идеите со кои се обидува да жонглира.

Никогаш не е јасно кога и каде се случува филмот бидејќи преставената околина и тон се упорно неконзистентни. Некогаш личи на мизерна дистопија, па потоа сервира нешто што изгледа модерно и е слично со денешниот свет, барем пред пандемијава. Филмот ретко успева да се одлучи за едно нешто и да го истера до крај. Еден од најголемите проблеми му е тоа што приказната, особено делот со главниот негативец, ја билда етапно во различни насоки и никогаш не утврдува едно нешто како закана. А, кога ќе го открие големиот главен злобен план против кој Гундала треба да застане, веќе си изгубен. 

На моменти мислам дека премногу се труди да биде Batman Begins. Слично темпо, повремено и тон, ама со едвај некаков емоционален мост помеѓу главниот херој и публиката. Малку како да заборава дека сите знаеме кој е Бетмен, адека никој не знае кој е Гундала, и притоа не се ни труди да те спои со ликот што е во центарот на приказната. Сакав да видам многу повеќе од овој лик, да видам подлабока поврзаност помеѓу неговото минато, денешната борба и мотивите, а не случајно херојствување во ситуации кои му се појавиле по пат. Никогаш јасно не ја видов таа точка кога возрасниот Санчака станува Гундала.

Желбата и стремежот на филмот се пристуни за баш таков третман, меѓутоа аматерската изведба го прави сето тоа излишно. Експозицијата, која е најчесто една реченица што изгледа како додадена во последен момент по некое финално препрочитување на сценариото - воопшто не помага да се зајакне интегритетот на раскажувањето. Можеби луѓе кои се запознаени со ликот целото ова го доживуваат многу поразлично.

Често пати некои од работите се избрзано објаснети, како цели фрагменти од приказната да се препрека од која филмот брза да се ослободи. Ни дијалозите некогаш немаат природен тек, туку ликовите само нарираат информации кои би биле многу поефективни доколку се раскажани со малку повешт филмски јазик. Помалку зборување, повеќе кажување. Не знам каква е индонезиската публика, ама Gundala ја третира како да се група дебили што тотално не е кул. Филмот не е цртан филм, има прилично насилна акција да е насочен кон деца, па некако ќе очекуваш дека и сценариото ќе е малку посозреано. 

Жалам што добар дел од овој кул концепт за ваков херој претежно функционира толку тромаво. Не знам дали се должи на поинаква филмска школа која се труди да имитира нешто странско или едноставно толку бил капацитетот. Што е штета, бидејќи филмот има стварно супер осет за акција и фина кореографија на тепачки, повеќе сетови одошто зелено платно, одлични актери и пристојна режија и фотографија. Не е Iron Man, ама па не е ни Justice League. Проблемот е што материјалот за многу подобар филм веќе е во филмот, само да се исечат некои сцени и малку да се преуреди.

Сепак, ако сакаш да видиш како изгледа вакво нешто, препорачувам. Не среќаваш секој ден суперхерои од Индонезија. А, кога не изводи, знае да биде супер забавен филм. Како да гледаш нешто од 90-ти е. Што знам, ко Steel со Шек или The Phantom со Били Зејн, тоа ниво на забава е. Проблематично ми е тоа што продукциски изгледа како класи над нив и има далеку поголем, за жал, неискористен потенцијал. 

Баш ме интересира иднината на овој BumiLangit Cinematic Universe и дали ќе успее да се оформи. Би гледал уште едно вакво. Не знам ни колку се популарни овие ликови таму денес, ама со оглед на тоа што има некаков нискобуџетен Gundala филм од пред неколку децении кога истоимениот стрип бил многу популарен, ама ќе претпоставам дека уште имаат барем локална голема публика која ги цени и им се радува.

September 6, 2020

Филм на неделата: The Ballad of Buster Scruggs (2018)

За некој што тврди дека е голем фан на браќата Коен, некако многу лабаво го игнорирав The Ballad of Buster Scruggs речиси две години. До тој степен што некогаш кога ќе налетав на насловот бев изненадно затекнат од неговото постоење. Неделава The Ballad of Buster Scruggs конечно се осигура никогаш да не го заборавам, па и два пати да го изгледам во рок од неколку денови за поубаво да си ги утврдам впечатоците. Сега ме намести и пред комплицирана мисија - да пробам респективно да го доловувам без спојлери.

The Ballad of Buster Scruggs е антологиска збирка од шест кратки вестерн приказни кои немаат баш допирни точки, но на сличен начин романтизираат некои автентични аспекти на Дивиот Запад. Некои од нив се занимаваат со неодоливо карикатуризирање на каубојски преданија и тропи, други истражуваат некои помрачни и посериозни слоеви од тој свет, па можеби ќе те изнесат на кратка пауза за да ги испроцесираш. Уште од првата приказна за распеаниот весел пиштолџија Бастер Скрагс, ти станува јасно дека оваа збирка има неконвенционални наративни правила, а и дека не се воздржува да те испука неспремен. 

Втората приказна "Near Algodones" следи слична формула, со малку порелаксиран тон и солидно време потрошено на оддавање почит кон разни вестерн тропи и школи. Веројатно кога правиш вестерн антологија некако природно ти доаѓа на почеток да си поиграш со најпрепознатливите елементи на жанрот, особено оние што се најкарактеристични за шпагети вестерни од кои еден куп клишеа се засекогаш втемелени во поп културата. Така "Near Algodones" раскажува една забегана приказна за грабеж на банка при кој работите стануваат упорно полоши и полоши за главниот харизматичен јунак. И, таман ќе се опуштиш, ќе те зашиба со нешто неочекувано на следниот свиок.

Некогаш пак некои пресврти ќе успееш да ги насетиш, ама до тогаш ќе се надеваш дека не си право. Често немилосрдната природа на приказните и тогаш ќе најде начин да ти покаже среден прст. Ептен кул. Ми се свиѓа тоа што како што течат сите овие шест приказни, тонот постепено ја губи ведрината и почнува да цапа во поматни вирчиња. Дури и кога ветува одмор на една раскошна ливада со Том Вејтс во феноменалниот "All Gold Canyon" сегмент, базиран на приказната од Џек Лондон, пак некако не успеваш да си раат. 

Секој од овие шест делови е преубаво режиран и очигледно е дека браќата Коен внимавале на најситни детали. Има феноменална кинематографија и локации кои се сомневам дека се вистински, ама одлично се вклопуваат со наративите кои суптилно флертуваат со надреалното и фантастичното. The Ballad of Buster Scruggs никогаш не се наметнува како дело кое се сфаќа себеси пресериозно и си дозволува полежерни аватури, без оглед што тонот не им е секогаш највесел. Не е True Grit, ама одлично е. Има и ветерански актерски имиња чие присуство ме изненади во неколку наврати. Некои не очекував дека ќе ги затекнам баш тука.

Морав да го гледам пак цело ова. Последната приказна "The Mortal Remains" можеби најмногу заслужува второ гледање, а претпоставувам дека е и така замислена и конципирана. Лесна е за превидување и разбирање, ама многу симпатично се обидува да ти го одвлече вниманието за да си го спроведе трикот што мораше да биде испочитувано со прегледување. Некои детали од целото тоа можеби и ќе ги пропуштиш на првото, особено ако уште ти се натежнати импресиите од претходната, исклучително емотивна "The Gal Who Got Rattled". Ќе си помислиш дека "The Moral Remains" намерно те пречекува расеан после таква дистракција.

Омилен дел од The Ballad of Busters Scruggs ми е "Meal Ticket" со Лиам Нисон и Хари Мелинг. Парче кое е можеби најмногу независно од сетингот, речиси безвременско. Сите приказни овде за релативно кратко време успеваат да ја воспостават таа емотивна конекција помеѓу ликовите и публиката и исходот е секогаш ефективен. Но, "Meal Ticket" се труди да создаде една покомплексна, нијасирана врска каде што е најмногу евидентен тој сензибилитет карактеристичен за браќата Коен. Во моментот кога ќе почнеш да сочуствуваш со ликовите и да бараш смисла во нивното платонско другарување, едноставната приказна е претворена во зашибан ролеркостер кој застанува во моментот кога е речиси целосно распаднат.

Тој неповторливив разорен тон на "Meal Ticket" некако ми го двои ова од целината како сегмент што долго ќе ми се врти во глава и повремено ќе ме вознемирува. Тука ми стана јасно дека оваа антологија е ништо помалку од ремек дело, дури и ако не котира којзнае колку високо во однос на традиционално долгометражните остварувања на Итан и Џоел Коен. Иако форматот на The Ballad of Buster Scruggs е различен, раскажувачката моќ и вештини за создавање на подвижни слики на браќата се присутни во целост. Уште не ми е јасно како сум успеал да го пропуштам ова.

Види такоѓе:

August 27, 2020

Бетинсон

Додека постепено забораваме како изгледаа кино салите, DC деновиве распука со најави кои ветуваат возбудлив помин во некојa евентуална пост-пандемиска реалност. Меѓу купот вести изминатава недела се појави и првиот трејлер за The Batman, кој се надевам дека ќе имаме прилика да го дочекаме лабаво натопорени во кино со кофа пуканки. Филмот е далеку од готов, снимањето е прекинато и би требало да продолжи следниот месец, ама материјалот во трејлерот е очигледно сосема доволен за да го долови општиот амбиент и изгледот на новиот Бетмен. 

Мет Ривс, режисерот на The Batman, иако има квантитативно скромна кариера, филмовите на кои е потпишан воглавно се успешни. Некои прераснаа во франшизи, а War for the Planet of the Apes ми беше еден од омилените во 2017, па имам каква-таква доверба дека е доволно кадарен за пристојно да го 'рестартира' Бетмен. Можеби дополнителна сигурност влева и тоа што Мет Ривс во новиов филм наводно се стреми да го потенцира детективскиот аспект на Бетмен и да го вклопи во некакво neo-noir опкружување. Нема подобро место од Готам за таква приказна.

Трејлерот не открива премногу, ама може да се насетат некои моменти што се поклопуваат со оваа визија. Последниот Бетмен што го видовме на големо платно беше малку постриповски обликуван и покрај обидите на Зек Снајдер да го прицврсти во реалност. Бетмен на Мет Ривс изгледа многу поблизок до оној на Нолан. Не само што Роберт Петинсон глуми помлада верзија на Брус Вејн кој е во втората година од бетменувањето, туку и предизвиците со кои изгледа дека ќе биде соочен не доаѓаат од страни светови и димензии. Веројатно не можеш да имаш детективски Бетмен што шамара магични парадемони.

Интересен е пристапот за Ридлер, највозбуден сум за него тука. Години наназад се надевав дека ќе го видам како негативец во нов Бетмен филм. Во филм што повеќе личи како да е навален кон  реалниот свет, ваков Ридлер би можел супер да се вклопи. Не му треба зелен спандекс со прашалничиња за да биде психопатот кој што е, задоволен сум како The Batman ја создава таа дистанца со покласичната стриповска естетика на ликот и намерно или не, позајмува модни методи карактеристични за Daredevil серијата каде што повеќето ликови не беа преоптеретени за тоа како се облекуваат. Сигурен сум дека во некоја точка од филмот ќе го видиме како 'целосен' Ридлер, ама ваков како сега делува позаканувачки од било кога и покрај тоа што малку потсеќа на Хаш.

Покрај Ридлер, The Batman најавува и неколку други негативци како Кетвоман и Пингвин (не го познав Колин Фарел), ама препоставувам дека нивната улога е помала и веројатно примарната цел е да најави потенцијални продолженија. Три негативци би можеле лесно да го дефокусираат целиот наратив, па се надевам дека нема да е толку гужва во крајниот продукт. Има некои гласини и за мистериозните Court of Owls како негативци во некое следно продожение, па некако повеќе навивам за тоа. Таман да се врзе и тоа со тазе најавената игра Gotham Knights
 
Кога првпат го најавија Петинсон како Бетмен и Брус Вејн, имаше една шака публика што за него знаат само од Twilight, па се надевам дека трејлеров малку ќе им ги успокои неупатените душички. Петинсон денес е докажана актерска величина, далеку од сенката на тинејџерските вампирски романси. Гледај го ланскиот The Lighthouse и ќе ти стане јасно дека има огромен капацитет за да износи помлад Бетмен и Брус Вејн. Ако Мет Ривс стварно сака да го воспостави тој баланс меѓу акција, детективски трилер и приказна за млад истрауматизиран дечко што се труди да се вклопи во Готам облечен како џиновски лилјак, ова е актерот што изгледа соодветно. Одлично доловува мотивиран Брус Вејн, ако може да се суди по тие неколку секунди во трејлерот.
 
Ми се свиѓа и новиот бет-костим. Изгледа рачно прикрпен, со попримитивна технологија, баш како што би носел млад Бетмен. Многу погруб од оној во Batman Begins. Дури и новиот Бетмобил е таков, скрпен доволно за да биде ефикасна алатка. Само не сум најголем фан на симболот што го носи на гради кој е направен од пиштолот со кој се убиени неговите родители. Не знам колку ова е инспирирано од приказна на Кевин Смит, ама пак има некоја слична детска наивност во обидот за дополнителен симболизам. Знам дека е само детал што можеби нема ни да се гледа, ама упорно го боцка моето модно око.

Вистински чуден кастинг ми е Гордон. Знам дека филмската индустрија неприкинато форсира диверзитет и Џефри Рајт е феноменален актер, меѓутоа изгледа како подобар избор за Лушс Фокс отколку за Гордон. Сигурен сум дека одлично ќе се снајде во улогата, ама причината за кастингот е повеќе исполнување на политички инспирирана квота отколку соодветен талент. Па, уште кога ќе ја превземе комесарската функција од бел корумпиран маж на крај на филмот, расизмот во светот инстантно ќе биде искоренет..

Се радувам за The Batman. Сакам да гледам нов Бетмен и да си фрлам пуканки во фаца во кино. Штета што Бен Афлек никогаш не дочека самостоен филм. Возбудата околу трејлерот ме потсети на добрите стари денови пред 2020 кога ваквата мејнстрим забава ја земавме здраво за готово. Се надевам дека светот нема да стане уште полош, па интересот за поп култура да се претвори во подзаборавен луксуз. The Batman е најавен за октомври 2021, а во меѓувреме конечно ќе излезе четиричасовната верзија на Justice League народски позната како "The Snyder Cut". Не верувам дека ќе успее да го поправи тоа лајно од филм, ама да сме здрави и живи, па ќе видиме.

Види такоѓе: