June 24, 2009

Star Wars: Darth Maul (стрип)

Darth Maul ми е еден од омилените ликови од новата Star Wars трилогија, а верувам и на повеќето фанови. Налетав на Star Wars: Darth Maul мини-серијал од четири броја што мора да го споделам тука, иако не е ништо посебно, но некако успеа да пројде кај мене. Деновиве пак правев Star Wars маратон, па сега си барам нешто ново за читање.

Значи, дејствието е сместено краток период (шест месеци) пред настаните во Episode I: The Phantom Menace, кога речиси никој незнае за постењето на Ситовите. Darth Maul добива наредба од Darth Sidious да направи покољ во редовите на криминалната организација Black Sun, која постои неколку стотици години. Darth Maul со штотуку завршен тренинг, двоен лајтсејбер и фраерски брод (Sith Infiltrator) тргнува да го изврши тоа што му е наредено. Искрено, освен профит не гледам којзнае каква поента во серијалов. Доколку идејата била да покажат колку е Darth Maul моќен, злобен и послушен, сигурен сум дека можеле да најдат некоја подобра приказна. Веројатно ќе треба да си побарам некои други стрипови од периодот со Darth Maul...

Стрипот е издаден во 2000 година од Dark Horse Comics. Клик тука за даунлоуд.

June 22, 2009

Легендата за Tomb Raider: Legend

Очигледно некои игри никогаш нема да ги завршам и Tomb Raider: Legend е една од тие. Скоро година откако ја почнав и веќе некое време сум на две мисии пред крај. Обично ваквите добри игри намерно ги играм споро, за уживањето да ми трае подолго, бидејќи ретко кои игри сум ги играл втор пат од почеток до крај.

По година дена бавно "уживање" во Tomb Raider: Legend, мислењето за играва ми остана исто. Ова е најдобрата игра за PlayStation 2 и најдобрата во Tomb Raider серијалот. Legend успева да ги достигне сите нивоа на совршенство кај една игра, од графика, до игривост и приказна. Лара Крофт трага по Екскалибур, низ осум долги мисии насекаде во светот, од древни храмови во Боливија, преку покривите во Токио и Хималајските снегови, па се до гробницата на Кралот Артур каде што сум јас моментално заглавен од декември минатата година (немав играно 6 месеци). Преубави предели, одлично изработени со куп препреки на кои заглавував со саати, за да отворам една мочана врата. Низ мисиите Лара е во постојан контакт со помошникот од Британија, проследено со културен број на сцени кои ја збогатуваат приказната и дозволуваат да земеш здив од постојаното трчање и скокање.

Лара никогаш не изгледала подобро, Karima Adebibe е дефинитивно најдобриот модел за ликот, не ми е јасно зошто мораа да ја сменат за новиве игри. Не дека нешто и фали на девојката од Tomb Raider: Underworld (последната игра од серијалот, излезе минатата година), но Карима одговараше совршено и не изгледаше како ефтина порно ѕвезда.

Летово не ми останува ништо друго, освен конечно да ја завршам Legend за да можам да ги играм последниве две Tomb Raider игри што излегоа за PS2. Не знам каква е верзијата за PC, не се сомневам во квалитетот, но Tomb Raider најмногу ми го прави ќеифот на PS2. А, имам спомнато дека причината поради која купив PS на времето беше Tomb Raider III?

June 16, 2009

Terminator Salvation (2009)

Викендов конечно го гледав Terminator Salvation, и тоа во кино. Веќе два дена се обидувам да напишам нешто за филмов и некако не ми оди ко што сакам. После неколку згужвани драфтови, саати размислување и враќање сцени од Salvation, дојдов до следниов заклучок: Terminator Salvation е океј. Ништо повеќе, ништо помалку, но секако далеку подобар од Terminator: Rise of the Machines.

Да, поразличен е од претходните, има CGI Шварценегер, се случува по Судниот Ден, го има Бејл... Да немаше Terminator во насловот, ќе беше совршениот Б-филм. Интересно е тоа што конечно ја видовме војната меѓу машините и остатокот од човештвото, за која толку се зборуваше во претходните делови. Приказната не беше толку лоша, само што на моменти ми се виде премногу хаотична и тешка за следење, веројатно поради тоа што некои ужасни сцени ми го одвлекуваа вниманието што неколку минути после нив не можев да прекинам да мислам на ништо друго освен на грчевите во стомакот.


Исфорсирани акциони сцени, тон непотребни експлозии и ефекти - не прават добар филм. Го угушиле филмот со вакви глупости, а од напнатоста која беше карактеристична за првите два дела, ни трага. Покрај тоа, имаше повеќе од доволно модели на Терминатори, ко што вика еден другар, фалеше уште був Терминатор.

Ајде малку за приказната. Џон Конор е клучна фигура во Отпорот кој се бори против машините. Пораснат е со снимките на мајка му Сара Конор (гласот го позајмува Линда Хамилтон, нормално) која зборува за иднината и што треба да направи за да ги исправи работите. И тука доаѓаме до делот каде што го бара татко му, Кајл Рис (преведен како Кили; со кој памет, неписмени едни?), тинејџер кој потсеќа на младиот Џон Конор од Т2, кој треба да го испрати во минатото за да се случи најголемиот темпорален парадокс во историјата на филмовите.

По низа настани и купишта CGI сцени со млатење роботи, доаѓаме до делот каде што се крчкаат новите T-800 машини кои верувам дека ќе бидат клучен дел од следното продолжение во 2011. Од муабетите до сега, Роберт Патрик изјавил дека сака улога во следниот дел, па баш ќе ми биде мило ако успеат да го изведат тоа некако.

Негде тука ќе завршам, со тоа што ќе кажам дека воопшто не е лош филмот, можеби е малку празен, но остава простор за да се погледне уште еднаш, и тоа во кино, зошто знаеме дека Рамстор тупат со исти филмови со месеци...

June 11, 2009

Futurama се враќа!

Good news, everyone! Futurama следната сезона ќе се врати на Comedy Central со нови 26 епизоди! По четирите долгометражни филмови кои беа издадени директно на ДВД, конечно се сетија дека серијата и е потребна на публиката, а со новите епизоди Futurama ќе добие и нови фанови.

Значи, по шест годишна пауза (никогаш не ми беше јасно како можеа скинат толку добра серија), Futurama повторно на телевизија. Подобри вести деновиве, амин. Редовно си гледам Futurama секоја пролет, маратонот со рендом епизоди за годинава ми заврши, па конечно сега ќе седнам и ќе ги изгледам филмовите на раат, зошто само првиот го имам гледано.

По враќањето на Family Guy и Futurama, мислам дека редно време е да се направи нешто во врска со Firefly...

June 9, 2009

Friday the 13th римејк: Ништо ново во шумата на Кристал Лејк

Искрено, одамна ми е пукнат филмот поради бранот на римејци на стари филмови кој беснее без престан изминативе неколку години и сум преморен да мрчам за тоа. Речиси секој ден читам за нов римејк и сум згрозен. Очигледно Холивуд се наоѓа во некаква креативна метастаза од која нема излез. Наскоро ќе направам една листа на филмови кои ќе добијат римејк, чисто за да се посмееме (или да се расплачеме).

Friday the 13th римејк можеби и не е толку лоша идеја, со оглед на тоа во која безизлезна состојба се најде серијалот по катастрофалниот Jason X. Е, сега, во што е главниот проблем? Како за почеток, ќе кажам дека овој жанр на хорори одамна си го "искасапи" своето, пред некои 20-30 години и едноставно не функционира денес како тогаш. Од златното доба на slasher хорорите, па до денес, видовме милион литри крв инспирирани од филмовите кои го започнаа жанрот и сеуште стојат како цврсти столбови. Видовме уште толку трансформации на хоророт како жанр (Saw е добар пример за ова), и доаѓаме до заклучок дека филмови како Friday the 13th денес не делуваат исто на психата на луѓето како во времето на оргиналниот филм. Значи, конечен одговор - slasher хорор жанрот е мртов. Tочка.

Новиов Friday the 13th не нуди апсолутно ништо ново и невидено. Знаеме кој ќе умре, знаеме кој ќе преживее, знаеме колку е болен Џејсон и што може да направи. Филмот е преполн со клишеа, плитко сценарио и лоша глума. Единствено цицките се подобри од оние од осумдесетите, а рака на срце, не може хорор без цицки, мора и тинејџерската публика да има на што да се смешка под мустаќ во кината низ Америка. Покрај сето ова, филмот е забавен. Позабавен од другите хорор римејци кои успеав да ги гледам. Најверојатно поради тоа што симпатично ги инкорпорира сите елементи кои ги прават првите три дела интересни.

Иако би го одбрал оргиналот, и новиов може да добие шанса со добро друштво и ладно пиво. А, да. Ќе има и продолжение за две години...