April 26, 2014

Днотo на Californication

Californication ме освои со, не знам, првите две епизоди? Пет сезони ги спукав за една недела, некои ги гледав и по повеќе пати. Цврсто се засади на мојата листа со омилени серии и остана некаде таму до шестата сезона. Некако изгураа и тогаш, со истата формула додуша, ама па и Меги Грејс од друга страна... Моментално во тек е седмата, последната сезона, и сакам да прашам, што е со овие срања!?

"Тапа е..."

Californication има ист шаблон на кој се потпира целото постоење. Хенк и Карен се сакаат, ама нешто упорно застанува измеѓу нив. Хенк е пијандура и зависен од секс со сè што има вагина, со сила има некоја работа во шоубизнисот и обавезно е соочен со (надреден) лик што му парира со карактерот. Таман кога треба да им тргне, баш во тој момент, баш во финалето од сезоната, целата работи ќе се скрши, додека не почне следната сезона. Циклусот се повторува. Единствено што отскокнува од формулата се Марси и Ранкл, но и тие сезонава се вратија на старото зошто сценаристите веќе остануваат без идеи за каде би ги однеле. Како и да е, супер функционираше ова пет сезони. Сега веќе не. 

Недостатокот на идеи ги доведе до ситуација каде што ќе мора да измислат син на Хенк од пред дваесетина години, за кој он не ни знаел, нели. Па, сега дали му е стварно син, дали не, па малце сапуница, драми... Дно! Дури и ликот на наводниот син да беше занимлив, целата приказна некако тресна од земја. Се приметува дека веќе не се ни обидуваат, туку чекаат да заврши серијата и да почнат да се занимаваат со друго. Три епизоди до сега, и веќе зевам. Дури ни Ранкл веќе не ми е интересен, зошто екстремите во кои се обидуваат да го однесат ми се некако нереални и исфорсирани. Така да, не знам искрено што би можело да ја спаси сезонава. Метеор што ќе ја уништи планетава додека заврши? Не знам.

Случајно налетав на некои спојлери за финалето кои не би ги откривал. Веќе кажав доволно. Не знам дали ќе продолжам да гледам понатаму. Можеби ако почекам да се соберат сите епизоди за наеднаш, ќе успеат глупостите некако се исфилтрираат...

Уште еден пост за RIFT што ќе остане непрочитан

Деновиве играм RIFT. Да, RIFT. Откако ја напуштив Телара некаде кон крајот на 2012 поради Пандарија, се логирав само неколку пати на кратко да видам како пропаѓа мојата годишна претплата додека играта се префрла на free-to-play моделот. Лани конечно ја отворија новата зона Dendrome, каде што деновиве го поминувам времето. Тогаш впечатокот беше дека RIFT повторно ги живее славните денови. Денес, состојбата е уште подобра. 

Кој би рекол дека е возможно? Обично кога MMORPG се префрла од месечна претплата во бесплатна игра со микротрансакции, значи станало алармантно. Во добар дел од игрите кои ги снашла ваква судбина, бесплатната варијанта е сконцентрирана на еден сервер (некогаш и некој плус), повеќе од доволен за да ги издржи сите играчи. Со RIFT случајот беше друг. Откако стана бесплатна, Trion отворија уште неколку сервери во Европа и САД кои и ден денес се полни со народ. 


Играта има еволуирано многу. Светот, онаму каде што беше празен, е пополнет со нови квестови и предизвици. Има и нов огромен град во Dendrome, Hailol, кој одлично се вклопува во целиот амбиент и дизајн на новите континенти од Storm Legion. Немав многу време да го истражам детално, меѓутоа денес имав прилика да го бранам од инвазија каква што досега не сум видел. Речиси еден саат, градот беше под констатни напади каде што беа потребни неколку групи од по 20 играчи за да остане и понатаму гламурозен. Овие динамични ивенти, не биле никогаш подобри. Слободно можам да кажам дека токму тоа ја носи играта на раменици во моментов. Ако некогаш беа лесни и репетитивни, денес делуваат заканувачки и се вистински предизвик за оние што ќе изберат да учествуваат. Има нови видови на рифтови, многу потешки за затварање од тие што ги памтам. 

За некој што бил отсутен година и пол, има куп нови ствари. Дел од нив видов, дел планирам деновиве. Старите рејдови се достапни како инстанци за двајца играчи, Chronicles, кои беа дел и од оргиналната игра. Сега се уште подобри и на некој начин, задолжителни, доколку планираш да собереш опрема за рејдови или expert dungeons. Иако прогресот е можеби линеарен, делува свежо и далеку поинвентивно искористен од досадните сценарија за три играчи во World of Warcraft. Тука инстанците за двајца играчи, имаат поголема вредност и намена, а сепак успеваат да раскажат добра приказна на тие кои го бараат тоа од RIFT. Самата опрема има претрпено промени во вид на различни апгрејди кои остануваат одлука на играчот.


Она што најмногу ме радува е што заедницата и покрај тоа што се состои од народ кој долар нема дадено, е цврста и пријателски расположена. Обично во бесплатните игри има рој серковци кои постојано се расправаат со некој на глобалниот чет, се жалат околу играта и често ја нарушуваат целата атмосфера. За среќа, тука се случува спротивното. Дури и комплетно ги нема муабетите и споредбите со WoW кои знаеја да траат со саати. А, уште подобра ствар е што Harshmallows гилдот во кој технички сум две години, се уште е активен, заедно со сите луѓе со кои сум рифтал на времето. Запрепастувачки е како истата екипа успеала да опстои толку време и да тера напред покрај сите срање што се издесија на играта.

Знам дека повеќе пати сум млател на темава во празно, па ништо страшно ако го направам истото и сега. Доколку некој стигна до овој дел од постов и не ја пробал RIFT , сега е вистинското време за тоа. Препорачувам! Одличен MMO фикс додека дојде Warlords of Dreanor.

April 23, 2014

Кратко за петтата сезона на Archer

Пет сезони и ни оддалеку серијата не изгледа изморено. Сезонава Archer завзема една поекспериментална насока, насловена како Archer Vice, која за среќа се покажа како успешен потег. Никогаш не ни беше шаблонска серија, секогаш приказната некако се надградуваше, а со петтата сезона докажаа дека ликовите може да функционираат во било каква околина. Да останеш свеж со ваква серија пет сезони, е стварно мајсторија, затоа што Archer не е типичниот анимиран ситком.


Уште во првата епзиода кратко го испојлаа сето она што се случуваше до самиот крај, и фино го врзаа сето тоа. Отскокнувањето од шпионскиот сетинг и интензивната сезона која всушност беше врзана во една голема приказна, е показател дека екипата зад Archer има многу повеќе за овие ликови. Бебето кое дојде на самиот крај, отвара еден куп нови ситуации кои би можеле да следат во следните сезони. Со ова темпо и динамика, верувам дека крајот на Archer години далеку.

За крај, мал вовед и спојлери зошто никогаш не стигнав да пишам претходно за серијава. Archer е, или барем почна, како шпионска хумористична серија, делумно пародија и омаж на слични такви дела и ги следеше мисиите на агентите и вработените во приватната разузнавачка агенција, ISIS. На почетокот на петтата сезона, ISIS прекинува со работа зошто испаѓа дека нелегално се занимавале со таква дејност. Паралелно, вработените се затекнати со тон кокаин кој решаваат да го продадат на црниот пазар. Има уникатен хумор и ликови, незаборавни ситуации (Pirate King Archer!) скроз различни од било што друго понудено на американска телевизија. Топло препорачувам, особено на фанови за Arrested Development. Адам Рид, создавачот на Archer, сам ја има опишано како "James Bond meets Arrested Development", а и дел од актерската екипа е инволвирана и во двете серии.

April 20, 2014

Суперхеројска Антологија [обновено во ноември 2016]

Имам над 700 950 постови на Crapwerk. Архивата и категориите, иако се фино средени и организирани, некогаш ми е тешко да најдам нешто што ми треба, а пребарувањето кое е од самиот блог енџин, не функционира секој ден. Имам навика да линкам стари постови, за референца, во понови и често губам време додека стигнам до таков пост. 

Во добар дел од постовите муабетам за суперхерои во различен формат. Филмови, стрипови, анимирани филмови и серии, па и игри. Решив постовите за суперхеројски филмови да ги соберам во еден пост, за полесно да ми бидат на дофат. Па, еве ги тие за кои што сум стигнал да пишам изминативе години. Ќе се потрудам листава да ја апдејтирам редовно. 


Marvel 
Iron Man (2008) |  Iron Man 2 (2010)  | Iron Man 3 (2013)
The Avengers (2012) 
The Punisher (1989) & The Punisher (2004) 

DC Comics
Batman (1989) и Batman Returns (1992)
Batman Begins (2005) 
 The Dark Knight (2008) 

Анимирани
Son of Batman (2014)

April 19, 2014

Captain America: The Winter Soldier (2014)

Marvel со Iron Man 3 покажаа дека се доволно храбри да истражуваат малку помрачни територии со нивните шарени суперхерои. Иако на поразличен начин, The Winter Soldier го фрла Кеп токму таму, во сомнителни конспиративни политички игри, кои ќе остават длабока трага во филмскиот универзум на франшизата. Кога имаш ваков лик, кој е исто така малку надвор од своето време, ова некако се чини како логичен тек. На кратко, ова е Captain America филмот кој јас сакав да го видам. Можни се ситни спојлери надолу.

Приказната е позајмена од феноменален стрип арк на Ед Брубејкер, една од заслужните за да се навлечам на овој лик. Marvel, за филмовите, се служат со најдобрите модерни приказни и одлично умеат да ги пренесат. Иако адаптацијата не оди во најситните детали, суштината е  задржана.

Додека Кеп се обидува да се прилагоди во дешениот свет во кој се затекна после десетици години, заканата доаѓа од редовите на S.H.I.E.L.D. Никој не е безбеден, па дури ни Ник Фјури. За денот додатно да биде сјебан, Кеп е соочен и со неговиот непрежален другар од Втората светска војна, Баки Барнс, по чија наводна смрт е претворен во брутален убиец со испран мозок и механички екстремитети, програмиран да елиминира секакви цели. Целата параноична ситуација која може засекогаш да го оштети светот како што го знаеме, станува и лична борба на Кеп со неговото минато и порив за исправање на истото.

Без разлика колку и да се сериозни темите со кои се занимава Captain America: The Winter Soldier, сржата на филмот е стриповска. Со тоа е постигнат балансот помеѓу двата света (нашиот и оној на Marvel), кој го прави ова остварување да биде толку моќно. Секако, намигнувањата кон слични настани од нашата денешница се присутни, но свиени на ваков начин, делуваат уште посимпатично. Она што Marvel успешно го прават со Captain America, се акционите сцени кои изгледаат како директно да се излезени од хартијата. Мило ми е што го продолжија тоа од првиот дел. Па, и самиот крај на филмот, каде што најчесто сме бомбардирани со безобразни ефекти и експлозии, е некако умерен и фин. Не само што е културно, туку и на моменти делува реално и убедливо. 

Кастингот е погоден како и секогаш. Покрај добро познатите ликови кои се филмови наназад дел од екосистемот, Captain America: The Winter Soldier нуди нови кои одлично се вклопуваат. Сосема заборавив на Falcon, кој ќе е дел од следните The Avengers. Ентони Меки не ми е нешто посебно познат, меѓутоа веќе го прифатив заедно со неговата приказна. А, на мое големо изненадување, се појави и еден актер од Heartbreak High, серија која веројатно денес егзистира во две телевизиски архиви, од кои едната е наша и за жал, веќе непостоечка.

Captain America: The Winter Soldier повторно ја помести границата. Ова веќе го зборувам за секој филм на Marvel и почнав да си здосадувам. Веќе не можам да го видам крајот на темпото, што е доказ дека тие луѓе таму многу добро знаат што прават. Со малку среќа и малку логика, гласините дека третото продолжение на The Avengers ќе се занимава со Civil War, би станале реалност. Останува да почекаме и да се надеваме.

April 18, 2014

Son of Batman (2014)

Кога разбрав дека DC ќе го пренесат најдобриот лик од Бетмен универзумот на друг медиум различен од стрип, го измокрив креветот. Океј, ќе го измокрев и без тоа, меѓутоа ова е друга тема на муабет. Откако Грент Морисон го уфрли Демијан, синот на Брус Вејн и Талија ал Гул во стриповите, ништо повеќе не беше исто. Токму таа приказна беше и подлогата за најдобрата Бетмен приказна што сум ја читал, аркот Batman R.I.P. Можеби беше и прашање на време кога ќе почне да егзистира на некое друго ниво, како во овој случај со анимираниот филм. Демијан продолжи и во новиот универзум на DC, како Робин, за на крај Морисон да го земе така како што го донесе.


Самиот лик е премногу комплексен и деликатен за да може лесно да го напушти својот матичен медиум. Од самиот почеток, ликот беше изложен на постојан развој. Почна како разгалено детиште чија смрт беше посакувана со секоја пролистана страница, до лик кој прирасна за срцата на многу фанови. Вклучувајќи ме и мене. Ја следев неговата трансформација, односот кој го имаше со другите ликови, приказните и на крајот ми беше многу тешко да го пуштам да си оди. Затоа и едвај чекав да видам како ќе функционира во Son of Batman.

За жал, крајниот резултат е една голема мешаница чии делови се тотално некомпабитилни. Не само што оргиналната приказна е осакатена, туку и обидите да се допре до некои паралелни дејствија не успеваат да проработат. Целата реализација е изфорсирана, избрзана и комплетно ја промашува поентата на Демијан и тоа како Брус Вејн се справува со него. Многу површно се чепнати главните карактеристики кои го дефинираат ликот. Во ниту еден момент не бев убеден во неговите постапки, постапките на Бетмен и околината. Нафрланите акциони сцени и досадните негативци само го задушија она што можеше да биде барем малку интересно. Дали воопшто некој се потрудил да го разбере ликот или целата била остварува на овој филм по секоја цена? Не очекував панел-по-панел адаптација како Year One или The Dark Knight Returns, ама не очекував ни вакво разочарување.

Од друга страна, анимацијата ми беше супер. Тимот од десетиците јапонци излистани на крајот, одлично си ја завршил работата. Дизјанот на костимите не беше воопшто лош, а гледам дека и фино запазиле и Демијан да биде како во стриповите. Океј беа и гласовите, само што различен Бетмен/Брус Вејн од Кевин Конрој ми го прави ликот некако блед во однос на тоа што сум навикнат да го добивам. Џејсон О'Мара е далеку од лош, меѓутоа не успева во целост да го постигне ефектот.

Можело многу подобро. Да, секогаш може, но тука навистина можеле малку повеќе. Разбирам дека приказната не е воопшто лесна, но и не е тешко да ги извадиш стварите кои функционираат. Не беше задолжително да видиме како Демијан му носи глава од криминалец на Брус, меѓутоа можеше да се продлабочи нивниот однос малку повеќе. Не е Son of Batman само ако не уфрлиш било каква драма. Многу, многу површно изведено. Крајот го остави синчето живо и здраво, ама сепак би ги прескокнал сите нови адаптации. Подобро е да си остане на хартија, отколку да биде вака унаказен.

April 15, 2014

Освежување на годината: Rick and Morty

Она чувство кога првпат си гледал South Park, Family Guy или Drawn Together? Епа тоа. Тоа го предизвикува Rick and Morty на прво гледање. Она кога си запрепастен од интелигентното пишување, бизарниот хумор и оргиналноста на ситуациите. Ден Хармон (Community), брилијатноста мајсторски ја пренесува и тука. Со само една сезона, Rick and Morty е веќе класика. 


Серијата ги следи Рик и Морти, дедо и внук, блага пародија на Док и Марти. Рик го зема поимот "луд научник" и го носи надвор од сите граници што некогаш сум ги видел. Морти е неговата комплетна спротивност, повлечено плашливо дете кое постојано го следи (често не по своја желба), иако наебува во добар дел од ситуациите. Самиот концепт на серијата не дозволува лимит на имагинацијата на сценаристите. Шетаат низ различни димензии, паралелни универзуми, сонови, па дури и тела на луѓе. Сетингот е секогаш свеж и оргинален и баш тоа ја прави серијата толку закон. А, она што исто така одлично го прават, се ситуациите на родителите на Морти кои најчесто се дома оставени со некаква сомнителна технологија додека е отиден некаде со Рик. Епизодата со кучињата? Мисикс?

Првата сезона заврши денес со 11 епизоди. Се уклучив некаде на пола, и се навлеков после две епизоди. Вакво нешто немам гледано одамна, а очајно ми требаше. Особено последниве години каде што квалитетот на МекФарлејн е сериозно опаднат, сериите му се веќе застарени, а една веќе му ја укинаа. Финтите со убивање на главни ликови не помогнаа ни околу Family Guy, за жал. Време е за нешто ново, а Rick and Morty е баш тоа. Моментално, покрај Archer, ми е омилената анимирана хумористична серија.

Едвај чекам втора сезона. Нема потреба да спомнувам за потенцијалот на серијата, тоа веќе го докажаа во епизодата со интердимензионалната телевизија! Верувам дека не видовме ни дел од тоа што има да го понуди тимот што ја пишува. Ако го следи развојот на сериите што ги набројав на почетокот на постов, гарантирам дека најдобрите сезони допрва доаѓаат. Рејтинзите се доволни за Adult Swim да ја одржуваат во живот во следните пет години.

April 4, 2014

Надеж за Star Wars: Episode VII?

За еден месец од сега, започнува снимањето на Star Wars: Episode VII. Сценариото е завршено уште во јануари оваа година, а доколку и кастингот е спремен, моментално се држи во тајност. Следниве неколку недели, очекувам и тоа да е познато, па да проценам отприлика што може да се очекува. Локациите за снимањето (бар дел од нив), се веќе избрани. Потврдени се Исланд и Мароко, и најверојатно Тунис. Последниве две, несомнено ќе бидат искористени за Татуин, што некако ми делува интересно бидејќи на некој начин, е клучен елемент од целата сага. Во целата оваа вест, добрата работа е што Џ.Џ. Абрамс ќе снима на физички локации, со што целиот филм ќе биде пооргански, и покрај тоа што сигурен сум дека нема да се откаже од прекумерна употреба на зелено платно. Во секој случај, очекувам барем визуелно да е поубедлив од приквел трилогијата. 

Како што никнуваат новостите, така суптилно го закачаат детето во мене што сака да види нов Star Wars. Иако очекувањата ми се минимални, а неколку работи што испливаа последниов период уште толку не дозволуваат да пркнат. Да, почнеме по ред, може? Она што е најголемото за целиот филм, е враќањето на оргиналната тројка. Лук, Леа и Хан Соло. Актерите се, за среќа, сеуште живи и евентуално заинтересирани. Барем Марк Хамил и Кери Фишер. Харисон Форд за ваква работа го убедуваш со цифра повеќе на чекот, претпоставувам. За студио како Дизни, тоа воопшто не е проблем, со оглед на тоа што се решени новата златна кокошка да ја измолзат максимум што можат, вложувајќи (чекај, да измолзат кокошка? Сериозно?). Веројатно Star Wars ќе добие сличен третман како и филмовите на Marvel, така што по еден филм годишно е сосема реално сценарио. 

Стар Wars. Хехе.

Но, колку се Форд, Фишер и Хамил се навистина спремни за улогите кои го прославија Харисон Форд? Постерот од новиот The Expendables, каде што имало часови фотошопирање, го покажува спротивното. Пројдени се 30 години откако последен пат биле во Star Wars овие луѓе, луѓе! Особено Марк Хамил. Денес воопшто не изгледа како Џедај, Кери Фишер е далеку од метално бикини, а Харисон Форд - види слика. Првиве двајца воопшто немаат ни глумено последниве години, освен тоа што позајмувале гласови и се пародирале сами себе. А, не е ни дека покажуваат некој особен талент во оргиналната трилогија. Во Episode VII, фокусот ќе биде насочен кон нив, каде што постепено ќе ја пренесуваат Силата на нова генерација. Подобро не би ги гледал воопшто, отколку да видам како попусто се обидуваат и штрчат. 

Самата приказна е посебна приказна. Откако Дизни превзема, го отфрли целиот Проширен Универзум од канонот, оставајќи ги само филмовите. Ова е исто така добро, зошто добар дел од тоа беше комплетно срање. Ретко е во тоа купче врели гомна, да најдеш нешто квалитетно. Плус, Лоренс Касдан ќе избегне соочување со толпа бесни 45 годишни деца кои уште спијат во Star Wars пижами. И, кога сум кај Касдан, типот ги има напишано Empire Strikes Back, Raiders of the Lost Ark и Jedi. Последниот филм за кој што е познат на пошироката јавност е баш Jedi. Дали денес е воопшто способен да напише квалитетна приказна? И, тоа заедно со Џ.Џ. Абрамс, за кој искуството со неговите филмови ми кажува нешто сосема трето. Крајно сомнително.

Единственото нешто што ме теши околу целото ова е што Дизни до сега покажале дека грижливо го третираат она што им носи огромен профит. Има огромна критична маса што ќе поддржи било што на кое што пишува "Star Wars", а враќањето на старата екипа ќе се погрижи за тоа полесно да се продаде. Прашањето е дали ќе биде доволно добро за да можам јас да го прифатам. Рано е да почнам да го одговарам тоа, барем додека не се појави нешто како тизер или барем детали за приказната. До тогаш, целата судбина на новава трилогија е оставена во раце на луѓе кои не ми делуваат баш најкомпетентно.