Showing posts with label филм. Show all posts
Showing posts with label филм. Show all posts

March 23, 2026

Седмиот Scream

Секогаш ми е посебен настан гледање на нов Scream филм. Значаен дел од апетитот за хорори го должам на првиот дел, а без разлика на тоа кој ден какво ми е мислењето за неговите продолженија, сите ми се уште гледливи. Не би можел да го кажам истово за друг слешер серијал што има повеќе од три дела. Scream наоѓаше начини да не се избајати и цели триесет години да пројде без римејк, рибут или било какво директно препакување на оригиналниот филм. Баш пред некој месец успеав да си дозволам викендашки маратон, што веќе стана традиција за дочек на следниот нов.

Таман се распекмезив со петтиот и шестиот и се спремив за редовни продолженија со екипа која некако природно успеа да ја наследи старата гарда, Мелиса Барера и Џена Ортега испаднаа од комбинација поради глупоштии. Како последица, продукцијата на Scream 7 зема различна креативна насока, а кога видов дека освен Нев Кембел и Кортни Кокс враќаат и актери чии ликови во серијалот се одамна мртви, почнав да се сомневам дека некои потези се можеби премногу очајни за да се функционални. 

Резултатот за жал ми го оправда стравот. Scream 7 конечно ја прекина низата на солидни продолженија и расчисти дека стигнало времето за една голема пауза до следниот дел. Не можам да муабетам без спојлери понатаму, така што еве го предупредувањето. Ова е најмрзливиот Scream дo сега. После толку години негување и усовршување на калапот, притоа уверувајќи дека се обраќаш на позната публика, тапа е да извадиш ваков параспур. Особено што на него е потпишан Кевин Вилијамсон, а не некој што студиото на улица го има најдено.

Мислев дека е правило убијците во Scream да останат мртви, таква е формулата, зар не? Тоа и направи продолженијата да функционираат и да те држат на штрек до самиот крај. Новиот Гоустфејс е секогаш некој од главната група, што е пред очи цело време. Твое е да го нагаѓаш идентитетот, а филмот е задолжен да ти го објасни мотивот. Убијците секогаш завршуваат мртви за да направат простор за следните. Не е дека не сум за серијалот да си ги скрши правилата што си ги пишува сам за себе, меѓутоа во моментот кога се појави Сту триесет години покасно, јасно ми беше дека Scream 7 е набрзинка склопена помија. Барем да имаа муда стварно да го вратат. Може мислеле дека со ова ја санираат штетата од пропадната трилогија со Мелиса Барера, ама изгледа направија уште поголема. 

Без разлика дали до крајот на филмот ќе размислуваш дали Сту е навистина жив и пребеган низ сите претходни филмови или е дипфејкот што испадна дека е, Scream 7 ја еба работата со самото тоа што реши да се потпре на ваква евтина носталгија. За да е уште помрзливо, не ја ни вметна во мета коментарите како што би можело да очекуваш од Scream, од проста причина што овде се комплетно заменети со едните исти преџвакани штосови и референци кон првите три филмови. Некои актуелни теми и трендови што ги содржи ме потсетија и колку ни е глуп светот моментално. Нема траги од досетливоста специфична за Scream шаблонот. Ниту знае како да искомуницира за да му ги простиш финтите. 
 
Извади двајца рендом убијци од нигде никаде, ликови што вкупно една минута ги имаше во цел филм претходно. Едниот првпат се појавува и минути пред да го откријат ко Гоустфејс. Не знам ни дали спомна филмот кој беше па неговиот мотив да помага на главниот убиец. Која беше потребата од Сту тогаш, ако ништо нема никаква поврзаност со него? И онака никогаш не ги запознавме овие убијци, две-три дополнителни реченици ќе ги прикрпеа дупките. До толку никој не се замарал и одлучил дека ќе помине и вака. Нека е и цел филм напишан од АИ еве, пак ќе речеш дека некој би го препрочитал пред снимање. Несмасно и недомаќински. Поразителното е што гледаш дека не фалело многу труд за целото да е поисполирано. 
 
Тоа е. Можеби ќе е здраво за франшизата комплетно да ја сруши формулата следниот пат. Малку да проба да се отцепи од Сидни, фамилијата Прескот и општо од првиот филм. Па и Stab референците и смешките на своја сметка веќе се осеќаат заморно. Не мора да е долга паузата. Веројатно е поважно да ја преиспита својата позиција во жанрот и да почне да делува од некој поинаков агол. Не смее филм како Scream да заличува како пародија на сам себе, има други филмови што подобро се занимаваат со тоа. Некои од убиствата во седмиов дел покажаа дека може да функционира и ако е малку понепедантен. Само што некако се плашам дека наместо да освежат, поголеми се шансите да се намолат со Мелиса Барера за некое просечно продоложение.
 

December 8, 2025

За Predator: Badlands

По одличните Prey и Predator: Killer of Killers, немав сомнеж дека Ден Трактенберг ќе убоде по трет пат. Овие два филмови ја доведоа франшизата во многу повитална состојба од претходно и Трактенберг изгледаше како некој што разбира како се склопуваат добри Предатор приказни. Двата филмови не отскокнаа премногу од оригиналниот рецепт на браќата Томас, меѓутоа познавањето и ентузијастичкиот пристап на Трактенберг создадоа услови вистински да проработат нови свежи идеи, нетипични за целиот серијал.
 
Но Predator: Badlands, третиот филм во оваа низа на Трактенберг, докажува дека сепак за експериментите постои некаков лимит и дека Предатор формулата има параметри кои не смееш да ги одземеш. Немав некои преголеми очекувања за филмот, ама бев загреан за гледање. Имав некоја доверба стекната со претходните два. Пропуштив IMAX проекција во комшилук со другари и ми беше многу криво. Сега кога конечно го изгледав, можеби и подобро што не бев. Немаше да се сопрам со јадење гомна цел пат за назад, ќе ме симнеа негде.
 

Со намера да се поштедам од спојлери, пропуштив да видам и дека Predator: Badlands е PG-13, што барем ќе ме припремеше за тонот на филмот. Не сметам дека Предатор филм треба да се воздржува од насилство и тематика несоодветна за помлади. Има доволно такви, а оваа франшиза најдобро функционира без да ја инхибира акцијата и да припазува да не вознемири некој кога ќе откорне нечиј р'бет. Причината за ова да е без R рејтинг е глупа, не прифаќам дека "немало потреба" поради тоа што филмот е полн со синтетици и вонземски раси наместо луѓе. Вистината е веројатно дека Дизни полакомени од успехот на претходните, решиле ова да го разводенат и понудат на поширока публика.
 
Ќе терам со спојлери од тука натаму, така што ова нека биде предупредувањето. Прво да расчистиме дека Predator: Badlands не е лош филм, барем не како оној на Шејн Блек. Има квалитети поради кои не би можел лесно да заврши во тој кош. Само е нефункционален како Predator филм, што е голема штета затоа што истиот тим во само три години покажа капацитет за многу повеќе. Секако е за поздрав третиот обид за различна приказна од светот на најпознатите ловци во фикција и тоа раскажана од нивна перспектива, меѓутоа ова овде е толку отцепено од суштината на Predator што не би имало никаква разлика доколку се викаше поинаку.
 
Кој сака да гледа Предатор со нагласени човечки особини што наместо да го лови пленот по кој е дојден, се спријателува и сочуствува со роботи и слатки животинчиња кои се тука присутни затоа што Дизни упорно го бара следниот "бебе Јода" продукт? Јас не. Не ги гледам овие филмови поради семејната динамика на Предаторите и нивната чувствителна страна. Сакам да гледам како пленот се справува со ова како закана, или ако веќе моравме да го видиме аголов, како еден ваков ловец ќе триумфира и ќе докаже дека го заслужува местото во неговиот клан. 
 
Ликот на Дек е несоодветно напишан и обмислен и не можеш да навиваш за него колку и да се трудиш. Кога ќе видиш, татко му беше во право. Дек е срам за кланот, баш како што и самиот филм ја нарушува честа и угледот на франшизата. Верував дека Трактенберг може повеќе од приказна за тинејџер избеган од дома чиј бунт против родителите вклучи и напуштање на сопствената традиција. Демек јаката опресија, па еве Дек се еманципираше и се сврте против својот затуцан народ. 
 
Со феноменалниот сетинг на располагање, Badlands комотно можеше да биде еден од најдобрите Predator филмови, доколку Дизни му ги немаа врзано јајцата на Трактенберг. Потенцијалот е неверојатен. Опасната планета е еден од најзабавните аспекти на филмот и сигурно ќе беше многу поефективно да гледаме како Дек ги користи нејзините смртоносни ресурси во своја полза додека се адаптира при ловот, наместо да гледаме андроид што не затвора уста со лоши обиди за хумор. Замисли таков Predator филм, само со акција и без дијалог. Скоро гледав Primal, анимираната серија на Тартаковски, и не можев да престанам да мислам колку Badlands лесно можеше да биде нешто во тој фазон.
 
После ова и катастрофалната Alien: Earth што едвај ја догледав, веќе не сум сигурен дека сакам нов Alien VS Predator филм. Мислев дека Predator: Badlands ќе го пегла теренот за нешто такво, ама беше прилично прибран со референците. Очекував многу повеќе фан сервис, добро е што не претераа. Не се осмели да гради многу натака, туку сѐ што вети на крајот е дека авантурите на оваа мала досадна дружина можеби допрва почнуваат, што веројатно е подобро. Ако воопшто постои публика за ова, нека си тераат. Полесно е да игнорирам нешто што знам какво е, отколку да отседам уште еден разочарувачки AVP филм. Штета. Конечно ја имаа топката во раце и ја шутнаа во трња. 
 

September 1, 2025

Омилени хорор филмови 2020-2024

Додека се наканам да составам листа со омилените хорор филмови од тековната година, поминаа неколку. Годините пред пандемијата донесоа некоја нова енергија во жанрот, а се појавија и ликови како Роберт Егерс, Мајк Фланаган, Феде Алварез и Ари Астер чии остварувања веќе имаат култен статус и свој придонес кон обликувањето на современиот хорор. Не можеш да ги прерипаш ни Џордан Пил, ниту Џејмс Ван кој и во 2010-тите остави значителен белег во жанрот. Ренесансата од минатата декада природно се прелеа и во оваа и ете трае до ден денес. Цел жанр е некако посвеж и постојано има нови автори со поинаков пристап кои не се плашат да експериментираат. 

За повеќето изгледани не стигнав саглам да седнам да си ги запишам впечатоците посебно, ама мислам дека ќе им најдам примена на листиве некогаш во иднина кога ќе ми се пригледа нешто од оваа ера. Тековнава година ќе ја изоставам со намера филмовите да се најдат на сопствена листа зимава. Ги одвоив тие што ми оставија најсилен впечаток од 2020 до лани и за кои претходно немам пишувано посебно. Многу добри филмови имаше секоја година, не беше воопшто лесен изборот. Да не биде премногу гужва, листата подоле е прв дел од поширока селекција што планирам да ја објавувам постепено. 

The Dark and the Wicked (2020)

Како фан на хорори сместени во рурални припиздини, лесно му се препуштив на The Dark and the Wicked. Одамна се немав толку ежено на филм. Таман мислев дека сум имун, ова успеа да ме извади од памет во неколку наврати и тоа без премногу да се потпира на евтини штосови. Не дека нема, ама уште од почетокот воспоставува таква безнадежна вознемирувачка атмосфера која совршено го прави ефикасен и без да те фаќа на препад. Режијата и фотографијата се исто врвни, преубав е секој кадар. За мене ова е најдобриот филм на Брајан Бертино до сега.

Malignant (2021)

По првата екскурзија во суперхеројскиот жанр, Џејмс Ван сo Malignant се враќа на домашен терен каде што очигледно е најкомотен. Malignant е можеби најлабавиот во хорор каталогот на Ван, ама баш тој полежерен тон ги прави сите бизарности во филмот да се толку функционални. Иако моменти што се лесно предвидливи и понекогаш глумата не е скроз сјајна, комплетно успева да надомести за сите недостатоци со забеганата ескалација на крајот, ама и со спретноста на Ван со камерата низ цел филм. Мило ми е што уште наоѓа начини да е креативен како режисер и покрај тоа што последниве години е почесто со продуцентски ангажмани.

Barbarian (2022)

За ниеден друг филм од листава не сум бил толку среќен што сум му седнал со нула предзнаење. Не дека за другите се спремам, ама за некои и без да сакаш може ќе фатиш нешто ненамерно или некако им е очигледна тематиката. Barbarian вешто си игра со насоката на приказната и општо целото темпо, што едвај ти дозволува да имаш некоја точна претпоставка за што точно се случува. Притоа цело време те гуши со неизвесност и токми едно од најгрозните откритија во поновово време на хорор филмови. Импресивно режисерско деби на Зак Крегер, инстант класика. Едвај чекам да го гледам Weapons.

Talk to Me (2022)

Имав некои неосновано ниски очекувања од Talk to Me. И покрај позитивните коментари и препораки, некако долго се промашувавме. Ме затекна неспремен. Тоа што претходно го знаев ми создаде слика дека е некаков млак шаблонски тинејџерски хорор, а испадна дека е еден од поинвентивните во последниве години, мајсторски спакуван и покрај скромниот буџет. Се радувам кога ќе видам нешто што знае како да размрда изморени жанровски тропи и елементи. Сосе годинешниот феноменален Bring Her Back, очигледно е дека браќата Филипу си го знаат занаетот и се решени да ја обележат оваа декада.

Evil Dead Rise (2023) 

Реално немало лош Evil Dead филм до сега, а и серијата Ash vs Evil Dead беше одлична. Мило ми е што со Evil Dead Rise франшизата фаќа нов правец и што ова не е директно продолжение или стандарден римејк. Пак се осеќа дека е од истиот штоф, само живнат со нова локација и малку поинаков амбиент. Тонално е негде помеѓу трилогијата на Рејми и верзијата на Феде Алварез, што некако одлично функционира. Не е "страшен" во класична смисла, ама има крв и насилство во изобилие за да ги задоволи и тие апетити. Сем Рејми и Брус Кембел ветуваа нов Evil Dead на секои две години доколку Rise запали кај публиката, па наскоро би требало да го пречекаме Evil Dead Burn.

When Evil Lurks (2023)

Аргентинскиот When Evil Lurks ми е еден од најзабавните филмови од последниве неколку години воопшто, од било кој жанр. Стварно е интензивно искуство. Освен што визуелно е бесмилосно брутален за долго да ти останат некои моменти во глава, има прилично интересна интерпретација на класична хорор тематика која му помага да се одвои и во сопствениот поджанр како еден од најсвежите. Толку добро и уверливо го гради светот во кој опстојува што нема шанси да не те повлече. Веќе се крчка продолжение и баш ме интересира како би се надополнила митологијата.

Nosferatu (2024)

По феноменалните The Witch и The Lighthouse, се израдував што најиконскиот вампир му го доверија на Роберт Егерс. Иако инспирацијата се темели на оригиналниот филм и книгата на Стокер, Егерс си овозможува доволно креативна слобода за да го одвои Nosferatu како авторска интерпретација која би било глупо да трпи споредби. Визуелно е фантастичен, еден од поубавите филмови во последниве години. Специфичниот стил на Егерс извонредно лепи со ваква приказна. Веќе е докажан мајстор за создавање морничав амбиент каде што лик ко Носферату може да вирее беспрекорно, a Скасгард со улогата се зацементира како едно од најеминентните имиња во денешниот хорор. 

Immaculate (2024) 

Го гледав кратко пред Сидни Свини да завладее со светот. Едвај знаев која е, не ја ни памтев од Once Upon a Time in Hollywood и се изненадив колку способна актерка е, а Immaculate има некои исклучително интензивни моменти што феноменално ги носи сама. Друга работа што не ја очекував е ваков сочен модерен nunsplotation филм. Скроз еснафски, одличен. Плус, сниман на локација која во седумдесеттите ја свртеле повеќе хорори од италијанската школа што му додава уште една симпатична нијанса. Некој месец покасно излезе и The First Omen, приквелот на The Omen, кој исто така успешно нагази во поджанрот, па можеби ќе имаме среќа да видиме уште некоја современа варијација.

July 20, 2025

The Spy Who Loved Me, филмот што ја спасил Џејмс Бонд франшизата

Ги проверувам старите Бондови повремено. Стар е и Casino Royale со Даниел Крег сега кога ќе видиш, а додека излезе следниот Бонд на Дени Вилнев и No Time To Die ќе остари доволно за да го пасува во истиот кош, ама за стари уште ги сметам само тие што се пред GoldenEye. Низ годиниве со Даниел Крег, некако малку се отцепив од Роџер Мур. Филмовите на Крег стануваа подобри, а и самиот тој во улогата. Овие со Мур баш ги гаѓав во таков период кога критериумот за Бонд филм ми бил повисок до степен да некогашни омилени неправедно ми станувале "не толку добри". 

Никако не смееш да го отпишеш Мур. Којзнае што би се случило со франшизата доколку не го убедел светот дека Бонд може да биде некој друг освен Конери. За разлика од Џорџ Лезенби, Мур успева да воспостави сопствена варијанта на ликот што е функционална, па и да стигне до еден официјален филм повеќе од Конери. Иако преферирам нешто посериозен Бонд, барем во контекстот во кој постои нели, пак почнав да уживам во филмовите со Роџер Мур како порано. Забавни се, дури и во тие што се така послаби можеш да најдеш нешто удобно. Глупо е сега да ги споредуваш со скорешните, повеќето веројатно не заслужуваат споредба ни со тие од Конери ерата. Мур е одличен Бонд. Можеби најмалку "акционен" од останатите, ама апсолутно надоместува со шармот за секоја лошо кореографирана тепачка.

 

Придонесот на Мур кон опстанокот на серијалот дополнително се зацврстува со неговиот трет филм, The Spy Who Loved Me. По слабиот финансиски успех на The Man with the Golden Gun и загубениот интерес кај публиката, распадот на партнерството меѓу продуцентите Броколи и Салцман, потешкотиите со авторските права, создавањето на следниот Бонд филм било општ хаос. Од книгата на Флеминг бил дозволен само насловот, а комплетно ги изгубиле правата да ги користат SPECTRE и Блофелд како негативци, култни елементи што франшизата ги добива назад дури после четириестина години.

Неопходно било The Spy Who Loved Me да е успешен за да ја стабилизира франшизата. Затоа и играле на големо и покрај сите маки околу. Филмот едвај нашол режисер, сценариото проаѓало низ многу раце, плус морале да ја избришат целата поврзаност со SPECTRE и Блофелд и да измислат негативец кој не потекнува од книгите на Флеминг. 

Снимањето на различни локации носело посебни предизвици. Има една приказна за снимањето во Египет кога поради грозната локална храна, Броколи нарачал јадење за цела екипа директно од Англија, меѓутоа некој заборавил да ги уклучи фрижидерите и стигнала расипана, па купувал домати, носеле шпагети од Каиро со авион и готвел за сите. До таму одела посветеноста на Броколи кон Бонд. Вакви детали сведочат за тоа колку му било важно да успее овој филм.

И покрај проблемите, Броколи не штедел на ништо. The Spy Who Loved Me до тогаш е најскапиот во франшизата, коштал 13.5 милиони долари што не биле воопшто мала сума во 1977. Пола милион им испаднала само сцената со скијањето на почетокот на филмот. Самиот тој грандиозен каскадерски подвиг не бил претходно виден во Бонд филм. Лудо било во тоа време. Уште е полудо што вкупната заработка на The Spy Who Loved Me му е 185 милиони долари. 

За потребите на филмот е изградена и легендарната студиска хала 007 Stage во Пајнвуд Студиос. На Кен Адам му требало простор за да го смести огромниот сет од танкерот. Подоцна таму се снимени и еден куп други филмови кои имале потреба од големи сетови. Бет-пештерата од Batman на Бартон, разни храмови и гробници од Tomb Raider филмовите, џиновската глава во Prometheus, глупостите во Star Wars: The Last Jedi, неколку Хари Потер и што уште не.  

Колку почесто го гледам The Spy Who Loved Me, така некако ми оди нагоре во листата на Роџер Мур филмовиве. Веројатно и првиот филм каде што изгледа толку раскомотен во улогата. Пред некоја година ќе речев дека ги преферирам The Man with the Golden Gun и Octopussy, ама изгледа ми се сменил вкусот. Во меѓувреме, ги посетив и египетските локации каде што е сниман и уште толку ми прирасна за срце. Таков е подинамичен, има силен авантуристички тон, напукан е со егзотични локации и некако најелегантно ги користи елементите од Бонд формулата во споредба со останатите со Мур. Прејако е што им успеало природно да го постигнат тоа од претходните искуства, наместо да се потпираат на материјал од Флеминг. Не дека книгите ја имаат истата структура како филмовите, ама пак треба добро да знаеш што правиш ако измислуваш нешто ново. 

Ако ептен цепидлачиме, можеби би замерил што Стромберг не е толку впечатлив негативец како вистинска закана за Бонд, ниту пак неговите мотиви се издржани, ама филмот добро си игра со мегаломанскиот аспект за да има баланс. Ебати Бонд негативецот ако не сакаш да го уништиш светот за да создадеш нова цивилизација што ќе живее под вода. Плус го има и Џоус, веројатно најдобриот хенчмен после Одџоб, така што доволно е покриено за да не се изгуби од класичните бондовски моменти. 

Кога сме кај тоа, во The Spy Who Loved Me е една од најдобрите коли во Бонд филм, белиот Лотус Есприт. Колата е сама по себе доволно мангупска, а филмот дополнително ја става во напната брканица со хеликоптер што кулиминира во вода каде што се претвара во подморница. Не е чудо што после ова Лотус не можеле да се скрасат од нарачки и за да купиш Есприт се чекало и со години. 

Многу е јако и како воопшто завршила колата во Бонд филм. Продукцијата барала ново возило за Бонд и нормално конкуренцијата била голема, па на некој од Лотус му текнало да паркира необележан прототип од Еспритот пред Пајнвуд. Среќа, некој набргу го забележал и два прототипи завршиле во филмот. Дополнително, Лотус позајмиле и нивни тест шофер за каскадерските сцени бидејќи постоечкиот не успевал да се справи со Еспритот како што прилегало за филмот.

Супер е и Барбара Бах како рускиот пандан на Бонд, агентката Ања Амасова. Можеби Барбара Бах нема којзнае какви завидни актерски вештини, ама ситуацијата е извадена со тоа што ликот е добро напишан, со мотивација и грам памет. Не е само декорација, туку има своја агенда, мисија и улога рамноправна со Бонд, што за тоа време не било најсвојствено. Плус, целата лична и професионална тензија меѓу нив дава еден слој на приказната што обично недостасува во Бонд форматот од Мур ерата.

За среќа на сите, The Spy Who Loved Me испаднал многу поуспешен од филмовите пред него. Ништо чудно со оглед на тоа колку е вложено во секој аспект. Се осеќа дека Броколи не снимал само уште еден Бонд, туку имал јасна намера да ја издигне франшизата на друго ниво. По ова, Бонд не само што не ја губи релевантноста туку го отвара патот за уште поамбициозни проекти како Moonraker кои се стремеле кон малку поразлични ствари, ама за тоа во некоја следна прилика. Во меѓувреме, да се надеваме дека нема да го најават Том Холанд како следниот Бонд.

June 14, 2025

Анимираниот Predator: Killer of Killers

Колку добар правец зазема Predator франшизата со Prey. После неколку залутани обиди, Predator конечно падна во добри раце и сега Predator: Killer of Killers дополнително го зацврсти тој факт. Очигледно Ден Трактенберг точно сконта што ја прави формулата ефективна и најде начин како да ја препакува да функционира подобро од било кое друго продолжение. Prey го освежи концептот без премногу да го отцепи од сопствениот калап и отвори потенцијал што во оваа прилика Трактенберг заедно со Џошуа Васанг вешто го користи да гази низ разни неистражени територии. Predator: Killer of Killers не само што е далеку од џунглата, туку и првпат ја носи франшизата во анимиран формат. 

Баш на ова се надевав после PreyPredator материјал што ќе излезе од конфорот и ќе знае кај тера. Predator: Killer of Killers се надоврзува на идејата од Prey, a сегментираната структура обезбедува три различни историски периоди во кои Предаторите се впуштаат во лов на истакнатите "трофеи". Вака конципиран, можностите се неверојатно опширни, а анимацијата овозможува креативна слобода чиј опсег сигурно би бил поскромен во стандардниот филмски формат. Особено е во корист на акциониот аспект што забегува со секакви апсурдности без да изгледа препумпано. А, ова не смее да си дозволи да изгледа шкартно, само сети се каков беше The Predator од 2018.

На овој начин, Predator: Killer of Killers со кратките сегменти може удобно да се препушти на секаков визуелен спектакл. Стилот на анимација има малку црпнато од Arcane, што поради популарноста на серијата не е некое изненадување, меѓутоа инспирацијата доаѓа во комплет со Стивен Џ. Мејер, тамошниот главен аниматор кој тука ја предводи анимацијата на ликовите. Подобро e ова наместо потрадиционална анимација или бајатиот псевдо-аниме стил од кој не можат да се одвојат некои скорешни наслови и еден куп долгометражни суперхеројски анимирани. 

Ваков разигран стил убаво лепи со динамиката на самиот филм, а сè уште не е толку експлоатиран за да замара. Различните опкружувања создаваат услови за визуелни варијации, а Predator: Killer of Killers лесно се прилагодува без да изгуби кохезија. Супер е. Најголем ќар има дизајнот на самите Предатори. Помонструозни се, пропорциите им се поимпозантни во однос на нивната досегашна физиономија, меѓутоа ова воопшто не одзема од намената. Баш поширокиот простор за израз од самиот медиум е добро искористен и во оваа насока.

Некаде самата приказна има потреба од вака прилагоден дизајн и одлично функционира. Не сите Предатори се од истиот клан, не мора да изгледаат идентично. Овде не се ни од ист временски период. Племенскиот водач е еден од најкреативните Предатор дизајни воопшто, а филмот неговата историја ја нуди единствено преку изгледот, без да има потреба од вербален јазик. Вакви работи сакам да гледам, не цело време да се врти сличен Предатор ко од првиот филм. 

Што се однесува до приказните, одлично се склопени и во компактниот простор што го имаат, успеваат да направат доволно за да овозможат цврста врска помеѓу животните неприлики на ликовите и тебе како гледач. Секој сегмент си има свој амбиент, ама го движи истиот порив за преживување по секоја цена. Не мора да имаш иста култура или време за да осетиш што значи борбата. Иако функционираат одвоено, трите приказни се наративно врзни и на крај се заокружуваат во една заедничка точка. Завршницата на Predator: Killer of Killers, заедно со самурајскиот сегмент, ми е омилениот дел од целово ова. Како фан на Предатор, не останав рамнодушен на локацијата кај што кулминираше приказната.

Можеби и немаше посоодветен начин од ваков анимиран филм да се чепне подлабоко во светот на Предаторите и нивниот ловечки тертип. Досега само стриповите и книгите се осмелуваа да навлегуваат подлабоко, ама изгледа Трактенберг не се воздржува од ризици. Да направиш брутално насилен Предатор цртан со R рејтинг е само по себе смел потег. Сакам да верувам дека Трактенберг има уште поамбициозни планови за после Predator: Badlands кој треба да се појави кон крајот на годинава, а ова го користи да ја опипа публиката и да види колку е стварно спремна да сркне од овој универзум. А, ако ги исполни ветувањата, може конечно да добиеме и поквалитетен AVP.

Успехот на Prey, а сега и на Predator: Killer of Killers, е пример дека секоја заринкана франшиза може да се извлече од гомна доколу заврши кај некој што го сака, го познава материјалот и има визија како соодветно да го надогради без да му ги сруши темелите. Не мораш да гњавиш ни со бескорисни референци кон претходните за да направиш ново продолжение. Глеј колку е тажно што со години некој пробува да го направи истиот Терминатор филм или како Осми Путник настојува да ги демистифицира суштинските елементи што го прават концептот толку ефикасен. Да не одиме до други франшизи што денес нејќеш да ги пипнеш ни со стап од далеку, се задржав на овие со "посериозен" тон.  
 
Види такоѓе:

May 20, 2025

Добро испадна Final Destination: Bloodlines

Вториот Final Destination филм создаде една колективна траума кај мојата генерација со сцената на автопатот со трупците. Каков неповторлив момент. Од тогаш едноставно држиш двеста метри дистанца позади такви натоварени камиони за секој случај и тоа е тоа. Мислам дека таа сцена и денес е останата како највпечатливиот аспект од цел серијал и е првата асоцијација кога филмовиве ќе се најдат во некој муабет. Првите два беа многу популарни во тоа прелазното време од видеотеки во дивидитеки и ми останаа како ептен драги. Не следев нешто многу наклонето после третиот дел, ама истераа уште две продолженија пред да исчезне по 2011. 

Чудно како беа потребни четиринаесет години за Final Destination да живне со нешто ново, особено што во меѓувреме сите поголеми хорор франшизи се изнаредија со разни рибути, римејци, приквели, миквели, рекалибирации, реимагинации и други реизмишљотини. Без многу драма и извољевање за некакво "големо враќање", Bloodlines пристигна скромно со трејлер и ветување дека ќе ја добиеш стандардната шема. Долго немав гледано Final Destination филм и некако му се израдував. Мило ми е што серијалот си даде простор да земе здив и да се проба пак во друго време. Bloodlines не само што не е срање какво што лесно можеше да биде, туку е и меѓу најдобрите Final Destination филмови.

Се изненадив колку Final Destination: Bloodlines не пати од идејата одново да го измислува концептот. Има некои моменти каде што се обидува да ја продлабочи постоечката митологија на франшизата, меѓутоа пак се држи прибрано и верно до она што публиката сака да го види, а тоа се секако инвентивните начини да убие некого. Реално, ретко кој седнува да го гледа ова за длабокиот фолклор. Тука си за верижната реакција што носи до нечија насилна смрт. Логиката често изгледа како излезена од цртан филм, ама тоа е и главното својство на Final Destination. Филмовиве не се сфаќале себеси премногу сериозно, во некоја мера отсекогаш била присутна некаква апсурдна, комична нота - макар и ненамерно. Поради тоа и лесно е да им прогледуваш низ фалинките.

Очигледно е дека има огромна количина на свежа креативна енерија во Bloodlines, без да го изгуби комодитетот на сопствениот калап. Некогаш едвај се приметува дека е филм од 2025, мислиш е нешто од видеотека изрентано. Режисерското дуо мајсторски се справува со концептот и точно знае како да ти го сервира тоа за кое си дојден. Тензијата е постојана, па дури и да предвидиш што ќе се случи, има толку многу чекори што ќе ти ги испотат рацете дур кулминира. Чим си нонстоп на штрек, ќе да е успешно. Имав подзаборавено каква вожња знаат да бидат овие филмови.

Како и секој друг Final Destination филм и Bloodlines има еден куп ликови чија главна намена е да изгинат, со тоа што овојпат не се баш типичната иритантна дружина за која навиваш против. Дури и се грижиш за нив во повеќе наврати. Супер се цела екипа актери. Може повеќето од нив нема ни да ги препознаеш во следен филм, ама одлично ги цепаат ликовиве. Bloodlines е и последниот филм на хорор легендата Тони Тод кој почина минатата година. Доколку некој се интересира за меѓусебната поврзаност на филмовите, веројатно уште повеќе ќе му значи неговото присуство кое и онака само по себе е доволно моќно и емотивно. 

Моментално Bloodlines котира највисоко од сите досегашни Final Destination филмови - и според публиката и според професионалната критика, замисли. Претпоставувам поради тоа што денес рецензии од друга генерација се вбројуваат во тој рејтинг, односно луѓе кои растеле со серијалот и им значи многу повеќе одошто на тогашните критичари. Мора да има и некаква доза на носталгија во пресметките, секако не е подобар од кецот и двојката. Ова наговестува дека можеби и нема да поминат пак четиринаесет години до следното продолжение, иако би сакал да не се брзаат. Лесно потрошлива формула е, глупо би било ова на "стари години" да се претвори во Saw франшизата. 

Види такоѓе:

January 17, 2025

Ретроспектива на Blade

Колку мангупска филмографија има Весли Снајпс во девеести. New Jack City, White Men Can't Jump, Demolition Man, може еве и Money Train да го протнам тука. Таа доминантна ера му кулминира 1998 со Blade. Успешна адаптација на суперхеројски стрип, во шпицот кога таквите филмови добиваат нешто понезавидна репутација со Batman & Robin дур не стапи времето на X-Men и Spider-Man. Blade е баш тука некаде на средина, како мост меѓу две форми на жанрот. После From Dusk Till Dawn веројатно е најдобриот филм со вампири од таа декада, а освен тоа што обезбедува сопствена трилогија, ќе отвори и пазар за нови филмови со поакционен третман на темата. 

Одамна го немав гледано. Малку му се приметуваат годините, особено кај специјалните ефекти и количеството гел на Стивен Дорф, ама е кул и забавен каков што секогаш бил. Весли Снајпс е совршен за улогата. Ако го рангираш кастингот на марверлскиве херои, ова е дефинитивно еден од најгорните на листата. Сценаристот и мозокот на оваа операција Дејвид С. Гојер, никогаш не отстапил од идејата Снајпс да биде Блејд, иако за студиото опциите биле Дензел Вашингтон, Лоренс Фишбурн, па и бел актер и филм со полабав комичен тон. Замисли која глупост. Ова можело да биде Blade со Марк Волберг или некој.

Паралелно на битката на Гојер да направи сериозен Блејд филм, Снајпс се обидувал да склопи Black Panther адаптација, откако години претходно ги обезбедил правата од Марвел. Но во тоа време продуцирање на Black Panther било значително скапа операција, особено за визуелните амбиции на филмот. Откако ја баталил идејата, му испаднала приликата да се приклучи на Blade. Снајпс не бил запознаен со стриповите, ама препознал некои моменти слични на blaxploitation ствари од седумдести и одлучил од таков агол да му пристапи на ликот. Оттаму и секоја сличност со Шафт не е воопшто случајна, ама зар можеш денес да замислиш различен Блејд? 

Во тоа време адаптација на помалку познати стрипови овозможувала и поголема креативна слобода. Блејд во оригиналните стрипови не е ни американец, меѓутоа поголемата промена е што наместо да е само имун на вампирски угризи, овде е полу-вампир и ги има сите вампирски моќи и речиси ниедна нивна слабост. Има натчовечка сила, се движи дење, може слободно да се настега лук, ама мора да ја потиснува жедта за крв со специјален серум кој со секоја употреба помалку му делува. Ова не само што му дава "супермоќ", туку воведува и слабост која го прави ликот поинтересен и помалку недопирлив.

Ова подоцна е воведено и во стриповите, а потекнува уште од неснименото сценарио на Гојер чии елементи се нашле некоја година претходно во епизода од Spider-Man: The Animated Series каде што е првото појавување на Блејд надвор од стрип. Таму првпат се појавува и Вислер, неговиот поеднакво кул ловец на вампири и ментор, кој во филмот го глуми Крис Кристоферсон. Вислер е оригинален лик на Гојер, само делумно базиран на стриповскиот ментор на Блејд - Џамал Афари. Јака фора ќе биде ако некогаш направат нов Блејд филм, Џамал Афари да биде остарен Весли Снајпс. Ете ти и друга Шафт референца. Уште па ако и Сем Џексон е уште жив за да се појави на три секунди ко Ник Фјури, ќе се прецвика мултиверзумот.

Blade шиба од самиот старт, уште од сцената кога ќе им упадне да им го растури рејвот. Тогаш воспоставува каков филм е, во каков свет ќе те внесе и што да очекуваш од акционите аспекти. Некогаш и претертува со кореографијата, ама некако е во духот на девеести и не смееш да замериш. Пример, Блејд немаше никаква потреба да ѝ ја издемолира дневната на докторката, ама така како ќе знаеш дека не е лик со кој што не може да се заебаваат вампириве и нивните поданици. Со таков фраерски кожен мантил и џаманданче во тон, веројатно е океј да го преклопиш лошиот во нечија трпезариска маса.

Измеѓу целата акција, Blade успева одлично да ја развие историјата на ликовите и светот за сѐ што се случува да има логична потпора. Ценам колку е концизен во тоа. Раскажува сѐ што треба да знаеш без да одземе од брзото темпо или да ја жртвува акцијата. Стандард девеести шема, не те гњави со вишок драма, ама имаш доволно информации за лесно да прифатиш тип што се шета со катана сред Њујорк. Денес поретко ќе сретнеш ваква специфична ноншалантност во акционен филм, а неверојатно функционира ако знаеш како да ја погодиш. Веројатно модерен пример за ова се John Wick филмовите.

Blade освен што веројатно го има пробиено патот за кариерата на Кејт Бекинсејл, за себе обезбедува две продолженија во следните шест години, а подоцна и кратка серија со Стики Фингаз во главна улога. Баш планирам да ги прегледам филмовите наскоро, ме занима дали вториот е уште толку добар и што забавно може да се извлече денеска од тројката. Откако MCU го оформи шаблонот по кој ќе се штанцаат многу вакви филмови, цел каталог од рани 2000-ти некако се најде забатален и отпишан. А се кладам дека Rise of the Silver Surfer денес е бољи од сѐ заедно што излезе по Endgame.

Види такоѓе:

September 1, 2024

Не планирав да се разочарам од Alien: Romulus

Prometheus ме смени засекогаш. Во 2012 влегов во кино како наивно дете што мислеше ќе го посведочи најдобриот филм на светот, а излегов како циничниот чичко кој денес три пати премерува пред да гледа нешто. Не дека не сум се заебал во повеќе прилики од тогаш, ама бар се подучив да не се пењавам на секој втор трејлер. Се помирив дека Ридли Скот има изгубено осет за концептот и пред Alien: Covenant да удри уште еден печат на тој факт, а Covenant испадна толку полош од Prometheus што до The Matrix Resurrections го сметав за најголемото скапо гомно некогаш излезено од холивудско студио. Едно време навивав Нил Бломкемп да ја пркне франшизата, само и од тоа не испадна ништо. 

Веројатно немаше ни да го гледам Alien: Romulus во кино доколку не си пројдев добро пред некоја недела на филм од еден друг изнемоштен серијал. Прв сум за во кино, ама гледливи "големи" филмови се раритет последниве години. Жими Dune. Главниот привлечен аспект на овој седми Осми Путник ми беше отсуството на Ридли Скот како режисер. Не дека којзнае колку влеваше надеж Феде Алварез, ама двата хорор наслови на резимето му се подобри од последните два Alien на Ридли Скот, па оттаму ми заличи како посоодветен избор. Се понадевав дека може конечно ќе проструи неопходната свежина во франшизата.

Да пробам да го резимирам некако впечатокот пред да продолжам со спојлери. Дали го бива Alien: Romulus? Не баш. Дали е подобар од претходните два? Донекаде можеби, но секако не ме остави со желба да го гледам пак. Алварез има осет за хорор и отприлика ги разбира функционалните моменти од Alien формулата. Mеѓутоа, попатно нагло ги испушта стварите од раце за да ги замени со половни делови од понеславните етапи на серијалот и одредени идеи кои се само вишок. Потенцијалот на филмот е очигледен и тапа е што вака успеа да промаши. Толку. Одиме со малку спојлерски муабети сега.

Не можам да разберам што точно се случило, ама не би ја исклучил можноста со некоја од сомнителниве идеи да смешал прсти извршниот продуцент филмот - господинот Ридли Скот. Или самите Дизни под чија сопственост е и оваа франшиза сега. Секако, може и просто ова да е капацитетот на Феде Алварез, ама брлавштините ко онаа да вратиш со години мртов актер преку шкартен дипфејк се повеќе карактеристични за големиот газда. Апсолутно немаше никаква полза од покоен Иан Холм тука, особено не на ваков срамен и нискобуџетен начин. Било кој друг актер ќе збркаше работа за улогата, без овие непотребни дистракции. Тука некаде филмот ме отцепи од приказната и ми го префрли фокусот кон глупите продукциски одлуки кои од овој момент почнаа да стануваат сѐ подискутабилни.

А за атер на општата солидна хорор атмосфера што ја има, претходно прифатив дека ќе уживам во филмот и покрај проблемите на самиот старт. Решив ќе прогледам низ тоа како група иритантни млади ликови лабаво одат да си ја бараат бељата на напуштена вселенска станица над нивната посрана колонија. Станица која патем е исклучително важна за Вејланд-Јутани, ама ете никој не се сетил да тркне до таму претходно, изгледа чекаа да се качат горе Тајлер и Рејн кои до пред малку не смееа да ја напуштат планетата. Морав да ги гуглам имињава на ликовиве исто така, буквално ниеден не запамтив, а реално па ни актерскава екипа не е нешто впечатлива.

Но океј, Alien: Romulus стана Alien VS глупи разгаламени тинејџери и како таков тераше тамански. Не којзнае колку креативно и оригинално, ама скроз прикладно ко за возбудлива хорор вожња. Навивав за Ксеноморфот. Стварно не можеш да си на страната на ликовите зашто филмот не се ни труди да ти џитне нешто за да запознаеш било кој од нив, ама уживав во тие првите четириесетина минути додека не се претвори во коктел од референци, рециклирани реплики и сцени од претходните филмови. Многу е несмасно. Голем дел не ни функционира доколку немаш претходен контекст, ниту па постигнува да удри некоја носталгична нота. Веќе си го видел скоро цело во далеку подобра варијанта. Она со Иан Холм беше капакот. Озбилно е крш. Кичурај.

Елементите кои ги додава како освежување на овој вруќ куп прекопирани гомна се очајно смешни. Таман си мислиш конечно заврши, Alien: Romulus решава уште еднаш да се крене за да го истегне крајот со уште еден крај каде што главните ликови кои се со исклучително неуверлив борбен или преживувачки капацитет, сега мора да се соочат и со хибрид од човек, Ксеноморф и Инженер. Погледнав на саат кратко пред да почне овој циркуз зошто филмот изгледаше како да е готов, а според времето знаев дека треба да потрае уште дваесетина минути. Не бев спремен да видам до која мера шокантно лошо ќе одлучи да заврши, ама веќе имав кренато раце. Ни за лошите не навивав сега, навивав што побрзо дома да си одиме.

Најпоразителна е сепак сцената кога дома седнав да го куцам ова наместо да свртиме за било кој од саглам филмовите што ги изнагледав во последно време, а не се од оваа одамна рокната жална холивудска септичка јама. Немав преголеми очекувања од Alien: Romulus, ама помислив дека е можно нештата да размрдаат онаму кај што Ридли Скот ги затупе. Глеј што се случи во "сродната" франшиза со Prey. Не барам таква драстична промена на околина, ама добар пример е како малку да рашараш едноставна идеја и да добие нов сјај. Толку ли не може поразлично да се препакува Alien формулата наместо овој досаден исцрпувачки колаж од веќе видени ствари? Станува потажно и од Terminator.

Види такоѓе: 

May 9, 2024

Годзила Минус Еден

Имаше повеќе Годзила продукти од 2016 наваму откако Toho ја означи новата ера во франшизата со Shin Gojira на Хидеаки Ано, ама за ниеден не бев загреан како за Godzilla: Minus One што излезе кон крајот на минатата година. Во меѓувреме гледав нешто од тие анимињата и секако холивудските Годзили што не ни успевам да ги разликувам од што се досадни. Ништо не ми залепи. Само чекав некое продолжение на Shin Gojira, меѓутоа наместо тоа, Ано ребутираше Ultraman и Kamen Rider за кои изгледа не сум доволно виб за да ми е гајле.  
 
Сепак, со Ано или без, единствено што се надевав е дека следниот Годзила филм ќе ја грабне американската франшиза за опаш и ќе ја акне од земја зашто упорно не успеваат да убодат нешто саглам. Стварно не разбирам како е толку успешно за да штанцаат нови филмови секоја втора година. Има и серија со Курт Расел од скоро. Прв сум да гледам како џиновски монструми, мајмуни и роботи пробуваат да се испоубијат меѓусебно, ама некако не ми пасуваат американскиве интерпретации колку и да им давам шанса. Не дека не можеш да најдеш петнаесет-дваесет минути забава во секој од нив, само пре би гледал јапонски гумен Годзила како шутира макети од згради. 


Godzilla: Minus One на Такаши Јамазаки е нешто малку трето. Не е како ниеден претходен Годзила филм, а притоа е најгодзила филм од оригиналниот навака. А, веројатно и најдобриот до сега. После сите ескалации на концептот, соочување со други чудовишта, пазари и адаптации - Minus One го сведува на најосновната идеја, но погледната од агол кој не знам како порано бил занемаруван. Како публика и некој што треба да е внесен во филмот, присуството на Годзила најчесто го набљудуваш од "подалеку", од перспектива на група научници или воена организација. Едвај гледаш како влијае индивидуално и како се одразува на некој обичен човек што ја имал таа судбина и Годзила да му се посере на животот дента. 
 
Без да навлегувам во спојлерска територија, Minus One има ликови за кои конечно ти е грижа и чија приказна е вистинскиот столб на филмот. Овој пат приказната за првото појавување на Годзила во светот е раскажана низ очите на Коичи - камиказе пилот кој освен како посрамотен дезертер, во неговото уништено родно место се враќа и со друг товар, ненадминливи трауми и блиска средба со мистериозно чудовиште.
 
Иако филмот двои голем простор за Коичи и луѓето околу него, во ниеден момент не ти дозволува да подзаборавиш дека гледаш каиџу еп, дури и кога самиот Годзила не е присутен на екран. Само е мајсторски е позициониран во пост-воена драма која се занимава со физичкиот и емотивен пустош оставен во Јапонија по Втората светска војна. Ниту еден друг Годзила филм од помодерната ера не успеал волку ефективно да ја спроведе темата која е инспирацијата за создавање на чудовиштето и неговата природа.
 
А, што се однесува до самата акција за која веројатно седнуваш на ваков филм - најдобар е и во оваа категорија. Јапонската продукција со вкупен буџет помал од 15 милиони долари овде нуди спектакл што е неспоредливо подобар од оној што холивудската кираџиска франшиза не успева со четири-пет далеку поскапи филмови. Дизајнот на Годзила и самите специјални ефекти во Minus One се феноменални, без разлика дали сцената е денска, ноќна или во вода. Не знам колку се потпирале на гумени костими, практични ефекти и реални сетови, меѓутоа сè е некако органски вклопено и нема да те оќори ко американските. Дури и им отиде таму да ги нагази малку, им собра Оскар за визуелни ефекти.

Додека американските адаптации не можат да се решат дали сакаат да бидат Transformers или суперхеројска франшиза, Godzilla: Minus One докажа дека е возможно да направиш возбудлив Годзила филм што ќе биде сериозно, созреано дело и покрај тоа што главното средство е некој ваков џиновски воден диногуштер со апетит за правење хаос. Мило ми е што вака го брани интегритетот на брендот, комплетно спротивно од тоа што модерниот Холивуд моментално му го прави. 

Се надевам дека следниот јапонски Годзила ќе е нешто уште поразлично од ова. Нема потреба да се наративно поврзани филмовите за да се добри, еве овој нема никаква врска со Shin Gojira освен тоа што го користи истото чудовиште. Ете, можело да се биде свеж и после триесетина наслови. Не знам дали Toho тивко се натпреварува со холивудската штампарија или само неплански ги дроби вака од шала, ама квалитетот на Godzilla: Minus One е неспоредливо над повеќето скорешни блокбастери, не само Годзила филмовите. Не дека е многу тешко да си подобар од холивудскиот Godzilla vs. Kong, ама смешно ми е кога гледам колку е крш вака во споредба.

March 22, 2024

Впечатоците од вториот Dune

Dune: Part Two, какво искуство. Не сум излегол одамна вака занесен од кино. Си поќутевме во кола за накај дома. Ова е тој епохален кинематографски триумф за жанрот каков што мислев дека нема да затекнам во мојот век. Очекувањата секако ми беа високи после првиот и ни малку не се сомневав дека ќе бидат пресретнати, меѓутоа ни на крај памет дека филмот ќе успее да ги надмине во оваа мера. Мислев дека возбудата ќе попушти за некој ден, ама ете ме - уште не можам да гледам било што друго. Ни филм, ни серија, ни трејлерот за продолжението на забавно глупион филм на Зек Снајдер. 

Вилнев пред наши очи се запиша во историја како еден од најголемите. Вакви моменти се еднаш во генерација. Што и да мислиш дека било врвното достигнување во категоријата на научно-фантастични епови на филмско платно, Dune на Дени Вилнев сега е веројатно некое ниво над тоа. Не е рано да се заклучи ова. Можеби е само потешко да се прифати поради иницијалниот шок. За десет-петнаесет години ќе ти биде уште помило што си бил дел од моментов. Како што од денешна перспектива сме благодарни за приликата да ја искусиме The Lord of the Rings трилогијата "во живо". 

Со внимателно цупкање околу спојлери, можам само да кажам дека Вилнев го рокнал ова директно во центар. Одамна не сум успеал вака да се вдадам во филм и комплетно да заборавам дека постои светот надвор од него. Без разлика што Dune: Part Two на повеќе места е отшиен од изворниот материјал, суштински е истиот свет на Френк Херберт, донесен во реалноста во невиден размер. Толку добро се справува со некои елементи што не ти дозволува да му замериш за креативната слобода.

Го читав Вилнев скоро како дискутира на тема дијалог и како малтене го смета за спореден елемент во контекст на уметноста на создавање филмови. Оттаму, Dune: Part Two дава предност на впечатливо визуелно раскажување и виртуозно вклопен звук со кој е пополнет просторот за вербална експозиција кој можеби би бил вишок покрај методите кои се искористени тука. Тоа не значи дека филмот било како страда од сценариото - баш напротив, меѓутоа масивната ударна снага доаѓа од тоа што го гледаш и слушаш.

Ризикот е секако исплатлив. Mајсторлукот на Вилнев е евидентен во една монохроматска сцена која е снимена со инфраред камери со цел да го долови Гиди Прајм како вистински туѓа планета, чие црно сонце емитира безбојна светлина, па жителите буквално егзистираат во црно-бел свет кој им ја дополнува постоечката мизерија. "Науката" зад ова е чудна и не е нешто што Френк Херберт прецизно го опишува во книгите, меѓутоа изведбата е креативна, мангупска и несекојдневна, иако техниката што Вилнев ја користи за да го постигне ефектот не е комплетно нова за модерен Холивуд. 

Кастингот е исто феноменален. Ликовите од првиот филм се веќе сериозно уиграни, а сега надополнети со свеж, но подеднакво сериозен талент. Фејд-Раута е веројатно улогата, или барем се надевам една од улогите, по кои историјата ќе го запамти Остин Батлер. Во Elvis беше јасно дека дечкото има вештини и харизма, меѓутоа ова овде е на сосема друго рамниште. Со само неколку сцени успева да го претвори младиот Харконен во еден од најмаркантните, најбрутални негативци на филм досега. Кога ќе ме пушти малку оваа Dune еуфорија, мора под итно да седнам да гледам Masters of the Air.

До првиот филм не ни знаев кој е Тимоти Шаламе, а сега не би можел да замислам некој друг како Муад'Диб. Товарот за оваа адаптација да движи мазно е претежно на негов грб и Шаламе неуморно го носи секаде каде што приказната ќе го побара тоа. Пол поминува многу и верувам дека не е најлесно да го пренесеш тоа така функционално на филм. Треба да ја убедиш публиката да навива за него, а истовремено да го урнисаш мономитот за да фрлиш светло кон еден друг аспект од бидување таков "месија" каков што е.

Сепак, главната ѕвезда на Dune: Part Two за мене е Ребека Фергусон. Бене Џесерит како императивно ткиво на приказната ми е можеби најинтересниот дел од Dune воопшто, а преку Ребека Фергусон како Џесика комплетно е доловен целиот авторитет и мистицизам кој доаѓа од редот. Извонреден перформанс. Вилнев и со нејзината транзиција постапува поеднакво добро како и со Пол. Тоа е една од најумешните страни на филмот, што неверојатно балансирано ги вдомува сите ликови и нивните приказни во нешто помалку од три саати. Никој не е запоставен. Секако, Вилнев крател онаму каде што сметал дека има вишок, меѓутоа и покрај сѐ што "недостасува" од книгата, Dune: Part Two заедно со претходниот раскажува кохерентна функционална приказна.

Резултатите се очигледни кога делото е целосно препуштено на креативци, без некое плеткање од корпоративен одбор кој нема допирна точка со уметност. Толку се хомогени актуелните "големи" филмови што во принцип нудат многу слично кино искуство. Особено тие од последнава декада. Ова е поинакво, посериозно и се обраќа со многу подруг визуелен тон, без притоа да те лиши од возбудливи акциони сцени. Главната разлика е што во Dune не изгледаат пластично, туку сите специјални ефекти се некако органски и природно вклопени во околината. Тоа дополнително ја гарантира безвременската вредност на филмот. Сигурен сум дека нема да изгледа "остарено" и за дваесет години од сега.  

Љубовта на Вилнев кон создавањето филмови го има направено ова да е вакво какво што го доживуваш. Имаме џам филм после години сомнеж дека Dune е којзнае колку комплексно дело за екранизација. Сигурен сум дека не сите љубители на книгата ќе бидат задоволни, ама па не можеш на секој да му угодиш. Верувам дека времето што ќе проаѓа само дополнително ќе го јакне статусот на ова како култна класика. Едвај чекам да видам што ќе стокми Вилнев за престојната адаптација на Dune Messiah и каква е воопшто иднината на Dune како новата голема мултимедијална франшиза.

January 14, 2024

Ретроспектива на The Rock

Со последново прегледување на The Rock (1996), сѐ попривлечна ми е теоријата дека е Бонд филм, поконкретно последниот Бонд на Шон Конери. Теоријата е дека Џон Мејсон е всушност оригиналниот Џејмс Бонд кој е затворен во Алкатраз во 1962 од каде што успева да избега, да го спаси светот неколку пати и пак да заглави затворен во САД триесет и кусур години дека наводно тајната служба го "жртвува" и го негира неговото постоење. 

Нема да навлегувам детално во теоријата, не е ни толку битна, меѓутоа очигледно е дека The Rock може да биде Бонд филм ако сакаш така да си го доживееш. Можеби не е онаков Бонд филм со сите својствени елементи, не е ни истиот жанр, ама е подобар од многуте што се промотале натаму. The Rock има жолто Ферари Спајдер место Астон Мартин, нема научно-фантастични гаџети и го има Николас Кејџ наместо некоја егзотична мома, ама Ед Харис тука комотно би можел да се носи со повеќето ексцентрични Бонд негативци. Има за што да се фатиш ако си решен, многу од сличностите не се случајни, а главното е што Конери го цепа Мејсон речиси идентично ко Бонд.

Јасно ти е дека се забавува со ликот. Не дека не е максимално харизматичен кај и да се појави, меѓутоа тука е неспоредливо поприсутен од некои филмови каде што очигледно е дојден исклучио за платата. Секако дека и овде ги одбивал додека не се испазариле подобро, ама некако успеал да си кликне со младиот Мајкл Беј на кој ова му бил втор филм, па дури и да му помогне да се справи со продуцентите од Дизни откако каснел со снимањето и му се качувале на глава. Во анегдотата што Мајкл Беј ја раскажува, Конери им се појавил на некој ручек, им спискал дека се кнап со буџет и само прашале колку треба. 

Со добар материјал можеш да извлечеш многу од подостарена акциона ѕвезда. Конери иако има 65 години кога е снимано ова, делува многу повитално и поубедливо од неговите колеги кои се испробале на таа возраст во слично конципирани филмови. Феноменален е. Мејсон му е една од најдобрите улоги откако е целосно побелен во брадата. Мајкл Бин наводно му зборел на Мајкл Беј дека го фаќало трема во негово присуство. Не се троши тој Бондовски шарм така лесно, а го одржува и во Entrapment три години покасно. 

Истиот овој материјал прави од Николас Кејџ актер кој може да износи ваков акционен трилер. Con Air и Face/Off се следната година. Колку и Шон Конери да е Шон Конери, огромна заслуга оди кај Николас Кејџ за The Rock да биде класиката која е денес. Дури имаат и некоја награда земено за најдобро филмско дуо за таа година. Имам некоја нова љубов за Николас Кејџ од неодамна која е сосема спротивна од таа една фаза што ја имав во младоста кога "не го сакав". Не знам ни што била точната причина, ама секогаш секаде е феноменален. Не стигнав уште да измуабетам тука за The Unbearable Weight of Massive Talent, нека ми биде ова потсетник дека може треба.
 
Мајкл Беј очигледно може да го искористи потенцијалот на актерите со кои работи и да им помогне да одговорат на различен предизвик. Кој го претвори принцот од Бел-Ер во акционен херој? Баш ме интересира каква би била кариерата на Мајкл Беј доколку не ги допреше парите од Хасбро. The Rock ми е омилениот негов филм, така одлучив. Толку долго го немав гледано што веројатно ќе речев Bad Boys кецот ако ме прашаше пред некој ден. Pearl Harbor и Armageddon се океј за тоа што се, ама не се филм за подостарен Џејмс Бонд кој со Николас Кејџ се инфилтрира во Алкатраз за да го спречи Ед Харис да го рокне Сан Франциско со хемиско оружје.

Воопшто не стареат лошо овие акциони филмови од средината на девеести. Разбирам дека носталгичниот фактор е висок во заклучоциве, ама не сите од цела таа декада се Terminator 2: Judgement Day или True Lies. Или The Matrix, еве да се прошириме жанровски уште малку ако има место. Во она прелазното време кога се селевме од касети на дискови не изгледаа волку добро. Тогаш веројатно The Lord of the Rings правеше сѐ да личи шкарт во споредба, без оглед на жанр. А, има некои како еве овој, Speed, Air Force One, Assassins, па дури и Enemy of the State, кои се многу подобри отколку што ќе очекуваш да ти бидат денес. Judge Dredd со Сталоне ќе се изгледа пак набргу исто.

December 24, 2023

Ребелде Мун

Со месеци го чекав Rebel Moon. Еден од "големите" филмови на кои озбилно се радував годинава и се надевав дека нема да испаднат премногу тапа. Не сум толку голем љубител на Зек Снајдер колку што ми лепат "вселенски опери" како поджанр. Таква ретка појава се што не можам да прерипам наслов, особено не во денови кога таа најпопуларната е посрање од било кога. Што еве, пази интересен податок - Rebel Moon всушност потекнува од Star Wars концепт кој Зек Снајдер го нудел на Дизни пред десетина години, ама го одбиле зашто тогаш веројатно биле зафатени со планирање на новата трилогија кој постоечки лик попрво да го упропастат.

Rebel Moon не само што не испадна тапа, туку успеа да ми ја задоволи жедта за жанрот повеќе од било кој Star Wars на Дизни. Не ни очекував дека е ваков филмов. Замисли да си една од најскапите франшизи во цела забавна индустрија и некој што верува дека Џеси Ајзенберг е добар Лекс Лутор да направи поинтересен Star Wars од самиот денешен Star Wars. Не дека е особено тешко да надминеш Star Wars во 2023, ама Зек Снајдер очигледно со ова погоди нешто што овие со сите достапни ресурси на светот не успеваат, а тоа е едноставната забава. Од тука почнуваат малку спојлери, така што кроце надоле.

Вакви филмови се за декомпресија после напорен ден. Не пушташ Флеш Гордон и Џон Картер за да дешифрираш софистицирани филмски метафори и скриен симболизам. Овде сме за да видиме како ненадејно разбудените емоции ќе го мотивираат роботот Џими да му стегне куршум во чело на одвратен вселенски нацист. Такви работи се случуваат во Rebel Moon и супер се. Сѐ што пробува филмот е функционално, без разлика што е често рапав и инспирацијата ја црпи од ствари кои ти се веројатно познати од негде.

Ќе приметиш нијанси на Куросава и вестерн, ама за да не испадне дека се мазнати сите основи на Star Wars, Снајдер црпнал малку и од Warhammer 40k. Можеби е рано да се оттргне од споредбите со стварите од каде што "позајмува", ама на секој чекор се труди да остави некој личен белег што е многу повеќе од константниот сепија филтер. Дури успева и да воспостави ликови што се кул и имаат опиплив мотив за да се вклопат во приказната.

Но, некои сличности се многу очигледни, а некогаш Снајдер не се ни труди да ги сокрие. Не дека ваква банда од фармер, сомнителен пилот, поранешен генерал, робот и некој близок до благородничко семејство е реткост во фикција, ама овде некако е помалку веројатна случајноста, нели? Бунтовници што пробуваат да отфрлат фашистичка империја чиј главен претставник е малку човек, малку машина и известува на уште понезгоден лик од него? Има и сцена која е скоро иста со сцената во кантината од A New Hope.

Упорно ми е симпатично што во водечката група има лик кој веројатно бил Џедајот во оригиналното сценарио, ама во поспоредна улога, што е исто занимлив агол. Star Wars, ама Џедај не е главен лик. Уште појако е што Снајдер не се ни потрудил да ги преправи оружјата, веројатно само се слушнале со адвокатот да потврдат до која мера треба да се различни за да не се влечкаат по судови со Дизни. Препиши ја домашната од 1977 ама смени ја малку да не нѐ приметат.

Како и да е, сакам вакви филмови. Ми лепат ептен. Мене и The Chronicles of Riddick ми е тотално забавен. Rebel Moon веројатно повеќе фаќа ако можеш да уживаш во забавно ѓубре како Battle Beyond the Stars или Krull. А, најмногу сум загреан за потенцијалот за светот што Снајдер може да го плете тука. Многу специфичен лик е Снајдер, полн е со налудничави незрели идеи и сакам да видам како би ги развивал на некој ваков терен чиј лимит сѐ уште не е познат. Може никогаш нема да се тргне од визуелниот стил што случајно си го измисли и присвои во 300 и Rebel Moon дефинитивно би имал корист од уште бар една боја колку за да ги разликуваш локации, ама сметам дека контекстуално е супер простор за неоптеретено да снајдерува.

Ова што излезе сега е прв дел. Вториот пристигнува за неколку месеци, а во меѓувреме би требало да има и R верзија зошто Снајдер со Justice League сконта дека може два пати да го наплати истиот филм само нешто поразлично уреден. Веројатно продолжението е клучно за ова дали ќе успее да се претвори во пообемна франшиза или ќе се запише како шашав обид за научно-фантастичен Seven Samurai. Моменталниот одзив на публиката некако повеќе го носи Rebel Moon кон второво, ама ајде да сме оптимисти. 

Види такоѓе:

December 12, 2023

Го имаш гледано The Creator

Како да не се израдувам на нов научно-фантастичен филм што не е адаптација, римејк, продолжение или од оние петпарачкине што се штанцаат за стриминг сервиси, а само постерот им е убав? Уште се ретки ваквите оригинални блокбастери, ама мислам дека конечно се ослободува некој поширок простор за нив во престојниот период. Популарноста на стриповските адаптации е во слободен пад, други франшизи се предмет на потсмев, па веројатно нема подобро време од сега за студијата да се пробаат со нешто ново.

The Creator е еден од малкуте такви "големи" филмови од 2023 и првиот на Гарет Едвардс после Godzilla и Rogue One каде што има прилика да го презентира капацитетот како режисер и сценарист, независно од некој веќе постоечки изворен материјал. Но, иако The Creator ми беше позабавен од неговите претходни филмови, некако ме остави рамнодушен и со желба за поквалитетна реализација. Опиплив потенцијал, ама нешто се скурцало по пат. 

Филмот изгледа одлично, меѓутоа тоа му е единствената силна страна. Едвардс има осет за естетика, неизмерна фасцинација со ниви и вештина да ја направи секоја сцена визуелно привлечна. Од технички и режисерски аспект, The Creator е сигурно еден од поубавите филмови што сум ги начекал во последниве години. Голем дел е сниман на повеќе локации низ Тајланд, некогаш и герилски со природно осветлување, па многу од сцените изгледаат органски дури и кога се полни со очигледни компјутерски генерирани елементи. 

Снимано е на осумдесетина локации низ цел свет. Наместо да градат сетови или да тегават актери на гринскрин, некако пресметале дека е поисплатливо да се снима со мала екипа на вистински локации и после да ги лепат ефектите. Буџетот бил лимитиран, а некако успеале да го постигнат ова со три пати помалку пари одошто вообичено би коштало за проект од ваков размер. Стварно изгледа многу добро и тапа е што освен тоа едвај и да има нешто друго со вистинска вредност. Можни се спојлери понатаму.

Приказната би можела да е многу едноставна, ама The Creator упорно прави напор за беспотребно да ја искомплицира. Напредна вештачка интелигенција ќе го рокне Лос Анџелес со нуклеарка на што Западниот свет ќе се спротивстави и ќе почне конфликт со Нова Азија, сојуз од неколку земји кои одбиваат да се одвојат од нивните роботски сограѓани. Целта на американската армија е да го уништи Нирмата, мистериозниот творец на напредната технологија која наводно може да ја заврши војната, меѓутоа од сам старт буквално никаде не успеав да најдам смисла. 

Никогаш ниту еден мотив не ми беше јасен, освен секако оној на главниот лик кој само сака да си најде фамилијата. Не разбрав како точно функционира светот, дали групите кои војуваат имаат некоја повисока цел, кој точно е во право и дали филмот озбилно се обидува да мудрува правејќи некаква аналогија со американските воени интервенции на Истокот? Не разбрав зошто толку напредни роботи живеат заедно со луѓе бездомници, зошто има роботски еквивалент на тибетански монаси и која е општествената придобивка од оваа вештачка интелигенција ако светот е генерално полош? Нема леб да јаде, запнал роботот да го брани.

Ништо нема логика, ама претпоставувам дека сите овие работи му изгледале естетски кул на Гарет Едвардс. И, да - визуелно се супер, како некое чудно аниме да оживеало пред тебе, ама стануваат поглупи колку повеќе ги мислиш. The Creator нафрла еден куп визуелни парчиња, меѓутоа сами по себе се шупливи или барем Едвардс не знае да ги искористи како јазик со кој невербално ќе раскаже приказна која ќе му даде некој слој повеќе на општиот сетинг. А, ако го одвоиш светот од самото сценарио ќе приметиш дека не се ни лепат едно со друго којзнае колку.

За нешто што настојува на оригиналност, нема ниедна своја ствар која би му овозможила некаков уникатен наративен идентитет. Малтене цел филм го имаш гледано претходно само со различно име. Во секоја сцена имаше шанса да ме изненади, а упорно предвидував што ќе се случи. Дијалозите страдаат од истото, некогаш буквално можеш да стопираш и да ја погодиш следната реченица. Често пати и темпото е промашено, па ќе ти фрли информации кои не се битни за понатаму, а некои работи се случуваат само затоа што мора да прешалта сцена и да ги однесе ликовите на следната егзотична локација.

The Creator сака да прогледаш низ многу работи, а не нуди ништо за возврат освен убавата естетика. Ако воопшто можам да речам дека вреди за гледање, тоа би била една од двете причини. Другата е што не е уште еден наслов во изморена франшиза иако нешто не се прекршува да биде интелектуално поразличен од таквите. Штета. Има тема што може да ја третира многу попровокативно и проникливо, ама веројатно во обид да се доближи до поширока публика се одлучува да биде мрзлив, досаден и постојано предвидлив.

October 24, 2023

The Conference, шведскиот слешер хорор

Обично прерипувам кога ќе видам дека филм го има она црвеното "N" во аголот на постерот. Ништо против сервисот, не го плаќам и онака, ама неколку такви што сум ги кликнал биле од таа нивната глупа продукција и не ми се троши пола саат на нешто што обично испаѓало дека е тапа. За овогодинешниот The Conference, или Konferensen на шведски еве да сме фенси синефили ако не, беше можеби предоцна. Среќа испадна многу појак отколку што можев да претпоставам. Не проверив дали е баш Нетфликс продукција или само го дистрибуираат, ама алал. Оваа шведска слешер хорор комедија испадна сочниот сос што фалеше на тековниот домашен хорор маратон.

The Conference го има најосновниот слешерски заплет. Група луѓе одат викендичка во шума со езеро и биваат убивани еден по еден од маскиран убиец, ама пресвртот е што групата не се стандардните распашани тинејџери, туку општинари на тим билдинг од кои скоро никој од нив не сака да е таму. Многу комично е врамена целата ситуација на почетокот. Немав начекано ваква лабава варијанта на жанрот од Happy Death Day навака.

 
Групата е одговорна за голем шопинг мол што наскоро треба да се гради во близина, ама целата ситуација е полна со дубари и нерегуларности во кои се директно инволвирани. Направиле и некоја заврзлама со која одземале приватно земјиште од локалните земјоделци без надомест. Филмот не губи време пред да ти разјасни дека поголемиот дел од овие ликови сами си нацртале мета и не ти дозволува да навиваш за повеќето. Грото се алчни расипани преваранти. Некои се дојдени со веќе постоечки меѓусебни недоразбирања, па атмосферата е веќе напната уште пред да се појави будалата што сака да ги испоубие.
 
Најјаката страна на The Conference е динамиката на ликовите и комплицираната ситуација што си ја имаат донесено на патувањето. Не се таму исклучиво за да бидат креативно убиени како што жанрот често знае да си овозможи, туку кофликтот помеѓу нив е супер дешавка за следење додека филмот се потсети дека е хорор пред сѐ. Некогаш и ќе замислиш дали воопшто убиецот ќе стигне до нив пред да се испоубијат еден со друг. Супер избалансирано. Повремено користи и симпатични визуелни штосови за да ги судира тие наративни паралели. Браво за кој и да го уредувал ова.
 
Иако како целина не е ништо ново и невидено, дури и самата идејата за приказната е можеби собрана од друг постар филм, The Conference наоѓа начин за како убаво да го спакува и препродаде. Не ни се труди да иновира или да донесе нешто ново жанрот, меѓутоа самоуверено знае како да искористи финти што ги има научено на друго место, а сепак да си допушти каков-таков автентичен шарм. Уживав скроз. Баш прецизно исече измеѓу сто пати гледани филмови на "маратонов". Ептен сум слаб на жанрот, ги сакам и најглупите вакви, самата идеја дека гледам шведски слешер уште толку го прави искуството повозбудливо.

Види такоѓе: