November 24, 2023

Многу години Crapwerk

Седумнаесет се, ама лани нели се договоривме дека нема да ги броиме. Замисли колку рендом ствар е седумнаесет години да одржуваш блог. Звучи како ептен бизарно хоби, ко салфетки да собираш или некоја таква глупост од пред сто години. Не знам, мора да ми е уште забавно штом истера волку. Баш ќе ми биде криво ако некогаш Crapwerk се запусти како скоро сите други македонски блогови од "тоа време". 

Не сакам да го отвориш утре и последните три постови да се со месеци растојание, ама очигледно го немам истото време како претходно. Плус, годинава задржав многу необјавени постови што не ми се свиѓаа како звучат "од прва", а сакам некогаш да ги спастрам и објавам во некој облик. Заради тоа и традиционалната компилација подолу е поскромна од било кога, ама веројатно е добро додека ја има.

Фала ви на сите што уште се затекнувате на Crapwerk, се читаме. 

November 5, 2023

Абер за World of Warcraft од BlizzCon 2023

Не беше тешко да погодиш дека годинешниот Blizzcon ќе се потруди да биде поспектакуларен од претходните. Прв ваков после четири години пауза поради пандемии и компаниски скандали и прв откако Крис Метзен e назад како извршен креативен директор на Warcraft. Затоа и бев заинтересиран кои ќе бидат големите новости за World of Warcraft, немаше шанси да пројде ова со нешто ситно. Речиси ниедна од шпекулациите на кои претходно наидов не беше точна, ама успеав да се изненадам од некои од најавите.  
 
Cataclysm Classic? Дали озбилно ова има толку публика за да биде успешно како "оригиналната" World of Warcraft трилогија? Ова е експанзијата што набрка многу луѓе од играта, ама па од друга страна претпоставувам дека е нечиј прв контакт со овој свет, така што веројатно има кој да ги одржува серверите во живот. Супер ако сметаат дека е возможно. Не очекував дека ќе одат понатаму од Wrath of the Lich King Classic. За две години и Mists of Pandaria сигурно, да не ѝ го фатиш крајот на носталгијата.
 

Најавија и некоја делумно рудиментирана варијанта на она што публиката го бараше како Classic Plus што ја нарекуваат Season of Discovery. Classic Plus е реално ризичен чекор. Идејата оригиналната World of Warcraft да добие нова содржина во сопствените рамки е секако привлечна, меѓутоа како ќе го изведеш тоа без да изгледа како експанзија паралелна на The Burning Crusade, а пак да го задржиш духот на основната игра? 
 
Комплицирано е од повеќе аспекти, не само технички туку и наративни, па претпоставувам дека и Активижн Близард го гледаат како ризична инвестиција. Сепак, мило ми е што барем личат како конечно да ја слушаат публиката, па овој Season of Discovery компромис е можеби тест за некој иден поголем чекор кон помасивна нова содржина на WoW Classic. Очигледно ги следат трендовите на приватните ванила сервери, ете скоро воведоа и Classic Hardcore. Не можеш секого да задоволиш, ама очигледно проценките за колку публика има за "модирана" Classic не им се комплетно промашени. Seasons of Discovery почнува уште на крај од месецов.

Сепак, најголемата вест за мене беше најавата на не една, туку три нови World of Warcraft експанзии за тековната верзија. Сите под едно заеднично име - The Worldsoul Saga, најавата мислиш Марвел универзум. Првата излегува следната година и ќе се вика The War Within. Не ме чуди овој потег. Три експанзии поврзани во единствена приказна најавуваш кога сите три ќе се горе-доле слични. Три пати ќе ни ја продадат иста игра до 2030 и три пати ќе ја купиме. 
 
Ништо од шпекулациите дека следната експанзија ќе го редефинира Азерот како што своевремено направи Cataclysm. Сакам да верувам дека The Worldsoul Saga им купува време додека работат на вистински нова верзија на играта. Дека овие три експанзии се "занимација" додека стигне другото. Не мора да е World of Warcraft II, ама да е нешто поголемо, поразлично и посовремено. Dragonflight им даде одлична основа, освежи некои аспекти на играта, а реакциите на публиката потврдија дека уште има кој да игра WoW
 
Последниот дел од The Worldsoul Saga завршува во Нортренд што некако ме наведува да мислам дека е логичен крај. Сигурно нема да ја изгасат и да ја сменат како Валв со Counter-Strike 2, ама очекувам посериозна промена. Не можеш да ја одземеш World of Warcraft од луѓе во оваа денешнава варијанта, ама сакам да верувам дека ќе има некаква миграција кон нешто друго каде што ќе има опција и да не почнеш од нула. А, може и The Worldsoul Saga е само обичен маркетиншки штос за Blizzcon 2023 да личи "поспектакуларно".
 
Листата со новости кои ги носи The War Within е масивна. Има четириесетина минути ентузијастичка презентација на темата. Се изнасмеав на фактот што приказната оди под земја. Не се потсмевам. Баш ми е симпатично што после дваесет години уште има за играње ново WoW и самото тоа ме радува како факт. Сега под земја. Нови острови со панди, нови острови без панди, патување низ време, други планети, вселенски бродови, други димензии, задгробен живот со вампири, епа уште внатре во сам Азерот немам влезено со паладинот. 

Сите вести беа супер. Немам време за World of Warcraft и го немам истиот однос со играта како некогаш, ама се радувам што имам пристап до интересна верзија за кога ќе ми се приигра. Имаш официјални сервери за повеќе верзии ако ти се играат класици и имаш одлична тековна експназија која наскоро добива уште едно големо парче содржина за џвакање до The War Within. А, од тоа што тематски го видов од The War Within се осигурав дека и следната година ќе е така. Играта со години не била добра како сега и немала толку позитивно расположение околу, па мислам дека Активижн Близард нема да дозволат пропуштен моментум после сѐ што пројдоа изминативе години.