February 26, 2015

Околу новиот Alien на Нил Бломкемп

Откако Нил Бломкемп официјално потврди нов Alien, не можам да си ги сопрам цицките. А, ни да ја избегнам очекуваната глупава фора кај што кажувам дека сум разлигавен по тастатурава како осми путник. Секоја идеја околу нов Alien моментално изгледа подобра од тоа низ кое помина франшизата, особено навредливите два Alien VS Predator. Prometheus го чекав како СФ филмот на декадата, и стварно носеше во себе огромен потенцијал, меѓутоа на крајот испадна дека Ридли Скот веќе не е способен да расудува и препознае добри сценаристи. Визуелниот дел да не беше присутен да го размрда сето тоа, филмот сигурно ќе паднеше под просекот. Ни таа делумна поврзаност со Alien не успеа да ја разбуди франшизата, ниту да направи да ги заборавиме неславните сквернавења. На крајот, можеби не ни беше тоа главната мисија на Prometheus, но очекувањата пак некако беа во таа насока. Барем моите и на оние што излетаа од кино како испрскани со киселина во очи.


На почетокот на оваа година се појавија концептуалните цртежи на Бломкемп, од наводно откажаниот Alien проект. Од пред неколку денови петтото продолжение е во погон, а веќе и Сигурни Вивер го потврди нејзиното учество. Ако ги толкуваме добро зборовите на Бломкемп, нeговиот Alien би требало директно да се надоврзе на Aliens, игнорирајќи ги следните продолженија. Приказната на Рипли, како што кажува Бломкемп, така би добила прикладен завршеток, верувам дури и по цена на канонот од Alien 3 и Resurrection. Со Alien во рацете на човек кој е прилично ентузијастички настроен кон темата, мислам дека можам да си ги оправдам очекувањата и радоста. 

Бломкемп има скромно портофлио од само два филмови. Третиот, Chappie, излегува следниот месец. Во District 9 веќе се докажа како способен режисер со јасна визија и идеи. Elysium, иако потфрли во однос на приказната и сценариото, визуелно беше импресивен. Бломкемп пред да почне со режија, има работено како 3Д аниматор, потпишан е на ствари како SG-1. Очигледно е дека има осет за визуелни ефекти и знае мајсторски да ги смеша со "живата" околина, да изгледаат природно. Alien секако бара малку помрачен тон и секако претставува предизвик, меѓутоа не се сомневам дека Бломкемп ќе успее да го погоди. Доколку ги следи Скот и Камерон и во низата го додаде својот уникатен шмек, знам дека добиваме филм што барем убаво ќе изгледа. Барем?

Приказната е покомплицираниот дел тука. Колку директно може новиот Alien да се надоврзе на Aliens? Многу е битно која е замислата на Бломкемп, колку ќе има мешање од страна на студиото и колкав ќе е уделот на Ридли Скот, бидејќи сепак е решен да го продуцира. Не верувам дека концептуалните слики се некаква насока во однос на приказната, но тоа дека Рипли се враќа е секако позитивен знак. Можно ли е Хикс и Бишоп да се вратат? Сликите што кружат од почетокот на годинава, повеќе се картата со која Бломкемп го "изигра" студиото за да добие зелено светло. Исто така, се надевам дека Бломкемп ќе добие и засилување околу сценариото, зошто ете, Elysium е фин доказ дека можеби и не е доволно силен сам. Ако веќе ја бараме грешката за просечниот квалитет на филмот таму. Тери Тачел е потпишан како ко-сценарист на District 9, а гледам дека го вратил и за Chappie. Се сомневам дека ќе се дружат и за Alien, можно е студиото да одлучи за тоа, ама океј сум додека не се одлучат за некој како Линделоф.

Во меѓувреме, Ридли Скот продолжува да работи и на Prometheus 2. Веќе се зборува дека продолжението ќе излезе од паралелната Alien траекторија по која можеби се обиде да се движи. Во секој случај, ништо од ова нема да видиме оваа година. Тек почнуваат новостите околу петтиот Alien и планирам да ги чекам закачен за таван додека ми течат лиги надоле. 

No comments: