February 29, 2016

Spawn: Воскреснувањето на Ал Симонс

Се возбудив за Spawn филмот што можеби и нема да се случи во следниве неколку години. Да, звучам стандардно песимистички, меѓутоа Тод МекФарлејн обожава да најавува Spawn филм од време на време за на крај ништо да не се случи. Но, ова беше прилика за конечно да го фатам текот на стриповите што намерно го губам зошто чекам да се соберат повеќе за читање одеднаш. Приказната во стрипот е линеарна од првиот број, па не се исплати да палиш таблет за еден број секој месец. 

Ми се собраа многу. Не ги читав последните броеви со Џим Даунинг, го пропуштив јубелејниот #250, а додека го пишувам ова некој некаде аплоудува пиратска верзија од #261. Последните години Ал Симонс беше заменет со Џим Даунинг. Мистериозен пациент со непознато минато кој се буди од кома и го наследува симбиотот од тазе мртвиот (по втор пат) Симонс. Даунинг е различен Спон, првиот кој фолклорот го памети како жив Спон. Нели, Спон се станува откако ќе умреш и Пеколот ќе ти додели симбиот кој покрај тоа што е крваво црвена фешн наметка е оружје кое може да ги оптерети газовите на стотици душмани во исто време. Даунинг беше одличен Спон, приказната за Исус тип на месија во денешно време беше интересна, меѓутоа и таа доаѓа до точка каде што станува заморна поради недостаток на идеи и терен за прогрес. 


МекФарлејн во вистински момент решава да ја смени играта и да го врати оргиналниот Спон, Ал Симонс и да ја направи јубилејната 250-ка уште поспецијална. Покрај зголемениот број на страници, изданието е придружено со уште број, Spawn: Resurrection кој дава причина за неговото враќање. Ванда, изгубената љубов поради која е Спон е мртва и Пеколот води војна за нејзината душа, користејќи ја како мамец на кој секогаш битниот Симонс треба да загризе. Замисли ме сега како зевам на мојот омилен стрип. Јасно е дека секогаш сè околу Симонс е поради Ванда, но овој пат МекФарлејн во обид да избегне една слепа улица, влегува во друга. Иако е освежување пак да се види гневниот Симонс, сè што прочитав тука ми личи на она што го видов во најпрвите броеви. Тоа што Ванда овој пат е мртва, не менува многу, барем не засега. Само битката е преместена на друга локација. 

Имам и замерки за новите цртачи. Се навикнав на стилот на Кудрански во Џим Даунинг ерата. Го правеше помрачен, поуметнички, па сето она ломотење на МекФарлејн дека се дистанцира од суперхеројските стрипови на конкуренцијата беше евидентно поиздржано. Барем во визуелниот пристап, Spawn во рацете на Кудрански се двоеше од останатото со слична темата што е пласирано на пазарот. Кога Кудрански ќе ја рашири наметката на две страни и ќе фрли сенката на лицето на Спон, знаеш дека ќе те полази нешто по грбот кога ќе ја свртиш следната. Џонбој е одличен цртач, меѓутоа линиите му се остри и прецизни и како да се обидуваат да го емулираат стилот на МекФарлејн од почетокот на 90-тите. Освен тоа, верувам дека лошата идеја да му се цртаат остри заби на Симонс дошла од самиот МекФарлејн. Не ме заебавај Тод, изгледа како Веном! Спон е завиткан во сенки, баш таа мистичност која го прави ликот недостасува тука. 

Има еден супер број на Ерик Ларсен, #258 каде што речиси и да нема текст, туку на дваесетина страници Спон распалува со синџирите по илјада и кусур непријатели. Кул е, деталите ќе те натераат да потрошиш и неколку минути на една страна, но пак некако отсуствува мракот. Спон феноменално му легна на Кудрански, штета што прекина редовно да црта после јубилејот. Види ја сликата погоре во постов, од #257. Тоа е Кудрански и така треба да изгледа Спон. МекФарлејн можеби ја даде душата и урнекот, Капуло имаше одличен цртачки маратон во раните броеви, но за мене секогаш Кудрански ќе се двои како најдобриот.

Загреан сум да видам што ќе се случи во следниот број. Фати стрипот некој арк што ме занима како ќе заврши, но сигурен сум дека после тоа пак ќе поминат година-две додека пак да седнам некое попладне со нов Spawn и пиво. Во меѓувреме, ќе следам што ќе се случува со филмот и ќе се надевам дека ќе го видам додека сум вака млад, убав и заинтересиран.

February 28, 2016

Нова серија: Аmеricаn Сrimе Stоry

Да напишев нешто после првите двe епизоди, ќе звучев превозбудено во однос на постот што ќе следеше за третата и четвртата. Иако ќе дадам шанса на уште некоја епизода, полека ја губам вербата во оваа прва сезона на American Crime Story. Серијата, која (ќе) има антологиски формат сличен на оној на American Horror Story, во првата сезона се занимава со случајот О.Џ. Симпсон. Освен ако информациите не ги црпиш од два македонски медиуми, знаеш дека се работи за американското "судење на векот".

Некои детали се толку добро покриени што на моменти се чувствувам како да го гледам текстот на Википедија адаптиран (инаку е базирана на книгата The Run of His Life: The People v. O. J. Simpson). Серијата почнува во моментот кога се убиени поранешната жена на О Џеј и нејзиниот пријател, кратко пред ѕвездата да биде обвинета за нивното убиство. Судењето во кое Џус е прогласен за невин поради недостаток на докази, во 90-ти било најголемата медиумска сензација во САД. Луѓе се собирале пред телевизори да го следат секој пренос, популарноста ги надминувала и најатрактивните спортски настани, а пицериите не успевале да ги испорачаат сите нарачки, па рајата морала да се забавува со празен стомак. 


American Crime Story ги опфаќа сите аспекти на тој циркус, а стартот е доволно тензичен и драматичен да си помислиш дека конечно ќе гледаш квалитетна серија која можеби занимливо ќе пренесе едно крајно сомнително парче од поновата историја. Третата и четвртата епизода велат поинаку. На почетокот бев понесен од целата калакурница, па не приметив каде се распаѓа целото ова. Најголемиот проблем ми се главните актери кои нели, треба да бидат столбот на серијата. Џон Траволта е смешен. 

Не знам дали премногу се обидувале да го направат да изгледа како вистинскиот Роберт Шапиро, меѓутоа тука кога и да се појави ја врти целата сцена наопаку со вештачката шминка, маска или што и да е тоа што го прави поодвратен од што знае да биде. Испораката на речениците од сценариото му е очајна и покрај тоа што делува како да се труди. Дејвид Швимер го глуми Роберт Кардашијан, но очигледно "талентот" не му функционира ако нема смеење во позадина во некое станче во Њујорк. Дури и Куба Гудинг Џуниор, кој ја има главната улога овде, не успева да убеди никого. Секогаш кога сценариото ќе побара емотивен израз од нив, се крајно катастрофални. Да сум О Џеј Симпсон, сите овие тројца ќе беа мртви после третата епизода. Еј, еј, еј! Добрата страна е што остатокот од актерската екипа е квалитетен. Сара Полсон е одлична, штета што  некогаш мора да дели сцена со некој од овие погоре. Нејтан Лејн е исто супер.

Можам да пројдам низ разгалените деца на Кардашијан за кои не ми е јасно зошто се дел од серијава. Веројатно студиото сака евтино да кокетира со поширока публика, но ајде, тоа нека е најситниот "проблем". Поголемо е тоа што не ми изгледа дека имале прецизен план како ваква приказна ќе ја рашират низ десет епизоди. Станува неподносливо споро. Четвртата е толку досадна што 30 дена притвор во самица звучат како подобра идеја за забава. Ако не почне да се случува нешто поинтересно во следната епизода, ќе го сменам насловот во "Нова глупа серија".

February 27, 2016

Dеаdpool (2016)

Мојата презаситеност со филмски суперхерои ми го одложи гледањето на Deadpool, а чувството дека веќе имам видено сè што сакав да видам од жанрот не помогна да пристапам со некои големи очекувања. Верував дека материјалот на кој е базиран нема да дозволи катастрофа со пропорциите на Ant-Man, а и тоа дека е првиот филм со ознака "R" откако трендот со стриповски адаптации зема замав, ми создаде дополнителна верба дека еј, можеби е навистина добар како што кажува интернет јавноста и моите мизантропско-нихилистични пријателчиња кои не се баш наклонети кон овој жанр. Лик како Дедпул не е за "целото семејство и сите генерации", па затоа ќе си земам за право да го означам филмот како вистинскиот свеж здив во овој заморен куп од костимирани херои и анти-херои. 


Покрај експлицитното насилство, поганите усти, референците кон модерната поп култура и повременото директно обраќање кон публиката, Deadpool успева да го размрда досадниот наратив за зачнување на суперхерои со отскокнување од линеарноста, при што на моменти целосно успева да се одвои од толпата "колеги". Суштината на приказната е едноставна, не нуди ништо ново или различно, меѓутоа начинот на кој што е уреден филмот лесно се ослободува од таа комфортна зона. Онаму каде што тоа е невозможно, не се воздржува да ја отвори устата, па и да намигне кон формулата. За сè што ќе сакаш да измрчиш, Вејд Вилсон веќе те претркал и те држи еден чекор поназад. Хуморот функционира одлично, дури и во моментите каде што е очигледно дека "преплатениот" сценарист се трудел премногу. 

Очигледно е дека Рајан Рејнолдс ужива во Дедпул, па се погрижил и ти да се забавуваш. Ликот конечно доби правда после оној безобразен третман во X-Men Origins: Wolverine, но ајде, да го препишеме тоа на лошиот тајминг. Денес публиката е поспремна за консумација на суперхеројски филмови, па отстапувања од тој тип потешко се простуваат. Види го последниот Fantastic Four, тоа е совршениот пример за бришење газ со изворен материјал. Морена Бакарин е другата светла точка на Deadpool. По години владеење со култни телевизиски остварувања, вистинско уживање е да се види тој нејзин уникатен шарм и на ваков медиум. Дали воопшто старее женава? Следното изненадување e Т.Џ. Милер. Иако е актер од кој не можеш да очекуваш друго освен каписла за хумор, одлично се снаоѓа како Визел и го прави пријатен секој момент од неговата дисфункционална врска со Дедпул.

Дали Deadpool е најдобрата стриповска адаптација? Секако дека не, супер е, но мора да се престане со тоа бележење на секој втор ваков филм како "најдобар". Да видиме како ќе остарат на долги патеки, океј? Но, би рекол дека најбитен од овој бран. Доволно е успешен да го ревитализира жанрот со похрабар пристап, и тоа не само суперхеројскиот жанр, туку општо денешните акциони филмови кои ја потиснуваат главната состојка за да бидат допадливи за мејнстримот и публиката помлада од 16 години. Првиот чекор го направи Mad Max, по него зачекори и Deadpool, па доколку R-rated филмовите некогаш се враќаат во блокбастерска форма, нема подобро време од сега. Со малку среќа и ризик од луѓето со пари и контрола, можеби ќе добиеме и нов Dredd филм кој за жал не се случи зошто публиката не беше доволно "подмачкана". Сега мислам дека конечно е. Фала Дедпул.

February 15, 2016

Уште само Spawn фалеше

Вестта дека Тод МекФарлејн го завршил сценариото за новиот Spawn филм што го збори последниве години ми ја наежи некроплазмата. 2016 е годината кога решил да го истера до крај и мислам дека нема подобро време. Спон филм треба да е R-rated, а тој бран што го создадоа филмови како Mad Max и Deadpool најдобро е да се искористи додека публиката не го насочила фокусот кон следниот тренд.

Спон одамна не е популарен. Последниве години Image експериментираше со ликот, го отстрани Ал Симонс за да направи место за Џим Даунинг, па го враќаше пак, но и покрај сè Spawn остана дистанциран од мејнстримот. Без разлика на тоа што Image не биле никогаш поуспешни, барем што се однесува на финансискиот дел. Сепак, деновите кога еден број од стрипот се продавал во милиони примероци се одамна поминати, многу пред некои да ги разликуваат хероите на Marvel и DC


Знаев дека ќе дојде денот кога МекФарлејн ќе се обиде да го воскресне Спон и повторно да понуди моќна "трета опција" и очигледно тоа се случува во моментов. Не само што сценариото е завршено, туку најави и нови Спон играчки. Со стрипот не сум во тек откако го вратија Симонс, ама верувам дека и покрај скромната популарност, талентот е уште таму. Раката на Кудрански е замената со таа на Ерик Ларсен, меѓутоа МекФарлејн ги пишува приказните, па верувам дека ситуацијата е под контрола. 

Па, Спон филм во 2016, а? Зошто да не. Но, идеите на МекФарлејн се малку поинакви. Не сака да создаде уште еден акционен суперхеројски филм, туку би одел со помрачна, хорор варијанта на детективска приказна. Не ги спомнува Сем и Твич, детективите од стрипот кои се едни од ретките луѓе кон кои Спон е пријателски настроен, но спомнува дека сака да создаде нешто кое инспирацијата ќе ја црпи од The Departed и Paranormal Activity. Додатно наведува и јапонски хорори. Можеби описот не му е најадекватен, не знам што точно сака да постигне, но планира да го задржи Спон во позадина. Веројатно приказната да биде раскажана од друга перспектива, се надевам на Сем и Твич. Без негативци, без други натприродни суштества, туку само Спон како сенка што демне и нешто од што ќе наебеш ако се најдеш на погрешно место во погрешно време. 

Премногу амбициозно, но изводливо. Уште поамбициозно е тоа што е решен сам да го режира ова и смета дека може да го склопи со мал буџет. Се надевам дека ќе најде финансии и поддршка за ова. Ако се одвива сè според желбите на МекФарлејн, филмот би требало до крајот на оваа година да почне со продукција.

February 13, 2016

Игра на месецот: Firewatch

Firewatch ме фати неспремен. Како шумар што решил да се олесни под некое дрво за само неколку минути подоцна напнато да разменува поглед со мечка која дише непријателски. Прво, со сентименталниот вовед кој не очекував дека може да ѝ даде таков тек на мојата рекласирана вечер, а потоа и со преубавата графика која успеа да ми го вознемири хардверот повеќе од The Witcher 3: Wild Hunt. За играта знаев многу, многу малку детали.

Знаев дека е некаков вид на walking simulator придвижуван од дијалози помеѓу двајца ликови кои комуницираат единствено со токи-воки, сместен во дивина во Вајоминг. Исто така знаев дека една од главните состојки е трилерска мистерија, па затоа се воздржав од било какво читање и гледање трејлери. Хенри, главниот лик со кој ќе играш во овие три-четири часа колку што трае играта, заминува на привремена работа во изолирана шума каде што од висока кула треба да ги известува надлежните за евентуален чад и пожари. Единствениот човечки контакт на Хенри е Дилајла, неговиот супервизор, која исто како него, мирот и спокојот го бара на слично работно место, но во друга кула. 


Firewatch генерално се фокусира на врската која играчот ја развива со шармантниот глас од другата страна, преку повеќе опции за дијалог кој може да ја однесе во различни насоки. Иако слободата на движење е ограничена и настаните се линеарни, ликовите имаат постојан развој кој паралелно прогресира и со она што се наоѓа долу меѓу дрвјата. Претпоставувам дека приказната би се одвивала исто без разлика која опција за дијалог ќе ја избереш, но поентата е многу поедноставна отколку што можеби играта ќе те наведе да мислиш. Хенри и Ди се соочени со неколку мистериозни случувања во шумата кои ќе ти отворат многу насоки за размислување, па ќе заборавиш дека е возможно да постои и обична човечка приказна. Затоа и толку многу луѓе се разочарани од крајот. Не би откривал многу, но го разбирам ефектот. Поголем проблем е тоа што трае премалку и завршува баш во моментот кога ќе си најмногу инвестиран.

Потенцијалот е секако преголем. Опкружувањето е совршено за било каква хорор приказна, за натприродни мистерии, а кратко по воведот, паранојата која ти ја сервираат ликовите и искуствата надвор од кулата дополнително создаваат простор да бараш многу повеќе. Firewatch тоа што го прави, е толку совршено што некако ми е разбирливо зошто не е тешко да останеш рамнодушен. Целта е постигната и воопшто не се обидува да биде фер кон твоите очекувања, но тоа е сосема во ред. Можби главниот виновник за очекувањата е начинот на кој што се рекламира играта, претпоставувам доколку загризев предвремено ќе бев и јас во разочараниот табор. Задоволен сум со ова. Единствено воведот е поемотивен од тоа што следува понатаму. Мислев дека ќе играм депресии што ќе ми го шутнат столчето, но не. Изненадува и со количината на хумор и начинот на кој прави да се чувствуваш пријатно и топло, дури и кога Хенри и Ди ја подгреваат тензијата со претпоставките за тоа околу нив.

Campo Santo се погрижиле Firewatch да изгледа перфектно. Секое парче од природата е за воодушевување, па така друг проблем што го имам со играта е што слободата на движење е толку мала. Не можеш да ја прерипаш секоја препрека, не можеш да се качиш на секоја карпа, а некогаш нема да поминеш и низ најобични грмушки. Илузијата што ја создава дека се наоѓаш на некој огромен простор, често пати овие работи можат да предизвикаат блага клаустрофобија, но бидејќи во главно си сконцентриран на притискање на копчето за комуникација, поголем дел од времето се лесно занемарливи.

Види такоѓе: 

February 11, 2016

Третата и четвртата епизода од новите Тhе Х-Filеs

Новава мини-серија сега се брои како десетта сезона, а? Барем според тоа што моментално стои на Википедија и IMBb. Не дека е некоја завера, ама сигурен сум дека не беше вака. Мислам, не е битно, дај да видиме до кај се со содржината. Ги изгледав третата и четвртата сезона. За третата не знам од кај попрво да фатам. Направија директна пародија на "monster of the week" епизодите, со исфорсирани шали на сопствена сметка, дури и рингтонот на Молдер беше музичката тема на Марк Сноу (последен пат така телефоните ни ѕвонеа пред десетина години), но со која цел? Види, разбирам дека некогаш е забавно да извадиш нешто од минатото што денес изгледа смешно, па ќе се посмееме сите, но зошто ова? Која е поентата на постоењето денес на The X-Files, освен очигледниот профит и гребење по носталгијата на фановите? Ова ли е сè што остана?


Новиве епизоди премногу се потпираат на форите што ја дефинираат серијата, што веќе целиот ќеф на Крис Картер почнува да заликува на детска лакомост. Да, веројатно "Mulder and Scully Meet the Were-Monster" ќе изгледаше трагично без таа самосвест, но ако веќе сметаш дека нешто нема да функционира така, направи го поинаку. Референците кон минатото и целиот 90-ти тон на The X-Files се подобри кога се посуптилни. Во прекумерни количини се смешни од сосема други причини.

За среќа четвртата, "Home Again" беше многу подобра од претходните три. Кои патем, благодарение на способноста на FOX да го менува редоследот на епизодите, пак не се баш хронолошки и се крпени отпосле. Неприметно, да не прочитав немаше да знам, ама тоа не е ништо ново за оваа телевизија. Не знам кој и зошто одлучува за тоа, но во ред е. "Home Again" е епизода на Глен Морган, истиот тип што ја има напишано "Home", една од најпотресните епизоди во цела серија. Насловот можеби ќе те наведе да мислиш дека е некакво продолжение, меѓутоа освен тоа што делат заеднички збор, нема никаква друга сличност. Океј, можеби е малку поемотивна, но од сосема други причини. 

Исто така е првата епизода каде што Андерсон навистина глуми. Талентот е веројатно изненадно предизвикан од вонземска ДНК или можеби Картер ги седнал двајцата, неа и Духовни и им рекол дека ова мора да го истераат малку попрофесионално. Или едноставно, сценариото допрело и до нив. Можеби на моменти епизодата премногу се обидуваше да направи некаква паралела помеѓу главното чудовиште (ова беше вистинската "monster of the week" епизода во новиве, изгледа) и вината и одговорноста на Скали кон напуштениот син Вилијам, но сепак солидно изведено. Оваа мрачна територија недостасува во овие The X-Files и мило ми што конечно вистински ги искористија тулите за ваков потрадиционален пристап. Ете, сепак возможен бил сериозен третман, а да не изгледа евтино и застарено. 

Остануваат уште две до крај. Остануваат уште две до крај од кои една ќе се надоврзе на она што го започна првата епизода. Сакам конечно да видам чад од цигари, а Вилијам Б. Дејвис е излистан како дел од три епизоди, што значи дека тоа се следните две. Нема пак да прифатам само неколку секунди од него. Треба да се појави и да ми објасни зошто гледам нови The X-Files во 2016. Ајде, чекам.

February 10, 2016

Вовсталгија: Дoбрeдојдe вo џунглатa

По еден месец на Nostalrius, со Gnomewerk го прославив 34-тиот левел. Не можам прецизно да одредам колку ова траеше во часови (или денови), зошто добар дел од времето играта ми е уклучена во позадина, но речиси секогаш сум "rested", па неплански се излевелирав побрзо од вообичаеното. Двојниот "rested XP" ми овозможи да го надоместам времето што го изгубив на групирање при раните левели, особено во зони како Дасквуд каде што практично е невозможно некои квестови да ги завршиш сам. Не само елитните, туку и нормалните, каде што има премногу луѓе, па ако сакаш да дојдеш на ред да удриш нешто пожелно е да си во група, зошто нели, заедно сме посилни.

Некаде до 30-ти левел, играта те шета од зона во зона, без да се грижи дали имаш проблем со долго пешачење. Не постојат квест хабови, а реално, тоа е одличен начин да го запознаеш светот. Кога ќе добиеш квест што е две зони подалеку, а секоја коцка XP ти е битна, немаш избор. Самото патување е посебна авантура. Ќе сретнеш други играчи од твојата фракција, ќе убивате други од противничката (или ќе трчате по лешовите од еден крај на зоната до друг), ќе си помогнете околу квестовите и ќе плачете колку била добра играва на Времето


Токму ова недостасува во моменталната оргинална World of Warcraft каде што квестовите се сконцентрирани на купче во некој дел од зоната, па откако ќе ги завршиш немаш некоја причина да се вратиш назад. Приказната завршува, продолжуваш во следниот камп и тоа е тоа. Потоа одиш во следната зона каде што се случува истото. Ниту еден од тие квестови нема да ги завршиш со друг играч зошто си премоќен и сам, а опасноста од спротивната фракција речиси е непостоечка зошто веројатно се наоѓаш на сервер каде што едвај постои. Тие што се присутни едвај те забележуваат.

А, како играч што преферира World PvP повеќе од било какво квестање, ми фали дури и кога треба да бегам од тројца Шамани што дента решиле само да патролираат низ Стонталон и да убиваат сè што е со црвено име испишано над главата. Истата вечер доведе до таков класичен Ванила момент. Решивме да се собереме неколку луѓе кои ќе го возвратат ударот и ќе стават крај на постоењето на Хордата во овој предел од Калимдор. Во тензични битки кои траеа речиси два часа, успеавме да убиеме околу 20-тина непријателски играчи и да го ослободиме Стонталон. Од тој ден наваму, Gnomewerk е дел од екипа која неофицијално се нарекува себе "The Butchers of Stonetalon". Името е страв и трепет за малите левели од редовите на Хордата. Големите не доаѓаат секогаш на помош зошто се презафатени со една друга битка...


Битката за Stranglethorn Vale! Ванила е брутална кога станува збор за левелирањето на половината од тие 60 левели. Кога Blizzard замислиле заедничка зона за двете фракции, не верувам дека очекувале дека ќе се одвива брутална војна помеѓу нив која трае без престан. Многу од тие што се 30-60 левел се тука и си наштетуваат едни на други. Единственото место "нормално" да прогресираш како Алијанса во Ванила е Стренглторн. Да, квестовите се најобично грајндање, особено кампот на експедицијата на Nesingwary, но баш тука двете фракции се борат за превласт. Заеби го патчето пред Бути Беј, кампот е точката каде што ќе умреш или преживееш во зависност од тоа која фракција ја држи во моментот. А, тоа варира на секои десет минути. За жал, алтернативата се неколку други на различни делови од континентите, но PvP адреналинот не излегува надвор од стандардното. Пак ќе се бркаш со некого за да се убиете, ама не е исто.

Прошетав и во зоните што се ексклузивни за Хордата. Беренс ми е едно од омилените места во Ванила, зона што не сум ја пропуштил со ниеден Хорда карактер. Интересно беше да се види од оваа перспектива и со неколку други залутани Алијанса играчи да се реметите за жена му на Манкрик. Пробав да се доближам и до Кросроудс, меѓутоа стражарите во мојот Гном видоа само непријател. До кога со овој расизам?


Моментално сум назад во Стенглторн зошто си ги потрошив квестовите во другите зони, па сум приморан да трчам данџни за кои тотално немам време, или да убивам свињи како Картмен до следниот левел кога ќе згусне во џунглата. Истрчав Стокејд, пробав Гноумреган, меѓутоа за останатите ми е кнап. Го обожавам целото собирање и пешачење до влезот на данџнот, дури и трчањето со лешот од средина на зоната, но сум ограничен на неколку саати неделно, па гледам да квестам само кратко пред спиење. Со ваквото темпо, добро е што воопшто стигнав до тука. 

Уште шест левели, ќе можам да тренирам јавање и да купам маунт. Единствениот проблем е што сум сиромав, па едвај имам злато за поправка на опремата и тренирање магии. Во Ванила вакви "превозни средства" се привилегија на најупорните и посветените, па ако сакам Gnomewerk да се движи побрзо низ Азерот ќе мора посериозно да почнам со аукционирање на торби и слични срања што можам да ги правам со професиите што ги имам. Кога ќе влезеш во главен град, лесно ги препознаваш "јаките" играчи. Тоа е тоа што го има во Ванила, па дури и во двете следни експанзии. Влези денес на ритејл и сите што се 100-ти левел изгледаат скоро идентично. Ако се воопшто надвор од Гарнизоните. Играта е преплавена со маунтови и играчки во кои се гушат легендарните рејдери. Штета.

February 7, 2016

Епа, нема Rise of thе Тоmb Rаider...

Ништо од Rise of the Tomb Raider. Моменталната цена ми е некако превисока за десетина саати, мислам ќе отидам сам на вистинска арехолошка авантура за тие пари (добро, најверојатно нема), а кракната PC верзија тешко дека ќе се појави во брзо време благодарение на лешперската Denuvo заштита. Колку месеци пројдоа од Just Cause 3 и уште нема крак, три? Немам проблем со расфрлање пари за игри, ама некако полесно ќе го отворам новчаникот за 10 инди игри што никогаш нема да ги инсталирам каде што поголем дел од парите ќе одат кај колегите девелопери, отколку за извршните директори на Square Enix

Другата опција ми е да режам дискови за пиратскиот Xbox или во склоп на мојот балкански менталитет, да почекам попуст. А, зошто веројатно ни едното ни другото нема да се случи деновиве, посегнав по старите артефактски Tomb Raider игри што ми фаќаа прашина купени одамна. 


Tomb Raider Anniversary ја играм првпат. Океј, втор пат ако се важат неколку минути пред години. Не? Океј, значи првпат ја играм Anniversary и ме врати во едни поедноставни денови кога игрите беа покомплексни и предизвикувачки. Особено Tomb Raider. Кога наместо да брцаш во ѓубре за да си ја подобриш стрелата, треба триесет пати да ти капне солза од фрустрации кога Лара ќе тресне на земја од високо пред да го потегне јажето што ја отвара камената врата пред која си дремел со саати. Нема да убиеш четрсто парамилитарни бараби, ама ќе скокаш наназад од мечка што ќе те усмрти со два удари. Мечка, што поради заборавени багови некогаш и ќе се заглави во ѕид трчајќи. А, некогаш и Лара ќе се заглави во воздух. 

Anniversary има еден куп багови и гличови. Издавачот се потрудил да напише срцепарателно писмо до фановите како овој римејк на кецот ќе ти го стопи срцето и колку напорно работеле на играта и општо целиот серијал, но очигледно некој заборавил да ја игра пред да биде пуштена во продажба. Не дека пречи којзнае колку, но некогаш некој таков баг ќе ти го сјебе прогресот додека кажеш "quality assurance". 


Предизвиците се интересни, но ако го споредиш ова со тие што следуваа отпосле, прилично е лесно. Или од толку играње, некако интуитивно знам како би можел да ги решам енигматските древни технологии кои од некои сомнителни причини и племенски одлуки се наоѓаат во егозтични храмови и гробници. Но, сепак доволно се комплексни за да понудат многу повеќе од обично носталгично патување. Иако Anniversary е скоро десет години стара игра, изгледа достојно и денес. Да, се осеќаат години на енџинот што беше искористен за Legend, меѓутоа  нема полигони што отскокнуваат од местото во кое се замислени да припаѓаат. Нема триаголнести облини, ако ме разбираш што сакам да кажам. Освен тоа, играм ванила WoW, модернава графика ми е само бонус.

Додека падне цената на Rise of the Tomb Raider или најдам временска машина за да се вратам во 2009 за да купам празни дискови и уред што ќе ми ги изреже, ќе играм ова. Ја имам и Underworld така што нема да останам без Tomb Raider.

February 6, 2016

The Expanse е најдобрата научно-фантастична серија во последните неколку години

Деловите кои беа расфрлани насекаде низ Сончевиот систем во раните епизоди на The Expanse, конечно се заокружија во некаква поразбирлива целина. Спорото темпо, многуте работи кои серијата одлучува да ги прави во исто време, па дури и кадрите кои некогаш ја засенуваат локацијата на која се одвива сцената, лесно можеа да ти го тргнат фокусот од нарацијата и што навистина се случува тука. Онака, да изгледа како да си скокнал некоја епизода. Последните три епизоди се позанимаваа баш со овој аспект на The Expanse, предизвикувајќи повеќе "а-хааа" моменти отколку што можеби си бил спремен да очекуваш. Цела сезона тлееше бавно, но крајниот резултат е задоволителен. Доволно за уште еднаш да си потврдам дека ја гледав најдобрата научно-фантастична серија од првите сезони на Battlestar Galactica навака. 


Не знам како се движи оргиналниот материјал и дали вака се однесува кон мистериите и дали е исто вака тензичен, ни дали го негува истиот тон, искрено немам ни некоја желба да откријам. Но, овие десет епизоди беа баш тоа што одамна имав заборавено дека ми недостасува во плејлистата со серии. Да, можеби ги судри настаните кои се одвиваа паралелно, понуди одговори на прашањата што ти ја чешале главата и пак се извлече откривајќи само дел од една многу поголема слика. Допрва треба да поткрепи некои нејасни мотиви кои стануваат сè поважни во конфликтот меѓу трите не-баш пријателски фракции чија критична точка претпоставувам ќе биде главната тема во следната сезона. 

Она што The Expanse го прави добро, покрај цврстата естетика и амбиент, се ликовите и нивното постепено развивање. И, сè уште, повеќето од нив можат да ти ја размрдаат довербата со постапките. Амос ми е класичен пример за тоа. Лојален е, но во секој момент може да ти ја разнесе главата. Малку бев скептичен за Холден на почетокот и неговата несигурност во капетанската улога, но со финалето успеа да се избори за поцврста лидерска позиција. Одличен тим се со Милер, а серијата очигледно доволно инвестирала во нив, што не ни приметив дека сум почнал толку многу да се грижам. До самиот крај бев убеден дека The Expanse е само иднина во која човештвото не престанува да работи на сопственото уништување, директно или не, па пресвртот ме фати неспремен и дефинитивно му даде поинаква димензија на целиот заговор за кој пробував да си создадам појасна претстава. 

Територијата во која сега стапна приказната значително ги извртува работите и го зголемува интензитетот на опасноста. Едвај чекам да видам како ќе го размрда оној мал дел хармонија кој е останат во оваа иднина доминирана од сини филтри, проѕирни телефони и шизички сајбер панк. Втората сезона е закажана за 2017. Чекањето можеби изгледа предолго, но ете шанса да се изгледа уште еднаш до тогаш. Тотално вреди.

February 3, 2016

Низ дискографијата на Еминем: The Eminem Show

Ретко кој артист или бенд може да се пофали со албум толку добро скроен до степен да наликува на некаква "грејтест хитс" компилација. По експлозивниот провокативен вовед во мејнстримот со The Slim Shady LP и мрачното алтер-его, бескомпромисно бруталниот The Marshall Mathers LP, Еминем во 2002 година го издава The Eminem Show, кој во многу исторски тефтери е запишан како неговиот магнум опус. Не броејќи го Infinite, сите бариери се пробиени со претходните два албуми. Слим Шејди е во етерот, светот има "голем" бел рапер, а неспремноста на медиумите и третманот кон Маршал Метерс се уредно испочитувани со неговите средни прсти на MMLP

Па, тогаш која е следната дестинација со третиот албум, ако не e "шоуто на Еминем"? Веќе свесен за неговиот статус на глобалната рап и поп сцена, но исто така и за неговиот рок на трање, удира со сета снага, како да ќе држи микрофон за последен пат во животот. Притисокот е огромен од секоја страна, но овој пат нема потреба да докажува ништо освен да ја одбрани титулата. 


The Eminem Show е спакуван со пулсирачката енергија на веќе созреан артист. Доколку претходно бил збунет од тужбите на блиската фамилија во која безобразно нишанел, раперите што го отпишале како поп сензација, односот на медиумите кои на нож го дочекувале секој негов збор, овде е вооружен со уште посериозен лирички арсенал со кој возвраќа дупло на секоја неправда и нема немера да поштеди никого. Приватниот живот веќе му е претворен во отворен циркус, па кога светлото е вперено натаму зошто да не ти ја разбистри темната слика која само површно сеирџиски ја посматраш? Или, премногу е јасна и болна на ствари како "Cleanin' Out My Closet"?

Во оваа точка од животот на Маршал, се знае сè за него. Веројатно сите теми на албумот може да се пресметаат во "Say Goodbye Hollywood". Но, сега перспективата е поинаква, па се обидува да дообјасни некои детали. Во повеќе наврати обработува такви случки кои добиле можеби погрешен таблоидски третман. За тепачката со вратарот што му ја смувал Ким поради која добива условна казна затвор, за старателството над Хејли, цензурата, судските спорови со Деби и конечно за родителите кои го обвинуваат за лошо влијание врз нивните деца. Дури чепка и политички теми на "White America" и "Square Dance", каде што јасно ги изразува неговите анти-Буш ставови, нешто што по две години подиректно ќе го направи со напнатата "Mosh".

Емотивниот Маршал ни тука не успева да биде потиснат, само што мајсторски го шверца тоа во хитовската "Superman", прикривајќи очигледна тага со остра мизогинија. Дебелите феминистки што се кенкаат за "Superman" веројатно не ни стигнале до третата строфа. Не дека е за правдање, меѓутоа нештата не се секогаш црни и бели. Освен стегнатата техника на рецитирање, Еминем овој пат се има погрижено и за речиси цела продукција. Од вкупно 20 траки на The Eminem Show, само три се на Дре. Остатокот е негов, со помош на некои места од Џеф Бас.

Овој албум ја заокружува трилогијата на Шејди, Маршал и Еминем. За жал, успехот не е повторен со продолжението Encore, кога животот на господинот Метерс полека почнува да се претвора во она за кое рецитира на Relapse и Recovery.