September 30, 2013

Финалето на Breaking Bad

Дојде и тој ден кога треба да пишувам пост за финалето на Breaking Bad. Избегнував да пишам било што до овој момент, скоро цела сезона. Крајот ме остави нем, иако има доволно причини за дискусија. Во кратко црти, задоволен сум како испаднаа работите и покрај тоа што кругот веќе се затвораше две епиозди наназад. Одличен завршеток, некои работи ги очекував, некои ме фатија сосема неспремен. Една работа е битна, дека уникатноста и брилијатноста на Breaking Bad ќе одекнуваат низ годините кои следат, оставајќи ни избор да се гушиме во неквалитетот кој во последно време ја окупира американската телевизија. Лично мене, ми ги крена стандардите и сум сигурен дека во следниот период нема да гледам ништо ново.


Финалето успеа да ги израмни сметките и да ја заокружи трагичната приказна за Волтер Вајт. Правдата беше сервирана речиси секаде каде неговите постапки донесоа лоши последици. Барем знаеме дека Хенк ќе добие достоинствен погреб. Тие што требаше да бидат казнети, си го добија своето, а Џеси конечно успеа да се ослободи. И, од ланците на чичко Џек и од сенката на Волт. Џеси низ цела сезона беше лик кој упорно губи и искрено очекував лично да му пресуди на Волт. Причините зошто не испадна така се јасни ако погледнеш низ претходните сезони. И, покрај се, таа врска не можеше да биде туку така прекината. 

За Волт веќе беше јасно. Нема простор за дискусија на тема што ќе се случеше доколку не беше така смртно ранет. Верувам дека Винс Гилиган во ниту еден момент не помислил да го остави жив, затоа што едноставно тоа не оди така, нели? Како ќе беше приказната толку трагична доколку Волт одјаваше кон зајдисонцето? Барем успеа да се искупи донекаде со неговата одмазда. Најголемата казна и онака му беше тоа што ја изгуби фамилијата. Се надевам дека парите ќе стигнат на вистинското место. Во еден момент од последните епизоди, за Волтер Џуниор ми беше повеќе жал отколку за било кој друг лик. Штета што не успеа да си ја врати вербата во неговиот најголем херој. За жал, немаше ни како. Некои работи остануваат така скршени.

Сцена која ме стави во мисла беше баш муабетот со Скајлер. Дека ова не го прави за фамилијата, туку првенствено за себе. Со оглед на неговата ситуација која ја увидовме во првата епизода, некако ми е разбирливо што тука го најде својот мир. Единственото нешто каде што неговиот потенцијал дојде до израз. Моќта што ја имаше не можеше да ја батали туку така. Гилиган ја плеска симболиката во лице баш со местото каде што заврши Волт.

Читнав некоја рецензија за финалето. Публиката е делумно поларизирана, што е и очекувано. Оние кои ја следеле серијата за возењето, се презадоволни. Другите се фаќаат за ситници и науката зад машинката од багажникот. Јас сум во првиов табор. Пресреќен што серија успеа да ме измести на ваков начин, после Lost. Знам дека ќе поминат години до следното вакво искуство.

No comments: