December 22, 2013

Римејкови, рибути, приквели...

Непотребните римејкови, приквели и рибути (па дури и продолженија, оп македонски збор!) на култни филмови нема да сопрат и следната година. И, таа после неа. Она што ми личеше на тренд и лесно кеширање врз стара слава, очигледно е силно втемелено во денешниот, мрзлив Холивуд. Веќе не се продава содржина, се продава само добро познат наслов. Логиката не ја гледам никаде. Филмовите, или сериите кои се филмуваат во сличен фазон, чија идеја се молзи упорно, во добар дел од случаите сеуште делуваат свежо, иако се можеби стари неколку децении. Идеите кои ги понудиле тогаш, оставиле таков впечаток кај публиката која сега наместо да добие нешто оргинално, добива унаказена верзија на нешто веќе видено. 

Не е дека ова е нешто ново и се случува последниве години, не. Проблемот е што имам впечаток дека само ова се случува. Или е римејк, или е рибут, или е адаптација на ебан борд-гејм, или е адаптација на стрип или рибут на адаптација на стрип. Со последново и немам некој проблем реално. Барем додека ги прават како што треба, ќе ги гледам. Веројатно сум еден од ретките што мисли дека The Amazing Spider-Man не беше толку лош. За продолжението следната година, уште сега тврдам дека ќе тресне од земја. Меѓутоа, има некои ствари што се подобри од Кирстен Данст, и ми се свиѓаат кога се викаат Ема Стоун, на пример.


Има една цела листа на римејкови, приквели, рибути која често сум ја пцуел и тука, во случаи кога ми дошло нешто такво под рака за гледање. Можеби на почетокот на трендот, беше интересно. Неколку хорори, нов Бетмен, па дури обидите за Alien VS Predator. Последново можеби и не спаѓа комплетно во рамките на она за кое што зборам, но секако спаѓа во групата на катастрофални реализации. Денес, работите се комплетно вон контрола. За среќа, има и неколку исклучоци кои ќе биде глупаво да не ги спомнам. Rise of the Planet of the Apes мене ми беше одличен. Продолжението следната година делува ветувачки, и едвај чекам. Ете, оваа франшиза доби римејк третман од Тим Бартон и сите се сеќаваме како заврши тоа. Дури и Predators беше океј.

Меѓутоа, ниту еден позитивен пример, не успеа да направи баланс на она што го донесе Star Trek. Уште ми е несфатливо како ова можеше да успее, дури и да доживее продолжение и зелено светло за трето. Ова ми е класичен пример за валкање на моќна идеја, и онака евтино продадена во светкаво пакување. Со Star Trek претворен во летен блокбастер, јасно е што сè може да се шитне на публиката.

Наскоро доаѓаат Robocop, Terminator и Godzilla. Terminator добива комплетен третман, сосе серија. Ја добива и Калиси како Сара Конор и подостарен Шварценегер. И, најклише наслов на светот, се разбира, Terminator: Genesis. Американците прават нов Godzilla кој се надевам дека нема да биде срамен како минатиот обид. Кога веќе се серат на сопствените дела, нема потреба и по јапонските. Брајан Кренстон не ветува ништо, а ни краткиот тизер. Се надевам дека некој во овие десетина години научил што претставува Гоџира таму од каде што доаѓа и дека е многу повеќе од купена лиценца. Барем онака малку, малку душа да внесеш кога создаваш нешто.

За крај, додека сум на темата на вакви 'генијални' идеи.... Dumb and Dumber продолжението станува реалност. Некој сериозно мисли дека тоа ќе успее, хаха. Дури и на Blade Runner му се спрема ваков третман. Не сум некој фан, ама останатите нека примат сочуство.

December 15, 2013

Преглед на Hearthstone бета

Со последната тура на бета клучеви за Hearthstone, автоматизираниот систем на Blizzard за испраќање на истите, конечно се сети на мене. И тоа баш во денови кога пцуев зошто ја пропуштив Magic 2014 на попустите на Steam. Иако бев малку скептичен околу Hearthstone, играта ме купи со првата воведна партија. Дизајнот, механиката, илустрациите на картите и таблите, музиката, буквално сè е мајсторски изведено. Играта е брилијантна од секој аспект. Дури и микротрансакции кои наводно се присутни во бетава поради тестирање на продавницата (и потрошувачките навики на играчите), се културни и се може и без нив. 


Како и во секоја ваква игра со карти, правилата се генерално истите. Секој играч е преставен со херој, кој со помош на суштества и магии треба да го победи противникот. Шпилот или декот, е составен од 30 карти, од кои дел се специфични за класата на херојот, додека останатите може да ги користи секој. Играчот почнува со еден херој, Jaina Proudmoore, додека останатите осум може да се отклучат со победа во practice mode. За овие два дена, успеав да отклучам три од кои најмногу го форсирам Warlock декот на Gul'dan. Секој херој, односно дек, може да се левелира преку едноставни квестови (3 победи, 40 уништени суштества и сл.) и со секој левел се добиваат дополнителни карти и злато. Златото служи за купување на бустери кои се исто така достапни во продавницата со вистински пари.

Партиите се релативно брзи, траат по неколку минути. Се одвиваат на неколку различни табли, инспирирани од мотиви од Warcraft универзумот. Она што е интересно е што секој ќош на таблата е интерактивен, и можеш да го кликаш додека чекаш противникот да направи потег. Ништо спектакуларно, меѓутоа е фин детал кој ја надополнува фината атмосфера на играта.

Во моментов, достапни се околу 450 различни карти. Картите што играчот ги поседува, се организирани во убава колекција и од нив може да се билдаат декови. Уште не сум собрал доволно за да видам како функционира ова, зошто сакам прво да ги отклучам сите херои.

Hearthstone ќе биде достапна за повеќе платформи. Моментално функционираат PC, Mac и iPad верзиите, а во 2014 се очекуваат iPhone и Android. Веројатно тогаш и ќе биде официјално објавена. Регистрирањето за бета клучеви е сеуште во тек и е овозможено преку официјалниот сајт.

December 3, 2013

Warcraft книги: Rise of the Horde

Со толку голем пазар, бројот на книги, стрипови и манга кои го дополнуваат Warcraft универзумот, е сосема логичен и оправдан. Добар дел од "дополнителната литература" е просечен, генерички и пишуван по претходно зададени параметри од нарачтелот. Барем во случајот со книгите, меѓутоа не верувам дека и остатокот е нешто поразличен. Книгите што досега ми проаѓале низ рака лесно ги баталував, баш поради тие очигледни шаблони кои едноставно пречат. 

Rise of the Horde е нешто поразлично. Стилот на пишување на Кристи Голден тука е многу посериозен од останатите штанцани наслови. Можеш да осетиш посветеност, емоции и отстапување од правилата кои претпоставувам дека е биле зададени. Сепак, ако е некакво мерило, авторката е посветен играч, па да речеме дека вложила доволно за производот да излезе таков каков што е. За сите што некогаш малку повеќе навлегле во приказните на Warcraft, ова е шлагот, приквелот што не смее да се избегне. Што е најбитно, добар дел од ликовите, а се надевам и настаните, ќе бидат и темата на следната експанзија, Warlords of Draenor. Со оглед на тоа што приказната е сместена години пред првата Warcraft стратегиска игра, верувам дека дел од ова ќе го чепнат и во филмот кој исто така е планиран да се врати малку наназад. Инаку да, пак го одложија, по не знам кој пат. Новиот датум е некаде во 2016. Како и да е...

Rise of the Horde го носи читателот во минатото на Азерот, односно Дрејнор (познат како Outland во The Burning Crusade експанзијата). Назад во времето кога Орките биле поедноставни, ја негувале сопствената традиција, шаманизамот и групирањето во кланови. Во времето кога се ковале легендите зад имиња како Дуротан и Оргрим, пред прифаќањето на демонската крв и темните сили. Во Rise of the Horde, Орките сеуште немаат зелена боја на кожата. Причините кои довеле до тоа, како и трансормацијата на шаманите во првите ворлоци, раскажана е баш тука; за прогонството и масакрот врз Дренаите, за Burning Legion и создавањето на некои од најголемите негативци како Кил'џејден и Архимонд (леле кирилицава).

Баш и тоа ја прави Rise of the Horde толку интересна. Голем дел од настаните врз кои е базирана World of Warcraft денес, се тригерувани овде. Крајот се сведува на воздигнувањето на Хордата и нивното доаѓање во Азерот како негативци. Преку the Dark Portal (ах, не звучат имињава добро на македонски)! За жал, изманипулираните Орки се само жртви на Саргерас и ќе наебат буквално за џабе. Приказната хронолошки продолжува во The Last Guardian, Tides of Darkness и Beyond the Dark Portal, фино собрани во колекционерско издание кое се вика Chronicles of War. Наводно, останатите три биле исто добри колку првата. Додека паузирам од WoW, ќе дојдат онака метадонски фино.