Пролет и есен ми е периодот за аниме серии. Тоа е тој Павлов рефлекс во моментот кога месеците ќе се појават на календарот. Веројатно уште од времето на Death Note и лошиот пост напишан на таа тема пред некои осум години. Не гледам аниме како порано, ама секогаш бирам внимателно. Овој пат се одлучив за нешто поново, од 2015, по можност да не е во тек, како не би чекал со недели за превод на нова епизода. Разгледував неколку листи, гледав оценки и ѕирнав отприлика што е приказната на тие што ги избрав за проба.
Загледав Death Parade, базирано на краткиот филм Death Billiards . Пробав и Parasyte: The Maxim, ама некако ми беше пребизарно на начин за кој не сум баш расположен. А, и веќе има доволно нормален tentacle porn што е сигурно позабавен од ова. Death Parade е кратко, има само дванаесет епизоди, така што веројатноста да го догледам до крај пред да ми опадне интересот беше помала отколку кога гледав Attack on Titan и Steins;Gate. Финалето би требало да се прикаже додека го објавам постов. Изгледав шест епизоди до сега и сум сериозно навлечен.
Под едноставната, и на прв поглед, сомнителна приказна, се крие длабока комплексност, емотивен ролеркостер и потенцијал за предизвикување егзистенцијална криза каква што последен пат те снашла со Neon Genesis Evangelion. Кога двајца ќе починат во исто време, заминуваат во Quindecim (или "Queen Decim" според Википедија). Без никакво, или со минимално сеќавање за тоа кои биле претходно, ги пречекува Деким, мистериозниот и шармантен бармен. Без да им објаснува многу, им нуди игра по случаен избор која ќе одлучи дали ќе бидат реинкарнирани или душата ќе им замине во бесконечен мрак. Додека трае играта, несреќните натпреварувачи постепено ги добиваат сеќавањата назад, чисто колку она човечкото да им дојде до израз. А тоа, често пати е пресудно за начинот на кој ги играат игрите и се борат, без разлика дали се работи за двајца странци или млад брачен пар кој загинал на свадбеното патување. Соочени со страв и инстинктот за преживување, некој пат се решени да победат, дури и по цена на животот, односно душата на присилно наметнатиот противник.
Конфузно е уште од првата епизода. Сите прашања што ги отвара и ти се битни за големата слика, се отплеткуваат како што тече понатаму. Шансата која треба да ја добие се барем првите две. Концептот е лесен за прифаќање, меѓутоа треба да си спремен дека ќе те остава со блага болка во стомак и грутка во грло после секоја посета на барот. Нема тука ништо среќно и весело. Ќе пишам повеќе кога ќе догледам до крај.
No comments:
Post a Comment