May 27, 2011

Мајами - Далас

Предвидов ли дека историјата ќе се повтори? Да.

Мајами оди во финале со Далас и тоа потполно заслужено. И покрај тоа што ноќеска речиси цела средба играа катастрофално, на крај пак покажаа кои се двајцата главни фраери во екипа, спремни да дадат се од себе кога е најкритично. Искрено, со лошата игра на Мајами ноќеска и агресијата на Чикаго, скоро и да бев убеден дека ќе гледаме уште барем една утакмица. Чикаго ја имаа предноста, домашен терен, играчи желни за победа и подзаспаните Мајами, ама изгледа и тоа не е доволно кога Вејд и Леброн ќе се вложат комплетно. Последниве средби, Леброн секогаш на крај ги решава стварите.

Заслужено е, затоа што Мајами играат. Дури и кога дремат, пак имаат изненадувања за крај. Сепак, ќе ми беше мило и за Чикаго. Тимот сега делува созреано, има квалитетни играчи, го имаат Роуз и во одредени моменти се непробивливи и за самиот Крал. Со нив сум посебно емотивно врзан уште од времето на Џордан и воопшто немаше да ми биде криво доколку ги тепаа Мајами. Верувам дека следната сезона, Роуз ќе предводи уште помоќен тим и нивното време допрва доаѓа.

Интересното е тоа што љубовта за Мајами ми се роди сосема случајно, во плејофот 2006, кога пак почнав да следам НБА од Џордан и распадот на легендарните Булс. Пејтон, Шек, Џејсон Вилијамс и Морнинг на исто место беа причината за мојата симпатија кон нова екипа. Вејд тогаш беше, за мене, новиот шизик во НБА кој ме изненади со играта што ја нудеше. Откако заврши финалето, ја исполнив заклетвата - ако тепаат овие, ја купувам 3-ка Мајами дрес, црн. Така да, сега ќе кажам и тука, LET'S GO HEAT, и ајде да се подновам со Леброн дресче. :)

Финалето почнува на 31-ви мај.

May 26, 2011

Steampunk Star Wars фигури

Преубава колекција на рачно изработени steampunk Star Wars фигури. Ги имав негде видено претходно, само што тогаш не успеав да дознаам кој е авторот. Типот е познат како Sillof, работи на вакви фигури повеќе од десет години. Како што и самиот пишува на сајтот, ова му е хоби. Има цела колекција на Star Wars фигури во steampunk стил, галеријата (Steam Wars) може да се види на овој линк.

Покрај steampunk линијата, има изработено и уште неколку на тема Star Wars, како на пример, West Wars , Samurai Wars и World Wars. Морам да ги пофалам и Star Wars диорамите кои исто така изгледаат феноменално.

Sillof исто така изработува и други фигури, комплетната листа ја има на овој линк.

May 24, 2011

Ретро гејминг: Pica Pic

Во времето кога тетрисот беше повеќе од забава при нужда, се играа и други, вакви игрици. Да не објаснувам, линк на денот, клик тука.

May 23, 2011

Destiny Found

Пред некое време маратонски ја изгледав шестата сезона на Lost. Заедно со финалето. Можеби носталгијата си го направи своето, а може и само требаше да изгледам сè во еден здив. Година дена не прекинав да плукам по последната епизода, сега ќе признаам дека имам сосема поинакво мислење. Изгледа дека после година дена, мистериите по кои со години се залетував не се баш толку битни на крај. Кога ќе ја погледнеш приказната од аспект на ликовите и убаво ќе го воочиш нивниот прогрес, се добива тотално различна слика, многу подлабока од бунарите на Островот каде што се наоѓаат магичните тркала. Финалето само ја закружи нивната приказна.


Влијанието на Lost сè уште го осеќам на мене. И сега кога ќе погледнам назад, Lost е уште на првото место на листата на моите омилени серии. Ниедна друга серија не била секојдневно присутна кај мене како Lost, за ниедна друга серија не сме собирале дестина луѓе на кафе за дискусија после секоја емитувана епизода и ниедна друга серија не ме инспирирала да размислувам во толку различни правци. Да се радуваш ко дете на секој нов сник-пик, секоја теорија која ти прави смисла и да ги броиш деновите до секоја нова сезона и епизода? Lost е многу повеќе од сите објаснети и необјаснети мистерии, повеќе од сите ликови. Дури повеќе и од самиот Остров.

Не знам дали некој од тимот зад серијата бил свесен какво наследство остава. За среќа, тоа ќе доаѓа уште повеќе до израз во годините кои следат.

Ти благодарам Lost што ме научи толку многу работи изминативе неколку години.

May 16, 2011

Постот за Dragon Age

Со Dragon Age имам долга историја со не толку среќен крај. Origins ја следев уште пред да излезе. Изгледаше како да е тоа RPG што одамна го чекам, со приказна која ветува Baldur's Gate искуство и MMO гејмплеј на кој, јебига, навикнат сум и сакам во повеќето вакви игри да ја имам истата контрола на (цепидлачам, ама) камерата и движењето на херојот.

Dragon Age: Origins изгледаше како да е тоа тоа. Детална приказна, огромен свет, исполирана графика, модерен гејмплеј и останати ситници кои ветуваа. За жал, немав машина на која ќе ја проработев играта како што треба, се до лани. Една од првите игри кои ги играв откако сите ги пројдоа, беше баш оваа. Првите неколку саати, бев убеден дека ова е најдобрата игра што сум играл. Приказната, иако не беше којзнае колку оргинална, беше предобро раскажана низ квалитетно изработени сцени. Со стандарден RPG избор на дијалог, одлуки кои влијаат на понатамошниот развој, огромен арсенал на оружја и предмети, запрепастувачка графика и интересен систем на борби. Скроз се навлеков, труев луѓе околу со тоа колку е добра играта и колку ништо подобро за играње не ми дошло на тастатурава и маусот. Дури имаше и опција за изометрична камера!

После тие неколку дена опуштено играње, излегоа на површина неколку ствари кои сосема ми ја срушија претставата за Dragon Age, за на крај да ја баталам и да играм нешто друго. Batman: Arkham Asylum на пример. До денес, не најдов ниту една маана или нешто што ќе влијае на цврстата 10-ка што и ја дадов. Подобра Бетмен игра, нема до денес.

Како и да е, да се вратиме на DA:O. Веројатно сум еден од малкуте што го мислат ова, ама... Играта ме изгуби со неколку работи. Константната потреба од паралелно контролирање на повеќе ликови, паузирање пред борби за да наместиш соодветна стратегија и непостоење на скокање, па колку сакаш стискај 'space' од навика. Дури ни светот не е отворен и опширен, неможев ни во вода да влезам. Покрај тоа, не е воопшто избалансирана, па мала грешка може да резултира со смрт на цела екипа, па ајде отпочеток, од последниот save. Ебате добрата игра, кога има ужасен гејмплеј кој претпоставувам дека е таков до крај (не ја доиграв до крај).

Деновиве, инспирацијата за постов, дојде од демото на Dragon Age II. Од тоа што го читав, барем борбите требаше да бидат различни. За среќа, се, меѓутоа не е баш по мој вкус. Подинамично е, не викам не, само пак има голема потреба од контрола и на другите ликови што шетаат со тебе.

Не се жалам, зошто BioWare имаат доволно публика да ја тераат играта вака како што е. Штета што неможеше да биде нешто како Mass Effect. Првиот дел од Mass Effect е феноменален. Има се што има Dragon Age, нормално, во тотално различен универзум, но барем борбите се баш како што мене ми одговара и тоа е главната причина што ME ми е подобра. Тоа е за друг пост, ќе го оставам за во иднина.

Довербата во BioWare сеуште ја имам. Наскоро ја вадат Star Wars: The Old Republic. За тоа кратко да кажам. Првиот муабет за играта беше интересен, максимално ме заинтересира, се до моментот кога видов дека во играта ќе има можност за Darth Vader оклоп, 4000 години пред Darth Vader. Сфаќам дека сакаат сите да сме задоволни, ама не е малку претерано? Ќе пишам нешто поопширно и за ова.

May 14, 2011

Transformers 3: Темната страна на Мајкл Беј

Од Transformers филмовите решив да се откажам откако Revenge of the Fallen ме остави ко претепан со метален вентил, па прегазен од голем црвено-плав камион. Доколку тој одвратен склоп на CGI повраќаница би можел да се нарече филм, сигурно ќе го ставев на мојата листа на најлоши филмови што некогаш сум ги гледал.

Е, сега. Како заколнат скептик и најголем мразач на Мајкл Беј, трејлерот за третиов филм ми ја зачеша брадата. Дали тоа господинот Беј решил да си го испере образот после двојкана? Дали? Transformers: Dark of the Moon (не, нема да го коментирам ужасно смешниот наслов) сака да каже дека Трансформерите биле пристуни на Месечината уште во 1960-тите. Некакво летало од Сајбертрон се наоѓа таму, па Автоботите и Десептиконите овојпат ќе се борат баш за тоа. Идејата е некако голем залак, на момент делува апсурдно, меѓутоа ако се земе во предвид дека ова е сепак Трансформерс филм, можеби и не е толку лоша. Прашањето е дали Мајкл Беј научил нешто од минатото сквернавење на оваа франшиза.

Меган Фокс ја нема, сменета е со некое друго девојче слично на неа. Штета што Шаја е уште тука, заедно со пар досадни актери. Трејлерот освен тоа што изгледа многу подобро од цел Revenge of the Fallen, не навестува дека ќе видиме нешто различно во однос на самите Трансформери и експлозиите кои ги предизвикуваат. Јас типувам на подобра приказна. Или да речам, било каква приказна. Ова со Месечината може да испадне кул, па да видам океј филм каков што очекував после првиот дел.

Ако заебат и овој пат, се надевам дека ќе се најде некој што ќе го линчува Мајкл Беј и ќе уништи се што имаат допрено неговите алчни раце.

Филмот излегува на 1-ви јули годинава.

Cowboys & Aliens (стрип)

Да не беше филмот што наскоро треба да има премиера, стрипов никогаш немаше да заврши кај мене. Релативно непознат наслов, од барем за мене, анонимни автори и мала издавачка куќа (издаден за Platinum Studios во 2006), седнав да го читам баш поради тоа што трејлерот за филмот ми изгледаше прилично интересно.

Cowboys & Aliens е научно-фантастичен вестерн, сместен во 1873 година. Двајца каубојци се платени да заштитат караван во Аризона кој заминува во мал рударски град да копа сребро. Групата е нападната од индијанци кои, нели, се обидуваат да си ја заштитат сопствената територија. Во меѓувреме, на истото место слетува вселенски брод полн со непријателски расположени вонземјани кои се дојдени на Земјата барајќи ново тло за колонизирање. Паралелата е јасна и уште на почетокот е поткрепена со цитати од Декларацијата за независност и фини цртежи. Баш поради тоа што стрипот отвара толку моќно, се надевав дека ќе читам добра приказна. За жал, на крајот не испадна баш така и ми стана јасно зошто овој наслов е толку 'забатален'.

Морам да признаам, идејата е стварно добра и јасно е зошто ги откупиле правата. Може комотно да пројде како забавен филм. Стрипот е некако прекраток и се се случува набрзина. Доколку ова било издадено како серијал, што ништо чудно да се деси ако успее филмот, верувам дека ќе имало многу повеќе простор за развој на ликовите и самата приказна. Темата е супер, но има потенцијал кој не е ни пола искористен.

Очекувам филмот со Харисон Форд и Даниел Крег да ми се свиѓа многу повеќе од ова. Со оглед на тоа што СФ вестерн и нема нешто многу, ова таман би ми дошло.

Колку за информација, онака, не многу битен факт, авторот на стрипов, Скот Мичел Розенберг е продуцент на Dylan Dog филмот кој имаше премиера пред месец дена, ама ете, уште го нема на интернет, барем не со англиско аудио. (edit: изгледа најдов добра верзија, ќе симнам, ќе видам)

May 12, 2011

Кралот!

Среќа.

Иако бев убеден дека Бостон ќе си заминат како победници поради млитавата игра на Мајами која траеше речиси цела утакмица, Кралот си го оправда надимакот на крај! Со епски тројки на самиот завршеток и закуцување за историја, успеа да ги порази Бостон и да овозможи средба со Чикаго (јасно е дека Чикаго). После ова, знам дека ќе ги пројдат лесно и нив, па ќе гледаме финале Мајами - Далас.

Браво за Бостон, во секој случај. Се бореа до крај, како што прилега на тим кој зад себе има повеќе титули и игра за да се спаси од елиминација. Лејкерс треба уште толку да се засрамат после оној смешен пораз од пред некоја вечер. Дури и Бостон да тепаа вечерва, ќе беше сосема заслужено.

Редно е да се оправда целата фама околу Големата Тројка на Мајами.

May 11, 2011

10 години без Даглас Адамс

Се надевам дека го откри прашањето, мајсторе.

So long, and thanks for all the fish.

May 10, 2011

The Office: Седма сезона

На почеток на седмава сезона, прекинав редовно да следам. Квалитетот опадна уште во минатата, некако се истрошија, плус си најдов нов ситком - Modern Family, кој од епизода во епизода станува подобар. Седмава сезона ја изгледав маратонски пред некој ден. Освен првите неколку епизоди, остатокот е страшно добар. Се вратија на сопствените стандарди, на добриот хумор. Или можеби мене ми требаше мала пауза од серијава.


Како што се зборуваше година дена наназад, Стив Карел ја напушти серијата поради завршување на неговиот договор. Вработените во Dunder Mifflin и публиката, имаа прилика да се збогуваат со него во емотивната епизода "Goodbye Michael". Мајкл Скот, менаџерската позиција неколку епизоди ја делеше со мојот не-толку омилен Вил Ферел. За чудо, некако успеав да му ја сконтам улогата и да ме убеди дека совршено може да ја пополни празнината која ја остави Стив Карел. За жал (или за среќа?), Вил Ферел беше само специјален гостин во неколку епизоди и според последната, си ја завршија кратката кариера во Dunder Mifflin. Следната, претпоследна епизода од сезонава, ќе го видиме Двајт како шеф, додека за финалето се најавени повеќе звучни имиња како Рики Џервејс (или како што би рекло македонското квази-новинарство, Жерве), Реј Романо, Џим Кери и уште неколку други комичари. Иако не верувам дека некој ќе остане за осмата сезона, финалето ќе биде интересно за гледање.

Според шпекулациите, конечната замена за Мајкл Скот ќе биде Дерил (Крег Робинзон). Искрено, повеќе би сакал да видам нов лик, отколку превземање на некој од старите. Последната епизода од седмата сезона ќе биде прикажана на 19-ти мај.

Инаку, најепскиот момент сезонава, тука. :) Другиот е кога се среќаваат Рики Џервејс и Стив Карел, ама неможев да најдам добро видео од тоа.

May 4, 2011

Човекот!

"LEBRAAAWWW!!!!"

Ноќеска ги растури Бостон и додаде уште една победа на листата на Мајами. Поради катастрофалната брзина на телекабел и стримовите со сличен квалитет, последните неколку минути едвај ги догледав, иако уште во третиот период беше јасно кој ќе си оди дома поразен.

Интересен плејоф сега за сега, особено борбата на овие две екипи. Ќе видиме што ќе донесе Game 3. Приметив дека резултатот експоненцијално расте, така што предвидувам 105-92 за сабота. :)

May 3, 2011

Легендата за Polybius

Аркадните игри имаат една интересна урбана легенда, наречена Polybius. Според тврдењата, Polybius краток период била достапна низ играчниците во САД пред некои 30 години и влијаела чудно на тие што ја играле. Се наведуваат гадење, вртоглавици, кошмари, стрес, амнезија и слични несакани ефекти. Играчите кои се 'сеќаваат' на Polybius велат дека од време на време доаѓале сомнителни 'луѓе во црно' кои собирале некакви податоци од кутијата. Дел од легендата ја опишува играта како експеримент на ЦИА, за наводно тестирање на психоактивни машини. Меѓу другото, играта содржела и сублиминални пораки.

Играта била слична на Tempest и крајно заразна. Компанијата која била потпишана на играта е Sinneslöschen и освен во написите за Polybius не се спомнува на ниедно друго место. Во 2007 е кренат фан-сајт за компанијата, на кој може да се најде PC верзија која се обидува да го реконструира гејмплејот на Polybius, базирана на раскажувањата на оние кои наводно го играле оргиналот.

До денес, не е најден никаков доказ за постоењето на Polybius. Неколку луѓе низ годините тврделе дека биле вмешани во создавањето на играта, а некои дури кажувале дека го поседуваат оргиналниот ROM. Доколку навистина некој го има оргиналниот ROM, Polybius уште одамна ќе се појавеше на емулаторите за аркадни игри.

Сепак, урбаните легенди не би биле тоа што се, ако се докажат, па истото важи и за оваа. Не може точно да се одреди кога првпат се појавиле гласините за Polybius, меѓутоа се претпоставува дека првите муабети се од usenet деновите. Во секој случај, приказната е интересна, иако е повеќе од јасно дека не е вистина. Нема баш начин да се проверат тврдењата на тие кои кажуваат дека се сеќаваат и дека ја играле, а и нема никаков материјален доказ. Сликите кои се вртат (има еден скриншот и слика од кутијата) не се никаков доказ за постоењето на Polybius.

На Cracked има нешто повеќе за играва, во комплет со линкови за истражување.