March 14, 2015

Купче Star Wars стрипови и новости

Периодов што помина беше преполн со ствари за подгревање на Star Wars фанатизам. Најголемата новост е што конечно се фрли светло на првиот самостоен филм, одвоен од трилогијата која доаѓа. Освен насловот, Star Wars: Rogue One (мех), најавена е Фелисити Џонс во, веројатно главна улога. Од она што наводно деновиве се презентирало зад затворени врати пред луѓето со парите, Rogue One не звучел како да има многу врска со гласините за Боба Фет филм. Барем според толкувањата на оние кои некако се докопале до концептот презентиран таму, на кој претежно имало слики од бојно поле. Сепак, уште е рано за детали, така што вратата на Боба Фет можеби и не му е целосно затворена. Муабетите повеќе тежнеат кон тоа дека е филм за мала група бунтовници, затекната во војна против Империјата. Rogue One ќе го режира Гарет Едвардс, па според она што го имам видено од него, може да е океј изборот. Има уште година и пол до филмот, така што новостите и шпекулациите допрва ќе ги слушаме.


Star Wars Episode VIII е закажан за 26 мај 2017. Датумот речиси и да се поклопува со 40 годишнината на Star Wars. Филмот ќе го режира Рајан Џонсон, што е некако посериозен и посигурен избор од Гарет Едвардс. Покрај Looper, потпишан е и на неколку Breaking Bad епизоди, меѓу кои и "Ozymandias", една од најдобрите во цела серија. VIII нормално дека ќе добие повнимателен третман од самостојните, а чим Џонсон веќе е инволвиран и во IX, очигледно е дека ја има довербата кај Дизни. VIII е голем залак уште од сам старт. Тука ќе биде веројатно можноста да се исправаат евентуалните "џар џар бинксови" од The Force Awakens, а доколку се точни гласините за приказната, односно судбината на еден од ликовите тука, Episode VIII ќе мора да понуди многу повеќе од Лендо Калризијан за балансот во Силата да биде правилно воспоставен. И, кога сме кај The Force Awakens, има некоја раскажана верзија на целосниот трејлер која и не мора да е точна. Сепак, прави смисла и се поклопува со она што се знаеше за филмот уште одамна. 

Неделава ги пролистав и новите стрипови на Марвел. Го чекав купчето да се направи со Princess Leia #1. Првиот број од вкупно пет, е малку поразличен од тековните Star Wars и Darth Vader наслови. Приказната продолжува директно од последната сцена од A New Hope и ја следи Леа на некаква мисија, каде се обидува да докаже дека е многу повеќе од пасивна принцеза и е решена директно да учествува во востанието против Империјата. Прилично просечно, со цртежи малку различни од другите наслови. Пет броја ќе се, ќе се стрпам да видам што ќе се случува понатаму, меѓутоа сега за сега, не сум нешто премногу импресиониран.

Star Wars #03 конечно ја заокружи ситуацијата на планетата каде што ликовите првпат се соочија со Вејдер по Јавин. Мислев дека ќе продлабочуваат врската помеѓу Вејдер и Лук, но изгледа дека направија паметен потег да се тргнат од тоа, после она што се случуваше во минатиот број. Крајот најави друга насока, со некаков пакет во куќата на Кеноби, потпишан "За Лук". Едвај чекам да видам што ќе се случува понатаму. Darth Vader #02 ми беше најдоброто искуство од ова купче. Вејдер е целосно во форма тука, брутален и бесмислосен, за разлика од првиот број каде што меѓу другото, Палпатин стигнa и да го подбере за уништениот Death Star. Во овие два наслови инаку, има некои мали елементи кои потекнуваат од приквел трилогијата. И во Star Wars #03 и Darth Vader #02, се гледа дека борбени возила и дроиди од "тоа време" некако успеале да преживеат. Колку и таа проклета трилогија да е некако во позадина во новиов Star Wars бран, природно се вклопија. Како суптилна референца, одлично функционираат вакви детали.  

За крај, наскоро доаѓа нешто што се вика Journey to The Force Awakens. Дизни планираат да објават 20 книги, стрипови и други продукти во печатена форма кои ќе го спремат теренот за новиот Star Wars. Целиот материјал ќе биде дел од новиот канон и ќе ја пополни дупката во приказната по Return of the Jedi. Каков сум нафуран на The Force Awakens, ништо чудно да ги грабнам и книгите кога ќе излезат. Првиот стрип од "патувањето", се вика Shattered Empire и излегува во септември оваа година.

No comments: