September 26, 2016

Event[0]: Во вселената, никој не може да те слушне како пцуеш

Сакам кога мали, едноставни идеи ќе бидат грандиозно исполнети. Дури и да им недостасува оргиналност, некогаш постои начин да се биде иновативен и со склопување на "готови" делчиња. Event[0], првата игра на малото инди студио Ocelot Society, на најелегантен начин го прави токму ова. Ниту нуди новини на начинот на кој се игра, ниту пак се стреми да ја редефинира научната-фантастика, туку едноставно ја има вистинската формула каде што овие неколку елементи функционираат толку добро заедно. Нема поента да навлегувам длабоко во приказната. Не е најсвежoто нешто на масата, меѓутоа има неколку моменти кои би ти ја расипале доколку ја чепнам под површината.


Во алтернативна верзија на 2012 година кога истражувањето на вселената е секојдневие, по глупава несреќа, се наоѓаш заглавен на мал напуштен и изгубен вселенски брод од тамошните осумдесети. Во амбиент многу сличен на клаустрофобичниот Nostromo, таму те пречекува единствениот преживеан, бродскиот компјутер Kaizen, кој е всушност вештачка интелигенција со која комуницираш преку терминали поставени насекаде низ бродот. Веќе погодуваш дека инспирацијата за Kaizen е HAL-9000 од 2001: Space Odyssey. Или омаж, ако повеќе сакаш така.


Kaizen те дочекува пресреќен. Барем онолку колку што е испрограмиран да "чувствува". Бил сам на бродот триесетина години и се радува што конечно може да зборува со некого. Од тебе бара да завршиш само една работа пред да те врати на Земјата. Во моментот кога ќе почнеш да разговараш со Kaizen со пораки што рачно ги внесуваш во терминалите, јасно ти е дека ќе играш игра чиј гејмплеј се базира на развивање социјален однос со софистициран chatbot. Kaizen реагира на целосни реченици, па доколку сакаш да напредуваш низ Event[0], треба да си прецизен во дискусиите. 


Секој Kaizen терминал, освен тоа што нуди комуникација со него, дозволува и некои други работи кои ти помагаат да ги решаваш загатките. Ocelot Society велат дека Kaizen процедурално може да изгенерира околу два милиони линии дијалог. Но, она што е вистински импресивно во играта е карактерот на Kaizen и како реагира на тебе. На почеткот е чудно додека се навикнеш на начинот на кој "сака" да комуницирате. Не те познава доволно, често е арогантен, па некогаш си претпазлив со него за да не откачи и да го експлодира бродот сосе тебе. На моменти е језиво, особено кога од тебе бара да се вратиш безбедно, да го замолиш или да му ветиш дека сè ќе биде во ред. Kaizen сака тоа да го правиш како што би го правел со човек, па нема да прифати секаков одговор. 


Некогаш е фрустрирачки. Ти се нервираш, прашуваш прашања, а Kaizen е бесен зошто си глуп. Не ти ги кажува сите информации кои ти се потребни за загатките, зошто тогаш играта не би имала смисла нели, но е доволно "фер" за да те упати. Самите загатки и препреки во Event[0] не се воопшто тешки (освен кога се!), а се доволно забавни за постојано да те држат внесен во она што се случува. Течат природно, за разлика од други игри каде што треба да правиш некои работи кои ти го тргаат фокусот и забораваш дека има приказна зад сето тоа. 


Феноменална мала игра. Се завршува со едно седнување и тие три-четири саати се некако премалку за потенцијалот кој го има. Доколку вештачката интелигенција е толку напредна, а стварно, на моменти дијалозите се премногу природни и она што Kaizen го зборува со тебе има смисла, штета што не е вложен дополнителен труд за да трае подолго. Не сум сигурен колку вреди за второ играње, освен ако не сакаш да се надмудруваш со ботот, ама планирам да ја пројдам уште еднаш. Таман и да ја платам овој пат, зошто ја симнав пиратска за да ја пробам и заврши баш кога се заиграв. 

Види такоѓе: 

September 24, 2016

Втората сезона и иднината на Mr. Robot

Веќе неколку денови не можам да престанам да размислувам за втората сезона на Mr. Robot, а особено тоа што Сем Есмаил го приреди со финалето. За тоа каде почна сето ова, правецот во кој евентуално ќе се движи во иднина и сите оние случувања по пат кои ги поткопаа правилата на телевизискиот наратив. Кога имаш неверодостојна нарација манифестирана преку менталната нестабилност на главниот лик и делумно го инволвираш гледачот со тоа што потпираш одредени работи на неговата перспектива, теренот за раскажување на приказна станува поопширен за секакви егзибиции. Поради ова уживав во сезоната, но истото е и мала причина за да бидам загрижен за она што ќе се случува следно. Секако, надолу следуваат ситни спојлери. 


Втората сезона тргна бавно. За разлика од првата, никогаш немаше една голема приказна, дури до самиот крај. Иако темпото имаше таква динамика, во никој случај не беше мирна пловиба. Почетокот беше претежно фокусиран на Елиот и неговото соочување со пресвртот од првата сезона. Сериозноста на неговата психичка состојба, борбата за превласт на идентитет и стремежот за воспоставување на контрола и возможноста на истата. Цената која Сем Есмаил ја плаќа за да ја истражува оваа територија, а и ти како публика, се сите оние прашања кои веројатно ќе останат неодговорени до следната сезона. 

Сепак, верувам дека овој поинаков концепт е намерно тука, исто како и точките кои ги повлекуваше со првата. Во ниту еден момент не се чувствуваше дека нешто е измислувано по пат, туку дека целото ова е само мостот кој ќе не одведе до следниот чин. Тука и доаѓа мојата загриженост. Сем Есмаил има сфатено дека пресвртите кои ги сервира функционираат. Првата сезона имаше таков. Втората на средина, успеа апсолутно да го надмине и да те остави без сон. Ги прегледав пак сите епизоди кои водеа до тоа откритие во седмата епизода и не можам да престанам да се воодушевувам на генијалноста. Но, финалето повторно најде простор за голем пресврт, за се запрашаш дали е ова тоа што ќе стане Mr. Robot во иднина.

Доколку Есмаил продолжи да ја базира приказната на вакви "трикови", ќе стане заморно. Очигледно е дека може да го потоне Елиот во уште поголема психичка бездна, но колку многу е доволно? Во исто време, можностите и начините за раскажување на приказни стануваат поголеми, меѓутоа во еден момент нема повеќе да може да ја издржи сопствената тежина. Затоа се надевам дека пред тој евентуален колапс, Есмаил ќе знае да трасира нова рута за расплетот. Поголем заплет од овој кој сега е присутен, не е возможен. Читам теории деновиве, сосема луди, дека во следната сезона серијата ќе добие и СФ елемент. Ако стварно се случи тоа, кажи му збогум на целиот кредибилитет граден овие две години. 

Затоа се надевам дека третата сезона е вистинското финале. Границите веќе се доволно разрушени, сериозно не гледам потреба за ново екстремно поигрување, па и синхронизирање со очекувањата на публиката. Веќе бевме неколку пати прелажани и не знам дали некој би простил пак. Сега веќе влогот е ризичен и полеа почнува да прети на нешто што го сметам на најдоброто и најуникатно парче во поновата телевизиска историја. Да. Само што го реков тоа. Си го потврдив и со прегледување на првата сезона. А, оваа на моменти правеше Breaking Bad да ми личи на ситком.

September 20, 2016

Не го разбирам All-Star Superman

Каде и да се свртиш, All-Star Superman на Грент Морисон ја има титулата за најдобриот Супермен стрип. Тоа мислење го брани поголемиот дел од публиката и луѓето од индустријата и со години се обидувам да разберам зошто. Барем еднаш во годината ќе го пролистам со надеж дека можеби дошол вистинскиот момент за оваа "конечна" Супермен приказна и останувам збунет. Не од содржината, туку од она што другите го гледаат, а јас упорно успевам да го промашам. А, не би рекол дека ми недостасува емоционалниот капацитет за да ми легне нешто со ваков концепт.

Морисон го обожавам. Го има напишано најдобриот Бетмен наслов, ама сè што допрел од Супермен, не успеало да ме допре и мене. Дури и кога станува збор за ваква приказна кој го соочува со сопствената смрт и последните денови меѓу човештвото. Во ниту еден момент од All-Star Superman не сум убеден дека Кал-Ел умира, ниту ми се интересни работите што ги прави како што се наближува кон смртта. Оние броеви со Бизаро се тотално досадни и џабе се сите изговори дека идејата на Морисон била Silver Age омаж. 

Мех..

Џими Олсен воопшто не ми е кул, ни па бројот со Атлас и Самсон, кога Лоис на еден ден ја добива моќта на Супермен. Лоис е исто момент што не можам да го прифатам овде, исто како што она одбива да прифати дека Кларк Кент е Супермен. Никаква емотивна поврзаност не осетив меѓу нив, за разлика од Unchained каде што само една слика во адекватен контекст ми зборува многу повеќе отколку сето ова кон кое Морисон се стреми. А, Морисон не е човек што не знае да си игра со сентиментални моменти. Најчесто биле супер, ама не можам да го кажам истото и за ова.

Доколку можеби искинам неколку броеви и страници, All-Star Superman ќе ми биде повеќе поднослив за читање. Приказната со Лекс Лутор е одлична, штета што фокусот често забегува во некои територии каде што страниците стануваат тешки за листање. Јасно ми е што сакал Морисон да постигне, но некако се губам во обемот. Можеби и тој распон на случувањата е тоа што удира таков печат на All-Star Superman, ама никако да профункционира тоа и за мене. Сакам покомпактни приказни. Глеј го Алан Мур што има направено со For The Man Who Has Everything. Не знам колку е валидна споредбава, го спомнувам поради тоа што е другиот ментално нестабилен лик од индустријата, ама ете. Еден од овие великани не напишал Супермен приказна што мене ќе ми се свиѓа.

Ова последно читање мислам дека ќе биде крајот на обидите да навлезам во суштината на All-Star Superman. Или сум само глупавото малцинство со ова мислење, или е едноставно преценет и извикан. Не ми е пријатен ниту стилот на цртање што Френк Квајтли го применува. Нешто слично како Kingdom Come на Марк Вејд и Алекс Рос, но тоа е дефинитивно тема за некој следен пат кога ќе сакам пак да ми се собере разбеснета топла во Супермен маици со вили и факели.  

Види такоѓе:

September 15, 2016

Се возбудив за Kong: Skull Island

Колку интензивно го доживеав трејлерот за новиот Кинг Конг. Со крици и удирање во гради. Да, изгледа како и секој друг трејлер за непотребен блокбастерски римејк и можеби оваа состојба на бурна возбуда ќе ме напушти до март 2017, но ќе се потрудам да бидам отворен и со надеж дека нема да нè намајмунчи сите со неквалитет. На крајот па, какви големи очекувања можеш да си создадеш за филм со џиновски примат што има чудна наклоност кон човечки женки со плава боја на коса?

Освен тоа, Кинг Конг се има повеќе пати појавувано на филм. Од оргиналот во 1933, чијшто статус е одговорен зошто во 2016 уште може да се зборува на темава, преку јапонското студио зад Годзила филмовите, римејкот и продолжението со Џеф Бриџиз и Линда Хамилтон од пред четириестина години, до оној на Питер Џексон од 2005 со тогаш благо-релевантниот Џек Блек и млада Наоми Вотс.


Всушност, King Kong на Питер Џексон е единствениот римејк кој е толку блиску до оргиналниот. Дури и ликовите ги имаат истите имиња. Го изгледав пак, долгата верзија од 200 минути, без да заспијам, наспроти последните гледања кога сум го гасел или сум го фаќал некаде од пола. Питер Џексон уште во 90-ти бил договорен да снима Кинг Конг филм, ете, некако студиото ја ценело неговата опсесија со оргиналот и му дозволиле да прави што сака. Резултатот можеби не е совршен, но секако е забавен. Барем поголем дел од времето.

Главниот проблем не е должината со која веројатно мислел дека филмот ќе добие некаква "епска" димензија, туку што на моменти изгледа како обичен акционен Кинг Конг филм искомбиниран со сцени од нискобуџетен мокбастер скрпен за викенд во студиото на The Asylum. Не само што финансиите за специјалните ефекти отишле само за Конг и останатите џиновски суштества на Островот изгледаат како Шаркнадо, туку изгледа и сценариото е петнаесетина страни како она на ликот што го глуми Адриен Броди. 

Освен во сцената кога Конг ја брани потресената Наоми Вотс од Тираносауруси, не знам за кого да навивам во филмот. Дали за Конг што го тероризира локалното племе кое му принесува жртви? За Наоми Вотс која развива Стокхолмски синдром и повеќе се грижи за голем смрдлив мајмун што веројатно има вошки големи колку куче отколку за екипажот луѓе што буквално изгина за да ја спаси? За Џек Блек за кој не сум сигурен дали е добронамерен или тајно работи за свои цели? Во Годзила филмови навивам за Годзила. Во случајов бев збунет, ама се забавував цели три саати.

Можеби Kong: Skull Island ќе ги надмине овие ствари. Секако очекувам и тука суптилна бестијална романса помеѓу Бри Ларсон и Конг, очигледно не може да бидеме поштедени од некои концепти, меѓутоа се надевам дека нема да има сцена каде што се лизга со Конг на замрзнато езеро во Њујорк за Божиќ. Слушаш Питер Џексон? На никој не му пречат Сем и Фродо, ама мотивите на Наоми Вотс се крајно дискутабилни. Што имаше Конг што немаше Адриен Броди? Океј, не сакам да знам.

Она што е исто така занимливо за Kong: Skull Island е што го прави истото студио зад американскиот Godzilla римејк од 2014 и ќе го делат универзумот. Да, колку и да е силен удар по јапонското културно наследство, во 2020 ќе има филм Godzilla vs Kong. Toho веќе имаат таков филм oд 1962 и баш би сакал да видам обновена верзија на тоа. Макар и американска продукција. Фали уште еден Pacific Rim и да почнеме да се спремаме за нов мејнстрим тренд со џиновски чудовишта што конечно ќе ги замамени суперхероите или рано е?

September 14, 2016

Септемвриската состојба на DC Rebirth

Помина првото лето на DC Rebirth стриповите, а поради фреквентноста на издавањето, неколку наслови успеаа да ги завршат арковите и со тоа да ја заокружат воведната приказна. Уште од самиот почеток овој нов универзум ми се виде интересен и мислев дека DC најпосле се движат по стабилна патека, но не. Некои од изданијава ме оставија скроз рамнодушен на крајот, други го изгубија залетот, па ако продолжат да се вака досадни и следните броеви, очигледно ќе останам само со Image Comics во рака. Marvel не ни планирам да пипнам во блиска иднина.

Пробав да читам Wonder Woman. Забавен старт, ама се погрижи брзо да ме изгуби, после само два броја. Cyborg истото го постигна со две страници. Многу сакам да му давам шанси на овој лик и никако да ме придобие. Можеби филмот ќе ме натера за следна, од стриповиве толку. Лантерниве не ги ни отворив. Океј се сите овие ликови како дел од Justice League насловите, ама ете, едноставно не можам да загризам на самостојните приказни. Еве што читав. За Justice League во некоја следна прилика, кога ќе откријам што точно се случува. The Flash ми останаа уште два броја, не стигнав да ги дочитам, па и тоа ќе оди нахнадно.

Batman (#1 - #6)


Нешто не беше во ред со главниов Бетмен наслов уште од самиот почеток. Новиот дизајн на костимот е лош. Откако ликот е пројден низ таа мрачна "модернизација" после Френк Милер и Тим Бартон или кога и да точниот период, ова е најлошиот бет-костим што сум го видел. Мислев дека ќе го навикнам после некое време, ама тој жолтиот симбол не престанува да ми фрла киселина во очи.

Првиот арк е глупав. Не досаден, туку само глупав. Разбирам дека сака да истражи што би се случило кога некој со слична судбина на Брус Вејн, но со поголема физичка моќ ќе се обиде да го спасува Готам и тоа е сосема кул идеја. Меѓутоа изведбата беше на ниво на досадна епизода од Бетмен цртан. Пресвртите беа предидливи, а емотивната врска што се обиде да ја воспостави со читателите ми предизвика рак во пределот на газот. Многу лош третман на Бетмен, се надевам дека постои надеж да се оправи во иднина. Но, со овој црн, неуверлив сајдкик што веројатно го спремаат да биде следниот Робин, тешко некако. 

Superman (#1 - #6)


Колку бев возбуден за Супермен во DC Rebirth! Особено после оној феноменален мини-серијал Lois & Clark. Оргиналните Кентови се назад, се обидуваат да се прилагодат на параметрите на новиот универзум, онака прекрасно. Не можеш да не ги сакаш. Меѓутоа, кога низ цела приказна Супермен се бори со Ерадикатор како да е Dragonball-Z епизода, после неколку репетитивни броеви единствено што можеш да направиш и да се помолиш да заврши. 

Малиот Џонатан е кул, искрено се надевам дека ќе го стават негде во Titans. Ако веќе е дел од целата слика, подобро да си најде свое место, отколку да го гуши просторот каде што сите сакаме да блесне класичниот Супермен. Уште чекам приказната да почне да се врзува со онаа од Action Comics, што ме носи на следниот муабет... 

Action Comics (#957 - #963)


Без размислување, ова ми е моментално омилениот наслов. Иако уште не ме разочара целосно, последниве два броја почна сериозно да го тупи. Очекував настаните да се одвиваат како што сугерираше основата на случувањата. Лоис и Кларк да ги заменат местата на 52 Лоис и Кларк, а новиот Кларк без супермоќи што се појави од никаде да го снема уште во битката со Думсдеј. Но, зошто да биде едноставно кога може комплицирано да се влече до болка, нели?

Разбирам дека беше потребна интеракција помеѓу двајцата Кларкови и мило ми е што конечно ќе се случи во следниот број, но некако оваа транзиција од 52 во Rebirth трае подолго отколку што е забавно. Двајца Кларк Кент вака може да функционираат само ограничен период. Ми се допаѓа тензијата и мистеријата, ама немојте браќа да го комплицирате повеќе отколку што е. Се создаваат очекувања кои може да бидат срушени додека кажеш "Дејли Планет".

Detective Comics (#934 - #940)


Detective Comics си го држи темпото од старт и баш фино прогресира. Приказната е забавна, ликовите се подобруваат, дури и Бет-воман почна да има смисла и полека ја прифаќам за тоа што е. Тим Дрејк ми е најсветлата точка во Detective Comics, па навистина ќе биде штета ако конечно го "отстапи" местото на Дјук. Во главниот Бетмен наслов се осеќаше дека се спрема нов Робин и сериозно ќе биде глупаво ако Ред Робин замине вака.

Останувам да го следам насловот и да видам што следно ќе стави на маса. За разлика од останатите на се обидува да изведува "сериозни" егзибиции кои на крајот излегуваат смешно, туку е тоа што е и некако удобно си фура.

All-Star Batman (#1 - #2)


All-Star Batman оди малку споро во однос на другиве наслови. Излегува еднаш месечно наместо на две недели. Првиот број, иако непотребно искомплициран со флешбеци и скокање во различен временски период од приказната, ми даде малку надеж дека можеби Скот Снајдер има уште да раскажува на тема Бетмен. Концептот е феноменален, како со размерот така и со темата. Мило ми е што пак гледам негативци како Харви Дент и Пингвин во тековен Бетмен наслов.

Само да се одлучи за процесот на раскажува. Моментално нема никаква смисла, ниту пак придонесува за тензијата. Доволен е само ловот на Бетмен и тајните кои го засегаат цел Готам. Крајот на вториот број го крена влогот уште толку, па ако успее да го оправда следниот, ова ќе ми биде најинтересниот Бетмен од DC Rebirth. Далеку од најдобриот, но веројатно e оној што сега го заслужуваме.

September 10, 2016

Документарен филм на неделата: Zero Days на Алекс Гибни

Некои го нарекуваат најбитниот режисер на документарци на денешницата, други би сакале да му заиграат на гробот. Мене Алекс Гибни ми е исклучително забавен лик, баш поради мотивите на втората група. Да, контроверзен е и често пристапот му е сензационалистички, меѓутоа сепак смело третира некои теми од перспектива која не секогаш е пријатна за субјектите кон кои го насочува свелото. 

Лани ги разгледуваше непопуларните аспекти на Стив Џобс и Скиентологијата, а оваа година, во неговиот последен филм Zero Days, се занимава со Stuxnet, компјутерскиот црв кој пред неколку години расипа неколку центрифуги за збогатување ураниум во нулеарната централа во Иран. До денес, уште не е потврдено кој стои зад Stuxnet, но неговата техничка софистицираност, комплексноста на целата операција како и крајната цел, саботирање на иранската нуклеарна програма, се доволни за сомнежот кај јавноста дека можеби е сајбер-оружје развиено од тајни служби на САД и Израел. 


Гибни во Zero Days, низ два часа се обидува да ги поткрепи овие шпекулации, за кои и Сноуден во 2013 има изјавено дека вистинити. Филмот содржи интервјуа со инженери од Symantec кои го пресретнале и копале низ кодот на Stuxnet, Јуџин Касперски, новинари кои биле на случајот, Мајкл Хајден, експерти од центри за нуклеарни истражувања, воени лица и разузнавачи што работеле во администрацијата на Буш, од кои добар дел "не смеат" да го спомнуваат Stuxnet поради тоа што се работело за доверлива информација. Има и едно интервју со агент на NSA со скриен идентитет кој пак тврди дека токму тие во соработка со Мосад го развивале Stuxnet под кодно име "Olympic Games" години пред да се случи нападот. 

Најзанимливиот дел е како се има проширено Stuxnet и како успева да дојде до делот кога постепено и неприметно напаѓа специфичен хардвер кој го има само во Натанз. Од Windows машина во Белорусија, преку обични корисници, постепено стигнува до метата ширејќи се низ мрежа и USB стикови. Има и една теорија дека во нуклеарната централа е дојден од локални техничари кои биле задолжени за одржување на сосема друг систем таму, кои без да знаат дека се инфицирани го довеле до крајната цел. Дури и дигиталниот сертификат кој го содржи Stuxnet, е украден од компании кои го чувале на физичка локација, при што најверојатно бил потребен врвен социјален инженеринг за да се стигне до таму. 

Zero Days не само што ги скокотка политичките мотиви за операција од ваков тип, туку и поставува едно многу битно прашање. Како воопшто би се регулирале ваквите сајбер напади на глобално ниво и како државната безбедност на жртвата ќе направи разлика помеѓу хактивизам и акт на војна? Можеби е премногу параноично да се зборува за ваков тип на војување, некогаш Гибни е драматичен за атер на сензационалност, но тоа воопшто не го прави Zero Days помалку интересен. Погледни го.

September 5, 2016

Музичка плејлиста за 2016

Годинава не е ниту на пола, ниту при крај, а баш тогаш сакам да склопувам вакви листи. Сега ќе мора делувам "вонредно" зошто веќе се натрупаа доволно изданија од 2016, па би сакал да поразговарам за некои од нив. За омилениот веќе се одлучив. Уште не се појави албум што ќе ми го симне Tell Them It's Winter на Ed Scissor и Lamplighter oд врвот на листата. Тоа е вонвременско ремек дело и веројатно би можел да напишам и нова перспектива сега откако веќе месец и пол не престана да ми свири. Со секое следно преслушување фаќам некои нови детали што можеби ми се слизнале претходно.

Bо оваа прва збирка се најслушаните и тие што ги сметам за најквалитени. За Blackstar уште не се осмелувам да пишам, од причина што не знам како да постапам со албум на Боуви, особено таков каков што е овој. Ќе се обидам да поврзам неколку реченици за тоа во некоја следна прилика. До тогаш...



Откако сум во контакт со драм ен бејз како жанр, имам преслушано сè и сешто. До ден денес е единствениот жанр што редовно го следам и давам шанса речиси на секое ново издание. Следам артисти, издавачки куќи, канали, организации и пиратски дупки и мислам дека нема место каде што не сум го нашилил увото во потрага по нешто свежо и интересно. Но, барем еднаш годишно, ќе се појави нешто што комплетно ќе ми ги растревожи сетилата. Саундтрек за создавање убави спомени што после некоја година ќе ме разлигавува со носталгија.

Оваа година тој драм ен бејз албум е Electric Sun на ветеранот Logistics. Албумот за после полноќ, музиката што ти свири на весело сабајле со кафе и текстови што си ги потпевнуваш додека уморен возиш во среде мрак на автопат накај дома. Совршен е од почеток до крај. Ова е драм ен бејз каков што најмногу сакам и Logistics успеа да ми овозможи уште цел саат од тоа. Фала, брату.




Owsey создава спор, меланхоличен амбиент, што некогаш наликува на непријатната тишина на ручекот после погреб. To The Child Drifting Out At Sea е веројатно најтажниот склоп на звуци што го чув годинава, а во исто време некако успева да биде пријатен, дури и ослободувачки. Функционира поеднакво добро како позадинска музика додека си ја кречиш собата и како подлога за кататоничните моменти кога едноставно сакаш малку да си погледаш во ѕидот. 

По години бесплатно раздавање музика, дистанцирање од издавачки куќи и официјални изданија, мило ми е што дечкото успеа да извади цел албум, макар и преку краудфандинг. Трудот му е искрен, генијален и прецизно ја материјализира секоја емоција што некогаш си ја осетил во живот, без разлика каква била. Освен тоа, изборот на семплови што повремено знае да ги искористи, често пати звучат многу подобро од изворниот материјал. To The Child Drifting Out At Sea е еден од најдобрите албуми во жанрот што воопшто сум ги чул, а сум преслушал многу.

Слушни: "And So You Fade Out To The Farplane", "I've Lost All Light of My Life", "Forgotten by Mankind, You Live Only In My Mind" и "Even Though I Can No Longer Reach You" 



Никогаш не сум бил некој фан на Aesop Rock. Ја разбирам почитта што ја има кај публиката, сум прошол низ стариот материјал, но веројатно непогодениот момент и/или состојбата на созревањето на мојот музички вкус, не дозволиле ништо да ми клине. Бев настрана од Aesop Rock можеби толку колку што му требаше да го извади овој седми по ред албум, а тоа се некои колку, четири години? Можеби и затоа оваа "свежа" средба беше толку интензивна, зошто албумот ме грабна уште со првите секунди на "Mystery Fish". Како тазе фан, не можам да сум повеќе воодушевен.

The Impossible Kid продолжува да движи во некоја поинтроспективна територија каде, меѓудругото, ги рефлектира своите "авантури" во ќошињата на депресијата и изолацијата. Всушност, целиот албум е создаден во колиба во Орегонска шума, каде што Ian Matthias Bavitz се одмара од цивилизацијата. Албумот е целосно испродуциран од него, па музичката подлога звучи скоро совршено за приказните кои ги раскажува со некогаш тешко пробојниот вокабулар. Можеби е време да се даде втора шанса на дискографијата на Aesop Rock. Тоа ќе го направам во моментот кога ќе успеам го извадам The Impossible Kid од плеер.

Слушни: "Rings", "Dorks", "Kirby" и "Shrunk"



Берлинската електронска екипа создадена од членови на Modeselektor и Apparat годинава ја заокружи нивната трилогијска соработка. Бендот го заслушав со вториот албум. Звучеа беспрекорно и уникатно, уживав во тоа што го добив. Потоа се вратив албум наназад и ме дочека нешто што иако беше интересно, не ми легна од прва. После неколку преслушувања сфатив дека бендот точно знае што прави и дека секој прогрес кон експериментирање со различен не е случаен. Дечките се заебано талентирани.

Пролетва излезе III и се случи љубов на прво слушање. Повторно се дистанцирани од претходниот звук и тоа во насока која се поклопува со дел од IDM жанрот што го обожавам и упорно ме потсеќа на еден од најдобрите албуми на сите времиња, Untrue од Burial. Можеби навистина е така, можеби се само моите уши, меѓутоа го обожавам овој лабав Moderat звук. Природен прогрес или не, ова им е најсериозниот материјал до сега. Дури и таа поп нишка што може да се начуе низ албумот, се вклопува идеално.

Слушни: "Reminder" и "Running" зошто другите неофицијални аплоуди ги тргнале од ЈуТјуб. На III има многу подобри ствари од овие две, ама тоа е.



Ocean Wisdom е последниот шизик што стана дел од High Focus Records. За разлика од нивниот каталог кој вклучува повеќе нераперски експериментални поезии врз битови, Ocean Wisdom е млад дрзок црнец што е дојден да го одбрани потрадиционалниот звук кој го негуваат големите батковци The Four Owls. Со една разлика што Ocean Wisdom често се ослонува и на другите британски бранови како грајм и гараж, па некогаш дури знае да забега и позападно накај треп. Кул е, зошто во исто време е модерен, а пак суштината му е најраперска на светот. Chaos 93' е феноменален склоп на повеќе култури и тоа го прави толку забавен.

Дечкото е супер лиричар, меѓутоа некогаш е засенет од сопствената техничка способност за рецитирање. До тој степен што изгледа ќе му го одземе Гинисовиот рекорд на Еминем за "Rap God" со "Walkin". Брз е. Пребрз е. Еминем рецитира 4.28 зборови во секунда, а на Оушн му избројале 4.45 зборови. Не е некое мерило за квалитет, знам, ама е факт. Исто како што е факт дека за време на концертната промоција на Chaos 93' во Лондон бев таму и ја пропуштив.

Слушни: "Splittin' the Racket","Snakes and Blaggers", "Real Smooth (ft. The Four Owls)" и "High Street"