August 30, 2009

World of Warcraft викенд: Temple of Ahn'Qiraj

Интересна рејд инстанца во Силитус, инспирирана од египетска митологија. Ја игравме денес со луѓево од гилдов, се додека не падна серверот, а после и мојата конекција. Денес не се левелирав во Нортренд, зошто повеќето квестови што даваат добра опрема се багувани, па ќе гледам да кренам уште некој левел во Аутленд. Ahn'Qiraj е супер, ќе се оди пак, нема којзнае какви ајтеми што ми се моментално потребни, па ќе гледам да ги шитнам за злато.

Еве скиншоти:


August 29, 2009

World of Warcraft викенд: Конечно во Northrend

Ноќеска кренав 70-ти левел на за конечно да можам да ја осетам Wrath of the Lich King на blizzlike сервер. Со цепелините од Orgrimmar и Undercity, стигнав Borean Tundra и Howling Fjord зоните на новиот континент Northrend. Двете зони се полни со квестови за напредување после 70-ти левел, изиграв неколку квестови и таму и таму и решив да продолжам во Howling Fjord, зошто регионот ми изгледа многу поубаво од Borean Tundra.

Northrend е огромно место (поголемо од Outland), речиси целосно под снег/мраз. Ќе ми треба долго време да го прошетам, не се брзам со кревање левели, повеќе ми треба злато за flying mount. Викендов ќе го потршам на WoW, па ќе ставам скриншоти од интересни локации. Еве нешто од Northrend:

August 25, 2009

Шест најдобри моменти во новата Star Wars трилогија

Има неколку сцени во новата Star Wars трилогија, кои не можам да ги извадам од глава уште од првото гледање на секој од трите филмови. Иако се неспоредливи со култните сцени од старата трилогија, си имаат своја вредност и големо значење за мене. Дури и најслабата алка во целиот серијал, Attack of the Clones, има такви кои не дозволуваат филмот да биде комплетно промашување, па дури и се битни за развојот на приказната во целиот Star Wars универзум. Еве ги моите шест омилени, заедно со YouTube видеа.


Клоновите се клучниот момент во Војната на Клоновите, период кој последниве неколку години максимално се форсира и е главниот извор на финансии за господинот Џорџ Лукас. Клоновите, предците на Стормтруперите, се создадени во фабриките на Камино, со цел да и служат на Републиката. Наредбата за "производството" на клонови е издадена од мистериозниот Џедај, Сајфо Дијаз, чиј идентитет сеуште официјално не е обелоденет, а се шпекулира дека всушност се работи за познатиот Дарт Плегис. Ги сакам сите моменти на Камино, од сцените во фабриката, па до битката на Оби-Ван со Џанго Фет.

(oд Star Wars Episode II: Attack of the Clones)


На самиот почеток на Војната на Клоновите, Анакин заедно со Падме и Оби-Ван, се доведени во Арената на Џеoнозис да бидат егзекутирани. Пред да бидат растргнати од дивите ѕверови пред публиката, каде што се Дуку, Џанго Фет и Ганреј, Мејс Винду пристигнува со армија Џедаи, по што избива општа туча помеѓу Џедаите и дроидите на Дуку. Помасивна борба со Џедаи на едно место, немало во Star Wars.

(oд Star Wars Episode II: Attack of the Clones)


Култната реченица на Дарт Сидиус што ме ежи на секое гледање. Со ова, започнува борбата на Набу и отпорот на Гунганите против Федерацијата. Уште една голема борба, која се одвива на зелената трева на Набу. Но, самата реченица на Сидиус ми има многу помоќен ефект отколку самата борба и курчењето со специјални ефекти.

(oд Star Wars Episode I: The Phantom Menace)


Иако, Анакин станува Дарт Вејдер многу пред да заглави во црниот оклоп, најбитниот момент е по борбата со Оби-Ван на Мустафар, каде што завршува поразен, изгорен и осакатен, по што Дарт Сидиус е приморан да стави во црниот оклоп за да го одржи во живот. Дарт Вејдер се буди, додека Падме умира за време на раѓањето на Лук и Леја и тука е всушност точката каде што новата трилогија се спојува со старата. На крајот, Дарт Вејдер гледа во првиот Death Star којшто започнал со изградба и понатаму знаеме што се случува.

(од Star Wars Episode III: Revenge of the Sith)


Првпат во Star Wars да видиме волку интензивна борба со лајт-сејбери. Уште од првиот пат кога го гледав, оваа сцена ми остана омилена. Квај-Гон гине од двојниот сејбер на Дарт Мол, Оби-Ван станува Џедај мастер и го зема Анакин за свој ученик. И, "Duel of the Fates" на Џон Вилијамс е музичко ремек-дело.

(oд Star Wars Episode I: The Phantom Menace)


Најемотивниот сегмент во целата нова трилогија. Дарт Сидиус повикува наредба во која Клоновите се вртат против Џедаите, со цел да ги убијат и истребат. Додека Џедаите гинат, убиени од соборците Клонови, Анакин прави масакр во Џедајскиот Храм кој кулминира со убивањето на младите падавани кои пред да ги убие го молат за помош. Најпотресната сцена, ме нервира повеќе и од присуството на Џар-Џар или лошата глума на Хајден Кристенсен. По ова, Џедаите се речиси истребени, а Јода е приморан да се крие на Дегоба. Без размислување, ова ќе го одвојам како најдобар дел од целата нова трилогија.

(од Star Wars Episode III: Revenge of the Sith)

August 22, 2009

Cataclysm, новата World of Warcraft експанзија

Додека се обидувам да го кренам паладинот уште два левела за да ја пробам асално Wrath of the Lich King, Blizzard веќе ја најавија третата експанзија на World of Warcraft, со името Cataclysm. Некои детали беа пуштени пред официјалната најава вчера, се вртеа по форуми и по блогови.

Cataclysm ќе содржи две нови раси. Хордата ги добива Гоблините, а Алијансата ќе ги има Воргените. Па , конечно ќе можам да играм Гоблини и тука. Бројот на максимум левел скока на 85, а ќе има и нови комбинации на раси и класи. Катаклизмата доаѓа во форма на лава, која ќе уништи и измени некои од веќе постоечките зони, како на пример Берес, (преполовен со кањони полни со лава), мојата омилена шума Ешенвејл, итн... Значи, главната тема на новата експанзија е уништувањето на светот (на Воркраф, нели) каков што го знаеме. Освен ова, конечно ќе има летечки маунтови во Азерот, нова професија (археологија), левелирање на гилдови. Ова се значи првите информации од вчера, што значи дека допрва ќе слушаме за новините во Cataclysm. Како што ќе излегуваат од Blizzard, така ќе ги ставам на Crapwerk.

Датумот на излегување сеуште не одреден, но претпоставувам дека ќе излезе следното лето. Трејлери, скриншоти и слични ствари, на овој линк . Јас сум сега на OmegaWoW серверот, 68 левел Blood Elf Paladin. Ја пробав Wrath of the Lich King пред некое време на инстант death knight сервер колку да го разгледам новиот континент и супер е. Ќе пишам повеќе кога ќе ја пробам асално на OmegaWoW.

August 19, 2009

PS2: Indiana Jones and the Staff of Kings

Во новата Индијана Џонс игра на LucasArts што излезе пред два месеца, Инди го бара стапот на Мојсеј на самиот почеток на Втората светска војна. Колку и да е интересна приказната, кога е спакувана во лоша и крајно досадна игра, едноставно не функционира како што треба.

Поентата е комплетно промашена, бидејќи Indiana Jones and the Staff of Kings се базира на постојано млатење на идентични непријатели, пукање во возила кои не прикинуваат да доаѓаат и слични глупости кои не припаѓаат на игра од која се очекува да е преполна со трагање по артефакти, замки и се она што сме го гледале во филмовите. Наместо да заглавам со денови на блокирана врата од древен храм во џунгла со змии, се кријам позади буриња и убивам цела армија од непријатели со ист скин и бедeн AI.

Изиграв неколку нивоа, пројдов некаде четвртина од играта, се напнав и прекинав. Покрај огромната маана што ја спомнав погоре, има хинтови кои не се гасат и цело време ме нервираат. Ебате играта што на секој чекор ти вика "стисни ова", "ајде сега со камшикот за гранкана" и слично. Очекував нешто како Tomb Raider, а не игра за деца под 12 години. Ах, да. Има неколку "скриени"артефакти наоколу (пример, позади контејнер во кинески кварт во Сан Франциско!) кои отклучуваат додатни материјали и нови скинови, ете, не стигнав Хан Соло да го отклучам. Покрај Хан Соло, го има и Хенри Џонс Сениор и уште неколку облеки за Инди.

Значи, колку и да сум фан на Индијана Џонс, не успеав да продолжам да играм, колку и да се трудев. Прелазна оценка може да добие само поради тоа што е Индијана Џонс и за неколку интересни моменти на самиот почеток. Понатаму е ужасно.

August 16, 2009

Risk: Star Wars The Clone Wars Edition

Вчера конечно го пробавме Star Wars Risk-от и слободно можам да кажам дека е далеку поинтересен за играње од обичниот, пред се поради Star Wars елементите и правилата кои ги содржи. The Clone Wars едицијата е наменета за четири играчи, поделени на два тима по двајца, Републиката (Клонови) и Сепаратистите (Дроиди), предводени од Darth Sidious и Сепартистичките Лидери.

Секоја фракција си има свои услови за победа, со тоа што Републиканската армија е во мала предност бидејќи покрај стандарната елиминација на споротивната армија, победува и со заробување на Darth Sidious, односно превземање на планетата на која тој се наоѓа по извршувањето на Order 66. Е, тука е клучниот момент. Сепаратистите имаат неколку круга фора да го изиграат Darth Sidious и да го повикаат Order 66, со тоа што тој влегува во игра, на планета контролирана од нивна армија. Со вртење на посебни осум-страни коцки, Darth Sidious може да елеминира Републикански трупи, додека играчите на таа фракција се обидуваат да ја превземат неговата планета.

Има повеќе начини за засилување на трупите покрај стандарните појачувања на секој круг. Нема карти со мисии, но затоа има карти за градење на бродови кои стојат на планетата и ја засилуваат играта, пример, додаваат броеви на коцките и слично. Покрај тоа, може да се искористат за разни други работи кои се играат на сопствен или противнички круг. Aнакин картите функционираат на ист начин, но со повикувањето на Order 66, од нив има корист само Сепаратистичката армија. Сепаратискичите лидери (Count Dooku, General Grievous, итн.) се исто интересен елемент, бидејќи се поставуваат на планета контролирана од нивната фракција, која доколу е превземена, Републиканската армија добива карти за вредноста на "заробениот" лидер.

Постои и уште една верзија на Star Wars ризик, The Original Trilogy Edition со многу подобра табла, и од тоа што видов на слики и прочитав, ми делува многу поинтересно од ова. Знам дека и оваа верзија ја гледав по продавница, ако ја начекам ја купувам обавезно.

August 14, 2009

Утринска Star Wars програма: Rise Galen Marek!

Прво, ајде малку бајати вести. Пред некоја недела, беше најавено дека Star Wars: The Force Unleashed ќе биде конечно издадена и за PC/Mac, спакувана како Ultimate Sith Edition. Што е доброто? Ќе има неколку нови нивоа, што ги нема во оргиналната игра. Лошото е тоа што новава верзија нема да ја има за PS2. Очигледно LucasArts се збогувале со старата црна конзола, што е сосема во ред, само што мене ми паѓа малку тешко да ја прифатам сменава на генерации на конзоливе...

Енивеј, Star Wars: The Force Unleashed сеуште ми е омилената приказна покрај филмовите и ќе ми биде многу криво ако остане засекогаш со extended universe етикета. Да, знам дека има добри приказни што никогаш нема да излезат од Star Wars книгите и стриповите, но мислам дека е баш оваа е таа што треба да си добие време на големото платно, или бар некакво телевизиско внимание, мини-серија или нешто такво. Зошто искрено, дојдено ми е преку глава од Clone Wars периодот, па колку сака нека е интересна новава серија. А, Гален Марек е премногу добар лик за да биде забатален и заробен во играва, опружен со уште куп други, кои верувам дека сите сакаме пак да ги видиме. Плус, периодот во кој се одвива приказната (измеѓу III и IV) е исто така обемен и нуди простор за многу повеќе од тоа што го има во играта или книгата.

Џорџ Лукас мора да продолжи да цеди пари од Star Wars, иако и сам е свесен дека веќе има премногу. На овој или оној начин, фановите ќе дадат пари. Планирана е нова серија, сеуште нема инфо до кај се стигнати со продукцијата, но се збори по форумиве дека ќе почне со прикажување во 2011. Мислам дека сите добро ја прифативме приказната од The Force Unleashed, па зошто конечно да не го видиме Гален Марек како главен лик?

Лукас е потпишан на толку многу Star Wars глупости, повеќето за да ја придобие помладата публика, што е апсурдно, зошто не верувам дека Star Wars: Droids ќе привлече некое дете повеќе од The Empire Strikes Back. Поентата ми е, фрлени се пари и труд на глупости, наместо истото тоа да биде насочено кон нешто поквалитетно што сигурно ќе му донесе многу повеќе пари на Лукас, a и задоволни фанови. Мислам дека доста им беа The Clone Wars серии на децата, дај ни сега нас нешто. Пример, Гален Марек серија, нека е и анимирана, само нека е прилагодена за повозрасна публика. Сега е времето за тоа, додека е популарна играва, приказната тазе и ликот свеж и неискористен. Основа веќе има, само треба да се разработи.

А, играта ќе мора пак да ја играм. Дали обичнава верзија или новата, играта е посебно искуство, а тоа го сфатив откако не успеав да најдам позабавна Star Wars игра. Аудио книгата е задолжителна исто така, поубаво се доживува приказната со звуци, гласот на Вејдер и слично, што ги нема на хартија. Јас ќе си чекам Гален Марек серија или филм, иако знам дека се мали шанси такво нешто да случи...

Додека сум на темава, конечно си најдов Star Wars Risk: The Clone Wars Edition што чека асално млатење викендов. The Force is strong...

August 9, 2009

Star Wars: Knights of the Old Republic (стрип)

Star Wars: Knights of the Old Republic е стрип на издавачот Dark Horse Comics, кој излегува од 2006 година и до сега се излезени околу четириесетина броеви. Дејствието се одвива 4000 години пред раѓањето на Лук Скајвокер, во Старата Република, за време на Мандалоријанските Војни. Овој серијал е продолжение на Tales of the Jedi: Knights of the Old Republic и служи како приквел на компјутерската игра Star Wars: Knights of the Old Republic. Играта ја пробав пред година дена, но не ме влечеше да продолжам да играм понатаму.

Главен линк во SW: KotOR е младиот Падаван Зејн Керик, најслаб Падаван во неговата група, но со силна желба да стане Џедај. На церемонијата на која Падаваните им се доделува титулата Џедај, Зејн стигнува подоцна ги затекнува своите пријатели, младите Падавани, мртви, убиени од нивните учители.

Зејн е лажно обвинет за убиството и се впушта во бегство, заедно со уште неколку одметници од планетата Тарис. Криминалецот Гриф, една од главните фигури на црниот пазар, шверцер и измамник кој се бара како сооучесник на Зејн. Арконијанката Џараел и нејзиниот пријател, стариот механичар Кампер кој им се наоѓа за технички работи и сл. Подоцна го среќаваат и Мандалоријанскиот командант Ролан, десертер од Мандалоријанските Војни, на кој не му е јасно зошто се бори против Републиката. Зејн се обидува да докаже дека е невин и да ги открие вистинските убијци на неговите пријатели пред светот, односно Џедајскиот Сенат. А, всушност причината поради која младите Падавани се убиени, е визијата која ја добиваат нивните учители, дека Падаваните ќе бидат одговорни за повторното враќање на Ситот.

Стрипот е одлично напишан, приказната е интересна и ликовите совршено се вклопени. Дури има и Џедај од расата на Јода. Само една работа не ми е јасна. Ова се случува 4000 години пред Скајвокер, а технологијата им е речиси иста, градбите исти... Како Галаксијата 4000 години да тапкала во место. Сигурно има некое официјално објаснувње, кое ме мрзи да го побарам. Прочитав некои петнаесетина броеви до сега, интересно е, само што некако правецот во кој се движи стрипов може да ми здосади додека стигнам до актуелниот број за да си ги чекам секој месец. Има уште три серијали на Dark Horse кои излегуваат моментално, ќе разгледам нешто и од тоа...

Слични статии: Darth Maul (стрип)

August 6, 2009

The Unborn (2009)

Сигурен сум дека никогаш немаше да го гледам. Рекламата пред неколку месеци ме убеди да му дадам шанса, и за жал, само таа реклама е тоа што го двои од купот вакви бљувоштини што годишно се штанцаат ко шпански серии.

The Unborn ги собира сите елементи од азиските хорори со морбидни деца, ги комбинира со еврејски мистицизам, нацистички експерименти и сцени украдени од The Exorcist (ајде, да речеме дека последново е некаков трибјут). Звучи лошо? Многу полошо изгледа. Најголемиот проблем е што се вметнати многу работи во приказната, а ништо не е разработено како што треба, па затоа е толку грубо, натрупано и хаотично. Подобра опција на режисерот ќе му била да направи обичен копија-на-копија хорор, отколку да се обиде да искомбинира неколку. Иако успева да изненади со неколку интересни моменти, останатиот дел од The Unborn е во најмала рака смешен.

Глумата колку-толку беше ниво над стандардот за овој тип на филмови. Навикнат сум на многу полошо. Odette Yustman изгледа прекрасно, а може глуми лошо, незнам, бев сконцентриран на друг нејзин атрибут. Добра финта, уште од постерот знаев на која карта игра режисерот. Девојката ќе има блескава иднина со поголем филм или домашно порно. Само не ми е јасно што прави Гери Олдмен во филмов. Среќа што филмов брзо ќе се заборави, па така и неговата улога во него. Останатиот дел не е ни битен, добро, Џејмс Ремар, ама едвај се приметува.

Веќе мирисам втор дел што дефинитивно нема да го гледам. Ќе им треба многу повеќе од интересна маркетиншка финта за да ме убедат.

August 5, 2009

Новата верзија на OGame

Најавена беше уште во ноември минатата година, почна со бета тестирање месец дена покасно, за конечно денес да биде пуштена, заедно со два нови универзуми, Barym и Andromeda. Си најдов денес место на Barym и почнав да играм. Еднаш годишно почнувам на нов универзум, играм неколку месеци додека не ме рокнат асално и додека не ми се здосади.

Никот ми е Locutus, aко некој игра, нека ме исконтактира. Алијансата Twilight Armada е ре-оформена (игравме на uni39 и uni41). Линкот е http://www.ogame.org

August 2, 2009

Инстант класика: Coraline

Денес ретко се препознаваат филмови кои ќе го добијат статусот "култни", а и ги нема баш многу во изминативе неколку години. Новиот филм на Хенри Селик (режисерот на Nightmare Before Christmas), работен според новелата на легендарниот Нил Гaјмaн (The Sandman стрипот), Coraline е токму тоа. Инстант класика, филм кој ќе остане свеж и за генерациите кои доаѓаат.

Coraline е приказна за девојче, кое се доселува во мало изолирано место, во мистериозна куќа стара 150 години, со нејзините родители кои поради работните обврски и немаат баш време да и посветат внимание. Еден ден, открива врата во куќата која води до паралелен свет кој што навидум е совршен, од нејзиното семејство, до околината која ја опкружува. Но, по неколку посети, самата сфаќа дека работите не се воопшто такви како што изгледаат.

Мордбина приказна, прикажана преку одлична стоп-моушн анимација. Ремек дело. Ме посетќа на филмовите на Хајао Мијазаки, како на пример Spirited Away. Да беше Coraline аниме, ќе беше уште подобар. На крај, ќе кажам дека ова е еден од најдобрите филмови за годинава, што никако не смее да се пропушти.