September 28, 2008

Осврт на Star Wars: The Force Unleashed

Има веќе една недела откако почнав да ја играм Star Wars: The Force Unleashed на PS2. Бидејќи беше најавувана долго време, а и исхајпана максимално, очекував навистина добра игра. Приказната е генијална, за тоа веќе доволно зборував (остана да ја ислушам и аудио книгата), па следи мал осврт на играта.

Впечатокот што ми го остави при првото играње, секако дека е се уште присутен и стојам речиси зад се што кажав претходно. Иако, генерално тоа би било тоа, изиграв доволно од The Force Unleashed за да можам да ја критикувам играта како што сакам и мислам дека треба. Прво да кажам, имам обичај игрите што ми се допаѓаат да ги играм споро, со недели, па дури и со месеци (Tomb Raider: Legend ја играм од јули и уште не сум ја завршил). Сакам да уживам во игрите, да ги играм полека и без брзање. Не гледам задоволство во поминување игра за еден ден.

А, Star Wars: The Force Unleashed и покрај сите убавини што ги нуди, е досадна, репетитивна до тој степен што на моменти е крајно фрустрирачки да се игра. Ајде, ќе почнам со негативните особини. Како што кажав во претходниот текст, играта е клон на Devil May Cry. На моменти е како да играш Devil May Cry со Star Wars скинови. Но, тоа и не е некој минус, така да ќе продолжам понатаму. Која е формулата на The Force Unleashed? Кратко видео, неколку минути тепање на Стормтрупери или непријатели од сличен карактер (различен скин), собирање енергија/force points/кристали/некакви кутии и на крај на нивото има бос со лајт-сејбер кој се победува со иста финта како и другите босови. Потоа следи краток видео клип и одиме од почеток.

Токму поради ова (и поради лошата верзија во која не работи save-от на среде ниво) играм по едно-две нивоа дневно. А, исто така ми пречи и тоа што мора да се движиш по однапред зацртана патека, без никаква можност за шетање низ околината која изгледа навистина добро. И, како капак на се, играта е прелесна и не е којзнае каков предизвик. Одиш, тепаш со лајт-сејберот и Силата, босот го тепаш со "брзи/спретни прсти" финта и толку.

Тогаш, што е светлата страна? Можноста да одиш со лајт-сејбер во рака и да тепаш буквално се што ќе мрдне. Тоа е и главниот штос на играта и функционира одлично, и покрај мааните што ги набројав погоре. Има некои мали ситници што ја прават уште посимпатична, како на пример кристалите со кои можеш да си ја смениш бојата на лајт-сејберот, разните облеки што се добиваат со секое ново ниво, новите финти за користење на Силата, итн...

Генерално, играта е добра. Ако треба да ја оценам од 1 до 10, добрите и лошите страни ќе ги избалансирам со една солидна седумка. Не е тоа што очекував, но игрива е и успеа да ми го задржи вниманието. Уште да си најдам подобра верзија каде што ќе работи save-от. Најмоќната страна на играта е сепак приказната и кратките видеа што ги има измеѓу нивоата. Со оглед на тоа колку играта е популарна (за една недела се проададени 1,5 милиони копии), може да се надеваме барем на анимиран филм кој ќе ја прикаже приказната онака како што заслужува да биде видена.

За крај, графиката на PS2 е супер, го извадиле максимумот. Толку може денес PS2.

September 23, 2008

Indiana Jones and the Tomb of the Gods #2

Еве го и вториот број на Indiana Jones and the Tomb of the Gods. Продолжува таму каде што застана првиот број. Инди оди во Тибет за да дознае повеќе за делот од артефактот кој споен дава клуч до мистериозниот Гроб на Боговите. За неколку страници, Инди и Маркус Броди успеаа да прошетаат неколку држави, за на крај Инди сепак да заврши на среде океан со ајкули и со злобната девојка (која и не е толку злобна, туку е алчна) која го предава на Нацистите.

Интересен е вториот број, ми се допаѓа како се билда приказнава, ама како што разбрав ќе има само четири броја. Некако се малку за сето ова што почна да се случува, се надевам дека ќе успеат да се извадат со преостанатите четириесетина страници. Исто што го кажав за првиот број важи и тука, одлично цртање, сценарио кое е во духот на филмовите и неприкосновениот сарказам на Индијана Џонс.

Следниот број излегува во октомври (едвај чекам), а за симнување на вториов, клик тука. Еве линк и за првиот.

September 22, 2008

Аниме на месецот: Sen to Chihiro no kamikakushi [Spirited Away]

Можеби и најдоброто аниме од 2000 па навака. Прекрасно, магично и шарено, а на моменти дури и тажно. Едноставна приказна, но толку убаво склопена во форма на психоделично патување кое трае цели два часа. Алиса во Земјата на Чудата на LSD.

Фасцинантна анимација, преполна со детали и живи бои кои прават и најгрдите суштества во анимето да изгледаат убаво и мазно. Немам видено подобра 2D анимација до сега. Атмосферата е надополнета со звуците на Џо Хисаиши, композитор кој е одговорен за музичкиот дел на повеќето филмови на творецот на Spirited Away, Хајао Мијазаки.

За жал, не успеав да ја најдам оргиналната јапонска верзија на филмов (во формат што ми е корисен), па го гледав синхронизиран на англиски. Доволно голем впечаток ми остави и вака, актерите што ги позајмуваат гласовите се одлични за разлика од синхронизациите на други филмови што сум ги гледал. Штом успеам да си најдам добра верзија со јапонско аудио, ќе го гледам.

Ако на некого му значи, во 2001 доби Оскар за најдобар анимиран филм.

September 20, 2008

Први впечатоци од Star Wars: The Force Unleashed играта

Деновиве играм Star Wars: The Force Unleashed на PS2. По толку чекање, играта успеа да си го оправда хајпот, да ги задоволи играчите и да понуди одлична канонска приказна. Ја симнав еден ден откако излезе, за жал некоја лошо рипувана верзија, па неможам да ја сејвувам играта на сред ниво (иако има таква опција, на одредени делови од нивото) и со секое лоудување почнувам од почеток на нивото.

Прво да кажам, пред играње на играта, задолжително е читање на стрипот. Ете така. Значи, играта почнува со интро-текст како и во филмовите, по што следи кратко видео кое треба да се внесе во приказната (пак да кажам - стрипот!) и следното е Дарт Вејдер под контрола на играчот, праи растур со лајт-сејбер и Силата. Првата мисија е на Кашиик, планетата на Чубака и неговиот род Вукија и завршува со видео каде што Дарт Вејдер го наоѓа малиот Старкилер и го зема под негова закрила за да го тренира. Од тука, играта продолжува со Старкилер.

Инаку, има финта со последователно притискање на одредени копчиња за тепање на босовите. Прво мислев дека е до лошата верзија, зошто пола саат го тепав првиот бос и упорно си полнеше енергија на одреден дел од борбата. После прочитав по форумиве за финтата и видов дека има луѓе што дури и ја враќале играта во продавницата кај што купиле зошто мислеле дека се работи за лоша верзија. :)

Гејмплеј. Хм, играл некој Devil May Cry? The Force Unleashed е клон на Devil May Cry, само во Star Wars универзум, со лајт-сејбер и многу подобра камера. Камерата во Devil May Cry 3 страшно многу ме курчи. Значи тоа е. Идеш и праиш партал со лајт-сејбер, собираш force points за пимпање на моќи и лајт-сејбер, на крај на нивото има бос и тоа е тоа. Нема којзнае какви мисии, се движиш по однапред одредена патека, значи нема забегување и шетање што за мене е голем минус. Но, и покрај ова, играта е навистина интересна, фино изледа и има доволно видеа измеѓу нивоата за подобро да се интерпретира приказната. И по трет пат, читнете го и стрипот.

За сега, тоа е тоа. Ќе играм уште, пројдов само две нивоа, имам време викендов за повеќе, само ме курчи фрката со сејвот, ако треба да исклучам, ќе мора пак отпочеток... Ќе си симнам подобра верзија.

September 18, 2008

За WALL-E

Го гледав WALL-E вчера. Прекрасно филмче. Си ги оправда критиките, а ги надмина моите очекувања. Саат и пол совршена анимација, приказна и роботче со тажни очи со кое ако не сочуствувате од почетокот, филмот нема да има смисла. Бар јас така го доживеав. Секоја чест за Пиксар. Не знам како успеале да вметнат толку емоции во р'госано роботче што чисти и организира ѓубре.

Најдобриот анимиран филм во изминативе неколку години, и најдобриот Пиксар филм од Monsters Inc. па наваму. Сега сите анимирани филмови на конкуренцијата ќе изгледаат инфериорно...

Жалосно е што немаме можност вакви ремек-дела да гледаме кај нас во кино (ако може така да се нарече она во Рамстор, зошто нема други).

September 16, 2008

Star Wars: The Force Unleashed (графичка новела)

Најновата Star Wars игра, The Force Unleashed што излезе денес, отвори ново и неоткриено поглавје во сагата кое ги изненади сите фанови. Уште кога беше најавена, The Force Unleashed се очекуваше да биде многу повеќе од игра и тоа го докажа со книгата и графичката новела која е причината за овој текст. Книгата ја најдов во аудио верзија, да ја слушнам и ќе пишам на Crapwerk. Играта исто така ќе ја играм деновиве, излезе верзија и за PS2 и веќе се врти по нетов.

The Force Unleashed ме привлече поради тоа што приказната е сместена помеѓу Revenge of the Sith и A New Hope. Дефинитвно е потребен некаков (анимиран) филм за оваа ера, како што е Clone Wars на пример. Се надевам дека успехот на The Force Unleashed ќе овозможи барем direct-to-DVD екранизација на овој период од приказната. Мене ми е многу поинтересен од Clone Wars.

Значи, The Force Unleashed почнува две години пред A New Hope и уништувањето на првиот Death Star. Главен лик е тајниот ученик на Дарт Вејдер, младиот дечко Гален Мерек, познат како Старкилер (мала тривија - Лук Скајвокер, во првото сценарио за A New Hope се викал Старкилер). Вејдер го наоѓа како мало дете, го зема под своја заштита и го тренира. Веќе пораснат, Старкилер ги лови преживеаните Џедаи кои се во бегство или се кријат. Отприлика тоа би бил малиот вовед, за останатото предлагам читање или играње на играта која има неколку различни краеви што ја прави уште поинтересна. А, ннигата и стрипот си завршуваат со ист, канонски крај. Има еден куп изненадувачки моменти, како на пример, кој го почнал отпорот против Империјата и сл.

Графичкава новела има околу 130 страници и може да се симне тука. Фајлот е некои 80 мегабајти во .cbr формат.

Инаку, деновиве пробувам да играм Star Wars: Battlefront II. Интересна е, ама не е којзнае што. Уште не сум ги пробал кампањите, а другиот дел од играта брзо здосадува.

September 13, 2008

Demonbane, Akira и пост-Dragon Ball Z стрес...

Иако Death Note е многу подобар начин за исфрлање на Dragon Ball Z од организмот, некако не ми се поклопува со слободното време кое сакам да го потрошам на други работи. Akira го има речиси истиот ефект, а и трае пократко. Го немав и онака одамна гледано, а веќе некое време го имам и на ДВД, ре-мастеризирана верзија, плус некои други додатоци кои не успеав уште да видам што се (читај: ме мрзи). Akira е одлично аниме, но сепак првото место кај мене е резервирано за Ghost In The Shell. И двата филма обработуваат интересни теми, но GitS многу повеќе ми лежи. Akira за жал во 2009 година станува дел од магичниот круг на холивудските римејци, сиквели, приквели и уништување на оргинални идеи и концепти. Иш.

Demonbane го планирав долго време. Кратко е, 12 епизоди, се гледа за два-три дена. Само што ја изгледав првата сезона и не успеа да ме импресионира ни малку. Се работи за детектив е најмен од сомнителна група на луѓе да најде стара мистична книга. Имињата на ликовите и некои други ситници се позајмени од дела на Лавкрафт. Мене не успеа да ме купи со финтава, иако сум фан на писателот. Но, дури и ми се чинеше малку интересно, а потоа епизодата почна да се развива во правец од кој лесно може да се види дека целна група на Demonbane се goth/emo тинејџери. Барем му дадов шанса.

После Death Note, критериумите за аниме ми се комплетно поместени и убеден сум дека нема да гледам подобро аниме во наредниве пет години. Таму уште првата епизода предизвикува зависност поголема и од Lost. Следно на листа е Reideen.

September 12, 2008

Dragon Ball Z sucks dragon balls

Океј, мислев ако Dragon Ball е океј, Dragon Ball Z е добро. Ебати паметот. Не, озбилно, критиките беа многу попозитивно настроени према Dragon Ball Z него обичново. Од обичното изгледав три саги (не се баш сезони, зошто одат без прекин) и сеуште си стојам на тоа што го кажав пред некоја недела. И покрај сите маани што штрчат, дејствува исто ко Нинџа Желки или Трансформерс. Пред да ме фати некој за врат, нека се сети дека сите три серии се наменети за деца и треба да се споредуваат баш како такви. Друго е убавото сеќавање за TMNT или Оптимус Прајм, денес и тие делуваат просто и излитено. И Dragon Ball ќе ни беше закон денес да го гледавме ко деца...

Како и да е, немам проблем со детски серии, напротив, уживам да ги гледам. Dragon Ball Z никако! Му дадов шанса, изгледав скоро цела сага од 30-тина епизоди и сега можам опуштено да почнам да мрчам. Што е поентата на Dragon Ball Z? Oргиналното Dragon Ball барем има концизна приказна што ја следи и тоа е. А што е Dragon Ball Z? Во првите 5 епизоди, лоши вонземјанини слетуваат на Земјата, во следните 15 пораснатиот Гоку трча по патека долга неколку (стотици?) километри и во следните 10 се спремаат да се тепаат. Толку. Сериозно, толку. Јас никаде, па ни во Lost, немам видено нешто толку развлечено. Сфаќам дека поентата им било да направат повеќе епизоди, ergo повеќе пари, ама чекај малку, кој го гледа ова? Сериозно, кој? Што деца гледаат Dragon Ball Z? Зошто е ова толку популарно? Дури и да бев дете немаше да го гледам ова. Првата половина од епизодите што ги изгледав чекав да се почне да се случува нешто, како ај, билдаат приказна, интересното тек треба да почне... Не. Од насловите на епизодите, видов дека борбата што почна пред 10 епизоди, завршува тек за 15. Најдов и видео на YouTube од тип што ја читал мангата и убаво, со исечоци од анимето и мангата, објаснува зошто Dragon Ball Z е тапа. Еден цртеж од мангата е две епизоди во анимето. И тоа баш исечокот е од епизодата кај што јас прекинав да гледам.

Океј. Можеби и јас сум во заблуда. Можеби после доаѓа интересното, кога приказната се движи побрзо и подинамично, но не фала. Има доволно добри, вистински, аниме серии кои што вредат многу повеќе. Одамна им се спремам на Demonbane и на REIDEEN.

September 9, 2008

Stargate Atlantis трета сезона


Иако за првпат гледав епизоди кои беа под просекот за Stargate Atlantis, сезонава беше најдобра до сега. "Echoes" ја номинирам за најлошата епизода од Atlantis. Неинвентивна приказна, делуваше бајато и веќе сто пати видено, а тоа со китовите беше дебилно како "Threshold" епизодата од Star Trek: Voyager. Сепак, најголемиот минус оди за смртта на Др. Карсон Бекет.

Од друга страна пак, имаше епизоди како "Vengeance". Целата епизода е трибјут на Alien, со бројни референци до франшизата до тој степен што се обиделе да ја пренесат целата атмосфера од филмовите. И функционира совршено. Одлична, мрачна епизода и плус тоа со еден од моите омилени споредни ликови, Мајкл, wraith кој пројде низ еден куп експерименти до сега и сеуште е жив. На Star Trek фановите им е познат како Трип Такер од Enterprise, така да знаете за кој закон глумец станува збор.

Минатиот пат спомнав колку Atlantis потсеќа на Star Trek. Истото и сега би го кажал. Дури вметнаа и лик што очигледно е инспириран од Мад, измамник што се појавува во само две епизоди од Star Trek: The Original Series, но има оставено силен впечаток кај фановите. Atlantis си има свој Мад, само што тука се вика Лушс (штп, Луциус да пишам?) и го глуми Ричард Кинг од Spin City. Закон лик, дури и го надминува Мад и е далеку позабавен. Се надевам дека се враќа и во четвртата сезона. Онака, comic relief лик. Ронон Декс супер се вклопи во тимот, само што на моменти го претераa ликот со неговата опседнатост со убивање wraith-ови.

Друга работа што ми се допаѓа е тоа што ни малку не штеделе на сетови и специјални ефекти. Визуелно, Atlantis е најдобрата СФ серија денес, штета што петтава сезона ќе биде последна. Очекувам сега Battlestar Galactica фан да го фрли првиот камен.

Финалето на сезоната е најдоброто финале на Atlantis до сега.

September 7, 2008

Star Wars прашање на денот

Зошто Џедаите се облечени како селани од Татуин?

Инаку, деновиве правам нов Star Wars маратон. Со секое гледање сфаќам колку е совршена оргиналната трилогија. Колку и да пробувам да најдам маана, неможам. Ми се игра некоја добра Star Wars игра за PS2, барам нешто да симнам сега. Штета што Galactic Battlegrounds е само за PC. Ја чекам и The Force Unleashed, излегува за некои десетина дена, ќе има верзија и за PS2, па чим ја пробам ќе пишам рецензија.

Синоќа после Return of the Jedi, ja изгледав и Robot Chicken: Star Wars епизодата. Заедно со Family Guy: Blue Harvest е најдобрата пародија на Star Wars, дури подобра и од Spaceballs.

Clone Wars уште го чекам на добра снимка. Од тоа што го прочитав за цртаниов, разочаран сум. Го нема текстот на почетокот што го има на сите филмови и ја нема музиката на Џон Вилијамс. На кој кретен му текнало да тргне толку суштински елементи од Star Wars филм? Серијата која ќе го следи филмот би требало да започне со прикажување до крајов на годинава.

September 5, 2008

Преглед на Shards of Alara

Деновиве конечно се појавија неколку карти што ќе ги содржи новата Magic: The Gathering едиција која го започнува и новиот блок (значи нова приказна и нови карти поделени на три едиции), Shards of Alara. Shards of Alara ќе има pre-release на 27-28 септември, а официјално излегува на 3-ти октомври.

Првиот дел од Shards of Alara ќе содржи 249 нови карти од кои 15 ќе бидат сосема нов вид, Mythic Rare. Исто така, ќе има и нови (претпоставувам 5) Plainswalker карти што првпат се појавија во Lorwyn. Дури и на pre-release ќе се дава Plainswalker. Има промена и во preconstructed дековите, веќе нема да бидат такви туку ќе одат како "Intro Pack", пакување од 41 карта + Booster pack во паковка со многу поинтересен дизајн, барем од колекционерски аспект. Едвај чекам да си земам вакво.

Што се однесува до мојот Goblin дек, од тие 10-тина спојлер карти на официјалниот сајт, само Goblin Assault картата делува корисно за мене. Деновиве ќе има уште, па ќе ги ставам и тука.

September 2, 2008

Google Chrome


Денес излезе бета верзијата нa Google Chrome, open source веб-прелистувачот на Гугл. Иако сум одамна верен на Mozilla Firefox и немам никаква намера за промена, сепак да видам што има Google Chrome да ми понуди. Kaко што стои и на официјалниот сајт, овој мал прелистувач со минималистички дизајн и софистицирана технологија се стреми кон тоа да го направи прелистувањето побрзо и побезбедно.

За побрзо, побрзо е, а за побезбедно сеуште не успеав да дознаам. Минималистичкиот дизајн е тоа што го прави Google Chrome толку мазен и убав на прв поглед. Со тоа што горното стандарно мени што го имаат скоро сите прелистувачи е сместено во две икони лево во лентата за URL, отворен е простор за да се добие поглема прегледност при прелистување на веб-страниците. Користи и табови нормално.

Иако позајмува некои елементи од Firefox или Opera, во глобала ми се допаѓа како е се склопено. Сепак, ова е само бета верзија и сигурен сум дека ќе видиме уште многу во случај да не заврши како GTalk. Сериозно, кој користи GTalk?

Moментално е достапна само Windows верзија, а наскоро ќе има и за Linux и Mac OS X. За даунлоуд, клик тука.

Don LaFafontaine (1940 - 2008)

Сите го знаеме неговиот глас, сме го слушале на трејлери и реклами. Во неговата 40 годишна кариера има снимено преку 5000 трејлери за филмови, игри, разни реклами и еден куп други работи. Дури и гостуваше во неколку епизоди на Family Guy и една епизода на American Dad.

Немам што друго да кажам освен тоа дека ќе ми фали неговиот глас. За крај, погледнете еден краток документарец за него каде што зборува за неговата кариера. A, исто така еве го и скечот што го направи Пабло Франциско познат и во Горно Ботушје.

Навистина незнам што е со 2008. Неможе еден месец да помине, без да почине некоја значајна личност...