September 2, 2010

Пост-маратонски Star Wars пост

Моментално сум под силно влијание на Силата, само што завршив Star Wars маратон, и тоа оргиналната трилогија, оргиналните верзии, такви какви што биле пред 30 години. Без шминкање, без модерни ефекти, со сејбери кои се бели во некои сцени, A New Hope без Џаба, и со душа голема колку и самиот тој.

Лукас направи уште неколку верзии и реставрации на оргиналниот материјал изминативе години, трошејќи милиони на специјални ефекти, менување сцени, аудио траки и што уште не, со оправдување дека ќе ја среди трилогијата така како што ја замислил уште тогаш, кога било многу потешко и поскапо да се снимаат ситници кои денес и не се некој проблем за индустријата. А, факт е дека имале огромни проблеми со снимањето на сцените кои се одвиваат во вселена, притосоци од студиото за рокот, па дури Лукас завршува и во болница поради хипертензија.

Сепак, Star Wars во 1977, станува огромен хит, прави хаос низ кино-благајните и создава армија на фанови од сите генерации, која секојдневно расте. Лукас успева да ги добие правата за продолженијата и играчките, ги снима The Empire Strikes Back и Return of the Jedi, а ликовите од филмовите се распространуваат низ светот како играчки, привезоци, PEZ-ови, на маици, беџови, тоалетна хартија и се останато што може и не може да се продаде. Во 90-тите, Лукас сфаќа дека не е лошо да се заработи и нешто плус, па решава да ја сними новата трилогија, меѓутоа тоа е друга тема за која не би дискутирал сега.

Каде бев? Да. Ефектите во целата трилогија се одлични за времето во кое се снимани, а се гледа и голем прогрес од филм во филм, па нормално е Return of the Jedi да е визуелно најдобриот од трите. Лично, најмалку го сакам од сите, на прво место ми е The Empire Strikes Back. Евокси, Јода го нема... куп работи што упорно ги дрвам на блогов и нема да се повторувам.

Приказната е одлично склопена, и со секое гледање на старата трилогија само испливува на површина неконзистентноста на приказната во новата. Изгледа како Лукас целосно да се изгубил во пишување, без да обрати внимание на претходното. Оргинално, Силата има спиритуална димензија и повеќе се набљудува од религиски аспект, отколку биолошки како во The Phantom Menace, каде што непотребно беше дадено објаснување од кај е, зошто е и кој може да манипулира со неа. Кој навистина го има тренирано Оби-Ван? Јода или Квај-Гон?* Како Леа ја памти мајка и, кога Амидала умира на породување? Милион прашања кои се дискутирани со години и се причина за слабиот квалитет на приказната во новата трилогија.

Има мали ситници и во старата трилогија кои не се поклопуваат како што треба, но воопшто не ги прават филмовите лоши. Пример, Оби-Ван му се обраќа на Вејдер со "Дарт", како да му е име, а не титула. Се сомневам дека и било титула во A New Hope. Потоа, смртта на Оби-Ван. Знам дека за ова има објаснување, само некако ми е тешко да го прифатам. Зошто Квај-Гон или сиротине Џедаи што изгинаа за време на Order 66 не станаа на тој начин 'едно со Силата'? Една од работите што ги мразам во трилогијата, заедно со сите Евокси на куп. А, сомнително е и како Вејдер не ја чувствува Леа во A New Hope.

На крај, дали на оргиналната трилогија навистина и се потребни измени? Да и не. Барем не претерани какви што има во некои сцени, пример сцената со Хан Соло и Стормтруперите. Мали усовршувања на ефекти како експлозии, гланцање на лајт-сејберите и заменување на статисти во Wolfman костими со CGI чудовишта, се океј. Дури и Џаба во A New Hope е океј. Прашање е само уште колку верзии ќе видиме во годините што доаѓаат и кога замислата на Лукас ќе биде целосно исполнета.

* - Јода ги тренираше децата во Храмот во новата трилогија. Да претпоставиме дека и Оби-Ван некогаш бил меѓу нив. Едното од објаснувањата е дека кога Оби-Ван неколку пати ќе спомне дека му бил ученик на Јода, е дека само се прави фраер пред Лук ("Глеј кој ме тренираше, а?"), а другото е дека Лукас првенствено замислил дека Јода е неговиот единствен учител. Квај-Гон е уфрлен за колку да има друг Џедај.

1 comment:

Losteech said...

Евоксите се ептен за никаде и мислам дека се единствената слаба точка на оригиналната трилогија.

Друго, малце ми беше нереално што Леа испадна сестра на Лук, зашто во Empire Strikes Back таа се бакна со него колку да го направи љубоморен Хан Соло. Веројатно Џорџ Лукас во последен миг ја сменил одлуката за љубовниот триаголник (ако може така да се нарече), па оттаму и можеме да претпоставиме дека тоа е причината што Дарт Вејдер не ја чувствува силата на принцезата во првиот дел на бродот.

Дефинитивно Empire Strikes Back е најдоброто нешто од трилогијата. Сцените со Соло и Леа беа интересни, а и првиот дуел помеѓу синот и таткото Скајвокер беше EPIC. Башка и Јодата. :))

http://lostseries.blog.mk/2010/08/22/star-wars-od-poinakva-perspektiva/ ;)